Ч Е Т И Р И Т Е З О И
Маките на љубовта и љубомората
на
смртта и судењето
на
древниот човек Албион
Одмор пред труд
Оти не се бориме ние со крв и со плот,
туку со власти, со моќи, со слепиот свет -
владетелите на овој живот, со духот на злото во нештата небесни.
Ефес., Гл. 6, 12.
В А Л А
Ноќ прва
Песната на Остарената Мајка со гнев ги потресе небесата
Кои маршот го слушаат на силните јуначки Стихови долго што ечат
Подредени во строј за денот на Умствениот Бој.
Небесата се тресат, земјата се стресе, планините,
Со сите свои шуми, потоци и долини, јачат во чемерен страв.
Четворица Моќници се во секој Човек; Совршено Единство
Не може да Постои освен во Севкупното Братство на Едем,
Вселенскиот Човек, кому Слава би Засекогаш. Амин.
Какви се Природите на оние Живи Суштества Небесниот Отец единствено
Знае. Никој Сам не знае, ниту може да знае во сета Вечност.
Лос беше четвртиот бесмртник ѕвезден и во Земјата
На една сјајна Вселена, Царството го служеше ден и ноќ,
Денови и ноќи на менлива радост. Уртона му беше името
Во Едем; во Ушните Нерви на Човечкиот Живот,
Што е Земјата на Едем, тој своите Еманации ги народи,
Самовилите на Албион, подоцна Божества Пагански. Ќерко на Бјула, Опеј го
Неговиот пад во Делба и неговото Воскресение во Единство:
Неговиот пад во Раѓање на Распад и Смрт, и неговата
Преродба низ Воскресение од мртвите.
Започни со Тармаса, Родителската сила што темнее на Запад.
“Загубени! Загубени! Загубени! се моите Еманации! Енион! О Енион!
„Жртви сме им станале на Живите. Се криеме во Тајност.
„Ја сокрив Ерусалим во безгласно Покајание, О Сожали Ме.
„Ќе ти изградам Лавиринт и на тебе: О сожали ме. О Енион,
„Зошто ми ја одзеде слатката Ерусалим од најдлабоката ми Душа?
„Нека Лежи тајно во благ одпочив од темнина и штама.
„Не е тоа Љубов што й носам на Енитармон. Сожаление е тоа.
„Се беше засолнила во моите гради и не можам да ја отфрлам,
„Луѓето се здобија со смртни рани и нивните Еманации побегнаа
„При мене по засолниште и не можам да ги одбијам од Жал.”
Енион рече: „Твојот страв ме потресе, твоите ужаси ме опколија.
„Сета Љубов е загубена: Гроза надвладува и Омраза наместо Љубов,
„И строги заповеди на Право и Должност наместо Слобода.
„Еднаш ти беше за Мене најубавиот син на небото - Но сега
„Зошто си Грозоморен? а сепак те љубам во твојот ужас сè додека
„ Скоро не се Уништам и набрзо ќе станам Сенка во Заборавот,
„Освен некој начин да се најде да можам да те гледам и да живеам.
„Скриј некаква сенчеста сличност, тајно шепотење во Увово,
„Во Тајна од Меки Крилја, во сплетови од убавина што плени.
„Погледнав во тајната душа на онега кого го љубев,
„И во Темните места најдов Грев и не можам да се вратам.”
Растреперен и блед седеше Тармас во липтеж на облаците.
„Зошто да ги Пребираш сите влакненца на душава,
„Простирајќи ги на Сонце ко стебленца лен да се сушат?
„Детската Радост е прекрасна, но нејзината анатомија
„Ужасна, Гнасна и Смртоносна; ништо не ќе најдеш во неа
„Освен Смрт, Очај и Бесконечна замислена Хмурност.
„Ќе слудиш од гроза ако така ми го Испитуваш
„Секој миг од тајните часови. Да, јас знам
„Дека грешев и дека Еманациите ми станале блудници.
