The Home Page of Ana Pejcinova

T h e  W a y  o f  D r e a m s : T h e  O r p h a n
 
 
 

Поглавие четврто: Споделен сон

 

 

Штом Лара оцврсна и научи како да си го владее телото, Џон започна поинакви вежби со неа. И’ вети дека ваквите вежби ќе и’ помогнат да памти и училишни лекции и соништа. Ја привлекуваше втората работа, кога ја поврзуваше со птицата која ја беше еднаш сонувала.

Повратната вежба, ко што Џон ја нарече, и’ изгледаше доста лесна. Под негово водство, ќе седнеше на под, ќе ги затвореше очите и ќе го ослабавеше телото ко да се преправа дека заспива. Исправената положба ја спречуваше да задреме, а гласот на Џон ја водеше низ процесот.

„Вчера вечер си сонувала убав сон со зелена полјана во него, но велиш дека не можеш да се сетиш што тоа било убаво во него.“

„Да,“ одговори Лара бавно. „Се сеќавам на зелена полјана.“

„Сакам да си замислиш во мислите сега дека можеш да ја видиш таа зелена полјана. Опиши ми го нејзиното зеленило,“ гласот на Џон му наподобуваше на тој на Лара по тон и бавност.

„Темно зелена на краевите и светла во средина...“

„Можеш да и’ го осетиш мирисот?“

„Како мокра трева ноќе.“

„Значи, тоа е зелена полјана ноќе, така?“

„Да. Можам да видам и ѕвезди горе.“

„Колку е голема полјаната? Колку собава, колку куќава, колку градината или многу поголема?“

„Поголема.“

„И погледни на крајот на оваа голема полјана. Што лежи зад крајот на полјаната?“

„Шума. Сега се сеќавам!“ Лара ги отвори очите. „Имаше и шума околу полјаната.“

„Одлично што се сети на шумата. Затвори ги пак очите. Опиши ми ја сега шумата околу полјаната.“

„Длабока, темна, се движи... Жива.“

„Како се осеќаш кога гледаш во шумата.“

„Се плашам малку.“

„Сега погледни пак во полјаната... како се чувствуваш сега?“

„Добро,“ на Лара и’ се врати насмевката.

„Добро. И со тоа добро чувство, погледни си во стопалата. Кажи ми што гледаш.“

„Стопалата ми се боси и ладни. Земјата е влажна и не знам каде смеам да стапнам во темница. Се плашам.“

„Не е ни чудо да се плашиш ако стопалата не ти знаат каде смеат да стапнат во темница. Погледни си околу стопалата; дали се во полјаната или се во шумата?“

„Стојам на работ на шумата и зелената полјана е баш пред мене. Полјаната изгледа толку мирна.“

„Да беше на полјаната, дали ќе ти се плашеа стопалата од стапнување?“

„Не, тревата изгледа мека и пријатна. Сакам да одам по трева.“

„Тогаш, ќе те замолам да сториш нешто необично сега. Гледајќи ја полјаната во мислите, исчекори од шумата и стапни во тревата.“

Лара издиша со очите црвсто затворени, но телото наеднаш и’ се олабави. Се исправи. „Ова е многу подобро, ама не беше вака во сонот.“

„Да, меѓутоа, ова е твој сон и твоја полјана и можеш да сториш со нив што сакаш,“ се насмеа тивко Џон. Лара се озари од помислата.

„Сега,“ продоложи тој, „ко што стоиш на полјаната, чувстувајќи ја тревата под стопала, погледни наокулу. Дали има нешто посебно, непто различно на полјанава?“

„Не, ништо посебно. Само трева, и некакви цвеќиња со затворени пупки, дека е ноќ. Ништо друго.“

„Добро. Уживај си малку во тревата и гледај наокулу. Можеш да погледнеш и во ѕвездите. Речи ми ако забележиш било што необично.“

Очите на Лара се движеа зад затворените капаци. Џон ја набљудуваше нејзината насмевка, внимавајќи дали ќе се промени. Не се промени.

„Добро,“ рече тој по некое време. „Сега ќе те замолам да се свртиш со лице кон шумата од која дојде.“

Лара престана да се насмевнува.

