The Home Page of Ana Pejcinova

К р и с т а л и _н а _н е с в е с н о т о
 
 
 

Автопоиезис

            Чиленаските невролози Умберто Матурана (Humberto Maturana) и Франсицко Варела (Francisko Varela) го конструирале моделот на автопоиезис како организациска црта сцојствена на сите живи системи. Тие забележале дека компонентите на живиот систем карактеристично се нестабилни: постојано се трансформираат или „се само-сочинуваат себеси.“ Уште повеќе, тие не со сочинуваат себеси независно од целината која ги поврзува со другите компоненти, туку секоја трансформација одразува друга трансформација во односната околина. На овој начин компонентите влегуваат и во процес на взаемно “сочинување” едни на други, така што целата мрежа постојано “се сочинува” сама себе. Мрежата непрекинато е сочинувана од своите компоненти и, повратно, таа ги сочинува нив.


Сепак, најбитниот резултат, или продукт на ова само-создавање на системот не е неговата структура - системот не тежи кон совршена преодредена идеја, туку кон усовршување на својата организација. Со други зборови, организацијата на соодносите, а не структурата, е целта на природната еволуција на системите. “Во еден жив систем,” Матурана и Варела пишуваат, “продуктот на неговото оперирање е неговата сопствена организација.”


Матурана понудил претпоставка во врска со феноменонот на повратната спрега – тој имплицира дека еден (нервен) систем не е единствено само-организирачки, туку е и само-референтен. Оваа врска помеѓу повратната спрега и само-референцијалната способност на системот ја одредила и новата дефиницијата на Матурана за перцепцијата. Перцепцијата не се одвива во односна некаква независна, непроменлива и објективна околина, туку е всушност повратната спрега од интеракции помеѓу различностите, во и вон системот.  Перцепцијата не е претставување на надворешна реалност, туку е постојан процес на пре-сочинување на односи внатре во мрежата: “Активностите на нервните клетки не одразуваат околина независна од живиот организам, и оттаму ова не овозможува конструкција на еден апсолутно постоечки надворешен свет.” Уште повеќе, според Матурана, перцепцијата и познанието не ни исцртуваат некаква надворешна реалност, туку повеќе ни специфицираат една можна стварност како компатибилен конгломерат од наши различности во однос на перцепираниот објект. Во терминологијата на Делез, сингуларизираат една реалност на различности, од флукс кој по природа нема никакви диференцирани карактеристики пред актот на набљудување, доносно пред актот на споредување според критериумот слично/различно.

 

 Двајцата чилеански научници решително ја разлачиле организацијата на процесите на продукција на компонентите од структуралните односи на компонентите. Структурата е создадена од актуализирани правила на организација помеѓу компонентите. Организацијата на живиот систем се однесува на организацијата на процесите кои се одвиваат во системот. Системската организација е независна од својствата на неговите компоненти, така што една организациона матрица може да се отелотвори на различни начини од различни видови на компоненти. Додека структурата се занимава со мерливи и споредливи единици (т.е. со квантитет), мапирањето на шемите во мрежата се занимава со апстрактната организација на квалитети. Оттука можеме да заклучиме дека човековиот ум не е структура на симболички или искуствени елементи, туку може да се опише како мрежа на организациони матрици на функциите на неговите компоненти, кои во возврат самите се мрежи.


Ако ја преведеме оваа автопоиетичка спецификација во однос на концептот на живите системи како мрежи, овие можат да се претстават во облик на шеми. Еден жив систем може да се мапира како конфигурација на односни шеми, кои ги изразуваат двата автопоиетички аспекти: организацијата на трансформативните процеси и структурните односи помеѓу нивните компоненти. Би смееле да предложиме: Човечкиот ум е процес на координација помеѓу организацијата на процесите на трансформација (продукција) и организацијата на структурните односи помеѓу компонентите. Нежната разлика меѓу несвесното и свесното може да се мапира преку автопоиетичкиот модел, шо н# води кон една од клучните претпоставки на оваа книга: доколку несвесното е организацијата на процесите на трансформација (сочинување), свеста е создадена од структурални односи помеѓу симболичко-искуствените компоненти. Следејќи ја Сантјаго теоријата, ниту едно од нив не е стабилна струкура, туку обете се постојан процес на промена, со спонтана тенденција да ја отелотворуваат  координацијата на целокупниот ум.

