The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ осма

 

 

 

Тогаш Сите во Великата Вечност се Сретнаа во Соборот Божји

Ко еден Човек, Благиот Исус, над Гилеада и Хармон,

Над Границата на Собирањето за да го сотворат паднатиот Човек.

Паднатиот Човек беше спружен ко труп врз калната Карпа,

Миен со плими, блед, обраснат во треви

Што се движат во грозни сни; кружат високо над неговата глава

Два крилати бесмртни лика, едниот застанат крај стопалата

Кон Исток, другиот застанат крај главата кон запад,

Крилјата им споени во Зенит над глава; (но ини крилја

Тие имаа што им ги оденуваа телата ко одежди од благи мугри,

Сребрено бели, сјаеа на темно-модрото небо во тишина.

Крилјата им ги допираа небесата; убавите стопала им лебдеа над

Разбрануваните плими; се свиваа над мртвиот труп налик свод,

Вперени со врвот кон највисоките небеса од скапоцени камења и бисери.

Такво е Видението на Сета Бјула што трепери над Заспаниот.

 

Границата на Собирањето сега се постави и Човекот почна

Да се буди на Диванот на Смртта; кивна седумпати;

Солзи од крв му капнаа од обете очи; одново тој отпочиваше

Во рацете на Спасителот, во дланки од нежна милост и љубезност полна љубов.

 

Тогаш Лос рече: „Го гледам Божественото Видение низ разбиените Порти

„На твоето кутро скршено срце, вчудоневиден сум, се топам во Сомилост и Љубов.”

А Енитармон рече: „Го гледам Јагнето Божје на Гората Сион.”

Зачудени во љубов и Стравопочит, ја сетија божјата рака врз себе;

 

Бидејќи ништо не можеше да ги задржи мртвите од Бјула да се спуштат

Во ноќта на Улро; примамени од слатката свирепост соблазнителна

На Призрачната Жена, тие се спуштаат одделувајќи се од Ќерките на Бјула

И Влегуваат во храмот на Уризен, Енитармон жали, нејзините срцеви

Порти скршени; се спуштаат тие низ Портите на сожалувањето,

Скршените срцеви Порти на Енитармон; Ги издишува таа на ветрот

На Голгонуза. Лос стоеше и ги прифаќаше -

Бидејќи Лос можеше да влезе во градите на Енитармон и да ги истражува

Нивните замрсени Лавиринти сега кога Скоравеното срце се скрши-

Од Војната на Уризен вон, а Тармас ги прифаќаше

Во раце. Тогаш Енитармон подигна Разбои во Портата на Лубан

И ги нарече Разбоите Катедрон; на овие Разбои таа им истка на Сеништата

Тела Растителни, пеејќи им приспивни Напеви за да го истера

Очајот од кутрите заблудени сеништа; а Лос ги љубеше

Со родителска љубов, бидејќи Божјата рака беше врз него

И врз Енитармон, а Божествена Поткрепа сјаеше

Во Голгонуза. Погледнувајќи надолу, ќерките на Бјула го видеа

Во радост блескавото Светло, а во него Човечки облик

И знаеја дека е тоа Спасителот, Благиот Исус: и обожуваа.

 

Вчудоневидена, утешена, Озарена, во звуци на Пленет Занес

Сета Бјула стоеше во чудо, гледајќи удолу кон Вечната Смрт.

Го видоа Спасителот зад Јамата на смртта и уништувањето;

Оти дали гледаа угоре, го гледаа Божественото Видение,

Или дали гледаа удолу, пак го гледаа Божественото Видение

Што ги опкружуваше од сите страни и по гревот и смртта и пеколот.

 

Енитармон ткаеше во солзи, пеејќи песни на Тага

И сожалителна утеха, додека ги издишуваше на ветрот Сеништата,

А и Растителните тела што Енитармон ги ткаеше

Се отвораа во своите срца и слабини и во својот мозок

Кон Бјула; а Мртвите во Улро се спуштаа од Војната

На Уризен и Тармас и од облаците на Призрачната жена.

А некои беа исткаени единечни, а некои двојни, а некои тројни

Во Глава или Срце или Слабини, во сообразба со најскладниот поредок

На најмилостивото сожаление и сочувство кон сенишните мртви.

 

Кога Уризен го виде Јагнето Божје оденато во одеждата на Лува,

Збунет и уплашен тој застана, иако добро знаеше дека Орк

Е Лува. Но сега тој здогледа еден нов Лува, Или Еден

Кој го беше зел ликот на Лува и беше застанал спроти него.

Но го виде Орк во Ламјин облик како нараснува сè повеќе

Во лутата борба; и ги виде Јагнето Божје и Светот на Лос

Опкружени од неговите мрачни машини; бидејќи Орк раснеше брз

Во гневот, Ламја која лунѕа по Соѕвездијата на Уризен.

Креста од оган му се исправи на челото, црвена ко рубин,

Надолу, по очните капаци, крлушки од бисер, потем злато и сребро

Смешани со рубинот му се распростреа удолу по Лицето

До снажниот врат; во грчеви искривоколчен во грозни болки во раст,

Крлушкавиот оклоп изби. Упорен, удолу по грбот и градите

Смарагд, Оникс, Сафир, јаспис, берил, аметист

Бликнаа во ужасна смеша што требаше да превладее

Над моќниот Душман, плодот на дрвото на Тајната

Замесено во начвите на Увет. Сеуште Орк ја прождираше храната

Во бесна глад. Сеуште отровната храна, во скапи камења и злато,

Му се лачеше околу грозното тело, Ја спружи до змиска долж

Човечката става, Додека мрачната Сенишна жена, наднесена над него,

Му ја премеруваше храната наутро и навечер во чаши и кошници железни.

