Второ поглавие: Планинското гнездо
Џон живееше во стара двоспратна куќа, со фасада невредна за опис, мала скриена градина со високи камени ѕидови, огромна билиботека внатре и скоро ништо повеќе. Стариот човек ја одведе Лара во куќата и ја внесе во една празна соба која содржеше кревет, работна маса, две столици и ормар. Прозорецот, скриен зад дебела завеса, гледаше на градината. Џон ги отвори капаците за Лара, навестувајќи и’ дека може да го користи прозорецот како свој приватен влез и излез ако некогаш така посака. „Секогаш кога се засолнуваш, осигурај барем еден излез за бегство,“ ја посоветува на шега. Лара погледна низ прозорецот. Собата беше на приземје и би било лесно да се искокне надвор и да се врати назад без да се повреди. Можеше да побегне ако сакаше. Во средината на градината раснеше едно големо дабово дрво. Личеше токму на место на кое човек би сакал да си прилегне на пладне и да се тркала во тревата гледајќи го небото низ растерперените лисја над себе. Џон ја прекина во мислите: „Вечера, бања и, еве, стари пижами преголеми за тебе. Утре ќе појдеме по продавници да купиме нешто посоодветно.“ Вечерата беше пообилна дури и од она што едно гладно девојче од улица можеше да совлада. Лара се прејаде и потоа стомакот и’ се побуни. На Џон ко да му беше забавно да ја пушта да прави се’ на свој начин, дополнувајќи и’ ја чинијата колку што ќе побараше, а потем тешејќи ја кога и’ се слоши. Подоцна и’ го намести креветот и и’ посака добра ноќ. „Мојата соба е на спратот горе, веднаш по скалите. Чукни ако ти треба нешто, добро?“ Ја затвори вратата од нејзината соба зад себе, а девојчето ги начули ушите следејќи му ги стапките по скалите. Една врата се затвори на горниот спрат и одеднаш целата куќа се стиша. Страшно се стиша. Лара не можеше да заспие. Стомакот и’ беше преполн, мекиот кревет преугоден, а куќата беше претивка за неа. Толку неналик на гласната улица, каде обично спиеше со група немиени улични деца нафрлани заедно на куп, врз картони и стари душеци, со кавги и тепачки кои продолживаа до доцна во ноќта. После еден час преврнување во темница, таа ја симна постелнината од креветот и направи купче во најмрачниот кат на собата. Ова повеќе и’ годеше; се смести на врвот на купот, но ниту така не успеа да заспие. Преместувањата во собата го разбудија Џон. Тој чукна на нејзината врата и ја подаде главата низ отворот. „Не можеш да спиеш?“ „Не,“ одговори Лара зарипнато. „Така,“ рече Џон меко. “Па, и самиот не би можел да заспијам после толку обилна вечера, во нова соба на сето тоа, под вистински покрив и во сосема туѓа куќа. Да те оставам на мира или сакаш да ти раскажам приказна за добра ноќ?“ Лара поразмисли. Се чувствуваше осамено. „Приказна,“ промрмори од купот прекривки, чаршави и перници. „Убаво, ќе си седнам овде на подот, а ти склопчи си се во тоа твое гнездо.“ Лара се ушушка подлабоко во постелнината. „Сега, која приказна би била добра за вечерва... Кое ти е најомилено животно, Лара?“ „Волк!“ одговори девојчето без размислување. „Одлично, случајно знам токму една приказна за едно мало глупаво волкче кое посвои пајка за мајка. Сакаш да ја чуеш?“ Лара се закикоти и се испружи во аголот. „Да, мало глупаво волче.“
Приказна за малото глупавото волкче