Значи, кога говориме за свеста и за несвесното, не говориме за структури, туку во обата случаи говориме за два различни типа на организација, со два различни предмети на истражување: трасформативни процеси и структура. Покрај организациите на процесите и структурата, третата компонента на живите системи според Матурана и Варела е процесот помеѓу првите. Ова, тие велат, е процесот на животот: активноста на постојано отелотворување (структурализација) на организационата шема на системот. Овој процес е она што ја поврзува шемата на живиот систем со неговата структура. Двата научника воспоставиле три критериуми – шема, структура и процес, за да ја разлачат бегливата граница помеѓу живите и неживите системи. Сите три се взаемно зависни. Шемата на организација може да се распознае единствено кога се актуелизира во физичка структура. Структурата мора постојано да се пре-организира за да &  одговара на околината и да преживее. Процесот на отелотворување на шемите е процесот на нивното пропојување. Во живите системи ова е непрекинат процес, а кога процесот на отелтоворувањето на шемата престанува, животот исчезнува.

Познание

            Можеби највисокиот придонес што Матурана и Варела го дале лежи во нивната проширена теорија на познанието ко црта на сите живи системи. Според нивната теорија, умот не е Нешто, туку е процес. Организациската активност на живите системи на сите нивоа на животот се состои во постојаната ментална активност на учење, така што животот и познанието се неразделиви. Двата невролози заклучиле дека мозокот не е нужен за постоењето на умот. Учењето (когницијата, спознавањето) е она што го дефинира постоењето на интелигенцијата; учењето се случува во секој систем способен да создава повратни спреги, а повратни спреги се наоѓаат и во наједноставните организми способни за перцепција и соодветно, за познание. Новиот концепт на умот и познанието е поширок од апстрактниот, безтелесен концепт на размислувањето. Во Генералната семантка мислењето исто така вклучува и чувствување, а во Сантјаго теоријата вклучува перцепција, емоција и акција.


Во компјутерската метафора на светот, менталните процеси се одвиваат во секвенци на линеарно време. За разлика од неа, конективниот мрежен модел има повеќе смисла како парадгиматичен модел на умот: густо испреплетени шеми кои симултано изведуваат милиони активности; заедно сочинуваат различни нивоа на организација и комплексност кои генерираат уникатни појавни својства. Она што се случува во конективниот модел е функција на она што сите компоненти го чинат како мрежа, а оваа мрежа на организациски шеми спонтано ја повишува својата комплексност во смисла на подреденост и внатрешна кохерентност во сложени матрици.

Структурално спарување

            Во Сантјаго-теоријата, когнитивниот акт се врши преку структурално спарување на повторливата интеракција на организмот со неговата околина. Еден жив ситем не реагира на стимулус од околината, ко што се сметаше во когнитивно-бихевиоралистичката психологија и раната теорија на информации: на околните или внатрешните вознемирувања системот одговара со структурални промени, во рамки на својата нелинеарна, организационо затворена, автопоиетичка мрежа. Актот на познание е акт на интелигенција во поширока смисла. Нивото на интелигентност на системот е пропорционално со флексибилноста и способноста за диференцирање содржана во системското структурално спарување со околните системи. Со други зборови, интелигенцијата може да се измери на дело во обилието на избори при структуирање, при однесувањето и начините на пропоеност кои живиот систем е способен да ги отелтовори. Во Сантјаго теоријата перцепцијата, познанието, структуралната промена и акцијата се неразделиви: познанието е активност која го одредува однесувањето, а когнитивната активност на системот станува видлива во структуралната промена, која системот ја зазема во одговор на своите когнитивни повратни спреги.
            Не секое вознемирување во околината предизвикува одговор во системот : мрежата, во согласност со својата организациска историја, формира критериуми на прецептивни граници специфични за системот; селективни критериуми кои одредуваат на кој вид вознемирување системот ќе одговори. Одговорот на целокупната мрежа на одредено вознемирување се состои во реаранжирање на матриците на пропеност. На друга страна, иако секое структурално спарување предизвикува промени во живиот систем, неговата шема на целокупна организација ја одржува својата конзистентност – системот останува организационо автономен во текот на сите структурални промени. Така, низ целата историја на структурални промени, организмот задржува унифицирачка организациска шема, која го сочинува неговиот идентитет ко организациски принцип на целината. Следува дека живиот систем е одреден на различни начини од својата шема на организација и од својата структура. Додека шемата на орагнизацијата го одредува идентитетот, структурата, вообличена како секвенца на структурални промени, го одредува однесувањето на организмот. Како што шемата на организација е менлива и себе-слична во текот на промените, така и идеентитетот всушност се однесува на оваа способност за менлива себе-сличност.
            Критериумите на селективно одговорање на системот исто така ги одредуваат и границите на толеранција во кои системот ќе &  одговара на својата околина. Доколку некоја флуктуација во околината ги премине овие граници, организациските шеми можеби ќе мораат прекумерно да се променат, способноста за пропојување на системот може да биде надмината, неговата флксибилност пренапрегната и целиот систем може да колапсира, доколу неговата структура не е способна да да ја отелотвори пренаглата организациска измена . (До имплозија може да дојде кога една компонента ќе влезе во само-засилувачка повратна спрега, која би ја испрцела силата на другите компоненти неопходна за нивна промена, и ова би одвело до стратификација на сите компоненти, освен на оној кој се самозасилува .)
           
