The Home Page of Ana Pejcinova

П р е в о д

 
 
 

АВТОИМУНИТЕТ:

СТВАРНИ И СИМБОЛИЧНИ САМОУБИСТВА

 

Дијалог со Жак Дерида -

Интервју со Џована Борадори

верзија за печатење (Word.doc)

 Од Филозофијата во доба на терор: Дијалози со Јурген Хабермас и Жак Дерида. (во оригинал: Philosophy in a Time of Terror: Dialogues with Jurgen Habermas and Jacques Derrida. Chicago and London: University of Chicago Press 2003)

 

БОРАДОРИ: Изгледа дека 11-ти септември (le 11 septembre) е еден голем настан, еден од најважните историски настани чии сме сведоци во животот, посебно за оние од нас кои никогаш не живееле во време на војна. Се согласувате ли?

ДЕРИДА: Le 11 septembre, ко што велите, бидејќи се договоривме да говориме на два јазика, “11-ти септември.“ Ќе треба подоцна да се вратиме на ова јазичко прашање. Исто и на овој чин на именување: еден датум и ништо повеќе. Кога велите „11-ти септември,” веќе цитирате, нели? Ме поканувате овде да говорам со припомнување, ко во наводници, на еден датум или датумирање кое го има обземено јавниот простор и нашите приватни животи веќе пет седмици. Нешто fait date, би рекол со францускиот идиом, нешто го одбележува датумот, датум во историјата; тоа е секогаш она што е највпечатливо, самото влијание на она што најмалку се чувствува, на наизглед непосреден начин, дека е настан кој вистински одбележува, кој вистински остава свој белег, единствен и ко што велат овде, настан „без преседан.” Велам „наизглед непосреден,” бидејќи ова „чувство” е всушност помалку спонтано одошто изгледа: во голема мера е условено, конституирано, ако не всушност и конструирано, циркулирано барем во медиумите со помош на една огромна техно-социо-политичка машина. „Да се одбележи историски ден” претпоставува, во најмала рака, „нешто” да се појави или да се случи за прв и последен пат, „нешто” кое ниту знаеме сеуште како да го идентифицираме, да го одредиме, да го препознаеме или да го анализираме, но кое останува од сега понатаму во незаборав: неизбришлив настан во заедничките архиви на универзалниот календар, т.е., наводно универзален календар, бидејќи ова се – а сакам да инсистирам на ова од почеток – само поставки и претпоставки. Нерафинирани и догматски, или инаку внимателно промислени, организирани, пресметани, стратешки – или сево ова одеднаш. Кажипрстот кој покажува кон овој датум, самиот чин, минималното диктичко , минималистичкиот чин на ова датумирање, исто така означува и нешто друго. Имено, фактот дека немаме можеби концепт или значење на располагање да го именуваме како и да е поинаку ова „нешто” што само што се случи, овој наводен „настан.” Чин на „меѓународен тероризам,” на пример, а ќе се вратиме на ова, е сè друго освен ригорозен концепт кој би ни помогнал да ја сфатиме единственоста на она што ќе се обидеме да го продискутираме. „Нешто” се случи, имаме чувство дека не сме го предвиделе и одредени последици бездруго му следат на ова „нешто.” Но токму ова „нешто,” местото и значењето на овој „настан,” останува неизразиво, како интуција без концепт, како единство без општост на хоризонтот или без хоризонт воопшто, надвор од досегот на јазикот кој ја признава сопствената немоќ и е со тоа се сведува на механичко изговорување на еден датум, бескрајно повторувајќи го, ко некој облик на ритуална инкантација, песна која привикува, новинарска литанија или реторски рефрен што признава дека не знае што зборува. Ние фактички не знаеме што велиме или што именуваме на овој начин: 11-септември, le 11 septembre, 11-ти септември. Краткоста на името (11-ти септември, 9/11) не потекнува само од економска или реторичка нужда. Телеграмата на оваа метонимија – едно име, еден број – укажува на неодредливото со тоа што препознава дека не препознаваме или ниту не познаваме, дека сеуште не знаеме како да го одредиме, дека не знаеме за што зборуваме.

 

            Ова е првиот, неспорен ефект на она што се случи (без разлика дали бил пресметан, добро пресметан или не), токму на 11-ти септември, недалеку од овде: ова го повторуваме, мораме да го повторуваме и уште понужно е да го повторуваме сè додека не знаеме што со тоа се именува, ко да изгонуваме две времиња со еден потег: од една страна, да го отповикаме, ко со магија, самото „нешто,” стравот или ужасот што го вдахнува (бидејќи повторувањето секогаш штити со тоа што ја неутрализира, ја умртвува, ја оддалечува траумата, а ова е вистина и за повторувањето на телевизиските снимки за кои ќе говориме подоцна) и на друга страна, да ја порекнеме, што поблиску можеме до овој јазичен чин и овој израз, сопствената немоќ соодветно да именуваме, да карактеризираме, да го осмислиме нештото во прашање, да го надмашиме само диктичкото на датумот: нешто ужасно се случи на 11-ти септември и на крајот ние ниту знаеме што. Бидејќи, колку и да сме згрозени од насилството, колку искрено и да се грозиме – ко јас и ко сите други – од бројот на мртвите, никој навистина не ќе верува дека ова е сè што се случува на крајот. Ќе се навратам на ова подоцна; сега за сега само се подготвуваме да изречеме нешто.

Во Њу Јорк сум веќе три седмици. Не само што е неможно да не се говори на оваа тема, но чувствувате или ве тера да чувствувате дека е всушност забрането, дека немате право, да започнете друга тема, посебно во јавноста, без да ù се приклоните на оваа обврска, без да направите секогаш по малку слепа алузија на овој датум (а ова веќе беше случајот и во Кина, каде што се затекнав на 11-ти септември). Редовно се потчинував на оваа наредба, признавам; и на некој начин, тоа пак го правам прифаќајќи го ова пријателско интервју со вас, иако се обидувам постојано, надвор од збрката и најискреното соучество, да се повикам на прашања и на „мисла” (покрај другото, вистински политичка мисла) за она што изгледа само што се случи на 11-ти септември, на само неколку чекори од овде, на Менхетен или, не предалеку, во градот Вашингтон.

Секогаш верувам во нужноста од внимание, пред сè, кон овој јазичен феномен, именувањето и датумирањето, кон ова принудно повторување (истовремено реторичко, магично и поетичко). Кон она што оваа принуда означува, преведува, или издава. Не за да се изолираме сами себе во јазикот, ко што некои пребрзи луѓе би сакале да веруваме, туку напротив, за да се обидеме да сфатиме што се случува токму над јазикот и што сè притиска да го повторуваме бескрајно и без да знаеме за што зборуваме, токму она во кое јазикот и концептот се судираат со сопствените граници: „11-ти септември, September 11, le 11 septembre, 9/11.”

Мора да се обидеме да дознаеме повеќе, да си дадеме време и да се држиме за сопствената слобода, за да почнеме да размислуваме за првичниот ефект на овој таканаречен настан: од каде ни се упатува оваа заканувачка наредба? Како сме ù потчинети? Кој или што ја издава оваа заканувачка наредба (некои ова веќе би го нарекле тероризирачки ако не и терористички императив): именувај, повторувај, преименувај „11-ти септември,” „le 11 septembre,” дури и да не знаеш сеуште што зборуваш и сеуште не размислуваш на што се однесуваат вака твоите зборови. Се сложувам со вас: несомнено, ова „нешто,” „11-ти септември,” „се чини дека е еден голем настан.” Но што ни се чини овде? И настан? А посебно едено „голем настан”? Да ве држам за збор – или за зборовите - ќе нагласам повеќе од една предострожности. Ова ќе го сторам во навидум „емпиристички” стил, иако ќе се трудам да го надминам емпирицизмот. Непорекливо е, ко што еден емпирицист од осумнаесетиот век би рекол, дека постои „впечаток,” впечаток на нешто што би се нарекло на англиски – а ова не е случајност – „голем настан.” Инсистирам овде да говориме на англиски јазик, бидејќи тоа е јазикот на кој говориме овде во Њу Јорк, иако не е ниту ваш ниту мој јазик; но, инсистирам и поради тоа што наредбата доаѓа пред сè од место каде што англискиот доминира. Не го велам ова бидејќи метата беа Соединетите Држави, погодени, или повредени на сопствена почва за прв пат во текот на скоро две столетија – од 1814, да бидам поточен – но поради тоа што светскиот поредок кој се почувствува како мета со ова насилство е доминиран претежно од англо-американскиот идиом, еден идиом кој е неодделиво сврзан со политичкиот дискурс што доминира врз светската сцена, со меѓународното право, дипломатските институции, медиумите и најголемата технолошко-научна, капиталистичка и воена сила. А ова е сосема прашање на сеуште енгиматската, но сеуште критичната суштина на оваа хегемонија. Под критична, мислам воедно одлучна, потенцијално одлучувачка, решавачка и во криза: денес поранлива и повеќе од секогаш под закана.

Без разлика дали овој „впечаток” е оправдан или не, сам по себе е еден настан, никогаш да не го забораваме ова, посебно кога е, иако на сосем различни начини, еден прав глобален ефект. „Впечатокот” не може да се оддели од сите афекти, толкувања и реторика кои воедно го рефлектираа, го приопштија и го „глобализираа,” од сè што исто така и најпрво го формира, го создаде и го овозможи. „Впечатокот” така му наликува на „самото нешто” кое го предизвикало. Иако таканареченото „нешто” не може да се сведе на него. Настанот е сочинет од самото „нешто” (она што се случува или настанува) и впечатокот (самиот воедно „спонтан” и „контролиран”) што таканареченото „нешто” го дало, оставило или направило. Би можело да се каже дека впечатокот е „информиран,” во обете значења на зборот: еден доминантен систем му има дадемо форма и оваа форма е пропуштена низ една организирана информациска машинерија (јазик, комуникација, реторика, слика, медиум, итн.). Овој информациски апаратус е во самата своја основа политички, технички, економски. Но ние можеме и, верувам, мораме (а оваа должност е воедно и филозофска и политичка) да разлачуваме помеѓу претпоставените сирови факти, „впечатокот,” и толкувањето. Се разбира, скоро е невозможно, сфаќам, да се разлачи помеѓу „сировите” факти и системот кој ги создава „информациите” за нив. Но нужно е да ја доведеме анализата најдалеку што можеме. Да се создаде еден „голем настан” е, жално да се каже, недоволно и ова е вистина веќе некое време, да се предизвика смрт на околу четири илјади луѓе, посебно „цивили,” за само неколку секунди со посредство на таканаречена напредна технологија. Бројни примери можат да се изведат од светските војни (оти вие посочивте дека овој настан им изгледа дури и позначаен на оние кои „никогаш не преживеале светска војна”), а исто и од после овие војни, примери на квази-инстантни масовни убиства кои не биле забележани, протолкувани, чувствувани и претставени како „големи настани.” Тие не задале „впечаток,” барем не секому, дека се незаборавни катастрофи.

Мораме да се запрашаме зошто е ова случајот и да разлачиме помеѓу два „впечатока.” Од една страна, сочувство со жртвите и индигнација од усмртувањата; тагата и осудувањето треба да ни бидат без граници, безусловни, неотповикливи; тие се одговор на еден непореклив „настан,” над сите симулакруми и сета можна виртуелизација; тие одговараат со нешто што може да се нарече срце и одат директно во срцето на настанот. Од друга страна, протолкуваниот, толкувачкиот, информираниот впечаток, условеното вреднување кое чини да веруваме дека ова е еден „голем настан.” Верувањето, феноменот на доверба (кредит, кредибилитет) и акредитација, конститутира суштинска димензија на вреднувањето, на датумирањето, навистина, на компулсивната инфлација на она за кое зборувавме. Разлачувајќи го впечатокот од верувањето, продолжувам ко да го привилегирам англискиот емприцизам, на кој би грешеле да му се спротивствуваме овде. Сите филозофски прашања остануваат отворени, освен ако тие не се отвораат сами на некој можеби нов и оригинален начин: Што е впечаток? Што е верување? А посебно: што е еден настан кој заслужува вакво име? И „голем настан,” т.е., таков што е всушност повеќе од „настан,” повеќе всушност „настан” од кога и да е? Настан кој би ја сведочел, на примерен или хиперболичен начин, самата суштина на еден настан или дури и на настан над суштината? Оти би можел ли еден настан кој сè уште ù се прилагодува на некаква суштина, на закон или на вистина, навистина на концепт за настан, воопшто да биде голем настан? Еден голем настан треба да биде толку непредвидлив и превратлив што ќе го вознемири хоризонтото на концептите или на суштината на чија основа ние го препознаваме настанот како таков. Токму затоа сите „филозофски” прашања остануваат отворени, можеби и над самата филозофија, веднаш штом се работи за размислување за настанот.

 

БОРАДОРИ: Мислиш „настан” во смисла на Хајдегер?

 

ДЕРИДА: Несомнено, но, интересно, во онаа мера во која мислата за  Ereignis во Хајдегер не би била свртена само кон апропријација на сушното (eigen), туку кон одредена експропријација која самиот Хајдегер ја именува (Enteignis). Проживувањето на настанот, она кое што во проживувањето или во макотрпното искуство (ордеал) едновремено и му се отвора и му пружа отпор на искуството, е, ми се чини, една не-апропријативност на она што доаѓа или се случува. Настанот е она што доаѓа и, при своето доаѓање, доаѓа да ме изненади, да го изненади и попречи разбирањето: настанот е пред сè она кое прво не го разбирам. Подобро, настанот е пред сè она кое не го разбирам. Се состои од она, она дека не разбирам. Она што не го разбирам и пред сè она дека не разбирам, фактот дека не разбирам: меото неразбирање. Тоа е границата, воедно внатрешна и надворешна, на која би сакал овде да инсистирам: иако искуствоот на настанот, начинот на кој влијае на сите нас, повикува на акт на апропријација (разбирање, препознавање, идентификација, опис, одредување, толкување на основа на коризонтото на очекување, знаење, именување, итн.), иако овој акт на апропријација е несводлив и неизбежен, не постои настан вреден на вакво име освен ако оваа апропријација не снемогне на некоја граница или меѓа. Граница , меѓутоа, ниту со фронт ниту со конфронтација, таква на која неразбирањето не налетува главечки, бидејќи не зазема цврст облик: таа избегнува, останува нејасна, отворена, неодредена, неодредлива. Од каде што доаѓа неапропријативноста, непредвидливоста, апсолутното изненадување, неразбирањето, ризикот на погрешно сфаќање, непредвидената новина, чистата сингуларност, отсуството на хоризонт. Ако ја прифатиме оваа минимална дефиниција на настанот, минимална но двојна и парадоксална, дали би можеле да тврдиме дека „11-ти септември” сочини настан без преседан? Непредвидлив настан? Единствен настан во секој поглед?

Ништо не е помалку сигурно. Не беше невозможно да се предвиди напад на американска територија од страна на оне таканаречени „терористи” (ќе мораме да му се вратиме на овој збор, кој е толку многузначен и политички преполнет), на мошне осетлива, спектакуларна, крајно симоблична зграда или институција. На страна градот Оклахома (каде што напаѓачот, ќе речат, дојде од Соединетите Американски Држави, иако и ова беше случај на „11-ти септември”), веќе имаше еден бомбашки напад на Кулите-близначки пред неколку години и последиците на овој напад остануваат денешен проблем бидејќи препотставените автори на ова „терористичко” дело сè уште се во притвор и во процес на судење. И имаше уште толку многу други напади од истиот вид, вон американска територија но против американските „интереси.” И потоа тука се забележливите неуспеси на ЦИА и ФБИ, овие две антени на американскиот организам кои требаше да ги предвидат нападите, да одвратат токму вакво изненадување. (Дозволете ми само да споменам, оти само што ја спомнав „американската национална територија” и американските „интереси,” дека „11-ти септември” открива, или всушност потсетува, дека од безбројни причини би имале вистински потешкотии при дефинирањето на ригорозните граници на овие „нешта,” „национална територија” и „американски интереси.” Каде завршуваат денес? Кој има право да го одговори ова прашање? Само американските граѓани? Само нивните сојузици? Можеби токму овде би досегнале до самото дно на проблемот – и до една од причините зошто би ни било тешко да препознаеме дали ова овде е, stricto sensu, каде и кога, еден настан?)