Во солзи жални непрестано се трудеше таа околу храната на Орк,

Присилена од сестрите со камени срца, Ќерките на Уризен,

Ги собираше плодовите на она дрво на Тајната, кружејќи околу коренот

Се спружи таа по сите гранки под моќта на Орк.

 

Така Уризен, во самопрелага, неговите воени подготовки при крај,

Кога сите работи ги сврши, одеднаш мавна меѓу ѕвездите,

Брзата рака го даде ужасниот знак; громовни труби дувнаа

И сета празна длабочина одговори со рик на чудесна војна.

Но Уризен моќниот бес го пушти во средната длабочина.

Искри на страшна чума му избија околу смрзнатото тело.

Ужасни куки и мрежи тој сочини, виткајќи ги жиците од железо

И бронза и растопен метал излиени во шупливите кугли, и дупчени

Цевки од скаменет челик, и овни со запаливи смеси, и тркала

И ланци и чекрци подигнати сè околу Небесата на Лос;

Говореше со Ламјата на Орк во мрачно претворање

И со Синагогата на Сотоната во темниот Санхедрин,

За да го поткопа Светот на Лос и да ја раскине блескавата Енитармон

На четирите ветри, без надеж во иднината. Сета идност

Се чини ко да врие во непрестано уништување кое никогаш не ќе згасне;

Очајно каење ја голта сегашноста во незаситен гнев.

 

Преплашен и вчудоневиден, Уризен виде како борбата зема облик

Кој тој не го беше намерил: еден Сенишен хермафродит, црн и непроѕирен;

Војниците го именуваа Сотона, но тој сеуште беше необликуван а огромен.

Хермафродитска неговата должина стана, скривајќи го Машкото

Внатре во себе ко во Табернакул, Одвратен, Смртоносен.

 

Борбата татни, ужасите запалени беснеат во делото на смртта; -

Огромни Дела Лос предвиде, вдахновен од светиот Дух .-

Лос ги гради Ѕидините на Голгонуза против метежната борба

Така што единствено низ Портите на Смртта тие можат да навлезат до Енитармон.

Збеснети тие заземаат човечки лик и човечки облик,

Сетејќи ја раката на Лос во Голгонуза и силата

Привлечна на удирањето на неговиот чекан и на сребрените разбои

На Енитармон која пееше приспивни напеви на ветрот;

Се очовечуваат во лутата битка, каде во ужасни болки

Ред по ред ѕверските толпи се толчат едни други, гласејќи ги силно

Инструментите звучни; и ред по ред, во човечки облици, го распируваат

Ужасното безредие сè додека борбата не згасне; оние кои остануваат

Се враќат во остри болки и грозни грчеви до својата ѕверска состојба;

Бидејќи Чудовиштата на Стихиите, Лавовите или Тигрите или Волците,

Ја гласат силно разјачената музика вдахновена од Лос и Енитармон; Гласејќи се силно, страшни луѓе

Тие си се чинат едни на други, страшно се смеат под барјаците.

А кога на крајот на текот на нивниот боен ден,

Назад во стравотни маки се враќаат во облици несреќни,

Во потсмешливи ликови се враќаат, безживотни иако бесни,

Не веќе исправени, иако снажни; извлечени во должина, тие демнат

Бесмислено задоволување, а ликовите исфрлени нанапред,

Срамнети над и под нив и спружени до ѕверска долж.

Ослабени, се простираат надвор од својата моќ во грозни редови, додека војна не започне,

Или тајна религија во храмовите пред скришните светилишта.

 

А Уризен им даде живот и сетила со својата бесмртна сила

На сите свои Справи на прелага: така кованите ланци можеа да се вртат

Низ воените редови сами: и така куки и дупчалки

Можеа да се однесуваат во склад со своите облици со вродена свирепост.

Тој сочини и груби музички инструменти

Да ја дразнат душата на уништување, или да ги запалат со бес

Духовите на животот, да ги превратат сите способности на сетилата

Кон своја пропаст, за некако да може да го преврати

Сопствениот очај, дури и по цена на сè што дише.

 

Така во храмот на Сонцето своите книги од железо и бронза

И сребро и злато ги посвети, читајќи им без престан

На миријадите размирени дуси; низ вселената

Тие ги ширеа смртоносните речи, Сенишната жена ги впиваше

Опширните уки на Уризена, доба по доба истражувајќи го

Паднатото уништување. И рече таа: “О Уризене, Принцу на Светлината,

“Што ужасни речи ми го прободуваат Увото кревко! што снегови ми паѓаат

“Околу кршевното тело и ми ја обвиткуваат судената беда!

“Само јас се осмелувам да го поднесувам камшикот, да седам под ударите

“Неповредена и да го предизвикувам свирепото чело на Кралот на Светлоста;

“Од мрачните провалии на доба далечни предодредени да ми бидат

“Очи во твоите Павилјони; почуј ја молбава живти Лува.

“Го гледам убиецот на мојот Лува, облечен во одежда од крв:

“Оној кој го зеде престолот на мојот Лува во добата Вечни.

“Каде си го сокрил онега кого го љубам: во која далечна Провалија

“Престојува тој Бог на мојата радост? О да можеа очиве мои да го видат

“Мојот Лува, тогаш ќе можев да ги ослободам сите синови Божји

“Од Оковите на овие ужаси и со влијанија милни,

“Ко еднаш во оние вечни полја, во братство и Љубов

“Обединети, треба да живееме во блажест ко оние што не грешеле.

“Ти го запечати Вечниот Човек, никогаш да не се ослободи.

“Сите ние сме ти слуги на волјата. О Кралу на Светлината, смекни си ја

“Бесната моќ; биди ни татко и наш љубен Крал.

“ Но ако мојот Лува го нема веќе, Ако ти си го кутнал

“И положил во Гробница, Или ако го осветуваш

“ Неговото убиство со друго, Тивка јас се поклонувам во страв.

