В А Л А
Ноќ втора
А двете Млади чуда лунѕаа по светот на Тармас.
„Името твое е Енитармон,” рече лутото јасновидно момче.
„Додека благиот глас ти ги полни сиве пештери со слатки созвучја,
„О како нашите Родители седат и тажат во тивките сеници тајни!”
Но Енитармон одговори со проронета солза и муртење,
Темна ко росното утро штом руменото светло се јавува,
„Да нè усреќат остави ги, да си ги црпат бесмртните сили
„Додека вовлекуваме слатка радост од нив, додека им враќаме со прекор
„По прекор да си го нахраниме незадоволството; бидејќи ако се покажеме благодарни,
„Ќе ја воздржат милната љубов, чија храна се трња и корења горки.
„Ги слушаме трубите бојни, ги набљудуваме сферите во вртеж,
„Сепак Ти во небрежност почиваш држејќи ме во окови.
„Послушај! Ќе ја запеам Песната на Смртта! Песната е тоа на Вала!
„Паднатиот Човек почива, Уризен спие на тремот,
„Лува и Вала се будат и полетуваат од Човековото Срце
„Во Мозокот од таму; на перницата Вала дремеше,
„А Лува ги фати Атовите од Светлост и се издигна со Кочијата на Денот.
„Сладок смев ме зафати во сонот мој; тивка и тајно се смеев,
„Бидејќи во виденијата на Вала чекорев со моќниот Паднат,
„Гласот му го слушав во гранките и меѓу цветовите слатки:
„‘Зошто е светлото на Енитармон потемнето во росното утро?
„‘Зошто е тишината на Енитармон ужас, а нејзиниот насмев виор,
„‘И го изговара овој мрак во моите одаи, во столбовите на моите Свети?
„‘Зошто липаш ти ко Вала и си го влажиш велот со росни солзи,
„‘Во дремежите на моќниот мој почив влеваш лажно утро,
„Гонејќи ги Женските Еманации сите од Лос?
„‘Одбив да го гледам Вселенското Видение.
„‘И ќе го погубиш ли со смрт оној кој ти се посветува на тебе,
„‘Еднаш родена за забава и разонода на Човека, сега родена да му ги испиеш сите Моќи?’
„Го дочув звучното Море, го дочув гласот сè послаб и послаб,
„Гласот дојде и замина ко сон: се разбудив во милна блажест.”
Тогаш Лос ја кутна на Земја; долго потраја додека не оживеа.
Тој одговори, уште повеќе темнеејќи, со навреденост скриена во насмевки:
„Не умирам, Енитармон, иако ја пееш песната на Смртта,
„Ниту ќе ме измачуваш; Бидејќи го гледам Паднатиот Човек
„Како се обидува да ја утеши Вала; не ќе се утеши таа.
„Се крева таа од неговиот престол и ги бара сенките на својата градина,
„Плаче по Лува, загубен во крвавите зраци на лажното утро твое;
„Снеможувајќи лежи Паднатиот Човек, главата му болна, срцето слабо:
„Голем досег на твојата моќ! Чувај се од казна!
„Гледам, невидлив се спушта во Градините на Вала
„Лува ездејќи на ветри! Го гледам ножот невидлив,
„Гледам порој крв, ги гледам мечовите и копјата на иднината.
„Иако во Мозокот Човеков живееме и во кружните Нерви,
„Иако овој блескав свет на сета наша радост е во Човековиот Мозок
„Каде Уризен и сите негови Мноштва ги бесат бесмртните светилки,
„Ти никогаш не ќе го напуштиш ова студено пространство каде водниот Тармас тажи.”
Така говореше Лос. Презир и Навреда се кренаа во Енитармон.
Тогаш Енитармон, црвенеејќи гневна, ги подаде бесмртните раце:
„Спушти се, О Уризене, спушти се со атот и кочиите!
„Не заканувај ми се, О Јасновидецу; твоја е казната.
„Човечката Природа ја нема веќе, ниту Човечките дела
„Ќе ги обликуваат бунтовните Духови Небесни, туку Војна и Кралство, и Победа и Крв.”
Ноќта потемне ко што говореше; потрес се рашири од Исток до Запад;
Воздив се чу во висините. Бојните труби исчезнаа, Духовите
На Лува и Вала се стресоа во нивната Топка, топка од крв.
Вечноста зајачи и се вознемири од Сликата на Вечната Смрт.
Блудниот Човек ја сведна бледата глава и Уризен се спушти-
А едниот ќе мораше да го погуби Човека, тој да не се спуштеше-
Навреден, мрморејќи ниски громови, Уризен се спушти,
Мрачно загрми: „Сега сум јас Бог од Вечност до Вечност.”
Зловолен седеше Лос ковајќи Одмазда. Тивок, тој го меркаше Принцот
На Светлината. Тивок, Принцот на Светлината го меркаше Лоса; на крај, загрижена
Насмевка му се откина на Уризен, бидејќи Енитармон сјаеше сè повеќе.
Мрачен й се муртеше на Енитармон, но му се насмевнуваше на Лос
Велејќи: „Ти си Господарот на Лува; во твои раце го предавам
„Принцот на Љубовта, убиецот; душата негова е во твои раце.
„Не ја жали Вала, бидејќи таа не се сожали над Вечниот Човек,
„Ниту криците на Лува не ги жали. Еве, овие ѕвездени јата,
„Твои се Слуги ако му се потчиниш на страшниот Закон мој.”
Така проговори Принцот на Светлоста и седна крај престолот на Лос.
Врз песочниот брег му стоеше огнената кочија.
Лос расрден одврати: „Дали си ти еден од оние кои кога се најсамоуверени
„Мислат на неволја најмногу! Ако си таков, Гледај! Јас исто таков сум.