Да ја прифатиме, сепак, таа хипотеза и да продолжиме бавно и стрпливо во разговорот за ова ко да е „настан.” На крајот, секогаш кога нешто се случува, дури и во најбаналното секојдневно искуство, има нешто од настанот и од единствената непредвидливост во него: секој миг означува настан, сè што е „друго” исто така, и секое раѓање и секоја смрт, дури и најблагата и „најприродната.” Но дали би требало да кажеме тогаш, да ве цитирам, дека 11-ти септември беше „голем настан”? Иако зборот „голем” сугерира висина и величина, вреднувањето не може да биде само квантитативно, прашање на величината на кулите, нападнатата територија или бројот на жртвите. Знаете, секако, дека мртвите не се бројат на ист начин од еден крај на земјата до друг. Наша должност е да си го припоменеме ова, без и најмалку да ја ублажиме нашата жал за жртвите од Кулите-близначки, нашиот ужас или гнев во очи на овој злостор. Наша должност е да си приспомнеме дека брановите на шок создадени од вакви убиства не се никогаш чисто природни и спонтани. Тие зависат од една сложена машинерија која вклучува историја, политика, медиуми, итн. Без разлика дали говориме за психолошка, политичка, полициска или воена реакција или одговор, мораме да го признаеме очигледното – воедно квалитативно и квантитативно: за Европа, за Соединетите Американси Држави, за нивните медиуми и нивното јавно мнение, квантитативно споредливи убиства, или дури и оние побројни, било непосредни или посредни, никогаш не предизвикуваат таква интензивна бура на реакции кога се случуваат вон европскиот или американскиот простор (Камбоџа, Руанда, Палестина, Ирак, итн.). Она што се чини ново и „големо” не е ниту употребеното оружје: авиони да се уништат згради полни со цивили. За жал, нема потреба да се навраќаме на бомбардирањата за време на Втората светска војна, на Хирошима и Нагасаки, за да најдеме безбројни докази за ова. Најмалку што можеме да кажеме за ваквите агресии е дека, било според квантитативни или други мери, не биле инфериорни во опсегот во однос на „11-ти септември.” И Соединетите Американски Држави не биле секогаш, да се искаже на литотички начин, на страна на жртвите.

 

Така, мораме да бараме инакви објасненија – значајни и квалитативни објасненија. Пред сè, без разлика дали е некој сојузник на САД или не е, без разлика дали човек се согласува или не со она што остана како повеќе или помалку конзистентна политика од една во друга Администрација, никој, мислам, не би бил против очигледниот факт кој го одредува хоризонтот на „светот” од она што се нарекува крајот на Студената војна (а ќе треба да го протолкуваме ова, таканаречениот крај на Студената војна, од неколку различни перспективи, а тоа и ќе го сторам подоцна, само сега за сега дозволете ми да спомнам дека „11-ти септември” е исто така, сепак, и на повеќе начини, далечен ефект на самата Студена војна, пред нејзиниот „крај,” од времето кога САД обезбедуваше обука и оружје, не само за Авганистан, за непријателите на Советскиот Сојуз, кои сега станаа непријатели на САД). Очигледниот факт е дека од „крајот на Студената војна” она што би се нарекло светски поредок, во сопствената релативна и несигурна стабилност, зависи во голема мера на цврстината и сигурноста, на довербата во американската моќ. На секое ниво: економско, техничко, воено, во медиумите, дури и на нивото на дискурсивна логика, на аксиоматиката која ја поддржува законодавната и дипоматската реторика ширум светот, а на тој начин и на меѓународното право, дури и кога Соединетите Држави го кршат тоа право без да престанат да се залагаат за неговите принципи. Оттаму, да се дестабилизира оваа супер-моќ е да се ризикува дестабилизацијата на сиот свет, вклучувајќи ги и непријателите на Соединетите Држави. Што е тогаш под закана? Не само голем број на сили, моќи или „нешта” кои зависат, дури и за прогласените противници на Соединетите Држави, од поредокот кого во поголема или помала мера го гарантира оваа супер-моќ; и уште порадикално (а оваа поента би ја нагласил), системот на интерпретација, аксиоматиката, логиката, реториката, концептите и вреднувањата кои би требало да ни дозволуваат да разбираме и прецизно да објасниме нешто како „11-ти септември.” Сега зборувам за дискурсот кој, на продорен и преплавувачки начин, станува акредитиран во светскиот јавен простор. Она што се легитимизира во доминантниот систем (комбинација на јавно мнение, медиумите, реториката на политичарите и претпоставениот авторитет на сите оние кои, преку различни механизми, говорат или имаат дозвола да говорат во јаниот простор) се така нормите впишани во секоја навидум значајна реченица што може да се конструира со лексиконот на насилството, агресијата, криминалот, војната и тероризмот, со претпоставената разлика помеѓу војната и тероризмот, со почит кон суверенитетот, националната територија и сл. Дали тогаш она што беше допрено, повредено или трауматизирано со овој двоен судар беше само едно или друго одредено нешто, едно „што” или „кој,” згради, стратешки урбани структури, симболи на политичка, воена или капиталистичка моќ, или значителен број на луѓе од многу различни потекла кои живеат на една национална територија која остана толку долго недопрена? Не. Не беше само сето тоа, туку можеби токму, низ сето тоа, концептуалниот, семантичкиот и, би можело да се каже, и херменевтичкиот апаратус што ќе можеше да овозможи да се предвиди, протолкува, опише, да се говори и именува „11-ти септември” – и правејќи го тоа, да го нетурализира трауматизмот и да го прифати преку „чинот на ожалување.” Ова што овде го сугерирам може да се чини апстрактно и претерано зависно на она што личи на едноставна концептуална или дискурсивна активност, прашање на знаењето; ко да сум всушност задоволен со тоа да кажам дека она што е ужасно во однос на „11-ти септември,” она што останува „бескрајно” во оваа рана, е дека ние не знаеме што е тоа и така не знаеме како да го опишеме, идентификуваме или дури и да го именуваме тоа. И ова е она што всушност го велам. Но за да покажам дека овој хоризонт на незнаење, овој нехоризонт на знаење (немоќта да се разбере, да се препознае, познае, идентификува, именува, опише, предвиди) е било што освен апстрактен и идеалистички, ќе треба да говорам повеќе. И, токму, поконкретно.

Ќе го направам ова во три моменти, двапати со обѕрнување кон она што се нарекува „Студената војна,” крајот на „Студената војна” или „рамнотежа на теророт.” Сиве три момента или серии на аргументи се во склад со истата логика. Истата логика која на друго место предложив да ја прошириме без ограничувања во облик на ненаклонет закон: оној кој го регулира секој автоимунитарен процес. Како што знаеме, автоимунитарен процес е она чудно однесување кога едно живо битие, на квази-самоубиствен начин, „самото” работи на уништувањето на сопствената заштита, да се имунизира себе против „сопствениот” имунитет.

 

  1. Прв момент, прв автоимунитет. Рефлекс и рефлексија. Студената војна во умот.

 

Далеку надвор од Соеднитете Држави, сиот свет се чувствува нејасно под влијание на престап кој не е претставен само како престап без преседан во истоирјата (првата повреда на националната територија на САД во скоро два века, или барем таква е вообразбата која преовладуваше така долко), туку престап од нов вид. Но кој вид? Пред да го одговорам ова прашање, дозволете да го споменам уште еднаш очигледното: овој престап ја повредува територијата на една земја која, дури и во очите на нејзините непријатели и посебно од крајот на така-наречената „Студена војна,” игра навистина суверена улога помеѓу суверените држави. И со тоа, улогата на гарантор или чувар на целиот светски поредок, кој во принцип и како крајна инстанца треба да осигурува доверба воопшто, кредит во смисла на финансиска трансакција, но исто така и довербата која им се дава на јазиците, знаењата, политичките или дипломатски трансакции. Соединетите Држави го држат овој кредит, кој на сите – вклучително со оние кои се обидуваат да го уништат – им треба, а го покажува не само со своето богатство и технолошко-научна и воена моќ, туку исто така, истовремено, преку својата улога на арбитар во сите конфликти, преку своето доминанто присуство во Советот на Безбедност и во толку други меѓународни институции. Дури и кога – па и со неказнивост – не го почитува ниту духот ниту словото на овие институции и нивните резолуции. Соединетите Држави сепак го задржуваат правото да акредитираат пред светот одредено само-претставување: тие го претставуваат крајното претпоставено единство на сила и закон, на великите сили и дискурсот на законот.

 

Но тука е и првиот симптом на самоубиствен автоимунитет: не само почвата, т.е., буквалната фигура на темелот или втемелувањето на оваа “сила на закон,” се гледа изложена на агресија, туку и агресијата чија што е цел (целта изложена токму на насилство, но исто така “во круг,” на сопствените камери во личен интерес) доаѓа ко од внатре, од сили кои навидум се без сопствена сила, но се способни да најдат средства, со измама и употреба на високо-технолошко знаење, да овладеат американско оружје во американски град на теренот на американски аеродром. Имигрирани, обучени, подготвени за нивното дело во Соединетите Држави од Соединетите Држави, овие грабнувачи инкорпорираат две самоубиства во едно: нивното сопствено (а човек секогаш ќе биде без одбрана во очи на самоубиствена, автоимунитарна агресија – и ова е она што најмногу тероризира), но исто и самоубиството на оние кои ги добродошле, наоружале и обучиле. Оти да не заборавиме дека Соединетите Држави ефективно им го отворија патот и ги консолидираа силите на „противникот” со тоа што обучија луѓе како “бин Ладен,” кој овде би бил највпечатливиот пример, а најпрво со создавање на политичко-воени околности кои би оделе во корист на нивното појавување и на нивните измени во сојузништво (на пример, сојузот со Саудиска Арабија и други арапски муслимански земји во текот на својата војна против Советскиот Сојуз или Русија во Авганистан – иако може без крај да се множат примери на овие самоубиствени парадокси).

Двојно самоубиствена, оваа сила ќе се беше прилагодила со исклучителна економија (максимално количество за безбедност, на подготовки, на техничка умешност, на разорна моќ, со минимум на позајмени средства!). Ќе целеше и ќе го беше погодила срцето или, подобро, симболичната глава на доминантниот светски поредок. Токму на нивото на главата (cap, caput, capital, Capitol), ова двојно самоубиство ќе допреше две места и симболични и оперативно суштински за американскиот корпус: економското место или главната „глава” на светскиот главен град (Светскиот Трговски Центар, самиот архетип на родот, бидејќи постојат – и под исто име – СТЦ-и на многу места во светот, на пример, во Кина) и стратешкото, военото и административното место на американскиот капитал, главата на американското политичко претставништво, Пентагон, недалеку од Капитолот, седиштето на Конгресот.

Говорејќи овде за Капитолот, веќе преминувам на вториот аспект на истиот „настан,” на она што би можело да сочини еден „голем настан.” Во прашање повторно е автоимунитарен терор, и повторно, на „Студената војна,” на она што избрзано се нарекува нејзин „крај” и на она, од гледна точка на Капитолот, што може да биде полошо од Студената војна.

 

 

  1. Втор момент, втор автоимунитет.

Рефлекс и рефлексија. Полошо од Студената војна.

 

Што е трауматски настан? Пред сè, кој и да е настан достоен за вакво име, дури и ако е „среќен” настан, има нешто во себе нешто трауматизирачко. Еден настан секогаш нанесува рана во секојдневниот тек на историјата, во вообичаеното повторување и очекување на сето искуство. Трауматски настан не е само означен како настан од страна на помнењето, дури и ако е несвесно, на она што се случило. Велејќи го ова, се чини дека одам спроти очигледното, имено, дека настанот е врзан за присуство или за минатото, со случувњето на она што се случило, еднаш и засекогаш, на непореклив начин, така што принудата за повторување која може да следи само ќе го репродуцира она што веќе се случило или било создадено. Сепак, верувам дека мораме да ја искомплицираме оваа схема (дури и да не е сосема погрешна); мора да ја ставиме под прашање нејзината „хроно-логија,” т.е., мислата и редот на темпорализација кои се чини ги подразбира. Мораме одново да размислиме за темпорализацијата на трауматизмот ако сакаме да разбереме на кој начин „11-ти септември” личи на „голем настан.” Оти раната останува отоврена со нашиот ужас пред иднината, а не само минатото. (Самата вие, фактички, го дефиниравте овој настан во однос на идинината во своето прашање; вие веќе очекувавте, говорејќи за „еден од најважните историски настани кои ќе ги сведочиме во нашето време.”) Болките на овој настан имаат свој трагичен корелат не во она што сега се случува или што се случило во минатото, туку злокобни знаци за нешто што се заканува да се случи. Иднината е она што ја одредува не-апропријативноста на настанот, не сегашноста или минатото. Или најмалку, ако е сегашноста или минатото, тоа само до толку колку што го носи на своето тело ужасниот знак на она што би можело или можеби ќе се случи, кое ќе биде полошо од било што претходно се случило.

Дозволете ми да појаснам. Говориме за траума, и со тоа за настан чија темпоралност не произлегува ниту од сега што е сегашност ниту од сегашност која е мината, туку од едно не-претставливо кое ќе дојде (а’ venir ) . Оружјето повредува и засекогаш остава отворена несвесна лузна; но ова оружје е застрашувачко оти доаѓа од она ќе-дојде, од иднината, една иднинта која толку радикално доаѓа што дури ù се спротивставува на граматиката на идното време. Замисли дека на Американците, и преку нив, на сиот свет, да им било кажано: ова што само што се случи, спектакуларното уништување на двете кули, театралните но невидливи смрти на илјади луѓе за само неколку мига, е грозно нешто, ужасно злодело, прекумерна болка, но сè се заврши, нема повторно да се случи, никогаш нема да има нешто толку грозно или погрозно од тоа. Претпоставувам дека ожалувањето ќе беше возможно за релативно кратко време. Дали на наш срам или радост, сè брзо ќе се вратеше на својот вообичаен тек во обичната историја. Ќе се говореше за делата на ожалување и ќе се завртеше страницата, ко често што се прави, а се прави толку многу полесно кога доаѓа од нешта кои се случуваат другаде, далеку од Европа и од Америките. Но воопшто не се случи така. Постои трауматизам без овозможено ожалување кога злото доаѓа од можноста да дојде најлошото, да дојде повотрувањето – иако полошо. Иднината го создава трауматизмот, ќе-дојде, заканата на најлошото кое доаѓа, а не агресија која „завршила и е готова.” Она што се случи, иако не беше кажано со потребната јасност – и со добра причина – е дека, во иднина и засекогаш, заканата која е назначена со овие знакови може да биде полоша од сите други, полоша дури, а ова ќе го појасниме подоцна, од заканата која ја организираше таканаречената „Студена војна.” Заканата од хемиски напад, или бактериолошки напад (сетете се дека во текот на седмиците веднаш по 11-ти септември се мислеше дека ова и се случува), а посебно заканата од нуклеарен напад. Иако доста малку се кажа за ова, одговорните во Администрацијата и во Конгресот брзо преземаа потребни мерки да обезбедат преживување на една уставна држава под нуклеарен напад врз Вашингтон, главата на државата и Конгресот (Пентагон, Белата куќа и зградата на Капитолот). Некои претставници во Конгресот го обзнанија ова во тек на една снимена јавна дебата која случајно ја видов овде: од сега натаму, главите на државата (претседател, пот-претседател, членовите на кабинетот и на конгресот) нема да се собираат на исто место во исто време, на пример, со обраќањето на Состојба на Унијата (State of the Union, ориг.). Ова сугерира дека „големиот настан” на „11-ти септември” не би се состоел од мината агресија, сеуште присутна и ефективна. Х ќе се трауматизираше (Х? Кој или што е Х? Ништо помалку од „светот,” далеку надвор Соединетите Држави, или во секој случај, можноста на „светот”), но трауматизиран не во сегашноста или од сеќавањето на нешто што ќе беше една мината сегашност. Не, трауматизиран од непретставливата иднина, од отворената закана на агресија способна да удри – бидејќи никогаш не се знае – по главата на суверената национална држава par excellence.

