В А Л А
Ноќ четврта
Но Тармас ездеше низ мрачната Провалија; гласот на Тармаса бликаше
Над потопот во витли; ги виде тој Лос и Енитармон како се Појавуваат
Во сила и сјај од Провалијата; утробата му жеднееше по нив.
Се искренаа тие силни над вителниот потоп во моќен презир,
Црвени ко Сонце во жешкото утро на крвавиот ден,
Тармас ги виде; утробата му жеднееше по нив.
И рече тој: „Од каде чувствувам таква љубов и сожаление?
„Ах, Енион! Ах, Енион! Ах, слатка, слатка Енион!
„Што е ова? Сета надеж се загуби! засекогаш замина!
„Ко изгладнет орел, без Очи, кој беснее во огромна шир,
„Непрестани солзи сега ми се храна, непрестан гнев и солзи.
„Бесмртен засекогаш сега талкам барајќи заборав
„Во порои очај: напразно; бидејќи ако заронам долу,
„Задушувајќи се живеам: ако се разбијам на парчиња од карпест вис,
„Зацелувам во бескрајни маки; никогаш да не се кренев
„Од студениот сон на смртта под дното на бесниот Океан.
„И никогаш ли не можат оние кои еднаш љубеле да ја заборават својата Љубов?
„Љубовта и гневот иста ли се страст? во мене се исти.
„Дали се оние кои љубеле ко оние кои умреле, воскреснати пак,
„Бесмртни во бесмртна мака, никогаш да не се избават?
„Не е ли можно воскреснатиот
„Да умре? Кога мрачен очај ме преплавува, не можам ли
„Да истечам долу во морето и во дремката на заборавот? Ах Енион,
„Изобличени ги гледам овие облици на незадоволена жедба.
„Семоќната клетва на чесниот човек нека падне врз Уризен и Лува.
„Но ти, Сине Мој, Блескав во сјајот, утехо на Тармас,
„Оди, Изгради ја одново Вселената под мојата горка власт,
„Вселена на Смрт и на Распад. Нека ги рацете на Енитармон
„Да ги ткаат милните лажни облици Човекови над мојот воден свет;
„Обнови ги уништениве души на Луѓето по Земјата, Морето, Воздухот и Огнот,
„Да се трошат во бескрајно расипување, ти обновувај, јас ќе уништувам.
„Можеби Енион малку ќе си ја обнови појавата
„Да ги ублажи болкиве на срцево и да му го врати мирот на Тармаса.”
Лос одговори во расрдена гордост, искри му избиваат од косата:
„До овде ти ќе одиш, понатаму не; овде гордите далги ти завршуваат.
„Го испивме Вечниот Човек со неограничената ни сила,
„Внимавај и тебе да не те испиеме, Демону груб на водите.
„Нашиот Бог е Уризен Кралот, Крал на Небесните мноштва;
„Друг Бог немаме освен него, ти татко на црви и глина,
„А тој падна во Длабочината, Демону груб на водите,
„И Лос остана Бог над сите, ти слабикав татко на црви и глина.
„Знам дека бев Уртона, чуварот на портите небесни,
„Но сега сум семоќниот Лос, а Уртона не е ништо освен моја сенка.”
Во колебање, стоеше Тармас во свечениот мрак; матните Очи
Му плавеа во црвени солзи; ги крена брановите над главата на Лос
Во гнев, но сожалувајќи се, пак назад ги повлече со воздишки многу.
Туку ќе се решеше да го уништи Лоса, туку солзи ронеше.
Во презир стоеше Лос, црвени искри чумави од лутата глава му
Бликнаа над брановите на Тармас; се сожали Тармас, си ги смири Брановите,
Бидејќи Енитармон силно писна и заплака: „О свету мој сладок,
„Изграден од Неимарот божествен, чија љубов кон Лос и Енитармон,
„Ти брзоплет одвратен Демону, во бес ја отфрли!”
„Каков Владател Неимар,” рече Тармас, „се смели да ми ја управува волјата?
„Бидејќи по моја волја ги поттикнувам овие води. По моја волја тие спијат
„Мирно под страшниот мој муртеж; мојата волја ќе биде мој Закон.”
