The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ деветта

 

која е

 

Последниот суд

 

 

 

А Лос и Енитармон ја градеа Ерусалим, во плач

Над Гробницата и над Распнатото тело

Што пред Призрачните Очи сеуште им се јавуваше во Гробницата;

Но Исус стоеше крај нив во духот, одделувајќи

Им го духот од телото. Преплашени од Непостоењето,

Оти таква им се чинеше смртта на телото, Лос растителните раце

Ги подаде; десната рака се разграни со жилава сила и

Го фати Сонцето; левата рака, ко темни корења, ја покри Месечината,

И ги раскина тој, ги расцепи небесата попреку од бескрај до бескрај.

Тогаш паднаа пламењата на Вечноста со висок и остар

Звук на Гласна Труба што грмеше од небо во небо

Во силен ек обликуван: “Разбудете се, вие мртви, и пријдете

“На Суд од четирите ветри! Разбудете се и Пријдете!”

Се свија ко пергаменти од Огромната маса на Небесата и Земјата,

Со громовна бука и страшни потреси, се занишаа наваму натаму,

Небесата се потресоа и Земјата се измести од место,

Темелите на Вечните ридови се открија:

Престолите на Кралевите се потресоа, си ги загубиле одеждите и круните,

Сиромавите ги погубуваат своите господари, се будат за жетва,

Голите воини брзаат заедно надоле кон морската шир,

Треперат пред мноштвата робје сега слободни:

Станати се ко зимски стада, ко шуми соголени од лисја:

Крвниците ги гонат налик виор; нема каде да се бега.

 

Сеништето на Енитармон, пуштено на слобода над немирната длабочина,

Записка остро во мешаницата, а Сеништето на Уртона

Ја прими на потемнетиот југ; телата им изгубени, стоеја тие

Во трепет и слаби, мека прегратка, жарна желба, ко што

Две сенки се мешаат на ѕид; лелекаат и призрачни солзи

Паднаа, и призрачни обличја на радост се мешаа со очај и жалост.

Телата им се погребани под урнатините на Вселената

Смешани со метежот. Кој ќе ги повика од Гробот?

 

Рахаб и Тирза лелекаат гласно во дивите пламења; се предаваат на Проголтувањето.

 

Книгите на Уризен се одвиткуваат со страшен звук; Ламјата

На Орк во витки започна да исчезнува во бесен оган; жешки пламења

Избија на сите страни, собираат сила во живи Маси,

Се ширеа надалеку на сите четири ветри силно во бес, црвенеа

Во столбови незапирливи од пламен што се тркалаат наоколу, собираат

Сила од Земјите проголтани и од небесата и од сите скрити бездни,

Каде Орелот истражуваше, и Лавот и Тигарот газеа,

И каде Кометите ноќни и ѕвездите на астралниот ден

Ги фрлаа во гнев и срд стрелите и копјата ко долги зраци.

 

А сето време труба се огласува ; од густата крв и од шуплото дувло

Поаѓаат во трепет милионите во огнот на умствениот пламен,

Им се капат телата во блескавите виденија на Вечноста.

Потем, налик гулаби од столбовите на Димот, растреперените семејства

На жени и деца од секој народ под небесата

Ги опкружуваат мажите во групи од дваесетмина и од педесетмина, бледи

Ко снег што паѓа околу безлисното стебло врз зеленилото.

Нивните господари паднаа, овие ги столчија, се будат во живот.

Сепак блед праведникот простум стои и гледа кон небесата.

Потресени и погодени од Вселенскиот удар, дрвјата се откоренуваат.

Карпите стенкаат страшно и се растрчуваат наоколу; планините и

Реките плачат со ужасен вик; стоката се собира заедно,

Со мукање клекнува пред небесата; дивите ѕверови од шумите

Треперат; Лавот потресен го прашува Леопардот: “Го чувствуваш ли

“Ужасот што јас го чувствувам, незнаен до сега? Гласот ми одбива да зарика,

“И во слаби стенкања ти говорам. Ноќва,

“Пред утринските мугри, Орелот го повика Мршојадецот,

“Гарванот го повика соколот, ги дочув од црните шуми мои,

“Како велат: ‘Да одиме далеку во вис, оти наскоро, мирисам на ветрот,

“‘Ужас ќе дојде од југ.’ Орелот и Соколот побегнаа

“Во мугри, а откако сонцето изгреа, гарванот и Мршојадецот ги следеа.

“Да побегнеме и ние на север.” Побегнаа тие. Синовите Човекови

Ги видоа како заминуваат во страшни јата. Трубата се огласуваше гласно

И сите Синови на Вечноста се Симнаа во Бјула.

 

Во жешки пламења телото на Тајната лежеше исчезнувајќи во писок

И длабоко очајание. Со бучава се искачуваат пламењата околу Синагогата

На Сотоната. Гласно Ламјата Орк беснееше со своите дваесет и седум

Витки. Дрвото на Тајната се запали обвиено во пламења.

Крв потече надвор во поројни маси, се истури во вирови жешки

Од плавните порти Небесни. Портите се распрснаа; удолу се лијат

Порои црни врз Земјата; крв удолу непрестано тече.

Краловите удавени лежат во своите дворци. Овчарите, нивните стада, шатори,

Се тркалаат удолу по планините во црни буици. Градови, Села,

Високи кубиња и Замоци поплавени во црниот потоп; јато по јато

Пловат мртвите трупла на Луѓе и Ѕверови, фрлани наваму-натаму врз брановите

Од пенлива крв под црното бескрајно небо, сè додека сите

Крвници на Тајната не беа збришани и ниеден не е остана на Земјата.

 

И кога сето Зловластие се збриша од лицето на Земјата,

Околу змевското обличје на Уризен и околу неговиот карпест лик,

Пламењата што се вијат силни низ широката Вселена

Започнаа да надираат во Светиот Град. Влегуваат грозни облаци,

Во избраздени молњи си го пробиваат патот, диви пламења го лижат

Крвавиот Потоп: живи пламења окрилени со ум

И со разум околу Земјата маршираат во редови, пламен по пламен.

Од густата крв и од шупливото дувло

Поаѓаат милионите треперејќи во пламења на умствен оган,

Им се капат телата во блескавите виденија на Вечноста.

 

Зад овој Вселенски Метеж, зад најдалечниот Пол

Каде што вировите почнуваат да се вијат, стои

Грозна карпа далеку на Југ; беше заборавена

Кога Уризен ги предаде Коњите на Светлоста во рацете на Лува.

На оваа карпа лежи избледената глава на Вечниот Човек

Обвиткана сета во тревја на смртта, бледо-студена во несреќа и мака.

Ги крева тој сините светила на своите Очи и повикува со небесен глас:

Ја сведна ја главата над запалената Вселена и повика:

“О слабост и изнемоштеност! О војно помеѓу моите членови!

“Синовите мои, прогонети од градиве, врват наваму-натаму пред мене.

“Птиците мои се тивки на ридиштата, стадата ми умираат под гранките.

“Шаторите ми се срушени, трубите и слатките звуци на мојата харфа

“Се тивки на ридовите под облациве што блујат бури и оган.

“Кравјето млеко и пчелиниот мед и плодовите на златната жетва

“Се собрани во сушна јара и во пороен дожд,

“Одеждата ми е неред, а моето блескаво злато камен.

“Онаму каде што еднаш седев, исцрпен газам во несреќа и болка,

“Оти семето од моите пресушени гради стеснети од маки

“Се претворило во трње, а јаболката во отров,

“Песнопојните птици во убиствени врани, Моите радости во горки воздишки,

“Детските гласови под шаторите во крици на беспомошни деца,

“И сите изгонети од пред лицето на светлоста и сјајот на утрото

“Во овој темен свет, тесна куќа, лунѕам горе долу.