Можеме да заклучиме: околината на една мрежа е сочинета од бесконечен број на поголеми и помали мрежи. Системот има потенцијал структурално да се спари со секоја од нив, во склад со своите граници, т.е. во зависност од својата способност да одговара и да спознава. Во информатиката околината му пренесува надворешни информациски единици на системот, додека во Сантјаго теоријата околината единствено предизвикува структурални промени, но не го одредува и нивниот вид. Структурата се формира со след на автономни промени на системот, а однесувањето е одредено од струкутрата, а не од наворешна сила. На овој начин, однесувањето е истовремено и слободно (од надворешни влијанија) и детерминирано (од историјата на претходни структурални промени).

Да се изнедри свет

            Во оваа точка можеме да речеме дека структралните промени ги конституираат актите на познание. Познанието е резултат на шема на разлачувања, а разлачувањата се перцепции на различност. Следува дека структурата е отелотворение на разлика, а организациските мапи се мапи на различности, а не на компоненти. Ко што претходно напоменавме, според Сантјаго теоријата живиот организам при перцепција не си претставува некаков објективен надворешен свет независен од набљудувачот, туку сочинува свет, или множество од нив меѓусебно поврзани со обединувачки принцип на организација. Оваа шема исто така не е стабилна: и таа е когнитивна, што значи декае само-менувачка и само-слична – се менува сама (од) себе и “по лика на себеси.”


Разлачувајќи, живиот систем постојано изнедрува свет(-ови) преку процесот на живеење. Системот специфицира кои пертурбации од околината ќе предизивикаат структурални промени; на истиот начин системот специфицира каков свет ќе изнесе. Слична структура и организациски шеми подразбираат слични изнедрени светови. Така световите кои еден систем ги изнедрува си се само-слични, а световите изнедрени од припадници на ист вид се взаемно слични. Оттаму е и способноста да комуницираме, разбираме и создаваме заедно. Комуникацијата е заедничко изнедрување на споделени светови со другите од видот.

Самосвест

Една од основните црти на која се гордееме е самосвеста. Суштински, можеме да речеме дека под неа подразбираме способност да комуницираме сами со себе. Ко што Варела навестува, не ни е доволно да знаеме, туку да знаеме дека знаеме и да знаеме како знаеме. Не е доволно да сме свесни, туку да бидеме свесни за свесноста и да бидеме свесни како стануваме свесни.


            Автопоиезис тврди дека не постои постојан субјект (автор) на нашите променливи искуства. Во оваа точка можеме да се обѕрнеме и на филозофијата и психологијата на дваесеттиот век: пост-структурализмот го употребува терминот “позиција на субјектот” - празна преграда во лингвистичката структура која & овозможува на свеста да заземе позиција на набљудувач; оваа преграда е создадена и условена од лингвистичките правила впишани во секој јазик. Да појасниме: условувањето не се врши преку видливите лингвистички правила на говорните јазици, туку преку менталните правила кои ги предодредуваат возможните разлачувања и споеви, правила кои даваат основа на мисливоста, одн. на можноста на постоењена која и да е мисла. Ако ги споиме пост-структурализмот и автопоиезис, доаѓаме до интересна мисла: она што го нарекуваме Јас е секогаш повратна когнитивна спрега, еден одраз, или спомен, обликувано од нас кога сме се набљудувале сами себе зафатени во некој процес. Може да се рече дека изнедруваме множество од нас, од наши Јас, исто како што изнедруваме множество наши светови.

