ИЗБОР на СТИХОВИ од ЧЕТИРИТЕ ЗОИ на Вилијам Блејк
„ Ефраим повика кон Сиона: ‘Разбуди се, О Планино Сестро! „‘Да ги одбиеме Плугот и Лопатата, тешкиот Валец и запчестата „‘Брана*; запали ги сите Житни полиња, отфрли ги сите огради! „‘Згоен да се биде од Човечка крв и опиен од животно вино е далеку подобро
„‘Од сет овој труд на жетва и гроздобер. Погледни ја реката, „‘Црвена од Човечка крв, ми се бранува жедбена околу карпестите колена; „‘Облаците мои не се облаци на зелени полја и овошни падини, „‘Туку Облаци на Човечки Души; ноздрвите ми пијат Човечки Животи.’
„Селата Тажат: бледеат послани во рамнината. „Тажачка тече по Долините од Воденицата и од Амбарот. „Но најмногу мазните Дворци, мрачни, тихи, се веднеат под ужасот „Скривајќи ги книгите и сликите под дувлата на Земјата.
„Градовите праќаат пораки еден до друг и велат: ‘Синовите мои се Збеснати „‘Од виното на свирепоста. Нека заигра камшикот, О Граду Брате.’ „Децата ги гојат за Колеж; еднаш го доеја Детето „Со Млеко, но од каде сега Децата се појат со крв?
„Коњот вреди повеќе од Човекот. Лутиот Тигар „Му се смее на Човечкиот лик; Лавот се потсмева и жеднее за крв. „Викаат тие:, ‘О Пајаку, рашири си ја мрежата! Нека ти нараснат коските и полн „“Срж, жили и плот, Воздигни се себеси, здобиј се со глас.
„“Повикај ги оружаните мноштва мрачни; бидејќи сите синови Човечки се збираат заедно „“Да ги опустошат градовите свои! Ќе исчезне Човекот!’ ‘Разбудете се, О Мноштва!’ „Влакното на лакот запеа над ридиштата, ‘Лува и Вала ездат „Победнички на крвавото небо, а Човечкиот облик го нема веќе.'
„Заслушани Ѕвездите дочуја и првиот зрак на утрото назад се врати: „Му свика на Татка си ‘замини! замини!’ но одненадеж Фатен „И оклопен во челик, а Атот гордо му зацвили; ја намириса тој битката „Оддалеку. Брзајќи назад, црвен од гнев, Моќниот Татко
„Го грабна светлиот Овчарски стап окован со скапоцени камења и злато; го Заврте околу „Главата, со остро шиштење на Небото; надолу се втурна Сонцето со звук „Боен; Планините побегнаа; побараа место долу.
„Зошто Гарванот грака гласно и ниедни око не го сожалува? „Зошто се струполуваат Ластовицата и Клукајдрвецот во безхраната зима? „Изнемоштени, растреперени, стојат на безлисна грмушка или замрзнат камен,
„Снеможени од барање храна по снежната пустош, малите им „Срца ладни, а јазичињата собрани, што еднаш во безгрижна радост им „Дареа благодарници-песни на бранливите полиња жито околу гнездата.
„Зошто завиваат Лавот и Волкот? зошто талкаат надалеку? „Залажани од летната жега, се разонодуваат во огромна љубов, „А ги отфрлаат своите млади во гладните дивини и песочните пустини.
„Зошто Овцата му се предава на ножот? Јагнето си игра на Сонце: „Затреперува! ги слуша стапките на Човекот! вели: Земи ми го руното, „Но поштеди ми го животот: но не знае дека зимата брзо доаѓа.
„Пајакот седи сред исткаена Пајажина и желно ја демне Мушичката. „Во ист миг доаѓа прегладнета Птица и го однесува Пајакот. „Пајажината останува напуштена, што немирното дребно срце „Толку внимателно ја исткало и пружило со воздишки и умор.”
„Радоста на жената е смртта на нејзиниот најсилно љубен „Кој умира од љубов по неа „Во маки на лута љубомора и бодежен восхит. „Ноќта на Љубовниците ми ја понесува песната „И деветте сфери се радуваат под моќната ми власт.
„Пееја тие непрестано по нотите на бесмртната ми рака. „Свечената Месечина тивка „Ми одѕвонува со живо созвучје преку телото, „Птиците и ѕверките се веселат и играат „И секој си бара друшка за себе за да ја искаже својата најдлабока радост.