“Ја слушам Тајната како писка во Уништувачки пламења.

“Кога Човекот на деновите идни ќе стане ко во деновите стари?

“О исцрпен животе! зошто седам овде и си ги предавам сите моќи

“На небрежност, на ноќта на смртта, кога мрза и тажење

“Седат кружејќи над мојот мрачен праг? иако се исправам, погледнувам

“И ја презирам војната помеѓу моите членови, сетне срцево ми е слабо,

“А главата матна. Сепак ќе погледнам одново во утрото.

“Од каде овој звук бесен на Мажи што крвта си ја пијат,

“Опиени од задимена крв и вцрвени, но не од хранливо вино?”

 

Вечниот Човек седна на Карпата и викна со страшен глас:

“О Принцу на Светлината, каде си? Те гледам не ко што еднаш беше

“На оние Вечни полја, во утрински облаци ко што чекореше напред

“Со харфи и песни, каде Сјајната Аханија ти пееше пред лицето

“И сите твои синови и ќерки се собираа околу мојата обилна трпеза.

“Не го гледаш ли сево ова уништувачко безредие бесно?

“Истапи од дремежот на студената ти задуманост! Истапи,

“Крени се во Вечни раѓања! Отфрли го студениот почин,

“Учителу на душите, велик одбојнику на промените, крени се!

“За Вечните светови да можат да ти го видат лицето во мир и во радост,

“За ти, ужасен облику на Сигурноста, да можеш да седиш во град и во село

“Додека мали деца ти играат околу нозете во нежна стравопочит,

“Да ти се плашат од намуртеноста, да ти го сакаат усмевот, о Уризене, Принцу на Светлината!”

 

Тој повика; длабочината му го погреба гласот и никаков одговор не се врати.

Тогаш гнев избувна; Вечниот човек беше гнев; одново тој повика:

“Крени се, О камено обличје на смртта! О змеву на Длабините!

“Легни ми пред стопалата, О Змеву! Уризен нека се крене!

“О како си можел да ги искривоколчиш оние прекрасни размери

“На животот и личноста; бидејќи како е Личноста, така и нејзиниот живот е сотворен .

“Лува нека беснее во мрачната длабочина, дури до Уништувањето,

“Бидејќи доколку не му го храниш бесот, бесот ќе му опадне,

“Но ако се осмелиш своеглаво да го одбиеш мојот строг завет,

“Круната и жезлото ќе ти ги земам, и ќе ги владеам сите мои членови

“Во строга немилосрдност, а тебе ќе те отфрлам во неодреденото

“Каде ништо не живее, таму да лунѕаш; а ако се вратиш исцрпен,

“Липајќи на прагот на Постоењето, ќе си го очеличам срцето

“Против тебе Навека и никогаш одново нема да те примам.

“Твојата самоуништувачка, ѕверски создадена Наука ќе ти биде Вечна судба.

“Срдта против тебе ми е поголема одошто против овој Лува,

“Бидејќи војната е сила Заробена, но твојата религија,

“Првиот творец на оваа војна и застранувањето на чесните умови

“Во збркан метеж и борба и чест и гордост,

“Прелага е толку голема што ќе те отфрлам

“Доколку не се покаеш, и ќе те оставам ко скапана гранка да изгориш

“Со Блудницата Тајна и со Сотоната Засекогаш.

“Грешката никогаш не може да се искупи во сета Вечност,

“Но Гревот, складната Рахаб, се искупува во крв и бес и љубомора -

“Онаа крвава црта што се пружа по прозорците на утрото -

“Искупена од моќта на Грешката. Разбуди се, ти змеву на длабочините!”

 

Уризен липаше во мрачната длабочина, желно неговото крлушкаво обличје

Да заземе одново човечки лик; а липаше во мрачната длабочина,

Велејќи: “О никогаш да не го пиев виното ниту да го јадев лебот

“На мрачната смртност, ниту да го фрлев погледот во иднината, ниту да завртев

“Грб, ја замрачив сегашноста, ја затемнив со облаци,

“И градев високи сводови и градови, тврдини и кули и куполи

“Чиј чад ги уништуваше пријатните градини, а чии полни сливници

“Ги задушуваа сјајните реки; ја товарев со Лаѓи лутата длабочина;

“Во Неред барав задоволство, а во простори далечни

“Го барав Вечното кое е секогаш тука за мудриот;

“Барав задоволство кое небарано паѓа на патеката на детето

“И врз руната на благите стада кои ниту се грижат ниту работат;

“Но јас, работникот на добата, чии неуморни раце

“Се така безоблични од грубост, со мечот и со копјето

“И со длетото и со дрвениот чекан, јас, чии трудови огромни

“Ги управуваат народите, разделувајќи според колено,

“Јас самиот не уживам. Јас самиот, во целосна несреќа,

“Незадоволен, им ја предавам сета моја радост на овие Лува и Вала.

“Тогаш Оди, О мрачна иднино! ќе те исфрлам од овие

“Небеса на мојот мозок и ниту ќе погледнам кон иднината уште еднаш.

“Ја отфрлам иднината и й вртам грб на таа празнина

“Што ја сочинив; бидејќи еве! иднината е во овој миг.

“Орк нека голта, Тармас нека беснее, темниот Уртона нека им ја дава

“Сета сила на Лос и Енитармон, и Лос самопроколнат нека

“Ја раскине оваа ткаенина, ко ѕид урнат и семејство истребено.

“Беснеј, Орку! Беснеј, Тармасе! Уризен повеќе не ви го зауздува бесот.”

 

Така говореше Уризен; си ги истресе снеговите од рамењата и се крена

Ко на Пирамида од маглина, белите одежди му расфрлаат

Руда белина: обновен, ги истресе престарените наметки

Во огните. Потем, сјаен и блескав, се Вознесе во радост

Со ек, се крена во небесата во гола возвишеност,

Во зрачна Младост; кога Види! ко венци на Источното небо

Кога распеан мај доаѓа во танц од Исток, Аханија дојде

Понесена во лет, како кога меурче се издига

Кон езерската површина, Аханија се крена во радост.

Неумерена Радост е полоша од жалост; срцето й бие силно, крвта

Ги разбива светлите садови: падна таа мртва пред нозете на Уризен

Спространа, насмевнат труп: ја погребаа во тивка спила.

Уризен пророни солза; Вечниот Човек Потемне од жалост.

 

Трите ќерки на Уризн ја чуваат смртната постела на Аханија;

Се искреваат од метежот во солзи и лелеци и очајание,

Го повикуваат татковото Име над своите Реки црни.

 

А Вечниот Човек рече: “Послушај ми ги зборовите, О Принцу на Светлината.

“Погледни ја Ерусалим во чии гради Јагнето Божје

“Се гледа; иако погубен пред нејзините Порти, тој самообновен останува

“Вечен, и јас низ него се будам од мрачната долина на смртта.

“Времињата се менуваат; доаѓа доба кога сите овие радости

“Ќе се обноват, а сите овие Стихии што сега ништат

“Одново ќе процветаат. Тогаш сјајната Аханија ќе стане од мртвите,

“Светло видение за твоите Очи, Видение кое Само се обновува:

“Пролетта, летото, да бидат твои; потоа сон во зимските дни

“Во свилени одори испредени од нејзина сопствена рака пред закопот.

“Зиме ти ќе ораш и ќе ги положуваш добрата во амбарите

“Очекувајќи да ја примиш Аханија на пролет во радост.

“Бесмртен ти, Обновена таа, а сет убав пол

“Од неа ќе учи покорност и ќе се подготвува за зимскиот гроб,

“За пролетта да може да ги види во десеткратна радост и слатко задоволство.

