Морис Бланшо: Просторот на книжевноста (Maurice Blanchot: The Space of Literature/L'espace literaire) - книжевна студија (превод од англиски).
МОРИС БЛАНШО: ПРОСТОРОТ НА КНИЖЕВНОСТА
Една книга, дури и фрагментарна, има средиште кое ја привлекува. Ова средиште не е фиксирано, туку е изместено од притисокот на книгата и околностите на нејзиното настанување. Сепак, тоа е истовремено постојано средиште кое, доколку е автентично, се изместува себеси, додека останува исто и секогаш поцентралено, поскриено, понесигурно и позаповедно. Оној кој пишува пишува од жедба по овој центар и од незнаење. Сосем е можно чувството на допир на центарот да биде илузија на достигнување. Кога книгата во прашање има цел да толкува, постои еден вид на методолошка верба во најавата кон која точка таа изгледа се движи: овде, кон страниците насловени Погледот на Орфеј.
СУШТЕСТВЕНАТА САМОТИЈА
Изледа дека учиме нешто за уметноста секогаш кога искусуваме што зборот самотија е сочинет да означи. Овој збор е мошне злоупотребуван. Сепак, што значи изразот да се биде сам? Кога е човек сам? Поставувањето на ова прашање не треба едноставно да н# одведе во меланхолични размислувања. Самотијата како што светот ја разбира е болка која овде не бара понатамошни коментари.
Немаме намера да се повикаме ниту на самотијата на уметникот - онаа за која е речено дека му е нужна за да сочинува уметност. Кога Рилке & пишува на грофицата Золмс-Лаубах (3 авг. 1907), “Со недели, освен два кратки прекини, немам проговорено еден единствен збор; мојата самотија конечно ме опкружи и во внатрешноста сум на моите напори како што е сржта во плодот,” самотијата за која тој зборува не е суштествената самотија. Оваа е концентрација.
Самотијата на делото
Во самотијата на делото - уметничкото дело, книжевната работа - откриваме посуштествена самотија. Оваа ја исклучува самозадоволната изолираност на индивидуализмот; нема ништо заедничко со потрагата по единственоста. Фактот дека еден човек одржува цврст, здрав став низ дисциплинираниот тек на денот не ја разорува. Оној кој го пишува делото е ставен настрана; оној кој пишувал е отпуштен. Оној кој е отпуштен, уште и не го знае тоа. Ова незнаење го спасува. Тоа го вознемирува давајќи му сила да издржи. Писателот никогаш не знае дали делото е завршено. Она што го завршил во една книга одново го започнува или го уништува во друга. Валери, славејќи го овој бескраен квалитет во кој делото ужива, сеуште го согледува само најнепроблематичниот аспект. Дека работата е бескрајна, за него значи дека уметникот, иако неспособен да ја доврши, без разлика, може да направи од неа одреден простор на бесконечна задача, чија незавршеност ја развива умешноста на умот, ја изразува оваа умешност, ја изразува развивајќи ја во форма на моќ. Во одреден миг, околностите - т.е. историјата, во ликот на издавачот или зад маската на финансиските неволји, општествените обврски - го изговараат крајот кој недостасува, и уметникот, ослободен од развојот по чиста принуда, го проследува незавршеното другаде.
Бескрајната природа на делото, вака видено, е само бескрај на умот. Умот сака да се исполни себеси во единечно дело, наместо да се опфати себеси во бескрајот на делата и во продолжителното движење на историјата. Но Валери во никој случај не бил херој. Нему му било добро да зборува за сешто, да пишува за сешто: така раштрканиот тоталитет на светот го одвртел од единствената и ригорозна севкупност на светот, од која тој драговолно дозволил да биде одвратен. Итн. скриено зад разновидноста на мисли и предмети.
Меѓутоа, делото - уметничкото дело, книжевната работа - не е ниту завршено, ниту незавршено: тоа е. Она што тоа го кажува е единствено ова: дека е - и ништо повеќе. Над тоа нема ништо. Кој и да сака да го присили да каже нешто повеќе не наоѓа ништо, наоѓа дека тоа кажува ништо. Оној чиј живот зависи од делото, или бидеќи е писател или бидеќи е читател, & припаѓа на самотијата на она кое не изразува ништо освен зборот битие: збор заштитен од јазикот кој го крие, или чини да се појави кога самиот јазик исчезнува во тивкиот простор на делото.
