The Home Page of Ana Pejcinova

П р е в о д
 
 
 

Морис Бланшо: Просторот на книжевноста (Maurice Blanchot: The Space of Literature/L'espace literaire) - книжевна студија (превод од англиски).

 

ВОН, НОЌТА

 

            Делото го привлекува оној кој му се посветува кон точка каде што тоа поминува низ неможност. Ова искуство е чисто ноќно, тоа е самото искуство на ноќта.

            Во ноќта с# исчезнува. Ова е првата ноќ. Овде отсуството приоѓа - тишина, одмор, ноќ. Овде смртта ја прекрива сликата на Александар; овде спијачот не знае дека спие и оној кој умира поаѓа да ја пресретне вистинската смрт. Овде јазикот се довршува и исполнува во тивката длабочина која гарантира за него како за нејзино значење.

            Но откако с# ќе исчезне во ноќта, „с# исчезна” се појавува. Ова е другата ноќ. Ноќта е оваа приказа: „с# исчезна.” Тоа е она што го насетуваме кога соништата го заменуваат спиењето, кога мртвите преоѓаат во длабочината на ноќта, кога длабочината на ноќта се пројавува низ оние кои исчезнале. Приказите, сеништата и сништата се алузија на оваа празна ноќ. Тоа е ноќта на Јанг [Young], каде што мракот не изгледа доволно мрачен и смртта некогаш недоволно мртва. Она што се појавува во ноќта е ноќта која се појавува. И оваа злонамера не доаѓа едноставно од нешто невидливо кое би се покажало од под прекривката на мракот и на соборите на сенките. Овде невидливото е она кое повеќе не може да престане да видува; непрестаното е она што се прикажува. „Сеништетое потребно за да ја скрие, да ја смири сенишната ноќ. Оние кои мислат дека гледаат духови се оние кои не сакаат да ја видат ноќта. Тие ја преплавуваат со ужасот на малите слики, ја населуваат и ја пореметуваат имобилизирајќи ја - прекинувајќи ја осцилацијата на вечното започнување-одново. Празна е, не е; но ние ја облекуваме ноќта како некој вид на битие; ја затвораме, доколку е можно, во име, приказна и сличност; велиме, како Рилке на Дунав, „Таа е Рејмондина и Поликсена.”

Првата ноќ е гостопримлива. Новалис & посветува химни. За неа човек може да рече, Во ноќта, како да е интимен со неа. Влегуваме во ноќта и се одмораме таму, спиејќи и умирајќи.

            Но другата ноќ, која не посакува добредојде, не се отвора. Во неа човек е постојано надвор. Ниту таа се затвора; не е великиот Замок, блиску но непристапен, непродорен бидејќи вратата е под стража. Ноќта е непристапна, бидејќи да се има пристап до неа е да се припои кон надворешноста, да се остане вон ноќта и да се изгуби засекогаш можноста да се изрони од неа.

            Оваа ноќ никогаш не е чиста ноќ. Суштински е нечиста. Таа не е прекрасниот дијамант, празнотијата која Маларме ја соочува, поетско небо над небото. Таа не е вистинска ноќ, таа е ноќ без вистина, која не лаже, меѓутоа - која не е лажна. Не е поради нашата збунетост што сетилата н# мамат. Таа не е мистерија, но не може да се демистифицира.

            Во ноќта човекот може да умре; досегнуваме заборав. Но оваа друга ноќ е смртта која никој не ја умира, заборавноста која се заборава. Во срцето на заборавот таа е сеќавање без мир.

 

            Да се легне врз Никита

 

            Во ноќта, да се умре, како да се спие, е уште еден од моментите на присуство на светот, уште нешто од резервите на денот. Тоа е последниот потег достоен за почит кој довршува, момент на кулминација, совршенство. Секој човек трага по смрт во светот, сака да умре од светот и поради него. Во овој поглед, умирањето значи поаѓање да се пресретне слободата која ме ослободува од бидување, таа решавачка разделба која ми дозволува да побегнам од бидувањето со спротивставување на делувањето, трудот и борба против него - и така ми дозволува да се придвижам над себе кон светот на другите. Јас сум, единствено бидејќи сум направил од ништавилото моја моќ: единствено бидејќи сум способен да не бидам. Умирањето тогаш ја означува одредната граница на оваа моќ; тоа е зафатот на ова ништавило и со вакво сфаќање, потврда дека другите ми приоѓаат низ смртта. Исто така, тоа е потврда дека слободата води кон смрт, ме одржува дури и во смртта, прави од смртта моја слободно избрана смрт. Како да сум се смешал на крајот со последниот крај на светот. Да се умре така е да се прегрне целината на времето и да се направи целост од времето. Тоа е временска екстаза. Човек никогаш не умира сега, секогаш подоцна, во иднина - во една иднина која никогаш не е појавност, која не може да дојде освен кога с# ќе се заврши и соедини. А кога с# се завршува, повеќе нема сегашност: иднината одново ќе биде минатост. Овој скок со кој минатото ја настигнува иднината пречекорувајќи ја сегашноста, е смислата на човековата смрт, смрт прободена со човештво.