„Веќе ме вознемируваат нивните дела и доколку гледам по нив
„Уште, Очајот ќе й донесе самоубиство на душава.
„О Енион, самата ти си корен кој расте во пеколот,
„Иако така небесно убава што ме наведуваш на Уништување,
„Понекогаш си мислам дека си цвет во пупење,
„Понекогаш мислам дека си плод што се откинува од гранче
„Во стравотна жалост и болка; а јас сум налик честичка,
„Едно Ништо, напуштено во мракот; сепак сум личност:
„Посакувам и чувствувам и јачам и олцкам. О, ужас! ужас!”
Во Едем Жените ја преспиваат зимата во меки свилени велови
Исткаени со сопствени раце, за да се скријат во темен гроб;
Но Мажите бесмртни живеат обновени од женската смрт; во блага радост
Умираат и оживуваат на пролет со музика и песни.
Енион рече: „Збогум, Јас умирам. Ти се скривам од очите што ме бараат.”
Така велејќи, Од градите си ткаеше меки, од жилави влакна
Табернакул за Ерусалим, седна меѓу Карпите
Пеејќи тажаленка. Тармас заечи на Облаците
Во липтежи; потоа се надви од Облаците, ја сведна невината глава
И подавајќи ја светата рака во бескрајната длабочина возвишена,
Го заврте Тркалото на Судбината со солзи и горки воздишки
И рече: „Врати се, о Патничке, кога денот на Облаците ќе заврши.”
Така велејќи потона тој во морето, блед и бел труп.
Во маки потона и потече низ копренестото Ткаење,
Духот му извира од стопалата во огнени пламења.
Во болка што тишти извлечена од љубените прсти, секој нерв
Го преброја таа, секоја вена и млечна жила, ги впреде во
Своето Страшно Ткаење. Преплашена и пиејќи солзи од тага,
Во трепети таа предеше девет дена и ноќи, бессона; храна й беа солзите.
Во чудо таа виде како й оживува ткаенината, но не
Ко Одежда исткаена, послушна под рацете, но со волја
Сопствена, искривоколчена и своеглава. Енион љубеше и липаше.
Девет дена се трудеше во работа и девет мрачни бессони ноќи;
Но со десеттата трепетна мугра, Кругот на Судбината Завршен,
Се разбрануваа наоколу морињата и се Затворија во водена Топка само-врамнотежена.
Набрчкан Континент се појави каде Енион во Пустината,
Преплашена од сопствената Творба, гледаше во исткаената Сенка,
Седеше во ужасна вџашеност од Покајание и Покора.
Постои од Великата Вечност благ и пријатен отпочив
Наречен Бјула, мек Месечев Свет, женствен, красен,
Чист, благ и Нежен, даден во Милост на оние кои спијат,
Вечно го создава Јагнето Божје, наоколу,
На сите страни, Во и вон Вселенскиот Човек.
Ќерките на Бјула ги следат заспаните во сите нивни Сни,
Создаваат Простори, за да не паднат овие во Вечна Смрт.
Кога заврши Кругот на Судбината, му дадоа Простор
И го именуваа Просторот Улро и се веднеа над него во грижа и љубов.
Рекоа тие: „Духот во секој човек е полуден и сосем
„Искривоколчен. Низ трите небеса се спушта во бес и во пламен,
„Го пресретнуваме со песни и љубезни уверувања и му даваме
„Растителен облик. Но овој Дух на Тармас
„Е Вечна Смрт. Што да правиме? О Боже, сожали се и помогни ни!”
Така говореа тие и ја затворија Портата на Јазикот во растреперен страв.
Го извлече таа Сеништето од Тармаса во блескавиот разбој
На Растителноста, тоа липаше во своеглаво детство и зловолна младост.