Самотијата на делото го има за своја примарна рамка отсуството на сите дефинирачки критериуми. Ова отсуство ја создава невозможноста кога и да е да се каже дали делото е завршено или незавршено. Делото е без никаков доказ и така како што е, е без никаква корист. Не може да биде верифицирано. Вистината може да го одреди, авторитетите можат да свртат внимание кон него, но постоењето кое тоа така го стекнува не му е грижа. Оваа демонстративност не го прави ниту сигурно ниту стварно - не прави да се манифестира.
Делото, Книгата
За попрецизно да проучиме што ваквите изјави ни навестуваат, можеби би требало да се обидеме да видиме од каде тие потекнуваат. Писателот пишува книга, но книгата сеуште не е дело. Делото постои само кога низ него, и со насилност на почеток прикладен на тоа, зборот битие е изговорен. Ова се случува кога делото станува интимност помеѓу оној кој го пишува и некој кој го чита. Тогаш би можело да се запраша: ако самотијата е ризик на писателот, не ли го изразува тоа фактот дека тој е свртен, ориентиран кон отвореното насилство на делото, од кое тој никогаш ништо не зафаќа освен субститутот - приодот и илузијата во облик на книга? Писателот му припаѓа на делото, но она што нему му припаднува е само една книга, нем збир на стерилни зборови, најбезначајното нешто на светот. Писателот кој ја има искусено оваа празнотија, верува дека само работата е незавршена и мисли дека уште малку повеќе напор, заедно со неколку наклонети мигови, ќе му дозволат нему и само нему да ја заврши. И така тој се враќа на работа. Но она што тој сака сам да го доврши останува непрекинливо; зафатен е со илузорно делување. И делото, најпосле, него не го познава. Тоа се затвора околу неговото отсуство како нелична, анонимна афирмација која е - и ништо повеќе. Токму на ова се мисли со согледувањето дека писателот, бидеќи тој ја завршува својата работа само кога ќе умре, никогаш не си го познава делото. Би требало можеби обратно да се преврати оваа забелешка. Не е ли писателот мртов с# додека делото постои? Тој самиот понекогаш има такво претчувство: впечаток дека е секогаш без работа.
Noli me legere
Истата ситуација може да биде опишана и вака: писателот никогаш не го чита своето дело. За него тоа е нечитливо, тајна. Тој не може да се задржува во негова близина. Тоа е тајна бидејќи тој е одделен од него. Меѓутоа, неговата неспособност да го прочита своето дело не е чисто негативен феномен. Тоа е, повеќе, единствената вистинска врска на писателот со она што го нарекуваме дело. Грубото Ноли ме легере изнедрува, онаму кадешто сеуште е само книга, хоризонт со инаква силина. Ова Ноли ме легере е неуловливо искуство, иако непосредно. Не е тоа силата на забраната, туку, низ играта и смислата на зборовите, непопустливата, дрска потврда дека она што е, во глобалното присуство на дефинитивниот текст, сеуште се воздржува - грубиот и гризечки простор на одбивањето - или го исклучува, со авторитет на рамнодушност, оној кој, запишувајќи го, уште сака и одново да го улови со читање. Невозможноста на прочитувањето е откритие дека сега, во просторот отворен со креација, нема повеќе место за создавање. И за писателот нема друга можност освен да продолжи да го пишува своето дело. Ниту еден човек кој го напишал своето дело не може да остане во негова близина. Бидејќи делото е самата одлука која го отпушта авторот, го отсекува, чини тој да опстане без своето дело. Тој станува инертен безделник од кого уметноста повеќе не зависи.
Писателот не може да престојува во близина на своето дело. Тој може единствено да го пишува; тој може, еднаш кога е напишано, само да го забележи неговото обраќање во грубото Ноли ме легере кое го отстранува, го одделува или го обврзува да се врати кон таа одделеност во која отпрво влегол за да биде во склад со она што морал да го напише. И така тој сега се наоѓа себеси како да е одново на почетокот на својата работа и одново ја открива близината, лебдечката интима на надворешноста од која не можел да сочини престојувалиште.