Ова гледиште не е напросто едно од прелагите на надежта; се подразбира безусловно во нашиот живот и е, да се рече, вистината на нашата смрт, барем за оваа прва смрт која ја наоѓаме во ноќта. Сакаме да умреме од оваа негација која делува во продуктивни дела, која е тишината на нашите зборови и му дава смисла на насиот глас, која ја прави иднината од светот, кулминацијата на светот. Човек умира сам, можеби, но самоста на неговата смрт е сосем различна од самоста на човекот кој живее сам. На чуден начин, таа е пророчка. Таа е (на одреден начин) самоста на едно битие кое припаѓа, воопшто не на минатото, но потполно на иднината, кое престанува да биде за да стане единствено оној кој ќе биде, вон постоечките граници и можности. Тој умира сам, бидејќи не умира сега, каде што сме, но потполно во иднината и на крајниот дофат на иднината, ослободен не само од своето сегашно постоење туку и од својата сегашна смрт. Тој умира сам бидејќи умира како секој, ова исто така ипридодава на големата самост. Од ова исто гледаме зошто смртта изгледа ретко се досегнува. За оние кои остануваат и го окружуваат човекот кој умира, смртта доаѓа како смрт која сеуште треба да се умре. И останува со нив: Тие мораат да ја сочуваат и да ја продолат с# до мигот кога, времето бидувајќи на својот крај, сите радосно ќе умрат заедно. Во оваа смисла сите се во агонија до крајот на светот.

            Брехунов, богатиот трговец кој секогаш успевал во животот, не може да поверува дека човек како него ќе мора да умре одеднаш, напросто затоа што една вечер се губи во руските снегови. „Не е можно.” Го јавнува коњот, ја напушта санката и својот слуга Никита, кој е веќе три четврти замрзнат. Тој е решителен и предприемчив, смел, како секогаш: продолжува напред. Но веќе оваа активност не е повеќе активност. Тој чекори по случајот, и чекорите не го водат никаде. Тоа е меандра од лажно чекорење кое, како лавиринт, го вовлекува во простор каде што секој чекор напред е истовремено чекор назад. Или се врти во кругови, се покорува на фаталноста на кругот. Поаѓајќи по случајот, така и се враќаслучајно”, с# до санката, каде што скудно облечениот Никита, кој од своја страна не оди толку далеку само за да умре, тоне во мрзнечкиот студ на смртта. „Брехунов,” Толстој резимира, „застана за кратко во тишина; потем, одеднаш, со истата решителност со која порано плескаше со рацете кога ќе склопеше добра зделка, зачекори наназад и, засукувајќи ги ракавите, почна да го раскопува снегот околу Никита и санката.” Очигледно ништо не се менува: тој е сеуште активен трговец, решителен и предприемчив, кој секогаш наоѓа нешто да прави и секогаш успева во с#. „Ова е нашиот начин,” вели овој човек, самозадоволно. Да, тој е секогаш најдобриот и иприпаѓа на класата на најдобрите; жив е и здрав. Но во тој миг нешто се случува. Додека неговата рака минува преку замрзнатото тело, нешто се прекршува. Она што го прави му ги крши границите, не е веќе нешто што се случува сега и овде.

“На свое големо чудо, не можеше да каже ништо повеќе, бидејќи солзи му навреа на очи и долната вилица почна силно да му трепери. Престана да зборува и само ги проголтуваше грутките во грлото. „Изгледа мошне се исплашив и сосем премалев,” си помисли. Но оваа премаленост не беше само непријатна, туку му зададе необична радост каква што никогаш не беше сетил порано.Господар и човек”, во Смртта на Иван Илич и други приказни.

