The Home Page of Ana Pejcinova

П р е в о д
 
 
 

Морис Бланшо: Просторот на книжевноста (Maurice Blanchot: The Space of Literature/L'espace literaire) - книжевна студија (превод од англиски).

 

ДЕЛОТО  И  ЗБОРОТ КОЈ ТАЛКА

 

 

            Што може да се каже на ова место?

            Прво, да се обидеме да сумираме неколку црти кои пристапот кон просторот на книжевноста ни овозможи да ги распознаеме. Јазикот на ова место не е моќ; не е моќ да се изрече. Тој не е на наше располагање; во него нема ништо што би можеле да употребиме. Тоа никогаш не е јазикот што го говорам. Јас никогаш не се изразувам себеси со него, никогаш не ви се обраќам на вас, и никогаш не ве повикувам на одговор. Сиве овие црти се негативни по форма. Но оваа негација само го прикрива посуштинскиот факт дека во јазикот на ова место с# се пременува во афирмација: во овој јазик, она што порекнува афирмира. Бидејќи овој јазик говори како отсуство. Без-зборовен, тој веќе говори; кога престанува, продолжува. Тој не е нем, бидејќи во овој јазик тишината говори. Специфичната црта на обичниот јазик е во тоа што слушањето опфаќа дел од самата негова природа. Но на ова место во просторот на книжевноста, јазикот не постои за да биде чуен. Оттаму ризикот на поетската функција. Поет е оној кој го слуша јазикот што чини ништо да не се чуе.

            Тој говори, но без никаков почеток. Изјавува, но не упатува назад кон нешто кое треба да биде изјавено, кон нешто бесшумно, како значење зад израз, нешто што би го гарантирало. Кога неутралноста говори, единствено оној кој ја стишува ги подготвува условите за слушање; но сепак, она што може да се чуе е овој неутрален збор кој отсекогаш веќе бил кажан, кој не може да го сопре своето кажување и кому никакво слушање не може да му се придодаде.

            Овој е еден збор кој суштински талка, бидејќи секогаш е прогонет од себе. Тој ја означува бесконечно раширливата надворешност која го презема местото на интимноста на изговорениот збор. Наликува на одек, кога одекот не го искажува едноставно гласно она што отпрвин е нераспознатливо промрморено, туку се слева со шепотечката немерливост и е штама која станала одекнувачки простор, надворешност на сите зборови. Но овде надворешноста е празнината, а ехото однапред повторува, „пророчки во отсуството на времето.”

 

Потребата да се пишува

            Потребата да се пишува е поврзана со приодот кон оваа точка на која ништо не може да се стори со зборови. Оттаму илузијата дека доколку човек остане во допир  со оваа точка, дури и ако се врати од неа во светот на можноштите, „с#” би можело да се стори, „с#” би можело да се искаже. Оваа потреба мора да биде потисната и воздржана. Во спротивно, таа станува толку опфатна што нема повеќе простор за нејзината реализација. Човекот започнува да пишува единствено кога, миговно, со итроштина, низ поволен  изблик на енергија, или преку животните вознемирувања, успева да го избегне овој импулс, оној кого далечинската контрола на делото мора постојано да го буди и да го потчинува, да го штити и да го одвраќа, да го владее и да го искушува во својата ненадвладлива сила. Овој зафат е толку тежок и опасен што секој писател и секој уметник е секогаш изненаден кога ќе го изведе без катастрофа. И никој кој му има погледнато на ризикот во очи не може да се сомнева дека многумина тивко исчезнале. Не дека недостасуваат творечки извори - иако се во секој случај недоволни - но повеќе, силата на поривот за пишување чини светот да исчезне. Тогаш времето ја губи моќта на одлука; ништо навистина не може да започне.

            Делото е чистиот круг каде што, дури и додека го пишува своето дело, авторот опасно се изложува, но исто и се заштитува од притисокот кој бара тој да пишува. Оттамуделумно, во најмала мера - чудесната, немерлива радост, ко Гете што вели, на ослободувањето: очи во очи со самотната семоќ на фасцинацијата со која човек се соочил смело, без да ја предаде или да побегне, но и без да се одрече од сопствената умешност. Ова ослободување, вистина е, ќе биде содржано во затворање на себеси надвор од себе.

