The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ седма (б)

 

 

 

Но во длабините под корењата на Тајната во најцрната ноќ

Каде Уризен седеше на својата карпа, една Сенка се наднесе.

Уризен виде и славеше и повика кон своите воини:

„Времето на Пророштвото се преврати сега и сет

„Овој Вселенски украс мој е и во мои раце

„Крајот на небесата; ко Наметка ќе ги свијам околу себе

„Проголтувајќи го она што мора да биде проголтано; потоа во моќ и величественост

„Ќе појдам напред по оние широки полиња на бескрајна Вечност,

„Бог а не Човек, Освојувач во победничка слава,

„И сите Синови на Неминливото ќе ми се поклонат пред нозе.”

 

Прво Трговија и Размена, бродови и наоружани лаѓи изгради трудољубив

Да едрат над длабочините; а на копно, деца им продаваат на трговци

Од страшна нужда, постојано да работат дење ноќе, сè додека, сет

Живот згаснат, не зедат сенишен лик во црн очај;

А робови миријади, бродски товари, ја товарат длабочината со засипнат глас,

Ѕвечкаат со тропотните прангии; стенка Вселенското Царство.

 

И им нареди Тој на синовите да втемелат Средиште во Длабочината;

А Уризен го положи првиот Камен и сите негови миријади

Изградија храм во облик на човечко срце.

А во внатрешноста на Храмот, чудесно мајсторство,

Обликуваа Тајно место, преобратувајќи го сет поредок на радоста,

Така што кој и да влезеше во храмот не можеше да ги види

Скриените чуда, алегориски на Создавањата

На тајната страст, кога скриена во одаи темни блудницата на ноќта

Танцува под Маска при шепотна химна и мрморна молитва. Свештеници

Тој посвети и Свештенички, оденати во маски ѕверски,

Што оддаваат загатност; и светилки тие носеа: отровни испарувања

Се валаат околу Храмот; а го зедоа Сонцето што светеше над Лоса

И под огромните машини што се стркалаа надолу, страшната топка

Ја потчинија. Сонцето, црвенејќи ко лут лав во окови,

Се спушти при звукот на инструментите што ја потопија буката

На грубите тркала и ужасните вијови на дивите ѕверки

Што ги влечеа тркалата на Сончевата кочија; и го ставија Сонцето

Во Храмот на Уризен да му свети во Провалијата,

Да ја осветлува Војната дење, да му ги крие тајните зрачни ноќе.

Бидејќи тој ги оддели денот и ноќта во инаку уредени половини,

Денот за војна, ноќта за тајната религија во неговиот храм.

 

Лос ја подигна својата моќна става: на Земја му стоеја стопалата. Над

Месечина му бесното чело, окружено со црни праскотни громови,

Голото тело му светкаше на темно-модрото небо, колената му

Се капеа во крвави облаци, слабините во бојни огни каде копја

И мечови беснеат, каде Орлите кликаат и Мршојадците се кикотат и си велат:

„Сега доаѓа ноќта на Колеж, сега плотта на Кралови и Принцови

„Размазени во дворци за наш плен, крвта на Капетаните што се крепат

„Со сласт и убиство за наш пијалок; пијаниот Гарван ќе лунѕа

„Цела ноќ меѓу погубените и ќе ги исмејува ранетите што стенкаат на полето.”

 

Тармас се насмеа расрден помеѓу Барјаците, оденат во крв,

Викна: „Како ќе ги разбијам Народите сите, ќе ги разбијам

„Луѓето: взалудни се нивните сојузи, ќе ги расеам.

„Но ти, О Сине, што те крунисав и поставив на престол, тебе снажен

„Ќе те зачувам, иако Душмани се креваат околу тебе безброј.

„Ќе им заповедам на ветрите мои и тие ќе ги расеат, или ќе ги повикам

„Водите ко поплава околу тебе; не бој се, верувај во мене

„И ќе ти ги предадам сите краишта на небесата во твој посед.

„Во војна ти ќе носиш власт, во крв ќе победуваш за мене,

„Оти во добата на Вечноста мене ме разбија

„И она што најсилно го љубев моите Душмани си го поделија.

„Моите ќеркички беа заробени и видов како ги шибаат

„Со камшици врз спарните песоци. Ги слушав оние кои ги љубев

„Како плачат во скришни шатори ноќе, а наутро ги присилуваа

„Да аргатат; и погледни, срцето ми потона удолу

„Во воздишки и липања се распои, додека и самиот не се распоив

„Наполу; и еве, мојот Кристален облик кој ми живееше во градите

„Ни ги следеше ќерките на полињата од крв: ме оставија гол,

„Сам, и одбија да се вратат од полињата на моќните.