Подоцна е најден мртов, легнат врз Никита и цврсто прегнувајќи го.

            Во овој поглед да се умре е секогаш да се бара да се легне врз Никита, да се испружи човек врз цел свет од Никити, да се прегрнат сите луѓе и сето време. Она што ни е сеуште претставено овде како доблесна конверзација, отворање на душата и големо татковско чувство, не е ниедно од овие неѓта, меѓутоа, ниту за Толстој. Да се умре не е да се стане добар господар, ниту сопствениот слуга; не е морален напредок. Смртта на Брехунов не ни кажува ништодобро”, и неговото замрзнато тело, и неговиот гест - движењето кое го прави да легне одеднаш врз едно смрзнато тело - не кажува ништо, исто така. Едноставно е и природно; не е човечко но е неизбежно. Така е како што морало да се случи. Не можел да го избегне тоа повеќе отколку што можел да ја избегне смртта. Да се легне врз Никита: тоа е несфатливото и нужно движење кое смртта го исцедува од нас.

                Тоа е ноќно движење. Не иприпаѓа на групата навики, дури не е невообичаено делување. Ништо не се постигнува со него. Намерата која прва го придвижила да делува - да го затопли Никита, да се стопли себеси блиску до сонцето на Доброто - испарила. Гестот е без цел; нема стварност. „Тој легнува да умре.” Брехунов, решителниот, смелиот човек, дури и тој може да легне само да умре. Тоа е самата смрт која го превиткува ова робустно, стамено тело и го положува долу во белата ноќ. И оваа ноќ не го плаши; тој не ја одбива ниту се повлекува од неа. Напротив, тој радосно брза да ја пресретне. Но, како што легнува во ноќта, сеедно, тоа е Никита врз кого тој легнува, како оваа ноќ да е сеуште надежта и иднината на човечкиот облик, како да не би можеле да умреме без да ја довериме нашата смрт некому друг, на сите други, за да може да ги чека во нив, во мразните длабочини на иднината.

 

            Ноќта како замка

            Првата ноќ е уште едан од конструкциите на денот. Денот ја прави ноќта; ги гради своите цврсти упоришта во ноќта. Ноќта говори единствено за денот; таа е претчувство на денот, залиха на денот и негова длабинаЌ. С# завршува ноќе. Поради тоа постои денот. Денот е сврзан со ноќта бидејќи не би бил ден доколку не би започнувал и завршувал. По тоа правило денот исе случува: тој е почеток и крај. Денот се крева, денот е завршен. Тоа е она што го прави неуморен, продуктивен, и креативен; тоа е она што прави од денот непрестан труд на денот. Што повеќе се шири, со гордата цел да стане универзален, тоа повеќе ноќниот елемнт се заканува да се повлече во самата светлост: што поноќно е она што не просветлува, тоа е повеќе несигурноста и непрегледноста на ноќта.

            Ова е суштествен ризик. Тоа е еден од можните потези на денот. Ги има повеќе. Може, на пример, да ја поздрави ноќта како ивица на она што не може да биде надвладеана. Ноќта, тогаш, е прифатена и признаена, но единствено како граница и како неопходноста од граница: не смееме да преминеме зад неа. Така вели грчката умереност. Или, ноќта е она што денот конечно мора да го разложи: денот работи на својата империја; тој е своето сопствено освојување и разработка; наклонет е кон неограниченото, иако при исполнувањето на своите задачи тој напредува единствено чекор по чекор и ги набљудува границите и пречките. Така вели разумот, триумфот на просветителството кој едноставно го забранува мракот. Или пак, ноќта е она што денот не сака само да го разложи, туку и да го присвои, определи, одреди, поседне: ноќта е така суштественото, кое не смее да биде уништено туку зачувано, и добредојдено не како граница туку поради себе. Ноќта мора да премине во ден. Ноќта која станува ден, ја прави светлоста побогата и идава на јасноста вештачки сјај на длабоко внатрешно зрачење. Тогаш денот е целост од денот и ноќта, великото ветување на дијалектиката.

