The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

 

В А Л А

 

Ноќ шеста

 

 

 

Така Уризен стана и потпирајќи се на копјето, појде да ги истражува своите дувла.

Летна низ мрачниот воздух до едно место каде што река течеше

И отпетлувајќи го сребрениот шлем, го наполни и се напи;

Но кога, незаситена жедта, се обиде да го наполни повторно,

Глеј, три страшни жени на работ на болскотна поплава

Не му дозволија приод, туку го истераа со луњи.

 

Уризен не ги позна и така им се обрати на духовите на мракот:

 

„Која си ти, Најстара Жено, што си седиш во облаците?

„Што име ти е напишано на чело? што си ти?

„И од каде ја излеваш оваа вода со воздишки и грижа?”

 

Не одговори таа, но си ја наполни урната и ја изли.

 

„Не одговораш?” рече Уризен. „Тогаш ти можеби ќе ми одговориш,

„Ти страшна жено облечена во модро, чија силна привлечна моќ

„Вовлекува сè во водоскок крај карпата на твојата привлечност;

„Со намуртен лик ти седиш, господарке на моќниве води.”

 

Не одговори таа, туку ги рашири рацете и нозете.

 

„Или ти ќе ми одговориш, најмлада жено, облечена во блескаво зелено?

„Со труд и грижа го делиш токот на четири.

„Кралице на страшниве реки, проговори, нека ти го чујам гласот.”

 

Исправија тие ѕид од карпи, а Уризен го крена копјето,.

Вриснаа, го познаа татка си: Уризен си ги позна ќерките.

Се вовлекоа во каналите, сув камениот брег под неговите стопала,

Се скрија во камени облици пред Очите на Уризен.

 

Тогаш Уризен заплака и вака жалобата му потече:

 

„О ужасна, О грозоморна состојба! оние кои најмногу ги љубев,

“На кои ги сипав убавините на мојата светлост, ги красев

„Со драгоцени камења и скапоцени украси изработени со божествена вештина,

„Облеки од зрачните бои на небесата и круни од златен оган.

„Им дадов слатки лилјани за на гради и рози за во коса,

„Ги научив песни на милно задоволство, им ги дадов нежните гласови

„Во модрата шир и измислив со вредно мајсторство

„Милозвучни инструменти; во гордост опкружувајќи ми ги колената

„Ја лееја својата зрачност над сите; ќерките на Лува им завидуваа

„На нивната необична блескавост, а синовите на вечноста им праќаа дарови.

„Сега ќе го сипам својот гнев на нив и ќе го обратам

„Скапоцениот благослов; за боите на убавина

„Ќе им дадам црнило, за драгоцени камења, бела слана; за украс, изобличеност;

„За круни змии да им се обвиткаат; за слатки мириси, смрдлива расипаност;

„За гласови на радост, зарипнато грачење безоблично под сланата;

„За напорната татковска грижа и благата ука, ќе им подарам

„Окови од мрачно незнаење и жици од искривоколчена вообразеност

„И камшици од строго покајание и храна од тврдоглав инает,

„За да можат да го колнат Тармас, нивниот Бог, и Лос, усвоениот му син;

„За да можат да го колнат и обожуваат скриениот демон на уништувањето;

„За да можат да обожуваат ужаси и да им се покоруваат на насилните.

„Одете, синови на мојата клетва, Одете, ќерки на моето гадење.”

 

Тармас го дочу смртниот крик преку водниот свет свој

И силниот глас на Уризен како жалоби на ветрот

И дојде јавајќи во гнев; замрзнати цврсто му беа далгите,

Тивки во гребени ги виде како стојат околу Уризен,

Ужасна пустош од замрзнати води; бидејќи Кралот на Светлината

Потемне во лицето под студениот шлем, а пустошното копје му

Потемне пред него. Тивок по врвовите на брановите тој

Појде пустошен; пред него Тармас побегна и во лет се бореше

Викајќи: „Што си и кој си ти, Студен Демону? дали си Уризен?