„Еднаш, многу одамна, едно мало волкче се разбуди во шумата. Не можеше да се сети ни кое е ни што е. Го отвори очите и погледна наоколу: немаше никого во близина. „Мамичке?“ волкчето прошепоти поспано. Немаше одговор. Зацвили нежно, обидувајќи се да довика било кого, но никој не се јави. Волкчето се крена на меките шепи и погледна наоколу. Шумата беше голема и густа: имаше темни сенки и чудни звуци доаѓаа од густишот. Волкчето почна да се прашува што прави таму, каде тоа треба да оди и што тоа треба да прави. Но никого немаше да му одговори на овие прашања. Волкчето беше осамено и малку уплашено. Тогаш виде нешто светкаво зад дрвјата, па ги испружи шепичките и отскока да види што тоа светка. Еден поток тивко минуваше низ шумата и високи трски му ги криеја бреговите. Волкчето, сето среќно, квикна и скокна во водата, сркајќи жедно. Одеднаш, зачу гакање. Ја крена главата и виде едно големо нешто како величествено плови по водата со јато разгакани слични нешта зад неа. Волчето потскокна од среќа - големото нешто му се виде пријатно и топло. ’Мамичке?’ повика по неа. Големото нешто, меѓутоа, не одговори. Само ја наведнуваше главата налево и надесно, набљудувајќи ја површината на водата. Волкчето помисли дека тоа големо топло нешто му климна со глава со одобрување, па не се мислеше многу. Со мал цвилеж скокна во водата да го следи топлото нешто што му заличе на мајка. За среќа, потокот беше плиток и волкчето полу-пливаше, полу-отскокнуваше од дното, досегнувајќи ја површината токму на време за да земе уште еден здив воздух. Упорно ги следеше топлите нешта, премногу среќно за да се прашува каде одат. Мајката го поведе своето јато, заедно со зазбивтаното клопче крзно, на една полјана крај потокот. Овде таа со остро око ја провери околината и кога се увери дека е безбедно, свирна и го повика јатото на цврста почва. Волкчето појде по разгаканите нешта и застана мокро тресејќи се среде нив. Со самосвесен поглед, мајката бавно откина една тревка со клунот, покажувајќи им на децата како да се хранат. Малите, со гласно гакање, се растрчаа по полјаната да колваат тревки. Волкчето внимателно ги гледаше. Потем, ревно се обиде да го стори истото. Си ја наполни муцката со грст трева, ја изџвака замислено, скоро се задави на една тревка и го исплука целото купче во паника. Со насолзени очи погледна кон мајката барајќи помош. Таа внимателно зеде една тревка и откина мало парче од неа, лесно проголтувајќи го. Волкчето, благодарно за поуката, го стори истото. Овој пат не беше толку алчно, си каснуваше парче по парче трева и успеа да се наполни до грло. Меѓутоа, стомакот му се чувствуваше чудно, навистина чудно. Волкчето загрижено погледна во мајката уште еднаш, но таа само одмавна со главата. ’Изгледа така треба да биде. Ќе морам просто да се навикнам,“ снуждено си мислеше волкчето и појде по јатото назад во водата. Мајката сега го учеше малите да се хранат со бубачки на водната површина. Волкчето штракаше со запчињата по се’ што се движеше во водата и голташе што ќе му влезеше во уста. Ниту ова не му го поправи чудното чувство во стомачето, но барем на крај не беше гладно. Волкчето беше мокро и му беше студено; се прашуваше веќе кога оваа лекција ќе заврши. Тогаш ноќта почна да се спушта. Мајката го изведе јатото од вода во нејзиното гнездо скриено длабоко во трските. Волкчето изрипа од водата и плашливо му се приближи на големото топло нешто. Таа чудно се загледа во него, но потем го крена едното крило да ја пушти главата на животинчето под него, кадешто малите веќе се стуткуваа. Волкчето воздивна со олеснување и ја турна муцката меѓу нив, додека остатокот од неговото крзнено тело остана надвор, преголем да се скрие под крилото. ’Дали си ми ти мама?’ волкчето запраша од под крилото. ’Не сум,’ дојде пригушениот одговор од топлото нешто. Волкчето тивко шмркна. ’А што си ти? Што сум јас? Каде е мајка ми?’ ’Јас сум пајка. Не знам што си ти. Те видов како скокаш во вода, ме следиш и јадеш тревки и бубачки. Но можеш да останеш ако сакаш,’ му рече таа мајчински. ’Може?’ одговори волкчето благодарно, преуморно по долгиот ден да размислува повеќе. Следниот ден, мајката-пајка, пајчињaта и волкчето го правеа истото: пливање, јадење тревки, бубачки, сушење на сонце и, вопшто, трошење време во и крај потокот. Пајчињата се навикнаа на новодојденчето и му дозволија да си игра со нив. Волкчето конечно се чувствуваше безбедно. Најде дом и семејство. Добро де, најде некаков дом и некакво семејство. Сепак, постојано стомачето му се чувствуваше малку лошо кога јадеше бубачки и трева. И така деновите минуваа. Волкчето беше среќно, но постојано се чувствуваше необично гладно и некако на страна од јатото. Прво, забележа дека неговите шепи малку се разликуваат од крилата на пајчињата. Потоа, откри дека не може да лета како нив, колку брзо и да трчаше. Не можеше да рони под вода, колку и да се трудеше. А се трудеше, и тоа многу. Не успевајќи во овие обични нешта, стана палјачото на јатото, но тоа не му пречеше – тоа беше семејство. Еден ден, едно поинакво, долго нешто, исто топло, дојде на полјаната да се напие вода. Новото нешто не се вознемири кога ги виде пајчињата, туку кога волкчето се појави, се сепна и брзо побегна. Волкчето невешто се исправи од водата на мокрите нозе и го гледаше долгото нешто како исчезнува во шумата. ’Зошто бегаш?’ квикна по него. По некое време, еден пар крупни сомничави очи се појави меѓу стеблата. Претпазливо го гледаа волкчето. Долгото нешто се врати на полјаната и му се приближи на малото животно. Волкчето забележа дека ова нешто нема крила и дека има крзно скоро како неговото. ’Дали си ти мојата вистинска мама?’ ја праша. ’Си се изгубило ли, малечко?’ го праша долгото нешто, со очигледно олеснување. ’Изгледа,’ призна волкчето. ’Јас сум срна. А какво животно си ти, водно или сувоземно?’ го запраша срната љубопитно ѕурејќи во алгите заплеткани во неговото мокро крзно. ’Не знам,’ промрмори волкчето и ја наведна засрамено главата. Срната длабоко се замисли. ’Одиш со птици а немаш птичји крила. Премокар си за вистинско животно, мислам. Изгледаш за никаде, коска и кожа си, иако пасеш трева како мене.’ Волкчето покорно чекаше овој преглед да заврши. ’Слушни, зошто не дојдеш со мене. Нозете ти изгледаат долги, добри токму за трчање: ако си добар тркач, можеш да ми го чуваш грбот, и јас ќе го чувам твојот грб, важи? Е па, ајде,’ се реши на крај срната, ’чудно си ми, но да не сме некаков род. Далечни роднини можеби?’ И срната веќе скокаше низ шумата, покажувајќи му го патот. Волкчето пресреќно ја крена главата, се заврте да и’ мавне за збогум на зачудената мајка-пајка и појде по четвороножното безкрилно крзнено суштество во шумата. И така, волкчето живееше со срната и правеше што таа правеше: пасеше трева, трчаше и лежеше по ливади горе во планината. Срната ко секогаш да беше во бегство. Штом нешто шушнеше во грмушките, двајцава ќе побегнеа. На волкчето му беше подобро со неа отколку со пајкиното јато, но пак беше постојано страшно гладно. ’Е па, барем можам да си трчам со неа, наместо да се трудам да летам и да нуркам сето време. Толку лошо ми одеше. Конечно нешто што ми оди – трк со полна брзина, на сува земја!’ се тешеше тоа. Еден ден, срната пасеше во шумата, додека волкчето се тркалаше во тревата, ловејќи бубачки и пепертурки. Одеднаш, срната ја крена главата и ги начули ушите. ’Тивко!’ го замолча волкчето. ’Некој е овде.’ Волкчето се смрзна. Шумата беше тивка. Птиците беа престанале да црцорат. Срната не чекаше ниту миг повеќе. Како молња скокна меѓу дрвјата. Волкчето неспретно се крена на шепи, но се сопна и падна во тревата. Една сенка го покри. Волкчето погледна нагоре. Виде две сјајни жолти очи, крзно токму како неговото, шепи наместо копита и заби – вистински очници. ’Мамо?’ праша волкчето со плашлива возбуда. Ова животно навистина беше како него. А и ’ржеше, за разлика од срната. Осети како една моќна шепа го притиска на грбот, прилепувајќи го за земја. Влакната му застанаа на вратот. Ова не беше пријателско животно, не за една мама. Тоа толку се исплаши одеднаш, што цврсто ги склопи очите, ја сведна главата до земја и само се тресеше, исчекувајќи што ќе стори големото животно. Ова не одеше на добро. И тогаш, ненадејно, се појави друго животно кое срипа од страна, и уште едно, и уште едно животно. Волкчето помисли дека дојде крај на се’, дека ѕверовиве ќе го убијат. Ниту трчање, ниту пливање, ниту нуркање ќе му помогнат. Срцето му потона. Потем, големата сенка над него одеднаш исчезна, шепата од грбот се тргна, се чу силно ’буп’ и гласно ’мјау,’ и следеше најзастрашувачкото ’ржење што волкчето го имаше чуено. Плашливо ги отвори очите. Три големи сиви животни ја чуваа сега полјаната, а едно од нив стоеше веднаш до волкчето, ’ржејќи по сенката што брзо исчезнуваше во шумата. ’Крзно... очници... нема крила...’ си набројуваше волкчето, сосема збунето од новите суштества. Овој пат не се осмели да рече ’мамо,’ плашејќи се пак да не направи грешка. Животното кое стоеше до волкчето се заврте кон него и му пријде. Волкчето седна на земја, повторно сведнувајќи ја главата. Животното помириса околу младото: потоа, го грабна во заби и го понесе. Срцето на волкчето скоро престана да чука; си молчеше со затворени очи, чекајќи да го изедат. ’Чудно,’ си помисли по некое време, ’забиве му се баш нежни... и убаво ми е вака да се лулам... Гладно сум...’ Сеуште не сакаше да ги отвори очите, чувствувајќи дека го носи... некаде. На крај, животното ги отвори челустите и волкчето тупна на земја. Беше темно. Го осети животното како се свиткува крај него. ’Каде сум?’ запраша со растреперен глас. ’Во мојата јазбина,’ благо одговори животното. ’А што си ти?’ се осмели да запраша. ’Исто што и ти, волк, поправо волчица,’ се усмевна животното во мракот. Нежно го подбутна младото кон својот стомак. ’За малку ќе те изедеше рис. Еве, си ги изгубив волкчињата и полна сум со млеко. Зошто не се напиеш?’ И тогаш,“ Џон го забави гласот и разлачуваше внимателно помеѓу зборовите, ко наполно да ужива во секој осет кој волкчето го искусуваше, „волкчето осети мирис, некако познат и заборавен. Во мракот, ја турна главата во големото живото, го сети мирисот на нејзиното крзно и чудниот заборавен мирис, и конечно осети млеко како капе кон неговата муцка. Го вдиша тој мирис, и одеднаш се почувствува на безбедно и топло, зацица малку од добрата течност и додека со топлина му се полнеше стомачето, и пријатната темнина го опкружуваше, си помисли, ’Значи, вака... изгледа... дома...’ Потем ги склопи очите, се припи до волчицата и за прв пат во својот живот, заспа длабоко, со мирен сон.“
Џон чекаше во темнината на собата. Од аголот на Лара не доаѓаше никаков звук. Тој се крена и бесшумно ја затвори вратата зад себе.
|
(excerpt)
One long conversation in the park The story of the ugly crow and the eagle The story of the silly little wolf-cub Ch. Three: The Way of the Body
(извадок)
Приказна за грдata вранa и орелот
Short Stories:
The Strange Dream of the Hermit The Book of Silence (unfinished)
Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|