Слушајки й ја тажачката мека, наскоро неговиот јазик почна
Да шушка зборови брзо, раснејќи во мажествена сила, тој ја
Исправи златната става и застана врз светкавата карпа
Призрачен човечки облик крилест, а во неговите длабини
Заслепувачки сјај ко од бесценети камења светеше јасен; разорен во бесот,
Уживаше во славата на сопствените очи, Воскренат во Гордост страшна,
Му се смеша болскотот со нејзиното нежно тело, потем високо се устреми таа
Над океанот; светло чудо, Природата,
Половина Жена а Половина Дух; сите негови лични менливи бои се претопуваат
Со нејзината убава кристална јасност; во нејзините усни и образи отровите негови се кренаа
Во руменило ко од зора, а крлушестиот оклоп му смекна,
Чудовиште красно, на небата или по земјата лунѕаше,
Со сенишен глас непрестан јачеше, во непрестана жед,
Убост сет, пламтеше од жедба, потсмевајќи й се на очајот што го сеќаваше.
Сè додека во силни болки не ја изнедри таа на карпите својата жалба и тага:
Погледни, две малечкави Деца плачеа на пустошниот ветар.
Првата доба со плач ја започнаа, беспомошни ко далга
Разбивана во текот на својот безвиден пат што расне огромна во движењето до
Својата цел, сè додека силата на Енион, налик најбогат летен сјај,
Не ги издигна, силнотомомче и девојче со слави од главите што им исјајуваа,
Црпеа сожалување од наднесената мајка, тага од наднесената мајка.
Се муртат на нејзините гради, косата й стана ко планински снег:
Сè послаба и послаба, плаче жално, поснеможена и поснеможена,
Избледе, а сјајните Очи й пропаднаа, се стопија од сожалување и љубов.
А потоа тие одлунѕаа далеку, ги бараше таа взалудно:
Во слепило и плач препнувајќи се, ги следеше преку карпи и гори,
Тиштењата на мајчинска љубов ја очовечуваа пак по Сеништето.
Неблагодарни тие талкаа во презир, й го црпеасенишниот Живот,
Ја оттурнуваа со стравотна одбивна сила,
Во Небидување, рееја околу неа во мрачен очај
И го вовлекуваа Животот во гордост и надмена радост.
Така Енион им го даде сет свој Призрачен живот.
Потем Ено, ќерка на Бјула, зеде еден Миг од Времето
И го развлече до седум илјади години со многу грижа и мака
И многу солзи, а во секоја година направи прозор кон Едем,
Исто зеде по една честичка простор и й го отвори средиштето
Кон Бескрајот и го украси со чудесна умешност.
Вчудоневидени й седеа сестрите, од Бјула што й ги гледаат нежните чувства
Кон Енион и нејзиниот пород, и премислуваа за овие работи во чудо,
И на Смена чуваа стража над Младешките Ужаси.
Сеуште не ја гледаа Раката Божествена што уште се не беше открила,
Туку продолжија во тивка Надеж и Женски одмор.
Но Лос и Енитармон уживаа во Месечевите простори на Ено,
Деветпати живееја среде шумите, хранејќи се со слатки овошки,
И девет светли Простора преодеа, ткаејќи сплетови од задоволства,
Ги ловат дивите Кози за млеко, го јадат месото на Јагнињата:
Маж и жена, голи и румени налик гордоста на летото.
Променлива Љубов и Омраза неговите гради: нејзините Прекор и Љубомора
Во зачетни страсти; не се бакнуваа ниту прегрнуваа од срам и страв.
Главата му зрачеше светлост, а снажниот глас му беше пророштво.
Тој можеше да ги управува добата и времињата и деновите и годините;
Таа можеше да ги управува просторите, синорите, пустината, поплавата и шумата,
Но моќ немаше да си исткае Вел покривен за гревовите.
Ги оттргна таа сите Жени од Лоса,
А Лос ги оттргна сите Мажи од неа.
Долго лунѕаа, додека не заседнаа крај Крајното море,
Разговараа со виденијата на Бјула во дремлива блажест темна.