Зошто оваа закана се сигнализира со „крајот на Студената војна”? Зошто е полоша од самата „Студена војна”? Како формирањето на арапско-муслиманските терористички мрежи опремени и обучени во текот на Студената војна, оваа закана ја претставува резидентната последица и на Студената војна и на нејзиното надминување. Од една страна, поради пролиферацијата на нуклеарно оружје сега вон контрола, тешко е да се мерат степените и облиците на оваа пролиферација, исто како што е тешко да се одреди одговорноста за пролиферацијата, тема која не можеме овде да ја проследиме. Од друга страна, а овде го допираме она што е полошо од Студената војна, не може повеќе да постои рамнотежа на терор, оти нема веќе дуел или пат-позиција помеѓу две моќни држави (САД, СССР) вмешани во теорија на играта во која обете држави се способни да ја неутрализираат нуклеарната моќ на другата преку реципроцитативна и организирана проценка на взаемниот ризик. Од сега натаму, нуклеарната закана, „тоталната” закана, веќе не доаѓа од страна на некоја држава, туку од страна на анонимни сили кои се апсолутно непредвидливи и непресметливи. А бидејќи оваа апсолутна закана ќе се отстранеше со крајот на Студената војна и со „победата” на американскиот камп, бидејќи таа му се заканува на она што демек треба да го одржува светскиот поредок, така самата можност на еден свет или на каков и да е светски обид (мондиализација) (меѓународно право, светски пазар, универзален јазик, итн.), што се ризикува со оваа ужасна автоимунитарна логика е ништо помалку од постоењето на светот, на самото светско. Нема повеќе никакво ограничување за оваа закана која и ги бара своите претходници или ресурси во долгата историја на Студената војна, и сепак делува бескрајно поопасна, поужасна, позастрашувачка од Студената војна. И има, всушност, безброј знаци дека оваа закана го забрзува и потврдува крајот на Студената војна, го забрзува најнеочигледното помирување на два еднакво застрашени непријатели. Кога Буш и неговите соработници ја обвинуваат „оската на злото,” би требало и да се насмевнеме и да се повлечеме од религиските конотации, детинските стратагеми, обскурантистичките мистификации на ваквата надуена реторика. А сепак постои, всушност, и од секој агол, асполутно „зло” чија закана, чија сенка, се шири. Апсолутно зло, апсолутна закана, бидејќи она што се става на ризик не е ништо помалку од мондијализацијата или светското движење на светот, животот на земјата и надвор од неа, без исклучоци.

Но, и овде лежи уште еден парадокс, дури и ова да е всушност коренот на „теророт” на кој „тероризмите” играат, дури и овој терор да е најголемото зло, дури и ако го допира геополитичкото несвесно на секое живо битие и остава таму неизбришиви траги, дури и ова да е она до кое се обидуваме да стигнеме со разговоров, како што вие тукушто сторивте и како што толку често се прави со „11-ти септември” како „велик настан,” бидејќи тој е првиот (свесно-несвесен) знак на овој апсолутен терор, тогаш, истовремено, поради анонимната невидливост на непријателот, поради неодредениот корен на теророт, бидејќи не можеме да му дадеме лице на таков терор (поединец или држава), бидејќи не знаеме што е настан од или за несвесното (иако мораме бездруго да го земеме во предвид), најлошото може едновремено да се чини без супстанца, бегливо, лесно, и така се чини дека е порекнато, потиснато, дури и заобравено, подредено како само еден настан од многуте, еден од „великите настани,” ако сакате, во долгиот ланец на минати и идни настани. Сепак, сиве напори да се ублажи или неутрализира влијанието на трауматизмот (да се порекне, потисне, или заборави, да се надмине) се само мноштво очајни обиди. И мноштво автоимунитарни движења. Кои ја создаваат, ја измислуваат и потхрануваат самата монструозност која тврдат дека ја надмашуваат.

Она што никогаш не ќе се препушти на заборавот е, така, ова перверзно влијание на самата автоимунитарност. Оти знаеме дека потиснувањето, и во своето психоаналитичко и политичко значење – дали е тоа преку полицијата, војската или економијата – завршува со создавање, умножување и обновување на самото она што сака да го обезоружа.

 

  1. Трет момент, трет автоимунитет.

Рефлекс и рефлексија. Ѓаволскиот круг на репресијата.

 

Не може да се рече дека човештвото е без одбрана пред заканата од ова зло. Но мора да препознаеме како одбраната и сите облици на она што се нарекува, со два еднакво проблематични збора, „војна против тероризомот, работат да ги регенерираат, на долгорочен или краткорочен план, причините на злото кое тврдат дека го искоренуваат. Без разлика дали говориме за Ирак, Авганистан или дури и Палестина, „бомбите” никогаш не ќе бидат доволно „умни” да ги попречат жртвите (воени и/или цивилни, уште една дистинкција која станува сè помалку сигурна) да одговорат, лично или преку прокси, на начин кој овие лесно ќе можат потем да го претстават како легитимна освета или како конратероризам. И така ad infinium...

За љубов на вистината и бидејќи анализата тоа го бара, разлачив три автоимунитарни терори. Но во стварноста овие три извори на терор се неразлачиви; се поткрепуваат и се пре-одредуваат меѓусебно. На крајот на краиштата, тие се едно исто, во перцептивната „стварност” и посебно во несвесното – која не е најнестварната од стварностите.

 

БОРАДОРИ: Без разлика дали 11-ти септември е или не е настан со големо значење, каква улога гледате за филозофијата? Дали може филозофијата да ни помогне да го разбереме она што се случи?

 

ДЕРИДА: Ваков „настан” сигурно бара филозофски одговор. Подобро, одговор кој ги става под прашање, на најтемелното ниво, најдлабоко навлезените концепциски претпоставки во филозоскиот дискурс. Концептите со кои овој „настан” најчесто се опишува, се именува, се категоризира, се производи на „догматскиот дремеж” од кој само нови филозофски рефлексии можат да нè разбудат, рефлексии врз филозофијата, најзабележително врз политичката филозофија и нејзиното наследство. Дискурсот кој преовладува, во медиумите и во официјалната реторика, се потпира прерадо на прифатени концепти како „војна” или „тероризам” (национален или интернационален).

Критичко читање на Шмит, на пример, би се покажало мошне корисно. Од една страна, да се следи Шмит колку е можно повеќе во разлачувањето на класична војна (директна и декларирана конфронтација помеѓу две непријателски држави, согласно долгата традиција на европското право) од „граѓанска војна” или „партизанска војна” (во модерните облици, иако изгледа, Шмит признава, уште од почетокот на деветнаесеттиот век). Но, од друга страна, би требало исто така да препознаеме, наспроти Шмит, дека насилството кое е сега ослободено не е последица на „војна” (така, изразот „војна против тероризмот” е еден од најконфузните и мораме да ја анализираме оваа конфузија и интересите на кои таквата злоупотреба на реториката всушност им служи). Буш говори за „војна,” но фактички тој не е способен да го идентифицира непријателот за кого декларира дека му има декларирано војна. Се кажува повторно и повторно дека ниту цивилното население на Афганистан ниту нивната армија не се непријатели на САД. Претпоставувајќи дека „бин Ладен” е овде суверениот одлучувач, сите знаат дека тој не е Афганистанец, дека неговата сопствена земја се има одречено од него (како и секоја „земја” и држава, фактички, скоро без исклучок), дека неговата обука им се должи во голема мера на Соединетите Држави и дека, се разбира, тој не е сам. Државите кои индиректно му помагаат не го прават тоа како држави. Ниедна држава како таква не го поддржува јавно. А кога се зборува за држави кои им „пружаат засолниште” на терористички мрежи, тешко е да се идентификуваат како такви. Соединетите Држави и Европа, Лондон и Берлин, се исто така засолништа, места на обука или формација и информирање на сите „терористи” на светот. Никаква географија, никаква „територијална” определба со тоа веќе не е соодветна да се лоцираат седиштата на овие нови технологии на трансмисија  или агресија. Да го кажам ова на брзина и на минување, да го засилам и да го појаснам само малку она што го реков претходно за апсолутната закана чие потекло е анонимно и неврзано за ниту една држава, на таквите „терористички” напади веќе не им се нужни авиони, бомби или камикази: доволно е да се инфилтрира стратешки значаен компјутерски систем и да се внесе вирус или некој друг подривачки елемент за да се парализираат економските, воените и политичките ресурси на една цела земја или континент. А ова може да се проба од било каде на земјата, со мал трошок и со минимални средства. Соодносот помеѓу земјата, terra, територијата и теророт се изменети и нужно е да се знае дека е ова поради знаењето, т.е., поради технонауката. Токму технонауката ја замаглува разликата помеѓу војната и тероризмот. Во овој поглед, кога ќе се спореди со можностите за уништување и хаотично безредие кои се во резерва, за иднина, во компјутеризираните мрежи на светот, „11-ти септември” е сеуште дел од архаичниот театар на насилство намерен да удри по имагинацијата. Утре ќе биде можно да се стори и полошо, невидливо, во тишина, побрзо и без никакво крвопролитие, преку напад на компјутерски и информациски мрежи на кои целокупниот живот (социјален, економски, воен, итн.) на „великата нација,” на најголемата моќ  на земјата зависи. Еден ден можеби ќе се каже: „11-ти септември” - тоа беа старите (“добри”) времиња на последната војна. Сè беше сеуште од гигантска мера: видливо и огромно! Каква величина, каква висина! Полошото дојде подоцна. Нанотехнологиите од секаков вид се толку помоќни и поневидливи, неконтролирани, способни да се вовлечат секаде. Тие се микролошките соперници на микорбите и на бактериите. А сепак нашето несвесно е веќе свесно за ова: тоа веќе знае и тоа е она што е страшно.

Ако ова насилство не е „војна” помеѓу држави, не е ниту „граѓанска војна,” или „партизанска војна,” во смисла на Шмит, сè доколку не вклучува, како најмногу такви војни, народна буна или ослободително движење чија цел е да ја презеде власта над земјата на една национална држава (и покрај тоа што една од целите на мрежата на „бин Ладен” е да ја дестабилизира Саудиска Арабија, еден несигурен сојузник на Соединетите Држави, и да воспостави нова државна моќ на власт). Дури и да се инсистира да се говори овде за „тероризам,” ова име сега покрива нов концепт и нови дистинкции.

 

БОРАДОРИ: Дали сметате дека овие дистинкции можат со сигурност да се назначат?

 

ДЕРИДА: Потешко од било кога. Ако не му се верува слепо на предоминантниот јазик, кој најчесто останува потчинет на реториката на медиумите и на измотувањата на политичките сили, мораме да бидеме мошне внимателни кога го употребуваме поимот „тероризам,” а посебно „интернационален тероризам.” На прво место, што е „терор”? Што го разлачува од страв, ужас или паника? Кога претходно сугерирав дека настанот на 11-ти септември беше „голем” само до онаа мера во која трауматизмот кој го нанесе врз свеста и врз несвесното не беа во врска со она што се случи туку со неодредената закана на една иднина поопасна од Студената војна, дали зборував за терор, страв, ужас или паника? Како теророт, кој е организиран, провоциран и инструментализиран, се разликува од оној страв  кој цела една традиција, од Хобс до Шмит, па дури и до Бенџамин, го смета за сам предуслов на авторитетот на законот и на сувереното спроведување на власта, за сам предуслов на политичкото и на државата? Во Левијатан, Хобс не говори само за „страв” туку и за „терор.” Бенџамин говори како државата има тенденција да го поседне, токму со закана, монополот на насилството („Критика на насилството”). Бездруго може да се каже дека не секој терор е нужно последица на некаков тероризам. Сигурно, но политичката историја на зборот „тероризам” се изведува во голема мера од референците на Владата на теророр во текот на Француската револуција, терор кој се спроведувал во име на државата и кој фактички претпоставувал легален монопол над насилството. А што наоѓаме во современите дефиниции или експлицно правни дефиниции на тероризмот? Во секој случај, референца на злодело над човечки живот во прекршок на национални или интернационални закони; подразбира истовремено разлачување помеѓу цивилното и военото (жртвите на тероризмот се претпоставува дека се цивилни) и политичка цел (да се влијае на или да се промени политиката на една земја преку тероризирање на нејзиното цивилно население). Овие дефиниции, следува, не го исклучуваат „државниот тероризам.” Секој терорист на светот тврди дека делува во самоодбрана на некој претходен тероризам од страна на државата, таков каков што само проаѓал под друго име и се прикривал под повеќе или помалку веродостојни оправдувања. Знаете за обвинувањата против, на пример, и посебно, Соединетите Држави, под сомнеж дека практикуваат и поддржуваат државен тероризам. Потоа, дури и во текот на декларираните војни помеѓу две држави, во согласност со долгата традиција на европското право, често имало терористички испади. Многу пред кампањите на масовно бомбардирање од последните две светски војни, било вообичаено да се прибегнува кон застрашување на цивилното население. Со столетија.

Мора да се каже некој збор и за „интернационалиот тероризам,” кој стана нужна марка на официјалниот политички дискурс ширум светот. Тој исто се употребува во бројни официјални осудувања од страна на Обединетите Нации. По 11-ти септември, најголемиот број на земји застапени во ООН (можеби и сите, би требало да проверам) го осудија, како што се случи повеќе од еднаш во минатото, она што се нарекува „интернационален тероризам.” Во текот на една снимена сесија на ООН, Генералниот секретар Кофи Анан мораше патем да припомене некои од нивните претходни дебати. Оти само што се подготвуваа да го осудат „интернационалниот тероризам,” одредени држви изразија резерва во однос на јасноста на концептот и критериумите кои се употребуваат да го дефинираат. Како и со многу други клучни правни поими, она што останува нејасно, догматско или пред-критичко не ги попречува постоечките власти, така-наречените легитимни власти, да ги употребуваат овие поими кога им изгледа корисно. Напротив, што позбркан е концептот, тоа поподложен е на опортунистичка употреба. Така, после неколку многу брзи одлуки, без никаква филозофска дебата на темата „интернационален тероризам” и неговото осудување, ООН им даде авторизација на Соединетите Држави да ги употреби сите средства кои на американската Администрација ù изгледаа неопходни и соодветни да се бранат од овој така-наречен „интернационален тероризам.”

И без да се враќаме многу назад во времето, без ниту да се присеќаме, ко често што се прави деновиве, и со право, дека терористите можат да се слават како борци за слобода во еден контекст (на пример, борбата против Советската окупација во Авганистан) и да се осудат како терористи во друг (деновиве често истите борци, кои го употребуваат истото оружје), да не заборавиме каква мака би имале да ја означиме границата помеѓу „националниот” и „интернационалниот” тероризам во случаи како Алжир, Северна Ирска, Корзика, Израел или Палестина. Никој не може да одрече дека имаше државен тероризам во текот на француската репресија на Алжир од 1954-та до 1962-та. Тероризмот спроведен во тек на алжирскиот бунт долго време се сметаше за домашен феномен, сè додека Алжир се сфаќаше како интегрален дел од француската територија, а францускиот тероризам во тоа време (спроведен од државата) беше прикажан како полициска интервенција за внатрешна безбедност. Дури во 1990-тите, декади подоцна, францускиот парламент ретроспективно му го даде статусот на „војна” (а со тоа и статус на меѓународна конфронтација) на овој конфликт за да може да им ги исплати пензиите на „ветераните” кои ги бараа. Што откри овој закон? Дека беше неопходно и дека бевме способни да ги измениме сите имиња претходно употребувани да се квалифицира она што претходно било толку скромно наречено, во Алжир, токму „настан” (неспособноста, повторно, на популарното јавно мнение да именува „нешто” соодветно). Оружана репресија, внатрешна полициска операција и државен тероризам одеднаш стануваат „војна.” Од друга страна, терористите биле сметани, а од сега натаму се сметаат во голем дел од светот, за борци за слобода и херои на националната независност. А што се однесува до тероризмот на вооружените групи кои помогнаа да се воспостави и признае израелската држава, беше ли тој национален или интернационален? А што со различните групи на палестински терористи денес? А Ирците? А Афганистанците кои се бореа против Советскиот Сојуз? А Чеченците? Во која точка еден тероризам престанува да се осудува како таков и почнува да се поздравува како единственото преостанато средство во една легитимна борба? И што со обратното? Каде да се повлече линијата помеѓу националото и интернационалното, помеѓу полицијата и армијата, помеѓу „миротворната” интервенција и војната, помеѓу тероризмот и војната, цивилното и военото, на територијата и внатре во структурите кои го обезбедуваат дефанзивниот и офанзивниот капацитет на едно „општество”? Велам едноставно „општество” овде, бидејќи постојат случаи каде повеќе или помалку органски и организиран политички ентитет не е ниту држава ниту е сосем бездржавен ентитет, туку е вештачка држава: само погледнете го она што денес се нарекува Палестина или Палестинските авторитети.