„Еден мора да е господар. Испробај си ги Моќите. Јас исто моите ќе ги испробам,
„Бидејќи, забележувам, имаш Богатство за кое тврдам дека е мое.”
Уризен изненаден се исправи, но не Долго; Наскоро викна:
„Потчини му се на гласот мој, млад Демону; јас сум Бог од Вечност до Вечност.”
Така Уризен проговори, собран во себе во гордост страшна:
„Дали си ти виделец на Исуса, милната заблуда на Вечноста?
„Гледај, јас сум Богот, уништувачот страшен, а не Спасителот.
„Зошто Вечното Видение да ги принудува синовите на Едем
„Секој да си го презре задоволството свое, да војува против својот дух?
„Сеништето е Човекот. Останатото е само прелага и вообразба.”
Десет илјади илјадници му броеја мноштвата духови на ветрот,
Десет илјади илјадници блескави Кочии сјаеа на небото.
Се излеваат на златниот брег крај океанот тивок
Славејќи Победа, и небесата се преплавија со крв.
Земјата ја посла широката трпеза; Ноќта, сребрен пехар
Наполнет со виното на маките, чекаше на златната гозба.
Но сеуште го немаше блескавото Сонце; тоа, исполнувајќи го сет простор,
Спиеше ко птица во школка модра што наскоро ќе се распои.
Лос ја виде раната од својот удар; виде, се сожали, заплака.
Лос сега зажали што ја беше удрил Енитармон; сети љубов
Како му се крева во сите Вени; й ги обви рацете околу слабините
За да ја залечи раната од ударот.
Јадеа тие од плотниот леб, пиеја од виното на нервите;
Ги слушаа Харфите на Стихиите и Песните на Сферите:
Ги гледаа Часовите во танц брз како се надметнуваат на небото,
Со крилеста зрачност расфрлаа радости низ светилото во постојана мена.
Но Лува и Вала стоеја на крвавото небо
Во висините, оставени сами, заборавени, во лута љубомора.
Стоеја над небесата, заборавени, напуштени, приковани во крв.
Да се симнат не можеа, ниту Еден од друг очите да ги одвратат.
Вечноста се појави над нив ко Еден Човек завиен
Во одеждата на Лува од крв и носејќи ги сите негови маки;
Ко сонце што сјае врз маглива земја, такво беше Видението.
Но пурпурна ноќ и румена зора и златен ден се спуштија
Низ јасниот треперлив воздух, покажаа зелени полјани помеѓу
Разноликите облаци, ко рајови послани во просторот,
Со градови и села и храмови, шатори, трла за овци и пасишта
Каде престојуваат децата на световите на елементите во хармонија.
Не живееја тие долго во слога, животот им се испи
И зимски несреќи проследија, едно по едно одвлечкани во Празнината
Каде Енион чезнееше, едно по едно вовлечени во златната гозба.
А Лос и Енитармон седеа во незадоволство и презир.
Свадбена Песна се крена од сите илјада илјадници дуси
Преку радосната Земја и Морето и се спушти на Небесата;
Бидејќи Боговите на Елементите на громовни Оргули засвиреа и подготвија
Вкусни Јадења. Демони од Брановите Одеците своите водни ги разбудија.
Блескавите Души на растителниот живот во пупење и расцветување
Ги подадоа бесмртните раце да удрат по златните и сребрени Жици,
И со бесмртен Глас мек црцорејќи, ја исполнија сета Земја и Небо.
Со двојни гласови и гласни Труби извиени околу, со одеци,
Пештерските жители ја исполнија огромната Веселба Одгласувајќи се,
А Духовите на Распламтен оган во вис ја водеа моќната Песна.
А Ова пееше Песната на Гозбата на Лос и Енитармон:
„Ефраим повика кон Сиона: ‘Разбуди се, О Планино Сестро!
„‘Да ги одбиеме Плугот и Лопатата, тешкиот Валец и запчестата
„‘Брана; запали ги сите Житни полиња, отфрли ги сите огради!
„‘Згоен да се биде од Човечка крв и опиен од животно вино е далеку подобро
„‘Од сет овој труд на жетва и гроздобер. Погледни ја реката,
„‘Црвена од Човечка крв, ми се бранува жедбена околу карпестите колена;
„‘Облаците мои не се облаци на зелени полја и овошни падини,
„‘Туку Облаци на Човечки Души; ноздрвите ми пијат Човечки Животи.’
„Селата Тажат: бледеат послани во рамнината.
„Тажачка тече по Долините од Воденицата и од Амбарот.
„Но најмногу мазните Дворци, мрачни, тихи, се веднеат под ужасот
„Скривајќи ги книгите и сликите под дувлата на Земјата.
„Градовите праќаат пораки еден до друг и велат: ‘Синовите мои се Збеснати
„‘Од виното на свирепоста. Нека заигра камшикот, О Граду Брате.’
„Децата ги гојат за Колеж; еднаш го доеја Детето
„Со Млеко, но од каде сега Децата се појат со крв?
„Коњот вреди повеќе од Човекот. Лутиот Тигар
„Му се смее на Човечкиот лик; Лавот се потсмева и жеднее за крв.
„Викаат тие:, ‘О Пајаку, рашири си ја мрежата! Нека ти нараснат коските и полн
„“Срж, жили и плот, Воздигни се себеси, здобиј се со глас.
„“Повикај ги оружаните мноштва мрачни; бидејќи сите синови Човечки се збираат заедно
„“Да ги опустошат градовите свои! Ќе исчезне Човекот!’ ‘Разбудете се, О Мноштва!’
„Влакното на лакот запеа над ридиштата, ‘Лува и Вала ездат
„Победнички на крвавото небо, а Човечкиот облик го нема веќе.'