“Но среќата никогаш не ќе ти дојде, О Кралу, ниту на мене,

“Бидејќи тој беше извор на секоја радост што ова таинствено дрво

“Ја открива во Алегориски плодови. Кога ќе оживеат мртвите?

“Може ли она што постоело да исчезне и можат ли љубовта и животот да Испарат?”

 

Уризен го чу Гласот и ја виде сенката под

Ткаените мракови; и во закони и измамнички религии,

Започнувајќи од дрвото на Тајната, опкружувајќи му го коренот,

Се подаде таа преку сите гранки под моќта на Орк:

Безобличен и неодреден облак, во солзи на тага непрестана,

Ја натопуваше Грозната Мрежа на Религијата; набирајќи се, тешка, таа падна

Од небо до небо, низ сите отвори во мрежата, ги обрати сите Вртлози,

Го помести секое Средиште; гладна жедба и сладостраст почнаа

Да ги собираат плодовите на дрвото на Тајната, сè додека Уризен,

Седнат во својот храм, бесен, не сети шеметна вкочанетост,

И самиот заплеткан во сопствената мрежа, во несреќа, жедба, покајание.

 

Енитармон ткаеше во солзи, пеејќи песни Тажаленки

На утеха полна сожаление, како што ги издишуваше на ветрот сеништата

И им ткаеше тела, нарекувајќи ги свои љубени синови и ќерки,

Ги праќаше ќерките на разбои, а Лос на синовите им даваше работа

На Печките на Голгонуза крај Наковалните на времето и просторот,

Така создадоа големо семејство, чудесно по убавина и љубов,

И тие се појавија ко Вселенски женски облик создаден

Од оние кои беа мртви во Улро, од сеништата на мртвите.

А Енитармон ја нарече Жената Ерусалим Света.

Во чудо, таа го виде Јагнето Божје под Велот на Ерусалим;

Божественото Видение видено во најдлабоките скровишта

На градите на убавата Ерусалим во оган кој нежно светлеше.

 

Тогаш запеаја синовите на Едем околу Јагнето Божје и велеа,

“Слава, Слава, Слава му на светото Јагне Божје

“Кое сега почнува да го отфрла мрачното Сотонско тело.

“ Сега го гледаме искупувањето. Сега знаеме дека животот Вечен

“Зависи единствено од Вселенската рака и дека нема во нас

“Единствено смрт Во лична слабост, несреќа и болка.

Ги гледаме во чудо Разбоите на Енитармон и Наковалните на Лос,

“И вретената на Тирза и Рахаб, и Водениците на Сотоната и на Белзебуб.

“ Во Голгонуза наковалните на Лос стојат и Печките букаат,

“Чеканите што тешко длапчат ги успива кавалот лула-лула,

Десет илјади Демони работат во ковачниците, ги Создаваат Постојано

“Времињата и просторите на Смртниот Живот, Сонцето, Месечината, Ѕвездите,

“ Во периоди бесни во пулсирање, удираат по клиновите и шипките,

“Потем ги влакаат во жици страшните Страсти и Нежности

“На Сенишните мртви. Оттаму до Разбоите на Катедрон спроведени,

“Ќерките на Енитармон ткаат плодник и школка

“Во мека свила, ги влечат од сопственото внатре во сладострасно уживање,

“Со песни на најсладок напев за калемот и вретеното што се вртат,

“Ги успиваат плачните сеништа на мртвите, им ги Оденуваат телата

“Во дарови и одежди од Еден. Вчудоневидени, зашеметени од радост,


“Ужасите си ги облекуваат слатките одежди на бреговите на Арнон,

“Од каде се потопуваат во реката на просторот за некое време, додека

“Грозоморниот сон на Улро не измине. Но Сотоната, Ог и Сихон

“Градат Воденици од непобедливи тркала за да ги расткаат меките нитки и да ги разоткријат

“Голи без облека кутрите сеништа пред небесата кои обвинуваат,

“Додека Рахаб и Тирза далеку инакви наметки готват: мрежи на измачување,

“Наметки од очај, појаси од горко каење, обувки од небрежност.

“Велови од незнаење кои покриваат од глава до пети со мразна мрежа.

“Гледаме удолу во Улро; ги здогледуваме Чудата на Гробот.

 

“На исток од Голгонуза стои Езерото Удан Адан, Во

“Ентутон Бенитон, Езеро не од Вода туку од Простори,

“Немирно, црно и смртоносно; на неговите Острови и Брегови

“Водениците на Сотоната и Белзебуб стојат околу корењата на дрвото на Уризен;

“Оти ова Езеро е сочинето од солзите и воздишките и смртната пот на Жртвите

“НаУризеновите закони, да ги наводенува корењата на дрвото на Тајната.

“Ги разденуваат меките нитки, потем ги ткаат одново во облици

“На црн очај и смрт, и никој од Вечност до Вечност не може да побегне,

“Освен ти, О Вселенско Човештво - кое е Еден Човек, благословен Засекогаш,

“Ги примаш Школките исткаени. Рахаб го здогледува Јагнето Божје.

“Удира со ножот од кремен. Го уништува својот сопствен труд

“Доба по доба, мислејќи да го уништи Јагнето благословено Засекогаш.

“Ги одложува тоа одеждите од крв, ги искупува сеништата од нивните окови.

“Ги буди заспаните во Улро; Ќерките на Бјула го возвишуваат;

“Му ги помазуваат стопалата со масло, го бришат со косата на сопствените глави.

 

“Сега ги гледаме Краевите на Бјула, а сега гледаме

“Каде што смртта Вечна е отстранета Вечно.

“Преземи го мрачното Сотонско тело во матката на Девицата,

“О Јагне Божествено! не може да те вознемири. О сожаллив,

“Сожалението твое е од темелите на Светот, а твоето Искупение

“Започна Уште во Вечноста. Дојди тогаш, О Јагне Божје,

“Дојди, Господине Исусе, дојди брзо.”