Семантичка нестабилност, несводливи проблематични места на границите помеѓу концептите, нерешителност во самиот концепт на границата: сево ова мора да се анализира не само како спекулативен дискурс, концепциски хаос или зона на минливо превирање во јавниот и политички говор. Мораме исто така да ги препознаеме овде стратегиите и соодносите на сила. Доминантна е онаа моќ која успева да ја наметне и со тоа да ја легитимизира, токму, да ја легализира (оти секогаш е во прашање правото) на националната и на светската сцена терминологијата, а со тоа и интерпретацијата која најмногу ù погодува во дадена ситуација. На овој начин, со текот на една долга и сложена историја, Соединетите Држави успејаа да се стекнат со меѓувладин консензус во Јужна Америка официјално да го нарекуваат „тероризам” секој организиран политички отпор кон силите на власт – оние поставени на власт, навистина – така што потем може да се повика вооружена коалиција да се бори против таканаречениот „тероризам.” Така што Соединетите Држави можат, без чувство на вина, да ја делегираат одговорноста на Јужноамериканските влади и со тоа да ги избегнат мошне легитимните обвиненија за насилен интервенционизам.

Но подобро одошто да продолжиме во оваа насока со умножување на примери, би се задоволил само уште еднаш да го нагласам новитетот кој го прави итно и пре-втемелувањето, ако сеуште можеме вака да кажеме, на правно-политичката и концепциска мутација, едновремено семантичка, лексичка и реторичка. Да ги погледнеме повторно многуте феномени кои некои се обидуваат да ги идентифицираат и интерпретираат како (национални и интернационални) „терористички” дeла, актови на војна или миротворни интервенции. Овие веќе не целат на освојување или ослободување на некоја територија или на воспоставување на национална држава. Никој веќе нема вакви аспирации, не Соединетите Држави ниту (богатите) таканаречени “северни“ држави, кои повеќе не практикуваат хегемонија преку колонијалниот или имерпијалистичкиот модел на окупирање на територија, а ниту ни земјите порано потчинети на ваков колонијализам или империјализам. Опозицијата „терорист/борец за слобода“ исто им припаѓа на категориите на минатото. Дури и кога постои „државен тероризам,“ ова веќе не е прашање на окупација на територија, туку на обезбедување на некаква техноекономска превласт или политичка контрола која има единствено минимална потреба од територија. Ако нафтените резерви останат како едни од ретките преостанати територии, како едни од последните земни места неподложни на виртуелизација, едноставно може да се обезбедат правата да се положи нафтовод. Иако е исто точно дека, во овој момент, целокупната техноиндустриска струкутра на хегемонските земји зависи од овие ресурси, така што, без разлика колку комплексна и премногу одредна може да биде, можноста за сева ова за што говоревме останува закотвена, така да се рече, во овие незаменливи места, овие територии кои не можат да се детериторизираат. Овие територии продолжуваат да им припаѓаат, според законот, во сеуште цврстата традиција на интернационалното право, на суверените национални држави.

 

БОРАДОРИ: Ова што го сугерирате е повик на коренити промени на ниво на интернационалните институции и меѓународното право.

 

ДЕРИДА: Таква мутација ќе мора да се случи. Но невозможно е да се предвиди со каков чекор. Во сите преобразби кои ги продискутиравме, она што останува непресметливо е пред сè чекорот или ритамот, времето на забрзување и забрзувањето на времето. А ова од суштински причини кои се во врска со самата брзина на технонаучниот напредок или со промени во брзината. Исто како промените во величина или обем кои нанотехнологијата ни ги воведе во евалуациите и мерките. Такви радикални промени во меѓународното право се неопходни, но можеби ќе се случат за една генерација или за дваесет. Кој знае? Иако не сум способен да знам кој денес го заслужува името филозоф (не би прифатил само одредени професионални или организациски критериуми), би бил наведен да ги наречам филозофи оние кои, во иднина, размислуваат на одговорен начин за овие прашања и бараат одговорност од оние кои се задолжени за јавниот дискурс, одговорните за јазикот и иниституциите на меѓународното право. Еден „филозоф“ (всушност порадо би рекол „филозоф-деконструктор“) би бил оној кој ги анализира и потем ги извлекува практичните и ефективните последици на односот помеѓу нашето филозофско наследство и структурата на сеуште доминантниот правно-политички систем, кој толку очигледно минува низ мутација. Еден „филозоф“ би бил некој кој бара нова критериологија за да разлачи помеѓу „сфаќање“ и „оправдување“. Оти човек може да опише, сфати и објасни одреден след на настани или серија на асоцијации кои водат во „војна“ или во „тероризам“ без и најмалку да ги оправда, додека всушност ги осудува и се обидува да сотвори други асоцијации. Човек може безусловно да осуди одредени дела на тероризам (дали од страна на државата или не) без да мора да ја игнорира ситуацијата која можеби придонела за нивното постоење и без да ги легитимира. За да се зададат примери, би било неопходно да се извршат долги анализи, во принцип бескрајно долги. Така човек може безусловно да го осуди, ко што самиот овде правам, нападот на 11-ти септември без да морам да ги игнорирам стварните или наводните услови кои го овозможиле. Секој на светот кој или го организираше или се обиде да го оправда овој напад го гледаше како одговор на државниот тероризам на Соединетите Држави и нивните сојузници. Ваков беше случајот, на пример – и ова го наведувам само како пример – со Блискиот Исток, дури и ако Јасер Арафат исто го осуди „11-ти септември“ и му го одби правото на бин Ладен да говори во името на палестинскиот народ.

 

БОРАДОРИ: Ако разликата помеѓу војна и тероризам е проблематична и ако го прифатиме поимот на државен тероризам, тогаш сеуште ни останува прашањето: кој е нај-терорист?

 

ДЕРИДА: Нај-терорист? Ова прашање е воедно неопходно и осудено да остане без никаков одговор. Неопходно оти во предвид зема еден суштински факт: секој тероризам се претставува себеси како одговор на ситуација која продолжува да ескалира. Се сведува на следново, „прибегнувам кон тероризам како кон последно средство, бидејќи другиот е повеќе терорист од мене; се бранам, преоѓам во контра-напад; вистинскиот терорист, најлошиот, е оној кој ќе ме беше лишил од секакво средство на реакција пред да се претстави себеси, првиот агресор, како жртва.“ На овој начин, Соединетите Држави, Израел, богатите нации и колонијалистичките или империјалистички сили се обвинуваат за практикување на државен тероризам и така за бидување „по-терористи“ од терористите чии жртви велат дека се. Шаблонот е добро познат, така што нема да го елаборирам. Но тешко е чисто и едноставно да се отпише ова, иако понекогаш се применува на преедноставен и злоупотребувачки начин. Сепак, прашањето кое го поставувате, она за „повеќе или помалку“ во тероризмот, не би требало да се реши со единствено и објективно квантитативна логика. Оти ова прашање не може да и’ даде основа на таква формална евалуација. „Терористичките“ дела се обидуваат да создадат физички ефекти (свесни или несвесни) и симболични или симптоматични реакции кои можат да се развијат по бројни патеки, непресметлив број на патеки, всушност. Квалитетот или интензитетот на предизвиканите емоции (без разлика дали свесни или несвесни) не е секогаш пропорционален со бројот на жртвите или со количеството нанесена штета. Во ситуации и во култури каде медиумите не го спектакулизираат настанот, убиството на илјадници луѓе во сосем краток временски период може да предизвика помалку психолошки или политички ефекти отколку убиството на еден поединец во друга земја, култура или национална држава со високо развиени медиумски средства. И дали тероризмот мора да фукционира само преку смрт? Не може ли да се тероризира без убивање? И дали убивањето нужно значи усмртување? Не ли значи и „да се остави да умре“? Не е ли можно „ да се остават да умрат,“ „да не се сака да се знае дека некој остава други да умрат“ – стотици милиони човечки битија, од глад, од сида, од недостаток на медицински тертман, и слично – да биде дел од „повеќе или помалку“ свесна и намерна терористичка стратегија? Би било погршно можеби набрзина да претпоставиме дека секој тероризам е доброволен, свесен, организиран, промислен, намерно пресметан: постојат историски и политички „ситуации“ во кои теророт оперира, така да се рече, ко сам, ко едноставен резултат на некој апаратус, поради соодносите на силите на моќ, без никој, никаков свесен субјект, ниеден поединец, никакво „јас“ да биде навистина свесно за тоа или да се чувствува одговорно за него. Сите ситуации на социјална или национална структурална опресија продуцираат терор кој не е природен (сè додека е организирана, институционална) и сиве ситуации зависат од овој терор и без оние кои имаат придобивки од нив да организираат било какви терористички дела или било кога да бидат третирани како терористи. Тесното, претесното значење кое му се дава обично денес на зборот „тероризам“ се циркулира на различни начини во дискурсот кој доминира со јавниот простор, а пред сè преку техно-економската моќ на медиумите. Што ќе беше „11-ти септември“ без телевизијата? Ова прашање веќе се поставени и се истражуваше, така што нема да инсистирам на него овде. Но мораме да си припомнеме дека максималното медиумско покритие беше во заеднички интерес на сторителите на „11-ти септември,“ на терористите и на оние кои, во име на жртвите, сакаа да декларираат „војна против тероризмот“. Помеѓу овие две странки, ваквото медиумско покривање беше, како разумноста за која Декарт говори, најсподеленото нешто на светот. Повеќе од уништувањето на Кулите-близначки или нападот на Пентагон, повеќе од смртта на илјади луѓе, стварниот „терор“ се состоеше од и почна со, всушност, разоткривање и искористување, имајќи ја разоткриено и искористено, сликата на овој терор од страна на самата мета. Оваа мета (Соединетите Држави, да речеме, и секој кој ги поддржува или е во сојуз со нив на светот, а ова скоро не знае за граници деновиве) имаше сопствен интерес во тоа (истиот интерес што го споделува со своите заколнати непријатели) да ја разоткрие нејзината ранливост, медиумски да го покрива најмногу што може она од кое сака да се заштити. Ова е пак истата автоимунитарна перверзија. Или можеби би било подобро да се рече „перверзибилност,“ за да се именува една можност, еден ризик или закана чија виртуелност не зема облик на зла намера, на зла душа или на волја да се повреди. Но оваа виртуелност сама по себе не е доволна да преплаши, да ужасне. Неискоренливите корени на теророт, а така и на тероризмот, се она што се најавува дури и пред да се организира себеси во тероризам. Непомирливо. Бескрајно.

Да додадам овде и потсетување: нема ништо чисто „модерно“ во овој сооднос помеѓу медиумите и теророт, во тероризмот кој оперира во јавниот простор со пропагирање на слики или на гласини во јавната сфера со цел да го преплаши таканареченото цивилно население. Вистина е, се разбира, дека со радиото и телевизијата она што се нарекува организирана „пропаганда“ (нешто што всушност е релативно модерно), во последиот век и веќе во текот на Првата светска војна, играше суштинска улога во „декларираната“ војна. Оваа одеше рака под рака со бомбардерските кампањи (било конвенционални или атомски) кои не можеа да разлачат помеѓу „цивилни“ и „воени“ мети, не повеќе одошто можеа да ги разлачат движењата на „отпорот“ од репресиите на ваквите движења. Така, беше веќе неможно во текот на двете „светски војни“ ригорозно да се разлачи помеѓу војна и тероризам. Погледнети ги, на пример, хероите на Францускиот отпор кои продолжија со „војната“ дури и за време на примирјето и често во име на „слободна Франција“ на де Гол. Овие членови на Отпорот редовно се третираа како „терористи“ од страна на нацистите и колабораторите на Виши. Обвиненијата секнаа со ослободувањето на Франција, бидејќи беа инструмент на нацистичката пропаганда, но кој може да порекне дека биле сосем неточни?

 

БОРАДОРИ: Каде бевте вие на 11-ти септември?

 

ДЕРИДА: Бев во Шангај, при крајот на еден долг пат по Кина. Беше ноќ таму, и сопственикот на кафулето каде што бев со неколку пријатели дојде да ни каже дека авион „се урнал“ во Кулите близначки. Побрзав назад во хотелот и уште од првите снимени слики, оние на CNN, се сеќавам, можеше лесно да се предвиди дека ова ќе стане, во очите на светот, нешто што вие го нарековте еден „голем настан.“ И покрај тоа што она што следуваше остана, во одреден степен, невидливо и непредвидливо. Но за да се почувствува тежината на настанот и неговите импликации „ширум светот,“ беше доволно едноставно да се мобилизираат неколку веќе тестирани политички хипотези. Колку што можев да видам, Кина се обиде во првите неколку денови да ја заобиколи важноста на настанот, ко да беше колку-толку локален инцидент. Но оваа организирана интерпретација, информирана од сегашната состојба на кинеско-американските односи (дипломатски тензии и инциденти од разни видови), заврши со тоа што мораше да се приклони кон други итни кризи: CNN и другите инернационални медиумски канали се имаат пробиено во кинескиот простор, и Кина исто така, на крајот на краиштата, има свој „муслимански“ проблем. Затоа стана неопходно таа да се приклучи кон „антитерористичката“ коалиција. Би било неопходно да се анализираат, по иста линија, мотивите и интересите зад сите различни геополитички или стратешко-дипломатски промени кои „инвестираа,“ така да се изразам, во „11-ти септември.“ (На пример, затоплувањето на односите помеѓу Буш и Путин, кому му беше дадена полабава узда во Чеченија, и мошне корисното но и мошне избрзаното поистоветување на палестинскиот со интернационалниот тероризам, што сега бара универзална реакција.) Во обата случаи, одредени странки имаа интерес да ги претстават своите противници не само како терористи – што овие фактички и се до некој степен – туку како само терористи, дури и како „интернационални“ терористи кои ја споделуваат истата логика или се дел од истата мрежа, и кои затоа мора да се победат, се тврди, не со контратероризам, туку со „војна,“ што значи, секако, „убава чиста“ војна. „Фактите“ јасно покажуваат дека на овие разлики им недостасува ригор, невозможно е да се одржат и лесно се манипулираат за одредени цели.

 

БОРАДОРИ: Радикалната деконструкција на разликата помеѓу војната и тероризмот, и помеѓу различните видови тероризам (како национален и интернационален) чини да е мошне тешко да се сфати политиката во стратешка смисла. Кои се актерите на светската сцена? Колку ги има? Не постои ли овде ризик од тотална анархија?

 

ДЕРИДА: Зборот „анархија“ нè става под ризик пребрзо да ја напуштиме анализата и интерпретацијата која треба навистина да изгледа како чист хаос. Мораме да сториме сè што можеме да ја образложиме оваа појава. Мораме да сториме сè можно овој нов „неред“ да стане што е можно поразбирлив. Анализата која ја исцртавме претходно се обиде да се придвижи во овој правец: крај на „Студената војна“ кој остава само еден камп, коалиција, всушност, од држави кои се претставуваат како суверени, соочени со анонимни и недржавни организации, наоружани и практично нуклеарни сили. А овие сили можат исто, без оружје и без експлозии, без ниеден личен напад, да употребат неверојатно деструктивни компјутерски технологии, технологии способни за операции за кои всушност и не постои име (ниту војна ниту тероризам) и кои не се изведуваат во име на некоја национална држава, а чија „кауза,“ во сите значења на зборов, е тешко да се дефинира (постои теолошката кауза, етничката кауза, социо-економската кауза, итн.). Од ниедна страна логиката на суверенитетот не се става под прашање (политичката сувереност или онаа на националната држава – самата со онтотеолошко потекло, иако повеќе или помалку секуларизирана на едно место, а чисто теолошка и несекуларизирана на друго): не од страна на националните држави и големите сили кои седат во Советот за безбедност, ниту од другата страна, или од другите страни,  бидејќи ги има во токму неодреден број. Секој без сомнение ќе посочи кон постојното меѓународно право (чии основи, верувам, остануваат подложни на усовршување, ревизија, со потреба да се преобликуваат, и концептуално и институционално). Но ова меѓународно право никаде не се почитува. И штом една странка не го почитува, другите веќе не го сметаат за достојно за почит и почнуваат да го прекршуваат за возврат. Соединетите Држави и Израел не се единствените кои се имаат навикнато да си ги земаат сите слободи кои им се чинат неопходни со резолуциите на ООН.