За уметникот редовно се вели дека тој наоѓа во своето дело соодветен начин на живеење додека се повлекува од одговорноста на животот. Се вели за него дека се брани од светот во кој да се делува е тешко, дека се устоличува во еден нереален свет каде што тој е врвен владател. Ова е всушност еден од ризиците на уметничката активност: да се изгони себеси од тешкотиите на добата и активното делување во добата без сепак да се откаже од комфорот на светот или од очигледната леснотија на делувањето вон добата. Уметникот често наликува на слабо битие кое се вовлекува во затворениот свет на своето дело, каде што, говорејќи како господар и делувајќи без никакви пречки, тој може да се одмаздува за своите неуспеси во општеството. Дури и Стендал, дури и Балзак поттикнуваат вакви сомненија; Кафка, Хелдерлин - сигурно; а Хомер е слеп. Но оваа перспектива изразува само една страна од ситуацијата. Другата страна е дека уметникот, кој волно се изложува на ризиците на сопственото искуство, не се чувствува слободен од светот, туку поскоро лишен од него; тој не чувствува дека е свој господар, туку повеќе дека е отсутен од себеси и изложен на барања кои, прогонувајќи го надвор од животот и живите, го отвораат кон мигот во кој не може да стори ништо и не е веќе себеси. Тогаш Рембо бега во пустината од одговорноштите на поетскиот избор. Тој ги закопува својата имагинација и слава. Му велиадиеунанеможното”, исто како Леонардо да Винчи и под скоро исти услови. Тој не му се враќа на светот; тој се засолнува во него; и малку по малку неговите денови, одтогаш посветени на сувопарноста на златото, му сочинуваат засолниште во одбранбена заборавност. Ако е тоа точно, како што предаваат некои извори полни сомнеж, дека во своите последни години тој не можел да поднесе ниту споменување на своето дело или дека постојано се нарекувалапсурден, смешен, одвратен,” насилноста на ова порекнување, одбивањето да се потсети на себеси, укажува на ужас кој тој сеуште го чувствувал и на сила на превирање која не можел да ја поднесе до крај. Го прекоруваат дека се продал и дезертирал, но прекорот е лесен за оние кои не се впуштиле во ризикот.

            Во делото уметникот се заштитува не само од светот, туку и од барањето кое го влече вон светот. Делото миговно го доместицира ованадворвоспоставувајќи интимност во него. Делото го стишува и му ја дава интимноста на тишината на ова надвор лисено од интимност и одмор - ова надвор, овој јазик на изворното искуство. Но она што делото го затвора е истото она што непрекинливо се отвора; и делото во прогрес се впушта во еден од двата ризика: или може да се откаже од своето потекло - да се изгони обдарувајќи го со помирливи предности - или делото може да се врати дури и поблиску до ова потекло одречувајќи ја сопствената реализација. Сепак, трет ризик е доколку авторот сака да одржи допир со светот, со себеси, со јазикот кој го употребува за да кажеЈас.” Тој го сака ова, бидејќи доколку се изгуби себеси, делото е исто така изгубено. Но доколку премногу претпазливо тој остане свој, делото е негово дело, го изразува него, неговиот дар, а не крајното барање на делото, уметноста како потекло.

На секој писател, на секој уметник познат му е мигот во кој е изгонет и очигледно исклучен од делото во процес. Делото го држи надвор од себе, кругот во кој тој веќе нема пристап до себе се затвора, сепак тој е затворен внатре, бидејќи делото, незавршено, нема да го пушти. Сила не му недостасува; ова не е миг на неплодност или премор, освен, ко што и може да биде случајот, преморот е едноставно формата која ова исклучување ја зазема. Ова искушение е за стравопочит. Она што авторот го видува е студена неподвижност од која не може да се заврти, но близу која не може да опстои. Таа е како енклава, забран во просторот, без воздух и без светло, каде дел од него, и уште повеќе, неговата вистина, неговата самотничка вистина, се задушува во несфатлива разделба. А тој единствено може да талка околу оваа разделба; најмногу што може е снажно да се прибие до површината зад која не може да разлачи ништо освен празно измачување, нестварно и вечно, с# до мигот кога, со необјаснив маневар, преку некое пореметување или преку едноставната прекумерност на неговата стрпливост, тој одненадеж се наоѓа внатре во кругот, си се придружува на себеси и се подредува на неговиот таен закон.

            Едно дело е постигнато не кога е завршено, туку кога оној кој работи на него одвнатре може во иста мера да го заврши однадвор. Делото веќе не го задржува внатре; порадо, внатре го држи еден негов дел од кој се чувствува слободен и од чие  ослободување придонело делото. Овој идеален развој на настаните меѓутоа никогаш не е целосно потврден. Многу дела не трогнуваат бидејќи гледаме во нив трага оставена од авторот кој пребрзо заминал, нестрплив да го заврши делото, во страв дека доколку не заврши со него, никогаш не ќе може да му се врати на светлото на денот. Во овие дела, кои се преголеми, поголеми од оние кои ги донесуваат, врвниот миг - скоро централната точка во која знаеме дека доколку авторот остане таму, ќе загине во потфатот - е секогас забележлив. Од токму оваа смртна точка ги набљудуваме великите, херојски творци како заминуваат - но бавно, скоро мирно - и се враќаат со рамномерен чекор кон површината, на која цврстиот, правилен удар на радиусот им дозволува да се свијат во склад со совршенствата на сферата. Но колку многу други има кои единствено можат да се откинат од непобедливата привлечност на центарот со нехармонична насилност, оставјќи зад себе, како лузни од лошо сошиени рани, траги од своите последователни бегства, нивните непомирливи враќања, нивните застранувачки доаќања и заминувања? Најискрените отворено го препуштаат на пропаста она кое нив ги напуштило. Други ги кријат рушевините и ова криење станува едниствената вистина на нивните книги.