“Така машкото и женското ќе го живеат Вечниот живот,

“Бидејќи Јагнето Божје си Сотворува себеси невеста и жена

“За ние, неговите Чеда, да можеме засекогаш да живееме во Ерусалим

“Што сега се спушта од небесата, Град, а сепак Жена,

“Мајка на миријадите, искупена и родена во нејзините духовни двори,

“Преку Ново Духовно раѓање Обновена во Смртта.”

 

Уризен рече: “Грешев, и мојата Грешка останува со мене.

“Кој Ланец опкружува? во кој Катанец реката светлост е натерана

“Што избива наутро со мера, а навечер со грижливост?

“Каде ќе застанам да гледам во бесконечноста и неограниченоста?

“И каде се човечките стопала? бидејќи Еве, очите ни се во небесата.”

 

Престана тој, бидејќи раскината од алка до алка, распукнувајќи се Вселената избувна.

Сите нешта обратно летнаа од своите средишта: коски со коски

Се Спојуваат со штракање: растреперената глина дише тресејќи се згрчено:

Секоја трунка прав околу Земјиното средиште се привива

Во болка на Вечно Раѓање: во мака и стравопочит и страв,

Сите духови починати, ослободени од рептилските затвори, надоаѓаат во јата:

Диви бесови од тигровиот мозок и од лавовите очи,

А од бикот и магарето доаѓаат потиштени стравови, од орелот

И од гарванот: бројни ко есенски лисја, секој вид

Се собира под трубата, мрморат преку ивиците на гробот и плачат

Под снажниот ветар околу карпите што се надигаат и планините полни стенкања.

На распукнатите карпи, фатени во воздухот од внатрешни огни,

Многу жалосни дружини и многу на облаци и води,

Татковци и пријатели, Мајки и Деца, Кралеви и Воини,

Свештеници и оковано Робје, соединети во грозен страв;

А секој од мртвите се појавува ко што живеел порано,

И сите траги остануваат од ропската камџија и Круната на крвникот,

И од преполниот Стомак на Свештеникот, и од подлата

Измама на трговецот, и од преголемата храброст и непромисленоста на воинот

Во црти преувеличани и во коски претесни и предолги.

Си ги покажуваат раните: обвинуваат: го фаќаат крвникот; пискот започнува

Во златниот дворец, песни и радост во пустината: Студеното новороденче

Стои во збеснетиот воздух; плаче: децата на шест илјади лета

Кои умреле во детство беснеат расрдени: моќно мноштво беснее расрдено,

Голи и бледи стојат во бремениот воздух да се родат.

Им се откинува парче по парче на воинот и крвникот, соединувајќи се одново во бол.

 

Лутиот воздух сеуште раскинува сè наоколу; тие бегаат во бавна усилба;

Молат, взалудно сега преколнуваат; самите не ги слушале преколнувањата;

Ги гледаат пламењата црвени како се валаат преку широката вселена

Од под мрачните челусти на смртта и пустата морска шир далечна,

Овие ги прекриваат небесните сводови, а оние треперливите кугли на земјата.

Една Планета вика кон друга, а една ѕвезда распрашува друга:

“Што пламења се овие што доаѓаат од Југот? што бука, што ужасен безглав бег

“Ко од битка во небесата? чуј! не слушаш ли труба

“Ко од свирепа битка?” Додека зборуваат, пламењата надоаѓаат со силен татнеж.

Го здогледуваат онего кого го прободоа, лелекаат поради него,

Повеќе не се величаат против Ерусалим, Ниту

Против нејзините малечки; невиниот обвинет пред Судиите

Сјае во бесмртна слава; треперејќи, судијата скока од својот престол

Го крие лицето во правот под стопалата на затвореникот и вели:

“Брате Исусов, што сторив? Преколнувај го својот господар за мене:

“Можеби ќе ми биде простено.” Додека говори, пламењата и понатаму се валаат,

А по пламењата се појавува Облакот на Синот Човечји

И се спушта од Ерусалим во моќ и велика Слава.

Сите народи погледнуваат во Облакот и го здогледуваат онега кој беше распнат.

Затвореникот одговора: “Го камшикуваше татка ми пред мои очи до смрт

“Додека стоев окован во врски и тешки окови. Твојата дволичност

“Сега за ништо не ќе ти послужи.” Говорејќи така, го отфрла со нога.

 

Облакот е Крв, заслепувачки на небесата, а во облакот,

Над неговите маси, се гледа престол и плочник

Од скапоцени камења опколен со дваесет и четири пречесни партијарси,

А овие пак опкружени со четирите Чуда на Семоќниот,

Несфатливи, продираат сè, посреде и наоколу,

Четирикратни, секое во другото одразено; именувани се Животи во Вечноста,

Четири Ѕвездени Вселени кои се движат од Вечност во Вечност.

А Паднатиот Човек кој се беше исправил врз Карпата на Добата

Го виде Прикажувањето на Бога и се крена од Карпата,

А Уризен се крена со него чекорејќи низ пламењата

Да го пресретне Господарот кој доаѓаше на Судот; но пламењата сеуште

Ги одбиваа кон Карпата; напразно се трудеа да влезат во Пожарот

Заедно, оти Искупениот Човек не можеше да влезе во Пожарот.

 

Тогаш го фатија Плугот синовите на Уризен; го исчистија

Од рѓата на добата; сите украси од злато и сребро и слонова коска

Одново му засјаа преку полето неизмерно, каде сите народи

Потемнуваа ко Прав на одделни ледини, каде коровот

Победува во сопственото уништување; ја спуштија ормата

Од модрите ѕидови на небесата, ѕвездено ѕвони, украсена

Со прекрасна умешност, нацрт на ангелите, изработка на Демоните

Кога Небесата и Пеколот во Единство се напрегаа во игри Славни.

 

Звукот на селските работи одекна по небесата над небесата,

Коњите ѕвискаа пред борба, дивите бикови од запарната пустош,

Тигрите од шумите, а лавовите од песочните пустини.

Тие пеат; ги поземаат созвучните инструменти, го отфрлаат

Копјето, лакот, оружјето, фрлачот; ги срамнуваат тврдините.

Во клинови ги прековуваат железните машини на уништување;

Им ги дават на синовите на Уртона; ѕвонејќи чеканите се гласат

Во леглата на смртта да исковаат лопата, мотика и секира,

Тежок валец да ги разбие грутките, да премине преку народите.

 

Синовите на Уризен викаат. Татко им стана. Вечните атови

Зауздани, Тие го повикаа Уризен; небесата се изместија на повикот.

Телото на Уризен засја пламено. Ја положи раката на Плугот,

Низ страшниот мрак го поведе Плугот на добата преку Градовите

И сите нивни Села; преку Планините и сите нивни Долови;

Преку гробовите и пештерите на мртвите; Преку Планетите

И преку празните простори; преку сонцето и месечината и соѕвездијата.

 

Тогаш Уризен заповеда и тие го донесоа Семето Човеково.

Душите на Сите мртви застанаа во трепет пред Уризен,

Слаби, лелекаа во вознемирениот воздух. На исток, запад и север и југ

Ги ослободи тој атовите и го положи Плугот во северниот агол

На пространото Вселенско поле, а потем истапи напред во неизмерноста.

 

Тогаш започна тој да го сее семето; се опаша околу слабините

Со сјаен појас, а полите му се полни бесмртни души.

Со плач и со Писок летаат душите од снажната рака на Уризен,

Бидејќи од раката на Уризен миријадите паѓаат ко ѕвезди

На своите предодредени места носени од ветриштата.

Голите воини се леат заедно удолу кон морската шир:

Станати се ко зимски стада, ко шуми соголени од лисја;

Краловите и Принцовите на Земјата плачат со слаб писок

Носени врз неплодните песоци и врз стврднатите карпи;

А за сето време пламењата на Орка ги следат смелите стапки

На Уризен, и за сето време Трубата на Тармас се гласи.