Можеби ова искушение ни го посочува она што го бараме. Самотијата на писателот, тој услов кој е ризикот во кој се впушта, изгледа дека доаѓа од неговата припадност во делото на она што секогаш му претходи на делото. Низ него, делото влегува во постоење; тоа ја воспоставува непоколебливата самотија на почетокот. Но самиот тој припаѓа на време владеено од нерешителноста својствена на започнувањето-одново. Опсесијата која го врзува за привилегираната тема, која го обврзува одново и одново да го искажува она што веќе го кажал - некогаш со сила на збогатен талент, но некогаш со опширност на необично осиромашена повторливост, со секогаш помала сила, повеќе монотонија - ја илустрира нужноста, која очигледно ги одредува неговите напори, да се враќа постојано на истата точка, да ги минува одново истите патеки, да истрае во започнувањето-одново на она што за него никогаш не почнува и тој да припаѓа на сенката на настаните, не на нивната реалност, на сликата, не на предметот, на она што им овозможува на самите зборови да станат слики, појави - не знаци, или вредности, или силата на вистината.
Тиранскиот зафат
Понекогаш, кога човек го држи перото, раката нема да го испушти без разлика колку силно тој сака да го остави. Наместо тоа, раката повеќе стега отколку што отпушта. Другата рака се вмешува поуспешно, но тогаш раката која може да се нарече болна, прави бавно, внимателно движење и се обидува да го зграби предметот кој заминува. Бавноста на ова движење е чудна. Раката се придвижува со брзина која е одвај човечка: не како сфатливо дејствие, ниту како акт на надеж, туку повеќе како сенка на времето, раката која самата е сенка на рака, која сенишно се лизнува кон предметот кој станал своја сопствена сенка. Оваа рака искусува, во одредени мигови, мошне голема потреба да зграпчи: таа мора да го грабне перото, мора. Таа прима наредба, заповедничка команда. Овој феномен е познат како “тиранскиот зафат”.
Писателот навидум е господар на своето перо; тој може да се стекне со голема умешност со зборовите и со она што сака да го изрази. Но неговата умешност единствено успева да го постави, да го одржи во допир со темелната пасивност каде што зборот, не веќе ништо друго освен својата појавност - сенка на зборот - никогаш не може да биде завладеан, дури ниту фатен. Зборот останува она кое не може да се фати, исто како и она кое не може да се испушти: неодредливиот миг на фасцинација.
Умешноста на писателот не е раката која пишува, “разболената” рака која никогаш не го испушта перото - која не може да го испушти, бидејќи она што го држи всушност не го ни држи; она што го држи му припаѓа на пределот на сенките и е сенка и самата. Умешноста секогаш ја карактеризира другата рака, онаа која не пишува и е способна да интервенира во вистинскиот момент да го зграпчи перото и да го одложи на страна. Така умешноста се состои во моќта да се престане со пишување, да се прекине она што се пишува, на тој начин да му ги врати на тој момент на сегашност неговите права, неговата одредувачка острина.
Мораме одново да почнеме да се запрашуваме. Рековме дека писателот му припаѓа на делото, но она што му припаѓа на писателот, што сам го завршува, е само книга: “сам” му одговара на ограничувањето “само, единствено”. Писателот никогаш не е очи во очи со делото и кога делото е присутно, тој тоа не го знае; или, попрецизно, дури и ова незнаење му е непознато, дадено му е само во невозможноста на читањето, неодредливото искуство кое го враќа во работа.
Писателот се враќа на работа. Зошто не престане да пишува? Зошто, ако раскине со работата, како што сторил Рембо, овој раскин ни изгледа како таинствена невозможност? Дали тој само посакува совршен производ и ако не престане да работи на него, тоа е едноставно бидејќи совршеноста никогаш не е доволно совршена? Дали тој дури и пишува очекувајќи дело? Дали постојано го има делото на ум како она што би ставило крај на неговата работа, како цел вредна на толку многу напор? Никако. Делото никогаш не е во очекувањето на она што може да се напише (и следствено, процесот на пишување би можел да се поврзе со изведба на некаква моќ.)
Фактот дека работата на писателот завршува со неговиот живот крие друг факт: дека, преку оваа работа, неговиот живот попаѓа во немирот на бесконечното.
