The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ петта

 

 

Разболен, Луд, тој танцуваше на своите гори, високи и црни ко небесата,

Сега поставени во една цврста грамада, цртите му се скаменуваат,

Од устата клетви, а од очите искри чумави,

Крај студената наковална танцуваше со чеканот на Уртона,

Стравотно блед. Енитармон, послана врз жалобната земја,

Сети како телото й мрзне, се здрвува, бледо, круто,

Стопалата венеејќи му се повлекоа од длабочината, се вовлекоа и овенаа,

А Енитармон се собра, сите жили им свенаа удолу,

Ко што билките венеат во зима, ливчиња и стебленца и корења во распад

Исчезнуваат во чад, додека семките, гонети од бесен ветар,

Отпочиваат на врвот на далечната Гора. Така Лос и Енитармон,

Собрани во постојаниот простор, стоеја треперејќи на Карпестата клисура,

Сепак моќен облик и величественост и убавина остана, но непроширлива.

Далеку до највисокиот Зенит од најниското Дно, толку далеку се смали

Лос од топилниците, неизмерен простор, и го остави студениот

Принц на Светлината врзан во умствени окови крај печките;

Но сите топилници беа згаснати и мевовите не дишеа веќе.

 

Тој стоеше растреперен, а Енитармон му се држеше за колена,

Сетилата непроширливи во една цврста маса стојат.

Во ноќта студено вееше, а Енитармон пискаше на жалобниот ветар.

Бледите раце й се држат за сопругот, а над слабата глава

Сенки на Вечна Смрт й висат во оловниот воздух.

 

Туку благата гајда, флејтата, виолата, органата, харфата и цимбалот,

И слаткиот звук на сребрените гласови го смируваат изнемоштениот диван

На Енитармон; туку нејзиниот лелек ги задушува бесмртните харфи.

Гласно и погласно живата музика се лелее во воздухот,

Бледо и побледо дневното светло исчезнува; тркалата на менливата темнина

Појдоа во возвишени вртежи. Земјата, згрчена под продорни тиштења,

Се клатеше наваму-натаму и пискаше болно при стенкањата на Енитармон.

Сеуште слабите харфи и сребрените гласови го смируваат исцрпениот диван,

Но од спилите на најдлабоката ноќ, се искрева во облаци од маглина,

Зимата ги рашири широките крила црни попреку од пол до пол:

Хмурна слана долу и страшен снег врзани во брачен оков

Започнаа страшен танц. Ветрите наоколу на шилестите карпи

Се спуштија налик лилјаци безброј, подготвени далеку да полетаат.

Писокот на Енитармон ги потресува небата, трудната Земја,

Сè додека од срцето, пробивајќи си го патот, страшно дете не излезе

Во громови, чад и пламења мрачни, и лелеци и бес и крв.

 

Штом разгорените очи му се отворија кон Пропаста,

Страшните труби на длабочината зарикаа со горки шикоти,

Огромниот Демон се разбуди и виеше околу новородениот Крал

Со повик, „Лува, Кралу на Љубовта, ти си Кралот на бесот и смртта.”

Уризен фрли длабока темнина околу него; расрден Лува ги истури

Копјата Уризенови од Кочиите околу Вечниот шатор.

Раздор започна, потоа крикови и лелеци го потресоа широкиот свод:

 

„Каде е слатката Вала, црн пророку? каде е прекрасниот лик

„Што го одвлечка телото Човеково од небесата во мрачниов Понор?

„Благи солзи и воздишки, каде сте? истапи! викни на крвавите полја.

„Покажи ја душата, Вала! покажи си го лакот и трепетот од тајните огни.

 

„Извлечи го лакот, Вала! од длабините на пеколот својот црн лак извлечи го,

„И забрмчи со влакното на нашите повици: пушти ги црните стрели

„Да запеат на Небото ко еднаш што пееја над ридовите на Светлоста,

„Кога мрачниот Уртона липаше во маки од тајна болка:

 

„Тој липаше и се распои и ја положи темната глава

„Врз Карпата на Вечноста на мракот на длабочината,

„Раскинат од црни бури и од незапирливи струи и уништувачки пламења.

„Во градите неговите пламени синови оковани и полни клетви.

 

„И вдиши ужасна крв и одмазда, чкрипи со забите од болка,

„Ослободи го Огромниот Дух во мракот на длабочината

„И неговата темна жена, таа, еднаш прекрасен кристален лик божествено јасен,

„Во неговите ребра што создаваше ламји чии души се јазици огнени.

