The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ седма (а)

 

 

 

Тогаш Уризен се крена. Сеништето побегна и Тармас побегна;

Потемне Сеништето на Уртона и се скри под една карпа.

Тармас почна да бега низ длабочините на неизмерното

Кружејќи во вртлози бесни, сè околу пештерските Светови.

 

Но Уризен тивок се симна долу до Спилите на Орк и виде

Една Пештерска Вселена од распламтен оган; атовите Уризенови

Овде се врзани во огнени јасли, бесно клоцаат со златните копита,

Фрлаат жарни искри со бронзените синџири; расрдени неговите лавови

Рикаат во запалените дувла; тигрите му врват во порои дим

Низ шумите на несреќата; адамантската вага на правдата

Ги расточува силните светилки на милоста, се леат овие во реки.

Светото масло беснее по пештерските карпи; лути пламења

Танцуваат по реките и карпите; вика опиен од бес

Плугот на добата и златното рало преоѓа преку полјата

Од плисната крв; бесмртното семе се храни со колежот.

Биковите на Лува, издишувајќи оган, мукаат на запалените пасишта

Околу Орк; овој ечи, а страшното тело му блуе црвен дим и оган,

Оти Уризен не му се приближи туку седна на една карпа

И си ги распореди книгите околу себе, наднесувајќи се Завидлив над Орк.

 

Во лелеци цепајќи ги мрачните спили страшниот Демон лежеше:

Секој удар на билото, удараше по оковите свои, секој удар на билото, духот му

Се фрлаше сè повисоко кон гробницата на Енитармон;

Ко громот што се свива во најгустите облаци,

Водните народи се склопчуваат и кријат во најголемите длабочини,

Потем му избиваат од измачената глава, со ужасни ликови и распламтена коса,

Неговите брзокрилни ќерки бришат преку широкиот црн океан.

 

Лос сети Завист во телото ко разболено дрво,

Бидејќи Уризен, цврст во зависта, седеше задуман, покриен со снег;

Книгата од железо на колена, бележеше тој страшни букви

Додека снегови паѓаа и бури ги гасеа пламењата на Орк

Доба по доба, сè додека под неговата пета смртоносен корен

Не се проби низ карпата, коренот на Тајната клета израсна

Гранки на небото на Лос: тие, налик на цевки, виткајќи се удолу

Сетне се вкоренуваат каде што ќе допрат, сетне се разгрануваат

Во замрсен лавиринт, се шират преку многу стравотни длабочини.

 

Вчудоневиден се препна Уризен кога се најде опколен

И под висок покрив од дрвја; се дигна, но младиците

Раснеа толку густо, што со тешкотии и голема болка ги изнесе тој

Книгите од чемерната сенка, сите освен книгата од железо.

Одново седна и ги посла Книгите околу себе

На една карпа од железо што се муртеше над пенливите огни на Орк.

А Уризен са надви над Орка и му го виде страшниот гнев;

Седеше на еден железен гребен, на крај зборовите му пробија:

 

„Слико на ужас, од каде си ти? Од каде ова најжално место?

„Од каде овие лути огни, освен од тебе сам? Ниедно друго живо суштество

„Во сета оваа Провалија јас не гледам. Ниедно друго живо суштество

„Не се осмелува да го трпи твојот најстрашен гнев. Врзан тука да го трошиш во болка

„Животниот сок во овие огни кои сетне избувнуваат

„Околу тебе, де налик поплава, де налик карпа

„Од живи бодежи, страшната постела се жари од непрестани огни

„Под тебе и наоколу. Над тебе огнен дожд сега бие,

„Во облик на кугли и шилести клинови кои ти го раскинуваат крвавото тело.

„Де сега вителен столб од пламени песоци ќе те преплави,

„Ти ги топи раните со пеколни соли и горка мака.

„Де сега карпа се движи по површината на ова пламено езеро

„Да те понесе долу под брановите во задушен очај.

“Сожалението кон тебе ме наведе да го прекинам темниот и долг одмор

„И да ти се откријам во облик на мудрост.

„Сепак ти во себе се смееш на сиве измачувања и на ова грозоморно место:

„Сепак телото ти ги отфрла огниве далеку, само за да се вратат врз тебе

„Додека почиваш, фрлајќи бес на бес, хранејќи се

„Со виденија на милна блажест толку поинаква од ова пламено поднебје.

„Сигурно те капеле во реки од радост, на зелени полјани

„Си одел весел, во блескави Широви си спиел на сјајни облаци

„Со виденија на радост толку убави што ти го поттикнуваат гневот

„Десеткратен со жарна жедба да ги раскинеш оковите и да викаш од бес

„И матен заборав на сета несреќа и очаен покој.

