The Home Page of Ana Pejcinova

T h e  W a y  o f  D r e a m s : T h e  O r p h a n
 
 
 

Ходниците на умот

 

 

Почнаа доцна попладнето. Лара држеше тетратка и пенкало, со инструкции да фаќа белешки. Иако навистина и’ личеше на школски час, почна да станува љубопитна за ваков вид на школување.

 

„Ќе ја учиме оваа соновна вежба, вежба на повратување на сеќавањата и соништата, и потем ќе можеш да ја правиш и сама. Прво,“ започна Џон, “никогаш не ја прави со кошмари. Сама, можеш да работиш само на пријатни соништа сега за сега. Ако имаш тешки соништа, вети ми дека веднаш ќе ми кажеш и заедно ќе ги сонуваме, ако воопшто треба.“

„Добро, ветувам,“ одговори Лара, загрижено присетувајќи се дека навистина имаше ноќни мори понекогаш.

„Сега, како почнавме? Од самиот почеток.“

„Седнав и замижав,“ одговори Лара ревно.

„Да, и го опушти телото, дел по дел. Кои делови ги опушти прво?“

„Ножните прсти. После продолживме со табаните и глуждовите, и после со потколениците и колената, па со бутовите и колковите,“ набројуваше Лара бавно, следејќи го показалецот на Џон кој покажуваше на различни делови од нејзиното тело кога таа не беше сигурна како да продолжи. „После со стомакот, па со градите и ’рбетот, па рамењата, лактовите, рацете цели, зглобовите на дланките и прстите. После... беше вратот, вилиците и образите, па устата, носот, очните капаци и веѓите, челото и... темето?“

„Токму така. Сега напиши го овој след. Знам дека звучи бесмислено да се пишуваат делови од телото, но направи ми ќеиф, те молам.“

Лара пишуваше со кренати веѓи, како да прави нешто мошне значајно. Погледна во Џон со очекување.

„После, што сторивме со твојот здив?“

„Ми рече да го осетам здивот и воздухот како се шири низ ноздрвите,“ девојчето запра додека Џон не покажа околу нејзината глава, „низ мојата глава и околу неа, грлото и белите дробови. А после како се издишува надвор по ист пат.“

„Точн. И ти реков да го осеќаш ова додека го осеќаше своето опшутено тело. Запиши го и ова. Постојано држи го телото на ум.“

„Звучи смешно, да се држи телото на ум,“ се пошегува Лара.

„Умот може да ти биде широк да содржи неколку тела,“ одговори Џон полу-сериозно, „иако можеби мислиш дека е тоа само еден мал ум затворен во твојот череп. Голем е колку полјаната и шумата, можеби и поголем.“

Лара го погледна зачудено.

„Да се вратиме на она што го правевме утрово. После тоа, што ти реков да сториш со здивот после третотот вдишување?“

„Да, ми рече три пати да дишам... Не се сеќавам.“

„Ти реков да замислиш дека го гледаш воздухот како ти ги исполнува опуштените делови на телото...“

„Да, да... и тоа во истиот след како опуштањето: воздух во ножните прсти, воздух во табаните, во глуждовите...

„Точно, и така натаму. Сега, ова што го набројавме сега, следот на телесно опуштање и следот на здивот, секогаш ги правиме на почеток на секоја умствена вежба. Тие се основата.“

„Добро,“ рече Лара играјќи си со пенкалото.

„Откако ги завршивме овие следови, ти реков да се сетиш на она што можеш од сонот. Можеше да се сетиш на само две работи: полјаната и чувството за неа. Една работа е доволна, а ти имаше две: слика и чувство.“

„Да,“ Лара пишуваше, а Џон продолжи.

Нејзините белешки вака одеа: След на сетилата: Затвори ги очите, замисли дека пак го гледаш (она на што се сеќаваш), види боја, осети мирис, осети допир, слушни звук, одмери величина, густина, тежина, топлина, најди меѓи. Погледни во меѓите, погледни преку нив. Употреби ги сите сетила, како претходно напишано, на она што е надвор од меѓите.