Велејќи така, ја оттурна блескавата Енитармон далеку
Од Лоса, но ја покри со најблага внимателна грижа
На простран бран на топлиот запад, целејќи й го крварењето.
О како Лос крикна од откинувањето! Сите жили искинати
Каде Енитармон му беше била припоена до левата страна, во болка што татни.
Тој, паѓајќи на карпите, рикаше од несреќа сè додека крвта
Не му се засири: потем со долги лелеци јачеше од мака на ветрот.
А Тармас го повика Темното Сениште кое над морската шир
Со изместени коски беше паднало. Сеништето се крена со болки,
Сенка модра, нејасна и чемерна; налик оловен кип
Свиткан од пад од висока кула, несреќната сенка се крена.
„Оди,” рече Тармас, „делата на радоста се твои; потчини се и живеј,
“Така сунѓерестата срж што искокнува од скршените коски
„Ќе окости, а ти ќе отпочинеш откако работата ќе ја завршиш.
„Оди, однеси му ја Енитармон назад на Вечниот Пророк,
„Изгради й живеалиште среде пенливите далги мои;
„Направи прво почивалиште за Лос и Енитармон, потем
„Ќе се одмориш. Ако одбиеш, фрлено преку
„Бранови, телото ќе ти се раствори во смрад и скапување, а ти
„Ќе станеш плен на сите мои демони на очај и надеж.”
Сенката на Уртона се превивашегледајќи ја Енитармон,
Облачен облик, во љубоморен страв, и болскаше со ровји засипнати
И фрлаше наоколу густи мраци; вака ги изговори пламените удари на срцето:
„Тармасе, те познавам: како сме се измениле, нашата убавина опаднала!
„Но сепак те познавам, иако во оваа гнасна рушевина засипан.
„Ти, еднаш најблагиот син на небесата, сега си станат Гнев,
„Ужас на сите живи битија; не мисли дека не знам
„Дека воскресна од мртвите, или дека заборавајќи си ја моќта
„Дремам овде во изнемоштена отпочивка. Јас добро го паметам Денот,
„Денот на ужас и гнаса,
„Кога бегаше од битката, ти, бегајќи ко гарван
„На зората, посла простор каде никогаш простор немало
„И така ги вовлече сите синови на Бјула во својот стравотен вртлог, следејќи ти Го
„Вировитиот дух удолу по ридиштата на Бјула. Сите синови мои
„Стоеја околу мене крај наковалната, каде што скоро вжештен клинот
„Железен сјаеше лут, подготвен за лопати и мотики.
„Штом ги дочуја складните звуци на војната гласно како ечат, Сите мои синови
„Побегнаа од при мене; тогаш болки ме погодија незнаени дотогаш. Видов како
„Моите слабини започнаа да се распојуваат во жилести вени и да се виткаат
„Пред мене на ветрот во топка треперејќи со силни потреси,
„Крвавата маса започна да се движи. Јас, наведнат над неа,
„Ронев горки солзи непрестано. И понатаму гледав како жалниот облик
„Се дели и одделува од моите слабини, слаб и жалосен
„Мек облак снег, жена бледа и слаба, благо ја прегрнав
„Мојата содрушка и ја нареков Љубов. Ја именував Енитармон,
„Но се најдов себеси и неа како истекуваме по плима
„Во која нашите реки се беа претвориле, ровејќи низ спили огромни
„Од румена крв, борејќи се да се ослободи од нашите ланци.
„Се бореше напразно; не се бореше така Уртона, оти изби
„ Ко една сенка сина, нејасна и чемерна, од дишните Ноздрви
„На Енион, јас излегов на воздух, одделен од Енитармон.
„Заечив од мака. Те здогледав тебе како скапуваш на Карпите.
„Сожалувајќи се, реев над тебе; ти го чував страшниот пат
„Од Мршојадците на длабочината; тогаш зошто ти би се гневел
„На мене кој те чуваше од повреди во ноќта на смртта?”
Тармас одговори: „Ти ли си Уртона, Мојот пријател, мојот сопатник стар
„Со кого живеев среќно пред онаа смртоносна ноќ
„Кога Уризен ги предаде коњите Светлосни во рацете на Лува?