Непрекинливото, непрестаното
Самотијата која делото ја поставува над писателот се открива во следното: тоа пишување е сега непрекинливото, непрестаното. Писателот повеќе не & припаѓа на своеволната област каде да се изрази себеси значи да се изрази точноста и сигурноста на нештата и вредностите во склад со осетот за нивните граници. Она што тој треба да го напише & го предава оној кој мора да пишува на афирмација над која тој нема власт, која сама по себе нема содржина, која не афирмира ништо, а сепак не е мир, ниту е достоинството на тишината, бидејќи таа е она што сеуште говори кога с# е изречено. Оваа афирмација не му претходи на говорот, бидејќи однапред го оневозможува говорот, исто како што му го одзема на јазикот правото и силата да се прекине себеси. Да се пишува е да се скрши врската која го обединува зборот со мене. Тоа е, да се уништи односот кој, одредувајќи дека јас ви зборувам на “вас”, ми дава простор да зборувам во рамки на разбирањето кое мојот збор го прима од вас (бидејќи мојот збор ве привикува и е собир кој започнува во мене бидејќи завршува во вас). Да се пишува е да се прекине оваа врска. Да се пишува е, уште повеќе, да се повлече јазикот од светот, да се оддели од она што го чини сила во склад со која, додека говорам, зборот се декларира сам себе, јасното светло на денот кое се развива низ преземените задачи, низ дејствие и време.
Пишувањето е непрекинливото, непрестаното. Писателот, како што е кажано, се откажува од кажување “Јас”. Кафка забележува, со изненадување, со опчинетост, дека тој влегол во книжевноста откако станал способен да го замени “Јас” со “Тој”. Ова е вистина, но трансформацијата е далеку подлабока. Писателот му припаѓа на јазик кој никој не го говори, кој не е упатен до никого, кој нема средиште и не открива ништо. Тој може да верува дека се афирмира самиот себеси во јазикот, но она што го афирмира е потполно лишено од сопство. До степен што тој, бидувајќи писател, го оправдува она што бара запишување, тој никогаш повеќе не може да се изрази себеси, не повеќе отколку што може да ви се обрати на вас, дури и да воведе туѓ говор. Онаму каде што е, само битието говори - што значи дека јазикот не говори веќе, туку е. Јазикот се посветува на чистата пасивност на битието.
Ако да се пишува е да се предаде на непрекинливото, писателот кој прифаќа да ја поднесе суштината на пишувањето, го губи правото да каже “Јас”. И така тој го губи правото да стори и другите да речат “Јас”. На тој начин тој никако не може да им даде живот на ликовите чија слобода би била гарантирана со неговата творечка сила. Поимот на лик, како традиционален облик на роман, е само еден од компромисите со кои писателот, извлечен надвор од себе од страна на книжевноста, во потрага по нејзината сушност, се обидува да ги спаси своите врски со светот и со себеси.
Да се пишува е да се сочини од себеси ехо на она што не може да престане да говори - и ако веќе тоа не може, за да станам негово ехо, на еден начин, јас морам да го замолчам. Му ја донесувам на овој непрестанлив говор мојата решителност, авторитетот на мојата сопствена тишина. Ја правам осетна, преку мојата тивка медитација, непрекинатата афирмација, гигантското мрморење над кое јазикот се отвора и така станува слика, станува имагинарното, станува говорна длабочина, нејасно изобилие кое е празно. Оваа тишина има извор во бришењето кон кое писателот е повлечен. Или инаку, тоа е начинот на неговата умешност, правото на интервенција кое раката која не пишува го задржува - делот од кој писателот може секогаш да рече “не” и, кога е неопходно, да му се обрати на времето, да ја обнови иднината.
Кога му се восхитуваме на звукот на едно дело, кога одговараме на тој звук како на неговиот најавтентичен аспект, за што зборуваме? Не за стилот, ниту за занимливоста и одличноста на јазикот, туку за токму оваа тишина, оваа моќна сила со која писателот, бидувајќи лишен од себеси, откажувајќи се од себеси, во ова бришење го има бездруго задржано авторитетот на одредена моќ: моќ да биде непоколебливо мирен, така што во оваа тишина она што говори без почеток или крај, може да заземе облик, кохерентност и смисла.