„Затоа ќе ги наградам ко што тие ме наградија.

„Ќе ги распојам во лутина, а ти, О мој Кралу,

„Ќе ги собереш од нивните гробови и ќе им ставиш прангии

„И ќе ги врзеш за себе, за мојот кристален лик да може да ми се врати.”

 

Така повика Демонот на Водите во Облаците на Лос.

Испружена преку ридовите лежеше Енитармон; облаци и бури

й удараат околу глава цела ноќ: цел ден таа разуздано се оддава на Неумереност.

Но ноќе или дење Лос ја следи Војната, а чемерна месечина се тркала над неа,

Што кога Лос војуваше на Југот, ги одразуваше силните огни

Од неговата бесмртна глава на Северот, врз бледата Енитармон.

Црвени беснеат јарите на лутиот Орк; црни громови се тркалаат околу Лос;

Му пламти главата ко што блескавото сонце видено низ магла се зголемува во

Дискот, во ужасно видение за очите на потресените смртници.

 

А Енитармон, треперејќи од страв, пропелтечи:

 

„Не ти верувам ниту на тебе, ниту на твооите блескави лушпи;

„Очите твои ми се ужас; а пламот на твојата китка,

„Шумењето на твоите лушпи ме вџашува, грубото шумење на твоите лушпи.

„А да не ми беше изградил оној Лос кула на карпа,

„Мора да ќе умрев во мрачна пустина меѓу убиствените црви.

„Како ќе побегнам, како ќе побегнам во кулата на Лос?

„Свртени ми се нозете наназад, а стопалата ми се лизгаат по глината,

„И облаци ја затвораат кулата; взалудно рацете ми се напрегаат.

„Нели Богот на водите во разорните Стихии

„Ги љуби оние кои мразат, наградувајќи ја со омраза Душата во Љубов?

„А не морам ли да му се покорувам на Богот, ти Сенко на Љубомората?

„Јас повикувам; стражарот не слуша. Си го истурам гласот во викови:

„Чувару! Ноќта е густа и мракот ми го мами зрачниот вид.

„Крени се! Крени се! О Лос! Разбуди го мојот чувар, тој спие.

„Крени се! Крени се! Засјај, О Светлости! Чувару, светлото ти е згаснато.

„О Лос! Ако не ми ја зачуваш кулата, Чуварот ќе биде погубен.”

 

Така Енитармон плачеше врз страшната Земјена постела,

Додека широкиот Даб ги свиваше корењата околу неа, пробивајќи си пат темен

Во Постоењето, низ пештерите на смртта. Буката со долги гранки напредуваше

Ужасна во разболените неба. Овошките очовечени

Ги покажуваа своите бесмртни сили во очај налик војна,

Ги раздираа небесата и земјите и пиеја крв во жешка битка

За да си го нахранат плодот, за да ги задоволат скриените синови и ќерки

Кои далеку во затворените ниши на своите тајни дворци

Ја набљудуваа неизмерната војна и се радуваа, сакајќи да заживеат

Во световите на Енитармон. Гласни татнат ветрите,

Натежнати со облаци вијат околу Диванот. Тмурно волнестата овца

Чекори низ бојот. Мрачен и свиреп Бикот бесот

Си го шири по завојуваната Земја. Лавот се срди во пламења,

Тигарот во раснечки дим. Ламјата шумска

И водна, и пустинската скорпија ја раздразнуваат

Со бездушни песни секоја жива душа. Змијата трча

Низ редовите и вика, „Слушајте го Свештеникот Божји, вие воини;

„Оваа Кукулка на главата тој ми ја постави во Вечните времиња,

„И Рече, ‘Оди и води ги моите војни; ко зглобниот ‘рбет

„‘На Човекот те сочинив кога го збришав Човека од животот и од светлоста.

„‘Земи ги Седумте Зарази Човекови; зачувај ги за идни времиња

„‘Во складишта, на тајни места кои ќе ти ги покажам

„‘Да бидат мои големи и стравотни клетви во назначеното време.’”

Змијата престана: Бојна песна се гласеше силна и гласна

По небесата. Мрежата на Уризена трепереше, мака по мака.