„Ти не го знаеш она што Тармас го знае. О би можел да ти раскажувам приказни
„Што би те разгневиле ко што ме разгневија мене, дури и
„Од смрт во бес и срд. Но сега дојди, однеси ја назад
„Љубената ти Енитармон. Бидејќи таа е тука, пред очи ти е;
“Но мојата слатка Енион исчезна и никогаш повеќе
„Не ќе ја видам, освен ако ти, О Сенко, не го заштитуваш овој Син
„На Енион и не му помогнеш да го окове паднатиот Крал,
„За да не воскресне од мртвите пак во сета негова ужасна моќ,
„Оковај го; земи ја Енитармон за своја мила награда, додека мене
„Напразно ме гони лажна надеж, надежта - сестрата на очајот.”
Стенкајќи, страшилото се крена и ги потера цврстите карпи пред себе
Врз плимата, сè додека под стопалата на Лос еден Свет
Мрачен и грозоморен не се отвори, а Енитармон лежеше крај нозете на Лоса.
Несреќната сенка се зарадува; слаба надеж му се појави околу главата.
Тармас стоеше пред Лос и вака загрми Гласот на Тармаса:
„Сега сè доаѓа под власта на Тармас. Уризен е паднат,
„А Лува скриен во Основните облици на Живот и Смрт.
„Уртона е Мој Син. О Лос, ти си Уртона, а Тармас
„Е Бог. Вечниот Човек е запечатен и никогаш не ќе се ослободи.
„Кревам плими преку неговото тело, моите бранови и далги минат преку него,
„Морето го опкружува и чудовишта од длабините му се придужници.
„Сонувачу на бесни океани, студен спијачу врз алги и школки,
„Вечниот лик никогаш не ќе ти се обнови, мојата двојба надвладува.
„Но сепак, иако беснеам, Бог над сè, еден Дел од мојот Живот,
„Што на Вечните полја на утехата врвеше со моите стада
„На пладне и си ја положуваше уморната глава на моите гради ноќе,
„Таа е одделена. Таа исчезна, дури како Лува и Вала.
„О зошто те понесе зла властољубивост, Уризене, Принцу на Светлината?
„И тебе, Лува, Принцу на Љубовта, сè додека Тармас не се распои?
„А јас, што можам сега да гледам освен Вечна Смрт
„Пред Очи и Вечна изнемоштувачка работа, да се борам
„Против чудовишните облици што ми се множат во тивките далги?
„Дали ова значи да се биде Бог? толку порадо би бил Човек,
„Да спознавам слатка Ука и да се занимавам со едноставни пријатели,
„Да седиме под шаторите и да ги набљудуваме трлата и меките пасишта.
„Земи го чеканот на Уртона; одново изгради ги печкиве.
„Одбиваш ли? ме грижат ли искрите што ти излегуваат од косата?
„Ќе те принудам да градиш со лутиве бранови.
„Смрт избери или живот; ти се бориш во моите води; сега избери живот
„И сите Стихии ќе те служат со своите мирни кавали;
„Милните им вдахновени лири ќе ти го водат трудот,
„А тој тебе; само не попуштај, не слабеј сега, сине мој.
„Сега знаеш што значи да се војува против Богот на водите.”
Така велејќи, Тармас на бесни кочии на Длабочината
Замина далеку во Незнајното и остави чудесна празнина
Околу Лоса; надалеку неговите води носеа, наоколу, на сите страни, со звук
На тркала и коњски копита, и Труби, Рогови и Фанфари.
Преплашен, Лос ги здогледа урнатините на Уризен доле,
Ужасно Безредие за очите, безоблична неизмерна Смрт
Што фрлаше здробени карпи високо во чемерниот воздух
И брануваше сè долу во Вртлози од растопена течност.
Тогаш Лос со страшните раце ги грабна Урнатите Топилници
На Уризен; Бескрајна работата, одново ги изгради,
Труд од многу доба во Мракот и војните на Тармас;
И Лос сочини Наковални од железо стврднато, оти ударите
Му скаменуваат бројни карпи, бројни планети со непрестано ковање.
Но Уризен спиеше во скаменета зашеметеност во долната Пропаст,
Соновна, ужасна состојба, се превртуваше врз мразната постела,
Замрзнуваше сè под себе; сивиот заборавен лик
Испружен преку неизмерноста се надига во силни потреси, тивок му е гласот.
