œ РУМИ – Избрани песни 

 

  Оваа верзија на Руми е ран нацрт. За финалната збирка на стихови во облик на е-книга (pdf), кликнете овде:

Скапоцениот камен на водата (2010).

 

 

Начинот на кој што водиш љубов

е начинот на кој Бог ќе биде со тебе.

 

 

Поет, филозоф, мистик, вљубеник. Вистинското име на Руми е Џелалудин Балкхи (исто, Џалал ел-Дин Балкх-и, ’од Балкх’). Се родил на 30-ти септември, 1207 г., во Балкх, во провинцијата Корасан, дел од сегашен Афганистан, тогашен дел од Персиската империја. Помеѓу 1215-та и 1220-та, тој и неговото семејство побегнале пред заканата од инвазија на Монголите и емигрирале во Конја, во областа Рум во денешна Турција. Нешто подоцна станал познат како ’Руми,’ што значи ’од Рум’.

Татко му, Бахаудин Валад, бил теолог и мистик од денес непозната школа, чиј Маариф (Maarif), збирка на белешки, дневнички записи, служби и чудни описи за визионерски искуства, изненадуваат со сензуалната слобода во огласувањето на личното единство со Бога. Руми се запознал со татковиот таен внатрешен живот преку неговиот поранешен ученик Бурханудин Махакик. Бурхан и Руми ги изучувале и мистичките поетите Хаким Санаи и Фаридудин Атар, чии книги исто опишувале необични духовни зближувања во љубов со бога.

По татковата смрт, Руми ја презел неговата улога на шеик во дервишката учена заедница во Конја. Водел сосем вообичаен живот на религиозен научник – поука, медитација, помош на сиромасите - се’ до 1244 г., кога еден патувачки дервиш од Табриз влегол во неговиот живот и го променил од корен.

Таа есен, Руми сретнал туѓинец кој му поставил едно единствено прашање. Овој незнајник бил Шамс (Шамс-и Табризи), кој го имал пропатувано Блискиот Исток во потрага и молитва по некого кој “би го издржал неговото друштво.“ Некаков глас му се јавил на Шамса, “А што ќе дадеш во замена?“ “Својата глава!“ „Оној кого го бараш е Џелалудин од Конја.“ Прашањето кое Шамс му го поставил на Руми, го вџашило учениот. Не е сосема сигурно што точно било прашањето, но според најверодостојните преданија, Шамс прашал кој бил поголем, Мухамед или Бестами, оти Бестами рекол, ’Колку е голема мојата слава,’ додека Мухамед признал во својата молитва кон бога, ’Не Те познаваме колку што би требало.’ Руми ја слушнал длабочината од која ова прашање извирало и паднал на земја. На крај успеал да одговори дека Мухамед бил поголем, бидејќи Бестами голтнал една голтка од божественото и тука запрал, а за Мухамеда патот постојано се отворал.

После оваа размена, Шамс и Руми станале неразделни пријатели, префрлајќи се во еден свет на чисти, мистички разговори. Нивното пријателство е мистерија сама по себе. Минувале месеци заедно без никакви човечки потреби. Овој екстатички интензивен однос направил учениците на Руми да се почувствуваат запоставени; сеќавајќи ја зловолноста околу себе, Шамс исчезнал. Веројатно токму исчезнувањето на Шамс сторило мистички творец од Руми: во тој период тој почнал да пишува стихови, да слуша музика и да пее. Некои тврдат дека токму тогаш го измислил денес познатиот дервишки екстатички танц со вртење во круг. Во многу свои песни, Руми ја опишува љубовта кон Шамс, „Пријателот“ и болот од неговиот губиток е истороден со љубовта и разделбата од Бога.

Откако вести за Шамс му дошле од Дамаск, синот на Руми, Султан Велад, бил пратен да го доведе назад од Сирија, та мистичкиот разговор, или сохбет (sohbet), започнал пак. Шамс се оженил со девојка израсната во фамилијата на Руми. По второто исчезнување на Шамс (најверојатно бил убиен) и еден период на потрага по својот загубен пријател, Руми дошол до заклучок дека Шамс станал дел од него. Во следните триесетина години, тој сметал дека кога пишувал, тоа Шамс низ него пишувал, та ја нарекол својата огромна збирка (3,230 газали, 35,000 стиха; 44 тарџијат, песни создадени од две или повеќе газали, вкупно 1,700 стиха: и 2,000 рубијати) Divan-i-Shams-i Tabris-i, Збирката на Шамс од Табриз.

По смртта на Шамс, Руми имал уште два мистички пријатела, прво Саладин Заркуб, златар, а потоа, по смртта на Саладин, Хусам ал-Дин Чалаби, писар и ученик на Руми. Руми го посочил Хусама како извор на своето шестотомно мајсторско дело Меснавија (Mathnawi, или Mathnawî-yé Ma`nawî, што значи ’римувани куплети со длабоко духовно значење’). По дванаесет години работа на ова дело, Руми умрел на 17-ти декември 1274.

         

Кон преводот

 

Преводот на македонски јазик воглавно потекнува од англиската верзија на Коулмен Баркс[1], верзија позната по читливост и поетичност. Самиот Баркс е суфист кој не говори персиски ниту арапски, но умешноста во препејувањето ја направи неговата збирка Избрани песни од Руми најпопуларна книга на поезија во САД и Британија. Соработката на Баркс со Џон Мојн, ирански имигрант и професор по лингвистика, и’ дава веродостојност на неговата збирка преводи на Руми. Руми на Баркс е негов избор од сопствените пообемни преводи на Меснавија и препеви на постари транслитерации на оријентологот Р.А. Николсон и други. Инаку, мојот препев се основа и на консултација со други избори и верзии, како..... и коментарите на Ибрахим Гамард од Дар-ал-Маснави.

Постојат многу независни преводи на перискиот мистик и секој зафаќа различен агол на поезијата, нудејќи различни толкувања на делото. При поетскиот превод, секогаш е прашање на избор помеѓу прецизното значење (транслитерација) и поетичноста на речта (препев). Една транслитерација би опфатила серија на коментари и верзии на секој стих. Се решив за поетичноста, и однапред го предупредувам читателот дека секое толкување на Руми, моето сигурно, е нецелосно. За мене беше битно да делува, да заразува со занес. „Сакам пламтење, пламтење,“ вели Богот на Руми во Мојсеј и овчарот. Искрено се надевам дека барем малку успеав да го пресоздадам духот на Руми во македонскиот јазик. Воедно се надевам дека други, повеќе упатени од мене во персискиот јазик и книжевност, ќе се поттикнат да направат поверен превод или препев на овие безвремени стихови.

 

 

 

 

 

 

КОЈ ТОА ГОВОРИ НИЗ МОЈАТА УСТА?

 

 

Цел ден мислам на ова, а потем ноќе го кажувам,

од каде ли дојдов овде и што тоа треба да правам?

Немам претстава.

Душата ми е од другаде, сигурен сум во тоа,

и имам ниет таму да завршам.

 

Ова пијанство отпочна во некоја друга меана.

Кога ќе се вратам таму,

ќе бидам сосем трезен. Во меѓувреме,

како птица сум од друго поднебје, седам во овој птичјарник.

Доаѓа денот кога ќе одлетам,

но кој е сега овој во моево уво што ми го слуша гласот?

Кој тоа говори со мојава уста?

 

Кој гледа низ моиве очи? Што е душата?

Не можам да престанам да се прашувам.

Да можев да пробам само една голтка од одговорот,

ќе побегнев од оваа зандана за пијаници.

Не дојдов овде по своја волја, та ниту можам така да заминам.

Кој ли ме донел овде ќе мора и дома да ме врати.

 

Поезијава. Никош не знам што ќе речам.

Не ја планирам.

Кога сум вон нејзината реч,

мошне сум тивок и ретко воопшто зборувам.

 

 

œ

 

Имаме огромна бочва вино, но не и чаши.

Тоа е сосем во ред со нас. Секое утро

Сјаеме, и навечер сјаеме пак.

 

Велат дека нема иднина за нас. Во право се.

Тоа е сосем во ред со нас.

 

œ

 

 

ЗАЕДНИЦА НА ДУХОТ

 

 

Има една заедница на духот.

Придружи и’ се и сети ја радоста

на прошетка по бучна улица

и на бидување бука.

 

Испиј си ја сета страст

и биди срамота.

 

Затвори ги обете очи

да видиш со другото око.

 

Рашири ги рацете

ако сакаш да те прегрнат.

 

Седни во кругов.