„Заслушани Ѕвездите дочуја и првиот зрак на утрото назад се врати:
„Му свика на Татка си ‘замини! замини!’ но одненадеж Фатен
„И оклопен во челик, а Атот гордо му зацвили; ја намириса тој битката
„Оддалеку. Брзајќи назад, црвен од гнев, Моќниот Татко
„Го грабна светлиот Овчарски стап окован со скапоцени камења и злато; го Заврте околу
„Главата, со остро шиштење на Небото; надолу се втурна Сонцето со звук
„Боен; Планините побегнаа; побараа место долу.
„Вала остана во пустините од мрачна самотија, Ниту Сонце ниту Месечина
„Дење ниту ноќе да ја успокојат; се измачуваше таа во густ дим.
„Тармас не издржа; побегна во крици; потем, гола пустош, потона удолу
„Збивтајќи во мрачниот неред. Во меѓувреме Лос се роди
„И ти, О Енитармон! Почуј, ги слушам чеканите на Лос.
„Ги претопуваат тие коските на Вала! коските на Лува во клинови;
„Неброените синови и ќерки на Лува, затворени во печките,
„Се топат во бразди; Зимата дува во мевовите; Мраз и Снег
„Ги опслужуваат страшните наковални: Планините олцкаат, а Реките опаѓаат и пропаѓаат.
„Нема Град, ниту Житно Поле, ниту Овоштарник; сè е Карпа и Песок.
„Нема Сонце, ниту Месечина, ниту Ѕвезда, ни исцепани зимни карпи
„Се судараат во празнината, приковани од внатрешни огни.
„Нетрпеливоста сега веќе не може да издржи. Раздразнет, Лува,
„Избиваш од слабините на Енитармон, Ти бесен Страву,
„Оди да пискаш взалудно! Удрете, удрете по неговите пранги! Удрете, О зимни чекани!
„Удри, Духу на Уртона! исмеј го душманот кој удолу нè повлече
„Од небесата на радоста во оваа длабина. Сега беснеј, но напразно беснеј!”
Така пееја демоните на длабочината; бојните Труби силно се гласеа.
Гозбата се ечи и Крунисани со рози и подавано вино
Великата Невеста и Младоженецот седеа; крај нив Уризен,
Со избледен сјај воздивнуваше, заборавајќи на виното што се лееше
И на Аханија, Чистата му Невеста; но таа беше толку далеку.
Туку Лос и Енитармон седеа во незадоволство и презир,
Жеднееја за повеќе што повеќе уживаа, извлекуваа слатка блажест
Од завртените тркала на небесата и кочиите на Погубените.
Во далечина, Далеку во Ноќта, презрена, во ужасна глад копнеејќи,
Додека Лета и Зими се менуваа во страшната длабочина,
Енион, слепа и згрбавена од старост, плачеше на пустиот ветар:
„Зошто Гарванот грака гласно и ниедни око не го сожалува?
„Зошто се струполуваат Ластовицата и Клукајдрвецот во безхраната зима?
„Изнемоштени, растреперени, стојат на безлисна грмушка или замрзнат камен,
„Снеможени од барање храна по снежната пустош, малите им
„Срца ладни, а јазичињата собрани, што еднаш во безгрижна радост им
„Дареа благодарници-песни на бранливите полиња жито околу гнездата.
„Зошто завиваат Лавот и Волкот? зошто талкаат надалеку?
„Залажани од летната жега, се разонодуваат во огромна љубов,
„А ги отфрлаат своите млади во гладните дивини и песочните пустини.
„Зошто Овцата му се предава на ножот? Јагнето си игра на Сонце:
„Затреперува! ги слуша стапките на Човекот! вели: Земи ми го руното,
„Но поштеди ми го животот: но не знае дека зимата брзо доаѓа.
„Пајакот седи сред исткаена Пајажина и желно ја демне Мушичката.
„Во ист миг доаѓа прегладнета Птица и го однесува Пајакот.
„Пајажината останува напуштена, што немирното дребно срце
„Толку внимателно ја исткало и пружило со воздишки и умор.”
Ова беше тажачката на Енион околу златната Гозба.
Вечноста јачеше и се вознемири од сликата на Вечната Смрт
Без Човечко тело, Излачување од неговото оболено тело.
Сега Човекот беше дојден до Палмата и до Дабот на Плачот
Кои стојат на Работ на Бјула, и тој потона
Од рацете на поткрепа на Вечниот Спасител кој го изложи
Бледото тело на неговото Вечно Сопство
Врз Карпата на Добата, Чувајќи го со Љубов и Грижа.
Се поткрена Албион на Диванот на смртта, ги здогледа Синовите свои.
Ги заврте Очите нанадвор кон Сепството, го загуби Божественото Видение,
Албион го повика Уризена и му рече: „Погледни ги заболениве Сфери,
„Од каде гласов на Енион ми ечи под Тремовите?
„Преземи ја власта! земи го ова Жезло! истапи напред во моја моќ,
„Бидејќи јас сум снеможен и морам да спијам со мрачниот сон на Смртта.
„Брат ти Лува ме кутна, но ти сожали ја неговата младост,
„Иако самиот ти не ми ја сожали Староста, О Уризене, Принцу на Светлината.”
Уризен се подигна од блескавата Гозба налик ѕвезда на вечерно небо,
Ликувајќи од гласот што го извика од Гозбата на зависта.
Прво го здогледа телото Човеково, бледо, студено; ужасите на смртта
Од под нозе избија низ него како што застана во Човечкиот Мозок,
И сите златни тремови избледеа под неговата разболена светлост,
Не повеќе Ликуваше, бидејќи ја виде Вечната Смрт долу.
Блед, ја здогледа иднината: блед, ја здогледа Провалијата
Каде Енион, слепа и згрбавена од старост, плачеше во ужасна глад чезнеејќи,
Сè прегладнета ко гладниот црв и ко тивкиот гроб.
Моќен беше провевот од Празнотијата што го вовлекуваше Постоењето во себе.