Да одговорам на вашето прашање поспецифично, би рекол дека Соединетите Држави не се можеби единствената мета, можеби не средишната и крајна мета, на операцијата со која името „бин Ладен“ се поврзува, барем по метонимија. Смислата би можела да биде да се испровоцира воена и дипломатска ситуација која ќе дестабилизира одредени арапски земји раскинати помеѓу моќното мнение на јавноста (кое е анти-американско, ако не и анти-западно, од безброј причини кои потекнуваат од комплексна историја со векови стара, но исто така, во периодот после ерата на колонијализмот или империјализмот, од сиромаштија, опресија, и идеолошко-религиска индоктринација) и нужноста да го воспостават својот недемократски авторитет на дипломатски, економски и воени врски со Соединетите Држави. Прва на листата овде би била Саудиска Арабија, која останува привилегиран непријател на сè што би можело да се претстави со еден „бин Ладен“ (име кое секогаш го користам како синегдоха ) или Садам Хусеин. Сепак, Саудиска Арабија (важна фамилија и важен извозник на нафта), додека одржува врски со својот американски „заштитник,“ „клиент“ и „газда,“ ги потпирува сите жаришта на арапски исламистички фанатизам, ако не и „тероризам,“ во светот. Ова е една од парадоксалните ситуации, повторно авотимунитарни, на она што го нарековте „тотална анархија“: движењата и промените во стратешките нафтени сојузи помеѓу Соединетите Држави (само-назначен бранител на демократскиот идеал, на човековите права, итн.) и режимите кои најблаго кажано не одговараат на овој модел. Ваквите режими (го употребив примерот на Саудиска Арабија, иако би било неопходно да се говори и за еднакво сериозниот случај на Пакистан) се исто така непријатели или мети на оние кои го организираат така-наречениот „интернационален тероризам“ против САД и барем привидно против нивните сојузници. Ова е доволно за повеќе од еден триаголник. И во сето аголно движење што се одвива помеѓу овие триаголници, тешко е да се расплетка вистинската од наводната мотивација, нафтата од религијата, политиката од економијата или од воената стратегија. Жестокиот вербален напад од типот на „бин Ладен“ против американскиот ѓавол затоа комбинира такви теми како превратување на верата и неверата, насилство врз светите места на исламот, военото присуство близу Мека, поддршката на Израел и опресијата на арапското муслиманско население. Но доколку оваа реторика јасно наоѓа одзив помеѓу населението и дури и во медиумите на арапскиот и муслиманскиот свет, владите на арапско-муслиманските држави (чие мнозинство сака демократија и човекови права исто колку и бин Ладен) се скоро сите непријателски во принцип, како „влади“ кон мрежата на „бин Ладен“ и нејзиниот дискурс. Мора да се заклучи дека „бин Ладен“ исто работи на нивната дестабилизација...

 

БОРАДОРИ: Што би била стандардната цел на терористите, да се сруши  владата но да не се преземе, да се дестабилизира постојната ситуација.

 

ДЕРИДА: Највообичаената стратегија се состои секогаш во дестабилизација не само на главниот, деклариран непријател туку исто така и истовремено, со еден вид на квази-домашна конфронтација, со оние далеку поблиските. Понекогаш дури и сопствените сојузници. Ова е уште една неопходна последица на истиот автоимунитарен процес. Во сите војни, сите граѓански војни, сите партизански војни или ослободителни војни, неизбежната ескалација наведува кон лов на сопствените ривалски партнери не помалку од таканаречениот главен противник. Во текот на Алжирската војна, помеѓу 1954-та и 1962-а, она што понекогаш наликуваше на „братоубиствено“ насилство помеѓу различни востанички сили се покажа понекогаш само како крајност на насилствата помеѓу овие групи и француските колонијални сили.

Ова е само уште една причина да не сфаќаме сè што е во врска со исламот или со арапскиот муслимански „свет“ како „свет,“ или барем не како една хомогена целина. И желбата да се земат сиве овие расцепи, разлики и разделувачи во предвид не конститутира нужно акт на војна: ниту обидот да се стори сè можно да се осигура дека во овој арапско-мулисмански „свет,“ кој не е свет и не е свет кој е еден, одредени струи да не превладеат, имено, оние кои водат во фанатизам, во обскурантизам до заби наоружан со модерна техно-наука, во прекршување на секој правно-политички принцип, во свирепо непочитување на човековите права и демократијата, во непочитување на животот. Мораме да му помогнеме на она што се нарекува ислам и на она што се нарекува „арапско“ да се ослободат од таков насилен догматизам. Мораме да им помогнеме на оние кои јуначки се борат во оваа насока од внатре, без разлика дали говориме за политика во стриктна смисла на зборот или инаку за толкување на Куранот. Кога велам дека мораме ова да го правиме за она што се нарекува ислам и за она што се нарекува „арапско,“ очигледно подразбирам дека не треба ништо помалку да правиме за Европа, двете Америки, Африка и Азија!

 

БОРАДОРИ: Претходно ја потенциравте суштинската улога на интернационалните организации и потребата да се култивира почит кон меѓународното право. Дали мислите дека обликот на тероризам поврзан со организацијата на ал-Каеда и со бин Ладен има свои амбиции во поглед на интернационалната политика?

 

ДЕРИДА: Она што ми излгеда неприфатливо во „стратегијата“ (во однос на оружје, практики, идоелогија, реторика, дискурс и така натаму) на „ефектот бин Ладен“ не е само сврипепоста, непочитувањето на човечкиот живот, непочитувањето на законот, на жените и употребата на најлошото од техно-капиталистичката модерност со цел на религиозен фанатизам. Не, тоа е, пред сè, фактот дека вакви дела и ваков дискурс не се отвораат кон никаква иднина и, од моја гледна точка, немаат иднина. Ако ја поставиме било која вера во усовршивоста на јавниот простор и на светската правно-политичка сцена, во самиот „свет,“ тогаш не постои, ми се чини, ништо добро на што можеме да се надеваме од овој агол. Она што се предлага, барем имплицитно, е сите капиталистички и модерни техно-научни сили да се стават во служба на едно толкување, самото догматско, на исламското откровение на Едното. Ништо од она што напорно се секуларизирало во облик на „политичко,“ на „демократија,“ на „меѓународно право“ и дури и на нетеолошкиот облик на сувереност (под претпоставка, повторно, дека вредноста на сувереноста може целосно да се секуларизира и де-теологизира, хипотеза за која имам свои сомнежи), за ништо од ова изгледа нема никаво место во дискурсот „бин Ладен.“ Затоа, при ослободувањето на ова насилство без име, да морав да се приклонам кон една од двете страни и да изберам во една бинарана ситуација, па, ќе го сторев тоа. И покрај мојата силна резервираност во однос на американскиот, навистина европскиот, политички став, во однос на „меѓународната антитерористичка“ коалиција, и покрај сите de facto предавства, сите неуспеси да ги исполнат стандардите на демократијата, на меѓународното право и на самите институции кои самите држави од оваа „коалиција“ ги основале и до одредена точка ги поддржуваат, би се приклонил кон страната на групата која, во принцип, со правото на законот, остава една перспектива отворена кон усовршивост во име на „политичкото,“ демократијата, меѓународното право, инернационалните институции, итн. Дури и ако ова „во име на“ е сеуште само на збор и чисто вербална посветеност. Дури и во најцинична смисла, таков збор сепак одекнува соа непобедливо ветување во себе. Не слушам ниедно такво ветување да доаѓа од „бин Ладен,“ барем не за овој свет.

 

БОРАДОРИ: Изгледа дека положувате надеж во авторитетот на меѓународното право.

 

ДЕРИДА: Да. На прво место, колку и да се несовршени, овие интернационални институции треба да се почитуваат во нивните размисли и нивните резолуции од страна на оние суверени држави кои им се членки и кои така ги потпишале нивните повелби. Пред еден момент само што ги спомнав сериозните неуспеси на одредени „западни“ држави во однос на овие обврски. Таквите неуспеси би произлегувале од најмалку две серии на причини.

Прво, би биле во врска со самата структура на аксиомите и принципите на овие законски системи и со тоа на повелбите и конвенциите кои ги институционализираат. Размислата (од „деконструктивистички“ тип, како што би го нарекол) треба, ми се чини, без да ги смалува или уништува овие аксиоми и принципи, да ги става под прашање и да ги превтемелува, бесконечно да ги рафинира и да ги универзализира, без да се обесхрабри од апориите со кои таквата работа мора нужно да се сретне.

Но второ, ваквите неуспеси, во случај на држави силни како Соединетите Американски Држави и Израел (кој е поддржан од САД), не се подложени на никакви разубедувачки санкции. Обединтетите Нации нема ниту сила ниту средства за такви санкции. Затоа е неопходно да се стори сè што е можно (голема и опфатна задача на многу долга стаза) да се осигура овие тековни неуспеси во сегашната состојба на оние институции ефикасно да се санкционираат и, вистина, да се обесхрабрат однапред од страна на една нова организација. Ова би значело дека една инситутција ко ООН (штом еднаш ја модифицира својата структура и повелба – а овде посебно го имам на ум Советот за безбедност) би морала да има на располагање ефикасна сила за интервенции и така повеќе да не зависи во спроведувањето на своите одлуки од богатите и моќните, всушност или виртуелно хегемониски национални држави, кои го избегнуваат законот во согласност со својата моќ и интереси. Понекош сосем цинично.

Не сум несвесен за, како што изгледа, утопискиот карактер на хоризонтот што го исцртувам овде, на една интернационална институција на право и на еден интернационален правен суд со сопствена автономна сила. Иако не сметам дека правото е последниот збор на етиката, политиката или на било што друго, иако оваа унија на сила и право (која се бара со самиот концепт на законот, ко што Кант објаснува толку добро) не е само утописка туку е и апоретичка (бидејќи имплицира дека над сувереноста на националната држава, всушност и над демократската сувереност – чии онтотеолошки темели мора да се деконструираат – сеедно, би пресоздале нова фигура на универзална сувереност, на апсолутен закон со ефикасна автономна сила на располагање, која, и покрај тоа, не е неопходно да биде во врска со државата), и понатаму верувам дека верата во возможноста на оваа невозможност и, вистина, нерешливото нешто од перспектива на знаењето, науката и совеста мора да ги водат нашите одлуки.

 

БОРАДОРИ: Би можело да се рече дека овој терористички напад беше, во една смисла, напад врз принципот на сувереност што Соединетите Држави ја имаат врз сопствената територија, а сепак и напад врз суверената улога која Соединетите Држави ја играат виз-а-ви Западниот свет, воедно политичка, економска и културна. Дали овие два напада го дестабилизираа концептот на сувереност како што се развил во рамки на Западната модерност?

 

ДЕРИДА: Оние кои ги викаат „терористи“ не се, во овој контекст, „другите,“ апсолутни други кои ние, како „луѓе од Запад,“ веќе не можеме да ги разбереме. Не смееме да заборавиме дека овие често се регрутираат, обучуваат, а дури и вооружуваат, веќе долго време, на разни западни начини, од страна на западниот свет кој самиот, со текот на древната како и скорешната историја, го измислил зборот, техниките и „политиката“ на „тероризмот.“ Друго, мора да се одвојат, или барем да се направи разлика помеѓу сите „целини“ или „групи“ на кои би можеле да бидеме во искушение да им ја припишеме одговорноста за овој тероризам. Не се „Арапите“ генерално, ниту исламот, ниту Блискиот арапско-исламски Исток. Секоја од овие групи е хетерогена, полна со тензии, конфликти и суштински контрадикторности; со, всушност, она што го именувавме како самоуништувачки, квази-самоубиствени, автоимунитарани процеси. Истото важи и за „Западот.“ Она што е, за мене, мошне важно за иднината, а ќе се навратам на ова подоцна, е исто така и една разлика, всушност, во одредена мера и со одредени граници, една спротивставеност помеѓу Соединетите Држави (или да речеме, за да не бидеме премногу нефер кон американското општество, она што доминира и дури владее во Соединетите Држави) и една Европа. И токму во однос на проблемите за кои дискутираме. Оти „коалицијата“ која штотуку се формира околу Соединетите Држави останува кршлива и хетерогена. Таа не е само Западна, а „фронтот“ без фронт на оваа „војна“ без војна не го фрла Западот против Истокот или против Далечниот Исток (навистина, Кина на крај ù се приклучи, на свој начин, на оваа коалиција), или против Блискиот Исток, каде што секоја земја го осуди тероризмот, повеќе или помалку искрено, и се согласи да се бори против него. Некои тоа го прават само со реторика, други со снабдување со воена и логистичка поддршка. А што се однесува до Европската Унија и до НАТО, нивната преданост кон така-наречената „коалиција“ останува мошне комплексна; различна е за секоја земја и јавното мнение е далеку од тоа американските инцијативи да го освојат. Промените во овие сојузништва, затоплувањето на односите помеѓу Русија на Путин и САД на Буш, барем делумната солидарност на Кина во истата борба, го менуваат геополитичкиот пејсаж и ја засилуваат, иако исто и ја комплицираат, американската позиција, на која ù се потребни сиве овие согласности за да делува.

Она што би ми дало најмногу надеж во будењето на овие превирања е потенцијалната разлика помеѓу една нова фигура на Европа и Соединетите Држави. Го велам ова без каков и да е евроцентризам. И затоа говорам за една нова фигура на Европа. Без да се откаже од сопственото сеќавање, влечејќи искуство од него, фактички, ко од непроценливо богатство, Европа би можела да даде суштински придонес кон иднината на меѓународното право за кое дискутиравме.  Се надевам дека ќе има, „во Европа,“ „филозофи“ способни да се измерат со таквата задача (користам наводници овде бидејќи овие „филозофи“ од европската традиција не ќе бидат нужно професионални филозофи, туку правници, политичари, граѓани, дури и европски не-граѓани; и ги користам наводниците бидејќи можат да бидат „Европјани,“ „во Европа,“ и без да живеат на територијата на некоја национална држава во Европа, да се наоѓаат всушност многу далеку, со тоа што далечината и територијата го немаат веќе она значење што порано го имаа). Но продолжувам да го користам името „Европа,“ иако во наводници, бидејќи во долгата и стрплива деконструкција која се бара за идната трансформација, искуството кое Европа го воведе во време на Просветителството (Lumieres, Aufklarung, Illuminismo) во соодносот помеѓу политичкото и теолошкото или, подобро, религиското, иако сеуште нерамномерно, недостигнато, релативно и комплексно, ќе остави во европскиот политички простор апсолутно оргинални траги во однос на религиската доктрина (забележете дека не го велам ова во врска со верата или религијата, туку во врска со авторитетот на религиозната доктрина над политичкото). Такви траги не можат да се најдат ниту во арапскиот ниту во муслиманскиот свет, ниту на Далечниот Исток, ниту дури, а овде лежи и најчувствителната точка, во американската демократија, со која всушност владеат не принципите, туку доминантната реалност на американската политичка култура. Оваа финална точка е комплексна и комплицирана. Оти таква филозофска „деконструкција“ би требало да оперира не против нешто што би го нарекле „Соединетите Држави,“ туку против она што денес ја конституира специфичната американска хегемонија, онаа која всушност доминира и маргинализира нешто во сопствената историја на САД, нешто што е исто така во врска со онаа чудна „Европа“ на повеќе или помалку недовршеното Просветителство кое го спомнав.

 

БОРАДОРИ: Каква улога за религијата гледате во овој контекст?

 

ДЕРИДА: Говоревме за една чудна „војна“ без војна. Често зема облик, барем на површината, на конфронтација на две групи со силна религиозна идентификација. На една страна, единствената „демократска“ сила во европски стил на светот, која истовремено сеуште вклучува смртна казна во својот правосуден систем, а и покрај одделувањето на црквата и државата во принцип, вклучува фундаментално библиски (и примарно христијански) референци во својот официјален политички дискурс и во дискурсот на нејзините политички лидери: „Боже, благослови ја Америка“ (“God Bless America”), референци на „злочинци“ или на „оската на злото“ и првиот повик на собир (што подоцна се повлече) на „бесконечна правда,“ би биле само неколку од толку многу знаци. А очи во очи со нив, на другата страна, „непријателот“ кој се идентификува како исламски, исламско-екстремистички или фундаменталистички, дури и да не претставува неопходно автентичен ислам и сите муслимани се далеку од тоа да се идентификуваат со него. Не повеќе, фактички, од она колку христијани на светот се иденитфикуваат со фундаментално христијанското пропагирање на верата на Соединетите Држави.