„И ти ли, ко мене, воскресна од мртвите? или си без смрт?

„Ако си тој, очајната намера почуј ми ја и задај ми смрт,

„Оти  за мене смртта е далеку подобра од животот, смртта, мојата жедба

„Што напразно на разни начини ја барав, но сеуште живеам.

„Телото Човеково ми е предадено на мене. Напразно се мачам да го уништам,

„Бидејќи сеуште плави во риби и во чудовишта од длабочините

„И во овие чудовишни облици јас Живеам во Вечна мака,

„А ти, Уризене, си паднат и никогаш не ќе се спасиш.

„Повлечи си го засекогаш светилото од мене, а јас ќе ја повлечам

„Од тебе храната твоја; така ќе престанеме да бидуваме и сите наши маки

„Ќе Завршат, а Вечниот Човек нема повеќе да се обновува под наша моќ.

„Ако одбиеш, во вечен бег твоите зраци попусто

„Ќе го гонат Тармаса и напразно ќе чезнеат по храна. Ќе го

„Свртам бегот низ мрачната неизмерност Вечна во пад.

„Ти ќе ме гониш, но напразно, сè додека, прегладнет врз празнината

„Не свисиш, исушена кожа собрана, слабо што јачи на ветрот.”

 

Така Тармас говореше, но Уризен не одговори. По пат

Тој зеде, високо скокајќи преку ридови и пустини, поплави и страшни провалии.

Бескраен напорот, бескрајно патувањето; се напрегаше

Залудно, оти одвратни чудовишта од длабочините го попречуваа болно,

Крлушести и со перки од железо и бронза, ја раскинуваа патеката пред него.

Не престануваа судирите. И понатаму тој изморените стопала ги креваше

Пробивајќи се кон мрачниот свет на Уртона; се искачи

Со болка на опустените гори и со болка се симна

И ги виде нивните ужасни стравови и му се стемни на очи од глетката:

Завивања, чкртања, стенкања, врискања, потреси, липања, шикоти,

Се мешаат заедно да го сотворат светот на Лос. Во свирепа радост

Лос кружеше во темнината, ниту го виде Уризена со Куглата од оган

Што му го осветлуваше чемерниот пат низ непроодниот свет на смртта,

Како ги запишува во горки солзи и стенкања во книги од железо и бронза

Необичните чуда на Провалиите, еднаш неговата најсветла радост.

 

Бидејќи Уризен ги гледаше ужасите на Провалијата како лунѕаат помеѓу

Паднатите духови, некогаш негови деца и деца на Лува.

Исплашени од звукот на сопствените воздишки што ко да ја потресуваа неизмерноста,

Тие талкаат бришејќи си ги солзите, во срцата сонце, снуждена луна,

Вселена од огнени соѕвездија во нивните мозоци,

Земја од зимска тага под стопалата, а околу слабините

Води или виори или облаци или кружни молњи и заразни чуми.

Вон границите на нивното сопство сетилата не можат да им продрат:

Ко дрвото што не знае што е надвор од своите лисја и кората,

А сепак ја пие летната радост и се плаши од зимската несреќа,

Така, во пределите на гробот, никој не си го знае црниот содружник,

Иако учествува во неговите ужасни маки и взаемно си ги возвраќаат ударите,

Билото, жалоста, грчот, во маки одбивни на душата.

 

Страшни облици и глетки на мака во запалените зандани и во

Пранги од вжештено железо; некои со круни од змии, а некои

Со чудовишта опашани преку градите; некои лежат на постели сулфурни

Врз запчаници и тркала; виде тој жени како чекорат преку пламени пространства

Од Песок, во групи од стотини и од педесетини и од илјади, погодени од

Ровји кои трештат по нив, врз рамењата во чекор

Во последователни болскоти со гласни громови; брз леташе Кралот на Светлината

Над пламените пустини; Потоа пустините завршија, завиткани во облаци

Прав со миријади плачни во задушливите испарувања, Брз

Леташе Кралот, иако опаднат во моќите, напрегнат, сè додека над карпи

И Гори, блед, исцрпен, не заталка, каде мноштвата беа затворени

Во цврсти планини и во карпи кои се надигаа од нивните измачувања.