            Кога ќе ги спортивставиме ноќта и денот и постигнатите движења во обете, сеуште се обраќаме на ноќта на денот, на ноќта која е дневна ноќ, на ноќта за која велиме дека  е вистинската ноќ, бидејќи ја има вистината на денот исто како што ги има дневните закони, оние кои, токму, ија назначуваат должноста да му биде спротивставена на денот. Така, за Грците, да се потчини на мрачната судбина е да се обезбеди рамнотежа: умереноста е почит кон неумереното и така изведува почит од него. Поради тоа е толку неопходно за Грците, ќерките на Ноќта да не бидат оставени без почести туку сеедно да имаат своја област и да останат таму, за да не талкаат недофатливи, туку да бидат проверувани и држени за заклетвата од ова ограничување.

            Но другата ноќ е секогаш друго. Единствено дење таа изгледа сфатлива, дека може да се утврди. Дење таа е тајна која би можела да биде разјаснета; таа е нешто скриено кое го чека своето разоткривање. Само денот може да чувствува страст за ноќта. Единствено дење смртта може да биде пожелна, планирана, решена - досегната. Само дење тоа е другата ноќ која е откриена како љубов која ги разбива сите окови, која сака крај и единство со амбисот. Но ноќе тоа е она на кое човек никогаш не се припојува; тоа е повторување кое нема да престане, ситост која нема ништо, искра на нешто безтемелно и без длабина.

Замката, другата ноќ, е првата ноќ во која можеме да продреме, каде што можеме да влеземе - наградени со мачнотија, а сепак овде мачнотијата н# сокрива и несигурноста станува засолниште. Во првата ноќ изгледа дека ќе одиме - продолжувајќи напред - кон нешто суштествено. И ова е точно, до оној степен во кој првата ноќ сеуште му припаѓа на светот, и преку светот, на дневната вистинитост. Сепак, да се напредува низ оваа прва ноќ не е лесен подвиг. Ова е прикажано преку маките на животинчето на Кафка во Кртот. Таму се осигуруваш со цврсти одбрани против горниот свет, но се оставаш отворен кон несигурноста под него. Градиш по модел на денот, но под земја и она што се искрева тоне, она што е подигнато е проголтано. Што повеќе кртот изгледа темелно затворен кон надвор, тоа е поголема опасноста дека ќе биде затворен внатре со надворешноста, предаден на опасноста без ниеден начин за бег. И кога секоја туѓа закана изгледа исклучена од оваа совршено затворена интимност, тогаш интимноста е она што станува заканувачка туѓост. Тогаш суштината на опасноста е на дофат.

            Секогаш постои миг кога, ноќе, ѕверката ја слуша другата ѕверка. Ова е другата ноќ. И ова во никој случај не е ужаснувачко; не кажува ништо необично, нема ништо заедничко со духови и со транс. Тоа е само задушен шепот, звук кој тешко може да се издели од штамата, од токовите на песокот на штамата. Дури ниту тоа. Само звукот на некое делување, некакво трагање или риење - одпрво испрекинато, но еднаш забележано нема да прекине. Приказната на Кафка нема крај. Последната реченица се отвора кон она непрекинливо движење: „С# продолжи без никаква промена.” Еден од издавачите додава дека само неколку страници недостасуваат, оние кои ја опишуваат решавачката битка во која херојот на нарацијата ќе подлегнел. Ова е доста сиромашно читање. Овде не би можело да има никаква решавачка битка. Таква битка не признава никакво разрешување, ниту некаква борба, но единствено чекање, приоѓање, сомневања, непостојаноста на една секогаш позаканувачка закана. Но оваа закана е бесконечна, неразрешувачка; потполно е содржана во сопствената нерешителност. Она што ѕверката го насетува во далечината - тоа чудовишно суштство кое вечно исе приближува и вечно работи на тоа да пријде поблизу - е самата таа. И ако ѕверката некогаш успее да дојде во присуството на ова суштество, она со што би се соочила би било своето сопствено отсуство: себе, но себе кое станало другост, кое таа не би можела да го препознае, кое не би го сретнала. Другата ноќ е секогаш другост, и оној кој го насетува ова станува другост. Оној кој и’ приоѓа се напушта себеси, не е веќе оној кој приоѓа, туку оној кој се завртува, кој заминува. Оној кој веќе влегол во првата ноќ, бара смело да појде кон нејзината најдлабока интимност, кон суштественото, ќе ја дочуе во еден миг другата ноќ - се дочува себеси, го дочува вечното одекнувачко ехо на сопствениот чекор, чекор кон штамата, кон празнината. Но ехото му го праќа назад овој чекор како шепотечка неизмерност, и празнината е сега присуство кое му приоѓа.