 

„Но сега добата се менува за тебе. Матката на Енитармон

„Сега те држи, наскоро ќе избие. Огласете се, труби бојни!

„Повикајте ја Вала од затвореното засолниште при сета нејзина црна измама,

„Тогаш бес по бес снажно ќе одекнат од кристалниот нејзин трепет.

 

Така пееја Демоните околу црвениот Орк и околу бледата Енитармон.

Пот и крв се ронеа по кожата на Лос во капки; пламените Очни капаци му

Побледеа; се крена тој, го зеде чудото во раце и појде

Во трепети и плач низ Темнината удолу во длабините.

 

Енитармон го доеше огненото дете во црните длабини

Седната во мракот; над неа Лос жалеше во мачнина моќна

Свиен од болка; огнениот син раснеше поткрепуван од млекото

На Енитармон. Лос околу неа крена столбови од железо

И бронза и сребро и злато четириткратни, во мрачен пророчки страв,

Оти сега се плашеше од Вечната Смрт и од потполно Исчезнување:

Ја изгради тој Голгонуза на Езерото Удан Адан.

На Меѓата на Проѕирноста потоа го изгради Лубан.

Тармас ги положи Темелите, а Лос го заврши со мачни воздишки.

 

Но кога четиринаесет лета и зими се сменија над

Нивното возвишено живеалиште, Лос го виде рудото момче

Како си ја прегрнува светлата мајка и виде злонамерни огни

Во младите очи, тој препозна направо дека момчето мисли да го убие.

Жалост му се крена во румениот лик; тесен појас му израсна

Околу градите ко крвава жица; во тајни липања

Тој го раскина, но следното утро друг појас се стега

Околу градите. Секој ден го набљудуваше огненото момче

Во тивок страв, а бесмртните образи мртовечки му бледеа,

Додека многу утра и многу ноќи не минаа во тешка жалост,

Создавајќи појас дење, распукнувајќи го ноќе.

Појасот се правеше дење, ноќе се распрснуваше на две,

Паѓаше на карпата, железен ланец, алка по алка заклучен.

 

Енитармон го виде крвавиот ланец на ноќи и денови

Што висеше од градите на Лос и како со болка што го толчеше

Тој секое утро одеше по својата работа со дух мрачен,

Го нарече ланец на Љубомората. Сега Лос започна на глас

Да й ги кажува своите маки наЕнитармон, оти не можеше да ја скрие

Суровата чума. Го зграби момчето во бесмртните раце,

Додека Енитармон го пратеше и липаше во очајна жалост

Горе до врвот на железната гора и таму љубоморниот ланец

Од градите му падна врз гората. Сеништето мрачно

Го држеше огненото момче. Лос го прикова, врзувајќи го околу неговото тело

Клетиот ланец. О како сјајната Енитармон лелекаше и плачеше

Над сина си! Упорен Лос ја прикова нејзината љубена Радост.

 

Чеканот на Уртона ги прекова во ужас клиновите од бронза

Десетпати; бесот на Демонот пламтеше десетпати, продираше,

Татнеше, одекнуваше, Гласно, Гласно, Погласно и Погласно, и ја запали

Темнината, војувајќи со брановите на Тармас и со Снеговите на Уризен.

Со пукот пламењата избија бесно од бесмртниот демон.

Опкружен со пламења Демонот раснеше гласно викајќи во своите огни;

Лос ја обви Енитармон во студен бел облак страв,

Потем ја одведе во длабочините и во својот лавиринт,

Давајќи му на Сеништето најстрога одговорност над расписканиот душман,

Сосредоточен во Родителската Љубов, Незаситна Глад, Жеднеење.

 

Телото приковано им се потсмева на ланците, бидејќи над нив пламен

Од кружен оган непрестан игра; да го нахранат со живот и да му ги предадат

Доблестите на Вечните светови, десет илјади илјадници дуси

На животот тажат околу Демонот, одат и се враќаат.

На неговиот снажен повик бегаат на небата на небесата

И назад се враќаат со вино и храна, или се нурнуваат во длабочините

Да му принесат опивни радости на сетилата, да му го придушат непрестаниот бес.