Моќниот Уризен чекореше горе во страв и бледа збрканост.
Го виде неограничениот простор долу и душата му се собра во ужас,
Стопалата на работ на Непостоењето; гласот му потече:
Лува и Вала, треперејќи и намалувајќи се, го здогледаа великиот мајстор на Работата
И го дочуја неговото Слово: „Одделете се, вие мноштва, моќ по моќ.
„Да изградиме Живеалиште за љубената на Небесата во ужасната длабина:
„Да ја изградиме Земната Школка околу Карпата на Албион.”
Толпите на Небесата полетаа низ воздухот со пеење и повици кон Уризен.
Некои ги поправија наковалните, некои разбојот го кренаа, некои плугот
И браната ги обликуваа и сочинија опрема од сребро и слонова коска,
Златните мерила, квадрантот и рамнилото и мерата.
Подигнаа печки, направија наковални од злато сковани во воденици
Каде зимата бие непрестано, ги зацврстија сигурно на лежишта.
Мевовите почнаа да дуваат, а Лавовите Уризенови стоеја околу наковалната
И Леопарди покриени со кожи животински ги опслужуваа разбуканите огни,
Возвишени, впечатливи божествените им ликови на човечка убавина.
Лутите Тигри ги извикаа Обучените Атови од нивните јасли,
Ги одврзаа и им ставија амови од злато и сребро и слонова коска,
Во човечки облици јасни застанаа околу Уризен, принцот на Светлината,
Ја скаменија сета Човечка Вообразба во карпа и песок.
Јачења потекоа по потокот Тибурн и по реката Оксфорд
Меѓу Друидските Храмови. Албион јачеше крај потокот Тибурн:
Албион испушти смртен крик гласен. Атлантските Планини се тресеа.
Далеку, Месечината побегна во плач: Сонцето во потоци крв.
Од Слабините на Албион се одделија сите Народи и Нации на оваа Земја,
Побегнаа со звук на Колеж и небесните ѕвезди побегнаа.
Ерусалим падна во урнатина ужасна по сета Земја,
Студена падна од Доловите на Ламбет во олцкања и росна смрт -
Росата на размирените дуси, смртната пот на оние на умирање -
Во секоја сала со столбови и лакови во поткровјето на небата на Албион.
Брат со брат се капат во крв на Северн,
Девицата каде плаче. Таткото и мајката со
Таткото на Девицата и мајка й липаат губејќи свест над телото,
А Младичот, Убиецот, бега преку планините.
Рува спиеше на Пенмиенмар, а Леви спиеше на Снежната гора.
Нивните очи, уши, ноздрви и јазици се валаа нанадвор, го видоа
Она што е внатре сега видливо надвор; изложени му се на гладниот ветар.
Стануваат Народи далечни, во мала и мрачна Земја.
Ќерките на Албион ги опашаа одеждите Везени,
Свлекувајќи ги завесите на Ерусалим од благите демони на ридиштата;
Преку Европа и Азија до Кина и Јапонија ко молњи
Итаат и му се враќаат на Албион врз диванот камен:
Гвендолен, Раган, Сабрина, Гонорела, Мехетабел, Кордела,
Будиција, Конвина, Естрилда, Гвинефред, Игноге, Камбел,
Ги оковуваат Чедата на Ерусалим во занданите на Вавилон;
Играат пред Војските, пред пците ловечки на Нимрод,
Додека Принцот на Светлината на рамнината Салсбери стои сред Друидските камења...
Со ѕвекот адамантните прангии и куки ја креваат рудата
Во маси сипана во топилниците, и ги затворија и запечатија
Топилниците еднаш и многупати; сето време Северот ги надувуваше
Облачните мевови, и Југот и Истокот и чемерниот Запад,
А сето време плугот железен засекува ужасни бразди
Во Улро, под Бјула, каде мртвите ечат Ноќ и Ден.
Лува го фрлија во Печките на жалоста и го запечатија,
А Вала во свирепа радост го поткаше огнот под печките.
Строг, Уризен набљудуваше, гонет од нужноста да го одложи
Злиот ден далеку, некако со железната моќ
Да може тој да го одврати сопствениот очај; во жалост и страв тој ја виде
Вала како кружи околу печките каде Лува беше затворен.
Во радост таа ги слушаше неговите крици и заборави дека тој беше бил нејзиниот Лува,
Со кого врвеше во блажест во добата на невиност и младост.
Почуј го гласот на Лува од печките на Уризен:
„Ако сум навистина Кралот на Вала, а вие, О синови Човечки,
„Творба на рацете на Лува во добата на Секогашноста,
„Кога го извикав Земниот црв од студениот и темен мрак,
„Ја крепев јас неа, ја хранев со дождовите мои и со росите; израсна таа
„Крлушеста Ламја, сепак ја хранев иако ме мразеше;
„Ден по ден се хранеше таа во планините пред очите на Лува,
„Ја пренесов низ Дивината, сува и жедна земја,
„И наредив пролети да се кренат за неа во црната пустина,
„Додека не стана Змев, крилат, блескав и отровен.
„Ги отворив сите небесни поплавни брани да ја й задоволам жедта,
„И й наредив на Великата длабочина да ја скрие во дланка,
„Додека не стана таа плачно дете една стапка долго.
„Ја носев на гради ко човек јагне што носи,
„Ја љубев, й ја дадов сета душа и радост,
„Ја скрив во милни градини и под тајните сеници на летото,
„Ткаејќи лавиринти радост под сончевиот рај,
„Безизлезни лавиринти. Ми даде таа синови и ќерки,
„А тие ми ја одзедоа и ми ја скрија од очите.