„Можеш да останеш во тревата на полјаната колку долго сакаш,“ ја успокои тој. „Само гледај во шумата.“

„Добро де. Таму е,“ промрмори таа потиштено. „шума.“

„Сеуште ли се плашиш од шумата, Лара?“ благо ја запраша Џон.

„Да.“

„Замисли, да отидеше во шумата, што ќе те плашеше?“

„Стопалата. Боси се. Ќе боли,“ ја стисна таа устата.

„И во право си да се плашиш да не се повредиш. Кој не би?“ прифати Џон. „Погледни си пак во стопалата на меката и пријатна трева...“ Лара ја наведна главата ко да гледа надоле.

„Погледни си погоре сега по своето тело во сонот: во листовите сега... па во колената... па целите нозе... трупот... и рацете... Дали се облечени или не?“

„Носам кратки панталони и маичка. Бели.“

„И остеи го тоа тело облечено во бели кратки панталони и маичка. Колку години има телото во белите катки панталони и маичка?“

„Де... Три!“ извика Лара.

„Па не е чудо што едно тригодишно девојче со боси стопала би се плашело да оди по шума ноќе. Ти, меѓутоа, имаш девет години, така?“

„Така,“ се согласи Лара, сеуште намуртена.

„Ако мислиш,“ тој продолжи, „на начин на кој деветгодишната Лара размислува, ако размислиш како да ги заштитиш стопалата на една помала тригодишна Лара, на што би помислила?“

Лара размисли. „Па, малата Лара мора да најде нешто да си ги покрие стопалата прво...“

„Можеби да употреби нешто од околината?“

„Па, може да најде кора и да ја врзе со трева,“ наглас премислуваше Лара. „Баш како сандала.“

„Изгледа како одлична идеја. Каде би можела малата Лара да најде парче кора и доволно долги тревки?“

„Сега стои среде трева, па може да си земе цела рака тревки, ама за кората мора да оди во шумата.“

„Замисли дека земаш цела рака тревки и држи ги цврсто во рака.“ Џон почека Лара да го заврши замисленото движење со рака. „Дали си спремна да влезе во шумата за да побараш кора?“

„Да... ама пак се плашам.“

„Тогаш, чувствувајќи го тој страв, појди кон шумата и застани на ивицата. Вака, можеш да  бараш кора а сепак да си блиску до полјаната. Слободно побарај парче кора.“

Лара се насмевна и ја пружи раката ко да крева нешто од земја. „Најдов. Две кори, рамни, ко за стопала.“

„Сега, можеш ли да замислиш дека веќе си ја врзала кората за стопалата со тревките?“

„Е, ама брзо!... Да, добро.“

„Твој сон е и времето в него е твое исто така. Можеш да го забрсуваш или забавуваш колку сакаш.“

Лара ја заниша главата во неверица, но сеуште се смешкаше.

„Сега, сакам да замислиш дека стоиш во своите нови чевли од кора и трева, и дека ги обидуваш како се оди со нив. Добри ли ти се?“

„Малку тврди, ама може да ги наполнам со мека трева.“

„Замисли си дека веќе си ги наполнила со мека трева... Сега добри се?“

„Да, меки се. Сега можам да одам.“

„Тогаш, обиди се да одиш по шумата. Дали се плашиш?“

„Не, добро ми е. Чудно. Сакам да ја видам шумата, ама сакам и да се вратам на полјаната понекогаш.“

„Добро, можеш да ја истражуваш шумата и да се враќаш на полјаната кога сакаш. Слободно уживај си во прошетката. Ќе те оставам сама сега.“ Џон бесшумно ја напушти собата во која Лара остана со очите цврсто затворени.

 

Околу петнаесетина минути подоцна, девојчето го најде стариот човек во градината.