Со зборови на автопоиезис, самосвеста може да се опише како структурално спарување на живиот систем сам со себе, што може да се достигне на одреден степен на комплексност. Овој вид на спарување изнедрува серија “внатрешни” светови . Само-спарените изнедрени светови ја конституираат внатрешната околина  на системот која понатаму може да се спарува со надворешно изнедрените светови. Мораме да нагласиме дека поимот на внатрешност и надворешност во овој контекст губат значење, бидејќи обата се однесуваат на светови изнедрени од страна на еден ист жив систем.


На друга страна, секој свет е населен од соодветна позиција на субјектот, и овие субјект позиции се персепктивни точки од кои свеста може да се набљудува себе. Ова значи дека сите позиции на субјекти во поединецот се во лабаво поврзани когнитивни процеси, но дека нивното познание и шеми на одговор се разликуваат. Заедничкото познание што ги поврзува субјектите-компоненти еден за друг и со заедницата е она што го нарекуваме “свест” (анг. consciousness; лат. con-scire – “да се знае заедно”). Да резимираме: човечкиот идентитет е збир (заедница) на позиции на субјекти (Јас). Секое Јас изнедрува и населува свој свет со процесот на сопственото познание. Изнедрените Јас спознаваат симултано, по принцип на конективност, а не на временска линеарност.  Еден когнитивен акт се случува кога полната повратна спрега го завршува циркуларното патување и од таа точка понатаму е на располагање да се сподели. Она што една позицја на субјект може да го сподели со други позиции на субјекти и со заедницата е она што го нарекуваме “свесно” и е на располагање “да биде познаено заедно”. Сумата на споделиво познание ја сочинува свеста. Несвесното е збир на потенцијално познание, чии повратни спреги на когнитивните акти не го завршиле својот полн круг, и така се сеуште незнаени и несподеливи.

Многу науки кои ја користеле информатиката за парадигма, ја дефинираат комуникацијата како размена на смислени информации. За Матурана комуникацијата е координација на однесување помеѓу живи организми, извршена преку взаемно структурално спарување. Јазикот се појавува кога има комуникација околу комуникацијата, координација на координацијата на однесувања. Преку взаемно структурално спарување индивидуалните системи комуницираат и го координираат своето однесување и изнесуваат заеднички светови во кои го споделуваат познанието. Трудејќи се да го споделат и да го спознаат познанието, човечките битија постојат исто така и во симболичка социјална област, која, во системска терминологија, е карактеризирана со висок степен на комплексност, флексибилност, нестабилност и непредвидливост. Јазикувањето, ко што Матурана го нарекува, симболичката координација на координацијата на однесување, е комуникација својствена на човечките битија.


Она што го населува социајлно-симболичкиот конструкт на идентитетот може да се прозре на подлабоко ниво - како збир на испреплетени шеми кои тежат да ја истражат сета своја потенцијална споивост. Не само идентитетот, туку и социјалните структури можат да се разгледуваат на овој начин . На ниво на соодноси и мрежи, системските правила функционираат еднакво и во индивидуалната психологија и во социологијата. Иденитетот може да се дефинира како мрежа на позиции на субјекти во взаемна комуникација и на свесно и на несвесно ниво, координирана преку организацијата на трансформативни процеси. Самосвеста, или само-референцијалноста на свеста, значи дека личноста комуницира сама со себе на тема: комуникации помеѓу сопствените делови и комуникации со мрежната околина. Системот на заедницата може да се дефинира на потполно ист начин како мрежа на свесна и несвесна комуникација, но можеме да додадеме уште еден интересен королар: од претходно наведеното, може да следи дека заедницата развива самосвест при комуникацијата-во-врска-со-комуникацијата во/меѓу единките или мини-заедниците.


Ко со сите мрежи, сосем е безначајно каде ќе ги исцртаме границите на системот: секој степен на организација овозможува поинакви граници. Секое ниво на организација го наследува својот специфичен степен на комплексност и така својот специфичен збир на појавни својства. Границата ги ориентира опкружените делови во еден само- и меѓу-референтен однос. Секоја исцртана граница, околу личноста или околу еден социјален систем, создава затворање (кружно пропојување) на мрежата, но но тој начин создава и споделен контекст на комуникација (значење). Овој тивок консензус на арбитрарна споделба е невидливата подлога на припадност и тесна пропоеност што се извива кон свеста во облик на заеднички убедувања, објаснувања и вредности, кои секој член на заедницата ги “знае заедно” со другите. За да му припаѓа на системот, за да располага со продуктите на системот, за да споделува и да биде штитен од заедничката граница, членот мора да го поткрепува тивкиот консензус со тоа што ќе го оддржува и засилува однесувањето кое проилзегува од споделеното знаење. Консензусот е бесценет, бидејќи им нуди готови шеми на пропојување на членовите на заедницата . Во постструктуралистичка терминологија, консензусот им нуди готови позиции на субјекти на членовите на заедницата. Да се насели една ваква позиција подразбира безусловно да се прифатат и специфични шеми на разлачување и правила на споеност. Сепак, изгледа дека свеста не настанува вон некакви условувачки ментални правила.- Фуко би рекол, “не постои ништо надвор од дискурсот”. Можеме да да го најавиме следното поглавие со оваа теза: позицијата на субјектот е носителот на дискурсивно одреден збир на шеми на диференцијација и пропоеност кои неспефицираната пред-свест ги населува.