Неговите очи, светилата на големата душа, се собираат или инаку се шират:

Собрани тие ги гледаат тајните на бескрајните планини,

Вените од злато и сребро и скришните нешта на Вала,

Што и да расне од чиста пупка или дише мирисна душа:

Раширени тие ги гледаат стравотиите на Сонцето и на Луната,

Главните Планети и топките од кружен оган.

Ноздрвите дишат разгорен пламен, косите му се ко шуми

На диви ѕверки; таму лавот блеска, тигарот и волкот вијат таму,

А Орлицата ги крие младите во клисури и провалии.

Градите му се ко ѕвезденото небо послано; сите ѕвезди

Наоколу пеат; таму жетвата се повева и гроздоберот се слави; пролетта тече

По Реките на задоволството; таму слободните цвеќа

Пијат, се смеат и пеат, скакулецот, Мравката и Мушичката;

Златната Пеперуга таму гради дом и свива свилена постела.

Слабините сплетени со свилени огни се налик топилници жешки:

Ко силниот Бик на летото, кога пчелите пеат околу вресот

Каде стада мукаат под сенката и крај водниот извор,

Бројните стада ја покриваат гората и сјаат по долината.

Колената му се карпи од адамант и рубини и смарагди:

Духови на силата во златна спрема

Наоружани со копја и штитови пијат и слават над погубените.

Таков е Демонот, таков ужасот негов во долната длабочина.

 

Но вратени во Голгонуза, Лос и Енитармон

Ја сетија тагата што сите Родители ја сеќаваат, заплакаа еден пред друг

И Лос се покаја што го беше оковал Орка на планината.

И солзите на Енитармон претежнаа; родителската љубов се врати,

Иако огромен му беше стравот од тој пеколен ланец. Појдоа

На полноќ брзајќи кон силно љубената грижа.

Девет дни патуваа низ Пустелијата на Ентутон Бенитон.

Лос, поземајќи ја Енитармон за рака, ја поведе по

Стуштените долини, горе до врвот на железната гора каде Орк

Јачеше на бесните ветри; мислеше да й го даде на Енитармон

Сина й во десеткратна радост и да й надомести за солзите,

Дури и сопствената смрт да ја предизвика, толку сожалението го болеше.

 

Туку кога дојдоа до мрачната карпа и до сенишната спила,

Глеј, младото тело пуштило корен во каменот и силни

Жили од Ланецот на Љубомората се сплеле

Во брзо зеленило околу карпата и околу Спилата

И преку бесмртното тело на страшното пламено момче.

Напразно се обидуваа сега да го ослободат, Напразно во горки солзи

Да го растопат Ланецот на Љубомората; ниту смртта на Енитармон,

Ниту Уништувањето на Лос никогаш не ќе можеа да ги растопат оковите,

Ниту да ги откоренат пеколните жили од камената постела,

Ниту сета сила на Уртона, ниту сета моќ на Биковите на Лува,

Иако секое утро го извлекуваа неволното Сонце од длабочината,

Не можеа да го откорнат пеколниот ланец, бидејќи беше пуштил корења

Во железната карпа и беше израснал ланец низ Земјата

Дури до Средиштето, обвиткан околу Средиштето; а телото

На Орк влегувајќи со жилите се соедини со него, жив Ланец

Се одржува на животот на Демонот. Очај и Ужас и Мака и Бес

Ги опфатија Родителите во студените облаци ко што се наведнаа во лелеци над

Страшното момче, сè додека губејќи свест крај него, Родителите не паднаа.

 

Не лежеа долго; Сеништето на Уртона најде билки во дупката.

Триејќи им ги слепоочниците ги оживеа; не ги запишувам овде

Сите нивни тажачки, но нивниот живот потем беше тажачка.

 

Кога пресити од жал се вратија во Голгонуза,

Енитармон на патот Дрантон ја сети крајната порта

На сјајното срце како нагло й се отвора, а потем пак се затвора во смртна болка.

Во нејзиното срце Вала почна да се враќа во живот низ силни липања;

А кога Портата се отвори, ја виде таа ужасната длабочина

Каде Аханија плачеше. Ги виде и пеколните корења

На ланецот на Љубомората и го сети раздорот од силните лелеци на Орка,

Кои продираа во Пештерите ко моќен виор заклучен под Земја.

Иако оддалечен колку најдалечниот север што е од најдалечниот југ,

Уризен каде што лежеше затрепери од расписканиот ужас.

Карпите се стресоа, Вечните решетки влечени наваму-натаму се раскинаа.