„Бесни и страшни тие си играат и ги кинат долните пропасти; „Провалијата ја подигнува кршевитата глава „И изгубена во бескрајно распавтани крилја, исчезнува со вик. „Гласот кој избледува постојано умира, „Живиот глас постојано живее во својата најдлабока радост.
„Разбудете се, вие блескави крилца малечкави, и пејте детска радост! „Разбудете се и испијте си ја блажината! „Бидејќи сè што живее е свето; бидејќи изворот на животот„Се симнува во расплаканото бебе; „Бидејќи Земниот црв ја обновува влагата на песочната полјана.
„Сега левава рака ја подавам кон долната земја, „И ударам по страшната жица. „Будам слатки радости во скривалиштата на жалобата и засадувам насмев „Во кориите на несреќата „И ги будам пенливите извори на животот во синорите на мрачната смрт.
„О, изнемоштена сум! положи ја раката врз мене или ќе ја загубам свеста, “Ќе снеможам под овие зраци твои, „Бидејќи ти ми ги допра петте сетила и тие ти одговорија. „Сега јас сум ништо и тонам, „И на постела од штама спијам сè додека не ме разбудиш.”
„Морам да сеам трње наместо жито, коприва за закрепа слатка. „Посадив лажна заклетва во земјата; изникна од неа отровно дрво. „Ја одбрав ламјата за советник, и песот „За учител на моите деца. „Им го замрачив светилото и животот на ластовицата и на славејот, „И сторив земниот црв да пита од врата на врата.
„Го подучив крадецот на тајниот влез во куќата на праведникот. „Го подучив на бедна итроштина да ги пружи мрежите преку утрото. „Небесата мои се бакар, земјата железо, месечината грутка глина, „Сонцето мое чума што гори напладне и испарувања на смртта ноќе.
„Колку чини Искуството? Дал’ луѓето го купуваат за песна? „Или мудрост купуваат за уличен танц? Не, тоа се купува по цена „На сè што човек има, куќата своја, жената, челадта свои. „Мудроста се продава на пуст пазар каде никој не доаѓа да купи „И на исушено поле каде земјоделецот взалудно ора за леб.
„Лесно е да се слави под летното сонце „И при гроздобер и да се пее на кола товарена со жито. „Лесно е да му се говори за трпеливост на унесреќениот, „Да му се кажуваат законите на Штедливоста на бездомниот скитник, „Да се слуша гладниот гарванов крик во зимно доба, „Кога румената крв е полна вино и јагнешка срж.
„Лесно е да им се смее на бесните бури, „Да се слуша песот како вие на зимска врата, волот во кланица како мука; „Да се гледа божество во секој ветар и благослов во секој удар; „Да се чујат звуци на љубов во разгрмената бура што ги уништува домовите на душманите наши; „Да й се радува на наездата што му ги прекрива нивите и на болеста што му ги коси децата, „Додека нашата маслина и лоза пеат и се смеат над вратата, а децата наши носат овошки и цвеќе.
„Тогаш воздишките и жалоста сосем се забораваат, и робот кој меле во воденица „И заробеникот во окови и сиромавиот во зандана и војникот на полето, „Кого здробена коска го легнала во маки крај посреќните мртовци.
„Лесно е да се весели под шаторите на изобилието: „Така можев да пеам и така да се веселам: но не е така со мене.” Бидејќи Уризен ги гледаше ужасите на Провалијата како лунѕаат помеѓу Паднатите духови, некогаш негови деца и деца на Лува. Исплашени од звукот на сопствените воздишки што ко да ја потресуваа неизмерноста, Тие талкаат бришејќи си ги солзите, во срцата сонце, снуждена луна, Вселена од огнени соѕвездија во нивните мозоци, Земја од зимска тага под стопалата, а околу слабините Води или виори или облаци или кружни молњи и заразни чуми. Вон границите на нивното сопство сетилата не можат да им продрат: Ко дрвото што не знае што е надвор од своите лисја и кората, А сепак ја пие летната радост и се плаши од зимската несреќа, Така, во пределите на гробот, никој не си го знае црниот содружник, Иако учествува во неговите ужасни маки и взаемно си ги возвраќаат ударите, Билото, жалоста, грчот, во маки одбивни на душата.