Кој и да го насети приближувањето на другата ноќ има впечаток дека исе приближува на сржта на ноќта, суштествената ноќ по која тој трага. И без сомневањево тој мигтој му се предава на несуштественото и ги губи сите можности. Така тоа е мигот што тој мора да го избегне, исто како што патникот е посоветуван да ја избегне точката каде што пустината станува заводлива фатаморгана. Но таква смотреност е бескорисна овде. Не постои точно одреден миг во кој човек би прешол од ноќта во другата ноќ; нема граница на која може да се запре и да се врати во обратна насока. Полноќта никогаш не доаѓа на полноќ. Полноќта доаѓа кога коцките се фрлени, не овие не можат да бидат фрлени с# до Полноќ.

            Затоа човек мора да се одврати од првата ноќ. Тоа барем е можно. човек мора да живее во денот и да работи за него. Да, човек мора да прави така. Но да се работи за денот е да се најде, на крај, ноќта; тоа е затоа, да се направи од ноќта работа на денот, да се направи од ноќта цел и живеалиште. Тоа е да се сотвори кртичникот. А да се сотвори кртичникот е да се отвори ноќта кон другата ноќ.

            Ризикот да се предаде на несуштественото е сам по себе суштествен. Да му се бега е да се биде следен од него. Тоа станува сенката која секогаш те прати и секогаш ти претходи. Да се трага по неа методично е исто така погрешно да се протолкува. Да не се знае за неа го прави животот полесен и целите поостварливи, но во незнаење таа сеуште лежи скриена; заборавеноста е длабочината на нејзиното сеќавање. И кој ја сети еднаш не може повеќе да побегне. Кој еднаш и’ пришол, дури и ако ја препознал во неа ризикот на несуштественото, го согледува овој приод како суштествен, и’ ја жртвува сета вистина, сите важни грижи за кои тој сепак се чувствува врзан.

            Зошто сево ова? Дали е тоа моќта на грешката? Дали е тоа фасцинацијата на ноќта? Но таа нема моќ, таа не повикува, таа привлекува единствено преку запоставување. Оној кој верува дека е привлечен, се наоѓа потполно занемарен. Оној кој тврди дека е поседнат од неодолив повик, единствено и’ повладува на сопствената слабост. Го нарекува неодолив фактот дека нема на што да се одолева; го нарекува повик она што не го повикува, и мора да си ја натовари сопствената ништост како јарем. Зошто сево ова? Зоѓто некои луѓе навлегуваат во дејанија за да го избегнат овој ризик - порадо да се избегне отколку да и се одговори наинспирацијата,” сотворувајќи го своето дело како кртичник каде што сакаат да мислат дека се засолнати од празноста и кое единствено го градат токму длабејќи ја и продлабочувајќи ја празнотијата, создавајќи празност околу себе? Зошто други, толку многу други, знаејќи дека го предаваат светот и вистинитоста на целообразни дејанија, имаат само една гриа: да се прелажат себеси замислувајќи дека сеуште му служат на светот во кој единствено бараат прибежиште и сигурност? На овој начин тие не го предаваат повеќе само движењето на вистинитите напори; со нивната лоша совест - која ја ублажуваат со почести, заслуги, со чувство дека сето време некаква мисија била исполнувана, заштитници на културата, пророци на народот - тие се предавници на грешката на својата  взалудност. И можеби други го запоставуваат дури и сотворувањето на кртичникот, поради стравот дека штитејќи ги, ова засолниште би го заштитило во нив она што еден ден ќе мораат да го предадат, премногу би го потенцирало нивното присуство и на тој начин би го одвратело приоѓањето на таа точка на несигурност кон која тие се лизнуваат, „решителната биткасо нерешителноста. Никој не кажува приказни за овие луѓе. Тие не оставаат никаков запис за своето патешествие, немаат име, анонимни се во анонимната толпа, бидејќи не се изделуваат, бидејќи влегле во областа на неизделивото.

            Зошто? Зошто овој потез? Зошто ова безнадежно движење кон она што е без важност?

 

 

 

 

Жак Дерида: Автоимунитет-Стварни и симболични самоубиства

Вилијам Блејк: Четирите Зои

Gordana Stojkovska: Abridging

Елен Дорион: Светлини и сенки

Бланшо: Суштествената самотија

Бланшо: Зборот кој талка

Бланшо: Маларме

Бланшо: Спиј, ноќи

Бланшо: Вон, ноќта

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by