„Или твојата радост се темели во маките што други ги трпат за тебе?”

 

Орк одговори: „Проклет да ти е ликот од слана! Што правиш ти во овие длабини?

„Сожалението твое јас го презирам. Фрлај си ги снеговите другаде.

„Беснеам во длабината оти, види, стопалата и дланките ми се приковани за пламена карпа,

„Сепак моите споулавени огни се подобри од твоите снегови. Тресејќи се седиш.

„Не си окован. Зошто седиш, ти студен, подлизуркав демону на несреќата,

„Во маки на ужасен студ? Сега Езеро од води длабоки

„Минува преку тебе замрзнувајќи се ко камен; сепак ти седиш затворен

„Во таа проѕирна карпа ко во радост од својот блескав затвор,

„Сè додека, претоварена со сопствената тежина извлечена од неизмерноста,

„Со тресок кршејќи се, ужасната маса не се спушти

„Со грмежи, а град и замрзнато железо наврнато од Стихијата

„Не ти ја расцепи белата коса; сепак ти, тврдоглаво застанат во дума, седиш

„И си ги пишуваш книгите. Наскоро облак, преполн снег,

„Ќе те покрие, сеуште тврдоглав, сеуште решен и пишуваш сеуште;

„Иако карпи се валаат преку тебе, иако поплави леат, иако ветри црни ко море

„Те сечат во длабоки бразди, иако крв ти се лее околу стопалата,

„Замрзнувајќи ти ги нозете за тврда карпа, сепак твоето перо тврдоглаво

„Ги следи чудата на Идноста во ужасен страв од иднината.

„Јас беснеам гневен во длабината, бидејќи види, стопалата и дланките ми се приковани

„За тврдата карпа, инаку ти би ги сетил моето непријателство и омраза

„Во сите човекови болести како ти паѓа на сивите клети гради.”

 

Уризен одврати: „Прочитај ги моите книги, истражи ги моите Соѕвездијата,

„Испитај ги моите Синовите и тие ќе те научат како да Војуваш.

„Испитај ми ги Ќерките, кои проколнати во мрачната длабочина,

„Месат леб на Несреќа под моја строга заповед; бидејќи јас сум Богот

„На сева оваа страшна урнатина. Кренете се, О ќерки, на строгата заповед!”

 

Расцепувајќи ги Карпите, Елет и Увет се кренаа и Она се крена,

Страшни во своите железни лаѓи, ги поведоа низ

Матниот воздух; ја зедоа книгата од железо и ја поставија над

Облаците на смртта и ги запејаа своите песни, месејќи леб за Орк.

Орк ја слушаше песната, присилен, гладуваше на студениот ветар

Што се виткаше тежок над клетото тесто; мразно иње се ронеше

Низ ситото на Она; пороен дожд се лееше од железното ведро

На Елет, а зимните дланки на Увет го месеа лебот.

Небесата се веднат во ужас под нивните железни раце,

Пееја при страшната работа зборови од железната книга на Уризена

Додека огромни пергаменти се одвиткуваа ужасни горе на небото;

А сепак товарот на нивните песни во солзи беше излеан:

„Лебот е замесен, дозволи ни да отпочинеме, О свиреп татко на чедата!”

 

Но Уризен од карпата не им попушти при сите нивни маки.

 

И Уризен читаше од својата книга Бронзена со звучен тон:

„Почујте го, О Ќерки, мојот глас. Почујте ги Зборовите на мудрост,

„Така ќе владеете над сите; нека Моралната Должност ви го нагоди гласот.

„Но срцата нека ви бидат потврди од воденичен камен.

„Да ја донесеме Сенката на Енитармон под нашето чудесно дрво

„ За Лос да Испари ко дим и да го нема веќе,

„Привлечете ја Енитармон кон Сеништето на Уртона

„И дајте му превласт над Лоса, страшниот призрак.

„Принудете го сиромавиот да живее на Ронка леб, со мила и блага вештина.

„Насмевнете се кога се мурти, намуртете се кога се смее; а кога човек изгледа блед

„Од труд и од откажувања, речете дека изгледа здрав и среќен;

„А кога челадта ќе му оболи, оставете ги да умрат; многу се

„Родени, дури и премногу, и Земјава наша ќе ја прегазат

„Без овие умеења. Доколку сторите сиромавиот да живее во умереност,

„Со торжественост давајте го секое корче леб што го дарувате; со милостива итрост

„Зголемувајте ги малите подароци; наведете го човека да посакува дар, а тогаш давајте торжествено.

„Велете дека се насмевнува ако го чуете дека воздивнува. Ако е блед, речете румен е.