Липаат и лелекаат душите во лет од снажните раце на Уризен -

Ќерките Уризенови стојат со Пехари и мери на пенливо вино

Огромни на небесата со леб и вкусни јадења-

Потем следи златното рало среде Умствените огни.

По уништувачката песна на флејтите и харфите и најмекиот глас

Семето се посејува, додека пламења го вжештуваат црниот калап и

Ја подготвуваат Човечката жетва. Кон југ прво изникнаа

Миријадите и со тивок страв погледнуваат од гробовите.

 

Тогаш Уризен седна да отпочине и сите негови уморни синови

Отпочиваат во постела; пијат, пеат, ги гледаат пламењата

На Орк; радосно ја гледаат човечката жетва како никне.

Час си даваат за сладок одмор, додека жетвата не созрее.

И Види, ко жетварска Месечина, Аханија ја отфрли мртовечката облека;

Ја превитка грижливо, во тишина, а сјајното тело й

Се искапе во чистиот извор од карпата; потоа од темната пештера

Се појави во величественост божествена. Уризен се крена од диванот

На крилја од десеткратна радост, заплеска со рацете, стопалата, со зрачните крила

Во неизмерноста: како кога Сонцето танцува по планините,

Повик на прослава со прекрасни звуци ѕвони од ќерка до ќерка,

Од син до син: ко ѕвездите што сјаат безбројни

Во ноќта да пеат со благ црцор, исполнувајќи ги земјата и небесата;

И блескава, Аханија си го зазеде седиштето крај Уризен во песни и радост.

 

И Вечниот Човек седна на Диваните на Бјула,

Жалосен што не може да си го одложи новопојавеното тело

Во умствените огни; пламењата го одбија, го оттурнаа назад кон Бјула.

Неговото тело беше искупено да биде постојано по Милоста Божја.

 

А сега лутиот Орк сосема се проголта во Умствени пламења

Пружајќи ја сета своја сила во гориво за огнот.

Обновениот Човек ја сви главата над Вселената и во

Светите дланки ги прими пламениот Демон и Демонката на димот

И му ги даде на Уризена в раце; Бесмртникот се намурти велејќи,

 

“Лува и Вала, од сега натаму сте Слуги; покорувајте се и живејте.

“Ќе ја заборавите својата мината состојба; вратете се и Љубете во мир,

“На вашето место, местото на семето, не во мозокот или во срцето.

“Ако боговите се здружат против Човека, подвластувајќи го

“Човечкиот облик Божествен, Фрлени долу ќе бидат од своите високи положби

“Во Вечните небеса на Човековото Видение, закопани долу

“Во мрачен Заборав, во непрестан бол, од доба во доба,

“Во непријателство и војна отпрвин ослабени, потем во строго покајание

“Мора да си го обноват сјајот, а своите збркани дејанија

“Одново да ги подредат, додека одново не зедат човечки лик,

“Да соработуваат во блажеста Човекова, да му се покоруваат на Волјата,

“Слуги на бескрајот и Вечноста на Човечкиот лик.”

 

Лува и Вала се спуштија и влегоа во Портите на Темниот Уртона,

И заминаа од рацете на Уризен под сенките на Градината на Вала

Каде сеќавањата на Очај и Надеж засекогаш постојат

Во цвеќињата, во овошките, во рибите, птиците и животните и облаците и водите,

Земја на неодредност и сенки, слатки привиди, невообличени надежи.

Повеќе не го гледаа ужасниот метеж на вселената во распад.

Не го чуја, не го видоа, не го сетија сето ужасно безредие,

Бидејќи во своите кружни сетила, внатре затворени, блудеа по волја.

А оние на Диваните ги гледаа, во сните на Бјула,

Ко што отпочиваа од страшната вселенска жетва огромна,

Невидлив Лува во сјајни облаци кружеше околу главата на Вала,

И така нивното златно доба од древноста се обнови;оти Лува говореше

Со глас благ од својот златен Облак по здивот на утрото:

 

“Пристапи, О Вала, од тревата и од тивката роса,

“Крени се од росата на смртта, бидејќи Вечниот Човек се Крена.”

 

Се крева таа среде цвеќето и погледнува кон Источната јасност

Оди, да, трча, стопалата й окрилуваат, по врвовите на сведнатата трева,

Наметките й се радуваат на умилниот ветар и косата й светка од роса.

 

Одговара вака: “Чиј глас е ова, во гласот на воздухот што крепи,

“Во духот на утрото, што ја буди Душата од нејзината тревна постела?

“Каде живееш? бидејќи тебе јас те барам, но за тебе

“Мора да сум спиела Вечно, ниту ја сетив росата на твоето утро.

“Погледни ја сега утринската зора како доаѓа со милозвучен напев!

“Погледни како зраците предскажуваат искревање на некоја величествена сила!

“Сонцето е твое, оди напред во величествен сјај.

“О ти создателски гласу што повикуваш! а кој ќе ти одговори?”

 

“Каде бегаш, О убавице? каде си го бараш местото на среќа?”

 

“Кон оној сјај, таму итам, бидејќи сигурно доаѓам од таму

“Или мора да сум спиела вечно, ниту ја сетив утринската роса.”

 

“Вечно мора да си спиела ниту да ја сетиш утринската роса,

“Но за она сонце што крепи; поради него се крена.

“Птиците го обожуваат сонцето: животните се креваат и си играат во зраците,

“И секој цвет и секој лист се радува во неговата светлина.

“Тогаш, О убавице, седни, бидејќи ти си како тревата,

“Се креваш во утринската роса и ноќе се свиваш.”

 

“О жалост! зар како цвет сум само? тогаш ќе седнам,

“Тогаш ќе плачам, тогаш ќе се жалам и ќе воздивнувам поради бесмртноста,

“И ќе го прекорувам мојот Создател, тебе О Сонце, што си ме кренало за да паднам.”

 

Така велејќи таа седна и заплака под јаболкниците.

 

“О помрачи се, ти Сонце! што ме подигна за мака,

“Што ми даде срце да желнеам, и ме подигна, твоја сенка,

“Да ти ја чувствувам топлината и да ти ја гледам светлоста и да лунѕам тука сама,

“Безнадежна, ако сум ко тревата и ако така ќе преминам.”

 

“Крени се, бавна Душо, зошто седиш овде? зошто седиш и липаш?

“Она сонце ќе остаре и ќе опадне, но ти секогаш ќе цветаш.

“Плодовите ќе зреат и ќе паѓаат наземи, а цвеќето ќе венее,

“Но ти сепак ќе преживееш; крени се, О избриши си ги росните солзи.”

 

“Ха! јас ќе преживеам? од каде доаѓа тој сладок и утешителен глас?

“А од каде тој глас на тага? О сонце! ти не си ништо ново за мене.

“Продолжи си по патот во радост, и обата да се радуваме заедно.

“Одам меѓу неговите стада и го слушам блеењето на јагнињата.

“О да можев да му го видам лицето и да му ги следам чистите стапки!

“Одам по стапките на неговите стада; дојдете ваму, нежни стада.

“Можете ли да говорите со една чиста душа која си го бара Создателот?

“Не одговарате: тогаш поставена сум за ваша стопанка во градината.

“Ќе ве гледам и ќе ви ги следам стапките; вие не сте ко птиците

“Што пеат и летаат во сјајниот воздух; но вие ми ги лижете стопалата

“И ми дозволувате да ви ги допрам рунестите грбови; следете ме ко што пеам,

“Бидејќи во градиве нова песна се крева за мојот Господар:

 

“Крени се, О сонце, најславен пеачу и светло на денот.

“Струјте понатаму, вие нежни воздуси и понесете го гласот на мојата радост.

“Бранувајте се свежо, чисти води што течете околу нежната трева;

 “А ти, слаткомирисна почво, положи живот во плодовите и цветовите.