„Џон, не го направивме сево ова.“

„Вистина; не изгледаше неопходно. Направи го целиот след на сетилата во детал само ако не можеш јасно да се сетиш за што бил сонот. Утрово лесно успеа да влезеш во сонот, па останавме на само малку сетила. Меѓутоа, ако работиш сама, може да најдеш дека е потешко да се концентрираш на сонот. ПОмага д аимаме некој со нас да не’ боди низ нашите соништа, оти мочта на некои соништа може да не’ преплави и можеме да заборавиме дека постоиме и надвор од сонот. Со други зборови, кога вежбаш сама, може да заборавиш дека работиш со сонот, и само ќе заспиеш во него и ќе го сонуваш пак без да промениш ништо во него. Работи со сите сетила за да се одржиш будна кога си сама.“

„А зошто ги правиме сите овие ситни работи?“

„Постои едноставно правило за будниот ум: умот делува ко да е мошне умен, но може да содржи само седум нешта одеднаш, плус-минус две. Секој човек има различна граница колку нешта може да одржува едновремено во умот. За младите, обично помал број. Со вежба, поголем. Кога го полниме умот со повеќе отколку што може да одржи, тој престанува да мисли нешта и почнува да мисли движења, т.е. соодноси, со-однесувања – што едното нешто му прави на другото, и обратно, значи, умот почнува да мисли што се случува помеѓу нештата, а не мисли на нештата сами. Во овој случај, твојот ум се придвижи низ сонот по само неколку ’ситни работи,’ ко што ги нарече.“

„Зошто, што се движи?“ запраша Лара, сега сосема збунета.

„Всушност ги користиме соништата да го извежбаме умот. Умот е направен од многу различни простории, лабаво поврзани една со друга со ходници, тунели, премини и врати. Сепак, будниот ум верува дека не може да се движи и обично престојува во само една просторија. Насоне, меѓутоа, умот се движи од една во друга просторија, но едвај нешто памти од тоа кога ќе се разбуди. За навистина да го придвижиме умот од едно до друго место кога не спие, мораме да го натераме да заборави дека верува дека не може да се движи.

„Да заборави дека не може да се движи?“ Лара ги повтори зборовите на Џон без разбирање.

„Да, некако, го преваруваме умот да го заборави своето лажно убедување дека е неподвижен, стабилен и цврст. Го преваруваме со тоа што го полниме со премногу сетилни осети. Не може да содржи повеќе од седум, па нема веќе сила да се брани од движењето. Гледаш, движењето е вистинската природа на умот, нешто што тој го има заборавено.“

„Но зошто умот си мисли дека не може да се движи?“

„Ако имаш десет спални соби, во колку би спиела?“

„Во една, се разбира. Не можам да спијам во повеќе спални наеднаш! Но прво ќе ги испробам сите спални, секоја ноќ друга, и ќе си ја одберам најдобрата. И после секогаш ќе спијам во најдобрата спална.“

„Токму така. Исто ни умот не може да спие во многу соби; исто и тој ја одбира најдобрата соба за да спие во неа постојано. А ако имаше десет соби да чистиш секој ден, колку од нив ќе исчистеше дневно?“

„Десет соби? Премногу! Ем досадно, ем би се уморила и ништо друго не би правела, само да чистам цел ден. Не сакам десет соби!“

„Повторно точно - исто не сака ни умот. Мора да се справува со една соба, еден свет, ако сака да прави било што друго освен да чисти. Но умот навистина има многу простории, иако можеби и не е баш среќен со тоа.

Токму како што рече, умот отпочеток обидува разни простории и наоѓа која му е најзгодна. Најзгодната спална му станува дневна соба на умот. Потоа, умот се навикнува на оваа една соба, и ко што годините минуваат, заборава на другите соби, а дури заборава и дека воопшто може да влегува и излегува од собите. Ноќе, умот може да ѕирне на кратко во соседните соби, но ретко се осмелува да исчекори далеку по ходниците. Дење, обично заборава што видел по ноќните лутања.