„Ме опколја со ѕидови од железо и бронза. О Јагне
„Божје облечено во одеждата на Лува! малку ти знаеш
„За смртта Вечна, дека сите ние заминуваме во Вечна Смрт,
„Во нашето Првотно Безредие во случајно натрупување на несогласни
„Разродени одредби на Љубов и Омраза. Трпам маки
„Бидејќи љубам, бидејќи јас бев љубов, но омраза се буди во мене,
„А Уризен, кој беше Вера и сигурност, се промени во Сомнеж;
„Раката на Уризена е врз мене, бидејќи ја збришав
„Таа Човечка прелага за да ги ослободам синовите Божји
„Од оковите на Човечкиот облик. О првороден Сину на Светлината,
„О Уризене, душману мој, плачам поради твоето строго решение,
„Но плачам попусто. О кога ќе се вратиш, Вала Скитничке?”
Ова беше говорот на Лува, трпелив во несреќата,
Како думаше од слабините сред нестварните облици на ноќта на Улро.
А кога Лува, по многу доба, сосем се растопи од жалост,
Огните на Вала се стишаа ко сенка студена и бледа,
Кратковечна сенка; на крај падна таа, куп Пепел
Под печките, жалосно купче во жива смрт.
Тогаш ги отпечатија печките со копачи и тесли,
Со грмење истече течноста; растопениот метал потече низ каналите
Всечени од ралото на добата, силната десница на Уризен го управи
По многу долови, бидејќи Биковите на Лува го влечеа Плугот.
Во растреперен ужас, бледи, згрозени, Чедата Човекови
Застанаа над бескрајната Земја и ги гледаа виденијата во воздухот,
Во водите и на земјата оздолу; повикаа едни кон други,
„Што! Ужаси ли сме си еден на друг? Дојдете, О браќа, чуму
„Пространава Земја е послана во шир? не за диви ѕверки да лунѕаат по неа.”
Но многумина стоеја тивки и зафатени со своите семејства.
А многумина рекоа, „Не гледаме виденија во темниов воздух.
„Премери го патот на онаа сулфурна топка што го осветлува мрачниот ден;
„Постојки подигни на гојнава Земја и остави нè да купуваме и да продаваме.”
Други се кренаа и подигнаа школи, сочинија Орудија
За мерење на патот на небесата. Строгиот Уризен ги виде
Во жалост браќата свои и синовите, во стемнета жалост тажеше
Над ветриштата, во облаци завиткан, гласот му Говореше низ громови
Управувајќи ја сета работа со грижа и моќ и точност.
Тогаш се зафатија Лавовите Уризенови со работа и вжежени во ковачницата
Грмат блескавите маси; громогласно удараат чеканите, многубројни Пирамиди
Обликуваа и фрлија со грмотевици во длабините на Непостоењето.
Усвитени до црвена жар, тие со шиштење си го продираат патот многу милји удолу,
Додека, запирајќи се, секоја својот (центар избр. темел избр.) не го најде; зацврстени стојат таму
И фрлаат искри страшни далеку во чемерната длабочина.
Бидејќи, измерени во подредени простори, Синовите на Уризен
Со мерила ја делат длабочината; тие силните терезии ги подигаат
Што Лува ги оттргна од слабото Срце на Паднатиот Човек,
И ги мерат масивните Коцки, па ги зацврснуваат на постојките.
А сето време, во Пештери затворен, златниот Разбој кренат
Прво ги испреде, потем ги исткаја Атмосферите; таму Пајакот и Црвот
Го гонат крилестото брдило, остар свиреж низ сите заслушани нитки;
Под Спилите се тркалаат тегови од олово и чекрци од железо,
Огромната основа и ткаењето беснеат грозно во преплашената длабочина.
Додека далеку во безмерното незнаено крилести Орли снажни го свиваат
Смелиот лет во Човечки облици јасни; низ темнината длабока
Носат исткаени драперии; на златни куки ги обесуваат
Вселенските застори и ги простираат од Сонце до Сонце
Направите од светлост; ги одделуваат бесните честички
Во благи токови ко водата што се меша со виното.
Додека така Духовите со најснажно крило ја осветлуваат мрачната длабочина,
Нитките се испредуваат, а жиците се свиваат и извлекуваат; потем слабите
Ја започнуваат својата работа и многу мрежи плетат, многу мрежи
Рашируваат и многу Духови ловат; безбројни мрежите,
Безбројни замките и клопките, а многу утешни кавали
Направени и многу жичени лири се префрлаат преку неизмерноста.
Во свирепа радост ги ловат слушателите и во свирепа радост
Ги врзуваат, згуснувајќи ги силните енергии во опсег мал.
Некои станаа семе на секое растение што ќе се насади; некои
Грутчести корења, нафрлани на куп во амбари и житници.
Потем се кренаа Неимарите. Прво Неимарот божествен својот план
Го открива. Чудесни скелиња се креваат насекаде околу бесконечноста,
Четворострана градба се издигна, небесата подредени во облик на четвороаголник под линија,
Пирамиди и коцки ги одделуваат елементите во гранични рамки.
Множества без број работат непрестано: делкан камен
Се поставува во лежиштата од малтер смешан со пепелта на Вала.
Работата тешка; робинките малтерот го газат принудени.
Дванаесет сали според имињата на дванаесетте сина опфаќаше
Чудесната градба, а трите Средишни Куполи според Имињата
На трите ќерки беа опкружени со дванаесетте сјајни сали.
Секоја сала опкружена со блескави Рајови на Радост
Каде лежеа села и Градови, Народи, Мориња, Планини и Реки.
Секоја Купола се отвораше кон четири сали, а трите Куполи ја опкружуваа
Златната Сала на Уризен, чија западна страна светло сјаеше
Со постојани распламтени огни што му избукнуваа од страшното тело.