Премногу поедноставувам, но ваквото претерано поедноставување го исцртува, верувам,  барем општиот облик на целокупната ситуација. Така, доаѓа до конфронтација на две политички теологии, каде обете, доста чудно, произлегуваат од истиот материјал или од заедничката почва на она што би го нарекол „аврамско“ откровение. Мошне е значајно што епицентарот, барем метонимично, на сиве е конфронтацијата помеѓу израелската држава (уште една „демократија“ која ја нема пресечено папочната врвца со религискиот, па ниту ни со етно-религискиот авторитет, и која е силно поддржана, иако на комплициран начин, од САД), и виртуелната палестинска држава (која во подготовките на својот устав, сеуште се нема откажано од прогласувањето на исламот за официјална државна религија и која е силна поддржана, иако на комплициран и често перверзен начин, од арапско-муслиманските држави).

Би сакал да се надевам дека ќе постои, во „Европа,“ или во некаква модерна традиција на Европа, по цена на деконструкција која сеуште си го бара патот, можност за друг дискурс и друга политика, излез надвор од оној двоен теолошко-политички програм. „11-ти септември“ – што и да се стави, на крај, под овој наслов – ќе биде едновремено и знак и цена што мора да се плати, мошне висока цена, сигурно, без никакво можно откупение или спасение за жртвите, но важен чекор во процесот.

 

БОРАДОРИ: Значи, гледате важна улога за Европа?

 

ДЕРИДА: Се надевам на тоа, но не го гледам. Немам видено ништо во фактите што би дало основа за било каква сигурност или знаење. Само неколку знаци за толкување. Ако има одговорност да се преземе и одлуки да се донесат, тие припаѓаат на доба на ризик и на дела на вера. Над знаењето. Оти доколку одлучам бидејќи знам, во границите на она што го знам и знам дека морам да го сторам, тогаш едноставно поставувам предвидлива програма и нема никаква одлука, никаква одговорност, никаков настан. А што се однесува на она што штотуку го ризикував на тема „Европа,“ да речеме дека поставувам неколку прашања, среде некаква ноќ и на основа на одреден број на знаци. Толкувам, ризикувам, се надевам. Ако поставувам толку многу претпазливи наводници околу овие лични имиња, почнувајќи со „Европа,“ тоа е поради тоа што не сум сигурен во ништо. Посебно не за Европа или за европската заедница онаква каква што е или се најавува себеси de facto. Се работи за осмислување на она „можеби“ за кое надолго расправав во Политиката на пријателството на тема демократијата која доаѓа.

 

БОРАДОРИ: Да се задржиме за момент на Европа во нејзината постојна состојба, како ја гледата политичката улога на Европа и можностите таа да воспостави вистинско влијание?

 

ДЕРИДА: Во моментов, француската и гермнаската влада се обидуваат, плашливо, да ја забават или да ја примират забрзаноста или преголемата ревност на Соединетите Држави, барем во поглед на одредени облици кои оваа „војна против тероризмот“ може да ги земе. Но малку внимание овде им се обрнува на гласовите кои доаѓаат од Европа. Главните телевизиски мрежи говорат единствено за безусловната и ентузијастичка поддршка на Англија и на Тони Блер покрај Соединетите Држави. Франција треба да стори повеќе и подобро, ми изгледа, за да се слушне оригинален глас. Но тоа е мала земја, дури и ако има нуклеарно оружје и глас во Советот за безбедност. Сè додека Европа нема обединета воена сила доволна за автономни интервенции, интервенции кои би биле мотивирани, пресметани, дискутирани и решени во Европа, темелните поставки на постојната ситуација нема да се променат и не ќе се приближиме ни чекор до онаа трансформација на која алудирав претходно (нов меѓународен закон, нова меѓународна сила во служба на нови интернационални институции, нов концепт и нова конкретна фигура на суверенитет, како и други имиња, несомнено, за сиве нешта кои доаѓаат.)

Не сакам да и’ придадам премногу привилегии на правосудната сфера, на меѓународното право и неговите институции, дури и ако верувам повеќе од било кога во нивната важност. Помеѓу интернационалните институции кои најмногу значат денес не е само ООН, туку и Меѓународниот монетарен фонд и Г8, да именувам само две. Сетете се што се случи неодамна во Џеноа, на пример. Некои рекоа, не без претерување, но исто и со нешто веродостојност, дека помеѓу силите кои денес се мобилизираат против глобализацијата и оние на меѓународниот тероризам (во два збора, „11-ти септември“) постои заедничка цел, de facto сојузништво или колизија, ако не и меѓународен заговор. Огромен напор ќе треба да се вложи за да се претстават овде сите неопходни дистинкции (и концептуални и практични), кои ќе мора да ги земат во предвид сите контрадикторности, т.е., автоимунитарните предодредености на кои инсистирам. И покрај нивната очигледно биолошка, генетска или зоолошка провиненција, овие контрадикции го засегнуваат, ко што можете да видите, она што е над живото суштество, просто и едноставно. Во најмала мера, бидејќи носат смрт во животот.

 

БОРАДОРИ: Прашањето на меѓународниот суверенитет ми изгледа мошне комплицирано. Ако улогата на интернационалните организации и меѓународното право се исфорсира до крајни граници, не ли завршуваме повторно со државен модел: мета-држава, мета-закон?

 

ДЕРИДА: Ова е огромен проблем, сигурно. Главните референци кои овде би требало да се продискутираат, за мене, се Кант и Хана Арендт. Обата мислитела повикувале на меѓународно право, а сепак ја исклучувале, поправо, ја одбивале, хипотезата на супер-држава или светска влада. Овој асполутно нов облик без преседан на од-државување (de-state-ification, ориг.) би ни дозволил да размислуваме, преку она што Кант и Арендт јасно го имаат формулирано, за новата идна фигура на крајно прибежиште на еден суверенитет (или порадо, или поедноставно, бидејќи поимот „суверенитет“ е сеуште премногу неодреден, сеуште премногу теолошко-политички: една сила или моќ, една –кратија), на –кратија во сојуз со, или единствена со, не само законот туку и со правдата. Ова е она што сакав да го изнедрам од фразата „демократијата која доаѓа (la democratie a venir).“ „Демократијата која доаѓа“ не значи идна демократија која еден ден ќе биде „сегашност.“ Демократијата никогаш нема да постои во сегашноста; таа не може да стане сегашност и не е регулативна идеја во кантовска смисла. Но постои неможното, чие ветување демократијата го впишува – едно ветување кое ризикува и мора секогаш да ризикува да се преврати во закана. Постои неможното, а неможното останува неможно поради апоријата на демосот: демосот  е воедно непредвидливата сингуларност на секоја единка, пред да стане „субјект,“ возможното прекинување на општествената врска од страна на една тајна која мора да се почитува, над сето државјанство, над секоја „држава,“ навистина, над секој „народ,“ навистина, над постојната дефиниција на живото битие како живо „човечко“ битие, и универзалноста на рационалниот калкулус, на еднаквоста на граѓаните пред законот, општествената врска на бидување заедно, со или без договор, итн. И ова неможно кое постои станува неизбришиво. Тоа е несводливо како и нашата изложеност кон она што доаѓа или се случува. Тоа е изложеноста (жедбата, отвореноста, но исто и стравот) кое го отвора настанот и се отвора кон настанот. Кон историјата, ако сакате, една историја која мора да се обмислува сосема различно од телеолошкиот хоризонт, навистина, од каков и да е хоризонт воопшто. Кога велам „неможост која постои,“ укажувам на овој друг режим на „можно-неможно“ кој се обидувам да го обмислам ставајќи го под прашање на секакви начини (на пример, околу прашањата на подарокот, простувањето, гостопримливоста, итн), обидувајќи се да го „деконструирам,“ ако сакате, наследството на ваквите концепти ко што се „можност,“ „моќ,“ „неможност“ и сл. Но овде не можам повеќе да го развијам ова.

 

Од сите имиња групирани премногу набрзина под категоријата „политички режими“ (а не верувам дека „демократијата“ во крајни граници означува еден „политички режим“), наследениот концепт на демократијата е единствениот за кој е добредојдена можноста да се предизвика, да се стави сам себе под прашање, да се критизира и бесконечно да се подобрува себеси. Ако е сеуште име на еден режим, тоа би било име на единствениот „режим“ кој ја претпоставува сопствената усовршивост, а со тоа и сопствената историчност – и кој спремно реагира на најодговорен можен начин, би рекол, на апоријата или на нерешливоста на чија основа – основа без основа – овој режим донесува одлуки. Сосема сум свесен дека ваквите формулации остануваат матни, но ако демократијата е и нешто од разумот кој доаѓа, овој разум може да се претстави и денес, ми се чини, само во ваква сенка. А сепак, можам да го слушнам во толку многу невообличени забрани.

 

БОРАДОРИ: Каква е вашата позиција во однос на концептот на глобализацијата и која е врската помеѓу глобализацијата и космополитанизмот?

 

ДЕРИДА: Во однос на глобализацијата, или она кое порадо го именувам на француски, од причини кои другаде ги образложувам, како мондијализација (mondialisation), насилството на „11-ти септември“ уште еднаш изгледа сведочи за серија на контрадикторности. Контрадикторности кои, всушност, се осудени да опстојат; оти тие се апории во врска, повторно, со онаа автоимунитарна неизбежност чии ефекти постојано ги регистрираме. Прво, глобализацијата не се случува на местата и во миговите во кои се вели дека се случува. Второ, секаде кадешто се случува без да се случи, тоа е и на подобро и на полошо. Дозволете ми да ги појаснам овие две точки.

1. Не се случува. Во доба на така-наречената глобализација, доба во кое е од интерес за некои да говорат за глобализација и да ги слават нејзините придобивки, разликите помеѓу човечките општества, социјалните и економски нееднаквости веројатно никогаш не биле поголеми и поспектакуларни (оти спектаклот е всушност полесно „глобализаторен“) во историјата на човештвото. Иако дискурсот во корист на глобализацијата инсистира на транспарентноста овозможена со телетехнологиите, отворањето на границите и на пазарите, изедначувањето на теренот за игра и еднаквост на можности, никогаш претходно немало во историјата на човештвото, во асполутни бројки, толку многу нееднаквости, толку многу случаи на неухранетост, еколошки катастрофи или беснеења на зарази (помислете, на пример, на сидата во Африка и на милионите луѓе кои дозволуваме да умрат и со тоа ги убиваме!). Што се однесува до технолошките нееднаквости, помислете на фактот дека помалку од пет проценти на човештвото има пристап до Интернет, иако во 1999 г. половина од сите американски домаќинства имаа, а најголем дел од серверите се на англиски јазик. Во самиот миг кога се продава „крајот на трудот,“ неповторен број на луѓе се под опресија од работните услови или, обратно, не се способни да најдат работа каква што сакаат. Само неколку земји, а во овие земји само неколку класи, имаат полни придобивки од глобализацијата. Богатите, северни земји го држат капиталот и ги контролираат инструментите на економските одлуки (Г8, ММФ, Светската банка, итн.). Ако организираните сторители на нападот „11-ти септември“ се и самите помеѓу оние кои добиваат со оваа така-наречена глобализација (капиталистичка моќ, телекомуникации, напредна технологија, отвореност на границите, итн.), тие сепак тврдеа (неправедно, но со голем ефект) дека делуваат во име на оние проколнати со глобализацијата, сите оние кои се чувствуваат исклучени или отфрлени, отсечени, оставени крај патот, кои располагаат само со средствата на сиромашните во ова доба на глобализација (кое е, денес, телевизијата, еден инструмент кој никогаш не е неутрален) да го следат спектаклот на навредливата благосостојба на другите.

Посебно место овде мора да им се даде на исламските култури и население во овој контекст. Во текот на последните неколку столетија, чија историја треба внимателно да се преиспита (отсуство на период на Просветителство, колонизација, империјализам, итн.), неколку фактори придонесоа кон геополитичката ситуација чии ефекти ги чувствуваме денес, почнувајќи со парадоксот на маргинализација и осиромашување чиј ритам е пропорционален со демографскиот раст. Ова население не само што е лишено од пристап кон она што би го нарекле демократија (поради историјата која површно ја напоменав), туку е лишено и од така-наречените природни богатства на земјата, нафта во Саудиска Арабија, или во Ирак, или дури и во Алжир, злато во Јужна Африка, и толку многу други природни ресурси на други места. Лишено е воедно и од страна на власниците, т.е., од продавачите, и од експлоататорите и клиентите, всушност, од природата на играта според која две странки пристапуваат кон вакви повеќе или помалку мирољубиви сојузништва или трансакции. Овие „природни“ богатства се всушност единствените не-виртуелибилни и недетереторијабилни добра што се денес останати; тие се причината за многу од овие феномени за кои дискутираме. Со сиве жртви на претпоставената глобализација, дијалог (истовремено вербален и мирољубив) не се случува. Прибегнување кон најлошо насилство така често се претставува како единствениот „одговор“ на „глуво уво.“ Постојат безбројни примери за ова во скорешната историја, многу порано од „11-ти септември.“ Оваа е логиката која ја изнесува сет тероризам вмешан во борба за слобода. Мандела објаснува сосем добро како неговата партија, после години ненасилна борба и соочена со целосно одбивање на дијалог, се помирила со тоа дека мора да се крене на оружје. Разликата помеѓу цивилите, војската и полицијата со тоа станува веќе неодржлива.

Од оваа гледна точка, глобализацијата не се случува. Таа е симулакрум, реторички маневар или оружје кое ја маскира нерамнотежата во пораст, една нова непроѕирност, дрдорлива и хипер-медиумизирана некомуникација, неверојатна акумулација на богатство, производни средства, телетехнологии и софистицирано воено оружје и запоседнување на сите овие моќи од страна на мал број на држави или меѓународни корпорации. А контролата над нив станува едновремено и полесна и потешка. Моќта да се запоседне има таква структура (најчесто детериторијабилна, виртуелибилна, капитабилна) што, во истиот миг кога изгледа дека може да се контролира од мал број (на држави, на пример), веднаш пребегнува во рацете на меѓународните не-државни структури и така има тенденција да се размножува во самото движење на концентрација. Тероризмот од видот на „11-ти септември“ (богат, хипер-софистициран, телекомуникациски, анонимен и без ниедна држава на која може да ù се припише) произлегува делумно од оваа видлива контрадикција.

2. А сепак, каде што и да се верува дека глобализацијата се случува, тоа е и за подобро и за полошо. За подобро: дискурси, знаења и модели се пренесуваат подобро и побрзо. Демократизацијата така има поголеми шанси. Скорешните движења кон демократизација во Источна Европа им должат во голема мера, можеби и скоро сè, на телевизијата, на комуникацијата на моделите, нормите, сликите, информациските продукти, итн. Невладините институции се побројни и попознати или попризнати. Погледнете го трудот да се воспостави Меѓународниот криминален трибунал.