Овој звук не е гласот на писателот, туку интимноста на тишината која тој ја наметнува врз зборот. Ова подразбира дека тишината е сеуште негова - она што останува од него во решителноста која го отстранува. Звукот ги прави великите писатели, но можеби делото е рамнодушно кон она што ги чини велики.
Во бришењето кон кое тој е повикан, “великиот писател” сеуште се воздржува; она што говори не е веќе тој самиот, но ниту е тоа едноставното лизгање на нечиј збор. Бидејки тој ја задржува авторитативната иако нема афирмација на избришаното “Јас”. Го задржува сечилото, воинствената подвижност на активното време, на мигот. Така тој се сочувува внатре во делото; каде што нема повеќе задршка, се содржи себеси. Но поради ова делото исто така ја задржува содржината. Тоа сепак не е својата сопствената внатрешност.
Писателот кого го нарекуваме класичен - барем во Франција - го жртвува во себе идиомот кој му е сопствен, но така чини за да му го предаде гласот на универзалното. Спокојот на правилната форма, сигурноста на јазикот ослободен од идиосинкретизам, каде неличната општост говори, му обезбедува врска со вистината - со вистината која е над личноста и сведочи дека е надвремена. Тогаш книжевноста ја има блескавата самотија на разумот, тој провиден живот во сржта на целоста, нешто што би барало решителност и храброст доколку овој разум не е всушност стабилноста на едно уредено аристократско општество; тоа значи, благородна задоволеност на дел од општеството кој ја концентрира целоста во себе, изолирајќи се сосем над она шго го одржува.
Кога да се пишува е да се открива непрекинливото, писателот кој влегува во оваа област не се остава себеси позади со цел да му пријде на универзалното. Тој не се движи кон посигурен свет, поубав или подобар оправдан свет каде с# би било уредено во склад со јасноста на делумното светло на денот. Тој не го открива возвишениот јазик кој говори почесно за секого. Она што во него говори е всушност фактот дека, на овој или оној начин, тој повеќе не е себеси; тој повеќе не е никој. Третото лице кое надокнадува за “Јас”: таква е самотијата која му припаднува на писателот од страна на делото. Не означува објективна незинтересираност, креативна одделеност. Не возвишува нечија туѓа, туку мојата свест, ниту ја возвишува еволуцијата на човечката сила која, во имагинарниот свет на уметничкото дело, би ја задржала слободата да рече “Јас”. Третото лице е самото Јас кое станува никој, мојот слушател станат незнаен; тоа е кога веќе не сум способен, каде што сум, да си се обратам себеси, и неспособноста на секој кој ми се обраќа да рече “Јас”; тоа е да не се биде себе.
Засолништето на “Дневникот”
Зачудувачки е можеби што од мигот кога делото станува потрага по уметноста, од мигот кога тоа станува литература, писателот чувствува с# поголема потреба да одржи врска со себе. Неговото чувство потекнува од крајната одбивност кон губењето на власта над себеси во интерес на таа неутрална сила, безоблична и лишена од секаква судбина, која е зад с# што може да се напише. Оваа одбивност, или сфаќање, се открива во заинтересираноста, карактеристична за толку многу автори, да создаваат нешто што го нарекуваат свој “дневник”. Таквата преокупација е мошне далеку од самодоволните ставови обично именувани како романтичарски. Дневникот не е суштински исповеден; не е нечија сопствена приказна. Тој е споменик. На што мора писателот да си спопемнува? На себеси: кој е тој кога тој не пишува, додека го живее секојдневниот живот, кога е жив и прав, не на умирање и лишен од вистина. Но алатката која ја користи за да се присети на себе е, необично, самиот елемент на заборавот: пишувањето. Токму затоа, сепак, вистината на дневникот лежи не во интересните, книжевнички белешки кои би се нашле внатре, туку во безначајните детали кои го припојуваат кон дневната реалност. Дневникот претставува низа референцијални точки кои писателот ги поставува за да одржи трага на самиот себеси кога ќе почне да се сомнева во опасните преобразби на кои е изложен. Тоа е патека која останува можна; нешто налик на патеката на ноќниот стражар преку ѕидините: паралелна, надвисена и понекогаш кривулкајќи околу другата патека - онаа патека на која бесконечната задача е да се скршнува. Овде сеуште се говори за правите нешта. Овде, кој и да зборува, го задржува своето име и говори во свое име и датите кои ги запишува припаѓаат на едно заедничко време, каде она што се случува навистина се случува. Дневникот - оваа книга која очигледно не е потполно самотничка - е често пишуван од страв и од мачнина од самотијата која му е доделена на писателот од страна на неговото дело.