Неговата Сенишна Женска Подоба на Бел Диван отпочиваше овде,
Или му се веднеше над ѕвездената глава; и кога тој ќе се усмевнеше, се озаруваше и таа
Ко сјаен Облак при жетва; но кога Уризен ќе се смуртеше, липаше таа
Во измаглици над резбаниот престол; а кога тој грбот ќе й го завртеше
На Златната Сала и ќе ги побараше Лавиринтските ходници
На широкото небо, во Трепет, ладна, во бледи стравови таа седеше,
Сенка на Очајание; затоа на Запад Уризен создаде
Ниша во ѕидот за огните да се зарат врз бледото
Женско тело во негово отсуство, а нејзините Ќерки често врз
Златниот Олтар палеа мириси; со Небесна Умешност обликуваа
Четвороаголник, со скулптури и убаво Изрезбарен, за да ја задоволат сенишната мајка.
Искачувајќи се во нејзините магливи одори, модриот дим се валаше да й го оживее
Студеното тело при отсуството на Господарот. А нејзините синови,
Со животи на Жртви принесени на олтарот бронзен
На Источниот крај, й ја оживуваа душата со животи на ѕверки и птици
Заклани на Олтарот, што й се качуваа горе во облачните гради.
Стравотна умешност Олтарот, труд на десет илјади Робови,
Илјада Мажи со чудесна моќ го фрлија животот градејќи го.
Стоеше тој на дванаесет скалила именувани по имињата на дванаесетте сина
И беше Подигнат на главниот влез на Уризеновата сала.
Кога Уризен се враќаше од безмерните напори и патешествија,
Се спушташе таа да отпочива крај него и го обвиваше
Со светлото здолниште. Вчудоневиден и Збунет го виде
Тој нејзиниот сенишен облик сега одделен; се стресе и занеме,
Сè додека нејзините милувки и солзи не го вратија во живот и радост.
Две волји тие имаа, два ума, а не ко во старите времиња.
Ова Уризен го увиде и тивок се замисли во стемнетите Облаци.
За него неговиот Труд не беше ништо освен Жалост, а неговото Кралство Покајание.
Ги изгони тој сите Машки Дуси од Аханија,
А таа ги изгони сите Жени од него.
Лос уживаше, а Енитармон се насмеа велејќи, „Да појдеме долу
„И да ја погледнеме оваа работа и несреќа.” Појдоа тие удолу да ги видат маките
На Вала и маките на Лува, да се развеселат, да се науживаат.
А Вала ко призрак често му се јавуваше на Уризена.
Кралот на Светлоста ја виде како тажи помеѓу Циглените печки, присилена
Да работи ден и ноќ среде пламењата; жалобниот глас й
Се слуша кога тивката ноќ се враќа, а работниците отпочиваат.
„О Господару, не ќе ги согледаш ли нашите несреќи болни
„Сред пламењава без престан што работиме? бездушни господари ни се смеат
„На сета наша мака. Мораме да го вртиме колцето за вода,
„Да носиме тежок кош на изгорените рамења, да сееме
„Песок и пепел и да ја мешаме глината со солзи и каење.
„Добата се свртеа против нас; се бевме предале
„На презир, а сега нè презираат робовите на душманите наши.
„Убоста ни е прекриена со глина и пепел, грбовите
„Ни се избраздени од камшици, а плотта ни е изгребана од тешки кошници.
„Прости ни, О ти сожалив кого го навредивме! прости й
„На слабата преостаната сенка на Вала која ти се враќа во несреќа на тебе.
Така таа тажеше ден и ноќ, присилена да работи и тажи.
Лува залудно ги слушаше нејзините тажаленки: напразно неговата љубов й
Го донесе во различни облици пред неа, таа сепак не го позна,
Сеуште го презираше, повикувајќи го по име а незнаејќи го,
Сеуште мразеше, сеуште говореше за љубов, сеуште работеше во димот.
А Лос и Енитармон уживаа; испија десеткратна радост
Од сета жалост на Лува и од трудот на Уризен.
А Енитармон уживаше, Скришно мислејќи да го раскине тајниот облак,
Да посади делби во душите на Уризен и Аханија.
Но бескрајно убава чудесната градба се крена
Во мака и грижа, Златен Свет со тремови околу небесата
И Сали и Простории со столбови ги примија вечните патнички ѕвезди.
Чудесна златната Градба. Мноштво Прозори, мноштво врати.
И мноштво делби пуштени внатре и надвор во бескрајното незнаено.
(Кружеа) во (бескрајна топка) неподвижна, под чии ѕидови и поткровја
Небесата беа затворени, и таму дуси го жалеа своето затвореништво ноќ и ден,
А Божественото Видение се појави во одеждата на Лува од крв.
Така беше Земната школка сотворена со силната Моќ на Уризен.
Во жалост појдоа Сеачите да сеат, Жетварите да жнеат;
Ископаа канали за реките и ги излеаа
Морињата и езерата; ги подигнаа горите и карпите и ридовите
На широки павилјони, на покриви застолбени и тремови и високи кули,
Во прекрасна низа; отаде се кренаа меки облаци и издишки
Што истекоа дури до сончевите Сали од светлост и жештина,
Бидејќи многу од нив, украсени со слатки украси,
Гледаа на Светот на Тармас, каде во непрестани налети
Далгите негови се валаа, каде чудовишта лунѕаа по пенестите патеки.
На облаци, Синовите на Уризен ги здогледаа Небесата опкружени со ѕидови;
Тие сè мереа и наредуваа, а Уризен задоволен го виде
Чудесното дело како истекува ко видливото од невидливото;
Оти Божјето Јагне, Единиот Исус кој е Божественото Видение,
Дозволи сè, само Човекот да не падне во Вечна Смрт;
Оти кога Лува потона, самиот тој се одена во одежда од крв
За да не исчезне состојбата наречена Лува; и Вечното Видение
Чекореше во одеждата од крв сè додека заспаниот не се разбуди.