Потоа дојде меѓу огнени градови и замоци изградени од пламен челик.

Тогаш ги виде ликовите на тигрите и на Лавовите, одчовечени луѓе.

Многумина во ламји и црви, си ја пружаа необичната должина

Преку мрачната почва и лигавите патеки, му го попречуваат патот

Растегнат од длабина до длабина, преплетен со ребрасти

И крлушести чудовишта или оклопени во железни школки или школки од бронза

Или злато; светкаво измачување кое сјаеше и шиштеше во вечна болка;

Некои, столбови од оган или вода, понекогаш испружени во вис,

Понекогаш в долж, понекогаш склопчени, талкаа попусто во потрага по олеснување.

Неговиот глас за нив беше само неразбирлив гром, оти Ушите

Им беа тешки и тапи, а очите и ноздрите затворени.

Често стоеше крај плачната жртва Распрашувајќи ја со збор

Утешен или Гневен; никој не одговораше; секој завиен

Во сопствените несреќи лелекаше без оглед на неговите зборови, ниту глас

На милен одговор можеше да добие, иако често обиден со солзи.

Тој знаеше дека тоа се негови Деца паднати во неговиот паднат свет.

 

Често ќе застанеше да го распраша лутиот скорпион златно што сјаеше;

Попусто; ужасот не слушаше. Потем лав ќе зграпчеше

За снажната грива, запирајќи го на патот полн вијови; попусто гласот

На Уризен, попусто слаткоречивиот јазик. Карпа, Облак, Гора,

Не беа сега Говорливи ко во Поднебјата на среќната Вечност

Каде јагнето му одговара на детскиот глас, а лавот на човекот во години

Му дава слатка поука; каде Облакот, Реката и Полето

Разговараат со домаќинот и со овчарот. Туку овие болно го напаѓаа,

Го грапчеа за стопалата и му ги раскинуваа жилите, така што во Спила

Се скри да си ја зацели снеможената сила во одпочив и заборав.

 

Овде имаше време да се покае за брзоплетата закана со клетва.

Ги виде попроколнати од неговата Клетва: душата му се стопи од страв.

Не можеше да им ги зеде прангиите, оти им раснеа од душата,

Ниту можеше да ги изгасне огните, оти им гореа од срцето,

Ниту можеше да ги стиша Стихиите, оти самиот им беше потчинет;

И така го прекина летот во ужас и бол и во покајнички солзи.

 

Кога ги одмина овие јужни ужаси, наближи на Исток,

Празен, беспатен, под удар на железна соснежица и вечен град и дожд.

Немаше облик таму, немаше жив створ, а сепак патот му водеше низ

Овој чемерен свет; постоја малку и погледна назад кон изминатото

Патешествие страшно, Ридови и Долини на мака и очај!

Воздивна и истри свежа солза, потем се заврте, па се фрли

Во мрачната празнина да падне; тој паѓаше и паѓаше,

Тркалајќи се во несовладливи премети удолу и удолу

Во ужасната празна бездна, паѓаше, паѓаше, паѓаше,

Во Источната празнина, во празниот свет на Лува.

 

Вечно-сожалливиот кој гледа сè, го виде неговиот пад

И во темната празнина создаде недра од глина;

Кога исцрпен, мртов тој падна, телото му отпочина во недрата од кал;

Ко што семето паѓа од раката на сеачот, така Уризен падна и смрт

Му ги запечати моќите во заборав; потоа ко што семето никне

Во бол и во мака, така калната постела телото му го обнови.

Отпрво детска слабост; доба минаа; собра сили,

Но сеуште во самотија седеше; потем кревајќи се, полета

Понатаму, иако паѓаше низ пустошот на ноќта и завршуваше во смрт

И во наредно воскреснување во мака и уморен пат.