„Проповедајте воздржаност: речете му дека е сит и дека си го потопува умот

„Во силен пијалок, иако знаете дека леб и вода е сè

„Што може да си дозволи. Ласкајте й на жена му, сожалувајте му ги децата, сè додека

„Не подредиме сè под наша волја, ко што пците се учат со вештина.

„Види! Како срцето и мозокот се обликуваат во расплодната матка

„На Енитармон: како пупи со живот и ги обликува коските,

„Малото срце, црниот дроб и црвената крв во своите лавиринти;

„Со задоволена желба, со силна ненаситна глад, го полни таа

„Лос со славољубив бес што неговата раса сета ќе ја раскине.”

 

Тогаш Орк крикна: „Клета да ти е Студената дволичност! Веќе околу твоето Дрво

„Со вага што сјае во злато и рубини, почнуваш да го слабееш

„Поделениот ми Дух. Ко ламја се кревам во мир, слободен

„Од бес. Сега кога се гневам, оковите поцврсто ме врзуваат.

„О мачење! О мачење! Ламја присилена! Дали сум ламја?

„Дали во моќна прелага човек се раѓа? Во моќна прелага

„Ти ми го зауздуваш бесот така што ламјата се обвиткува околу дрвото.

„Отстапи, Студен дволичнику! Јас сум окован, инаку ти не би можел да ме употребиш ваков.

„Човек ќе беснее, врзан со овој ланец, ламјата во тишина ползи.

„Ти не ќе й го избегнеш бесот. Сив демону, стишај си ги сите бури,

„Дај ми пример на твојата благост. Кралу на бесни градоносни бури,

„Ти ли си студената привлечна моќ што ме држи во овие окови?

„Добро паметам како ти го украдов светлото и тоа стана оган

„Што голта. Ме Познаваш сега, О Уризене, Принцу на Светлината,

„И јас те познавам тебе; ова ли е победата, ова ли Божествената Состојба

„Што лежи зад границите на Уката во Сивата маглина?”

 

Уплашен Уризен го чу Орка, сега сигурен дека овој е Лува.

А Орк започна да се обликува во тело на Ламја,

Го презре светлото на Уризен и претворајќи го во пламен оган,

Го примаше ко што отровниот пехар го прима небесното вино,

И претворајќи ја нежноста во бес, а мислата во апстракција,

Мрачен голтач кој сам себе се голта, се крена во небата.

 

Уризен реејќи завидливо седна и го виде тајниот ужас

Како пламти високо во гордост и се смее во презир кон изворот на неговата измама,

Ниту знаеше за свој сопствен извор, но мислеше дека е самиот единствениот творец

На сите свои расеани Опити во ужасната Провалија.

Знаеше дека слабоста се простира во ширина и должина, знаеше

Дека мудроста достига висина и длабина; и затоа стори Орк,

Сотеран во ламјин облик, да исползи по тајното дрво.

Го присили да се искачи за да може да ги вовлече сите човечки облици

Во покорност под своја волја, ниту знаеше за ужасниот учинок.

 

Лос седеше во плисокот на Уризен и ја гледаше студената Енитармон.

Неговите јата се стремат кон стопалата, создаваат Јајца кои при излегување

Прскаат на ветрите над дрвото на Тајната.

Енитармон му лежеше врз колена. Уризен ги бележеше своите Стихови.

Во мрачната длабочина темното дрво раснеше; нејзината сенка беше повлечена долу,

Удолу кон корењата; липаше над Орк сенката на Енитармон.

 

Лос ја виде послана, слика на смртта, врз исушените долини;

Сенката й одеше и доаѓаше. Сега беше бледа ко снег

Кога горите и ридјата се покриени и Човековите патеки затворени,

Но кога духот ќе й се вратеше, беше румена ко зора кога

Зрелиот плод се зацрвува од радост во вечните одаи на небесата.

Болка го прободе од стопалата, го прободе до главата

Ко што мразна ноќ ги грицка корењата и ги стресува лисјата.

Тивок тој застана над Енитармон набљудувајќи й го бледото лице.

Не проговори, беше тивок сè додека не сети студена болест.

Тогаш Лос заплака љубоморна тажачка на чемерниот ветар:

 

„Зошто не можам да уживам во твојата убавина, Убава Енитармон?

„Кога се враќам од облаците на Жалоста кон Стихиите што блудат,

„Каде ти во возбудена радост, во блескава летна убавина,

„Привлечна отпочиваш, румена во моето отсуство, пламтејќи со убост,

„Студено бледа од жалост кога приоѓам, трепериш пред страшното

„ Мое Чело и очи, усните ти се распаѓаат ко рози на пролет.

„Како си згрчена! Плодовите што пукаа во летниот бескраен Претек,

„Затворени во дробна пурпурна покривка, одвај пупат и умираат.