Потем оние во Великата Вечност се собраа во Божјиот Совет
Ко еден Човек, бидејќи ако си ги Стеснат Возвишените Чула,
Гледаат Мноштво, или ако ги рашират, го гледаат ко еден,
Ко Еден Човек сето Вселенско семејство; а тој Еден Човек
Тие го Именуваат Исус Христос, тие во него и тој во нив -
Живеат во Совршен склад, во Едем, земјата на животот,
Советувајќи се ко Еден Човек над Снежната Гора Возвишена.
Бидејќи гласници од Бјула пристигаат во солзи и мрачни облаци
И велат, „Шилох е срушен, братот ни поболе: Албион, Оној
„Кого го љубиш, е болен; замина од домот свој во Вечноста.
„Ќерките на Бјула, преплашени, ја затворија Портата на Јазикот.
„Лува и Уризен се надметнуваат во војна околу светиот шатор.”
Така проговорија Пратениците од Бјула и со сериозна жалба
Му беа претставени на божественото присуство, и клекнаа на колена
Во Долината Конвеј, прераскажувајќи ги вака Војните на Смртта Вечна:
„Вечниот Човек липаше во светиот шатор: Брат наш во Вечноста,
„Дури и Албион кого го возљубуваш, липаше во болка; племето
„ Му спиеше по ридиштата и во долините наоколу, во синорите на неговата љубов.
„Но Уризен се разбуди и Лува се разбуди, и вака се посоветуваа:
„‘Ти Лува,’ рече Принцот на Светлината, ‘погледни ги нашиве синови и ќерки
„‘Легнати на постели; остави ги нека спијат; ти самиот замини
„‘Во Кралството по кое желнееш, каде во Величественост и Моќ
„‘Ќе можеме да издигнеме престол; длабоко на Северот ја поставувам мојата власт,
„Ти на Југот; слушај внимателно. Во тишината на ноќва
„‘Ќе го обвијам Вечниот шатор со непроѕирни облаци, додека
„‘ Ти фати ги кочиите на утрото, Оди, одезди итајќи
„‘Далеку во Зенитот висок, свиј го забревтаниот пат
„‘Кон Југ, со половина шатори на луѓето обвиени во облаците
„‘На Тармас и Уртона. Јас ќе останам на тремовите на мозокот,
„‘Ќе го положам жезлото на Ерусалим, Еманацијата,
„‘На сите нејни синови и на твоите синови, О Лува, и на моите
„‘Додека зората не посака да ги разбуди; тогаш трубата моја ќе одекне гласно
„‘Зграпчена во ноќта; мојата лута наредба ќе ја послушаат,
„‘Бидејќи ги поставив моите стотини на места; секој десетти човек
„‘Е купен и продаден, и во магливата ноќ словото мое ќе им биде закон.’
„Лува одврати: ‘Наредувај им на себе Рамните; не ли сум Јас
„‘Принцот на сите Човекови мноштва, не ли еднакво знаен на Небесата?
„‘Ако се подигнам во Зенитот оставајќи те тебе да ги гледаш
„‘Еманацијата и синовите нејзини, Сотоната и Анакот,
„‘Сихон и Ог, нема ли, бунтовник против моите закони, да останеш
„‘Во мрак градејќи го својот престол силен и во мојата древна ноќ,
„‘Предизвикувајќи ми ја власта, да ги наоружаш синовите мои против мене во Атлантикот,
„‘Мојата длабочина, Мојата ноќ, која ти, преземајќи ја, ќе ми ја преземеш со Круната?
„‘Ќе останам ко и ти, и овде со крвави раце
„’Ќе го кутнам темниов спијач во неговиот шатор, потем ќе си ги испробам силите со тебе.’
“Додека вака говореше, огните му распламтеа над светиот шатор.
“Уризен фрли длабок мрак околу себе, тивка смрт што демне,
“Вечна смрт за Лува; гневен, Лува ги истури
„Копјата на Уризена од кочиите околу светиот шатор.
„Немир започна, и повици и крици го стресоа широкиот свод.
