The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

Диви виденија

 

“Сè што живее е свето.”

- Вилијам Блејк

 

Вилијам Блејк, син на трговец со ткаенини од Вестминстер, се родил на 28. ноември 1757 г. Трето од пет деца, одел на училиште само толку долго за да научи да чита и пишува, но подоцна се стекнал со исклучително знаење како самоук. На возраст од единаесет години Вилијам се запишал во Школата за цртање на Пар во Стренд. Три години подоцна му станал чирак на Џејмс Базир, гравер на Кралското друштво на антикварите. Станал слободен гравер на возраст од дваесет и пет години, кога и се оженил со Кетрин Бушер. Ја научил да чита и пишува и да му помага во работата. Немале деца, а во нивниот хармоничен, иако необичен брак биле сосредоточени еден на друг и на творештвото на Блејк. Заедно работеле да го создадат првото изданието на песни и цртежи на овој поет, со наслов Песни на невиноста.

           Во 1784 година Блејк отворил печатница заедно со Џејмс Паркер, во бр. 27 на Броуд Стрит. Работата била несупешна и во 1786 г. тој се вратил да работи со Џозеф Џонсон. Во тој период Блејк почнал да експериментира со нова метода на гравирање. Првото од неговите ил­му­ни­рани дела, Природна религија, излегло во 1788 г. Стиховите и илус­тра­циите биле исцртани превратено, на “демонски начин,” ко самиот гравер што го нарекол. На бакарни плочи цртал со течност отпорна на киселина; потем плочата ја премачкувал со киселина, која разјадувала сè што не било исцртано во течност. Со бакарните плочи печател отисоци кои потоа на рака ги боел. Блејк ги гравирал и буквите и цртежите, Кетрин ги правела печатените отисоци, ги боела цртежите и ги подврзувала книгите. Овие бавно се продавале, една за неколку шилинга – авторот никогаш во животот не заработил многу, поточно скоро ништо, од својот поетски труд. Славата на Блејк како уметник и гравер се темели во најголема мера на една збирка од дваесет и еден бакрописи со илустрации на Книгата на Јов и Стариот завет. Меѓутоа, многу труд вложил во дела со кои други уметници и гравери се прославиле. Блејк исклучително слабо се снаоѓал во склучувањето зделки и порадо работел на теми по сопствен избор отколку по нарачка на издавачи. Издавачите не сакале да соработуваат со него бидејќи постојано ги изведувал своите теми наместо нарачките.

           Природната религија била проследена со Песните на невиноста (1789), Венчавката на небесата и пеколот (1790) и Песните на искуството (1794). Во своите книги Француската револуција (1791), Америка: предвидување (1793) и Виденија на ќерките на Албион (1793), Блејк го развил својот препознатлив став на бунтовник против авторитетите, спојувајќи политички убедувања со визионерски поетски занес.

           Во 1800 г. Блејк се преселил во Фелхам во Сасекс, каде Ви­ли­јам Хејли го вработил да му ја декорира библиотеката со гравури на гла­ви на осумнаесет велики поети на тоа доба. Хејли исто го најмил Блејк да ги изработи гравурите за своето дело Животот на Каупер. Токму во овој период Четирите Зои се напишани. За време на престојот во Фелхам, тој поч­нал да работи и на своите големи спевови Милтон и Ерусалим.

           Во август 1803 г., еден инцидент го вознемирил тивкиот живот на Блејкови. Вилијам на сила го отстранил пијаниот војник Џон Скофилд од својот двор во Фелхам. Скофилд потоа тврдел дека Блејк “го колнел Кралот и рекол дека сите војници се робови.” На основа на сведочењето на Скофилд, Блејк бил обвинет за најтежок облик на државно пре­давство и бил даден на суд во Чичестер. Со голема поддршка на своите соседи-селани, Блејк бил ослободен од обвиненијата, но сепак, огорчен, се вратил во Лондон.

           Единствената изложба на делата на Блејк во текот на неговиот живот ја организирал самиот тој. Се одржала во Кралската академија во Лондон, во 1809 г., и завршила како потполна пропаст. Блејк потонал во заборав и живеел повторно, ко целиот свој живот, мошне сиромашно. Продолжил да пишува поезија, да слика и да прави гравури, но ретко наоѓал клиенти за својот труд. Умрел во 1827 г. и бил погребан во необележан гроб на Банхил Филдс. Најголем дел од не­го­ви­те дела се загубени или уништени од небрежност.

 

Осамениот визионер

 

           Блејк, чие диво и наивно видение го гонело на раскол со неговото доба, оддава впечаток на личност сочинета од живи и среќни контрадикторности, прекумерна во секој поглед: во гневот и во простодушноста, во јасноста на поетските слики и сложеноста на личниот симболизам, во суровата иронија и безграничната вера. Во својот живот и во делата, тој отфрлал секаков авторитет освен сопствените ви­денија, позајмувал од сè што му дошло под рака и успеал да сочини еден моќен и ав­тен­тичен митско-симболички систем.

