The Home Page of Ana Pejcinova

Вилијам Блејк - Четирите Зои
 
 
 

 

В А Л А

 

Ноќ трета

 

 

 

Еве, седна Кралот на Светлината во вис на ѕвездениот трон,

А Аханија сјајна му се поклони пред убавите стопала.

 

„О Уризене, погледни Ме; налик жалобен поток

„Ти ги прегрнувам колената й сија влажам блескавата коса сосолзи.

„Зошто воздивнува Господарот мој? нели ти се утринските ѕвезди покорни синови?

„Нели ги веднеат сјајните глави под твојот глас? на твоја наредба

„Не летаат ли на своите места и нели ти го враќаат светлото на тебе?

„Бесмртните Атмосфери се твои; таму си виден во слава

„Опкружен со постојано менливите Ќерки на Светлината.

„Зошто погледот кон иднината да ти ја мрачи сегашната радост?”

Престана таа; Принцот светлоста си ја затемни и раскошот на круната

Го сви во густи облаци од каде моќниот глас му избувна:

 

„О блескава Аханијо, едно Дете се роди од темниот Океан

„Кого Уризен го служи, со Светлост полнејќи му ја темнината.

„Поставен сум тука за Крал на неволјите, заповедано ми е да служам

„И да си ја вршам службата за оние кои се гоштеваат на големата ми трпеза.

„Сево ова е мое, сепак морам да служам, а тоа Пророчко дете

„Мора да израсне да му господари на својот Принц; но почуј ме во цврстата намера:

Вала ќе стане Црв во Матката на Енитармон,

„Ќе го положи семето врз нитките, наскоро да изникне,

„А Лува во слабините на Лос мрачна и срда смрт.

„О беден јас! што ќе стане со мене во тоа страшно доба?”

 

Аханија ја сведна главата и липаше седум дни пред Кралот;

А на осмиот ден, кога облакот се одви од неговиот престол,

Ја подигна сјајната миризлива глава и вака со небесен глас:

 

„О Принцу, Вечниот те постави за водач на своите мноштва,

„Препушти му ја сета иднина. Преземи си ги одново полјата на Светлината.

„Зошто го послуша гласот на Лува она страшно утро

„Да му ги предадеш бесмртните атови на светлоста во измамничките раце?

„Не повеќе покорни на твојата волја, присилен си

„Да коваш узди од железо и бронза, да градиш железни јасли,

„Да ги храниш со отрови од винските преси на Лува,

„Додека Божественото Видение и Сотворение сосем не се заборават.

„Тие ги повикуваат лавовите твои на полиња од крв; ти ги дразнат тигрите

„Од одаите на правдата, сè додека овие простории твојата мудрост не ги омеѓи

„Златни и прекрасни, но Ох, колку неналик на оние слатки полјани на блажест

„Каде слободата беше правда, а вечната ука милост.

„Тогаш, О драг господару мој, почуј ја Аханија, почуј го видението,

„ Видението на Аханија при дремежот на Уризен,

„Кога Уризен спиеше на тремот, а Древниот Човек беше кутнат.

 

„Смрачен, Човекот чекореше по огнените скалила пред своите дворови

„И Вала врвеше со него во сни на милна, мамна дремка.

„Погледна тој угоре и те виде тебе, Принцот на Светлината, твојот сјај избледен,

„Потем Човекот се качи жалејќи по раскошот на својот дворец,

„Над него се искрена Сенка од уморниот му ум

„Од живо злато, чисто, совршено, свето; во бела ленена руба чиста таа рееше,

„Милна опојна себеизмама, водното привидение на Човекот

„Слатко што ликува во постоење, сиот Човек го обзеде.

 

„Човекот ничкум падна на лице пред водната сенка,

„Велејќи ‘О Господару, од каде оваа промена? ти знаеш дека сум ништо.’

„А Вала трепереше и си го покри лицето, а плетенките й  се распрснаа врз плочникот.

Ние слушнавме зашеметени од Видението и срцата низатреперија.

Го слушнавме гласот на Задреманиот Човек и вака тој проговори,

„Поклоникот на сопствената Сенка, зборови од Вечноста изговори:

„‘О јас сум ништо кога се споредувам со тебе.