Во задумана мисла се простира од Север до Југ
Во силна моќ, Околу него Лос ги валаше бесен
Громовните тркала од топилница до топилница, грижејќи се вредно
Околу задуманиот ужас преплашен во презирната сфера,
Преплашен со студено заразно лудило; во неговата рака громовниот
Чекан на Уртона ги обликува под тешката десница часовите,
Деновите и годините, во ланци од железо околу краците на Уризена,
Ги врза час за час и ден за ноќ и ноќ за ден и година за година,
Во периоди на зазбивтан бес; обликува и изгради воденици
Со многу тркала непобедиви, во моќта на мрачниот Уризен.
Но Енитармон, завиена во облаци, јачеше гласно, бидејќи ко што Лос ги коваше
Врз наковалните на Уртона, алка по алка, оковите на несреќата,
Виткајќи се на ветриштата во витли во мрачната длабочина,
Тие го камшикуваа телото на Енитармон и сулфурните огни
Изблуени од топилниците се обвиваа околу неа, закована во бескраен оган.
Прекрасната жена лелекаше, а Уризен долу длабоко стенкаше
Смртно помеѓу ударите на чеканот, благодарен на Ушите
На Лос собрани во грозоморна освета; ги пиеше со радост криците
На Енитармон и стенкањата на Уризен, гориво за неговиот гнев
И за неговото сожаление, тајно се хранеше од свирепи мисли.
Сеништето липаше над своето ужасно дело, додека од Црпалки огромни
Го лиеше стопеното железо околу телото на Енитармон.
Но кога ќе го лиеше околу коските на Уризен, се смееше
Шупливо на шупливиот ветар, призрачниот облик му се покоруваше
На гласот на Лос; принуден тој работеше околу топилниците.
И така започна оковувањето на Уризен; ден и ноќ во страв
Кружеше околу мрачниот Демон, со лелеци, метеж и остри болки,
Пророкот на Вечноста ги коваше своите железни алки и алки од бронза
И ко што коваше околу Демонот кој шиштеше, згрозен од Облиците
Што поробеното човештво ги беше зело, тој стана она што го беше гледал.
Се гневеше на Тармаса, својот Бог, и мрмореше
Нејасни зборови, богохулни, полни завист, цврсто решен
На омраза Вечна, во бескраен презир тој работеше, ковајќи ги
Алките на судбината, алка по алка, бескраен ланец на несреќи.
Вечниот Ум, окован, започна да фрла вртлози гнев непрестан
Околу-наоколу, а сулфурната пена навре густа,
Се наталожи, Езеро светло и сјаеше јасно, Бело ко снег.
Заборавност, тапост, нужда, во оковите на умот заклучен,
Во прангии од мраз собран, без закон, откинат од Вечноста,
Лос ги коваше прангиите и ги вжештуваше топилници,
И лееше железна згура и згура од бронза.
Неуморен бесмртникот окован бревташе несреќно,
Мачнотија неснослива, сè додека покрив, кострешно див, не го затвори
Во топка изворот на неговата мисла.
Во грозоморен соновен дремеж, налик на скованиот ланец,
Огромен ‘рбет се изви во маки на ветриштата,
Исфрли болни ребра чиниш надсводена пештера
И коски цврсти му замрзнаа преку сите нерви радосни.
Првото доба мина и состојба на чемерна жалост.
Од Пештерите на зглобениот ‘рбет, удолу потона во страв
Црвена округла Топка, жешка гореше, длабоко, длабоко долу во Провалијата,
Бревташе, пулсираше, трепереше, се разграни во десет илјади гранки
Околу цврстите коски, и второто доба мина
И состојба на чемерна жалост.
Во разорен страв валајќи се, нервниот негов ум пушти гранки
Во висините во две дробни топки склопчени во две мали пештери,
Се кријат внимателно од ветрот; очите му ја здогледаа длабочината.
И третото доба мина и состојба на чемерна жалост.
Бијот на надежта започна; тешката болка, со напор, со борба,
Две Уши во тесни кругови од под топките на видот
Избија остри и се скаменија ко што израснаа. И Четвртото
Доба мина и состојба на чемерна жалост.