 

Престани да се однесуваш ко волк

и осети ја љубовта на овчарот како те полни.

 

Ноќе, љубената твоја лунѕа.

Не прифаќај утеха.

 

Затвори ја устата за храна.

Вкуси ја љубената уста во својата.

 

Офкаш, „Таа ме остави.” „Тој ме остави.”

Уште дваесет ќе дојдат.

 

Испразни се од грижи.

Мисли на оној кој ја создал мислата!

 

Зошто остануваш во затворот

кога вратата е ширум отворена?

 

Излези од јазолот на уплашените мисли.

Живеј во тишина.

 

Потечи се’ удолу во круговите на битието

што секогаш се шират.

 

œ

 

 

ДЕТСКА ИГРА

 

Слушни го поетот Санаи

кој живеел повлечено: „Не талкај надвор по патот

во вознес. Преспиј во меаната.“

 

Кога пијаниот заталкува на улица,

децата си играат мајтап со него.

          Паѓа тој во калта.

Поаѓа по секој и било кој пат.

          Децата го следат

без да го знаат вкусот на виното, без да знаат како

е да си опиен. Сите луѓе на земјава

се деца, освен неколку малубројни.

Никој не е возрасен освен оние слободни од жедба.

 

Бог рече,

          „Светот е игра, детска игра,

а вие сте децата.“

          Бог ја зборува вистината.

Ако не сте ја оставиле детската игра,

како можете да бидете возрасни?

          Без чистина на духот,

ако сеуште сте среде сладострастие и алчност

и други желби, како деца сте

што си играат водење љубов.

          Се борат

и се тријат едно од друго, но тоа не е однос (соншај, секс)!

 

Исто и со војните на човештвото.

Кавги се со играчки-мечови.

Без смисла, сосем бесплодни.

 

Како деца на дрвени коњчиња, војниците тврдат дека го јаваат

Борак, ноќниот коњ на Мухамед, или Дулдул, неговото муле.

 

Твоите дела не значат ништо, љубовта и војната што ги водиш.

Се држиш за панталоните и се риташ наоколу,

ти-ра-ри, ти-ра-ра.

 

Не чекај да умреш за да го согледаш ова.

Препознај дека твојата вообразба и твоето мислење

и твоите сетила се трски

што децата ги сечат и се преправаат дека им се коњи.

 

Знаењето на мистичките вљубеници е инакво.

Искуственото, сетилното, науките

се како магаре натоварено со книги,

или како шминка врз женска шминка.

          Се брише.

Но ако правилно го подигнеш својот товар, ќе израдува.

Не си го носи знаењето-товар од себични причини.

Порекни ги жедбите и своеглавоста,

и можеби вистински ждребец ќе се појави под тебе.

 

Не се задоволувај со името ХУ,

со само збоорви за тоа.

 

Искуси го тоа дишење.

Од книгите и зборовите доаѓа мечта,

а понекогаш, од мечтата доаѓа единство.

 

 

œ

 

 

ПОСЕБНО ЈАДЕЊЕ

 

 

Забележи како секое делче се движи.

Забележи како секој овде само што дошол од пат.

Забележи како секој бара различна храна.

Забележи како ѕвездите исчезнуваат на изгрејсонце

и како сите потоци течат кон морето.

Види како готвачите подготвуваат посебно јадење

за секого, како што тој сака.

Погледни ја оваа чаша што може да содржи море.

Погледни ги оние кои го гледаат лицето.

Погледни низ очите на Шамс

во водата која е

сосема драгоцен камен.

 

 

œ

 

 

НОВОТО ПРАВИЛО

 

 

Старо правило е дека пијаните мора да се кавжат

и тепаат.

Вљубениот е исто толку лош. Паѓа во дупка.

Но доле во дупката наоѓа нешто што сјае,

повредно од било какви пари или моќ.

 

Вчера вечер месечината дојде и си ја фрли облеката на улица.

Го сфатив тоа како знак да запеам,

да паднам угоре во чинијата на небото.

Чинијата се крши. Секој паѓа насекаде.

Ништо друго да се стори.

 

Еве го новото правило: скрши ја винската чаша

и падни кон здивот на стаклодувачот.

 

 

œ

 

 

Ова исцибравено и многу уморно,

мачено со стеги како лудак,

ова срце.

          Сепак продолжуваш да си ја кршиш корупката

за да си го вкусиш јадрото!

 

 

œ

 

ИМАМ ПЕТ НЕШТА ДА КАЖАМ

 

Разбудениот љубовник направо и’ говори на љубената,

„Ти си небо под кое духот мој кружи,

љубов внатре во љубовта, место на воскреснување.

 

Нека овој прозорец ти биде уво.

Многупати губев свест

од копнеж по твојата тишина што слуша

и по усмевот кој го забрзува животот.

 

Внимаваш на најмалите нешта,

моите сомнителни сомнежи и на најголемите нешта.

 

Знаеш дека златниците ми се лажни,

но сепак ги прифаќаш,

мојата безобразност и преправање!

 

Имам пет нешта да кажам,

пет прста да предадам

на твојата милост.

 

Прво, кога не бев со тебе,

          светот не постоеше,

          ниту некој друг.

 

Второ, што и да барав

          секогаш тебе те барав.

 

Трето, зошто ли научив да бројам до три?

 

Четврто, нивата ми гори!

 

Петто, овој прст е за Рабија,

          а овој за некој друг.

          Има ли разлика?

 

Зборови ли се ова или солзи?

Дали липањето е говор?

Што да правам, љубов моја?“

 

Така тој говори и сите околу него

заплакуваат со него, смеејќи се безумно,

стенкаат во единството на вљубениот и љубената

што се шири.

 

Ова е вистинската вера. Сите други

се отфрлени преврски крај неа.

 

Ова е сема на ропството и господарството

во танц заедно. Ова е не-постоењето.

 

Ниту зборови, ниту природни факти

не можат ова да го изразат.

 

Ги знам овие танчери.

Дење-ноќе ги пеам нивните песни

во овој чудесен кафез.

 

Душо моја, не обидувај се да ми одговориш сега!

Најди си пријател, и скријте се.

 

Но што може да остане скриено?

Тајната на љубовта секогаш ја подава главата

од под покривките,

„Овде сум!“

 

 

œ

 

 

КАДЕ СМЕ?

 

 

Невидлива птица прелетува,

но фрла брза сенка.

 

Што е телото? Таа сенка на сенката

на твојата љубов, што некако ја содржи

сета вселена.

 

Човек спие со тежок сон,

иако нешто налик сонце просјајува низ него,

ко прекрасен раб навезен под ракавот.

 

Се преврнува под покривката.

Секоја слика е лага:

 

          Чист црвен камен на вкус е сладок.

 

          Бакнуваш убава уста и клуч

          се завртува во бравата на твојот страв.

 

          Изговорена реченица се изострува до острица.

 

          Мајка-гугутка си го бара гнездото,

          прашува каде, гу? Каде, гу?

 

Каде што лавот почива.

Каде што секој маж и жена одат да плачат.

Каде што болните одат во надеж за оздравување.

 

Каде што ветар се крева да помогне во вршидбата

и истовремено понесува лаѓа на пловидба.

 

Каде што сите велат, Само Господ е стварен.

Ја-ху! Каде над каде.

 

Светлото брдило на ткајачот молска наваму-натаму,

на исток и на запад, Каде-сме?, Ма гу? Ма гу? Магу.

Како сонцето да вели Каде сме?

додека ткае прашувајќи.

 

         

 

œ

 

Мислиш дека знам што правам?

Дека за еден здив или полуздив си припаѓам себеси?

Толку колку што перото знае што пишува,

Или топката што може да погоди каде ќе се оттркала.

 

 

œ

 

 

Внатре во оваа нова љубов умри.

Патот ти започнува од другата страна.

Стани небо.

Потегни му секира на затворскиот ѕид.

Побегни.

Излези ко некој штотуку роден во боја.

Ајде, сега.

Покриен си со густ облак.

Искради се. Умри

и биди тивок. Тивкоста е најсигурниот знак

дека си умрел.

Стариот живот ти беше безглав бег

од тишината.

 

Немата полна месечина

изгрева сега.

 

 

œ

 

БЕЗ ЗНАМЕ

 

Порано барав купци за моите зборови.

Сега сакам некој да ме откупи од зборовите.

 

Насликав толку привлечни, длабоки слики,

сцени со Аврам и со таткото на Аврам, Азар,

кој исто бил познат по иконите.

 

Толку сум уморен од она што го правев.

 

Тогаш една слика без облик дојде

и престанав.