           Алфред Казин, во својот Вовед во Вилијам Блејк (1), пишува: “Изолацијата на Блејк била – понекогаш мислам дека сеуште е – апсолутна. Би­­ла тоа изолација на еден ум кој стремел да го најде најдоброто во небесното и во земното, но не во претставите ниту за едното ниту за другото. Била тоа изолација на еден сосема различен вид на човечка видение, на непомирлива жедба по потполна интеграција на чо­ве­кот, во сета негова природа, со вселената... занаетчија кој не можел да заработи ниту за живот, изолацијата на Блејк може да се спореди со онаа на револуционерот кој седи во својата прашна соба и пишува манифести против општеството кое не му обрнува внимание, со белешки кон текстот против други револуционери кои сметаат дека овој е луд.  Се работи за изолација на еден гравер кој престанал да добива нарачки бидејќи секоја нарачка ја претворал во сопствено дело на независно создание. Блејк бил лирски поет со интерес претежно за идеи и сликар кој не верувал во природата. Бил комерцијален уметник кој бил гениј во поезијата, сликарството и религијата. Буквално бил опседнат со Бога, мистик кој ги превратил мистичните шаблони, бидејќи го барал човека, а не Бога, како цел на својата потрага. Бил тоа христијанин кој мразел цркви, револуционер кому му се гадел материјализмот на радикалите. Бил темелен работник кој, понекогаш живеејќи на фунта неделно, сам себеси се нарекувал “умствен принц”, а тоа и бил.”

           Игнориран, неразбран и со избувлив карактер, авторот пател од своите виденија исто колку и што добивал со нив. Блејк останува еден фасцинантен феномен на книжевноста, блескав, див и осамен. Неговото најголемо поетско достигнување е недовршениот еп Четирите Зои, можеби највпечатливата и најинтензивната несовршеност на англиската книжевност.

 

Четирите Зои

 

           Митолошката конструкција на Вилијам Блејк опфаќа прилагодени референци на постоечки митологии, на Библијата и на повеќе тогашни мистици. Епот никогаш не бил завршен, та оваа книга вклучува две сосем различни верзии на Седмата ноќ, како и обемни белешки кон постарите верзии на текстот. Иако во светската книжевност се користат повеќе транскрипции на Зоите, овој преводот го следи првиот постоечки препис на Џефри Кејнс, и тоа во сите (а)граматички специфичности (употреба на незатворени наводници на почеток на стих, аритмична капитализација на именки и глаголи и сл.), во име на зачувување на духот на делото, како и на доловување на процесот на создавање на епот. При споредба со некои подоцнежни транскрипции на епот, (http://www.english.uga.edu/nhilton/Blake/blaketxt1/the_four_zoas.html) се забележуваат разлики во стилот на уредувачот (види го воведниот цитат на Вала, Ноќ прва, Посланица до Ефесјаните).

           Името „Зоа” е изведено од старогрчкиот збор зое кој значи „живот”. Четирите Зои, четирите компоненти на божествената животна сила, се главните ликови на овој еп: Уртона е креативната плодност; Тармас е моќта на отелотворување – првата привилегија изгубена со Падот; Лува е човековата способност за љубов и задоволство, а Уризен е мудроста и осетот за облик и сразмерност. Токму Уризен, кога „паѓа”, станува Сотоната, мртвата материја која е соодветен облик на паднатата природа на човекот и светот кој тој, така паднат, го гледа со затворените очи.

           Богот на Блејк е еден радосен бог за кого „премногу е доволно,” а „преобилноста е убавина.” Четирите Зои се четири аспекти на овој животен бог, својствени на Божествениот Човек Албион, во кого живеат во блажено единство. Но кога свеста и перцепцијата паѓаат, овие аспекти-Зои почнуваат да се гледаат себеси како независни, единечни битија и се одделуваат во своеглава борба за превласт над Човекот; се борат сами против себе, против своите Еманации, женските содружнички, и против останатите Зои. Паднатите Зои стануваат самоубедени божества на ум­но­же­но­то човештво, тирани наместо слуги на Албион и на човештвото,  кое е телото на Албион. Овој еп е всушност историја на нивниот пад и на нивното долго враќање кон првобитната состојба на единство.

           Нортроп Фрај, во својата студија на Блејк „Страшната симетрија, (2) ја да­ва следната мапа на системот на кореспонденции во „Зоите, од која на­ведуваме дел:

 