 

Така пееја тие во Вечноста гледајќи надолу во Бјула.

Војната татнеше околу Портите на Ерусалим; зеде грозен облик

Виден ко мноштво, огромен хермафродитен облик

Бревташе ко Земјотрес во породилни маки со грчевити стенкања

Несносливи; на крај грозно чудо изби

Од градите на Хермафродитот. Сотона беше наречен,

Синови на Проклетството, ужасен му ликот, обезчовечен, чудовишен,

Маж без женска друшка, вие душманот,

Отфрлен од Еден и гнасен на сите животни облици,

Сепак ја криеше Призрачната жена Вала ко под арка и под превез.

Одбивен, клет, засекогаш умира со Вечна смрт,

Беше мноштва на крвници Луѓе во сојуз еретички

Проти Божјиот лик, Збрани собори на зли луѓе.

 

Лос й  рече на Енитармон, “Сожалувајќи се видов,

“Се сожали Јагнето Божје и се спушти низ портите на Ерусалим

“Да ја отфрли Тајната доба по доба; и ко Човек што

“Се раѓа на Земјата, така тој се роди од Убавата Ерусалим

“Во наметка проткаена со тајна, а во Одеждите на Лува.

“Застана тој во убавата Ерусалим да го разбуди во Едем

“Паднатиот Човек, но првин да го Даде неговото растително тело

Да се отсече и отстрани, за Духовното тело да може да се Открие.”

 

Јагнето Божје застана наспроти Сотоната

Во Ентутон Бенитон, во сенките на мака и несреќа

На висовите на Амалек: засолнувајќи му се во рацете

Жртвите бегаа од казна, оти сите негови зборови беа мир.

Уризен ја привика сета Синагога на Сотоната во грозниот Санхедрин

Да му досудат Смрт на Јагнето Божје ко на убиец и крадец:

Ко што е напишано, беше вбројан меѓу престапниците.

 

Студен, мрачен, непопустлив, Соборот се сретна дванаесеткратен во Амалек,

Дванаесет карпести необликувани форми, стравотни ликови на мака и несреќа,

Така изгледаше Синагогата видена од далеку; среде нив блескаше

Лажната Женска Друшка од Прекрасна Соблазнителна Убавина,

Се делеше и се соединуваше по волја во Свирепостите на Светоста,

Вала, вовлечена долу во Растително тело, сега победоносна.

Синагогата на Сотоната ја Облекла во Пурпурни наметки и Скапоцени камења,

А на челото нејзиното име й беше впишано во крв, “Тајна.”

Кога се гледа од дал таа е Едно, кога се гледа одблизу се дели

На мноштво, така ко што во Едем е дозволено, бидејќи

Тоа беше најдоброто можно во состојбата наречена Сотона, за да се спаси

Од Смртта Вечна и да го отфрли Сотоната Вечно.

Синагогата ја беше обликувала од Плодовите на Уризеновото дрво

Со ѓаволски вештини, гадна, беззаконита, неизговорлива,

Постојано се размножуваше во одбивни раѓања

На женски облици, убави, поради отровите скрени тајно

Кои й даваат боја на лажната убавина; тогаш беше скриена во

Градите на Сотоната Лажната Жена, ко под арка и превез

Кои Христос мора да го раскине и неа да ја открие. Нејзините ќерки се викаат

Тирза; Таа е наречена Рахаб; нивните различни поделби се нарекуваат

Ќерки на Амалек, Канаан и Моаб, кои ги врзуваат на камења

Своите жртви и со ножеви ги мачат, пеат во солзи

Над своите жртви. Чуј ја песната на Жените од Амалек:

 

“О ти кутар човеков лику! О ти кутро дете на несреќата!

“Зошто талкаш далеку од Тирза? зошто ме присилуваш да те оковам?

“Ако навистина заминеш од Тирза, ќе свенам на карпите.

“Нитките на твоите очи што порано лунѕаа по далечни неба

“Далеку од мене ги оковав со жешко железо.

“Овие ноздри што се Ширеа од радост во утринските неба

“Ги свив удолу со олово растопено во разбукани печки.

“Душава ми е седум топилници, непрестано ми татнат мевовите

“Врз страшното пламено срце, растопениот метал ми тече

“По каналите низ огненото тело. О љубов! О сожаление! О болка!

“О тиштењата, горките тиштења на љубовта отфрлена!

“Ефраим беше дивина од радост каде сите мои диви ѕверки трчаа.

“Реката Кана се виеше крај мојот сладок Манасија.

“Појди, Ное, земи го појасот од моќна бронза, вжешти го до усвитеност,

“Притисни го околу слабините на оваа свирепост во раст.

“Не грчи се така, единствена љубов моја.

“Приковајте го, сестри, приковајте го на Ебал, планината на клетвите.

“Малах, дојди од Лебанон, а Хоглах од Планината Синај,

“Дојдете да го обрежете овој сладок јазик, а со клин железо

“Прицврстете го Увово за карпата. Милка, задачата е твоја.

“Не липајте толку; нашиот живот зависи од ова,

“Инаку милоста и вистината ќе исчезнат од Шехем и Планината Гилеад,

“Освен ако љубениот мој не го приковаме на стебленцата на Растителниот Свет.”

 

Такви се песните на Тирза, такви љубовите на Амалек.

Јагнето Божје се симна низ дванаесетте порти на Лува,

Ги понесе неговите таги и ги прими сите негови сурови рани.

 

Така беше Јагнето Божје осудено на Смрт.

Го приковаа на дрвото на Тајната, плачеа по него

А потем го исмеваа, а потем го обожуваа нарекувајќи го Господар и Крал.

Еднаш ко дванаесет ќерки прекрасни, друг пат ко пет

Стоеја во блескава убавина, а некогаш ко една, складната Рахаб

Која е Тајната, Вавилон Великата, Мајката на Блудниците.