Но сеуште книгите ги носеше во снажните раце и железното перо,

Бидејќи кога умре, тие лежеа крај гробот, а кога се крена

Ги фати со хмурен усмев; бидејќи завиткани во покојничка одора

Ги скри тој кога спиеше во смртта, кога оживеа, одората

Беше скапала од ветрите; книгите беа останале нераспаднати,

Уште да ги пишува и да ги врзе со бронза и железо и злато,

Доба по доба, на такво патешествие ништо друго освен железно перо

Не може да пишува, А адамантски листови да примат, ниту човекот кој тврдоглаво

Го оди патот не може да одбие да пишува доба по доба.

 

Бескрајно ќе му беше патувањето, но Божествената рака го водеше.

Бидејќи бескрајна далечината и замаглена од Согорувања грозни,

Од карпести маси кои се муртеа во провалиите и се тркалаа непресметливо

Околу Езера огнени во мрачната длабочина, урнатините на светот на Уризен.

 

Често ќе седне во темен расцеп и ќе ги преправа книгите,

Или ќе спие со сон на дусите вечни, исцрпен во мрачната

Плачна и несреќна состојба; потем се крева, набљудува и го проучува

Чемерниот пат, меркајќи ја следната сфера далечна;

Потем се фрла во Бездното на ноќта смело

Низ молњи, громови, земјотреси и потреси, огни и поплави

Што го попречуваат во падот, напорно работи против иднината,

Создава бројни Вртлози, поставува многу Науки во длабината

И оттаму го фрла смелото тело во бескрајното незнаено,

Брз, брз од Безредие во безредие, од празнина во празнина, пат неизмерен.

Оти кога ќе дојдеше до Вртлог кој беше престанал да се движи,

Ниту доле ниту горе останат, потем ако се завртеше да погледне наназад

Од каде што дошол, беше сето тоа нагоре; а ако се завртеше да го види

Неизминатото празно, нагоре пак му беше силното талкање,

Средиштето помеѓу, Рамнотежа сива од воздух прозрачен

Каде би можел да живее во мир и каде животот би можел да сретне одмор.

 

Но Уризен рече: „Не можам ли да го напуштам овој свет од Обемни кола тешки,

„Круг врз круг, ниту во вис да досегнам празнина

„Каде без потпир сам би стоел и таков да ги набљудувам сите нешта под стопалата?

„Или потонувајќи низ овие Стихијни чуда, брз во падот,

„Мислев дека можеби Крај ќе најдам, свет под празнината,

„Од каде би можел да патувам околу надворешноста на оваа мрачна мешаница.

„Кога се веднам удолу, веднејќи ја главата удолу во длабината,

„Угоре е сè, која и да е насока, откако патот го започнав;

„Но кога Вртлог, вообличен во висините со труд и мака и грижа

„И умор, ми започнува врз телото, тогаш спиење го оживува

„Уморниот мој дух; будејќи сетне удолу се сите патишта

„Кон кои духот го вртам, не му наоѓам крај на ниту еден.

„О што свет е ова овде, несличен на оние блажени поднебја

„Каде што песните мои ми се збираа околу колената! О, ти кутар срушен свету!

„Ти страшна урнатино! Еднаш ко мене беше сет блескав,

„А сега ко мене ја делиш срушен судбата на својот господар.

„Дали си, О урнатино, еднаш блескавото небо? Дали беа она карпиве твои

„Каде радоста пееше во крошните и задоволства си играа крај реките

„И смев седеше под Дабовите и невиност си играше

„На зелените полјани и благо пријателство се среќаваше во палатите

„И книги и инструменти за песни и слики на среќа?

„Каде се тие, затрупани под урнатиниве во страшно уништување?

„И доколку, Вечно во пад, се положам врз темните гради

„На ветрите и водите, или оттаму паднам во Празнината каде воздух

„Нема, удолу да паѓам низ неизмерноста засекогаш,

“Доколку ги загубам сите моќи, ослабен со секој премет, додека смртта

„Не ги запечати сите мои сили; тогаш семе сум во пространата матка на темнината

„Во матен заборав; наднесувајќи се над мене, Огромните светови

„Ме преуредуваат, изникнувам во коски и плот и крв,

„Се обновувам да паднам или да се издигнам по своја волја, или да останам

„Трудбеник со доби, во страшен неспокој, жива жалост

„Напразно што талка. Овде ќе си ги поставам стопалата и овде одново ќе градам.