 

Барај друг да се грижи за дуќанот.

Не сум веќе по сликарството.

 

Конечно ја познавам слободата на лудилото.

 

Случајна слика доаѓа. Врискам,

„Излегувај надвор! Се распаѓа.

 

Само љубов.

Само држачот во кој знамето паше,

и ветрот. Без знаме.

 

 

œ

 

 

ВРЕЌА ЗА ХРАНА

 

 

Еднаш еден суфист здогледува вреќа за храна закачена за клинец.

Почнува да се врти и да си ја кине кошулата, велејќи,

Храна за она на што не му треба храна!

Илјач за глад!

 

Пламенот му се разгорува и други му се придружуваат,

викаат и јачат во љубовен оган.

 

Бесцелен минувач им дофрла, „Па тоа е само празна мешина.“

 

Суфистот вели, Оди си. Го сакаш она што ние не го сакаме.

Ти не си вљубеник.

 

Храната за вљубениот е љубовта по лебот,

не лебот. Никој што навистина љуби

не го сака постоењето.

 

Вљубените немаат ништо заедничко со постоењето.

Ја собираат заработувачката без влогот.

 

Без крила, а сепак прелетуваат преку светот. Без раце,

но победуваат во топка на полето.

 

Оној дервиш ја помирисал стварноста

и сега плете кошнички од чиста пројава.

 

Љубовниците креваат шатори на полиња од никаде.

Сите се од иста боја како тоа поле.

 

Доенчето не го познава вкусот на печеното месо.

За духот, безхран мирис е храна.

 

На Египјанинот, Нил му изгледа крвав.

На Израелитот, бистар.

Што е широк пат за еден е пропаст за друг.

 

 

œ

 

САМО ЗДИВ

 

 

Ниту христијанин, ниту Евреин, ниту муслиман, ниту хиндус,

будист, суфист, или зен. Ниедна вера

 

ниту обичај. Не сум ни од Исток

ни од Запад, ниту од морето ниту

 

од земјата, ниту природен ниту етеричен, ниту

составен од елементи воопшто. Не постојам,

 

не сум битие во овој свет или следниот,

не потекнувам од Адам и Ева или од

 

било која приказна за потеклото. Моето место е безмесно,

трага на бестрагата. Ниту тело ниту душа.

 

Му припаѓам на вљубеното, сум ги видел двата света

како еден и тој еден го повикувам и го знам,

 

прв, последен, надворешен, внатрешен, само тој

здив кој дише човечки битија.

 

 

œ

 

 

Над мислите за чинење добро и зло

има една полјана. Ќе се сретнеме таму.

 

Кога душата легнува во таа трева,

светот е преполн за говор.

Мислите, јазикот, дури и тој израз еден друг

немаат смисла.

 

 

œ

 

 

Ветрето во зора има тајни да ти каже.

Не заспивај пак.

Мораш да го побараш она што навистина го сакаш.

Не заспивај пак.

Луѓето одат ваму-таму преку прагот

на кој двата света се допираат.

Вратата е округла и отворена.

Не заспивај пак.

 

 

œ

 

 

Би сакал да те бакнам.

Цената на бакнежот е твојот живот.

 

Сега мојата љубов трча кон мојот живот со повик,

Каква зделка, купуваме!

 

 

œ

 

 

Ноќ полна разговор што боли,

моите најгорко криени тајни. Се’

е во врска со љубење и со нељубење.

Ќе пројде и оваа ноќ.

Утре веќе имаме работа.

 

 

œ

 

 

МОЈАТА НАЈЛОША НАВИКА

 

 

Мојата најлоша навика е што се заморувам од зима.

Станувам макотрпен за оние околу мене.

 

Кога не си овде, ништо не расне.

Ми недостига јасност. Зборовите

ми се заплеткуваат во јазли.

 

Како да се излечи лошото време? Прати го назад во реката.

Како да се излечат лошите навики? Прати ме назад кон тебе.

 

Кога водата се заробува во навикнати вирови,

ископај премин во дното

до морето. Постои таен лек

за оние кои ги боли толку многу

што не можат ни да се надеваат.

 

Надевачите би се навредиле кога би знаеле за него.

 

Гледај колку подолго можеш во пријателот што го љубиш,

без оглед дали тој се оддалечува

или ти се враќа.

 

œ

 

 

ПОЛНИОТ НАГОН, ШТО МОЖЕ ЖЕНСКАТА СМЕА ДА СТОРИ И ПРИРОДАТА НА ВИСТИНСКАТА МАЖЕСТВЕНОСТ

 

 

Некој, по пат, вака му вели на Калифот на Египет,

“Кралот на Мосул

има наложница ко никоја друга,

Поубава одошто може да се опише.

Изгледа вака.

Ја црта нејзината подоба на хартија.

 

Калифот го испушта пехарот.

Веднаш го праќа својот војсководец на Мосул

со илјадубројна армија. Опсадата трае една седмица,

многу жртви, ѕидините и кулите не издржуваат,

Меки како восок. Кралот на Мосул праќа гласник.

„Зошто ова убивање? Ако го сакаш градот,

ќе го напуштам и земи го!

Ако благо сакаш повеќе, уште полесно.“

 

Војсководецот го вади листот

со цртежот на девојката. Ова.

Моќниот Крал на Мосул е брз на одговор.

„Изведете ја. Идолот припаѓа меѓу идолопоклониците.“

 

Кога војсководецот ја здогледува, се вљубува

исто како Калифот. Не смеј се на ова.

Оваа љубов е исто така дел од бескрајната љубов,

без која светот не се врти.

Нештата преминуваат од неживи во растителни,

во сопства надарени со дух, преку нагонот

на секоја љубов што сака да се усоврши.

 

Вака војсководецот мисли, почвата изгледа плодна,

па го сее своето семе. На соне, ја гледа девојката.

Води љубов со нејзината претстава

и семето му се излева.

 

По некое време се буди.

Бавно сети дека девојката не е таму.

„Напразно го излеав семето.

Ќе ја испробам оваа итрица.“

 

Водач кој не е војсководец на сопственото тело

не треба да се чествува, ако неговото семе така се излева на песок.

Сега го губи сето самосовладување. Не му е грижа

за Калифот или дали ќе умре.

„Вљубен сум,“ си вели.

 

Не делувај во таква жештина.

Посоветувај се со некој учител.

Но војсководецот не можел.

 

Неговата залуденост е црноводен бран што го однесува.

Нешто што не постои сочинува привид

да се појави во мракот на бунарот

и привидот сам станува доволно моќен

да урниса вистински лав во дупката.

 

Уште еден совет: опасно е да се пуштат

други мажи во блиска врска со жените под твоја заштита.

Памук и пламени искри, кога се заедно,

тешко е, скоро неможно, да се спречи пожар.

 

Војсководецот не се враќа право кај Калифот,

туку крева шатор на скриена полјана.

Гори, не распознава помеѓу земјата и небото.

Умот му е загубен во удари на тапан,

безвредна ротква и син на ротква.

Калифот самиот бубачка, ништо.

 

Но само што оплодувачов и’ ги кине чакширите на жената

и и’ легнува меѓу бедра, пенисот поаѓа

право кон целта, се крева голема бука

и војниците надвор од шаторот повикуваат.

Скока и голиот задник му свети,

и истрчува надвор со сабја во рака.

 

Црн лав од блиското мочуриште

се фрлил меѓу коњите. Белја.

Лавот скока дваесет стапки во воздух,

шаторите рикаат како море.

 

Војсководецот брзо оди на лавот,

му ја располовува главата со еден удар

и веднаш сега трча назад кон шаторот на жената.

Кога повторно ја постила нејзината убавина,

пенисот му се крева уште повеќе.

 

Зафатот, средбата, е како со лавот.

Пенисот му останува кренат цело време

и не го излева напразно семето.

Убавицата е одушевена со неговата мажественост.

Веднаш, со многу полет му се придружува на полетот

и нивните два духа излегуваат од нив како еден.

 

Кога двајца се спојуваат вака, доаѓа еден друг

од невидениот свет. Можеби со раѓање,

ако ништо не го спречува зачнувањето,

но трет некој доаѓа, кога двајца со соединуваат во љубов,

или во омраза. Силните одлики родени

од таков спој се пројавуваат во духовниот свет.

 

Ќе ги познаеш кога ќе одиш таму.

Вашите спојувања даваат плод.

Затоа, биди внимателен. Чекај и биди свесни

пред да појдеш да се сретнеш со некого.

Памти, треба да се земат деца во предвид?