“Следете ме, о мои стада, и слушајте како пеам занесна песна.

“Ќе сторам гласот да ми се чуе врз облаците што светкаат на сонце.

“Ќе повикам; но кој ќе ми одговори? ќе запеам; кој ќе одговори?

“Бидејќи од благите ридови се гледаат живите, живите извори,

“Како течат по зелените пасишта во радост меѓу дрвјата.

“Не сум сама тука: стада мои, вие сте ми браќа’

“А вие птици што пеете и го красите небото, вие сте ми сестри.

“Јас пеам, а вие й одговарате на мојата песна; јас се радувам, а вам ви е мило.

“Следете ме, о стада; сега ќе се симнеме во долината.

“О колку се вкусни овошките што распупуваат на сонце!

“Колку чист потокот од карпата; дојдете и да седнеме во сенка.

“Мојот Лува овде ме беше положил во блага и пријатна земја,

“И ми беше дал овошки и слатки води, и топли ридови и свежи долини.

“Овде ќе си изградам дом и овде ќе му го повикувам името,

“Овде ќе се враќам кога ќе бидам уморна и овде пријатно ќе отпочивам.”

 

Така говореше безгрешната душа, и си ја положи главата врз пувкастото руно

На еден склопчен Овен кој се беше спружил крај својата стопанка,

И лесен сон й  падна на очи во тивкото пладне на денот.

 

Тогаш Лува Минуваше и ја виде безгрешната душа,

И рече: “Нека се крене пријатна куќа да му биде живеалиште

“На овој бесмртен дух што расне во долниот Рај. “

Тој проговори, и столбови се исправија и ѕидови бели ко слонова коска.

Тревата на која таа спиеше се поплоча ко со бисери.

Под неа се крена мека постела, а покрив прекри сè.

 

Вала се разбуди. “Штом влегов во пријатните порти на сонот,

“Го видов мојот Лува ко дух што стои во сјаниот воздух.

“Околу него стоеја дуси ко мене што ми подигнаа блескава куќа,

“А овде те гледам тебе, куќо, си останала во прекрасниов свет.

“Мојот Лува се насмевна: клекнав на колена: ми ја положи раката на глава,

“И кога ја положи раката врз мене, од портите на сонот дојдов

“Во оваа телесна куќа, да се грижам за моите стада во градината.”

 

Велејќи така, се подигна и се прошета по убавата куќа,

А потоа од белата врата ги побара разблеаните јагниња,

Но стадата й беа заминале од под дрвјата нагоре кон ридовите.

 

“Гледам дека раката што ме води ги води и моите стада.”

Се искачи нагоре по стадата и се заврте да ја погледне блескавата куќа.

Застана да се напие од чистиот извор и да вкуси грозје и јаболка.

Понесе овошки во крилото; насобра цвеќиња на градите.

Повика таа по стадата, велејќи: “Следете ме, О мои стада!”

 

Ја следеа тие до тивката долина под широките дрвја.

А на речниот брег го отпаша таа својот златен појас;

Застана во реката и се виде себеси во водното стакло,

А светлата коса й беше мокра од водите; се крена од реката,

И како што се креваше очите й се отворија кон светот на водите:

Го виде Тармас како седи на карпите крај разбрануваното море.

Тој си ја мазнеше брадата цедејќи ја водата и тажеше тивко по летните долини.

А Вала застана на карпите на Тармас и го чу неговиот жалобен глас:

 

“О Енион, уморна главата ми е врз постелата на смртта,

“Оти тревите на смртта ми се обвиле околу телото во мразните длабочини.

“Седам во пределите на школките и тажам, а ти си затворена во облаци.

“Кога ќе измине добата на Облаци и несреќната ноќ на Тармас?

“Крени се, О Енион! Крени се и насмевни му се на моето лице

“Ко што се насмевнуваш на голите гори, а овие се радуваат.

“Кога ли ќе му се насмевнеш на Тармас, О ти што го носиш златниот ден?

“Крени се, О Енион, крени се, бидејќи Еве, ги смирив морињата.”

 

Велејќи така, бледата глава си ја положи врз Калната карпа

И мрак ги прекри длабочините: светлото на Енион избледе

Ко слаб пламен што трепери на површината на темнината.

 

Тогаш Вала ги подигна рацете кон небесата да ја повика Енион.

Повика таа, но никој не можеше да й одговори и одекот на нејзиниот глас й се врати:

 

“Каде е гласот на Богот што ме повика од тивката роса?

“Каде е Господарот на Вала? се криеш ли во карпести клисури?

“Зошто й се криеш на Вала, на душата која лунѕа напуштена?”

 

Прекина таа, а светлост блескаше околу неа ко славата на утрото,

И се крена таа од реката и се опаша со златниот појас.

А сега стопалата й чекорат по тревните гради на земјата

Меѓу стадата, туку ги заврте очите кон пријатната куќа

И виде на приодот под дрвјата две мали деца како си играат.

Се привлече блиску до куќата, а стадата й ги следеа стапките.

Децата й се обесија на колената, таа ги прегрна и заплака над нив.

 

“Ти, мало момче, си Тармас, а ти, сјајно Девојче, Енион.

“Како сте така обновени и донесени во Градините на Вала?”

 

Ги прегрнуваше во солзи, додека сонцето не се спушти зад западните ридишта,

А потем влезе во сјајната куќа водејќи ги моќните деца.

А кога ноќта дојде, стадата легнаа околу куќата под дрвјата.

Ги положи децата на постели што ги виде наместени во куќата

И најпосле легна и таа и ги затвори Очите во благ дремеж.

 

А утрото, кога сонцето се крена на кристалното небо,

Вала се разбуди и ги повика децата од нежни сни:

 

“Разбуди се, О Енион, разбуди се и нека твоите невини Очи

“Го осветлат Кристалниот дом на Вала! разбуди се! разбуди се!

“Разбуди се, Тармасе! разбуди се, разбуди се, ти дете на росни солзи.

“Отвори ги топките на сините очи и насмевни им се на моиве градини.”

 

Децата се разбудија и й се насмевнаа на Вала; таа клекна крај златниот диван,

Ги притисна на гради и бисерни солзи й капнаа на земја.

“О, слатки мои Деца! Енион, дозволи му на Тармас да те бакне во Образ.

 

“Зошто му бегаш од милите очи водни?

“Тармасе, од сега натаму на градите на Вала ќе наоѓаш сладок мир.

“О благословени да се прекрасните очи на Тармас и Очите на Енион!”

 

Се кренаа; излегоа надвор да лунѕаат, понекогаш заедно, понекогаш сами

“Зошто липаш, Тармасе, Дете на солзите, во светлиот дом на радоста?

“Дали Енион ти го избегнува погледот на сините Очи небесни?

“И дали талкаш со моите стада и им ги мокриш невините лица

“Со сјајни солзи бидејќи стапките на Енион се во градините?

“Крени се, слатко момче, и да ја следиме патеката на Енион.”

Така велејќи, отидоа во градината помеѓу овошките.

А Енион пееше среде цвеќето меѓу дрвјата,

И Вала рече: “Оди, Тармасе, не липај. Оди при Енион.”

 

Тој рече: “О Вала, јас сум болен, и сева градина на Задоволства

“Ми плива ко сон пред очи; но плодовите слатко што мирисаат

“Ме оживуваат за нови смрти. Исчезнувам, благо ко воден лилјан

“Под сончевата жега, додека ноќе на диванот на Енион

“Не се напијам нов живот и не го сетам здивот на заспаната Енион.

“Но наутро таа станува да ми побегне од Очи,

“Тогаш слабините ми слабеат и во куќата седнувам и плачам.”

 

“Разведри си го ликот, сјајно момче, и оди при Енион.