„Овде Планините од бронза ветуваат обилни блага во страшните утроби.”

 

Така тој почна да обликува злато, сребро и железо

И бронза, огромни орудија, за да ја измери неизмерноста и да постави

Сè во еден друг свет поприкладен да му се покорува

На волјата, каде никој не ќе се осмели да Му се спротивстави на волјата, самиот тој да биде Крал

Над сите, а сета иднина да биде окована во огромните негови ланци.

И Науките се поставија и Вртлозите почнаа да работат

На сите човечки души, а секоја човечка душа, преплашена

Од завртените кола небесни, се собра навнатре венеејќи.

Тој се здоби со Нова власт над сите свои Синови и Ќерки и над сите Синови и Ќерки на Лува во страшната Провалија.

Бидејќи Уризен тажеше над нив себична тажачка,

Сè додека бела ткаенина не му го покри студеното тело од глава до пети,

Коса бела ко снег го покри во снегулести китки страшни

Прекривајќи му го телото; горд тој одеше со липтеж,

Облечен во стара достоинственост, тврдоглаво решителен

Патуваше низ мракот; а каде и да патуваше, ужасна Мрежа

Следеше по него, ко Мрежа Пајакова, полумрачна и студена,

Трепереше распната од Вртлог до Вртлог, извлечена од неговата наметка од години:

Жива наметка придодадена на неговиот живот му раснеше од душата.

И Мрежат на Уризена се посла страшна треперејќи во облаците,

А испушташе такви маки, такви Викови, такви грмења;

Очите можат да се отворат ко утро, а Ушите

Ко златна угорнина која се витка во круг од небо до небо,

Внатре мрачните ужаси на Провалиите, лав или тигар, или скорпион.

 

Оти секој се отвораше одвнатре кон Вечноста по волја,

Но тие одбиваа, бидејќи надворешните облици им беа во Провалијата;

А крилестиот шатор на Вселената, прекрасен, кој опкружуваше сè,

Или навлечен или отворен според волјата на бесмртниот човек,

Трепереше во таква мачнотија што очите се потресоа,

Слаби и Послаби отворените топки почнаа да се собираат;

Тиштења удрија низ мозокот и вселенски крик

Потече низ Провалиите раскинувајќи ја мрежата, мака врз мака.

 

Така Уризен во жалост талкаше по многу патишта мрачни,

Биејќи сè со чудовишта од длабочините при неговиот најгаден аџилак,

Сè додека, блескавата коса попрскана со снег, кожата скоравена од брчки,

Четири Спили не фрлија корења-темели удолу, протурајќи ги низ

Метал, карпа и камен, во породилни маки, секогаш болни.

Спилата на Орк стоеше на Југ, печка со страшни пламења,

Незаситна, непрестана. На запад Спилата на Уризен;

Бидејќи Уризен падна, ко што Пладневното Сонце паѓа, на Запад.

Северно стоеше цврстиот престол на Уртона, еден Свет од тврда темнина

Затворен во задушна запечатеност, вкоренет во нем очај.

Истокот беше Празнотија. Но Тармас ги валаше своите далги во непрестани вирови,

Празни, беспатни, удараат со Снегови вечни и железен град и дожд

Низ спилите на огнот и воздухот и Земјата, го Бараше

Телото на Енион, ништо не наоѓаше освен црни алги и гнасна кал:

Леташе што подалеку од Уризена да не го храни,

Над, под, на сите страни и наоколу во бескрајната длабочина на безмерното,

За да ги изгладни синовите и ќерките на Уризен на ветрите,

Создаваше стравотни расцепи помеѓу, во бескрајот незнаен.

Сиве околу светот на Лос си го шират чудовишниот пород.