Страшни облици и глетки на мака во запалените зандани и во Пранги од вжештено железо; некои со круни од змии, а некои Со чудовишта опашани преку градите; некои лежат на постели сулфурни Врз запчаници и тркала; виде тој жени како чекорат преку пламени пространства Од Песок, во групи од стотини и од педесетини и од илјади, погодени од Ровји кои трештат по нив, врз рамењата во чекор Во последователни болскоти со гласни громови; брз леташе Кралот на Светлината Над пламените пустини; Потоа пустините завршија, завиткани во облаци Прав со миријади плачни во задушливите испарувања, Брз Леташе Кралот, иако опаднат во моќите, напрегнат, сè додека над карпи И Гори, блед, исцрпен, не заталка, каде мноштвата беа затворени Во цврсти планини и во карпи кои се надигаа од нивните измачувања. Потоа дојде меѓу огнени градови и замоци изградени од пламен челик. Тогаш ги виде ликовите на тигрите и на Лавовите, одчовечени луѓе. Многумина во ламји и црви, си ја пружаа необичната должина Преку мрачната почва и лигавите патеки, му го попречуваат патот Растегнат од длабина до длабина, преплетен со ребрасти И крлушести чудовишта или оклопени во железни школки или школки од бронза Или злато; светкаво измачување кое сјаеше и шиштеше во вечна болка; Некои, столбови од оган или вода, понекогаш испружени во вис, Понекогаш в долж, понекогаш склопчени, талкаа попусто во потрага по олеснување. Неговиот глас за нив беше само неразбирлив гром, оти Ушите Им беа тешки и тапи, а очите и ноздрите затворени. Често стоеше крај плачната жртва Распрашувајќи ја со збор Утешен или Гневен; никој не одговораше; секој завиен Во сопствените несреќи лелекаше без оглед на неговите зборови, ниту глас На милен одговор можеше да добие, иако често обиден со солзи. Тој знаеше дека тоа се негови Деца паднати во неговиот паднат свет.
Често ќе застанеше да го распраша лутиот скорпион златно што сјаеше; Попусто; ужасот не слушаше. Потем лав ќе зграпчеше За снажната грива, запирајќи го на патот полн вијови; попусто гласот На Уризен, попусто слаткоречивиот јазик. Карпа, Облак, Гора, Не беа сега Говорливи ко во Поднебјата на среќната Вечност Каде јагнето му одговара на детскиот глас, а лавот на човекот во години Му дава слатка поука; каде Облакот, Реката и Полето Разговараат со домаќинот и со овчарот. Туку овие болно го напаѓаа, Го грапчеа за стопалата и му ги раскинуваа жилите, така што во Спила Се скри да си ја зацели снеможената сила во одпочив и заборав.
Овде имаше време да се покае за брзоплетата закана со клетва. Ги виде попроколнати од неговата Клетва: душата му се стопи од страв. Не можеше да им ги зеде прангиите, оти им раснеа од душата, Ниту можеше да ги изгасне огните, оти им гореа од срцето, Ниту можеше да ги стиша Стихиите, оти самиот им беше потчинет; И така го прекина летот во ужас и бол и во покајнички солзи. И Уризен читаше од својата книга Бронзена со звучен тон: „Почујте го, О Ќерки, мојот глас. Почујте ги Зборовите на мудрост, „Така ќе владеете над сите; нека Моралната Должност ви го нагоди гласот. „Но срцата нека ви бидат потврди од воденичен камен. „Да ја донесеме Сенката на Енитармон под нашето чудесно дрво „ За Лос да Испари ко дим и да го нема веќе, „Привлечете ја Енитармон кон Сеништето на Уртона „И дајте му превласт над Лоса, страшниот призрак. „Принудете го сиромавиот да живее на Ронка леб, со мила и блага вештина. „Насмевнете се кога се мурти, намуртете се кога се смее; а кога човек изгледа блед „Од труд и од откажувања, речете дека изгледа здрав и среќен; „А кога челадта ќе му оболи, оставете ги да умрат; многу се „Родени, дури и премногу, и Земјава наша ќе ја прегазат „Без овие умеења. Доколку сторите сиромавиот да живее во умереност, „Со торжественост давајте го секое корче леб што го дарувате; со милостива итрост „Зголемувајте ги малите подароци; наведете го човека да посакува дар, а тогаш давајте торжествено. „Велете дека се насмевнува ако го чуете дека воздивнува. Ако е блед, речете румен е. „Проповедајте воздржаност: речете му дека е сит и дека си го потопува умот „Во силен пијалок, иако знаете дека леб и вода е сè „Што може да си дозволи. Ласкајте й на жена му, сожалувајте му ги децата, сè додека „Не подредиме сè под наша волја, ко што пците се учат со вештина. |
|||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|