Бегството кон дневникот укажува дека оној кој пишува не сака да раскине со задоволството. Тој не сака да ја запре правилноста на деновите кои се навистина денови и кои навистина проследуваат. Дневникот го вкоренува движењето на пишувањето во времето, во скромниот след на денови чии датуми ја зачувуваат оваа рутина. Можеби она што е напишано во него веќе не е и ништо друго освен неискреност; можеби тоа е речено без оглед на вистината. Но е речено во сигурноста на случувањето. Тоа им припаѓа на занимациите, случките, нештата на светот - на нашата активна сегашност. Овој континуитет е ништо и неважност, но е барем неповратен. Тоа е потрага која се движи од себе кон утре и продолжува конечно понатаму.
Дневникот укажува дека писателот веќе не е способен да му припадне на времето низ обичната сигурност на делувањето, низ поделените грижи на заедничките деланија, на занимањето, низ едноставноста на интимниот говор, силата на немисловната навика. Писателот веќе не е вистински историчен; но тој ниту сака да го троши времето, и бидејќи повеќе не знае да чини ништо друго освен да пишува, барем пишува во одговор на својата дневна историја и во склад со преокупациите на секојдневието. Се случува писателите кои пишуваат дневник да се најкнижевни, но ова е можеби токму поради тоа што тие ја избегнуваат, на тој начин, крајноста на книжевноста, ако книжевноста најфасцинантната област на отсуството на времето.
Фасцинацијата на отсуство на времето
Да се пишува значи да се предаде на фасцинацијата на отсуството на времето. Сега без сомневање се приближуваме кон суштината на самотијата. Отсуството на времето не е чисто негативен модус. Тоа е време кога ништо не започнува, кога започнувањето не е возможно, кога пред афирмацијата векќе постои враќање на афирмацијата. Повеќе од чисто негативен модус, тоа е, обратно, време без негација, без решение, кога овде е едновремено и никаде и секој објект се повлекува во својата слика, додека “Јас”, кое сме ние, се препознава себеси потонувајќи во неутралноста на безобличното трето лице. Времето на отсуството на времето нема сегашност, нема присуство. Оваа “без-сегашност”, меѓутоа, не н# враќа кон минатото. Дамните денови ја имаат достионственоста, дејствителната сила на сега. Сеќавањето сеуште ја сведочи оваа дејствителна сила. Тоа ме ослободува од она што инаку би ме припомнало; ме ослободува давајќи ми средство да се повикувам слободно на минатото, да го уредам во склад со мојата сегашна намера. Сеќавањето е слободата на минатото. Но она што нема сегашност не ќе ја прифати ниту сегашноста на минатото. Сеќавањето вели за настанот: беше еднаш и сега повеќе никогаш нема да биде. Неповратниот карактер на она што нема сегашност, на она што дури и не е таму како што еднаш било таму, вели: тоа никогаш не се случило, никогаш прв пат, а сепак започнува одново и одново, бескрајно. Тоа е без крај, без почеток. Тоа е без иднина.