Го спомнавте „космополитанизмот“ – прекрасно прашање, сигурно. Напредок на космополитанизмот, да. Можеме ова да го прославиме, ко што правиме за секој пристап до државјанство, во овој случај, до светско државјанство. Но државјанството е исто така и граница, онаа на националната држава; а веќе ја искажавме резервираноста кон светската држава. Верувам дека ние, така, над стариот грчко-христијански космополитски идеал (стоиците, св. Павле, Кант), би требало да го видиме доаѓањето на универзалното сојузништво или солидарност која се шири преку интернационалноста на националните држави и со тоа над државјанството. Ова беше една од главните теми на Призраците на Маркс и други текстови. Секогаш сме водени назад кон истата апорија: како да се решиме помеѓу, од една страна, позитивната улога, достојна за поздрав, на „државниот“ облик (суверенитетот на националната држава) и со тоа на демократското државјанство кое обезбедува заштита од некои облици на меѓународно насилство (пазарот, концентрацијата на светскиот капитал, ко и „терористичкото“ насилство и пролиферацијата на оружје) и, од друга страна, негативните или ограничувачки ефекти на државата чиј суверенитет останува теолошко наследство, држава која ги затвора границите за не-државјани, го монополизира насилството, ги контролира границите, ги исклучува или потиснува не-државјаните, итн.? Уште еднаш, државата ем се штити ем се уништува себе, воедно е и лек и отров. Фармаконот (pharmakon) е едно друго име, старо име, за оваа автоимунитарна логика. Таа се гледа на дело во незибежните извитоперувања на техно-научните достигнувања (господарење со живите битија, авијација, нови информациски телетехнологии, емаил, Интернет, мобилни телефони, и сл.) во оружја на масовно уништување, во „тероризми“ од секаков вид. Извитоперувањата уште побрзо се случуваат кога напредокот во прашање е пред сè напредок во брзина и во ритам. Помеѓу двајцата претпоставени воени лидери, двете метонимии, „бин Ладен“ и „Буш,“ војната на слики и на дискурси продолжува со сè побрз чекор преку радиобрановите, прикривајќи ја и дефлектирајќи ја сè побрзо вистината што ја открива, забрзувајќи го движењето кое подметнува прикривање наместо откривање – и обратно. За полошо и за подобро, затоа; за најлошото и за најдоброто, најлошото кое, изгледа, е исто и најдобро. Ова е она што останува ужасно, застрашувачко, тероризирачко; ова е, на земјата, in terra, на и над териториите, крајниот ресурс на сите тероризими.

 

БОРАДОРИ: Каков е односот помеѓу глобализацијата – или она што го нарекувате мондијализација – и толеранцијата?

 

ДЕРИДА: Ако поимот и темата на толеранција се враќаат во последно време, тоа е во пидружба на она што се нарекува на доста поедноставен и конфузен начин „враќањето на религиското.“ Влоговите на насилството што ги продискутиравме пред малку фактички се често, територијални, етнички итн. Без разлика дали некоја религија се користи како алиби или не, обично се привикува, експлицитно и буквално од страната на „бин Ладен“ и имплицитно, прикриено, но длабоко и фундаментално од страната на „Буш.“ Нетолеранција, тогаш: колку е стар овој концепт? Дали човек сеуште може да го постави ова прашање: „Што е толеранција?“ ко што Волтер сторил во првата реченица на текстот на таа тема во Филозофскиот речник? Како овој текст би бил напишан денес? Кој би го напишал, со или без Волтер?

Ако мораме да му останеме верни на сеќавањето на Просветителството, ако не смееме да заборавиме одредени примерни модели во борбата против нетолерантноста, модели кое се дел од нашето наследство, не мораме ли денес, токму од верност, одново да го ставиме под прашање без, меѓутоа, да го побиваме самиот концепт на толеранција? Земајќи го во предвид сè она што историски има оставено свое обележје на овој концепт, би било ли доволно да го инспирираме, да го просветлиме и да го водиме сопствениот отпор кон насилството ослободено ширум светот денес, во услови кои се делумно без преседан (но кој дел? – ова е прашање кое не може да се разјасни), против сите кои не почитуваат безусловно предодредени ортодоксии? Овие догматски прогони сите имаат лик на нетолерантност, сигурно, но дали е тоа доволно за да ги дефинираме? Дали е толеранцијата, тој „додаток на човештвото“ (Волтер), суштината на она со што мора да им се спротивставиме?

Повторно е прашање на Просветителството, т.е., на пристап кон Разумот во одредени јавни сфери, иако овој пат во услови кои техно-науката и економската или телемедиумска глобализација ги имаат темелно видоизменето: во време и како простор, во ритам и пропорции. Ако интелектуалците, писателите, научниците, професорите, уметниците и новинарите, пред сите други, не застанат заедно против ваква насилство, нивната абдикација ќе биде едновремено и неодговорна и самоубиствена.

Бидејќи не се сите фигури на нетолеранција нови (анатема, екскомуникација, цензура, маргинализација, изобличување, контрола, програмирање, прогон, егзил, затвор, земање заложници, смртна закана, погубување и убиство, да именуваме само неколку), бидејќи тие никогаш не можеле да се одделат од самото движење на културата, на традицијата, на процесот на легитимизирање и на заедницата воопшто, а посебно на еклесијастичките или државните институции, не е ли една од нашите првенствени одговорности (интелектуални, етички, политички, а дури и над овие одговорности прикачени кон граѓанинот-субјект на одредена национална држава или демократија) веднаш да ги проучиме законите на овие повторливи случувања и појавата на она што е ново и без преседан? Само со ригорозно земање во предвид на оваа новост ќе бидеме способни да ги прилагодиме своите одговори и чинови на отпор. Ако мораме, за ова да го спроведеме, да направиме некаква историска генеологија на концептот на толеранција, ако мораме да ги славиме, проучуваме и поучуваме за восхитувачките примери на сите борби против нетолеранцијата, во Европа и другаде, од Волтер до Зола до Сартр и толку многу други, ако мораме да се инспирираме и да учиме од нив, не помалку итна задача се состои во обидот да го анализираме она што денес веќе не зависи од истите услови или од истата аксиоматика. Еден земјотрес го има сосема преобликувано пределот во кој идеалот на толеранцијата првпат се вообличи пред неколку столетија. Би морале да ја анализираме секоја мутација во структурата на јавниот простор, во толкувањето на демократијата, теократијата и нивните соодветни врски со меѓународното право (во постојната состојба, во она што го присилува или повикува да се промени и така во она што останува воглавно да дојде во него), во концептите на национална држава и нејзиниот суверенитет, во поимот на државјанство, во трансформацијата на јавниот простор од страна на медиумите, кои истовремени ù служат и ù се закануваат на демократијата, итн.

Нашите чинови на отпор мора да бидат, верувам, едновремено и интелектуални и политички. Мораме да ги здружиме силите да извршиме влијание и да ги организираме одговорите, а ова мора да го сториме на меѓународно ниво и во согласност со новите модалитети, иако секогаш со анализа и дискусија на самите темели на нашата одговорност, нејзините дискурси, нејзиното наследство и аксиоми. Концептот на толеранција овде би бил главен пример.

Написот „Толеранција“ во Филозофскиот речник е подвиг, еден вид на факс за осумнаесеттиот век. Содржи такво обилие на историски примери и анализи, толку многу аксиоми и принципи за размисла денес, збор по збор. Сепак, неговата порака предизвикува толку многу прашања од своја страна. Би морале да бидеме крајно будни, ми изгледа, во толкувањето на ова наследство. Би бил во искушение да речам „да и не“ на секоја реченица, „да, но не,“ „да, меѓутоа, сепак,“ и слично, колнејќи се на начин поинаков од оној на христијанските апостоли, учениците или квекерите: „Апостолите и учениците,“ пишува Волтер, „се колнеа со да и не; квекерите не ќе се колнат поинаку.“ Зборот „толеранција“ најпрво е обележан со верската војна меѓу христијаните, или меѓу христијаните и не-христијаните. Толеранцијата е христијанска доблест, или, кога сме веќе кај тоа, католичка доблест. Еден христијанин мора да толерира еден не-христијанин, но, дури и повеќе, католикот мора да го остави протестантот на мира. Бидејќи денес чувствуваме дека религиозните изјави лежат во срцето на насилството (ќе зебележите дека упорно повторувам, на намерно воопштен начин, „насилство,“ за да ги избегнам повеќезначните и нејасни зборови „војна“ и „тероризам“), прибегнуваме кон овој стар, добар збор „толеранција“: дека муслиманите прифаќаат да живеат со Евреите и христијаните, дека верниците се согласуваат да ги толерираат „неверниците“ и „безверните“ (бидејќи со овие зборови „бин Ладен“ обично ги отфрлаше своите непријатели, а најпрво Американците). Мирот така би значел толерантен соживот. Во Соединетите Држави, се прави сè за да не се поистовети непријателот со религиозниот странец, муслиманот (а ова е јасно подобро од алтернативата, без оглед на мотивите). Постојано се повторува: „Ние не се бориме против исламот; трите монотеистички религии од секогаш учеле на толеранција.“ Знаеме, секако, дека ова е во голема мера неточно, но не е битно, сигурно е подобро од обратното. Овие официјални прогласи на толеранција исто така ù се покоруваат на една стратегија: има многу, всушност сè повеќе и повеќе, муслимани во Америка и во Европа; затоа е неопходно да им се даде сигурност, да се стекне сигурност во нивната поддршка, да се одделат од „тероризмот,“ да се подели непријателот. Доволно фер, тоа е дел од водење добра борба. Иако подраги ми се, јасно, претстави на толеранција од претстави на нетолеранција, сепак сум во некоја мера резервиран во однос на зборот „толеранција“ и дискурсот кој тој го организира. Тоа е дискурс со религиски корени; најчесто се користи од страна на оние на моќ, како еден вид на патронизирачка отстапка...

 

БОРАДОРИ: Изгледа дека толеранцијата ја сфаќате како некој облик на милосрдие...

 

ДЕРИДА: Навистина, толеранцијата е најпрво еден облик на милосрдие. Христијанско милосрдие, така, иако Евреите и муслиманите можеби исто го прифаќаат овој јазик. Толеранцијата е секогаш на страна на „резонот на најсилниот,“ каде „моќта е во право“: суплементарно обележје е на суверентитетот, доброто лице на суверениот, кое на другиот му вели од високо, те оставам на мира, не си неподнослив, ти дозволувам место во мојата куќа, но не заборавај дека е ова моја куќа...

 

БОРАДОРИ: Дали би се согласиле со тврдењето дека толеранцијата е услов на гостопримливоста?

 

ДЕРИДА: Не. Толеранцијата е всушност спротивна на гостопримливоста. Или е барем нејзината граница. Ако мислам дека сум гостопримлив затоа што сум толерантен, тоа е затоа што сакам да го ограничам своето добредојде, да ја задржам моќта и да ја одржам контролата над границите на мојот „дом,“ мојот суверенитет, моето „можам“ (мојата територија, мојата куќа, мојот јазик, мојата култура, мојата религија, итн.). Освен религиското значење на толеранцијата чие потекло само што го спомнавме, би требало да ги споменеме исто и нејзините биолошки, генетички или органистички конотации. Во Франција, фразата „праг на толеранција“ се употребуваше да ја опише границата преку која веќе не е пристојно да се замоли националната заедница да прима повеќе странци, имигрантски работници и слични. Франсоа Митеран еднаш го употреби овој несреќен израз како само-оправдувачко предупредување: повеќе од одреден број на странци или имигранти кои со нас не ја споделуваат истата националност, јазикот, културата и обичаите, треба да се очекува еден квази-органски и неспречив – на кратко, природен – феномен на одбивање. Во тоа време, во мојот текст публикуван во весникот Liberation, ја осудив оваа органистичка реторика и „натуралистичката“ политика која се обидуваше да ја оправда. Вистина е дека Митеран подоцна го порекна овој јазик, кој самиот го оцени како несреќен избор. Но зборот „толеранција“ тогаш налета на сопствените граници: го прифаќаме странецот, другиот, туѓото тело до одредена точка, а со тоа и не без ограничувања. Толеранцијата е условно, заобиколно, претпазливо, внимателно гостопримство.

 

БОРАДОРИ: Толеранцијата значи се сведува на давање некому дозвола да продолжи да живее?

 

ДЕРИДА: Токму така, а со тоа и ограничената толерантност е јасно попривлечна од апсолутната толерантност. Но толеранцијата останува скрутинизирана гостопримилвост, секогаш под надзор, парсимонична и заштитничка кон својата сувереност. Во најдобар случај, се работи за нешто што би го нарекол условна гостопримливост, онаа што најчесто ја практикуваат поединци, семејства, градови и држави. Нудиме гостопримство само под услов другите да го почитуваат нашите правила, нашиот начин на живот, дури и нашиот јазик, култура, политички сустем, итн. Ова е гостопримливоста како што обично се разбира и практикува, гостопримливост која создава, со одредени услови, регулирани практики, закони и конвенции на национално и интернационално – всушност, како што Кант вели во еден познат текст, „космополитско“ – ниво. Но чистата или безусловна гостопримливост не се состои во таква покана („те канам, добредојден си во мојот дом, под услов да се прилагодиш кон законите и нормите на мојата територија, во склад со мојот јазик, традиција, сеќавање, итн.“). Чистата и безусловна гостопримливост, самата госторпимливост, се отвора или однапред е отворена кон некој кој ниту се очекува ниту е поканет, кон кој и да дојде како апсолутно туѓински посетител, како нов дојденец, некој кој не може да се идентификува или да се предвиди, на кратко, целосно друг. Неа би ја нарекол гостопримливост на посета, а не на покана. Посетата може всушност да биде многу опасна и не смееме да го игнорираме овој факт, но дали една гостопримливост без ризик, гостопримливост поддржана од некакво осигурување, гостопримливост под заштита на имунитарен систем против целосно другиот, да биде вистинска гостопримливост? Иако на крајот на краиштата е вистина дека да се запре или потисне имунитетот кој ме штити од другиот не би било ништо помалку од животна закана.

Безусловната гостопримливост е, сигурно, практично невозможна да се живее; во никој случај не може, по дефиниција, да се организира. Што и да се случи, се случува, што и да дојде, доаѓа и ова, на крај, е единствениот настан кој го заслужува тоа име. А целосно ќе признаам дека овој концепт на чиста гостопримливост не може да има правен или политички статус. Ниедна држава не може да ја запише во своите закони. Но без барем помислата на оваа чиста и безусловна гостопримливост, на самата гостопримливост, воопшто и би го немале концептот на гостопримливоста и не би биле способни да ги одредиме правилата на условната гостопримливост (со нејзините ритуали, правен статус, норми, национални и интернационални конвенции). Без оваа мисла на чистата гостопримливост (мисла, која е исто така и искуство, на свој начин), не би имале ниту претстава за другиот, за другоста на другиот, т.е, за некој кој ни влегува во животот без покана. Не би имале ниту идеја за љубовта или за „живеењето заедно (vivre ensemble)“ со друг на начин кој не е дел од некој тоталитет или „заедница.“ Безусловната гостопримливост, која не е ниту правна ниту политичка, е сепак условот на политчкото и на правното. Токму од овие причини, не сум дури ни сигурен дали е етичка, сè додека дури и не зависи од одлука. Но каква би била таа „етика“ без гостопримливост?

Пардокс, апорија: овие две гостопримливости се воедно хетерогени и неодделиви. Хетерогени бидејќи можеме да се движиме од една во друга единствено со апсолутен скок, скок над знаењето и моќта, над нормите и правилата. Безусловната гостопримливост е трансцендентна во однос на политичкото, правното, дури и можеби во однос на етичкото. Но – а еве ја неодделивоста – не можам да ја отворам вратата, не можам да се изложам на доаѓањето на другиот и да му понудам или да ù понудам ништо без оваа гостопримливост да ја направам ефикасна, на некој конкретен начин, да дадам нешто одредено. Оваа одреденост така ќе мора да ја препише безусловноста во одредени услови. Инаку ништо не би дала. Она што останува безусловно или апсолутно (unbedingt, ако сакате) ризикува да не биде ништо ако условите (Bedingungen) не сочинат нешто конкретно од тоа (Ding). Политичката, правната и етичката одговорност имаат свое место, ако се случат, само во оваа трансакција – која е секој пат единствена, како еден настан – помеѓу овие две гостопримливости, безусловната и условната.

 

БОРАДОРИ: Фактот дека овие два пола се едновремено хетерогени и неодделиви е, филозофски, многу тешко да се обмисли. Како може политичкиот дискурс да го асимилира? Би можел ли модерниот идеал на космополитанизмот да биде решение?