“Речи й дека Вала ја чека под сенките на својата градина.”

 

Тој појде со плашлив чекор, а Енион, ко румена зора

Кога млада пролет се појавува врз распукнатите пупки и подотворен цут,

Го повлекува Велот наназад; така Енион ја одврте скромната глава.

 

Но Тармас проговори: “Вала те бара, слатка Енион, под сенките.

“Следи ги стапките на Тармас, О ти сјају на градините.”

Нерешително й ја позеде раката; таа го следеше во детски сомнежи.

Така во Вечно детство, талкајќи помеѓу стадата на Вала

Во детски таги и радости променливи, Енион и Тармас си играа

Околу Вала во Градините на Вала и крај речниот брег.

Тие се сенките на Тармас и на Енион во светот на Вала.

 

А заспаните кои отпочиваа од жетварските работи ги видоа овие виденија.

Така заспаните се развеселија на Диваните на Бјула.

 

Кога Лува и Вала беа затворени во нивниоте свет на призрачни обличја,

Мрак беше сет под небесата: само малку светлост

Ко онаа што исјајува од заспаните дуси, се јавуваше во длабините долу.

Како кога ветрот брише преку житното поле, буката на душите

Низ неизмерноста, донесена од Облаци што се насобираат при есенска жега,

Татнејќи од небеса до небеса, мразни се валаат човечките обличја

Под густите облаци, страшни молњи избувнуваат и громови удараат,

Долу се лееја бујните небесни поплави врз човечката жетва.

Тогаш Уризен, седнат во почивка на постелите на светлиот Југ,

Повика, “Добата Изминаа!” се вознесе тој; се крена во радост; се воодушеви;

Го сипа своето светло, и сите негови синови и ќерки го сипаа своето светло

Да ги издишат дусите на Лува и на Вала низ воздухот.

А Лува и Вала го видоа Светлото; им ги издишаа духовите

Во сета нивна древна невиност; поплавите се повлекуваат; облаците

Се растураат или тонат во Морињата на Тармас. Лува седна

Горе на сјајните небеса во мир; Духовите на Луѓето долу

Повикаа да бидат ослободени, а духот на Лува заплака

Над човечката жетва и над Вала, милниот патник.

Во болка човечката жетва се лелееше, во страшни воздишки од мака.

Вселенскиот Воздив се крена нагоре; Вечниот Човек потемне.

 

Тогаш Уризен стана и го зеде српот во рака.

Има еден бронзен срп и коса железна скриени

Длабоко на Југ, ги чуваат неколку осамени ѕвезди.

Овој срп Уризен го зеде; косата неговите синови ја прегрнаа

И појдоа напред и почнаа да жнеат; и сите негови радосни синови

Ја жнееја широката Вселена и врзуваа во снопови чудесна жетва.

Ги зедоа сноповите во широки амбари со гласна веселба и прослава

Со флејта и харфа и тапан и труба, рог и свирка.

 

Гозбата беше послана на светлиот Југ, а Обновениот Човек

Седеше на гозбата во веселба, а виното на Вечноста

Се служеше околу пламењата на Лува цел ден и цела Ноќ.

А кога Утрото започна да зори над далечните ридја,

Вител се крена во Средиштето, а во вителот крик,

А во крикот штракање на коски, а во штракањето на коските

Жалобен воздив, а од жалобниот воздив во солзи

Се крена Енион ко нежна светлост; и Енион проговори, велејќи:

 

“О Соништа на Смртта! човечкиот облик се раствори, пропратен

Со ѕверки и црви и ползачи, и мрак и очај.

“Облаците ми отпаѓаат од влажното лице, правот од студеното тело

“Во морето на Тармас. Наскоро обновена, Златна Пеперуга,

“Ќе ги отфрлам смртните алишта и ќе го Прегрнам Тармаса одново.

“Оти Еве, зимата се стопи над далечните ридишта,

“И сета црна почва пее.” Таа й говори на својата млада раса; млекото й

Паѓа врз песокот; жедниот песок пие и се весели

Чудејќи се да ги види Мравчето, Скакулецот, прстенестиот црв.

Корења избиваат густи низ цврстите карпи, пробивајќи си го патот

Викаат од радост на постоење; широки изданоци

Се исправаат по планините младица по младица; лушпестиот дождовник излазува

Од каменот, а оклопената мушичка искокнува од карпестата клисура,

Пајакот, лилјакот избувнуваат од стврднатата кал, викајќи

Еден кон друг: “Што сме ние, и од каде е нашата радост и задоволство?

“Види, малото мовје изникнува, а нежното тревче

“Ни ползи околу скришните гнезда.” Јата ги осветлуваат Планините,

Стада врват по Долината, диви ѕверки ги полнат шумите.

 

Радост се возбуди низ сите Бесни обличја на Тармас како што се очовечуваше.

Благ ја Прегрна онаа која ја бараше; ја крена низ небесата,

Гласејќи ја трубата да ги разбуди мртвите, во вис се стремеше

Над урнатите светови, зачадената гробница на Вечниот Пророк.

 

Вечниот Човек стана. Им посака добредојде на Гозбата.

Гозбата беше послана на светлиот Југ, а Вечниот Човек

Седеше на гозбата во веселба, а виното на Вечноста

Се служеше околу пламењата на Лува цел ден и цела ноќ.

 

И Многу Вечни Луѓе седеа на златната гозба да го видат

Женското обличје сега одделено. Се стресоа од стравотијата

Родена не за забава и задоволство Човеково, туку родена да му ги испие сите моќи.

Заплакаа кога ги видоа своите сенки; си рекоа еден на друг: “Ова е Грев:

““Ова е Создадениот свет;” си спомнаа на дните стари.

 

А Еден од Вечните проговори. Сè беше тивко на гозбата.

 

“Човекот е Црв; уморен од радост, ги бара спилите на сонот

“Среде Цветовите на Бјула, во себичен студен одмор

“Заборава на Братството и на Вселенската љубов, во себична глина

“Си ги свива чистите крилја на умот, бара места мрачни

“Одделени од корените на Уката; потем затворен сет

“Во ѕидови од Злато, го фрламе ко Семка во Земјата

“Додека времиња и простори не минат преку него; редовно секое утро

“Го посетуваме, покривајќи го со Превез бесмртното семе;

“Со прозори од суровото небо го криеме, а со ѕидови

“И со огништа го браниме себичниот страв, додека, поделени сите

“Во фамилии, не ги видиме нашите сенки како се раѓаат, а оттаму знаеме

“Дека Човекот опстојува во Братство и Вселенска Љубов.

“Си се фрламе еден на друг околу вратот, поцврсто се прегрнуваме.*

“Не за себе, туку за Вечното семејство живееме.

“Човек не живее Сам, туку во ликот на брата си

“Секој ќе го види Вечниот Татко и љубовта и радоста обилна.”

 

Така говореше Вечниот на Гозбата; го прегрнаа Новородениот Човек,

Нарекувајќи го Брат, образ на Вечниот Татко; седнаа

На Бесмртните маси, гласејќи ги силно свирките радосни,

Го повикаа Утрото во Бјула; Вечниот Човек се веселеше.

 

Кога Утрото зазори, Вечните се кренаа да работат на Гроздоберот.

Долу си ги видоа синовите и ќерките, се чудат и не ги сфаќаат

Мрачните миријади во сенките на долните светови.

 

Утрото зазори. Уризен стана, а во раката Млатот

Звучи на Подот, сите под небесата го слушаат страшен.

Ужасно гласно одекнува, долниот под се тресе од звукот,

И сите Народи ги вршат, а ѕвездите ги вршат од нивните лушпи.

 

Потоа Тармас ја зеде Вршачката; Вршачкиот виор бесен

Горе кршкаше наоколу со насилен вител, теран на запад и на југ,

Ги фрлаше Народите ко плевел во морињата на Тармас.