„Маслиновите дрвја што лееја масло над илјада ридови

„Разболено се пружаат и одвај ги подаваат гранките кон полето.

„Розите што й се ширеа во лице на блескавата зора,

„Скриени под мал свилен вел одвај дишат и болникаво сјаат.

„Лилјаните што светлост жареа, доба на кое утрото се радуваше,

„Скриени во Долините слабо тажат и никој гласот не им го слуша.

„Сите освен несреќниот Лос уживаат во сладостите на убавината!

„Еднаш како пеев и ги привикував ѕверките и птиците кон нивната сласт,

„Ниту знаев дека јас, единствен исклучен од радостите на љубовта,

„Морам да бојувам со тајни чудовишта на животните светови.

„О да не видев ден! Тогаш ќе бев во мир,

„Ниту ќе сетев бодежи на жедба, ниту копнеж по живот,

„Оти животот му е сладок на кутриот Лос; на неговите крилести несреќи

„Даден им е желбен вик, за да можат да седат ноќе на голи карпи

„И да си ги острат клуновите и да го мирисаат воздухот и да ги гледаат мугрите како се зорат

„И да врескаат, додека од мирисот на крвта не ги рашират ковчестите крила

„И не ги расечат ветрите ко стрели исфрлени од ордите на Судбината.”

 

Така Лос тажеше ноќе, нечуен од Енитармон.

Бидејќи Сенката на Енитармон се спушти по дрвото на Тајната.

Сеништето ја здогледа Сенката како трепери на пустите карпи

Под дрвото на Тајната, кое во мрачната Провалија

Започна да цути во силни болки, исфрли пупки што се грчеа

Во породилни маки; а сега, штом цутот падна, блескав плод

Се појави во многу бои и со разни отровни својства

На Чуми скриени во сјајни топки кои раснеа на живото дрво.

 

Сеништето на Уртона ја здогледа Сенката на Енитармон

Под Дрвото на Тајната помеѓу лисјето и плодовите.

Зацрвенет, демонот снажен подготви отров на слатка Љубов.

Се вртеше де ваму де таму во солзи; липаше и ја прегрна

Бегливата слика и во благи шепоти й се додворуваше на бледата сенка:

 

„Најслатка сласт на Луѓето! Енитармон, ко сенка што се криеш

„По тајни места каде ниедно око не може да ти го проследи водениот пат,

„Дали те најдов? Дали те најдов? трепериш ли во страв

„Поради Орка? Бидејќи тој ти се откина во кршкав пат

„Од слатките бедра на блажина, црвена ти течеше крвта.

„Ти пребледе ликот, молњи играа околу тебе, громови кружеа

„Над тебе, а ужасниот Орк се откина на својот кршкав пат;

„Но следната радост твоја ќе биде во слатка прелага,

„А нејзиното раѓање во несвеста и сонот и слатките прелаги на Вала.”

 

Сенката на Енитармон одговори: „Дали си ти, ужасна Сенко,

„Поставен над ова слатко момче мое да го чуваш за да не ја раскине

„Мајка си на ветриштата небесни? Опиена од

„Плодот на ова извонредно дрво, не можам да побегнам

„Од твојата прегратка, инаку сигурно волку ужасен облик

„Никогаш не би ми лежел во раце; сега слушај, ќе Ти кажам

„Тајни на Вечноста кои никогаш до сега не ми ги отклучиле

„Златниве усни ниту го тргнале резето од градите на Енитармон.

„Среде цвеќата на Бјула шеташе Вечниот Човек и ја здогледа

„Вала, пустинскиот лилјан, како се топи на пладне;

„На нејзините гради во слатка блажест тој падна. Чудење го опфати

„Сето небо; видоа како потемне; изградија златен ѕид

„Околу Бјула. Таму тој се гостеше во сласт помеѓу Цвеќињата.

„Вала беше бремена и го роди Уризена, Принцот на Светлината,

„Првородениот од Созданието. Потем види чудо за очите на сега паднатиот “Човек; во двоен облик Вала се појави, Машко

„И женско; затрепери блед Паднатиот Човек и отстапи

„Од неприродноста и ги нарече Лува и Вала, преврнувајќи

„Долини за да си го најде патот назад кон Небесата, но не најде ништо,

„Бидејќи слабите очи му беа избледени, а ушите тешки и тапи.

„Уризен израсна на полињата на Бјула. Многу синови

„И многу ќерки цветаа околу светиот Шатор на Човекот

„Сè додека тој не ја заборави Вечноста, опиен од милна радост

„Во својата фамилија, своите јата и стада и шатори и пасишта.