 

ДЕРИДА: Идејата за космополитанизмот потекува од една многу стара радиција која оди, ко што веќе забележавме, до св. Павле во неговата посланица до Ефесјаните, до стоиците и до Кант. Во своето кратко дело Траен мир (Perpetual Peace), Кант објаснува зошто веројатно би требало да се откажеме од идејата за „светска република“ (Weltrepublik) но не и од идејата за космополитски закон, „идејата за закон за светско државјанство,“ која „не е претенциозен  или претеран поим.“ Обратно, таа би била условот за постојано приближување кон траен мир. Но ако мора всушност да го култивираме духот на оваа традиција (како што, верувам, најголем дел од интернационалните институции прават од Првата светска војна), исто мораме да се обидеме да ги прилагодиме границите на оваа традиција на нашето доба со тоа што ќе ги анализираме начините на кои тие биле дефинирани и одредени со онтотеолошките, филозофските и религиозните дискурси во кои космополитскиот идеал се формирал. Ова не е мала задача и немаме време дури ни да ја започнеме овде дискусијата. Она што го нарекувам „демократијата која доаѓа“ би ги надмашило границите на космополитанизмот, т.е.,на светското државјанство. Повеќе би било во согласност со она што им овозможува на единечните битија (било кому) да „живеат заедно,“ онаму каде сеуште не се дефинирани со државјанство, т.е., со нивната условеност како „законски субјекти“ во една држава или легитимни членови на национална држава или дури и на конфедерација или светска држава. Би вклучувало, на кратко, еден сојуз кој го надмашува „политичкото“ како што обично се дефинира (означување најчесто резервирано за државата или граѓанското тело во една нација врзано со една територија, дури и ако, ко што нè потсетува Шмит, државата не е единствениот облик на политичкото). Ова, сепак, не води кон деполитизација – сосем спротивно. Меѓутоа, тоа не бара друга размисла и друго ставање во пракса на концетот „политичко“ и на концептот „свет“ – кој не е ист со „космос.“ Со ова речено, а бидејќи сево ова ќе остане уште некое време вон досег, верувам дека мора да се стори сè за да се прошири привилегијата на државјанството во светот: премногу мажи и жени се лишени од државјанство на толку многу начини. Дури и кога не им е директно одбиен статусот на државјанин, „човековите права и граѓанските права“ на кои можат да се повикаат се строго ограничени.

 

БОРАДОРИ: Ми изгледа дека оваа деконструкција на концептот за космополитанизмот подразбира деконструкција на идејата за држава.

 

ДЕРИДА: Космополитанизмот, како што класично се сфаќа, подразбира некаков вид на државен суверенитет, нешто како светска држава, чиј концепт може да биде теолошко-политички или секуларен (т.е., секуларен по своето наследство, иако тејно теолошко-политички). За деконструкцијата да што поефикасна, не смее, според мене, постојано да ù се спротивставува на главата на државата на унилателарен начин. Во многу контексти, државата може да е најдобрата заштита против одредени сили и опасности. И таа може да го обезбеди државјанството за кое беше збор. Така, одговорноста која треба да се преземе во однос на државата се менува зависно од контекстот и нема релативизам во ова што го препознаваме. Но, во крајни граници, овие неопходни трансакции не смеат да ја попречат деконструкцијата на државниот облик, која еден ден не смее да биде последниот збор на политичкото. Ова движење на „деконструкција“ не нè чекаше за да почне да зборува за „деконструкција“: тоа се одвива веќе подолго време и ќе продолжи да се одвива. Нема да земе облик на потиснување на суверената држава во одреден временски миг, туку ќе мине низ долга серија на сеуште непредвидливи конвулзии и трансформации, низ сеуште нечуени облици на споделена и ограничена сувереност. Идејата, па дури и практиката на споделената сувереност, т.е., на ограничувањето на сувереноста, веќе подолго време е прифатена. А сепак таква споделива или споделена сувереност веќе му е контрадикторна на чистиот концепт на сувереност. Како што Бодин, Хобс и други посочиле, суверенитетот мора да биде и да остане неделив. Деконструкцијата на суверенитетот значи веќе е започната и нема да има крај, оти ниту можеме ниту треба да се одречеме чисто и едноставно од вредностите на автономијата или на слободата, или на моќта или силата, кои се неодделиви од самата идеја за законот. Како да ги помириме безусловната авто-номија (темелот на чистата етика, на сувереноста на субјектот, на идеалот на еманципација и на слобода, итн.) и хетеро-номијата, која, ко што спомнав пред малку, ù се наметнува на сета безусловна гостопримливост заслужна за тоа име, на секое добредојде на другиот ко на друг? Одлуката, ако постои таква, е секогаш одлука на другиот, како што се обидов да покажам другаде. Одговорноста за одлуката, ако постои таква и ако некој мора да одговара, се сведува секој пат, на несводливо единствен начин, без никаква нормативна програма и без никакво сигурно знаење, на трансакција помеѓу императивот за автономија и императивот за хетерономија, каде што обете се еднакво императивни.

 

БОРАДОРИ: Говоревме за толеранција, гостопримство и космополитанизам. Како гледате на проблемот на човековите права? Каков е односот помеѓу поимот на права и оној на гостопримство? Едно право претпоставува некој кој го дава тоа право во однос на некој друг, т.е., попрецизно, во еден општествен контекст, во една организирана заедница. Ако концептот на државата, кој е концепт на правно организирана заедница, не е веќе последниот збор на политичкото, како ќе ја одржите идејата за човекови права?

 

ДЕРИДА: Всушност, денес сè повеќе токму во име на човековите права и нивната универзалност се става под прашање суверениот авторитет на државата, се воспоставуваат меѓународни судови на правдата, државни или воени лидери се даваат на суд откако ќе се отстранат од правосудниот систем на нивната сопствена држава. Концептот на злостор против човештвото или на воено злодело веќе не потпаѓа под авторитетот на националните правни институции и суверени држави. Барем во принцип не. Ги познавате огромните проблеми со кои сега се соочуваме во овој поглед.

Мора повеќе од кога и да е да се застане на страна на човековите права. Ни требаат човековите права. Ние имаме потреба од нив и тие имаат потреба од нас, оти секогаш постои недостаток, не достасуваме, недоволност: човековите права никогаш не се доволни. Што самото по себе е доволно да нè потсети дека тие не се природни. Човековите права имаат своја историја – една скорешна, сложена и недовршена историја. Од Француската револуција и првие Декларации сè до декларацијата по Втората светска војна, човековите права се постојано збогатувани, рафинирани, појаснувани и дефинирани (права на жените, на децата, право на работа, на образование, човекови права над „човековите и граѓанските права,“ итн.). Да го земеме ова историски и оваа усовршивост во предвид на афирмативен начин, некогаш не смееме да го забраниме најрадикалното можно ставање под прашање на сите концепти кои делуваат овде: човечноста на човекот („вистинското“ од човека или на човековото битие, кое го поттикнува целото прашање на нечовечки битија, како и прашањето на историјата на скорешни правни концепти или изведби како „злостор против човештвото“), а потоа и самиот концепт на права или на закон, па дури и концептот на историјата.

Бидејќи правдата не забршува со закон. Дури ниту со должности, кои, на сеуште сосема парадоксален начин, „мораат,“ „треба“ да ги надмашуваат облигациите и долгот. Се обидов да покажам на друго место дека секоја чиста етика мора да почне над законот, должноста и долгот. Над законот, ова е лесно да се разбере. Над должноста, ова е скоро незамисливо. Сетете се што Кант има речено: моралниот чин мора да се стори не само „во согласност со должноста (pflichtmassig)“ туку „од должност (eigentlich aus Pflicht),“ „од чиста должност (aus reiner Pflicht).“ Ако го следиме до овде Кант, ко што несомнено би требало, сеуште е потребен скок. Ако делувам од чиста должност, бидејќи морам така да сторам, бидејќи тоа го должам, бидејќи постои долг кој морам да го платам, тогаш две граници доаѓаат да фрлат дамка на секоја чиста етичност или чиста моралност. Од една страна, му го потчинувам моето делување на одредено знаење (би требало да знам што е мојата чиста должност во чие име делувам). Меѓутоа, едно дело кое едноставно се потчинува на знаењето не е ништо повеќе од пресметлива последица, поставување на норма или на програма. Не вклучува никаква одлука или одговорност вредни за тоа име. Од друга страна, делувајќи од чиста должност, се ослободувам од долгот и така го завршувам економскиот круг на размена; никако не ја надмашувам тотализацијата или ре-апропријацијата која нешто што дарот, гостопримството или самиот настан би требало да ги надмаши. Затоа мораме да делуваме од должност над должноста, мораме да го надминеме законот, толеранцијата, условното гостопримство, економијата, итн. Но да се надмаши не значи да се дискредитира она што се надмашува. Оттаму и потешкотијата на една одговорна размена помеѓу два реда или, подобро, помеѓу редот и она што го надмашува. Оттаму сиве апории и неизбежноста од авотимунитарен ризик.

 

БОРАДОРИ: Ова звучи како регулативна идеја, иако не знам дали би ви се допаднал овој израз...

 

ДЕРИДА: Вистина. Но мојата резервираност не е направо приговор. Таа е токму резервираност. Во недостаток на нешто подобро, ако можеме вака да кажеме за една регулативна идеја, регулативната идеја останува можеби крајна резервираност. Иако такво последно прибежиште ризикува да стане алиби, задржува одредено достоинство: не можам да се заколнам дека еден ден нема да му се предадам.

Имам, на кратко, три вида на резервираност. Ме загрижува во некоја мера, пред сè, мошне слободниот начин на кој овој поим на регулативна идеја тековно се употребува, вон нејзиниот строго кантовски контекст. Во овој случај, регулативната идеја останува во редот на возможното, возможен идеал, сигурно, таков кој бесконечно се одложува, но кој учествува во она што на крајот на една бесконечна историја сепак би припаднало во областа на возможното, областа на виртуелното или потенцијалното, на она што е во нечија моќ, некое „јас можам,“ да се досегне, во теорија, во облик кој не е сосема ослободен од сите телеолошки завршетоци.

На сево ова јас би му го спротивставил, на прво место, сè она што претходно го ставив под насловот на не-возможно, на она што мора да му остане (на не-негативен начин) туѓо на редот на моите можности, на редот на „јас можам,“ на теоретските, описните, констатирачките и изведбените редови (во онаа мера во која последново сеуште имплицира моќ гарантирана од некое „јас“ со конвенции кои ја неутрализираат чистата настанливост (eventfulness, ориг.) на настанот). Ова го милсев пред малку со поимот хетерономија, по закон дојдена од другиот, со одговорност и одлука на другиот – на другиот од мене, еден друг кој е повелик и постар од мене. Ова не-возможно не лишува. Не е непристапно и не е нешто што можам бекрајно да го одложувам: најавено ми е, се слева врз мене, ме претекнува и ме зафаќа сега овде, на невиртуелибилен начин, во стварност а не во потенцијалност. Ми доаѓа од горе, во облик на наредба која не само чека на хоризонтот, која никогаш не ме остава на мира и не ќе ми дозволи да ја одложам за подоцна. Таквата итност не може да се идеализира, не повеќе одошто може другиот ко друг. Ова не-возможно така не е регулативна идеја или идеал. Тоа е она што е најнепорекливо стварно. Како и другиот. Како несводливата и непоседлива различност на другиот.

Потоа, на второ место, одговорноста за она што останува да се одлучи или стори (во стварност) не може да се состои во следење, примена или остварување на одредна норма или правило. Кога постои одредливо правило, знам што мора да се стори и штом такво знање го диктира законот, делото го следи знаењето како пресметлива последица: човек знае по кој пат да појде, веќе не се двоуми; одлуката тогаш не одлучува ништо, туку само се поставува со автоматизам својствен на машина. Нема веќе место за правда или одговорност (било правна, политичка или етичка).

На крај, на трето место, ако овој пат се вратиме на строгото значење кое Кант ù ја дал на регулативната употреба на идеите (наспроти нивната конститутивна употреба), за да кажеме што и да е на оваа тема и, посебно, да ги присвоиме овие поими, би морале да се повладееме по целата кантовска архитектоника и критика. Ова не можам да го сторам и не можам ниту да се решам да го направам овде со некаква сериозност. Би морале да започнеме со прашањето зошто Кант ги нарекол „оние разлики во интересот на разумот,“ имагинарното (focus imaginaris, точката кон која сите линии што ги насочуваат правилата на сфаќањето – кое не е разум – течат и во која се пресекуваат, точката кон која тие бескрајно се приближуваат), нужната илузија, која не мора нужно да нè лаже, фигурата на еден пристап или приближување (zu nahern) кое тече бесконечно кон правилата на универзалноста, а посебно незамнеливата употреба на како да (als ob). Не можеме да го обработиме тоа овде, но можете да замислите колку внимателен би бил да ја применам на било каков ригорозен начин оваа идеја на регулативната идеја. Да не заборавиме, бидејќи толку зборувавме за светот и светските движења, дека самата идеја за светот останува регулативна идеја за Кант, втората регулативна идеја, помеѓу две други кои самите, така да се рече, се два облика на суверенитет: „јас самиот“ (Ich selbst), како душа и мисловна природа, и Бог.

Ова се неколку причини зошто, без да се откажам од разумот и од одредени „интереси на разумот,“ се двоумам да го употребам изразот „регулативна идеја“ кога говорам за она што доаѓа или за демократијата која доаѓа.

 

БОРАДОРИ: Така го следите Кјеркегард во овој поглед.

 

ДЕРИДА: Несомнено, ко и секогаш. Но еден Кјеркегард кој не би бил неопходно христијанин, а можете да замислите колку тешко би било ова да се обмисли. Се обидов да се објаснам на оваа тема на друго место. Секогаш се правам ко да го прифаќам ко да на Кант (што никогаш не можам сосем да го сторам), или ко Кјеркегард да ми помогнал да размислувам над неговото сопствено христијанство, ко на крајот тој да не сакал да знае дека не бил христијанин или одбил да признае дека не знаел што значи да се биде христијанин. (На крајот, не можам да се приволам сосем да верувам во ова, навистина, не можам да се приволам да верувам воопшто, т.е., на она што обично се нарекува „да се верува.“)

Но она шо го прави невозможно, неизведливо правилото на едно вакво интервју, е еден закон на родот кој ни наредува секогаш да чиниме ко да: ко сè за што говориме на квази-спонтан начин да не се обработило другаде, од други или од нас, во веќе публикувани дела и со поразвиени аргументи. Како што можете да видите, верувам дека морам, во секој миг, да правам ко истовремено и да го почитувам и да го прекршувам нашиот договор.

 

Превод од англиски: д-р, м-р Ана Пејчинова

 

Белешки кон текстот:

 

Диктичко, deictic, (ориг.) - она што се однесува на или е карактеристично за збор чие значење зависи од околностите во кои се употребува (заб.прев.).

Граница, на англиски frontier (заб.прев.).

“литотички,” “литоза” – реторичка фигура кога се кажува спротивното за да се нагласи пораката. На пример, „не бев воопшто спокоен” значи „бев мошне неспокоен.” (бел. прев.)

Во оригиналот credit, во превод и доверба и кредит (заб.прев.).

Игри на зборови: (а) “не-претставливо,” во оригиналот “im-presentable”, но каде “present” значи и “да се претстави„ и „сегашност„. Значи, преводот би можел да гласи и како “она кое не може ниту да се претстави ниту да има своја сегашност.” (б) „a’venir,” буквално преведено е „во доаѓање,” „доаѓа”; игра со зборови од францускиот „avenir,” или „иднина.” (бел. прев.)

Синегдоха – реторичка фигура; заменување на еден повеќе инклузивен поим со помалку инклузивен, и обратно; овде „бин Ладен“ е помалку никлузивен поим кој озналува поширок феномен (бел. прев.).

Усовршивост – превод на неологизмот perfectability, способност или отвореност кон усовршување.

Повторно игра на зборови со „сегашност“ и „претставливост“ или „присутност“ (presentable, ориг.): оваа фраза може да се преведе и како „демократијата никогаш не може да се претстави“ и како „демократијата никогаш не може да има, да стане сегашност, да биде присутна.“ Се мисли на неостварливост на еден апстрактен принцип на демократија, чија апликација никогаш не го остварува принципот во потполност, но никогаш и не се откажува од усовршување на обидите да го оствари принципот на демократијата во сегашност.

Со друго зборови, не можат да се виртуелизираат и не можат да се де-територијализираат. Отстранети од својата природа, или природност, губат од својата вредност, во некоја мера (со детериторијализација) или потполно (со виртуелизација) (бел.прев.).

 

Reason, во ориг. Може да се преведе и како резон, и како причина, овде во смисла на мотив, моќ да се оствари тој мотив и рационална мисла која ги отсликува и мотивот и моќта на оној кој може, а не мора да биде толерантен.

 

 

 

Жак Дерида: Автоимунитет-Стварни и симболични самоубиства

Вилијам Блејк: Четирите Зои

Gordana Stojkovska: Abridging

Елен Дорион: Светлини и сенки

Бланшо: Суштествената самотија

Бланшо: Зборот кој талка

Бланшо: Маларме

Бланшо: Спиј, ноќи

Бланшо: Вон, ноќта

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by