 

Белешки:

 

Буквално, “само-создавање.”

Матурана и Варела не тврдат дека “нема ништо таму”. Она што е “таму, надвор” едноставно нема никакви предодредени карактеристики. Ништо не постои независно од когнитивниот процес. Не постојат објективно егзистирачки структури; нема претходно зададена територија од која правиме мапа – правењето на мапата само по себе буквално ги создава, или изнедрува, цртите на “територијата”.

Според Грегори Бејтсон, менталните процеси неизбежно се појавуваат на одредено ниво на комплексност и се независни од формацијата на мозокот. Тој го предочил приссуството на специфична умственост во социјалните системи и екосистемите. Бејтсон забележал дека човечките битија размислуваат според соодноси, а не според елементи. Се обидел да ја опише природата со “јазикот на природата”, а овој за него е јазикот на соодносите, кои се суштина на живиот свет.

Бејтсон ја дефинира интеракцијата помеѓу деловите на умот ко иницирана од разликата.  Во својата книга “Ум и природа” (“Mind and Nature”) тој тврди дека информацијата нужно е новост за разлика и дека сета перцепција на различност е омеѓена од специфициран праг. Разлики кои се премали или пребавно претставени не се забележуваат, а оние кои се пребрзи или преголеми се неспознатливи. Ефектите на различноста, со негови зборови, се трансформи, кодирани верзии на настаните кои им претходеле.

На пример, лудило во одговор на посттрауматско пореметување во последица на стрес (Post Traumatic Stress Disorder)

На пример, претерано посветување на работата (workoholism) на смека на негување на пријателства, семејни односи, забава, хоби и одмор. Примордијалната привлечност на повторливоста му оневозможува на човека да го напушти шаблонот на оденсување колку и да е исцрпувачи и самодеструктивен. Повеќе работа ќе значи само повеќе работа, а не плата која обезбедува повеќе време, среќа уживање и квалитетни човечки односи.

“да се изнедри свет” е термин воведен од Матурана; во англиската верзија – “to bring forth a world”.

“Ко што осознаваме како осознаваме, се изнедруваме  сами себе.” – Франциско Варела.

Германскиот социолог Никлас Луман (Niklas Luhmann) ги нарекува бинарни кодови на диференцијација (на пример, систем/околина, вистинито/невистинито), кои го овозможуваат создавањето на свеста.

Лингвистичко-семиотичката средина исто така се сочинува со структурално спарување, а во автопоиезис овој чин се нарекува “јазикување” (“languaging”).

Луман разви еден уникатен автопоиетички пристап кон социјалните системи: тој тврди дека комуникацијата во човекиот модус е специфичен облик на автопоиетичка репродукција. Негоавта напредна теорија на системите е решителен преод од структуралистичкото сфаќање на поимот систем: според него, се работи за системи на диференцијација, а не за системи на елементи. Тој го дефинира светот како сума на дистинкции (различности), а не на објекти. Диференцијацијата  зависи од  системската референца и произведува бинарен код кој ја насочува комуникацијата, а комуникацијата е идентична со моќта која системот ја аплицира врз своите диференцијални подсистеми. Повеќе за ова е достапно во неговата книга “Теорија на системите”, а за апликацијата на автопоиетичката системика врз прашањата на поединецот во неговите “Есеи за самореферентноста”.

Повеќе за применливоста на комплексните модели врз заедниците, за функционалните и нефункционалните шеми во поединците и социјалните системи е во “Прилогот 1: Хаос во јазикувањето на заедниците”.

 

 

Zipped Word Format

   versions  

 

Системската парадигма

Автопоиезис

Позицијата на субјектот

Мрежен ум

 

 

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by