„Но Лува скришно се посоветува со Уризен во една мрачна ноќ

„Да го врзат татка си и да ги поробат браќата. Ништо тој не знаеше

„За милната Вечност; крв се лееше околу светиот шатор и откината

„Од своите зглобови, испуштајќи го последното стенкање, сета Бјула падна

„Во мрачен метеж; во меѓувреме, Лос се роди и Енитармон,

„Но како, јас не знам; тогаш заборав сосем ме обви

„На некое време, ниту паметам повеќе, сè додека не застанав

„До Лос во Спилата мрачна, заробени во живи облици

„Според Волјата на Лува, кој го презеде Местото

„На Вечниот Човек и го порази. Но ти, Сениште мрачно,

„Можеш да најдеш начин како да ја казниш Вала во својот огнен југ,

„Да му ја изнесеш потчинета на гневот на лутово мое момче.”

 

Сеништето рече: „Ти убава Слико, ова извонредно Дрво

„Ни е дадено за Отпочив од бурите на Празното и Цврстото,

„Додека еднаш одново зората на добата не се обнови над нас,

„Да нè обедини одново на оние благи полја на среќната Вечност

„Каде што ти и јас во неодделена Сушност шетавме

„Втелотворени, ти моја градина на сласти, а јас духот на градината;

„Заедно таму бидувавме во обострана радост, се менуваа

„Деновите на Вечноста, со Тармас благ и Лува милозвучен

„Над нашите води. Ова ти добро го паметиш; слушни, ќе ти кажам

„Што забораваш. Тие во нас и ние во нив наизменично Живеевме,

„Пиејќи ја радоста на вселенското Човештво. Едно ужасно утро -

“Почуј, О слико на Сласт! Едно ужасно утро на бликната крв

„Човештвото се подели; бидејќи нежните страсти, пробивајќи се

„Низ бесконечниот лавиринт на срцето и низ ноздрите избија

„Во мирисна омаменост, застана пред Очите на Човекот

„Жена блескава. Јас застанав крај мојата наковална темна, маса

„Железо се жареше сјајна, подготвена за лопати и рала; одеднаш удолу

„Потонав со крикови од крв избивајќи удолу по вените

„Што сега мои реки беа станале, а се тркалаа низ облици налик цевки

„Затворени во себе, спуштајќи се удолу. Јас потонав заедно

„Со крвавата плима дури до местото на семето и таму распојувајќи се

„Се поделив во мрак и во заборав; ти, детска жалост

„И детски страв во матката на Енион.

„Мојот машки дух, презирајќи го трошното тело изби

„Од мозокот на Енион Во овој искривоколчен облик, оставајќи те таму

„Додека времиња не минаа преку тебе; но сепак мојот дух се врати и кружеше

„И обликува Машко, да ти биде содружник на тебе, О Љубов

„Потемнета и Загубена! По некое време, излегувајќи од матката на Енион,

„Ти и тој демон Лос се родивте. Ах, љубомора и мака!

„Ах, кутриот разделен Уртона! Сега Сениште што талка

„По длабочините на Лос, роб на она Создание што јас го сотворив.

„Работам дење и ноќе за Лоса; но слушни го моето видение.

„Јас гледам иднина во тебе. Ќе ја донесам благата Вала

„Во прегратките на овој ужас и ќе го уништам

„Она тело што го создадов; тогаш одново ќе се соединиме во блажест;

„Бидејќи сè додека овие ужаси насадени околу Портите на Вечниот живот

„Не се истераат и уништат, никако не ќе можеме одново да ги минеме Портите.

„Ти знаеш дека Сеништето во Секој Човек е споулавено, огрубено,

„Искривоколчено, дека јас сум грабежлива ненаситна страст постојано што

„Желнее и раскинува; но Очиве ми се постојано на тебе, О убава

„Прелаго, и не можам да жеднеам по ништо друго освен по тебе; не е така и

„Со Сеништата на Мртвите, бидејќи јас сум ко Сениште на Живите.”

 

Вчудоневидена, полна солзи, духот на Енитармон го здогледа

И чу Сеништето; горко заплака, Прегрнувајќи го со жар

Својот еднаш љубен Господар, сега само Сенка, самата исто сенка,

Се Спојуваа постојано меѓу гранките на тоа Дрво.

Така тие се спојуваа среде отровните испарувања на Тајната

Додека сенката на Енитармон, бремена во долните длабочини,

Не породи страшно чудо. Како што Енитармон пискаше

И се тресеше, низ Световите над неа Лос липаше, снажната душа му се згрози

Од пискотот на Енитармон, од нејзините препелкања, ниту очите можеа да ја видат

Причината на нејзината ужасна мака, бидејќи таа положи слика на смрт,

Ја фрлаа силни потреси сè додека нејзината сенка не се роди, потоа таа потрча

Споулавена по горните Стихии во луд бес.