Но во Вечните доба Седиштето на Уризен е на Југ,

Уртона е на Север, Лува на Исток, Тармас на Запад.

 

А сега тој дојде во Одбивниот свет на Мрачниот Уртона,

Од Промислата Небесна воден, не принуден против сопствената волја

За Смртта Вечна да не биде учинок, оти Волјата не може да се принуди:

Во хмурните долови каде ниедно дрво не расне ниту река тече,

Ниту човек ни ѕвер ни ползач, ниту сонце ни облак ни ѕвезда;

Сепак тој, со огнена топка во смелата десница,

Опстојуваше во Преплашените долини, се искачуваше и се спушташе,

Преморен или во крут лет се смелеше преку мрачните расцепи,

Или удолу низ мрачните провалии, или се искачуваше со болка и труд голем,

Додека не го здогледа светот на Лос од Шилестата карпа на Уртона

И не го слушна сè појасен и појасен вијот на рудиот Орк.

 

Ги удвои бесмртните напори, низ тесните долови

Со тешкотии удолу се спушташе, воден од Слухот

И од огнената топка, се симна тој во Долината на Уртона

Среде огромните железни ѕидови подигнати од Сеништето мрачно.

Потемне топката зцрвена во магли и полна на патеката,

Чекорејќи преку тесната долина, Сенката на Уртона,

Сениште Огромно, се појави, со стопала и нозе со железни лушпи прекриени,

Газеше по тврдите карпи очекувајќи го незнајниот патник

Кого го беше видел како го оди долниот негов свет уште оддалеку

И го набљудуваше брзото напредување; мирно, мрачно, Сеништето стоеше.

Крај него Тармас го запра летот и застана во строг отпор

Да проговори со Сеништето кое се веселеше во долината.

Околу бедрата појас му се жареше од пламења многубојни,

Во раката чворест Стап со чворови ко планини збрчкани,

Пустина меѓу ѕвездите кои ги сушеше со обработ студен.

Црни лушпи железни го оружаат страшното лице; железни шилци наместо

Коса избиваат од тркалезниот череп; сјајните очи му

Горат ко две огништа; повика со Глас Громовен.

Четири крилести гласници јавнуваат на бесни шикоти и дуваат во трубите;

Злато, Сребро, Бронза и железо ѕвечат, бучава избива преку водната шир.

Ко бели облаци што се искачуваат од Долините, неговите педесет и две армии

Од четирите Гребени на Уртона се креваат сјаејќи околу Сеништето.

Четирите сина Уризенови Четите на Уртона ги водеа, под оружја

Од злато и сребро, бронза и железо: си ги позна тој синовите моќни.

 

Тогаш Уризен се крена на ветрот, наназад многу милји

Се Повлече во ужасната Мрежа, расфрлајќи рунести снегови:

Ко што се искачуваше со лелеци гласни, Мрежата силна трепереше

Од небо до небо, од топка до топка. По долги патеки што се ширеа

Принудени се тркалаа Кометите на стравотната заповед, паѓаа

По страшниот пат во брзи кружења удолу врз долините на Уртона

И околу црвениот Орк; назад му се враќаа на Уризена залеани во крв.

Бавно се тркалаа обемните Кугли на негова заповед и бавно кружеа над

Чемерните Чети на Уртона, ткаејќи ја ужасната Мрежа

При напредувањето, му го отвораа патот на Уризена.

 

 

 

Крај на Шестата ноќ

реката (избр.)

Тогаш (избр.)

но (избр.)

престанат (избр.)

Не се затвори така Принцот на Светлината, сега потемнет, талка меѓу

Паднатите Дуси, еднаш Деца негови и Деца на Лува:

Бидејќи Уризен ги виде ужасите на Пропаста како лунѕаат (избр.)

должина (избр.)

ширина (избр.)

снег (избр.)

кал (избр.)

мрачен (избр.)

метеж (избр.)

велејќи (избр.)

бронза (избр.)

избувнувања (избр.)

со (избр.)

длабочините (избр.)

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by