Вечно име

Лува      

Уризен 

Тармас  

Уртона

Времено име

Орк

Сотона

Закрилен ангел

Лос

Еманација

Вала

Аханија

Енион

Енитармон

Квалитет

Љубов

мудрост

моќ        

фантазија

Позиција

центар  

зенит    

кружница

дно

Елемент               

оган      

воздух  

вода      

земја

Состојба

Создание

Едем

Бјула

Улро

Правец

исток    

југ

запад     

север

Доблест               

љубов

вера

надеж

видение

Грев

омраза  

сомневање

очај

рамнодушност

           На кратко, дејствието во „Зоите започнува со Ноќта прва, со падот на Тармас и крајот на Златното доба; Ноќта втора го опишува падот на Лува и крајот на Сребреното доба, а Ноќта трета падот на Уризен и крајот на Бронзеното доба. Четвртата ноќ е почетокот на Железното доба, или човештвото во неговиот сегашен облик, и го опишува воспоставувањето на циклусот на паднатиот живот (Адам) и смртта (Сотоната). Раѓањето и оковувањето на Орк е опишано во Ноќта петта, а истражувањата на Уризен на своите длабочини во Ноќта шеста. Распнувањето на Орк и триумфот на моралната доблест се случува во Седмата ноќ, кога имагинативното творештво, почетокот на враќањето кон светсста, станува можно со спојувањето на Лос и Сеништето на Уртона. Овој настан е напореден со „отелотворувањето на Гревот, симболизирано со раѓањето на Рахаб од Сеништето на Уртона и Сенката на Енитармон. Во Ноќта осма, потенцијалите од Ноќите седма и осма се кристализираат во Христос и Антихрист. Деветтата ноќ ја опишува Апокалипсата и обновувањето на вечноста.

           Не е лесно да се извлече конзистентна филозофија од записите кои Блејк ги оставил зад себе. Самиот тој мразел какви и да се воопштувања и непроменливи ставови. Во различни дискурси користел истоветни термини во спротивно значење, чија смисла зависи од контекстот. Често не е лесно да се разликува дали е наивен или ироничен. Настаните се обвиени во симболизам каде видливиот, материјален слој на симболот често намерно упатува на спротивно од првотното, духовно значење - една поетска техника која ја претставува ограниченоста на материјалниот вид во споредба во имагинативното видение, Вечноста на Блејк (3).

           Оваа постојана неодредливост и повеќезначност на симболи и материјални форми го претставува пресекот, взаемното пробивање и просјајување на пеколот и небесата, каде разликата лежи единствено во окото на набљудувачот. Прашањето на набљудувачот, на набљудуваниот објект, нивниот сооднос и процесот на перцепција се од суштинска важност за разбирање на светогледот на авторот. Ова е врзано со сфаќањето на Блејк за библискиот Пад, што тој го толкува како пад во способноста да се перцепира и делува соодветно: пад од видението, преку видот, до самосоздадените призраци на параноична вообразба затворена во себе. Така, делото на Блејк може да се земе и како согледување на модификациите на човековата свест во однос на бесконечноста, што епската историја на Зоите всушност и го опишува.

           Добата во кое живеел Блејк, втората половина на 18-тиот век, не знаело за дарвиновата еволуција, за фројдовското потсвесно и  теориите на квантната физика. И други мистици, како Парацелзиус, Беме и Сведенборг, умееле да ги прифатат одеднаш и Библијата и ме­ханицизмот на Њутон. Тогашниот Лондон бил сведок на Француската револуција, американската војна за независност и демократија, колонијализмот, опсесијата со Древните, месмеризмот, религиозни преврати, сиромаштија, проституција и институционална естетика, порастот на средната класа и ексцентричноста на поединците. Очите на Блејк го гледале сет тој свет како двојство: физичките случувања како проѕирни еманации на вечните настани. Тој ги оденувал своите согледувања во митски јазик на боја и поезија. Живеел како бунтовно и често очајно битие обземено со страст за космички настани и преобразби. Неговата потполна верба во создателното видение отворила пат за цела космологија, во која се обидел да го преобрази светот во едно огромно страсно дви­же­ње во човечки облик. Четирите Зои се отелотворување на токму таа страст.

 

Кон печатеното и електронското издание

 

           Во поддршка на принципот на отворен пристап кон книжевни дела, Четирите Зои е непрофитно издание заштитено според Creative Commons License ’некои права се задржани’ : дозволено е слободно репродуцирање и дистрибуција на текстот со обврзни соодветни референци кон авторството на делото, без измени во содржината, и во исклучиво непрофитни цели. Со со­ласност на издавачот и преведувачот, електронска верзија на македонскиот превод на епот може да се најде со безбариерен пристап на: http://www.anapejcinova.org. Доколку електронската верзија на текстот не се појавува на вашиот монитор во читлива верзија, искористете ја текстуалнаta word верзија на книгата. Во случај на проблем со обете опции, слободно контактирајте ме преку емаил и можете да ја добиете книгата во своето електронско сандаче. Печатената верзија на книгата може да се купи за симболична цена во (се надевам) секоја книжарница, со додатен попуст за студенти.

 

(1) Alfred Kazin, Introduction to Blake, in The Online Multimedia Library

 

(2) Northrop Frye: The Fearful Symmetry; Princeton University Press (1969)

 

(3) На пример, дрвото како симбол може да означува Дрво на Животот или Дрво на Тајната; град може да означува Божји Град и/или град на опаѓањето на етичноста; пеколот може да претставува пекол на задоволство и блажина и/или пекол на фрустрирана жедба, итн.

 

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by