 

Ерусалим го виде Телото мртво на Крстот. Побегна,

Велејќи: “Ова ли е Вечната Смрт? Каде ќе се скријам од Смртта?

“Сожали се на мене, Лос! сожали се на мене, Уризене! а да изградиме

“Гробница и да ја обожуваме Смртта во страв додека сеуште сме живи:

“Смрти! Богу над Сите! од која се креваме, на која й се враќаме:

“И нека сите Народи на Земјата обожуваат на Гробницата

“Со Дарови и Зачини, со лампи со богат релјеф од скапи камења и злато.”

 

Лос го зеде Телото од Крстот, Ерусалим плачеше над него;

Го однесоа до Гробницата која Лос ја беше изделкал во карпата

На Вечноста за себе: Ја беше изделкал очајувајќи по Животот Вечен.

Но кога Рахаб ја отсече Наметката на Лува од

Јагнето Божје, се распарчи таа, откривајќи им ги на сите на небесата

И на сите на Земјата, Храмот и Синагогата на Сотоната, и Тајната

Сладолика Рахаб во сета нејзина подлост. Рахаб се подели;

Застана пред Лос во Гордост крај Печките,

Се делеше и се соединуваше во Лажна женска торжественост предизвикувајќи го.

Тој й  одговори со нежност и љубов не без вдахновение.

 

Лос седна врз основата на својата наковална; седнаа крај топилницата.

Лос ја истри потта од зацрвеното чело и вака им започна

На примамните женски облици што сјаеја помеѓу топилниците:

“Јас сум оној призрачен Пророк кој пред шест илјади години

“Падна од своето место во Вечните гради. Се разделив

“На мноштво, а моите мноштва се чеда на Грижата и Работата.

“О Рахаб, јас те гледам. Еднаш и сам бев ко тебе, Син

“На Гордоста, и јас исто така го прободов Јагнето Божје во гордост и бес.

“Послушај ме како ги пребројувам моите созданија за и сама да се покаеш.

“А ова се Синовите на Лос и Енитармон: Ринтра, Паламброн,

“Теотормон, Бромион, Антамон, Анантон, Озот, Охана,

“Сота, Мидон, Елајол, Нато, Гон, Хархат, Сотона,

“Хар, Охим, Иџим, Адам, Рувим, Симеон, Леви, Јуда, Дан, Наптали,

“Гад, Ашер, Изахар, Зебулин, Јосиф, Бенјамин, Давид, Соломон,

“Павле, Константин, Шарлмањ, Лутер, Милтон.

“Ова се нашите ќерки: Окалитрон, Елинитриа, Утун, Лута,

“Елитириа, Енанто, Манату Ворсион, Етаинтус, Моаб, Мидиан,

“Ада, Зила, Каина, Наама, Тамар, Рахаб, Тирза, Марија.

“И миријади уште Синови и ќерки кон кои нашата љубов порасна,

“Кон секој колку што се размножуваа нивните мноштва.

“Но Сотоната го обвини Паламброна пред неговите браќа и ги збесна и

“Коњите во плугот на Паламброн, поради што Ринтра и Паламброн ги

“Отсекоа од Голгонуза. Но Енитармон во солзи

“Липаше над него, му Создаде Простор затворен со нежна месечина

“И се стркала тој под огните на Орк, Кугла огромна

“Прекирена со снег во магливата празнина; овде, со помош на вештините на Уризен,

“Тој намами многу од Синовите и ќерките на Лос да побегнат

“Од Мене; прво Рувим побегна, потем Симеон, потем Леви, па Јуда,

“Потем Дан, па Нафтали, потем Гад, па Ашер, па Изахар,

“Па Зебулин, потем Јосиф, потем Венјамин, дванаесет сина на Лос.

“А ова е начинот на кој Сотоната стана Искушителот.

 

“Постои Состојба наречена Сотона - научи ја јасно за да ја знаеш, О Рахаб!

“Разликата помеѓу Состојбите и Личностите во овие Состојби.

“Состојбата со име Сотона никогаш не ќе може да се искупи во сета Вечност;

“Но кога Лува во Орк стана Ламја, се спушти тој во

“Таа Состојба наречена Сотона. Енитармон го издиша на Ветрите

“На Голгонуза својот љубен, знаејќи дека тоа се човечките остатоци на Орк.

“Нежно таа го љубеше повеќе од сите негови браќа; израсна тој

“Во мајчинска нежност. Огромните светови кои се тркалаат под моќта на Уризен

“Мора со овие благи умеења да му дале на Сотоната превласт над сите;

“Поради што Паламброн, обвинет од Сотоната пред Лос,

“Свика Велик Свечен Собор. Ринтра во бес и оган

“Го бранеше Паламброна и гнев го исполни Вселенскиот Шатор -

“Бидејќи Паламброн беше со природа добра, Сотоната претпоставил дека овој се плаши од него -

“И Сотоната, немајќи ја Уката на Гневот туку единствено на Сожалувањето,

“Брзо беше осуден и гневот му беше препуштен на гнев, а Сожалувањето на сожалување:

“Ринтра и Палмброн, Отсечени сосем од Голгонуза,

“Месечевиот простор на Енитармон, а во него Сотоната и неговите придружници.

“Стркалаа удолу матен свет, прекриен со Снег, смртоносен и темен.

“Ерусалим се сожали над нив и им истка наметки од живот и смрт,

“Доба по доба. А оние во Едем го пратија Луцифер за свој Чувар.

“Луцифер одби да умре за Сотоната и во гордост ја пренебрегна својата должност.

“Потем тие го пратија Молох. Молох беше нетрпелив. Го пратија тие

“Молоха нетрпеливиот. Го пратија Елохим, кој го создаде Адам

“Да умре за Сотоната. Адам одби, но беше присилен да умре

“Со вештината на Сотоната. Потоа Вечните го пратија Шадаи.

