Поглавие трето: Патот на телото
„Олабави се, Лара, олабави се!“ гласот на Џон загрижено одекна по четврти пат следното утро. „Мораш да ја најдеш исправната телесна позиција за да ти се исправи умот.“ Лара ги премести рацете и нозете, со стиснати усни, одлучна и нема. Стоеше боса на тревата во градината на куќата, додека тој кружеше околу неа, гледајќи и’ ги движењата и давајќи и’ инструкции. Се обидуваа да ја постигнат таквата „исправна“ позиција, што и да имаше Џон на ум со тоа, веќе цел час. Телото на девојчето беше напнато и некоординирано, и секоја позиција што ќе ја заземеше изгледаше неприродно и извиткано. „Да почнеме од почеток,“ Џон длабоко воздивна. „Исправи се, те молам, со раширени стопала.“ Лара воздивна уште подлабоко, доста обесхрабрена. Се исправи и малку ги рашири стопалата. „Исправи го грбот,“ и’ порача Џон. Таа го здрви грбот како војник на парада. Џон изреагира, „Не, олабави го малку: не го исфрлај стомакот... опушти ги рамењата... не толку наназад...“ Сеуште не беше задоволен. Секој дел од нејзиното тело се однесуваше ко да има сопствена волја и си правеше по свое без оглед што Лара сакаше да стори. „Рашири ги стопалата во ширина на рамењата.“ Лара ги рашири стопалта далеку едно од друго и изгуби рамнотежа. Повторно Џон реагираше: „Не толку, те молам, малку помалку.“ Тој ја одмери ширината на рамењата на девојчето и ја одбележа на земја. „Волку. Добро, затвори ги стопалата; погледни, дали се паралелни едно на друго?“ Таа потврди. „Сега,“ Џон продолжи, откако нејзината положба почна да наликува на она што тој го имаше на ум, „коцентрирај се на ножните палци и втриј ги во почвата. Осети ја земјата, уживај во нејзиниот допир. Нека ти се залепат палците за земја, ко да се корења.“ Почека. „Сега, замисли си дека од почвата извира сила, течна сила... Замисли си дека можеш да се споиш со таа силата на земјата, ко сите растенија што прават: ја влечат својата сила од почвата и ја пуштаат да им тече низ телата. Нека твоите палци-корења го сторат тоа за тебе. Пушти го остатокот од телото да се препушти во тој ток.“ Лара затрепка под потта што и’ се лиеше по челото, малку наведната во половината да си ги види стопалата, и напорно се обидуваше да замисли нешто што тече од земјата. Џон полека продолжи. „Отклучи ги колената, само малку свиј ги... не толку, половина од ова што сега го стори... добро.“ Повторно воздивна. „Олабави ги колковите... исправи се, но пушти ја половината слободно... Опушти ги рамењата.“ Штом ќе се сосредоточеше на еден дел од телото, Лара ко да ги забораваше сите други делови и овие си се виткаа и грчеа како сакаа. Ако се сосредоточеше на колената, рамењата ќе и’ се наведнеа нанапред; ако се помрднеше во колкови, ’рбетот ќе и’ се извиткаше или пренапред или преназад. „Во ред е, доволно за прв пат. Седни си на земја,“ ја покани Џон на крај. Лара се сруши разочарано на земја, со збунет и несреќен израз. Погледна во Џон со прашање во очите. „Лара,“ замислено ја праша Џон, „можеш ли да се сетиш на некој момент на мир во твојот живот?“ Таа го наведна погледот и изгледаше збунето. „Некој момент на... хармонија, на склад?“ ја запраша пак, обидувајќи различни зборови кои можеби би одекнале со препознавање во неа. Набрзо сфати. „Дали можеш да се сетиш било кога во животот да си се чувствувала потполно мирна, кога се’ било во ред?“ Немањето на одговор му го искажа на Џон потресното отсуство на било какво искуство во нејзиниот живот блиско до поимите кои тој ги беше набројал. „Не разбирам што сакаш од мене!“ Лара растревожено и засрамено му одврати. Џон прекина со прашањата. „Драго дете, ми се чини дека ниту твоето тело ниту твојот ум немаат никогаш искусено мир или склад. Вака, кога ти велам да се опуштиш, инструкцијата не ти значи ништо, никакво искуство во тебе не одговара на зборот ’опуштање,’ бидејќи никогаш телото или мислата не ти биле сосема опуштени. Додека не научиш како да олабавуваш, нема да знаеш како да стегаш. Олабавувањето значи жнеење сила, стегањето значи сосредоточување на таа сила. Ддека не се опуштат, телото и умот нема да можат да се сосредоточуваат, па ниту да се ускладат. Така нема да можеме да прејдеме со посложени вежби... Мораме да почнеме поинаку,“ тој подзастана. „Сакам да ти го обучам умот повеќе од телото, но очигледно умот нема да научи нешто што телото не искусило.“ Лара болно го погледна. „Меѓутоа, имам една идеја. Можеме да го обучиме твоето тело на хармонија, за умот да ти учи од телото. Би сакала ли да одиш и вежбаш еден вид на спорт со група други деца?“ „Што да вежбам?“ „Тоа е и уметност и дисциплина на телото, но исто и на умот. Оди прво како физички тренинг и правиш многу вежби заедно со група деца под водство на еден мошне добар тренер. Можеме да одиме и да ги видиме како вежбаат и тогаш ќе можеш да се решиш дали ти се допаѓа или не.“ „Ама не знам никого таму...“ „Тоа е во ред. Кога други деца одат таму прво, и тие никого не знаат. Покрај тоа, тренерот ќе ви даде толку вежби што нема да имаш ни време ни сила да мислиш на тоа,“ ја закачна Џон, предосетувајќи го нејзиниот страв.