Централното мест на делото е делото како потекло, место кое не може да се досегне, а сепак единственото место вредно за досегнување.

            Ова место е суверен услов. Човек може да му пристапи едниствено со посредство на завршеното дело, но делото може да биде завршено само со посредство на овој пристап. Оној кој не се грижи за ништо друго освен за блескав успех е во потрага по ова место каде што ништо не може да успее. И оној кој пишува грижејќи се единствено за вистината веќе има навлезено во магнетното поле на ова место од кое вистината е исклучена. Одредени уметници со кој-знае-каква среќна судбина или лоша среќа минуваат под овој притисок во скоро чист облик: ко случајно да му се приближиле на ова место и каде и да одат, што и да прават, тоа ги задржува. Барање заповедничко и празно, кое постојано се наметнува да ги извлече вон времето. Пишувањето, тие не жеднеат по него: за нив славата е напразна, бесмртноста на уметничките дела им е е непријатна Нивниот сјај не ги импресионира и одговорноста на работата им е туѓа. Да се живее во среќната страст на битијата - тоа е она поради што се тука. Но она што го посакуваат не влегува во сметката, та самите се изгонети во суштествената самотија од која не се ослободуваат освен со малку пишување.

            Позната е приказната за сликарот чиј покровител морал да го затвори за да го спречи да си го расфрла напразно дарот, а кој сепак успевал да побегне низ прозорецот. Но уметникот исто така имапокровителкој го затвора онаму каде што не сака да остане и овој пат нема бегање. Затвор кој. уште полошо, не го храни, но го прегладнува, го присилува на служба без почести, го казнува без причина, прави од него едно слабо и несреќно суштество без никаква поддршка освен сопственото измачување, но зошто? со надеж на грандиозно дело? Со надеж на потполно неважно, никакво дело? Самиот тој не знае ништо, ниту некој друг знае.

            Вистина е дека многу творци изгледаат послаби од другите луѓе, понеспособни за живеење и следствено пополетни да живеат. Можеби случајот е често таков. Сепак, мора да се додаде дека тие се силни во она во што се слаби, дека нова сила се раѓа во нив на самата точка во која потклекнуваат под крајноста на својата слабост. И мора да се додаде уште: кога тие се фрлаат на пишување, заборавни кон својот дар, многумина се нормални суштества, пријатни луѓе цврсто вкоренети во животот и во самото дело, на условот во делото му го должат овој вишок сила кој може да се измери единствено со најголемата слабост - оваа аномалија, загубата на светот и на себеси. Така и Гоја, така и Нервал.

Делото бара од авторот да изгуби с# што тој би можел да конструира како сопствена „природа”, да го изгуби целиот карактер и престанувајќи да биде поврзан со други и со себе, со одлуката која прави едно „Јас”, тој станува она празно место каде што неличната афирмација се пројавува. Ова е услов кој воопшто и не е услов, бидејќи со ништо не условува; тој нема содржина. Не овбрзува никого да чини ништо; тој е единствено воздухот кој мора да се дише, празнината во која мора да се створи потпирка која се стабилизира под излитено денско светло каде што најдрагите лица стануваат невидливи. Исто ко што најхрабрите луѓе се соочуваат со ризикот единствено низ велот на изговорот, многумина мислат дека да се одговори на овој повик е да се одговори на повикот на вистината: овие имаат нешто да кажат, имаат свет во себе да ослободат, мандат да преземат, својот живот неподложен на оправдувања имаат да го оправдаат. И вистина е дека доколку уметникот не се предаде на изворното искуство кое го одделува - доколку не се препушти на безграничноста на грешката и на живите песочи на бесконечно повторените почетоци, зборот почеток би бил загубен. Но ова оправдание не му доаѓа на уметникот; тоа не е дадено во искуството. Напротив, тоа е исклучено. И уметникот може мошне добро да го познава „воопшто,” исто како што верува во уметноста „воопшто,” но неговот дело не го познава и неговата потрага не го знае. Неговата потрага се изведува во немирот на ова незнаење.

 

 

 

Жак Дерида: Автоимунитет-Стварни и симболични самоубиства

Вилијам Блејк: Четирите Зои

Gordana Stojkovska: Abridging

Елен Дорион: Светлини и сенки

Бланшо: Суштествената самотија

Бланшо: Зборот кој талка

Бланшо: Маларме

Бланшо: Спиј, ноќи

Бланшо: Вон, ноќта

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by