Тогаш го чув Земјотресот и

 

Сега во Гробните Спили и Местата на семето човеково

Безимениот Вир сенишен застана пред лицето на Орка.

Сенката ја подигна темната глава над пламеното момче

Со воздишки и лелеци и длабоки липања; за да не го изгуби својот гнев

И да не се изгуби во мекотија, таа го прегрна неговиот оган.-

Ко што Земјотресот се искрева од своето легло, рамењата силни

Му се јавија над Гората што се дробеше, Штама чека околу него

За миг, потоа зачуден ужас избувнува од Средиштето,

Огнените пци се креваат, широките рамења се појавуваат-

Така Орк ги стркала своите облаци над длабините на темниот Уртона,

Знаејќи дека вештините на Уризен се Сожалувањето и Меката слаткост

И дека со овие умеења ламјиниот облик му се излачи од телото

Тих ко очајна љубов, а силен ко љубомора,

Љубоморен што таа беше Вала, сега блудница на Уризен

И Блудница на Лос и забунета блудница на Кралевите Земни,

Душата му се разглода на парчиња.

Влакнестите рамења ги кинат врските, слободни се зглобовите огнени.

Црвен бес се шири, тој ги наваби своите лавови од шумите црни,

Вијат околу пламеното момче,  ја раскинуваат безимената сенка

И трчаат во бесмртен прогон низ цврстиот мрак носени.

 

Гласна ечеше бојната песна околу црвениот Орк во срд

И околу безимената призрачна Жена во лелек и ужас,

Кога сите Стихијни Богови се здружија во чудесна Песна:

 

„Огласете ја Бојната труба страшна, души оденати во замамен челик!

 „Огласете го продорниот кавал, ламји на војната! Го слушам северниот тапан.

„Разбудете се! Го слушам шепотот на склопените барјаци.

 

„Змејовите Северни си го облекуваат оклопот;

„Над Источноте море рамен земаат правец.

„Светкањето на ормите на нивните коњи го дамчи ноќниот свод.

 

„Да го сопреме искревањето на славниот крал: боднете ги, боднете ги облаците

„На смртта! О северен тапану, разбуди се! О железна рако, огласи го

„Северниот тапан! Сега нападнете! Смело завиени

„Во стрелки од зимен град. Одново оптегни го црниот лак

„И громовниот тапан нека ита на стрелите црни.”

 

Стрелите летаа од облачниот лак цел ден, додека крв

Од исток до запад не потече, ко човечки вени, реки

Од живот на полињата на смртта и во долините на очајот.

 

„Сега огласете ги трубите на Победата, сега свлечете ги погубените.

Оденете се во златна спрема, браќа на војната.”

Ги огласуваат трубите силно, ги оковуваат разлелеканите заробеници,

Ја положуваат Заклетвата крвна, ги фрлаат заровите во шлемот,

Изгласуваат смрт за Лува и го приковуваат на дрво,

Го прободуваат со копје и го положуваат во гробница

Да умира со смрт од Шест илјади години, окован со пустош.

 

Сонцето беше црно, а луната се тркалаше, бескорисна топка, преку небесата.

 

Тогаш ги оставија синовите на Уризен плугот и ралото, разбојот,

Чеканот и длетото, линијарот и мерките.

Исковаа меч, бојна запрега, воена секира,

Труба прикладна за бој, а летниот кавал

И сите вештини на животот ги претворија во вештини на смртта.

Клепсидрата презрена, бидејќи едноставната изработка й

Беше ко мајсторство на орач, а водното тркало

Што крева вода во Цистерните, скршено и изгорено во оган

Оти неговата изработка беше ко мајсторство на овчар,

А наместо нив сложени тркала измислија, Тркало без тркало,

За да ги збркаат младите во полет и да ги врзат за работа

Деноноќна миријадите на Вечноста, за да ги мазнат

И светнуваат бронзата и железото со часови, макотрпен труд,

Држени во незнаење за нивната намена, за да ги трошат деновите на мудрост

Во несреќна напорна работа, за да добијат скудна плата во леб,

Во незнаење да гледаат мало делче, а да мислате дека тоа е Сè

И да го нарекуваат тоа доказ, слепи за сите едноставни правила на животот.

 

„Сега, сега Бојот ти беснее околу нежното тело, О Вала!

„Сега насмевни се среде горките солзи, сега одени си ја сета убост.

„Не е ли раната од мечот слатка, а скршената коска извонредна?