 

Ги распрсна Портите на срцето на Енитармон со ужасен Прасок,

Ниту можеа некогаш веќе да бидат затворени пак; златните шарки се скршија,

А портите се раздробија и нивните украси се искривија

Под дрвото на Тајната, бидејќи бесмртната сенка, тресејќи се,

Го роди ова грозно чудо: Облак; раснеше и раснеше

Сè додека многу Мртви не ги пробија дната на своите гробови

Во облици машки без женски содрушки, или Еманации,

Свирепи и збеснети од Непријателство и Омраза и Војна,

Во сништата на Улро мрачен и мамен, привлечени од убавата сенка.

 

Сеништето преплашено й даде власт над Орк кој лелекаше.

Потем пушти дрвото на Тајната корен во Светот на Лос,

Највисоките гранчиња подадоа жили под диванот на Енитармон,

Двокорениот Лавиринт наскоро им се заниша околу главите.

 

Но тогаш Сеништето навлезе во градите на Лоса. Секоја воздишка и стенкање

На Енитармон го носеа сеништето на Уртона на своите крила.

Тврдоглавиот Лос почувствува Сожаление. Енитармон му ја раскажа приказната

За Уртона. Лос го прегрна Сеништето, прво ко брат,

Потем ко друго Себе, вчудоневиден, очовечен и во солзи,

Во Самопокора се Откажа од својата желба за Превласт.

 

„Никогаш не ќе можеш да ја прегрнеш милата Енитармон, ужасен Демону, додека

„Не се соединиш со своето Сениште, додекаво болки и трудови не завршиш со

Тоа смртно тело и со Себеуништување назад ако не се вратиш

„Во животот Вечен; биди сигурен дека јас сум твоето вистинско јас,

„Иако вака одделен од тебе и роб на Секоја страст

„На твојата лута душа. Тргни го резето од Портите на Споменот: погледни ме

„Не ко друг, туку ко своето вистинско Јас. Јас сум твојата Сенка,

„Ти ме беше покорил во старите времиња со Бесмртна Сила

„Кога беснеев гладен и желен по свирепа сласт и убиство.

„Иако сум ти страшен и грозоморен на Очи. Иако закопан под

„Урнатините на Вселената, почуј што вдахновен ти велам и молчи.

„Ако се обединиме во едно, друг еден подобар свет ќе се

„Отвори во твоето срце и бедра и чудесниот мозок,

„Трикратен, ко што беше во Вечноста, а оваа, четвртата Вселена,

„Ќе се обнови од трите и Умните Огни ќе ја проголтаат;

„Но ако одбиеш, Друго тело ќе се подготви

„За мене, а ти, ќе бидеш уништен, ќе испариш и ќе те нема веќе.

„Бидејќи ти си само орган и облик на живот, а сам по себе

„Не си ништо, бидувајќи Пресоздаван Постојано од Милоста и Љубовта божја.”

 

Лутиот Лос одговори: „Сениште страшно, твоите зборови ми го зачудуваат Увото

„Со беспоговорна уверливост. Чувствувам дека не сум еден од оние

„Кои, уверени, можат сеуште да се противат: иако бесен, повладив

„Сум под моќта на Разумот. Дури и сам веќе чувствувам Свет во мене

„Како ги отвора портите, а во него сите вистински материи

„На кои овие во надворешниот Свет им се само сенки што минат.

„Влези ми во Градиве и во сенишните раце донеси ми ја со себе

„Мојата убава Енитармон. Ќе си го пригушам гневот и ќе ја учам на

„Мир душава од мрачна освета, а Свирепоста на покајание.”

 

Така говореше Лос и ги Прегрна Енитармон и Сеништето;

Облаци ќе се обвиткаа околу нив во Занес и Љубов соединувајќи ги,

Туку Енитармон треперејќи побегна и се скри зад дрвото на Уризен.

Но Сеништето на Уртона, смешувајќи се со своето Сениште,

Во чудо го здогледа Средиштето отворено; вдахновен со Божја Милост -

Тој од своја страна Му Даде Задача на Лос да го уништи

Телото кое го беше сотворил; но взалудно, бидејќи Лос беше создал

Чуда од работа -

Тие ја изградија Голгонуза, Лос трудољубиво подигна столбови високи

И Куполи стројни во долните неба, бидејќи доле

Се беа отвориле нови неба и нова Земја под нив и во нив,

Трикратна, во мозокот, во срцето, во бедрата:

Трикратна Атмосфера Возвишена, што го продолжуваше светот на Уртона,

Но сепак содржеше Меѓа Двојна, именувана Сотона и Адам.