Така беа ѕвездите небесни сотворени ко златен ланец
Да го врзат Телото Човечје за небесата, за да не падне во Провалијата.
Секоја си ја зазеде положбата и својот пат го започна во жалост и грижа.
Во седмици и десетки и педесетки, стотици, илјади, изброени сите
Во склад со своите различни моќи, потчинети на Уризен
И на неговите синови во нивните мери и на неговите убавици ќерки,
Кои патуваа во бесшумна величественост по подредени патишта
По правилно исцртани патеки, премерени согласно по број, тежина
И мерка, математичко движење чудесно крај длабочината,
Во огнена Пирамида, или Коцка, или неукрасен столб прав
Од оган, далеку светлат, патуваат постојано дури до судениот си крај;
Потоа паѓаат низ страшен простор, повраќајќи си ја во лута зима
Потрошената сила, назад се враќаат по долниот пат,
Кога запалени со пламеност свежа насобрана во скромната своја доба,
Се издигнуваат во висините цело лето, додека снеможениот пат
Не премине во есен. Таков е циклусот на многу светови.
Други, триаголни, правоаголен пат одржуваат. Некои тапи,
Остри, Разнострани, по прости патеки; но некои се движат
По замрсени патишта, двоквадратни, Трапези, Ромбови, Ромбоиди,
Паралелограми тројни и четворни, повеќеаголни,
По своите зачудни, тешко совладливи патеки низ неизмерната длабочина.
А желба ги привлече долу Лоса и Енитармон,
Меко се спуштија врз ветриштата среде благите харфи и гласови
Да засадат делби во Душите на Уризен и Аханија,
Да го пренесат Гласот на Енион до полноќната перница на Аханија.
Уризен виде и позавиде, и вообразбата му се наполни.
Тешко тој се задума над минатото во својата блескава сфера,
Преплашен во срцето и духот пред виденијата на иднината
Кои пустата вообразба ги прикажуваше пред него во необликуваната празнина.
Бидејќи Лос и Енитармон врвеа по росната Земја
Си ги стеснувааа или ширеа прилагодливите сетила
По волја да мрморат во цвеќата дребни ко пчелин мед,
По волја да се подаваат преку небесата и да чекорат од ѕвезда до ѕвезда,
Или да стојат простум врз Земјата, или на бурните далги
Ги тераат луњите пред себе, или уживаат во сончевите зраци,
Додека околу нивните глави Боговите на Стихиите хармонијата ја чуваат.
А Лос рече: „Погледни, Кринот блед и розата што се румени силно
„Те прекоруваат и зрачните градини се разболуваат пред твојата убавина;
„Залудно ти посегам по одората со снажна рака, ко водните извори
„Во блескавите песочишта на Лос што ја избегнуваат мојата прегратка. Погледни, тие викаат,
„Кутриот напуштен Лос, му се потсмеваат црвот, полжавот во школка,
„Мравката и бубалката, чуј! тие му се смеат, му се потсмеваат на Лоса.”
Енитармон одговори: „Воздржи ги сега ударите на својата Моќ, демоне на гневот,
„Ако Богот ме грабна во себе
„И во облаци од слатка темност ми го раствори убавиот лик,
„Завивај ти над телото на смртта; твое е. Но ако меѓу девиците
„На летото те видов како спиеш и го вртиш образот воодушевен
„Кон розата или кринот блед, или на брегот каде спијат
„Зрачните ќерки на светлоста, вознемирени се креваат, ти бегаат
„Од алчната љубов, оти иако сум растворена во блескавиот Бог,
„Духот мој сеуште ти ја прогонува лажната љубов преку карпи и долини.”
Лос одговори: „Затоа исчезнувам јас, така растопен во разгорен занес.
„Ти можеш да отпочиваш врз облаци од тајна, додека преку моето тело
„Свежа роса и бела слана ползат, иако лежам на бреговите на летото
„Меѓу убавиците на Светот. Студен и смуртен Лос
„Сеуште умира по Енитармон, ниту дух да му извира од мртвиот труп;
„Тогаш јас сум мртов, додека ти не ме оживееш со слатка песна.
„Де преземајќи го ликот на Аханија, де ликот на Енион,
„Не те знам ко еднаш што те знаев во оние блажени полја
„Кај споменот желнее да отпочине крај стадата на Тармас.”
Енитармон одговори, „Зошто ги обви рацете околу
„Сликата на Аханија? Те измамив и пак ќе те мамам.
„Уризен го виде твојот грев и ги скри зраците во облаци темни.
„Јас сеуште бдеам, иако треперам и венеам на небесата
„Во снажни грчеви на лута љубомора; бидејќи ти си мој,
„Сотворен за моја волја, мој роб, иако силен, иако сум слаба.
„Збогум, Богот ме повикува. Заминувам во блажеста слатка.”
Побегна таа, исчезна на ветрот и остави мртов студен труп
„Во рацете на Лос; лелек се крена над телото на смртта.
Лос проговори, „Богот твој попусто те вика, ако со мојата снажна моќ
„Можам да влеам драга освета во блескавиве гради.
„Тогаш љубомора ќе ги засени сите негови планини и Аханија
„Ќе те проколне, ти чумо на жалобниот Лос, и ќе бара одмазда врз тебе.”
Така велејќи, со длабоки офкања тој венееше сè додека и самиот мртов не падна.
Ноќта мина и Енитармон, секогаш зора, се врати во блажест.
Запеа Над Лоса враќајќи го во Живот; јачењата му беа страшни;
Но вака таа пееше:
„Ја земам харфата на сферите. Ударам по жиците.
„На првиот Звук Златното сонце изронува од длабочината
„И си ја протресува страшната коса,
„Одекот ја буди Месечината да й ги расплете плетенките сребрени,
„Златно сонце ми ја понесува песната
„И девет блескави сфери на согласје се искреваат околу огнениот крал.