 

Деца со кои мораш да живееш и за нив да се грижиш,

родени од твоите чувства со некој друг, битија

со облик и говор и место за живот.

Дури и сега викаат по тебе.

Не’ заборави. Врати се.

Биди свесен за ова. Маж и жена заедно -

секогаш има духовен учинок.

 

Војсководецот не бил толку свесен. Паднал

и се залепил како бубачка во канче путер,

сосем се препуштил на љубовништвото. Тогаш,

исто така одеднаш, губи интерес. На жената

тој и’ вели, „Ни збор за ова на Калифот.“

 

Ја води кај него и Калифот се вџашува.

Стопати е поубава одошто си ја замислувал.

 

Некој човек прашува еден речит учител,

„Што е вистина, а што е лага?“ „Ова е лага:

лилјакот се крие од сонце, не од замислата на сонцето.

Замислата го плаши лилјакот и го води

подлабоко во спилата. Имаш замисла

за душманот која те приврзува за одредени сојузници.

 

Мојсеј, внатрешното светло на откровението,

го запалил врвот на Синај, но гората

не можела да го одржи светлото.

 

Не се измамувај вака!

Да се замислува не е да се живее

стварноста или нешто друго.

 

Нема храброст во замислата на битката.

Ѕидовите на живеалиштето на лилјакот се прекриени со слики

и многу разговори за јунаштво. Обиди се да придвижиш

една мисла од уво до уво. Тогаш, памучните уши

ти стануваат фини како нитки светлост.

 

Целото тело ти станува огледало,

сето око и духовно дишење.

Нека увото те одведе до твојата љубов.

 

И така, Калифот страсно се вљубува во девојкава.

Калифатот исчезнува како молња.

Ако љубењето ти трне, знај: кога она што го поседуваш

може да исчезне, тоа е само сон, суета, здив

под мустаќ. Ќе те убиело.

 

Некои велат, „Ништо не трае.“

Грешно мислат. Секој миг велат,

„Да постоеше некоја друга стварност,

ќе ја видев. Ќе знаев за неа.“

 

Бидејќи детето не го разбира следот на разумни заклучоци,

зарем возрасните треба да престанат да бидат разумни?

Ако разумните не го чувствуваат присуството на љубовта

во вселената, тоа не значи дека ја нема.

 

Браќата на Јосиф не ја гледале неговата убавина.

Но Јаков никогаш не ги симнал очите од неа. Мојсеј отпрво

видел само дрвен стап, но неговиот друг вид

видел отровница и причина за страв.

Видот е во спротивставеност со внатрешното знаење.

Раката на Мојсеј е и рака и извор на светлост.

 

Овие нешта се исто толку стварни како и бескрајот што е стварен,

но некому изгледаат како верски бладања,

некому кој верува единствено во стварноста

на полните органи и на органите за варење.

 

Не му го спомнувај Пријателот на ваков.

За друг, сексот и гладот се бледи слики,

а Пријателот е попостојано, поцврсто тука.

Остави го првиот да си оди во својата црква, а ние ќе си одиме во својата.

Не зборувај премногу со оние кои се сомневаат и со оние

кои тврдат дека во ништо не веруваат.

 

И така, Калифот има замисла

дека влегува во убавата жена

и и’ доаѓа да си ја исполни желбата.

 

Споменот му го крева пенисот, го напрега во мисла

да се крева и спушта,

што прави органот да нарасне од задоволство.

 

Но како што всушност легнува со жената,

му доаѓа оглас од Бога

да прекине со овој блуд. Многу тивок шум,

како глувче што би направило. Пенисот паѓа

и страста исчезнува.

 

Помислува дека тоа шушка змија

под сламарицата. Девојката гледа дека ова му паѓа

и почнува грчевито да се смее на чудниот случај.

Се сеќава на војсководецот како го убил лавот,

со пенисот високо кренат.

 

Долго и гласно се смее.

На што и да помисли, само повеќе се смее,

Како смеата на оние кои јадат хашиш.

Се’ е смешно.

 

Секое чувство има извор и клуч кој го отвора.

Калифот е бесен. Го извлекува мечот.

„Што е толку смешно? Кажи ми се’ што мислиш.

Ништо не ми премолчувај. Во овој миг,

јасновиден сум. Ако лажеш, ќе ти ја отсечам главата.

Ако ја кажеш вистината, ќе те ослободам.“

 

Напластува седум Курани еден врз друг

и се колне дека ќе стори ко што вели.

Кога конечно се прибира,

девојката му кажува за се’ подробно. За логорот

на полјаната, за убиството на лавот,

за враќањето на војсководецот во шаторот со кренат пенис

сеуште тврд како рог од носорог.

 

Наспроти органот на Калифот

што паѓа од глувчи шум.

Скриеното секогаш излегува на виделина.

Не сеј лошо семе. Сигурно ќе про’рти.

Дождот и сонцето ќе направат да се крене во воздух.

Пролет доаѓа после листопадот,

што е доволен доказ за воскреснувањето.

Тајните излегуваат напролет, од земните усни во лисјата.

Грижите стануваат мамурлук.

Но од каде виното дошло? Мисли.

 

Расцутената гранка не наликува на својата семка.

Човекот не му наликува на своето семе. Исус произлегол

од здивот на Габриел, но не е во тој облик.

Гроздот не наликува на лозницата.

Љубовните дела се семе на нешто

сосем поинакво, живеалиште.

Ниедно потекло не наликува на одредиштето.

Не можеме да знаеме од каде ни потекнува болот.

Не знаеме што се’ сме сториле.

Можеби и е подобро што не знаеме.

Без разлика, страдаме поради тоа.

 

На Калифот му се враќа јасноста. „Во гордоста

на мојата моќ ја земав оваа жена од друг,

та се разбира, некој друг ми чукна на врата.

Оној кој врши прељуба е сводник

на сопствената жена.

 

Ако повредиш некого, привикуваш

иста повреда на себеси. Моето предавство

направи предавник од мојот пријател. Ова повторување

мора некаде да запре. Овде, во милостив чин.

 

Ќе те вратам на војсководецот,

велејќи дека друга моја жена е љубоморна,

а бидејќи војсководецот беше доволно храбар

да те донесе од Мосул,

ќе те земе за жена.“

 

Ваква е мажественоста на пророкот.

Калифот бил полно немоќен,

но неговата мажественост била најмоќна.

 

Сржта на вистинската мажественост е способноста

да се остават половите задоволства. Силата

на полниот порив на војсководецот е помалку од черупка

во спредба со благородноста на Калифот

во ставање крај на кругот на сеење сладострастие и жнеење

таинственост и осветољубивост.

 

 

œ

 

 

Оној кој си оди со корка леб

на местенце кое му паше ко гнездо,

оној кој не сака повеќе, по кого

никој не копнее.

 

Тој е писмо до секого. Го отвораш.

Вели, Живеј.

 

 

œ

 

 

ОДБИЈ СЕ ОД ГРАДАТА

 

 

Малку по малку, одбиј се од градата.

Ова е сржта на она што имам да ти го кажам.

Од зачеток, чија храна доаѓа во крвта,

премини во бебе што млеко пие,

па во дете на цврста храна,

па во трагач по мудрост,

па во ловец на поневидлив плен.

 

Помисли како би изгледал разговор со зачетокот.

Би можел да му речеш, „Светот надвор е огромен и сложен.

Има житни полја и планински преоди,

и овоштарници во цут.

 

Ноќе има миријада ѕвезди, а во сончевина

убавината на пријателите во танц на свадба.“

 

Го прашуваш зачетокот зошто тој, или таа, останува

склопчен во мракот со затворени очи.

                             Чуј му го одговорот.

 

Нема „друг свет.“

Го знам само она што сум го искусил.

Тебе мора да ти се причинува.

 

 

œ

 

 

Замисли дека се лизгаш од лицето на гребенот

ко орел. Замисли дека одиш

ко тигар кој сам гази во шумата.

Најубав си кога ловиш.

 

Минувај помалку време со славеи и пауни.

Првите се само глас, вторите се само боја.

 

œ

 

 

 

НОЌЕН РАЗГОВОР

 

Средноќ повикав,

          „Кој ли тоа живее во оваа љубов

во мене?“

          Ти рече, „Јас, но не сум овде

сам. Зошто се овие други слики

со мене?“

          Реков, „Тие се твои одрази,

исто како што убавите жители на Чигил

во Туркменистан си наликуваат еден на друг.“

 

Ти рече, „Но кое е ова друго живо

битие?“

          „Тоа е мојата ранета душа.“

Тогаш ти ја доведов таа душа

како затвореник.