„Џон, што беше тоа? Шумата и сонот?“

„Беше тоа твој сон, па не можам подобро од тебе да знам што беше тоа. Ти ми рече дека е за едно босо тригодишниче и страв од шума. Изгледа ко нешто да ти се случило кога си имала три години, и си се чувствувала ранлива и исплашена. Сега, ко што имаш девет години, можеш да најдеш решенија кои не си можела да ги замислиш како тригодишна. Ова и го сторивме. Внесовме деветгодишно решение во сонот на едно тригодишниче. Ти годеше ли?“

„Да, да. Но што беше вежбата? Одење во шума?“

„Одење во шума беше еден дел од вежбата, но дали се сеќаваш што направивме на почетокот кога можеше да се сетиш само на  полјаната и дека ти била убава?“

„Да, испадна дека има шума околу неа.“

„Токму така. Се сети дека имало шума, а уште поважно, се сети на сопственото тело во сонот. Всушност едно тригодишно тело го сонуваше тој сон. Понекогаш, кога имаме ситуација со прашање кое не можеме да го разбереме, продолжуваме да ја сонуваме. Подоцна, го забораваме прашањето, но продолжуваме да го сонуваме сонот на, да речеме, не-разбирањето. Соништата понекогаш ни враќаат дел од прашањето кое сме го заборавиле. Обично носат и дел од одговорот на тоа прашање. Ако целосно се сетиме на сонот – не само полјаната, туку и шумата и ѕвездите и сите ситни детали во него – и менувајќи го на начин кој е природен за сонот, можеме да се сетиме на целото прашање и да го одговориме.“

„Па што ми беше прашањето?“ збунето праша Лара.

„Метафорично речено, беше за способноста да се оди ноќе по шума, мислам. Но не знам што таа метафора значи за тебе. Без разлика, твое беше прашањето и твој одговорот. Ако веќе е одговорено, дали е битно да го прашуваме пак?“

„Што значи ’ме-та-фо-ра’?“

„Метафората е телесна слика, обично од природата, која се користи да опише нешто нетелесно, нешто невидливо и внатре во умот, како мисла – како радост, добрина, убавина, болка... На пример, сонцето е таква слика. ’Да се посегне по сонцето’ не значи да се пружи телесната рака нагоре да се допре вистинското сонце, туку значи да се има идеи, цели убави како сонцето и далечни како сонцето, и дека човекот кој посегнува по сонцето се обидува да ги оствари овие идеи. И така, сликата на надворешното сонце стои за внатрешното сонце на идеите.“

„Ама како е шумата метафорична?“

„Шумата е исто толку древна метафора како и сонцето. Сепак, секоја метафора има повеќе значења, некои пријатни, некои непријатни. Како сонцето: може да значи нешто светло, топло, убаво, совршено округло, ритмично како ден, но исто може да значи и жед, жега, суво, горење и така натаму. Како што беше шумата?“

„Како... голема, жива... темна... се движеше... Не знам!“

„Што и да значи, шумата, сонот воопшто, е место во тебе. Твој е и може да се каже дури дека сонот си ти, шумата си ти. Како се чувствуваш сега?“

„Мирна?“ одговори Лара ведро.

„Одлично. Изгледа си го одговорила старото прашање на тригодишната Лара иако не можеш да си го кажеш во мисла. Сега, еве ја твојата вежба: размисли за она што го сторивме и обиди се да се сетиш на секој чекор што го направивме. Попладнево ќе ја поминеме пак вежбава на споделено сонување  и ќе научиш да ја правиш сама со себе, без мене.“

 

 

 

The Way of Dreams

Part I: The Orphan

(excerpt)

 

Ch. One: The Little Thief

One long conversation in the park

The story of the ugly crow and the eagle

Ch. Two: The Mountain Nest

The story of the silly little wolf-cub

The feathery guide

Ch. Three: The Way of the Body

Past times coming back

Ch. Four: Dreaming Together

The corridors of the mind

Ch. Five: School

Punch me

 

Патот на соништата

Прв дел: Сираче

(извадок)

 

Гл. прва: Крадец

Еден долг разговор во паркот

Приказна за грдata вранa и орелот

Гл. втора: Планинско гнездо

Приказна за глупавото волкче

Пердувест водич

Гл. трета: Патот на телото

Минатото се враќа

Гл. четврта: Споделен сон

Ходниците на умот

Гл. петта: Училиште

Удри ме

 

Short Stories:

 

The Joys of Love

The Snowflake

The Master and the Horse

The Man Whom Time Had

Човекот кого времето го имаше

The Strange Dream of the Hermit

The Book of Silence (unfinished)

 

 

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by