Лара не беше расположена, но се согласи да ја посети тренинг-групата со Џон. Подоцна тоа попладне, отшетаа до едно училиште во соседството. Сите прозорци на гимнастичката сала без осветлени, иако самата зграда и дворот беа тивки и празни. Коога влегоа во салата, одеднаш ги опкружи безгласно тапкање на бројни стопала. Деца од сите возрасти трчаа внатре немо следејќи со поглед една средовечна жена. Жената кратко ќе повикаше и децата го менуваа правецот на трчање. Кога таа ќе плеснеше со раце, тие се фрлаа на земја, а следниот плесок повторно ги праќаше во најбрз трк. Таа бегло погледна кон посетителите и се врати на работа. Џон ја смести Лара на една клупа крај ѕидот и и’ даде знак да молчи. Заедно набљудуваа. Пот се слеваше по лицата на децата. Жената им порача да заземат позиции ширум салата. Извика некое чудно име и сите го зазедоа истиот став: стопала во ширина на рамењата, раце опуштени но со отврени дланки и прсти собрани како во канџа. Лара ги гледаше со отворена уста. Децата стоеја токму како што Џон и’ кажуваше тоа утро. Жената почна да одбројува. На секој број, децата брзо се придвижуваа во друг став, удираа во воздух и веднаш потем се скаменуваа како статуи. Секое движење беше некако крајно: крајна брзина проследена со крајна неподвижност; крајна сила проследена со краен мир. Лара им ги гледаше очите. Беа толку сјајни. Скоро диви очи но мирни. Жената повика уште еднаш и тие скокнаа во воздух, со обете нозе обидувајќи се да ги удрат дланките во висина на очи. Некои успејаа да произведат гласен плесок и отскокнаа на земја, но најмногу од нив или ги промашија стопалата или паднаа на подот. Никој, меѓутоа, ништо не проговори. Жената пак повика. Децата го повторија скокот, со повеќе или помалку ист учинок. „Како ти се допаѓа?“ и’ прошепоти Џон на Лара во уво. Таа го погледна со ширум отворени очи и ја зграпчи ивицата на клупата. „Што прават?“ му возврати со шепот. „Вежбаат една секвенце на движења позната како ’наева...’“ Џон почна тивко да појаснува. „Постојат многу наеви, некои долги, некои кратки; секоја се состои од поинаков след на движења. Наевите раскажуваат различни приказни; што е поважно, секоја неава има најмалку две приказни во себе: една за телото и друга за умот. Оваа наева е многу стара, стотици години стара, и е обичајна вежба за ученици на оваа дисциплина на телото и умот. Делов што го вежбаат сега е за во шума ноќе, тоа е приказната за телото; приказната за умот е за изнесување на темнина надвор во светлост. Ќе ти ги раскажам сите приказни како што ќе ги учиш наевите, ако сакаш да вежбаш овде.“ „Сакам,“ одврати Лара со желен поглед во очите. Девојчето ги набљудуваше децата и понатаму. Ја фасцинираа нивните прецизни движења; порадо, изразите на нивните лица не личеа на било што што таа го имаше видено претходно. Очите им светеа, постојано усмерени нанапред. Изгледаа толку ревни совршено да ги изведат движењата, иако некои од нив веќе едвај стоеја. Девојчето посака да ја осети таа сила, да го стекне тој поглед, да биде толку фокусирано и тивко. А имаше и уште нешто. Кога овие се движеа координирано заедно, телото на Лара затреперуваше. Не знаеше зошто, но посака да стане дел од сето тоа, дел од тоа моќно движење-заедно, од ритамот на брзина и мир, да биде заедно во тишина, дури и со потта, со преморот и напорот. Џон се сети на своите први денови на тренинг и на заразната магија на колективното физичко делување. Можеше да види како Лара се навлекува. „Остани овде и гледај ги, ќе се вратам до крајот на тренингот. Не се грижи, никој не ќе ти прозбори,“ и’ се насмевна човекот и ја остави на клупата. Лара продолжи да ја гледа групата, замислувајќи се како стои помеѓу нив правејќи ја наевата.
|
(excerpt)
One long conversation in the park The story of the ugly crow and the eagle The story of the silly little wolf-cub Ch. Three: The Way of the Body
(извадок)
Приказна за грдata вранa и орелот
Short Stories:
The Strange Dream of the Hermit The Book of Silence (unfinished)
Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|