                   „Оваа е опасна,“

ти реков. „Не ја пуштај лесно.“

 

Ти ми намигна и ми го подаде

крајот на една тенка нитка.

                   „Потегни силно,

но не ја кини.“

          Посегнав со раката

да те допрам. Ме удри по неа.

 

„Зошто си толку безмилосен со мене?“

 

„Од добри причини. Но секако не

за да те оддалечам! Секој што влегува овде

а вели Еве сум мора да се удри.

 

Ова не е трло за овци.

 

Нема овде растојанија на делба.

Ова е светилиште на љубовта.

 

Саладин е она на што наликува душата. Протриј си ги очите

и погледни повторно со љубов во љубовта.“

 

Ти рече, „Кој е на порти?“

          Јас реков, „Твојот роб.“

 

Ти рече, „Што сакаш?“

          „Да те видам и да се поклонам.“

 

„Колку долго ќе чекаш?“

          „Се’ додека не ме повикаш.“

 

„Колку долго ќе готвиш?“

          „До Воскресението.“

 

Разговаравме преку портата. Изјавував

голема љубов, дека сум се откажал

од она што светот го нуди за да бидам во таа љубов.

 

Ти рече, „Таквите тврдења бараат сведок.“

          Јас реков, „Овој копнеж, овие солзи.“

 

Ти рече, „Обезвреднети сведоци.“

          Јас реков, „Никако!“

 

Ти рече, „Со кого дојде?“

          „Со величествената мечта која ти ми ја даде.“

 

Зошто дојде?“

          „Мирисот на твоето вино беше во воздухот.“

 

„Каква ти е намерата?“

          „Пријателство.“

 

„Што сакаш од мене?“

          „Милост.“

 

Тогаш праша, „Каде ти е најпријатно?“

          „Во дворецот.“

 

„Што виде таму?“

          „Вчудоневидувачки нешта.“

 

„Тогаш зошто е толку очаен?“

          „Оти сето тоа може да се изгуби во еден миг.“

 

„Кој може тоа да го причини?“

          „Јасната размисла.“

 

“Во што тогаш можеш да живееш безбедно?“

          „Во самопредавањето.“

 

„Какво е ова откажување?“

          „Мир кој не’ спасува.“

 

„Не постои ли закана од пропаст?“

          „Само од она што доаѓа во твојот сокак,

          внатре во твојата љубов.“

 

„Како одиш таму?“

          „Во совршеност.“

 

œ

 

 

ПОСТОЈАН РАЗГОВОР

 

Кој е најк’сметлија од целиот оркестар? Трската.

Нејзината уста ти ги допира усните да научи музика.

Сите трски, посебно шеќерната, мислат само

на тоа. Се нишаат на дршките,

слободни на многу начини танцуваат.

 

Без тебе свирките би умреле.

Една седнува блиску до тебе. Друга прима долг бакнеж.

Тамбурата моли, Допри ми ја кожата за да бидам себе.

Да те осетам како влегуваш во секој мој дел коска по коска,

она што умре вчера може да зацели денес.

 

Зошто да живеам на потрезен начин и да те сетам како осекуваш?

Нејќам.

Или дај ми доволно вино или остави ме на мира,

сега кога знам како е да се биде со тебе

во постојан разговор.

 

 

œ

 

 

ОГАН НА ПОЛНОЌ

 

Повик се слуша од мојата соба

каде што се бев склопчил.

На сета моја похота и мртво живеење сеуште можам да живеам со тебе.

Ти сакаш така.

Ми подготвуваш и принесуваш вечера.

Забораваш каков бев.

 

Морето се движи и се крева во горештината

на пладнето,

во жештината на оваа мисла што ја имам.

Зошто сите човечки отпори не изгоруваат со оваа мисла?

 

Тапан е и раце што тапанаат.

Оган е на полноќ на врвот на ридот,

оваа повторна средба со тебе.

 

 

œ

 

 

ШАТОРОТ

 

 

Надвор, мразна пустинска ноќ.

Оваа друга ноќ внатре се стоплува, гори.

Нека пределот се прекрие со трнлива кора.

Овде имаме мека градина.

Земјите разорени,

градовите и селата, се’

една изгорена, поцрнета топка.

 

Новостите што ги слушаме се полни жалост за таа иднина,

но вистинската новост внатре овде

е дека нема никакви новости.

 

 

œ

 

 

РУБИНОТ НА ИЗГРЕВОТ

 

Во рана зора,

токму пред изгрејсонце, љубовниците се будат

да се напијат голтка вода.

 

Таа го прашува, „Дали повеќе ме љубиш мене или себеси?

Навистина, кажи ми право.“

 

Тој вели, „Ништо не остана од мене.

Како рубин сум кренат кон изгревот.

Дали е таков сеуште камен, или е свет

сочинет од руменило? Тој не и’ пружа отпор

на сончевата светлост.“

 

Вака Халаџ рече, Јас сум Бог,

и ја говореше вистината!

 

Рубинот и изгревот се едно.

Бидете храбри и совладајте се.

 

Целосно станете и слух и уво,

и понесете го овој сончев рубин како наушница.

 

Работете. Продолжете да го копате својот бунар.

Не мислете на крајот на работата.

Има таму некаде вода.

 

Потчинете се на секојдневна дисциплина

Вашата преданост кон неа

е ѕвонење на врата.

 

Продолжете да чукате, а радоста внатре

кога-тогаш ќе го отвори прозорецот

да погледне кој тоа стои надвор.

 

 

œ

 

 

ПОЛЕТ

 

 

Љубовта ми го одзеде сите дејанија

и ме исполни со поезија.

 

Се трудев тивко да повторувам,

Нема сила освен твојата,

но не можев.

Морав да плескам и пеам.

Порано бев достоинствен и кроток и постојан,

но кој може да стои на овој виор

и да се сеќава сите тие нешта?

 

Гората го чува одекот длабоко во себе.

Така јас го чувам твојот глас.

 

Јас сум парче дрво фрлено во твојот пламен

и брзо изгорено во дим.

 

Те видов и станав празнина.

Оваа празнина, поубава од постоењето,

го брише сето постоење, а сепак кога доаѓа,

постоењето напредува и раѓа уште повеќе постоење.

 

Небото е сино. Светот е слепец

кој чучи на патот.

 

Но кој ќе ја види твојата празнина

гледа зад синилото и зад слепецот.

 

Великата душа се крие како Мухамед, или Исус,

се движи среде толпата во град

кадешто никој не ја знае.

 

Да се велича е да се велича

начинот на кој човек и’ се предава

на празнината.

 

Да се велича сонцето е да ги величаш сопствените очи.

Величај го, морето. Она што го велиме, чунче.

 

И така морското патешествие продолжува, кој знае каде?

Само морето да те држи во прегратка е најголемата среќа

што може да не’ снајде. Тоа е потполно разбудување!

 

Зошто да жалиме оти сме спиеле?

Не е важно колку долго сме биле во несвест.

 

Зашеметени сме, но остави ја вината.

Чувстувувај го движењето на нежноста

околу себе, полетот.

 

 

œ

 

 

Ние сме и огледалото и ликот во него.

Овој миг го опитуваме вкусот

на вечноста. Ние сме и болката

и она што ја лекува болката. Ние сме

и слатката студена вода и бокалот што ја излева.

 

 

œ

 

 

ГОСТИЛНИЦАТА

 

 

Да се биде човек е гостилница.

Секое утро нов дојденец.

 

Радост, смут, зло,

некаква миговна свесност доаѓа

како неочекуван посетител.

 

Добредојди ги и забави ги сите!

Дури и да се толпа жалости

што насилно ти ја чистат куќата

од сет намештај.

Сепак, почести го секој гостин.

можеби те расчистува

за некоја нова радост.

 

Црните мисли, срамот, злобата,

пресретни ги на прагот со насмевка

и покани ги внатре.

 

Биди благодарен за што и да влегува,

оти секој е пратен

за водич од далечините.

 

 

œ

 

 

КОЈ ГИ ПРЕДИЗВИКУВА ОВИЕ ПРОМЕНИ?

 

Кој ги предизвикува овие промени?

Фрлам стрела надесно.

Паѓа налево.

Ловам срна и одеднаш

ме гони див вепар.

Ковам завера да го добијам она што го сакам

и завршувам во затвор.

Копам замки за други

и паѓам во нив.

 

Би требало да се сомневам

во она што го посакувам.

 

 

œ

 

 

ЗОШТО Е ВИНОТО ЗАБРАНЕТО

 

 

Кога мисловниот зрак на Пророкот

го погодил тапчото со кого што бил,

човеков станал мошне среќен и говорлив.