 

“О Тајно,” Силниот Тармас вика, “Види го крајот како ти се ближи!

“Ти ли си онаа што ги опи народите со пехарот на Религијата?

“Паднете, вие Кралеви и Советници и Џиновски Воини,

“Паднете во длабочините, паднете и скријте се долу,

“Паднете со коњите и Кочиите и Трубите на мразна војна.

 

“Погледнете како Торжественоста на Тајната паѓа во Пештерите!

“Нејзините големци лелекаат и се посипуваат со прав и ги кубат белите коси.

“Нејзините нежни жени и деца се грчат на горкиот виор,

“Размазени од својата убавина, косата искубана, а кожата набрчкана.

 

“Погледнете како мрак ја покрива долгата торжественост на бајраците на ветрот,

“И црни атови и оружани мажи и несреќни оковани заробеници.

“Каде гробот ќе ги прими сите нив, и каде ќе им биде местото?

“И кој ќе тажи по Тајната која никогаш не ги ослободи своите Заробеници?

 

“Пушти го робот кој меле во воденицата да истрча во полето;

“Пушти го да погледне кон небесата и да се насмевне на сјајниот воздух.

“Нека окованата душа, заклучена во мрак и воздишки,

“Чие лице ниеднаш не видело насмев за триесет уморни лета,

“Нека се крене и нека погледне: оковите му се лабави, вратите на занданата се отворени;

“И нека неговата жена и деца се вратат од под крвничкиот камшик.

 

“Потоа погледни наназад кон секој чекор и верувај дека сето било сон.

“Дали се ова робовите кои стенкаа по улиците на Тајната?

“Каде ви се оковите и господарите? ова ли се затворениците?

“Каде ви се прангиите? каде ви се солзите? зошто гледате наоколу?

“Ако сте жедни, ене ја реката: одете, искапете си ги исушените тела,

“Доброто на сета Земја е пред вас, бидејќи Тајната ја нема веќе.”

 

Тогаш Сите Робови од секоја земја на пространата Вселена

Запејуваат Нова Песна, го потопуваат метежот во среќни звуци,

Додека млатот на Уризен се гласеше силно и вршечкиот ветар на Тармаса,

Толку гласно, толку чисто по широките небеса; а песната што ја пееја беше оваа,

Сочинета од еден Африкански Црнец од малата земја Сота:

 

“Аха! Аха! како толку брзо се вратив во родната земја?

“Како дојдов овде? Чинам сум ко што бев во младоста,

“Кога во татковата куќа седев и му го слушав бодриот глас.

“Чинам дека ги гледам неговите јата и стада и дека го сетам телово обновено,

“А Види, Браќата мои во своите шатори, и нивните малечки околу нив!”

 

Песната се крена до Златната Гозба; Вечниот Човек се развесели.

Потоа Вечниот Човек рече: “Лува, Грозјето е зрело, стани!

“Синовите Уризонови ќе го берат грозјето со долгите куки,

“А сите твои синови, О Лува! ќе ги однесат фамилиите од Земјата.

“Го слушам млатот на Уризен; амбарите му се полни; не остана повеќе

“Простор, а во Лозјата стојат богати снопови под

“Тешките Гроздови што мирисливи се распукнуваат на ветрот. Крени ги

“Моите јата и стада, изгази го Житото! говеда мои, озобајте ги

“Зрелите Гроздови! Овчарите го повикуваат Лува, принцот на Љубовта.

“Нека Биковите на Лува го изгазат Житото и ја довлечат натоварената кола

“Во Амбарот, додека децата ги присоберат Мешунките околу портите.

“Потоа ќе ги кренат невините глави и ќе му ги помилуваат бесните ноздри,

“А Бикот ќе го лизне белото вратче на малото девојче, а врз главата

“Ќе й прсне мирисот на неговиот здив; додека од високата гора

“Лавот грозен ќе се симне и ќе ја наведне светлата грива

“И ќе се склопчи крај нив, ќе јаде од белото крило на скукуленото момче

“Златна храна, а навечер ќе спие пред вратата.”

 

“Обидувајќи се да бидеме повеќе од Човека, стануваме помалку,” рече Лува

Ко што се крена од блескавата гозба, опиен од виното на добата.

Трнливата круна му падна од глава, ја обеси својата жива Лира

Зад седиштето на Вечниот Човек и појде по својот пат

Гласејќи се со Песната на Лос, се  симна во Лозјата светли.

Синовите се кренаа од гозбата со златни кошници, го следат,

Огнен ред, како кога Сонцето запејува во зрели лозја.

Тогаш Лува застана пред Виновата преса; сите негови огнени синови

Ги донесоа натоварените Коли со повици; збеснети тигри си играат

Во запрегите што ѕвонат; лути лавови се гласат со радосна песна

По златните тркала на плочниците на небесата, а сите

Села на Лува ѕвонат; златните ќерамиди на селата

Им одговораат на виолините и тапаните, на кавалот, свирката, лирата и цимбалот.

Тогаш паднаа Легионите на Тајната во слуден метеж,

Удолу, удолу низ неизмерноста, со повик, бес и очај,

Во винските преси на Лува; во лелеци паѓаа гроздовите

На човечките фамилии низ длабочината; винските преси се наполнија;

Крвта животна течеше обилно. Мириси животни се кренаа

Околу небесните сводови, а Мирисите се креваа пеејќи ја оваа песна:

 

“О ужасна е винската преса на Лува! О пештери на Гробот!

“Колку е прекрасна радоста на воскреснатите од мртви!

“О треперна радост! премногу радост е како Премногу тага.”

 

Така пееја Човечките Мириси околу винските преси на Лува;

 

Но во Винските преси се лелеци, ужас и очај.

Заборавени од своите Стихии, тие исчезнуваат и ги нема веќе,

Ништо друго освен жедба да се Биде, очајна, ненаситна жедба,

Желнеат ко гладен црв и ко разјапен гроб.

Се фрлаат во Стихиите; Стихиите ги исфрлаат

Или инаку им ги проголтуваат сенишните прилики. Сепак тие, тврдоглави

Иако оболени до очајување, викаат, “О пушти нè да Постоиме! оти

“Ова грозоморно Непостоење е полошо од болките на Вечното Раѓање:

“Вечна смрт кој може да издржи? да исчезнеме во пламенот,

“Во задушни води, или на воздух да зарѓаме, или во земја да се затвориме.

“Болките на Вечното раѓање се подобри од болките на Вечната смрт.”

 

Колку се румени синовите и ќерките на Лува! како ги газат Гроздовите!

Се смеат и викаат опиени од мирисот, многумина паѓаат исрцпени:

Се дават во вино многу младичи и девојки; оние наоколу

Ги положуваат на кожи од тигри или од точкасти Леопарди или од диви Магариња

Додека не оживеат, или ги закопуваат во свежи спили сочинувајќи им тажачки.

 

Но во винските преси Човечките Гроздови не пеат ниту танцуваат,

Туку лелекаат и се грчат во маки, во жешки пламења проголтани,

Во железни ланци и во зандани опкружени со незапирливи огни,

Во дупки и дувла и сенки на смртта, во ликови на мачење и несреќа;

Плочите, Завртките, Запчаниците и Пилите и жиците и огните и поплавите,

Свирепата радост на Лувините ќерки, што ги распарчуваат со ножеви

И камшици своите Жртви, и смртоносната забава на Лувините синови.

Тамбури и Виолини се натпреваруваат околу Винските Преси. Малото Семче,

Разиграниот корен, Земјениот црв, малата бубачка, мудрата Мравка,

Танцуваат околу Винските Преси на Лува; Стоногалката е тука,

Водниот Пајак со многу очи, Кртот во сомот облечен,

Оклопениот Бумбар, нежната ларва, симболот на Бесмртноста;

Бавниот полжав, скакулецот кој пее и се смее и пие:

Зимата доаѓа; тој ги повива тенките коски без мрмор.