 

А Лос стоеше на Меѓата на Провидот во липања и трепети,

Со сомнежи полн, во себеобвинување, го здогледа плодот

На Уризеновото дрво на Тајната. Бидејќи Енитармон вака проговори:

„Кога Во Длабочините доле го набрав овој румен плод,

„Со тоа знаев дека сум Згрешила и тогаш знаев

„Дека без откупнина не би можела да се спасам од Вечна смрт:

„Дека Животот живее од смртта и дека со ненаситна глад

„Сите нешта се одржуваат меѓу себе; одтогаш во очај

„Го минам сјајното време; но ти си силен и моќен

„Да го поднесеш ова Самоуверување; земи тогаш, Јади и ти исто од

„Плодот и дај ми доказ за животот Вечен, инаку ќе умрам.”

 

Тогаш Лос го скина плодот и Јадеше и седна во Очај,

И ќе мораше да й се предаде на смртта Вечна, Но

Сеништето на Уртона делумно смешано со него го утеши,

Бидувајќи мост помеѓу него и Енитармон. Но Ова Единство

Не можеше да се Оствари без Грижи и Жалости и Маки

Од шест илјади Години на самооткажување и на горко Окајување.

 

Сеништето на Уртона преплашено ги здогледа Сеништата на мртвите:

Секое машко обликувано без содрушка, без сосреден поглед.

Сеништето на Уртона липаше пред Лос велејќи, „Јас сум причината

„Што оваа ужасна состојба почнува. Јас ја започнав страшната состојба

„На Поделба и на мојата црна глава проклетството и казната

„Мораат да паднат, освен начин ако се најде на Откуп и Искупение.

„Но те имам тебе мој (Содружник избр.) чудесен,

„Овие сеништа немаат (Содружници избр.), затоа беснеат

„Без животна храна. Ајде да им сотвориме Со(дружници; избр.)

„Бидејќи без Создадено тело Сеништето е Вечна Смрт.”

Лос во трепет одговори: „Сега ја чувствувам тежината на строгото покајание.

„Не трепери толку, моја Енитармон, од страшните порти

„На кутрото скршено Срце. Те гледам ко сенка како венееш

„Ко надвор од Постоењето; но погледни! види! утеши се!

„Заврти ги Очите навнатре и таму види го Јагнето Божје

„Облечено во Лувина одежда од крв како се спушта да искупи.

„О Сениште на Уртона, утеши се! О Енитармон!

„Да не би исчезнала од ужас и трепет и страв.

„Кога ќе се појавам пред тебе во опрост на древните повреди,

„Зошто да трепериш и да се боиш? Сигурно сум умрел во болка

„Доволно често за да ја разуверам твојата љубомора и страв и ужас.

„Дојди ваму; биди трпелива; да бидеме заедно, бидејќи

„Јас исто треперам од себе и од мојот претходен живот.”

 

Енитармон одврати: „Го гледам Јагнето Божје како се спушта

„Да ги Пресретне Сеништата на Мртвите. И така се плашам тој

„Да не нè предаде на Вечна Смрт, прикладна казна за вакви

„Гнасни престапници: Крајно истребување во вечна болка:

„Живот засекогаш во умирање, задушен и запечатен; исклучени

„Од постоењето за да бидеме знак и ужас за сите што гледаат,

„За никој да не се осмели во иднина да стори ко ние што сторивме на небото.

„Таква ни е состојбата; ниту Синот Божји ќе нè искупи, туку ќе нè уништи.”

Така Енитармон говореше треперејќи во поројни солзи.

 

Лос седна во Голгонуза, при Портите на Лубан каде

Беше издигнал многу ходници каде што се разгрануваше дрвото на Тајната,

Каде Сенишните мртви лелекаа; и воздивнувајќи, вака тој й  проговори на Енитармон:

 

„Убава сласт на Луѓето, Енитармон, сенишно засолниште од бесната војна,

„Твоите гради проѕирни се мек одмор за плачните души

„На оние жални жртви на борбите; ене ги каде спијат во темна магла;

„Се хранат на нашите живот; ние сме им жртви. Остра желба

„Чувствувам да изработам втелотворени прилики во кои мртвите

„Ќе можат да живеат пред нас во нашите дворци и во нашите градини на труд,

„Што сега, отворени во Средиштето, ги гледаме како се шират

„ Да образуваат свет на жртва на браќата и синовите и ќерките,

„За да го стишаат Орка во неговите ужасни маки; погледни, огните ми засјајуваат освежени

„Пред лице искачувајќи се во радост, ко во старите времиња!”