 

Наскоро почнал непристојно да бунца.

Ова е маката со без-сопството

дојдено пребрзо,

                   како и со виното.

Ако оној што пие вино

има длабока нежност во себе,

ќе ја покаже

                   кога се опива.

Но ако скрил гнев и вообразеност,

овие се појавуваат,

                   а бидејќи повеќето се такви,

виното им е забрането на сите.

 

 

œ

 

 

НА ДЕНОТ НА ВОСКРЕСЕНИЕТО

 

 

На Денот на Воскресението телото ќе сведочи против тебе.

Раката ти вели, „Крадев.“

Усните ти велат, “Нагрдував.“

Стопалата, “Бев каде што не требаше.“

Половиот орган, „И јас.“

 

Ќе сторат твоите молитви да звучат дволично.

Пушти го телото сега да говори отворено,

без ти да кажеш ниту збор,

како ученик кој оди зад учителот

и си вели, „Овој појасно го гледа

од мене патот.“

 

 

œ

 

 

ГРАШОКОТ НА ГОТВАЧОТ

 

 

Грашокот скока скоро преку ивицата на казанот

во кој се вари.

 

„Зошто ми го правиш ова?“

 

Готвачот го соборува со кутлачата.

 

„Не обидувај се да искокнеш.

Мислиш дека те измачувам.

Ти давам вкус,

за да можеш да се мешаш со зачин и со ориз

и да станеш убавата животност на човечкото битие.

 

Сети се како пиеше дожд во градината,

ова ти беше за тоа.“

 

Милост прво. Полови задоволства,

потоа вриечки нов живот започнува

и Пријателот има нешто добро за јадење.

 

Со време грашокот

ќе му рече на готвачот,

                   „Вари ме уште малку.

Удри ме со лажицата.

Не можам тоа сам да го сторам.

 

Јас сум како слон што сонува за градините

дома во Хиндустан и не му обрнува внимание

на јавачот. Ти си мојот готвач, мојот јавач,

мојот пат во постоење. Го сакам твоето готвење.“

 

Готвачот вели,

                   „Еднаш бев како тебе,

свеж право од земја. Потоа се сварив со време,

па се сварив со тело, две жестоки варења.

 

Животинската душа ми се оснажи.

Ја совладав со вежба,

па се варев уште малку, па се варев

уште малку повеќе,

                   па ти станав учител.“

 

 

 

œ

 

 

ЉУБОВНИ ПЦИ

 

 

Една ноќ, некој човек викал,

                   Алах! Алах!

Усните му се осладиле од слава,

се’ додека некој циник не му рекол,

                   „Така! Те слушам

како викаш, но дали некогаш

си добил одговор?“

 

Човекот не можел да му одговори.

Престанал да се моли и паднал во кошмарен сон.

 

Го сонувал Кхидр, водичот на душите,

во густо зеленило.

                   „Зошто престана да се молиш?“

„Оти никогаш не слушнав одговор.“

                   „Овој копнеж

што го искажуваш е твојот одговор.“

 

Жалоста од која викаш

те влече кон единство.

 

Твојата чиста тага

која бара помош

е тајниот сад.

 

 

œ

 

 

МОЈСЕЈ И ОВЧАРОТ

 

 

Мојсеј чул некој овчар на патот како се моли,

                    „Боже,

каде си? Сакам да ти помогнам, да ти ги поправам чевлите

и да ти ја исчешлам косата. Сакам да ти ги исперам алиштата

и да ти ги истребам вошките. Сакам да ти донесам млекце

да ти ги бакнувам рачиња и ноџиња кога ќе дојде

време за во постела. Сакам да ти ја сметам собата

и да ја средувам. Боже, моите овци и кози

се твои. Се’ што можам да речам, кога се сеќавам на тебе,

е еееееееј и аааааа.“

                   Мојсеј ова не можел веќе да го издржи.

„Кому му зборуваш?“

                   „На оној кој не’ создаде,

и ја создаде и земјата и го создаде и небото.“

                   „Не зборувај тогаш за чевли

и чорапи со Господ! И што е ова со твоите рачиња

и ноџиња? Таква богохулна блискост звучи како

да си правиш муабет со чичко ти.

                   Само на нешто што расте

му треба млеко. Само на нешто со стопала му требаат чевли. Не на Бога!

Дури и да мислеше на човечките претставници на Бога,

ко како кога Бог рече, „Бев болен, но ти не дојде да ме посетиш,“

дури и тогаш ваков тон би бил глупав и безбожен.

 

Употребувај соодветни зборови. Фатима е добро име

за жена, но ако маж наречеш Фатима,

тоа е навреда. Јазикот на телото и раѓањето

е добар за нас на оваа страна на реката,

но не е и за обраќања кон изворот,

                   не и за Алах.“

 

Овчарот се покајал и си ја искинал облеката и воздивнал

и отталкал во пустината.

                   Ненадежно откровение

му дошло тогаш на Мојсеј. Божјиот глас,

                   Ме оддели

од еден од моите. Дојде ли како Пророк да соединуваш

или да делиш?

                   На секое битие сум му дал посебен и единствен начин

да видува и да знае и да го споделува тоа знаење.

 

Она што ти изгледа погрешно на тебе е право за него.

Што е отров за едниот е мед за другиот.

 

Чистота и нечистотија, мрза и вредност во обожувањето,

овие ништо не ми значат.

                   На страна сум од сето тоа.

Различните начини на обожување не можат да се вреднуваат како

подобри или полоши еден од друг.

                   Индусите прават индиски работи.

Дравидските муслимани во Индија си прават по свое.

Се’ е тоа обожување и се’ е тоа добро.

 

Не сум јас обожуван во делата на обожувањето.

Обожувачите се! Не ги слушам зборовите

што ги изговараат. Гледам внатре во кроткоста.

 

Таа разголена нискост е стварна,

не јазикот! Заборави на изразите.

Сакам пламтење, пламтење.

                   Спријатели се

со своето пламтење. Опожари си ги мислите

и облиците на израз!

                   О Мојсеј,

поклониците на убави обичаи се од еден вид.

                   Љубовниците кои пламтат

се од друг.

                   На му наметнувај данок на имот

на изгореното село. Не го прекорувај Љубовникот.

„Погрешниот“ начин на кој зборува е подобар од сто

„вистински“ начини на другите.

                   Внатре во Каабата

не е важно во кој правец ќе го простреш молитвениот килим!

                   На нуркачот не му требаат чизми за снег!

На љубовната религија не и’ требаат закони ниту доктрина.

                   Само Бог.

Та на рубинот немало ништо изгравирано.

Не му ни требаат знаци.

                   Бог почнал да му кажува

подлабоки тајни на Мојсеј. Визии и зборови,

кои не можат овде да се запишат, се излиле во него

и низ него. Се напуштил себеси и се вратил.

Отишол во вечноста и се вратил овде.

Многупати ова се случило.

                   Глупаво е од мене

да се обидувам ова да го кажам. Да го кажев,

тоа ќе го искоренеше сиот човеков ум.

Ќе се скршеа сите моливи.

 

Мојсеј потрчал по овчарот.

Ги следел збунетите траги од стопала,

на едно место прави како од топ

преку шаховска табла. На друго, коси

како од ловец.

                   Де се креваат како врв на бран,

де се лизгаат надолу како риба,

                   а стопалата постојано

му цртаат геомантички симболи во песокот,

                   бележејќи ја

неговата состојба на лунѕање.

                   Мојсеј конечно го настигнува.

„Не бев во право. Бог ми откри

дека нема правила на обожување.

                   Зборувај што и како

твојата љубов ти вели. Твоето мило богохулство

е највистинската посветеност. Низ тебе цел еден свет

се ослободува.

                   Одврзи си го јазикот и не се грижи што ќе излезе.

Сето тоа е светлоста на духот.“

                   Овчарот му возвратил,

„Мојсеј, о Мојсеј,

                   отидов подалеку дури и од тоа.

Го употреби камшикот и мојот коњ се уплаши и скокна

сам. Божествената природа и мојата човечка природа

се споија.

                   Благословена да ти е прекорната дланка и твојата рака.

Не можам да кажам што ми се случи.

                   Ова што сега го велам

не е мојата вистинска состојба. Не може да се искаже.“

 

Овчарот замолкнал.

                   Кога гледаш во огледалото,

се гледаш себеси, не состојбата на огледалото.

Свирачот дава здив во свирката,

но кој ја прави музиката? Не свирката.

Свирачот!