„‘Ако го задржиш здивот, јас умирам и исчезнувам во Адот;

„‘Ако ја положиш раката врз мене, погледни, занемувам;

„‘Ако ја повлечеш раката, исчезнувам ко паднат лист.

„‘О јас сум ништо и во ништо морам одново да се вратам.

„‘Ако го задржиш здивот, погледни, јас сум заборав.’

 

“Исчезна: призрачниот глас беше тивок, но облакот им рееше над главите,

„Во златни венци, жалоста Човекова, а балсамни капки паднаа,

„Но погледни, тој Син Човеков, тој сенишен Дух на Паднатиот
„Лува, се спушти од облакот. Во ужас Албион се крена:

„Навреден се крена Страшниот Човек и й го заврте грбот на Вала.

 

Го слушнавме гласот на Албион кога се препна од сон:

„‘Зошто се тркалаат облаците твои во болежливи магли? Не можам повеќе да го кријам

„‘Чемерното видение на очиве. О љубов и живот и светлост!

„‘Пророчки ужаси ме гонат да говорам: иднината е пред мене

„‘Ко темно светило. Вечна смрт ги прогонува сите мои предвидувања.

„‘Оттргнати од Вечното Братство умираме и нè нема веќе.

 

„‘Од каде овој глас плаче, Енион! што ми ечи во ушите?

„‘О свирепо сожалување! О црна измамо! може ли Љубовта да сака власт?’

 

„А Лува се трудеше да стекне власт над Древниот Човек .

„Се мачеа заедно над Телото каде Вала беше затворена

„И темното Тело на Албион фрлено ничкум врз кристалниот плочник,

„Прекриено со чирови од глава до пети, ужасните удари на Лува.

 

„Тогаш се намурти Паднатиот Човек и го отфрли Лува од своето присуство

„Велејќи, ‘Оди и умри со Човечка Смрт за Вала, милната патничка.

„‘Ќе ти го свртам слухот на Ушите нанадвор и ќе ти ги свијам Ноздрвите

„‘Надолу и твоите течни Очи округли ќе се вртат наоколу во страв;

„‘Сè додека во тесни облици не се вовлечеш. Појдете по огнениот пат

„‘И научете што е да се прима Човекот, вие Духови на Сожаление и Љубов.’

„О Уризене, зошто пребледуваш пред виденијата на Аханија?

„Послушај ја онаа која те љуби, за и нас да не нè прогонат.

 

„Го слушнаа тие Гласот и побегнаа, брзи ко зимско сонце на залез.

„И сега Човековата крв снажно се запени. Видов како Лува и Вала

„Заминаа удолу по Човековото Срце, каде Рајот и неговите радости обилуваа

„Во љубоморни стравови, во бес и срд и пламења им се валаа околу жарните стопала,

„А огромното создание на Природата ко Ламја танцуваше пред нив;

„И ко што одеа, во извиени пламења и ровји на длабочината,

„Вала се смали ко темното море што го напушта запенетиот брег,

„И од градите нејзини Лува падна колку што е истокот од западот далеку,

„А огромното создание на Природата, налик Ламја, се склопчи помеѓу нив.

„Дали е ова Ерусалим или Вавилон, не знаеме.

„Сè е Неред. Сè е метеж и само ние побегнавме.

 

Прекина таа, бидејќи гневниот престол избувна во црна луња градоносна.

 

„Не сум ли јас Бог?” рече Уризен, „Кој ми е Рамен?

„Нели ги постилам небата или ги свивам ко одежда?”

Проговори тој и си ги прибра тешките облаци околу себе, црни, непроѕирни.

Потем громови стрештеа и молњи удрија на сите страни;

Лицето му се смрачи и снажната десница ја подаде

Да ја фрли Аханија на Земјата: ја зграпчи тој за косите

И ја фрли по скалите од мраз што се стврднаа околу неговиот престол,

Велејќи, „И ти ли стана ко Вала? затоа те отфрлам!

„Женската ли небрежна блажест, покорното сопство на слабост,

„Недејствителниот напразен сон, огромната ноќ и мракот на Смртта

„Зар да се кренат да й зададат свои закони на дејствителната машка доблест?