Ене ја Копривата што боцка со мека покорност; а ене го и

Горкиот Трн чија горчина му е вткаена во млекото

И живее од презирот кон својот сосед; ене ги сите некорисни тревки

Што лазат по темни места, ги покажуваат разноликите тела

Голи во сета своја убавина, танцуваат околу Винските Преси.

Танцуваат околу мртвите и ги пијат лелеците и офкањата;

Ги фаќаат криковите во златни пехари; си ги подаваат едни на други.

Такви се веселбите на љубовта и такви се слатките радости на љубовната игра:

Солзи од грозјето, смртната пот на Гроздот, последнит здив

На нежната младост која ги слуша Песните на Лува што пленат.

Вечниот Човек потемне од жалост и зимска наметка

Ги покри Ридиштата. Рече тој, “О Тармасе, крени се! и О Уртона!”

Тогаш Тармас и Уртона станаа од Златната Гозба, сити

Од Мирта и Радост: Уртона куца од падот, на Тармаса потпран,

Во десница чеканот. Тармас го држеше својот овчарски стап

Окован со злато, златни беа украсите што ги сочинија за него синовите Уризенови.

Тогаш Енион и Аханија и Вала и друшката на темниот Уртона

Се кренаа од гозбата, во радост се спуштија на своите Златни Разбои.

Таму крилестото вратило пееше, вретеното и бодилото и Калемот

Ѕвонеа милно во слава на создавањето. Низ сите златни одаи

Небесата ѕвонеа во крилест Занес. Сè долу лелекаше гласно;

Во десеткратен пораз и пустош татнеа Расцепите долу

Каде широката ткаенина се лееше удолу и каде Народите се собрани заедно.

 

Тармас отиде при Винските преси и ги виде синовите и ќерките

На Лува сосема исцрпени од тешка работа и толку полни

Ново вино, што почнаа да се измачуваат едни други и да ги газат

Слабите. Лува и Вала спиеја на подот преморени.

Уртона ги повика синовите свои околу себе: Тармас ги повика синовите

Бројни; го зедоа виното, го одвоија Талогот,

А Синовите на Тармас и Уртона го ставија Лува на гумното,

Обликуваа небеса од најмирисни дрва, од злато и сребро и слонова коска,

Од стакло и скапи камења. Ги натоварија колите небесни

И го однесоа виното на добата свечено и радосно.

 

Лува и Вала се разбудија, и сите синови и ќерки на Лува

Се разбудија; се поплакаа едни на други и одново се искачија

При Вечниот Човек во жалост; ги фрли тој со лелек во

Светот на сенките, низ воздухот, додека зимата не заврши и не ја снема;

Но Човечкото Вино стоеше зачудено; во сите невини прекрасни Широви

Стихиите опстојуваат; небесата се валаа понатаму во милозвучно согласје.

 

Тогаш Лос, кој е Уртона, се крена во сета своја обновена сила.

Морето што се брануваше и пенеше со мрак и со сенки на смртта

Изблу и предаде сè; поплавите ги креваат рацете,

Пеат и викаат по Човека; ги веднат белите глави

И мрморејќи во своите корита, течат и му кружат околу стопалата.

 

Тогаш Темниот Уртона го зеде Житото од Амбарите на Уризен;

Го смеле во клопотните Воденици. Страшна тревогата

На сите Народи на Земјата сомлени во Водениците на Уртона.

Во рака Тармас ги зеде Бурите: го пушта вителот слободен

Врз тркалата; бурните мориња ечат на негова заповед

И витложејќи се сласно, му се веселат на снажното движење на тркалата

На Темниот Уртона. Громови, Земјотреси, Огни, Водни потопи,

Се веселат едни со други; силни нивните гласови ја потресуваат Провалијата,

Страшните обличја им се грижат за ужасните воденици. Сивата мразна слана беше таму,

Со бледиот сопруг, стариот Снег; ги чуваат огните,

Ги градат Печките на Уртона. Природата во мрак стенка

И Луѓето се присилени на зловолна размисла ноќе:

Тревожни се превртуваат во постелите од жалост; во најдлабокиот мозок

Ги сетат Тркалата како дробат; тие се креваат, пишуваат горчливи зборови

На Строга Филозофија и го месат лебот на знаењето од солзи и воздишки.

 

Такви се делата на Темниот Уртона. Тармас го сееше житото.

Уртона го замеси Лебот на Добата и го стави

Во златни и сребрени кошници, во небеса од скапоцени камења,

А потоа отпочиваша во Зима, во ноќта на Времето.

 

Сонцето го остави своето црнило и најде посвежо утро,

А благата месечина се веселеше во ведрата ноќ без облаци,

А Човекот излегува од среде огните: злото сето изгори.

Очите му ги здогледуваат Ангелските сфери како се креваат ден и ноќ;

Ѕвездите ги снемува ко згаснати лампи, а на нивно место, погледни,

Раширените Очи на Човекот ги здогледуваат длабочините на чудесни светови!

Една Земја, едно море долу; ниту Подвижни Топки се вртат, туку Ѕвезди

Огнени се креваат секоја ноќ од Океанот; и едно Сонце

Секое утро, налик Новороден Човек, се појавува со песна и радост

Го повикува Орачот на Работа и Овчарот на отпочив.

Шета по Вечните Гори, го крева небесниот глас,

Разговара со Животински обличја мудри ден и ноќ,

Кои, кренати од Морето огнено, обновени ја одат Земјата;

Оти Тармас ги донесе своите стада на ридовите, а во Долините

Околу сјајниот шатор на Вечниот Човек, мали Деца си играат

Меѓу рунестите стада. Чеканот на Уртона одекнува

Во длабоките пештери под нив; телото обновено; Лавовите негови рикаат

Околу Топилниците и Приквечер се надјасуваат по рамнините.

Ги креваат лицата од Земјата и говорат со Човекот:

 

“Како тоа одевме низ оган а сепак не нè проголта?

“Како тоа сè е сменето, дури ко во древното доба?”

 

Сонцето се крева од росната постела, а свежи ветриња

Си играат во насмевнатите зраци, даваат семе животно за раст,

И свежата Земја исјајува десет илјади илјадници извори животни.

Уртона се крева во сета своја сила, не повеќе

Одвоен од Енитармон, не повеќе Сенка на Лоса.

Каде е Сеништето на Пророштвото? каде лажното Привидение?

Замина: а Уртона се крева од разурнатите Ѕидини

Во сета своја древна сила да сочини златно оружје на ука

За умствената Војна. Војната на сечилата одмина,

Мрачните Религии одминаа и милна Ука владее сега.

 

 

 

Крај на Сонот

 

 

 

вечниот (избр.)

Разбудете се, вие мртви и пријдете

На Суд!” (избр.)

Започнаа да се ближат поблиску кон Земјата (избр.)

Без (избр.)

тесни (избр.)

свирепа (избр.)

високи (избр.)

збор (избр.)

сеќавање (избр.)

сеќавањето (избр.)

Сеќавањето (избр.)

гласот (избр.)

се гледа (избр.)

од (избр.)

со коски (избр.)

црните (избр.)

плаче (избр.)

како (избр.)

како (избр.)

Паднатиот (избр.)

се крена од Карпата.

Паднатиот Човек во чудо виде (избр.)

надвор (избр.)

Древниот Човек (избр.)

Мисла (избр.)

кога (избр.)

со (избр.)

Тогаш (избр.)

Со (избр.)

И (избр.)

Растителниот (избр.)

Природата (избр.)

тивкиот (избр.)

смрт (избр.)

слабите (избр.)

 

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by