„Ќе се насмевнеш ли сега меѓу погубените додека ранетите стенкаат на полето?

 

„Крени ги модрите очи, Вала, и обуј си ги сафирните обувки.

„О Тажнолика Магдалено, погледни, зората се руди!

„Опашај го пламениот Појас, симни се во Гробницата,

„Истриј ја крвта од златното чело, солзите од сребрените прамени,

„Стреси ја водата од своите крилја и правот од белата одежда.

 

„Сети се на сите свои напразни стравови на тајниот диван

„Кога сонцето се крена во сјајно утро оружано со моќни мноштва

„Што маршираа во бој, кој беше желен да се крене со Уризеновите харфи,

„Опашана ко Сеач, со неговото семе да расее живот.

 

„Крени се, О Вала! Донеси го лакот на Уризен, донеси ги брзите стрели од светлост.

„Како беснееја златните атови на Уризен, впрегнати во запрегата на Љубовта,

„Натерани да му го препуштат ралото на Волот, да ги мирисаат ветриштата на пустошот,

„Да ги газат житните полја со горди ѕвискања; не е ова нежна харфа,

„Не е ова распеан поток, ниту Сенка на мирта.

 

„Туку крв и рани и чемерни повици и бојни труби,

„И срца отворени кон светлост под грозоморен меч,

„И утроби скриени во кован челик распарани врз земја.

„Привикај си ја насмевката од слатка прелага, привикај ги облачните солзи!

„Ги слушаме воздишките твои во труби продорни кога Утрото крвта ја обновува.”

 

Така пееја демоните на длабините; Трубите бојни ечеа гласно.

Орк ја расцепи неа и човечкиот облик му го проголтаа неговите сопствени огни и

Се смеша со нејзините несреќни членови расеани по Провалијата.

Уживаше таа во сет Судир, Задоволена а ронеше солзи жалост.

Не остана ништо од Орк освен Ламја околу дрвото на Тајната.

Обликот на Орк исчезна; ја подигна тој својата ламјина става среде

Ѕвездите на Уризен во Моќ, го раскинува животниот облик

Во безоблична неодреденост и ја расеа неа во Провалијата

Ко облаци на зимско небо, раскршени од ветри и громови.

Ова й претставуваше Крајно задоволство. Воините жалеа разочарани.

Одат во војна со силни повици и гласни труби.

О, Жалост! Се враќаат со тажаленки, жалопојки и липање.

Невидлива или видлива, извлечена во долж или испружена во шир,

Призрачната Жена се Менуваше во Војната во радост,

Пискаше незадоволна, црна и тешка, испушташе груби звуци,

Чекореше преку барите меѓу калните треви, сочинуваше Тажачки

За да го измами Тармас во неговиот бес, да му ја примири расрдената душа,

Да го забави во летот, за Уризен да може да живее, иако во болка.

Тој рече: „Дали си ти блескавата Енион? Се врати ли сенката на надежта?”

 

А таа одговори: „Тармасе, јас сум Вала, благословено да ти е невиното лице!

„Дали Енион ти го избегнува погледот на сините водни очи?

„Не биди сигурен дека воздухот го знае ова, или росата што паѓа.”

 

Тармас одврати: „О Вала, еднаш живеев во градина на задоволство;

„Ја разбудив Енион наутро, а таа се заврте од мене

„Помеѓу јаболкниците; и сите градини на задоволство

„Ми се залелеаа ко сон пред очи. Појдов да ги барам стапките

„На Енион во градините, а сенки ме опкружија

„И ме затворија во воден свет на жалост каде Енион стоеше

„Пред мене треперејќи ко сенка, ко маглина, ко воздух.

„Исчезна таа и тука сам јас војувам со мрак и со смрт.

„Ти го слушам гласот, но обликот не ти го гледам; ти и сета радост

„И живот се појавувате и исчезнувате, потсмевајќи ми се со сенки на лажна надеж.

„Си заборавила ли дека воздухот слуша преку сите свои простирања, кажувајќи ги

„Најтанките мисли скриени од светлоста во Месечевите одаи?”

 

„Тармасе, Месечината има одаи каде децата на љубовта лежат скриени,

„А оттаму никогаш не ќе се изнесат Вечно,

„Освен ако нивните вообразени родители не ги изложат. Ете, оној кого го љубам

„Ми е скриен и никогаш во сета Вечност

„Не ќе го видам. Енитармон и Аханија, здружени со Енион,

„Го скрија во оној Грозен лик на Орк, кој ме измачува поради Грев.