Легнат на камењата од мраз, урнатините од неговиот престол,

Уризен наежен дочу, трепетите на телото ги потресоа силните спили.

 

Маките на Уризен затворен во длабоките живеалишта на Уртона:

 

„Ах! како Уризен Кралот ќе им се покори на овие мрачни скривници?

„Ах! како ова? Еднаш во висови го кренав мојот престол висок;

„Горите на Уризен, некогаш од сребро, каде синовите на мудроста живееја

„И на чии врвови Девици пееја, се пусти карпи.

 

„Водоскоците, еднаш прибежишта на лебеди, сега котат корупкави желки,

„Куќите на харфистите станале засолништа на врани,

„Градините на мудроста станале полјани на страшни гробови

„И врз коските ронам солзи и напразно ги наводенувам.

 

„Еднаш, кога шетав од мојата палата кон градините на задоволството,

„Синовите на мудроста стоеја наоколу, харфистите придружуваа на харфи,

„Девет девици облечени во светлост составуваа песни со бесмртни гласови

„И на гозбите на новото вино главата ми ја крунисуваа со радост.

 

„Тогаш во павилјоните од слонова коска ќе задремев напладне

„И чекорев во тивката ноќ меѓу цвеќињата благо што мирисаа,

„Сè додека на сребрената постела не ќе заспиев, а слатки сни околу мене кружеа,

„Но сега земјата ми е помрачена и мудреците заминаа.

 

„Песните ми се сторија крици на Жалба

„Што се слуша по Горите и длабоки воздишки под сводовите на мојот дворец,

„Оти Ждребците на Уризен, еднаш побрзи од светлост,

„Не ги сочував за мојот Господар и за кочиите негови милосни.

 

„О на сребрени пасишта ли ги чував коњите на денот!

„О му ги одбив на господарот на денот коњите на неговиот принц!

„О ги затворив ли моите блага под покриви од цврст камен

„И си ги зацрнив ли ѕидовите на Дворецот со завист и омраза!

 

„О Будала! да помислам дека можам да му ги скријам од севидните очи

„Златото и среброто и бесценетите камења, неговото свето умеење!

„О Будала! можев ли да заборавам дека светилото што ми ги полнеше сјајните сфери

„Беше одсјај од неговото лице кое ме повика од длабочините!

 

„Добро паметам, бидјеќи го чув благиот свет глас

„Како вели, ‘О светлости, изрони и светли,’ и јас изронив од длабочината.

„Ми даде тој сребрено жезло и ме круниса со златна круна,

И рече, ‘Оди и варди ми го Синот кој талка по океанот.’

 

„Јас не појдов: се скрив во црните облаци на својот бес;

„Ги повикав ѕвездите околу стопалата во ноќта на мрачни совети;

„Ѕвездите ги фрлија своите копја и голи побегнаа.

„Паднавме. Те фатив тебе, мрачен Уртона. Во левата рака, паѓајќи

 

„Те фатив, убав Лува; избледен си ко цвет

„И ко лилјан е жена ти Вала исушена од ветрите.

„Кога го држеше златниот пехар на бесмртните трпези,

„Твоите чеда удараа со огнени крила крунисани со небесно злато.

 

„Чистите стопала ти чекореа по скалилата божји, пресвети за други стопала,

„А убавите коси ти ги засенуваа очите пред божествениот сјај.

„Тогаш ти ги вардеше со Уртона живите порти на небесата,

„Но сега си окован со него дури за портите на пеколот.

 

„Бидејќи ти му го даде на Уризен виното на Семоќниот

„За Ждребците на Светлината, за да можат да летаат во златните твои кочии на гордоста,

„Ти ги дадов Ждребците, налеав од украденото вино

„И пијан од бесмртната голтка паднав од возвишениот престол.

 

„Ќе се кренам, ќе ги истражам дувлата и ќе го најдам тој длабок потрес

„Што ми ги тресе спилите со силни удари; можеби ова е ноќта

„На Пророштвото и Лува си го пробил патот низ Енитармон.

„Ако Мислата е затворена во Спила, љубовта ќе се вкорени во најдлабокиот Пекол.”

 

 

 

Крај на Петтата ноќ

несреќната (избр.)

младиот (избр.)

и (избр.)

грозна (избр.)

Страшниот (избр.)

збор избр.

со (избр.)

слават (избр.)

со (избр.)

Велејќи (избр.)

Книга (избр.)

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by