„Ти малечкаво делче што се смелиш да бидеш содрушка,

„Твоето недејствие, твоите закони на покорност и невистинољубивост

„Ми се гнасни. Од каде си го стекнала тој мил лик?

„Од каде ти е дадена оваа моќ? Еднаш беше ти во моиве гради

„Бавно струење на матни води на чии зелени брегови

„Спила наредена со ужасни сенки, темни, ладни и смртоносни, каде

„Ја положував главата во жешкото пладне откако разбиените грутки

„Ќе ме умореа; таму го положував плугот и таму коњите ги пасев:

„А ти се крена со влажни прамења во водна слика

„Одразувајќи ја сета моја мрзеливост, мојата слабост и мојата смрт,

„Да ме стежиш удолу под гробот до не-Постоењето

„Каде Лува се мачи, презрен од Вала, доба по доба талка,

„Се повлекува сè повеќе од својот Господар и го нарекува Искушител.

„И ти ли си станала иста ко Вала? затоа те изгонувам!”

 

Така гласно во облаците проговори Кралот завиен во црн очај

И ја отфрли Аханија од градите скоравени. Падна таа ко ровја.

Тогаш побегнаа синовите Уризенови од камениот престол громовит;

Побегнаа тие на Исток и на Запад и ги напуштија Северот и Југот на Небесата.

Пукот се слушна низ бескрајот. Меѓите на Судбата се здробија.

Меѓите на Судбата ужасно се распукнаа и надојдено морето

Изби од своите окови во бесни вирови, зататни со Човечки глас

Победоносно го ослави дури до ѕвездите сјајниот пад на Аханија.

 

Доле од чемерниот Север Принцот во громови и густи облаци -

Како кога молњата на земјата паѓа на одреденото место -

Падна долу, удолу брзо, се сруши, во грмотевици, (избр. збор) потреси,

Во Пештерите на Гробот и местата на Човековото Семе

Каде жиговите на Очај и Надеж се вкоренети засекогаш:

Свет на Темнина. Аханија падна далеку во Ништавилото.

 

Продолжи да паѓа. Громогласно Тресокот продолжи, гласен и Зарипнат.

Од Тресокот рикна пламен од син сулфурен оган, од пламот

Жалосен воздив онемен го зафати сет метеж,

Го проголта страшниот татнеж во раснечка агонија.

Низ Метежот, налик пукнатина попреку, од неизмерност до неизмерност,

Гласен, силен, сеопшт воздив на смрт, погласен

Од сите разурнувачки стихии, заглушен и уште влошен

Од Уризена и од сите негови мноштва во клет очај удолу брзо што паѓаа.

Но од Жалосниот Воздив нешто налик призрак од дим се појави

И човечки коски ѕвечкаа заедно во димот и го газеа

Долната Пропаст, и чкрташе со заби во лут очај, забревтан од липање,

Густо, кратко, непрестано, избувнуваше, олцкаше, длабоко очајуваше, газеше, се бореше,

Се бореше да пропелтечи со човечки глас, се бореше да обликува човечки црти, се бореше

Да зеде облик на Човек, на крај се појави од димот

На Уризен разбиен на парчиња од вртоглавиот пад,

Тармас ги крена рацете и застана над преплашениот Океан:

Мртвиот го крена Гласот и застана врз широт во одеци,

 

Повика: „Бес во моето тело! раздор во коските и сржта!

„Черепот расцепен до жилички, очите до морски медузи

„Што лебдат на плимата, се меткаат во меури и меури,

„Ги пеат моите тажачки и зачнуваат мали чудовишта

„Кои седат во потсмев врз дребните камчиња на плимата

„Во сите мои реки и на исушениоте школки што рибите

„Сосем ги заборавиле. О лудост! да си ја загубам милната блажест.

„Каде си, Енион? ах, преблиску до итрост, предалеку,

„А сепак преблиску. Сметната те праќам во далечна темнина

„Далеку колку што може моќта моја да те отфрли: талкај ти и смеј се и играј

„Помеѓу замрзнатите стрели; ќе ти ја раскинат нежната плот.

„Падни далеку од Тармаса, не ми се приближувај премногу на силниот бес.

„Викај и отпадни и смеј му се на Тармаса, милна летна убавино,

„Сè додека зимата не те раскине во Трепети ко што ти мене ме раскина.”

