Приказната за грдото враниче и орелот
„Еднаш многу одамна, си беше една мала врана. Враничето беше толку грдо, што никој не го сакаше. Дури и неговите врани-пријатели, стари и млади, не го сакаа и го туркаа на страна...“ „Чекај, да не е ова приказната за грдото пајче?“ го прекина Лара разочарано. “Затоа што е тоа приказна за мали деца и толку пати ни ја раскажуваа во сиропиталиштето...“ “Не, не е таа,“ ја успокои Џон. „Приказната за грдото пајче е за луѓе кои се малку убави, но и малку глупави, токму како лебедите на крајот на таа приказна. Оваа што ти ја раскажувам е вистинската приказна која никој друг не ја знае; за паметни луѓе е, и има еден орел во неа. Еден сив орел,“ нагласи Џон со ветување во гласот. „Добро, да ја чујам тогаш,“ се согласи Лара. „Враничето колваше со другите врани ден по ден, и јадеше црви од земјата...“ „Еј, враните јадат црви?“ „Овие врани јадеа црви бидејќи ништо друго и немаше за храна. Јатото живееше во сиромашна земја, покрај еден рибник, и црвите никому не му се допаѓаа; и на црвите не им се допаѓаше некој да ги колве, но враните ги јадеа бидејќи мора нешто да се јаде.“ Џон почека на следното прекинување, кое за среќа не дојде. Продолжи понатаму. „Црвите беа лигави и калливи, и навистина беа гадни на вкус, но враничето беше толку гладно, постојано толку гладно, што просто мораше да ги колве и да ги колве. Еден ден, враничето стигна до рибникот. Се загледа во водата, држејќи еден црв во клунот и, Лара, што виде тоа? Што мислиш?“ „Видело валкано, малу, грдо враниче, со сите пердуви калливи и искубани, и никој не ја сака,“ одговори веднаш Лара. Џон го забележа ова „таа“ наместо “тоа“ и она „сака,“ но мирно продолжи: „Да, враничката виде навистина грд одраз во водата. Сепак, и водата беше нечиста, па не можеше јасно да се огледа. На неа,“ умешно ја вметна новата заменка, “не и’ се допадна она што го виде, и сета очајна, почна да ги обвинува своите врани-родители за нивната грдост и за нејзината грдост, своите браќа и сестри-врани исто за нивната грдост, дури и црвите ги обвинуваше што се толку лигави и калливи и што на вкус беа толку гадни. Но сепак, враничката не можеше да престане да биде гладна, па продолжи да колве црви и да ги јаде крај рибникот, да се бори со другите врани за нив, и и’ беше гадно сето тоа. Се’ додека еден ден...“ запра тука, ко да се замисли. „Што? Што се случи еден ден?“ праша Лара со искрена љубопитност. „Еден ден еден орел дојде. Слета тој од небото, веднаш до враничката. И големиот орел, оти тоа беше еден голем сив орел, гледаш,“ го спушти гласот на гледаш. „Орелот застана крај малата врана и ја запраша зошто плаче. Враничката жално му раскажа колку се гадни црвите, како беа секогаш лигави и калливи, но како таа беше секогаш гладна и не можеше да престане да ги јаде; и како и таа, и нејзините родители, и нејзините браќа и сестри сите беа калливи и грди. Орелот погледна во малата врана и ја праша: ’А кој е најгрд?’ А малата врана снуждено му одговори: ’Јас сум.’ Орелот пак ја праша: кој е најгладен? И малата врана пак му одговори: ’Јас сум.’ Тогаш, орелот молчејќи ја зема враната во канџи и полета нагоре, виоко горе. Одлета толку високо, што враните на земјата се изгубија од вид, рибникот изгледаше како точка, а далечните планини се приближија.“ „Имаше и планини?“ „Да, имаше таму планини. Орелот ја однесе враничката далеку во планините. И и’ рече на враничката: „Гледаш, светот е едно големо место. Има многу птици на него. Секоја живее во својата средина и секоја може да се отсели во друга. Дури и така, најмногу птици не се селат. Враните, иако не сакаат црви, си седат близу нив за да се прехранат. Бидејќи не знаат дека може да се живее поинаку. Црвите, иако не сакаат враните да ги јадат, остануваат крај рибникот за да преживеат. Бидејќи не знаат дека може да се живее поинаку. Јас живеам во планините. Секој ден летам надалеку и ги гледам како живеат. Овде во планинава нема друг орел. Нема кој да ми каже дали сум грд или не. Ми годи тоа. Планината ме сака и јас ја сакам неа. Можам да си разговарам со ѕвездите ноќе во тишина.’ ’Ама што ти јадеш?’ праша враничката со многу неверување. ’Јадам мали врани,’ и’ одговори орелот и се засркна од смеа кога сети како враничката му се смрзна во канџите. ’Не, не, смири се сега, не јадам врани,’ ја увери стариот орел. ’можев да те изедам кај рибникот да сакав, нели?’ ’Туку зошто тогаш ме носиш во планините?’ праша враничката доста загрижено. ’Оти сакам да видам дали умееш да леташ и да разговараш со ѕвездите,’ и’ одговори страиот орел, ’а слободна си да им се вратиш на црвите кога и да сакаш. Да те однесам во планина или назад до рибникот?’ ја праша. Што мислиш, Лара, што му одговори враничката?“ „Враничката не знае дали да му верува на орелот. Можеби лаже и сепак јаде врани. Ама, можеше и да ја изеде веќе крај рибникот, туку не ја изеде,“ размислуваше Лара на глас. „Од друга страна, рибникот и само црви за храна е толку гадно што може повеќе да и’ се допадне планината. А што ќе јаде таму?“ „Токму така. Тоа и враничката го праша орелот: ’Стар орлу, што ќе јадеме таму горе?’ Орелот ја погледна и и’ одговори: ’Постојат два начина на прехрана. Еден е да се јаде, а вториот е да се скроти гладот. Го знаеш првиот, јас ќе те научам на вториот.’ Малата врана голтна и не знаеше дали може сето тоа да го стори: да лета далеку, да разговара со ѕвездите или да си го скроти гладот. Одеднаш помисли дека и црвите и’ се драги, или барем беа секогаш тука, на дофат на клун. Што мислиш дека се случи после, Лара?“ „Враничката појде со орелот на планина во неговот гнездо, и... и... ги виде ѕвездите тогаш, и и’ се допаднаа, и таа им се допадна на нив, и ги слушаше нивните приказни, и продолжи да живее таму со орелот,“ Лара страсно испелтечи, “па дури и научи да не јаде.“ „Добро, тоа е добар начин да се приврши приказната. Кажи ми уште едно: што најубаво откри на планина?“ Лара размисли малку. „Гнездото?“ се натмури прашално. „Точно, гнездото. А што најдобро откри за себе во гнездото?“ На девојчето му светнаа очите: „Своите крила?“ „Своите крила,“ потврди Џон. „А што со тоа дека е најгрдото враниче? Навистина беше така?“ „На мене ми се допаѓа вака: таа не беше воопшто врана, ама не беше ни орел. Не знам како се вика таа птица, но еднаш сонував една бела птица со светли очи; па, не баш бела, перјата и’ менуваа боја...“ Џон овде ги начули ушите. „... ама никако не беше грда,“ заврши Лара воодушевено. „Одлично, значи малата врана беше всушност една птица со светлосни очи и пердуви со менлива боја, на крајот, само што таа не го знаеше тоа крај рибникот, сета каллива, кога колваше црви и други врани, и други врани ја колваа и така мала ко што беше. А, и дали ти реков дека малата птица многу учеше од орелот?“ „А дали беше интересно?“ праша Лара. „Во меѓувреме, малата птица се промени толку многу,“ повторно тој го спушти гласот, “во орловото гнездо, што почна многу да и’ се допаѓа се’ што орелот, планината и ѕвездите можеа да ја научат. А понатаму во приказната, таа толку ќе го промени начинот на кој оди, дише, чувствува и мисли, шо за неколку години ќе биде тоа една сосем друга птица.“ „После неколку години? Толку долго?“ „Да, гледаш, ѕвездите и планините, дури и самиот орел, беа толку постари од птичката, што дури и за неколку години не можеа да ја научат се’ што самите беа научиле со стотици години.“ „Разбирам,“ одговори Лара сериозно. „Знаеш што? Да ја оставиме овде приказната сега за сега, и можеме да и’ се навратиме друг пат. Значи, ова е се’ што сакам од тебе: да ги слушаш моите приказни и да ми помагаш да ги завршам. Птицата од твојот сон е прекрасна слика. Не би се сетил самиот.“ Лара се вцрви од гордост, но Џон продолжи: „Замисли се себеси дека ми помагаш вака со моите приказни – дали би било ова претешко за тебе?“ „Не, мислам не. Интересно е.“ „Тогаш, се договоривме. Ќе работиме како тим, тим на раскажувачи на приказни од сега натаму. Добро?“ „Добро,“ одговори Лара. Стопалата и’ мавтаа од возбуда.
|
(excerpt)
One long conversation in the park The story of the ugly crow and the eagle The story of the silly little wolf-cub Ch. Three: The Way of the Body
(извадок)
Приказна за грдata вранa и орелот
Short Stories:
The Strange Dream of the Hermit The Book of Silence (unfinished)
Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|