                   Кога и го воспеваш

или да му благодариш на Бога, секогаш е како

оваа мила едноставност на овчарот.

                   Кога со време конечно прогледуваш

низ превезите како нештата навистина се,

ќе продолжиш да велиш пак

и пак,

                   „Ова сигурно не е како

што мислевме дека ќе биде!“

 

 

œ

 

Еднаш прашале еден велик шеик

што е суфизмот.

                   „Чувството на радост

кога нагло разочарување доаѓа.“

 

Орелот му ја однесува чизмата на Мухамед

и го спасува од змиски отров.

 

Не жали по она што не доаѓа.

Некои работи кои не се случуваат

спречуваат други несреќи да дојдат.

 

 

œ

 

ДВА ВИДА НА ТРК

 

 

Некој човек имал љубоморна жена

и многу, многу лична слугинка.

 

Жената мошне внимавала никогаш да не ги остави

насамо. За шест години човекот и слугинката

не се нашле заедно сами во соба.

                   Но тогаш, еден ден

во амамот, жената одеднаш се сетила

дека го оставила својот сребрен леген дома.

 

„Те молам, оди донеси ми го легенот,“ и’ рекла на слугинката.

Девојкава скокнала да ја изврши задачата, оти знаела

дека конечно ќе биде насамо

со господарот. Потрчала среќно,

                   полетала,

и страст ги зафатила обата толку нагло

што не ја ни забравиле вратата.

 

Мошне брзо се сплотиле.

Кога телата се спојуваат во однос,

духовите исто се слеваат.

 

Во меѓувреме, жената во амамот

си ја мие косата, „Што ли сторив!

Фрлив искра на товар памук!

Го пуштив овнот со јагнето!“

 

Го измила глинениот сапун од косата и потрчала,

во трк местејќи си ја бурката.

 

Слугинката трчала од љубов. Жената трчала од страв

и љубомора. Има голема разлика.

 

Мистикот лета од миг во миг.

Плашливиот аскет се влече од месец во месец.

 

Но исто должината на „денот“ за љубовникот

може да е педесет илјади години!

 

Не можеш ова да го сфатиш со разумот.

Мора да избиеш.

 

Стравот ништо не е за љубовникот, кратко конопче.

Љубовта е својство на Бога. Стравот е својство

на оние кои мислат дека му служат на Бога, но се всушност

опседнати со пенис и вагина.

 

Си прочитал во писанијата дека Го љубат

се прелева во Ги љуби.

                   Овие споени љубови

обете се својства на Бога. Стравот не е.

 

Какви особености споделуваат Бог

и човечките битија? Каква е врската помеѓу

она што живее во вечноста и она што живее во времето?

 

Ако продолжам да говорам за љубовта,

стотици нови вкрстувања ќе се случат,

а сепак не ќе ја изречам тајната.

 

Страшливиот аскет трча пеш, по површината.

Љубовниците се движат како молња и ветар.

                   Нема натпревар.

Теолозите мрморат, брборат,

нужност и слободна волја,

додека вљубениот и љубената

                   се вовлекуваат

еден во друг.

 

Загрижената жена стигнува до вратата

и ја отвора.

                   Слугинката, распетлана, збунета, поцрвенета,

не може ни збор да изусти.

                   Мажот ги започнува своите петократни молитви.

 

Жената влегува среде оваа вознемирена сцена.

Како да ги опитува алиштата,

мажот си ги крева скутовите и ракавите.

 

Жената му ги гледа тестисите и пенисот толку влажни, семе

сеуште капе, дамки од влага и вагинален сок

и’ ги топат бедрата на слугинката.

                   Жената му удира шлаканица

по главата.

                   „Вака ли се моли маж, со јајцата?

По вакво ли единство ти тежнее пенисот?

Затоа ли бедрата и’ се прекриени со ова?“

 

Ова се добри прашања што таа

му ги поставува на својот „аскетски“ сопруг!

 

Луѓето кои си ги потиснуваат страстите

често стануваат, одеднаш, дволични!

 

 

œ

 

 

ВАЖНОСТА НА МАЈСТОРСТВОТО

 

 

Имало еднаш една слугинка

која вешто го обучила магарето

да ја услужува како маж.

 

Од тиква изделкала луле

да пасува на магарешкиот пенис,

да го спречува да навлезе предлабоко во неа.

 

Ја скратила токму до точка

на свое задоволство и многу си уживала

во спојот, што почесто можела.

 

Таа цветала, но магарето

слабеело и изгледало исцрпено.

 

Господарката почнала да испитува. Еден ден

ѕирнала низ дупчето во вратата

и ги видела прекрасниот магарешки орган

и уживањето на девојката

послана под магарето.

 

Ништо не рекла. Подоцна, чукнала на вратата

и ја пратила девојката по работа,

на долга и сложена задача.

Да не навлегувам во поединости.

 

Слугинката сепак знаела за што се работи.

„О господарке моја,“ си помислила,

„не треба да го тргаш мајсторот на страна.

 

Кога почнуваш да делуваш без целосно познавање,

си го ризикуваш животот. Срамот те спречува

да ме прашаш за тиквата, но мораш

да ја имаш за да се сплотиш со магарево.

Има мајсторство овде кое ти не го знаеш!“

 

Но господарката премногу се воодушевила со идејата

за да размислува за некаква опасност. Го зела магарето внатре

и ја затворила вратата, мислејќи си, „Ако нема никого во близина,

можам да врискам од задоволство.“

                   Растресена

од очекување, нејзината вагина сјае

и пее како славеј.

 

Поставила стол под магарето,

ко што видела слугинката да прави. Ги кренала нозете

и го повлекла на себе.

                   Пламенот и’ се разгорел

и магарето учтиво бутнало ко што го терала,

бутнало длабоко внатре во нејзината утроба

и таа, без збор да пропелтечи, умрела.

 

Столот паднал на една страна,

таа на друга.

 

Собата била прекриена со крв.

                   Читателу,

си видел ли некој да стане маченик

за магаре? Сети се што Куранот

вели за маките на осрамотувањето на себеси.

 

Не и’ го жртвувај животот на својата животинска душа!

 

Ако умреш од она што те води кон тоа,

ист си како таа жена на подот.

Таа е слика и прилика на неумереност.

 

Сети се на неа

и врамнотежи се.

 

Слугинката се враќа и вели, „Да, го виде

моето уживање, но не ја виде тиквата

што го ограничуваше. Отвори

своја продавница пред мајсторот

да те поучи на занаетот.“

 

 

œ

 

 

МЕСЕЊЕ ЛЕБ

 

 

Имало еднаш гозба. Кралот

пиел од сесрце.

 

Туку видел како еден учен човек минува.

„Воведете го и дајте му

од ова вино.“

 

Слугите истрчале надвор и го донеле човекот

на кралевата маса, но овој не бил

благодарен. „Порадо би испил отров!

Никогаш не сум вкусил вино и никогаш нема да вкусам!

Тргнете го од пред мене!“

 

Учениот продолжил со вакво гласно одбивање,

реметејќи го расположението на гозбата.

 

Вака е понекогаш на Божјата трпеза.

 

Некој кој чул за занесна љубов,

но никогаш не ја вкусил, ја ремети гозбата.

 

Да имаше таен премин

од неговот уво до грлото, се’

би било инаку за него. Би дошло до просветлување.

 

Каков што е, тој е сет оган а без светлост,

сет кора а без јадро.

 

Кралот наредува, “Пехарнику,

стори го она што се мора.“

 

Вака твојот невидлив водич делува,

шаховскиот првак отспротива

кој секогаш победува. Пехарникот го зграбил

за рака учениот и му заповедал,

                   „Вкуси го!“

и „Уште еднаш!“

                   Пехарот се испразнил

и учениот почнал да пее

и да кажува бесмислени шеги.

 

Излегол во градината, пукајќи со прсти

и тетеравејќи се. Наскоро, се разбира,

морал да моча.

 

Излегол, и таму, крај нужникот,

нашол прекрасна жена, една од кралскиот харем.

 

Устата му се разјапила. Ја посакал!

Токму таму, ја посакал!

А и таа немала ништо против.

 

Паднале еден врз друг на земја.

 

Си видел како пекарот меси тесто.

Прво нежно го меси,

потоа погрубо.

 

Го удира од даската.

Тоа меко стенка под неговите дланки.

Сега го распостила

и го тенчи.

 

Потем го фрла на куп

и го меси повторно

до лист кора. Сега додава вода

и добро го меша.

 

Сега сол,

па уште малку сол.