Времето на остуството на времето не е дијалектичко. Во ова време она што се појавува е фактот дека ништо не се појавува. Она што се појавува е битието длабоко во отсуството на битието, кое е кога нема ништо и кое, веднаш штом има нешто, не е повеќе. Бидејќи тоа е како да немало битија освен низ загубата на битието, кога битието недостасува. Превратот кој во отсуството на времето н# насочува постојано наназад кон присуството на отсуството - но кон ова присуство како отсуство, на отсуството како сопствена афирмација (афирмација во која ништо не е афирмирано, во која ништо никогаш не престанува да се афирмира себеси со исцрпувачката упорност на неограниченото) - ова движење не е дијалектичко. Спротивностите во него не се исклучуваат меѓусебно; ниту се помируваат. Единствено самото време, во кое негацијата станува наша моќ, дозволува “единство на спротивности”. Во отсуството на времето она што е ново не обновува ништо; она што е сегашно не е современо; она што е присутно не претставува ништо, но се претставува себеси и му припаѓа, одтогаш и секогаш, на враќањето. Не е, но се враќа повторно. Доаѓа како веќе и засекогаш минато, така што мојот однос кон него не е однос на познавање, туку на препознавање и ова препознавање ми ја уништува моќта на знаење, правото да зафаќам. Го чини неизбежно она што е неопфатливо; никогаш не ми дозволува да престанам да посегнувам кон она што не можам да го настигнам. И она што не можам да го земам, морам да го поземам одново, за никогаш да не го испуштам.
Ова време не е идеалната неподвижност која зборот “вечност” ја слави. Во областа на која се обидуваме да & се приближиме, овде колапсира во никаде, но никаде е бездруго овде, и ова празно, мртво време е вистинско време во кое смртта е присутна - во која смртта се случува, но не престанува да се случува, како, случувајќи се, да го обесплодила времето во кое таа можела да се случи. Присуството на смртта ја означува неможноста секое време да се направи стварно - неможност која е присуство, како двојник на присутноста, сенка на присутноста која присутноста ја носи и крие во себе. Кога сум сам, не сум сам, но во ова присуство веќе се враќам кон себеси во облик на Некој. Некој е таму, каде што сум сам. Фактот дека сум сам ја означува мојата припадност кон ова мртво време кое не е мое време, не е твое време, ниту е времето кое го делиме како заедничко, туку е Нечие време. Некој е она што е сеуште присутно каде што нема никого. Онаму каде што сум сам, јас не сум таму; никој не е таму, но неличното е: надворешноста, како она што ја спречува, & претходи и ја разложува можноста на секаква лична врска. Некој е безличното трето лице, “Оние” од кои сите и било кој се дел, но кој ли е дел од Нив? Никогаш некој одредено, никогаш вие или јас. Никој (не) е дел од Нив. “Оние” припаѓа на област која не може да биде изнесена на светло, не бидејќи крие некоја тајна туѓа на секое откровение, дури ниту бидејќи е крајно нејасна, туку бидејќи преобразува с# до што има пристап, дури и светлото, во анонимно, нелично битие, во Не-правото, Не-стварното, а сепак секогаш присутно. “Оние” е, во овој поглед, она што се пројавува мошне блиску кога некој ќе почине.
Кога сум сам, светлото на денот е единствено загуба на живеалиштето. Тоа е интимност со надворешноста која нема местоположба и не си дозволува мир. Доаѓањето овде чини оној што доаќа да припадне на распрснувањето, на процепот каде што надворешното е упад кој задушува, но е исто така и голотија; студенилото на просторијата кое го остава човека потполно изложен. Овде единствениот простор е неговата вртоглава делба. Овде владее фасцинацијата.
Сликата
Зошто фасцинација? Видувањето претпоставува дистанца, одреденост која разлачува, моќ да се избегне допир и во допирот да се избегне конфузија. Видувањето значи дека оваа одделеност сепак станала средба. Но што се случува кога она што го гледате, иако на оддалеченост, изгледа дека ве зафаќа со допир кој граба, кога чинот на видување е еден вид на допир, кога видувањето е допир на далечина? Што се случува кога виденото му се наметнува на погледот, како погледот да е фатен, ставен во допир со појавата? Она што се случува не е активен контакт, не е иницијатива или дејствие какви сеуште има во вистинскиот допир. Повеќе, погледот е вовлечен, абсорбиран од страна на неподвижното движење и бездлабочната длабина. Она што ни е дадено со овој контакт на далечина е сликата, а фасцинацијата е страст за сликата.
Она што н# фасцинира ни ја одзема моќта да наоѓаме смисла. Тоа ја напушта својата сетилна природа, го напушта светот, се повлекува од светот и н# повлекува и нас со себе. Повеќе не ни се открива, а сепак се прикажува во присуство туѓо на времената сегашност и присутноста во светот. Одделувањето, кое беше способност на видувањето, коагулира