Меѓутоа, други нешта од далечните соби можат да се движат и понекогаш налетуваат на собата на умот. И после умот мора да се справува со нив. Мора да им посака добредојде,“ Џон го спушти гласот и погледна зад очите на Лара. Направи движење со прстите ко нешто да испишува во воздухот зад нејзиниот грб. „И мора љубезно да ги праша што сакаат, најљубезно да им одговори и да ги испрати по свој пат.“ Овде Џон запра за миг, гледајќи дека очите на Лара се отворија до крај и таа престана да дише загледана во него. Тој се опушти и нежно ја допра по рамо.

„Диши,“ и’ рече.

Лара се стресе и се расмеа. „Чуден си!’

„Чуден сум сосема, а и ти не си помалку чудна,“ мило и’ одврати тој. „Назад кон утрово. Она што го имавме утрово беше едноставен сон и ја поминавме само основата на овој соновен след. Немаше животни или луѓе и други нешта за да разговараш со нив во сонот. Тоа ќе го сториме со некој друг сон. Сега за сега, да се вратиме на оној дел кога го преваруваме умот во неговото погрешно убедување дека не може да се движи. Прво, умот ти веруваше дека не може да се сети на ништо друго освен на полјаната и чувството на убаво. Го наполнивме твојот ум со осети, погледи, мириси и чувства; така го поканивме умот да погледне околу себе. Потоа, направивме тој да се прошета по околината, да влезе во друга соба, со полјана и со шума. Кој живееше таму?“

„Само јас,“ одговори Лара.

„Ти како тригодишна,“ нагласи Џон. “Некои од овие умствени соби се прават во минатото...“

Лара го прекина, „Џон, а колку тоа соби има во умот?“

„Колку соништа досега си имала?“

„Не се сеќавам, многу.“

„Толку многу соби има, а додај ги и соништата кои си ги заборавила, ќе ги сонуваш и сите кои можеби ќе ги сонуваш. Толку многу простории има умот.“

Слика на простории и ходници кои се простираат во сите правци од нејзината глава ја преплави Лара.

„А уште е тука и подрумот, балкните и поткровјето на сето тоа,“ Џон и’ ги пратеше мислите. „А после се и големите порти на умот.“

„Многу,“ затрепка Лара.

„Да, и не е ли тоа извонредно? Колку многу полјани и шуми обично забораваме ако не се сетиме на нив наутро? Помисли си само: да не ја направи оваа вежба утрово, твојот живот ќе беше посиромашен за една прекрасна полјана и една шума која изгледаше страшна на почеток, но потем стана возбудлива. Замисли колку многу непознати нешта и предели ти се во просториите, и на сите можеш да се сетиш.

Лара климаше со глава, размислувајќи сега за убави и возбудливи соби, наместо за чистење и плашење.

„Да се вратиме на полјаната за последен пат,“ продолжи Џон. „Ги најде бојата и мирисот на полјаната, а потоа си погледна во стопалата. Си го осети телото таму, со други зборови, го осети телото кое твојот ум го носи во таа полјана-соба. Забележи дека ретко умот го носи истото тело во различни простории, само што ова е прво што не го забележуваме кога се сеќаваме на соништата. Сосема е нормално, на пример, да си се најде умот како носи тела од различна возраст, на различни луѓе, па дури и на разни животни.“

„Така е! Еднаш сонував дека сум животно, волчица,“ викна Лара.

„Волчица?“ На Џон му се споија коцкичките. „Мора да повежбаме со тој сон некогаш. Може да излезе убава приказна.“

„Добро,“ девојчето заплеска со рацете. „Може уште утре?“

„Не толку брзо, прво треба да научиш да разговараш со соништата.“

„Добро де,“ полетот на Лара спласна.

„Назад кон твојот сон. Не се чувствуваше пријатно на местото кое прво го памтеше: стоеше на работ на шумата и се плашеше од неа. Затоа ти реков да излезеш од неа и да застанеш на полјаната кадешто се чувствуваше мирна.“

„Сфаќам, фала.“

„А после, сепак, ти реков да се завртиш кон шумата.“

„Отпрво се плашев.“

„И да го послушавме тој страв, сеуште ќе одеше боса и не ќе сакаше шуми.“

„Да, а не беше шумата крива.“

„Добро речено. Така, соочувајќи се со шумата, го појача стравот и тоа ти помогна да ја најдеш вистинската негова причина. Следниот пат можеш да откриеш чие и какво тело носиш следејќи го истиот след со поглед: од прстите на нозете до темето. Тогаш, чувството внатре во тоа тело е клучот, или барем клучалката, на тој сон, причината зошто воопшто го сонуваш.