 

Сега го обликува внимателно

во крајниот облик

и го става во печката

што е веќе жешка.

 

Сети се на месењето леб!

Вака твојата страст

се меша со посакуваното.

 

И не е ова само метафора

за маж и жена што водат љубов.

 

Воини во бој го прават истото.

Големата взаемна прегратка постојано се случува

помеѓу вечното и смртното,

помеѓу суштината и случајот.

 

Натпреварите имаат различни правила

во секој случај, но во основа

се исти, та запамти:

 

Начинот на кој што водиш љубов е начинот

на кој Бог ќе биде со тебе.

 

И така двајцава се изгубиле во љубовен занес.

Не им текнувало веќе ниту за гозба

ниту за вино. Очите им се затвориле

како калиграфски линии во совршен одраз.

 

Кралот излегол да го побара учениот

и кога ги видел така спарени, промрморил,

 

„Добро, како што се вели, ’Добриот крал

мора да ги послужува поданиците од сопствената трпеза!’“

 

Постои радост, слобода налик опиеност

што го раствора умот и го окрепува

духот, и постои машка снага

како онаа на кралот, разумност

што ја прифаќа збунетата изгубеност.

 

Но медитирај сега на постојаноста

и на јасноста, и нека овие ти бидат крилја

што се креваат и возвишуваат во небесните сфери.

 

 

œ

 

 

ЗА РИЗИКОТ

 

На една жаба која никогаш не ја напуштила барата, морето и’ личи на коцка.

Погледни од што се откажува: безбедност, власт над својот свет, признанија!

Морската жаба само тресе со глава: Не можам навистина да ти објаснам како е онаму каде што живеам, но еден ден ќе те поведам.

 

 

œ

 

 

Стави се’ на ризик за љубовта,

ако си вистински човек.

 

Ако не, напушти го

овој собир.

 

Половина срце не досегнува

до величественото. Поаѓаш

да го најдеш Бога, но потоа се’ туку

запираш често

во злодухи постаи.

 

 

œ

 

 

Од чунче во брз поток,

изгледа ко дрвјата на брегот

брзо да одминуваат. Она што се чини

 

дека се менува околу нас

е всушност брзината со која нашиот брод

го напушта овој свет.

 

 

œ

 

 

Кога се сеќавам на твојата љубов,

липам, а кога ги слушам луѓето

да говорат за тебе,

                             нешто во градиве,

каде ништо посебно не се случува сега,

се придвижува како во сон.

 

 

œ

 

 

ДАРОТ НА ВОДАТА

 

 

Некој кој не знае дека реката Тигрис постои

на калифот, кој живее крај реката, му носи

стомна питка вода на подарок. Калифот прифаќа, му благодари

и за возврат му дава стомна полна златници.

 

„Бидејќи овој човек дојде преку пустината,

треба да се врати по вода.“ Го изведуваат на друга врата,

човекот влегува во спремен чамец

и ја здогледува широката свежа вода на Тигрис.

Ја наведнува главата, „Каква прекрасна љубезност

што Калифот ми го прифати подарокот.“

 

Се’ и секој на светот е

стомна преполна со мудрост и убавина,

капка од Тигрис која ниедна кожа не може

да ја собере. Секоја стомна се излева и ја осветлува земјата,

како со свила да ја прелева.

Човеков да го видел само главниот ток

на големата река, не ќе ја донел

невиноста на својот подарок.

 

Оние кои остануваат и живеат крај Тигрис

влегуваат во таков занес што фрлаат камења по стомните

и стомните стануваат совршени!

                                                Се кршат.

Парчињата играат, а реката...

                                                Гледаш ли?

Ниту стомна, ниту вода, ниту камен,

                                                         ништо.

 

Чукаш на портата на стварноста,

ги стресуваш своите мисловни крилја,

ги олабавуваш рамениците

                                      и се отвораш.

 

 

œ

 

 

Повикав низ вратата,

„Дервишите се собираат

на улица. Излези!“

 

„Остави ме на мира.

Болен сум.“

 

„Не ми е гајле и да си мртов!

Исус е овде и сака

некого да воскресне!“

 

 

œ

 

ОД ШТО ИСУС БЕГА

 

 

Синот на Марија, Исус, брза по стрмнината

ко див ѕвер да го гони.

Некој го следи и го прашува, „Каде одиш?

Никој не те брка.“ Исус продолжува,

ништо не вели, преку уште две полиња. „Ти ли си

оној кој зборува над мртовци,

па овие се будат?“ Тој сум. „Нели ти направи

глинени птици да полетаат?“ Да. „Кој тогаш

може да те натера на ваков бег?“

Исус го забавува чекорот.

 

Го изговарам Великото Име над глувите и слепите,

излечени се. Над камена планина,

и оваа си ја кине наметката до папок.

Над непостоењето, и тоа настанува.

Но кога зборувам со љубов со часови, со денови,

со оние кои ја примаат човечката топлина

и ја исмеваат, кога ним им го кажувам Името, ништо

не се случува. Остануваат камен, или се ронат во песок

на кој никаква билка не може да расне. Други болести се отвор

за милоста да навлезе, но оваа неспособност за одговор

коти насилство и студенило кон Бога.

Од тоа бегам.

 

Ко малку по малку што воздухот ја краде водата, така молитвата

се исушува и испарува со неумни луѓе

кои одбиваат да се променат. Како студен камен на кој седиш

циникот ја краде телесната топлина. Не го чувствува

сонцето. Исус не бегал од стварни луѓе.

Поучувал на нов начин.

 

 

œ

 



[1] Rumi: Selected Poems, translated by Coleman Barks with John Moyne, A. J. Arberry, Reynold Nicholson, Penguin Books, 2004. First published as The Essential Rumi. San Francisco: Harper Collins, 1996; Edison (NJ) and New York: Castle Books, 1997.

 Руми

ВИНО

Кој тоа говори низ мојата уста?

Имаме огромна бочва вино...

Заедница на духот

Пијаните се плашат...

Детска игра

Исчезна...

Виното што го пиеме...

Многуте вина

Посебно јадење

Новото правило

Ова исцибравено...

Имам пет нешта да кажам

Доцна, сам...

Дали залезот...

Кршлива чаша

Каде сме?

Има едно светло зрно...

Мислиш дека знам...

Зошто е виното забрането

 

СЛАСТ

Над мислите за чинење добро и зло...

Ветрето во зора...

Би сакал да те бакнам...

Се обидуваат да кажат...

Дојди во овоштарникот...

Почвата вика

Оној кој си оди со корка леб...

Одбиј се од градата

Пес на прагот

Замисли дека се лизгаш...

Рубинот на изгревот

Секоја нота

Полет

Ние сме и огледалото и ликот...

За ризикот

Ако го сакаш она...

Стави се’ на ризик за љубовта....

Од чунче во брз поток...

Трите риби

Кога се сеќавам на твојата љубов...

Дарот на водата

Зикр

Сржта на мажественоста

На денот на воскресението

 

СОХБЕТ

Ноќен разговор

Глушец и жаба

Имра ул-Каиз

Сите реки одеднаш

Постојан разговор

Оган на полноќ

Помеѓу приказните

Шаторот

Жедна риба

Доста зборови?

Внатре во оваа нова љубов...

Свеќа што догорува

Без знаме

Вреќа за храна

Ноќен воздух

Само здив

 

РАСТ

Гостилницата

Грашокот на готвачот

Звуци на полјаната

Халаџ

Возвишена дарежливост

Пазар за семе

Љубовни пци

Викај од слабост

Ноќ полна разговор што боли...

Нека не ти се стега грлото...

Облеката на нуркачот лежи празна

Птичји крилја

Мојата најлоша навика

Кој ги предизвикува овие промени?

Сонот што мора да се протолкува

Копачот

Некој кој копа земја...

Повикав низ вратата...

Исус на слабо магаре

Од што Исус бега

Ништо нема напред

 

ПРИКАЗНИ

Приказна вода

Мојсеј и овчарот

Должникот шеик

Радост од нагло разочарување

Груби метафори

Доаѓам пред зори

Шах-мат

Несмасна споредба

Два вида на трк

Важноста на мајсторството

Месење леб

Полниот нагон, што може женската смеа да стори и природата на вистинската мажественост

 

back to the top || назад кон врвот

Copyright notice: The works on this page are licensed under the Creative Commons License. You may use and distribute the contents of this webpage electronically, by disk, print or any other medium if you include all references to copyrights of the author and the original publishers (if any named). Do not remove, add, delete or modify the contents. The materials downloaded from this page may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

Бackground graphics developped by

EosDev.com