“Шадаи беше лут. Пахад се симна. Пахад беше преплашен.

“А потоа го пратија Јехова, кој чумав подаде рака кон Вечноста.

“Тогаш Исус дојде и Умре своеволно под Тирза и Рахаб.

“Ти се Рахаб. Еве го гробот! што уште можеме да намериме?

“Еве, Енитармон, страшна и прекрасна во Вечна младост!

“Поклонете се пред неа, вие нејзини чеда, и ослободете ја Ерусалим.”

 

Рахаб, горејќи во гордост и одмазда, го напушти Лос.

Лос срони солза поради најзиното заминување, но ја избриша во надеж.

Појде таа при Уризена во гордост; Принцот на Светлината ја виде

Откриена пред лицето на небесата својата тајна светост.

 

Мрак и тага ја прекрија сета плот. Вечноста потемне.

 

Уризен седнат во својата мрежа од лажна религија

Ја сети женската смрт, тапа и неосетлива омаменост, каква што

Никогаш го не беше нападнала сјајното човечко обличје; сети како порите

Му ја впиваат смртоносната прелага тапа; ужас од Вечна Смрт

Го пронижа. Уризен седна скаменет врз својата карпа.

Заборавајќи ги сопствените Закони, во сожалување тој започна да ја прегрнува

Призрачната Жена; оти животот не може да згасне, животот се излачи;

Очите му пробија нанадвор, потем ноздрвите што дишат извлечени,

Крлушки му ги прекрија студеното чело и вратот подадени

Во длабочината за да ја фатат сенката; крлушки вратот и градите

Му ги прекрија и крлушки по рацете и стопалата; на стомак паѓајќи

Спружен преку неизмерноста, устата ширум отворена, без јазик,

Забите троен ред, залудно се напрегаше да ја фати сенката,

А огромниот опаш му биеше по Провалијата; човечкиот облик му беше Камен,

Обличје од Неосетлив Камен остана во ужас врз карпата,

Гадно за очите на смртниците кои ги изучуваа неговите книги.

Мудроста сепак остана, а сите негови спомени зачувани во болка.

 

А сепак неговото камено обличје остана во Провалијата безмерна,

Ко бледиот лик во својата оловна обвивка што не може да следи -

Непрестан строг презир од внатре го глода крлушестиот облик

Во длабоко каење за загубата на оној прекрасен Човечки лик.

Во Завист тој го виде Лоса, во Завист Тармаса и Сеништето,

Во Завист, а взалудно пливаше околу каменото си обличје.

 

Не повеќе Простум, Кралот на Светлината се пружи во срд.

Му бие опашот во дивата длабочина; очните капаци, ко Сонцето

Што се крева во гордост, ги осветлуваат сите Стравотни длабини,

Проѕирните крлушки исјајуваат светлост ко прозорите на утрото,

Вратот пламти со бес и величественост, шиба по Пропаста

Ги камшикува пустините и карпите; пустините ја чувствуваат неговата моќ,

Го отфрлаат дремежот од себе, мавтаат во ужасен страв

Повикувајќи ги Лавот и Тигарот, ждребецот и дивиот елен,

Слонот, волкот, Мечката, Ламјата, Сатирот.

Очните капаци фрлаат светлост наоколу; опашот во витки цели

Меѓу ѕвездите; Земјата и сите Провалии го чувствуваат неговиот гнев,

Кога ко што снегот ја прекрива планината, често камена тврдост

Ги покрива длабините, од неговата огромна срд што се придвижува во карпата,

Ги стврднува Лавот и Мечката; треперат во цврстата планина

Го гледаат светлото и се чудат; врискаат во страшно постоење,

Нагоре скокаат дивиот елен и коњот: погледнете го Кралот на Гордоста!

 

Често Очите му изронуват од Провалијата во кралството

На неговиот Вечен ден, а споменот се труди да му ја зголеми милосрдноста.

Потем липајќи се спушта тој во гнев, влечејќи сè во гнев

Во покорност под негова волја; а сега напразно наоѓа

Дека не со своја моќ го носел човечкиот облик простум,

Ниту од своја волја ги задал Законите свои во Вечните доба,

Оти сега лутиот Орк во гнев и срд се искрева на небата,

Крал на гневот и лутината, мрачен разбеснет ужас:

А Уризен, покајнички, си ја заборава мудроста во провалијата,

Во облик на свештенства во црните лаги на покајанието

Мрачно замислен во срцето и во духот што Орк владее над сите

И што неговата мудрост служи само да му ја зголеми бескрајната страст.

 

Тогаш Тармас и Уртона сетија како камената зашеметеност им се искрева

Во телата. Уртона исфрли Огромен облик од Нишки.

Тармас налик песочен столб се тркалаше наоколу со вителниот ветар,

Подвижен Столб што се тркалаше околу-наоколу во непрестан бес.

Лос ја сети камената омама и главата му се стркала удолу

Во Провалиите на неговите гради; крвните садови

Бликнаа на ветрот во цевки што се виткаа по Провалијата;

А Енитармон, бледа и студена, во млечни сокови пловеше

Во облик Растителен, жива, со глас,

Движејќи се на нитки налик корења, трепереше од страв врз Земјата.

 

А Тармас му ја предаде својата Моќ на Лоса, Уртона му ја препушти својата Сила

На младиот Пророк за Љубов на Енитармон

И на безимената призрачна жена во долната пропаст,

И поради стравот од мрачните насилија на Орк и на Уризен.

 

Така во жива смрт безимената сенка сите нешта ги врза:

Сите смртни нешта направени постојани за Доба по доба да може

Јагнето Божје кое умре за сите да ги отстрани,

И сите во него умреа и тој ја оддели сета смртност.