„Крај својата наковална стоеше Уртона темен; железна маса
„Сјаеше жарна на наковалната, подготвена за лопати и рала. Сите
„Негови синови побегнаа од него да му се придружат на бојот; блед го дочу
„Вечниот глас; застана, потта му се олади на моќното тело.
„Го фрли чеканот: одделувајќи се од моќните гради му побегна
„Дел од животот; со писок на ветрот таа побегна,
„И Тармас ја зеде од сожаление. Тогаш Енион во љубоморен страв
„Ја погуби и ја скри во градите, ја балсамира од страв
„Дека еднаш во живот ќе се врати. Балсамирана во градите на Енион
„Енитармон останува труп; такво нешто никогаш не било знаено
„Во Едем, некој да умре со смрт од која никогаш да не биде оживеан.
„Уртона стоеше уплашен, но не за долго; духот му побегна
„Кон Енион, а телото му падна. Тармас го виде неговиот пад
„Кон крајот, разбеснета ламја што се вие околу светиот шатор.
„Синовите на војната, вчудоневидени од Светкавото чудовиште, го истераа
„Далеку во светот на Тармас, во пештерски камен.
„Но Уризен, со мрак прекривајќи ги сите армии,
„Ги прати своите телали, тајно заповедајќи им да заминат
„На север. Одеднаш со громовен глас неговите мноштва
„Се повлекуваат од лутиот судир, сите синови Уризенови веднаш
„Се собираат во густи облаци, оставајќи го бесот на Лува
„Да си ја истура срдта врз себе и врз Вечниот Човек.
„Наеднаш долу паднаа сите заедно во незнаен Простор,
„Длабок, ужасен, без Крај, одделен од Бјула, далеку удолу.
„Човековите надворешни делови станаа неограничени, отворени за бол
„Во бесна гладна празнина, и никој не може да ги посети неговите синори.
„Ерусалим, неговата Еманација, е разурната,
„Малечките й ги колат на секоја улица,
„А самата таа одведена е робје и расеана по бескрајот.
„Опашај го мечот, О ти најмоќен во слава и величественост!
„Уништи ги крвниците на Ерусалим и оние кои го рушат Шилох.”
Така говореа гласниците од Бјула. Тивко отстапувајќи,
Семејството Божествено го повлече Вселенскиот шатор
Над Високата Снежнина и ги затвори Гласниците во облаци
До времето на Крајот. Тогаш тие Избраа Седуммина, ги именуваа Седум
Очи Божји и Седум светилки на Семоќниот.
Седуммината се едно еден во друг; Седмиот се именува Исус,
Јагне Божје, благословен засекогаш, и тој го следеше Човекот
Кој талкаше по гората Ефраим барајќи ја Гробницата,
Внатрешните очи му се одвратени од Божественото Видение, а сите
Негови чеда талкаат надвор, од градите му се оттргнуваат.
Крај на Ноќта прва (втор нацрт)
Ќерките на Бјула ја здогледаа Еманацијата; се сожалија,
Заплакаа пред внатрешните порти на градите на Енитармон,
И на нејзиниот вешто сотворен мозок, и на внатрешноста во слабините.
Три порти навнатре, Величествени и светли, се отвораат кон Бјула
Од внатрешните делови на Енитармон; но светлиот женски страв
Одби да ги отвори блескавите порти; ги затвори таа и ги забрави итро
За Лос да не би влегол во Бјула низ нејзините убави порти.
Еманацијата стоеше пред Портите на Енитармон
Во плач; Ќерките на Бјула тивки на Тремовите
Послаа диван незнаен за Енитармон; овде почиваше
Ерусалим во дремеж мек и лулана во отпочив тивок.
Стравотни беснееја Вечните тркала на умот, стравотни беснееја
Живите суштества на тркалата, во Војните на Вечниот живот.
Но обратно се тркалаа тркалата на Уризен и на Лува, наназад се враќаа
Удолу и нанадвор, горејќи во војните на Вечната Смрт.
|