Во ужасно мачење болно, висејќи на ветрот,
Две ноздри се сведнаа кон длабочината.
И петтото доба мина и состојба на чемерна жалост.
Во ужасно мачење болно, помеѓу ребрата натечени,
Една желна гладна пештера. Оттаму се издигна
Грлото ко канал; потем ко црвен пламен, јазикот на гладот
И жедта се појави и шестото доба мина на чемерна жалост.
Разгневен и задушен од маки, ја фрли тој десната рака кон север,
Левата рака кон југ, избија во мачнина длабока,
И стопалата му ја загазија Провалијата под нозе во потреси и лелеци и метеж,
И седмото доба мина и состојба на чемерна жалост.
Божјиот Совет во висовите, грижејќи се за Телото
Човеково во крвавата одежда на Лува, виде и заплака.
Се спуштија над пределите на Бјула под месечева светлина,
Ќерките на Бјула го видоа Божественото Видение; се утешија
И ко двоен женски облик, милост и совршена убавина,
Се поклонија и обожуваа и со благи гласови ги изрекоа зборовиве:
„Боже Спасителу, ти да беше овде, нашиот брат не ќе умреше,
„А сега знаеме дека што и да замолиш од Бога
„Тој ќе ти даде; оти слаби сме жени и не се смелиме да ги кренеме
„Очите кон Божествените дворови; затоа во милост ти
„Се јавуваш во одеждата на Лува за да можеме да те видиме
„И да живееме. Погледни, Вечната Смрт е во Бјула. Погледни,
„Ние исчезнуваме и не ќе нè најдат освен ако не ни дозволиш
„Место на кое би можеле да се скриеме под сенката на крилјата.
„Оти доколку ние, кои сме само смртни и преминуваме во зима,
„Ги видиме овие чуда на Вечноста, ние ќе изгориме.”
Такви беа зборовите на Бјула, женската Еманација.
Царството воздивнуваше ширум. Сет Едем се смрачи.
Трупот на Албион лежи на Карпата; морето на Времето и Просторот
Се бранува околу Карпата во моќни далги и ко Полип
Што живее под Морето, краците Човекови живееја
Во чудовишните облици на Смртта, Човечки полип на Смртта.
Спасителот благ и милозлив се наведна над трупот на Смртта
Велејќи, „Ако Веруваш, брат ти одново ќе се крене.”
И прво ја постави Меѓата на непроѕирноста и ја нарече Сотона,
Во градите на Албион, бидејќи во секое човечко битие овие меѓи стојат.
А потем ја постави Меѓата на Собирањето и ја именува Адам,
Додека сеуште овие битија не беа родени и ниту знаеја за добро или Зло.
Потем чудесно Ѕвездените Тркалаја сетија божествената рака. Граница й
Беше поставена на Вечната Смрт. Лос ја сети Меѓата и во страв
Го виде Прстот Божји како ја допира седмата топилница.
И Лос ја здогледа раката Божја над своите топилници
Под Длабочините, во чемерниот Мрак под неизмерноста.
Во страв Лос отстапи од својата цел; тешкиот чекан
Му падна од рака, огните ги скрија силните тела во дим;
Бидејќи со бука рушевна, ѕвекот и судири и стенкања,
Бесмртникот издржа, иако окован во смртоносен сон.
Блед ужас му ги зграби Очите на Лос додека коваше околу
Расшиштениот демон ; згрозен од облиците
Поробеното човештво што ги зеде, тој стана она што го гледаше;
Тој стана она што го чинеше; самиот тој се измени.
Грчеви му ги фатија мускулните влакна во превивања: смртно-бледите усни
Неволно му се придвижија ко што Уризен лелекаше; телото му се брануваше налик море
Со криците на Енитармон: колената му се удрија едно од друго и тогаш тој погледна
Со камени Очи во Уризена, а потем брз го сви вратот
Неволно кон Диванот каде Енитармон лежеше.
Коските на Уризен штракаат на ветрот; коските на Лос
Заболуваат, а железните жили му се свиваат ко олово и се виткаат
Во чудни облици, танцуваат и пискаат, ја газат Провалијата.
Крај на Четвртата ноќ
|