 

Тармас во вис јаваше лут низ несреќните светови,

Гонејќи ја Залудната Сенка на Надеж, бегајќи од неа

Во апстрактни лажни Ширини за да не го чуе Гласот

На Аханија како лелека на ветриштата; напразно тој бега, оти сепак

Гласот непрестан ги повикува сите чеда Човекови:

Оти таа говореше за сите на небесата, а сите на Земјата

Сеуште не го гледаа Божественото Видение; очите й се кон Уризен

И вака Аханија гласно плаче кон Спилите на Гробот:

 

“Ќе чуваш ли глутница волци и ќе ги водиш ли? ќе го земеш ли зимскиот ветар

“За покривка на телото, или летната зараза за шатор во кој ќе живееш?

“Ќе подигнеш ли трајно живеалиште во трошниот Црковен двор?

“Или столб и дворец за Вечноста во челустите на гладниот гроб?

“Ќе бараш ли задоволство во трулата рана, или ќе ја земеш за Жена

“Древната Лепра? што Кралот и Свештеникот сеуште можат да се гостат на твоето распаѓање

“И гробот да се смее и да го исмева изораното поле, велејќи:

“‘Јас сум хранителот, ти уништувачот; во утробата моја има млеко и вино,

“‘И водоскок од моите гради; при мене доаѓаат сите миријади;

“‘На мојот здив му се покоруваат; ме обожуваат. Јас сум бог и крал.’

“Но почујте ја Аханија, о вие синови на Убиениот,

“Слушнете ја онаа чиј спомен ги виде вашите дамни дни,

“Слушнете ја онаа чии очи го гледаат црното тело на расипаната смрт

“Барајќи го взалудно Уризен; напразно барам утро.

“Вечниот Човек спие во Земјата, ниту го чувствува смелото сонце

“Ниту тивката месечина, ниту сите небесни мноштва што му се движат во телото.

“Огнените сали му се темни, околу телото Ламјата Орк

“Витка по витка го опкружува, А расипаните членови

“Блујат крлушести чудовишта од немирната длабочина.

“Излегуваат во реките и ги вознемируваат долните делови

“На Човекот кој лежи на морската шир, со избледената глава потпрена

“Врз Калната карпа, завиен во треви на смртта.

“Очите му тонат шупли во главата, плотта покриена со слуз

“И собрана при коските; о несреќа, Човекот да дојде до таму!

“Силните коски му ги бијат снегови и скриени се во спилите на ноќта,

“Без срж, безкрвни, се ронат во прав, носени од ветровите.

“О како ужасите на Вечната Смрт го обземаат Вечниот Човек!

“Слаби офкања му ги потресуваат пештерите и се пробиваат низ пустите карпи,

“А снажниот Орел, сега во шеметниот студ лишен од перје,

“Еднаш налик на сончева гордост, сега снеможува во студената ноќ,

“Кружи со раскинати крилја во дал, демнее со Желно Око

“Кога Човекот ќе го напушти расипливото тело; овој, прегладнет, го слуша како стенка,

“И сега ги забива силните канџи во шилестата карпа,

“А сега удара по тешкиот воздух со огромни крилја.

“Крај него лежи Лавот мртов, а во утробата црви

“Му се гостат на смртта, сè додека сеопшта смрт не ги проголта сите,

“А бледиот ждребец бара поилиште да легне и да умре,

“Но го наоѓа поилиштето полно змии што се голтаат една друга.

“Ја обесува главата и треперејќи стои, а сјајните очи му паѓаат.

“Ова се Виденијата на Моите Очи, Виденијата на Аханија.”

 

Така плачеше Аханија. Енион одговора од Спилите на Гробот:

 

“Не бој се, О кутра заборавена жено! О земјо на капини и трња,

“Каде еднаш маслини цветаа, а Кедарот ги ширеше крилјата!

“Еднаш лелекав напуштена ко тебе; неизораните полја во страв

“Ми викаа по Црковните дворови, а Црвот земен дојде во страшна состојба.

“Го најдов во градите и реков дека добата на љубов

“Се јавува врз карпите и ридиштата во тивок осој; но набрзо

“Глас еден дојде во ноќта, полноќен вик над планините:

“‘Разбудете се! младоженецот доаѓа!’ се разбудив и не заспав потем;

“Но Вечно проголтување е темната Енион,

“Водниот Гроб. О ти житно поле! О ти растителко среќна!

“Посреќна е онаа што темна прима; надеж ја потопува сета моја мака,

“Оти сега сум опколена од призрачен вртлог кој го одвлекува

“Сеништето сосем далеку од Енион, така што умирам смрт

“На подобра надеж, иако исчезнувам во овие бесни води.

“Изораното поле му одговара на гробот. Го слушам како ми одговара:

“‘Погледни, добата доаѓа брзо кога ти ќе бидеш нешто

“‘Заборавено; кога некој ќе говори за тебе, никој не ќе му верува.

“‘Кога човек благо исчезнува во својата бесмртност,

“‘Кога смртникот го снемува во повисоко знаење, отфрли ги

“‘Минатите нешта, така Смртникот благо ќе исчезне

“‘И така ќе стане невидлив за сите кои сеуште останале.

“‘Почуј. Ќе ти раскажам што се случува во пештерите на гробот.

“‘Јагнето Божје го искина Превезот на Тајната за наскоро да се врати

“‘Во Облаци и Огни околу карпата и дрвото на Тајната.

“‘Ко што семката чека Желно очекувајќи си го цветот и плодот.

“‘Немирна нејазината мала душа гледа надвор во чистата шир

“Да види дали гладните ветри се вон со нивната невидлива војска,

“‘Така Човекот гледа кон дрвјето и билките и птиците и ѕверките

“‘Собирајќи ги расфрланите делови на своето бесмртно тело

“‘Во Првотните облици на сè што расне.