„Радоста на жената е смртта на нејзиниот најсилно љубен
„Кој умира од љубов по неа
„Во маки на лута љубомора и бодежен восхит.
„Ноќта на Љубовниците ми ја понесува песната
„И деветте сфери се радуваат под моќната ми власт.
„Пееја тие непрестано по нотите на бесмртната ми рака.
„Свечената Месечина тивка
„Ми одѕвонува со живо созвучје преку телото,
„Птиците и ѕверките се веселат и играат
„И секој си бара друшка за себе за да ја искаже својата најдлабока радост.
„Бесни и страшни тие си играат и ги кинат долните пропасти;
„Провалијата ја подигнува кршевитата глава
„И изгубена во бескрајно распавтани крилја, исчезнува со вик.
„Гласот кој избледува постојано умира,
„Живиот глас постојано живее во својата најдлабока радост.
„Разбудете се, вие блескави крилца малечкави, и пејте детска радост!
„Разбудете се и испијте си ја блажината!
„Бидејќи сè што живее е свето; бидејќи изворот на животот
„Се симнува во расплаканото бебе;
„Бидејќи Земниот црв ја обновува влагата на песочната полјана.
„Сега левава рака ја подавам кон долната земја,
„И ударам по страшната жица.
„Будам слатки радости во скривалиштата на жалобата и засадувам насмев
„Во кориите на несреќата
„И ги будам пенливите извори на животот во синорите на мрачната смрт.
„О, изнемоштена сум! положи ја раката врз мене или ќе ја загубам свеста,
“Ќе снеможам под овие зраци твои,
„Бидејќи ти ми ги допра петте сетила и тие ти одговорија.
„Сега јас сум ништо и тонам,
„И на постела од штама спијам сè додека не ме разбудиш.”
Така пееше Убавицата во Воодушевен примамлив занес.
Лос чу, оживувајќи ја прегрна со рацете; лажни надежи
Распирани, го одведе таа во сенките и оттаму побегна подадена
Преку широт налик блескаво виножито, липаше и се насмевнуваше и исчезнуваше.
Така живееше Лос, гонејќи ја Енион далеку во бескрајот полн смрт,
За да може исто да ја гони и Аханија во нејзиниот Вир.
О, среќна слепост! Енион не ги гледа ужасите на несигурноста,
И така тажи од мрачната длабочина; златните небеса треперат:
„Морам да сеам трње наместо жито, коприва за закрепа слатка.
„Посадив лажна заклетва во земјата; изникна од неа отровно дрво.
„Ја одбрав ламјата за советник, и песот
„За учител на моите деца.
„Им го замрачив светилото и животот на ластовицата и на славејот,
„И сторив земниот црв да пита од врата на врата.
„Го подучив крадецот на тајниот влез во куќата на праведникот.
„Го подучив на бедна итроштина да ги пружи мрежите преку утрото.
„Небесата мои се бакар, земјата железо, месечината грутка глина,
„Сонцето мое чума што гори напладне и испарувања на смртта ноќе.
„Колку чини Искуството? Дал’ луѓето го купуваат за песна?
„Или мудрост купуваат за уличен танц? Не, тоа се купува по цена
„На сè што човек има, куќата своја, жената, челадта свои.
„Мудроста се продава на пуст пазар каде никој не доаѓа да купи
„И на исушено поле каде земјоделецот взалудно ора за леб.
„Лесно е да се слави под летното сонце
„И при гроздобер и да се пее на кола товарена со жито.
„Лесно е да му се говори за трпеливост на унесреќениот,
„Да му се кажуваат законите на Штедливоста на бездомниот скитник,
„Да се слуша гладниот гарванов крик во зимно доба,
„Кога румената крв е полна вино и јагнешка срж.
„Лесно е да им се смее на бесните бури,
„Да се слуша песот како вие на зимска врата, волот во кланица како мука;
„Да се гледа божество во секој ветар и благослов во секој удар;
„Да се чујат звуци на љубов во разгрмената бура што ги уништува домовите на душманите наши;
„Да й се радува на наездата што му ги прекрива нивите и на болеста што му ги коси децата,
„Додека нашата маслина и лоза пеат и се смеат над вратата, а децата наши носат овошки и цвеќе.
„Тогаш воздишките и жалоста сосем се забораваат, и робот кој меле во воденица
„И заробеникот во окови и сиромавиот во зандана и војникот на полето,
„Кого здробена коска го легнала во маки крај посреќните мртовци.
„Лесно е да се весели под шаторите на изобилието:
„Така можев да пеам и така да се веселам: но не е така со мене.”
Аханија ја дочу жалопојката и итар Трепет
й мина низ Златната Става. Се крена таа, постојана зора на денот,
Кога Уризен беше заспан на диванот: минува низ бескрајниот простор,
До ивицата на Ништавилото блескавата Жена дојде.
Таму го здогледа Сенишниот облик на Енион во Празнината
И оттогаш повеќе не можеше да отпочива на перница.
Крај на Втората ноќ
„Ако ги изгониш сите Мажи (избр.) Жени од Лос (избр.) Лува, јас ќе ги изгонам сите
„Одбивајќи да го гледа Божествениот кого сите го гледаат
„И според него живеат, тој потона во смртоносен сон.
„Но ние, бесмртни во сопствената сила, преживуваме во расправа строга
„Додека не го одведеме Јагнето Божје во смртен лик.
„А дека мора да се роди сигурно е, оти Еден мора Сите да биде
„И да ги разбере во себе сите нешта ем дребни ем велики,
„Оттаму, ние, поради кои сите нешта тежнеат да бидат и да живеат,
„Ќе го примиме така Божествениот Образ, за помеѓу Расипаните
„Не го гледам Лува ко во старите времиња, ги гледам единствено неговите стопала
|