 

Така Тармас рикаше над океанот, грмеше, липаше, бликаше.

Меѓите на Судбата беа скршени и омраза сега започна

Наместо љубов кон Енион. Енион, слепа и згрбавена од старост,

Врони во студените бранови, заживеа живот сред водите;

Во ужас таа свена до Ентутон Бенитон,

Еден свет на длабок мрак, каде сите нешта во гроза се коренат.

 

Ова се зборовите на Енион што се слушаат од студените бранови на очајот:

„О Тармасе, јас те загубив и кога се понадевав дека сум те нашла,

„О Тармасе, не уништувај ме сосем, но дозволи

„Една мала сенка, не повеќе од ситен дождовен лик на Енион

„Да биде блиску до тебе, љубен Ужасу; дозволи ми сепак да останам, а потем изврши ја

„Својата праведна клетва врз мене; само дозволи ми да ти го слушам гласот.

„Гонета од твојот бес, талкам ко облак во длабочината

„Каде никогаш Постоењето не дошло; таму, губејќи го сет живот,

„Назад се враќам сè послаба и послаба; не ме отфрлај

„Во великиот гнев; иако грешев, иако се побунив,

„Не прави ме ко нештата заборавени, бидејќи тие не се.

„Не прави од она што те љуби избришана солза.”

 

Тармас одговори јавајќи на бури, гласот му од Ровја стрешти:

„Слико на жалење, цртите твои што бледат чинат очните капаци да ми паднат.

„Што сторив? и бесот и милоста ми се исти;

„Гледајќи те тебе, Слико на бледи води, се оттргнувам

„Од расрдениот бес во твојата појава. Енион, врати се.

„Зошто сожалливото лице ти се губи налик дождовен облак

„Топејќи се, плисок на солзи што се ронат, ништо освен солзи! Енион,

„Безсржна, безгласна, во липтежи, исчезната, ништо освен солзи! Енион,

„Засекогаш ли се изгуби од водните очи на Тармаса?

„Бес, бес никогаш повеќе од градиве мои: ветришта и води на жалост

„Ќе проголтаат сè, до крај ќе проголтаат. Љубовта и Надежта завршија.”

 

Бидејќи сега ништо повеќе не остана од Енион во чемерниот воздух,

Единствено глас вечен што јачеше на Стихиите.

 

Каде што Енион слепа и повиена од старост талкаше, Аханија талка сега:

Талка таа во Вечен страв од пад во бекрајот,

Оти сјајните очи й ја здогледаа Провалијата. Понекогаш малку сон

й стежнува врз трепките; тогаш таа паѓа; потем, препнувајќи се, се буди во страв

Бессона да талка, прогонета на ивиците на Непостоењето.

 

 

 

 

Крај на Третата ноќ

 

ја својата сопруга што (избр.)

нејзините (избр.)

влажи (избр.)

„Ти седиш во склад, оти Бог те постави над сите. (избр.)

сенко (избр.),

сета моја Кралска моќ (избр.)

Но (избр.)

„Подигни ги тогаш зрачните очи кон него, подигни ги покорните раце,

„И утеха ќе се спушти од небесата врз твоите стемнети облаци. (избр.)

со (избр.)

Но не ги виде Лос и Енитармон, оти Лува ги скри во сенки

Од (избр.) Во мек облак горе послан, а Лува престојуваше во облаците. (избр.)

Јас (избр.)

моето (избр.)

Јас (избр.)

алт. Албион

Човекот (избр.)

Јас (избр.)

алт. моќниот Албион

Човекот (избр.)

алт. Албион

Го слушнав: не мурти се, Уризене, туку почуј го моето видение

Албион ја затвори Западната порта и ја оддели Америка со Атлантикот, поради клетва една и скриен страв и олтар еден на жртвите на Гревот и Покајанието.

Тармас (избр.)

Радоста (избр.)

 

 

 

целосна книга во Word

Корица

- Избор на стихови -

Податоци за печатеното издание

Предговор

Ноќ прва

Ноќ втора

Ноќ трета

Ноќ четврта

Ноќ петта

Ноќ шеста

Ноќ седма (а)

Ноќ седма (б)

Ноќ осма

Ноќ деветта, која е и Последниот суд

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by