 

Енитармон ги посла блескавите плетенки на ветрот и рече,

„О Убав страшен Лос, чудо на Вечноста, О Лос, моја одбрано и водичу,

„Твоите дела се сета моја радост и во твоите огни душава ми ужива;

„Ако благи горат во прикладна мера и во тајна ноќ

„И тишина си го градат денот во сенка на меки облаци и роси,

„Тогаш можам да издишам на ветровите на Голгонуза жалобни облици

„Што одново ми исчезнуваат во градите; но ако ти, мој Лос,

„Во блага. умерена усвитеност сочиниш облици возвишени,

„Такви во кои жалобните сеништа ќе можат да се соберат,

„Ќе бидат тие откупнина за нашите Души за да смееме да живееме.”

 

Така Енитармон говореше, а Лос, рацете божествено вдахновени, започна

Да ги прилагодува огните; ревен тој гласните разбукани пламења

Ги потчини со силата на Уметноста, навнатре ги виткаше железните врвови

И ги извлекуваше воодушевено на ветрите на Голгонуза

Од воените редови на Уризен и од огненото езеро

На Орк, ги виткаше надолу, ко што врзувачот на снопови го следи

Жнеачот, со обете раце ги прегрнуваше разбеснетите пламења.

Лос ги извлече од длабочините, вкопувајќи си го десното стопало цврсто

Во железната карпа стрмна на Уризен, оттаму отскокна далеку

Во небата на Енитармон во моќен круг.

 

А прво тој нацрта линија на ѕидовите на блескавото небо,

А Енитармон ја обои со зраци на румена љубов.

Остана постојано, милен облик, вдахновен, божествено човечки.

Делејќи во прави мерки Лос неуморен работеше

На бесмртните линии на небесата, сè додека со воздишки на љубов,

Милната Енитармон блага, Вознесена не ги издиша на ветрот

Сенишните мртви. Со липања Сеништата го видоа бесмртното дело

На Лос, се Собираа во тие облици, Втелотворени и Стројни

Во младост и убавина, во рацете на Енитармон блага отпочиваа.

 

Прво Ринтра, а потем Паламброн, извлечени од воените редови,

Во детска невиност почиваа на градите на Енитармон.

Орк се стиша во длабочините; неговата душа оживуваше во нив:

Ко што Најстариот брат е таткова лика, Така Орк стана

Ко Лос, татко на своите браќа, и се радуваше во темното езеро,

Иако окован во прангиите на Љубомората и во лушпи од железо и бронза.

 

Но Лос ги милуваше и одби да ги жртвува нивните детски тела,

А насмевките и солзите на Енитармон надвладеаја над самоодбраната.

Тие порадо ќе ја пресретнеа Вечната Смрт отколку да го Уништат

Породот на својата Грижа и Сожалување. Сеништето на Уртона се утеши;

Но Тармас славеше во надеж за враќање на Енион,

Оти нови Женски облици виде родени во воздухот

Како ткаат свилени покривни велови во сладок воодушевен занес,

Смртни, а не ко Енитармон, без покривен вел.

 

Прво неговиот бесмртен дух го одвлече Сеништето на Уризен

Од војните редови, го раздели на две,

Оставајќи ја Сенишната форма, која не можеше да се извлече.

Потем го оддели Тириел, Најстариот од синовите на Уризен:

Уризен стана Ринтра, Тириел стана Паламброн.

Така поделувајќи ја моќта на Секој Воин,

Вчудоневиден беше Лос; сега го најде Душманот Уризен

Во сопствени раце; се чудеше што чувствува љубов, а не омраза.

Сета негова душа го љубеше; го виде ко дете

Убаво како дише крај Енитармон, трепереше одвнатре.

 

 

 

Крај на Ноќта седма (а)

Прва од двете верзии на Ноќта седма. Поради различните приказни опишани во нив, обете пеења се наведени едно по друго во преводот (бел. прев.)

еден збор (избр.)

својот (избр.)

вие (избр.)

одговори (избр.)

  Така велејќи (избр.)

мудроста (избр.)

студен (избр.)

Таа тајно уживаше да го види; се хранеше од неговиот Очај.

Рече таа, „Одмаздена сум за сите мои стари маки.” (избр.)

рана (избр.)

збор (избр.)

„и сè додека

„Не те имам во раце и не се соединам одново со Лос

„Во едно тело и Еден дух со него (избр.)

сладок (избр.)

збор (избр.)

гранки (избр.)

младици (избр.)

Твоето (избр.)

еднаш (избр.)

многу Солзи (избр.)

Растителен (избр.)

претходните... (избр.)

кои (избр.)

слатко (избр.)

задоволства (избр.)

живот и љубов (избр.)

убав (избр.)

слатки (избр.)

Да ги цепи пештерските карпи на Дрантон во облици на убавина (избр.)

збор (избр.)

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by