Ова е мошне важно. Чувствата во сонот може да се чинат дека доаѓаат од нешто во сонот; меѓутоа, откако ќе се сетиш на своето соновно тело, може да најдеш дека сите чувства во сонот имаат корен во твоето тело, доаѓаат од тебе и се однесуваат на тебе.

       Кога така ќе си ги разбереше подобро соновните чувства, можеш да најдеш што ги предизвикува и како да ги разрешиш. Во сонот, ти изнајде дека стопалата ти се боси и сутедни, и се плашеше да не се повредиш. Тогаш го употреби сегашниот ум, умот на оваа деветгодишна Лара, да и’ помогнеш на тригодишната исплашена Лара – направивте чевли од кора и тревки. Запамети: она што го правиш во сонот мора да биде од сонот. Ти не замисли, на пример, дека купуваш чевли од продавница, просто немаше продавница на полјаната. Само знаење, свест, сила, храброст, и слично, никогаш предмети и битија, смеат да дојдат од надвор, и тоа мора да дојде само од тебе и од никого друг. Не бев јас тоа што ти кажа да си направиш чевли, нели? Само ти реков да најдеш решение и ти го најде сама. Дали ова има смисла?“

„Да, некако. Беше, се осеќаше... некако, м-м...“ Лара не можеше да најде збор.

„Право? Природно? Таман?“ се обиде да и’ помогне Џон.

„Така! Тоа, и плус добро... Ама чудно... да си ги преправам соништата.“

„Такво е вистинското сфаќање, кога нешто се осеќа некако право, природно, таман, добро. И да, секогаш е чудно чувство кога се создава ново. Уште една работа те молам запамети: не дозволувај никому, дури ни на мене, да ти кажува што да правиш со своите соништа. Дури и да ти е мошне близок тој човек со кого сонувате заедно. Дури и тој човек, тој или таа, да те сака многу. Никој, никој не смее да ти ги менува соништата по свој тертип, добро?“

„Добро,“ климна Лара, иако не разбираше сосема зошто.

„И ова е крај на денешниот час. Можеме да завршиме со епилог: кога ќе најдеш решение во сонот, уживај испробувајќи го се’ додека не се навикнеш на него и не ти здосади. Остани си во сонот и види како нештата ќе се променат. А сега, ќе те замолам да ја повториш оваа вежба на сеќавање утре наутро сама, со следниот сон што ќе го сонуваш.“

Лара ги запшуваше последните белешки. Лекцијата нагло заврши и слики сеуште и’ пловеа пред очи. Погледна во часовникот на ѕидот. Само два часа беа изминале откако почнаа.

„Вечера?“ ја покани благо Џон.

„Гладна сум...“ не дорече Лара полетно.

„... како волк, знам. И јас,“ стариот човек ја заврши реченицата со чудна насмевка.

 

 

 

The Way of Dreams

Part I: The Orphan

(excerpt)

 

Ch. One: The Little Thief

One long conversation in the park

The story of the ugly crow and the eagle

Ch. Two: The Mountain Nest

The story of the silly little wolf-cub

The feathery guide

Ch. Three: The Way of the Body

Past times coming back

Ch. Four: Dreaming Together

The corridors of the mind

Ch. Five: School

Punch me

 

Патот на соништата

Прв дел: Сираче

(извадок)

 

Гл. прва: Крадец

Еден долг разговор во паркот

Приказна за грдata вранa и орелот

Гл. втора: Планинско гнездо

Приказна за глупавото волкче

Пердувест водич

Гл. трета: Патот на телото

Минатото се враќа

Гл. четврта: Споделен сон

Ходниците на умот

Гл. петта: Училиште

Удри ме

 

Short Stories:

 

The Joys of Love

The Snowflake

The Master and the Horse

The Man Whom Time Had

Човекот кого времето го имаше

The Strange Dream of the Hermit

The Book of Silence (unfinished)

 

 

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by