„Поради сите мои скришни мани, кои тој ги изнесува на светлото

„На денот, во љубомора и крв децата ми ги водат во војната на Уризен

„На мои очи, а за секое од нив проколната сум

„На Вечна мака во пламењава; бидејќи иако имам моќ

„Да се кренам во вис, Сепак љубов ме врзува овде долу и никогаш, никогаш

„Не ќе се кренам, додека оној кого го љубам не е слободен од овој мрачен оков.”

 

Тармас одговори: „Вала, твоите гревови ни ги загубија небесата и блажеста.

„Ти си наше Проклетство и додека можам да изнедрувам љубов на светло

„Никогаш не ќе се простам од овој голем гнев.”

 

Така Тармас јачеше расрден; потоа зајава на бурната Длабочина

Колнејќи го гласот кој му се потсмеваше со лажна надеж, во бесна расположба.

Тогаш таа се враќа, брза ко болеста што е врз новородената пупка,

Пискајќи по сите ноти на несреќата да му го примири разгорениот бес,

Газеше по ридишта, чекореше или пливаше, леташе бесно или паѓаше,

Или ко Земјотрес татнеше во земјината утроба,

Или удолу ко облак и угоре ко оган што пламти во вис,

Во радост од ридовите одеше или мрмореше во долините

Ко врз Брз порој доле и карпа што паѓа горе

Громовен облак на југ и заспивен глас чуен на север.

 

И продолжи таа и ги виде облиците на живот и радост

Како одат по Горите или летаат во отворената небесна шир.

Чу слатки гласови во ветровите и во гласовите на птиците

Што се креваа од водите; оти водите беа ко гласот на Лува,

Кој не й  се укажуваше ко вода или ко овој мрачен свет на смртта,

Иако сите тие убави совршенства, кои луѓето ги знаат само по име,

Во прекрасни суштествени облици й се јавуваа и ја служеа

Ко храна или напиток или украс, или во извонредни дела

й градеа ноќевалишта; бидејќи Стихиите ја изнедрија изобилно

Живата душа во сјајни облици, а секој дојде

Да истапи пред нејзиното Призрачно лице и да й се поклони пред нозете.

Но напразно радости се истураа врз расписканата тага.

За нејзина радост ждребецот гордиот врат си го свиваше и белата грива,

А моќниот Лав ја почести во уста да прифати златна узда,

Додека Паунот надалеку што блеска чекаше на мирисното ветре

Да й принесе плодови од слатко задоволство од дрвјата на најбогатите чудеса,

А снажниот пердувест Орел го донесе небесниот оган во ноќното доба.

Во додворувања, потчинета, во Вечна Смрт Демонката лежеше,

  Расрдена на мрачниот очај, распискана Тагољупка.

Бидејќи далеку и широко таа се простираше низ сите светови на патешествието на Уризен,

А й беше присоединета на Бјула ко Полип на Карпа.

Со жалење ќерките на Бјула го видоа ова, ниту ќе можеа да го издржат

Стравотниот поглед на смрт и измачувања, Туку Вечното Ветување

Го впишаа на сите свои гробни камења и столбови, а на секоја Урна

Овие зборови: „Ако веруваш, брат ти ќе се крене пак,”

Во златни букви украсени со сладок чин на Љубов,

Чекаа трпеливо да се исполни Божјето Ветување.

 

И сите синови на Вечноста огласија пријатни звуци,

Не трпејќи сомнеж да се кренат од Облаците на Призрачната Жена.

Тогаш миријади мртви избија низ дната на своите гробници,

Се спуштија низ облаците на Призрачната жена во Сенишна гроза,

Зад Границите на Проѕирот на Езерото Удан Адан.

Овие ги нарекоа Сотони, а во собор ги именуваа Сотона.

 

 

Крај на Седмата ноќ (б)

дрвото (избр.)

збор (избр.)

Сенишната Жена (избр.)

„Сенишниот глас одговори: „О Уризене Принцу на Светлината (избр.)”

Уризен го нарече... (избр.)

чело (избр.)

патишта (избр.)

ден по (избр.)

 

Остатокот од овој дел е загубен.

љубов (избр.)

збор (избр.)

ждрепци (избр.)

Сега (избр.)

во темнина (избр.)

потем (избр.)

Налутена (избр.)

од (избр.)

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by