“‘Го пробува зловолниот северец кој јава на лути витки,

“‘Задушливиот јужен ветар штом сонцето изгрева и лутиот исток

“Штом сонцето заоѓа; кога грутките се стврднуваат и стоката стои

“‘Клапната и птиците се кријат во тивки гнезда, си ги прибира мислите

“‘Ко во засолниште во своето сеќавање; тој ги управува облиците

“‘На сè што е доле и на сè што е горе, а во нежниот Запад

“‘Отпочива каде лежи жештината на Сонцето; се крева кон Сонцето

“‘И кон Планетите на Ноќта и кон ѕвездите што го позлатуваат

“‘Зодијакот и кон ѕвездите кои зловолни стојат на север и на југ.

“‘Го допира најдалечниот пол, а во средината лелека

“‘Дека Човекот треба да работи и тажи, да учи и да заборава и да се враќа

“‘Во мрачната долина од каде што дошол, да го започне одново својот труд.

“‘Во болка тој воздивнува, во болка тој работи во својата вселена,

“‘Писка во птиците над длабочината и вие во волкот

“‘Над погубениот и јачи во стоката и во ветриштата

“‘И плаче над Орк и по Уризен во облаци и распламтени огни

“‘И во плачот при раѓање и во стенкањето при смртта гласот

“‘Му се слуша ширум Вселената: секаде кај расте тревка

“‘Или кај ливче пупи, Вечниот Човек се гледа, се слуша, се сети,

“‘И сите негови маки, сè додека не ја достигне повторно својата древна блажест.’”

 

Такви се зборовите на Аханија и на Енион. Лос слуша и плаче.

 

А Лос и Енитармон го симнаа Телото на Јагнето

Од Крстот и го положија во една Гробница што Лос ја беше изделкал

За себе во Карпата на Вечноста треперејќи од очај.

Ерусалим липаше над Гробницата две илјади години.

Рахаб слави победа над сите; ја зеде Ерусалим

Во ропство, Доброволна Робинка, со измамничка вештина наведена

Да го обожува Змејскиот облик на Уризена, да ги нуди сопствениоте Чеда

На крвавиот Олтар. Јован ги виде овие нешта Откровени на Небесата

На островот Патмос и ги слушна душите како плачат по ослободување.

Ја виде тој Блудницата на Кралевите на Земјата и го виде нејзиниот Пехар

На прељуба, храна на Орк и на Сотоната, источен од плодовите на Тајната.

Но кога таа го виде обличјето на Аханија како лелека во Празнината

И кога го слушна гласот на Енион како се огласува од пештерите на Гробот,

Не остана повеќе душа во неа. Тајно ја напушти Синагогата на Сотоната,

Скришно се договараше со Орк. Го сокри со лен

Што Енитармон го беше избројала од Небесата,

Го присобра ленот за да ја уништи својата Блудничка Облека

Во најгорко каење; некогаш сама себе се проколнуваше во каење,

А некогаш ги бакнуваше своите Облеки и Дијаманти и плачеше над нив;

Некогаш се враќаше во Синагогата на Сотоната во Гордост,

А некогаш липаше пред Орка во понизност и трепети.

Синагогата на Сотоната оттогаш се соедини против Тајната,

Сотона се подели против Сотона, решен во отворен Синхедрин

Да ја изгори Тајната со оган и да создаде друга од нејзината пепел,

Бидејќи Бог им беше ставил во срце да ја исполнат во целост неговата волја.

 

Пепелот на Тајната започна да се движи; го нарекоа Теизам

И Природна Религија; ко во старите времиња и сега одново почна

Вавилон во Детство, наречен Природна Религија.

 

Крај на Осмата ноќ

 

 

 

 

наречена (избр.)

Се Сретнаа (избр.)

Вечниот (избр.)

Стихот е подоцна избришан.

прв (избр.)

Енитармон (избр.)

кои припоени кон храмот на Уризен

Што е Синагогата на Сотоната (избр.)

на Портата (избр.)

Лос стоеше и (забелешка вметната на маргината)

Вчудоневидени, утешени, озарени Ќерките на Бјула видоа (избр.)

Еднократни (избр.)

На бесмртниот душман (избр.)

со брзата рака (избр.)

Меѓу ѕвездите (избр.)

Но така (избр.)

од (избр.)

маж (избр.)

човечкиот облик (избр.)

тоа (избр.)

тоа (избр.)

“Ќерки на Бјула, опишете (избр.)

“Разбукани печките пискаат по Трубите долго што ечат, (избр.)

шипките (избр.)

(избр.) име

збор (избр.)

има (избр.)

-те (избр.)

-те (избр.) на Езерото (избр.)

Сите (избр.)

Бревтајќи (избр.)

Велот на Тајната (избр.)

А потем да ги повика Уризен и Лува и Тармас и Уртона (избр.)

околу (избр.)

стоеше (избр.)

се вика (избр.)

“Да се види момчето како скокнува кон небесата, исскокнува од вид (избр.)

Таа (избр.)

изгради (избр.)

А (избр.)

сама (избр.)

беа (избр.)

беа (избр.)

Лос (избр.)

Лос (избр.)

О Смртници (избр.)

Ринтра и (избр.)

беше... (избр.)

Тој (избр.)

Уртона (избр.)

Во облик на свештенства во мрачните лаги на покајанието (избр.)

угоре (избр.)

ужасни (избр.)

Но Рахаб изделка Гробница во Карпата на Вечноста,

И го положи во Гробницата телото што го беше зела

       Крај на Осмата ноќ

Од божјото Јагне, заплака над Гробницата. ткаејќи ја

Својата Мрежа на Религијата околу Гробницата доба по доба крај Портите на Ерусалим.

Но ко што ткаеше, погледни! дното на Гробницата

Пробиено и врата се отвори низ дното на Гробницата

Кон Вечноста. И ко што ткаеше, слушна Глас зад себе како ја повикува.

Се заврте таа и го виде Божественото Видение и нејзината... (избр.)

страв (избр.)

Крај на Осмата ноќ (избр.)

 

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by