Удри ме
Попладнето, Џон ја чекаше во училишниот двор. Само за тој ден, пак рече. Го виде нејзиното бледо и несреќно лице. Ја зеде за рака и ја поведе кон дома, говорејќи за времето. Кога влегоа во куќата, направи чај и го зеде девојчето во градината. „Не беше лесно?“ „Беше грозно.“ „Што точно беше грозно?“ „Ме мразеа,“ рече Лара задушувајќи се. „Кој те мразеше?“ „Учениците.“ „Како позна дека те мразеа?“ „Кога влегов во училницата, ме гледаа и ме мразеа.“ „Како точно те гледаа за да чувствуваш дека те мразат?“ „Ме гледаа студено, како некој да ме удри во стомак.“ „Сите те удрија така во стомак?“ „Не знам, не можев сите да ги видам.“ „Значи, можеби имало деца кои не те мразеле?“ „Па, да, можеби,“ прифати Лара неодлучно. Џон забележа дека смрзнатоста на телото и’ се топи и едната нога почнува да мавта. „Кога почувствува удар во стомакот, како што беше тој удар – како топка, како гром, како што?“ „Па, како црна топка овде,“ Лара подзамижа и се фати за желудецот. „И што се случи со таа црна топка откако те удри? Дали отскокна, или исчезна или ти ја задржа?“ „Ништо. Си ја задржав...“ Лара очигледно нешто премолча, но Џон продолжи. „И што се случи потоа?“ „Седнав во една клупа. Децата пред мене се свртеа да ме видат. Ми се кривеа. После, почна часот и ме оставија на мира.“ „Сфаќам. А црната топка сето време ти беше во стомак, така?“ Лара пак се допре по стомакот и тивко му одговори: „Да, до паузата...“ „Што се случи тогаш за време на паузата?“ благо ја запраша Џон. Девојчето не сакаше да одговори. Се вцрви и промрморе нешто. „Да не ти направи некој нешто?“ ја праша Џон уште понежно. „Или, да не направи ти нешто што подоцна не ти се допадна? Или можеби ништо не се случи...“ „Девојчето што седи до мене ме праша како се викам и и’ реков да се губи!“ извика Лара. Гласот на Џон остана еднакво нежен. „И што се случи тогаш со црната топка?“ „Летна право во неа!“ „Како се чувствуваш сега, додека размислуваш за ова?“ „Лута сум, бесна!“ рече Лара со плачен глас. „А за што се солзите?“ „Јас никогаш не плачам!“ му се спротивстави девојчето инаетливо. „Но можеби би плачела да можеше, а смееш да плачеш, ако сакаш,“ гласот на стариот човек звучеше утешно. „Не! Само... само... само... и’ се лутам!“ испелтечи Лара и солзите плиснаа. Џон ја зеде во прегратка и таа го гушна, криејќи си го лицето во неговите гради. „Мило, мило... исплачи си го срцето... болеше, нели?“ „Болеше,“ гласот на Лара дојде од скриеното лице, пригушен со солзи. „Лоши се.“ „Некои од нив можеби биле со лоша намера, оние кои ти ја фрлиле црната топка и те удриле во стомак. Но дали девојчето до тебе беше исто така со лоша намера?“ „Не, не беше лоша. Проба да биде добра, но јас бев лоша со неа,“ призна Лара низ плач. „Да не ја повредев, ќе си разговаравме и нема да останев толку... толку сама,“ уште една навала на плач и’ ги задуши последните зборови. „Но те повреди црната топка и ти се слоши, па сакаше да ја извадиш топката од стомакот, така?“ „Да,“ девојчето шмркаше. „И имаше целосно право да се ослободиш од таа топка, не била твоја, во секој случај. Но што поинаку би сторила со топката сега?“ „Требаше да им ја фрлам назад на тие што ме удрија!“ Гневот веднаш ко да ги исуши солзите и Лара се исправи во крилото на Џон, гледјаќи во него одлучно. „Што поинаку ќе стореше со девојчето до себе, да имаше втора шанса?“ „Ќе и’ го кажев името.“ Сега и гневот исчезна и Лара се смири. Лицето и’ изразуваше блага тага. Имаше срце, виде Џон. „Дали можеш ти да ја прашаш неа утре како се вика?“ и’ предложи стариот. „Мислам, да. Ако ми допушти.“ „Можеби да не те сака премногу отпрво оти ја повреди денес, но... секогаш можеш да се извиниш. И да чекаш. И да се обидеш пак.“ Лара сега тивко шмркаше, климајќи ја главата на зборовите на Џон. Тој ја пушти од крило и ја седна во столица. И самиот седна и се загледа во неа со љубопитност. „Лара, кажи ми нешто: кога беше во сиропиталиштето и на улица, дали децата таму те удираа?“ „А-ха,“ одговори Лара. „Дали ти се слошуваше кога те удираа, како црни топки во стомакот?“ „Отпрво, но после се научив да им се лутам и... да бидам лоша, па ме оставаа на мира.“ „Кога беше лоша со нив, дали ти се слошуваше?“ „Не, како нешто да ми искокнуваше од стомакот нив да ги удри, повеќе како молња, не баш топка стварно,“ се сети. „Значи знаеш и да удираш и да бидеш удирана. Често тоа го правеше?“ „Секој ден, мислам.“ „Добра беше во удирање?“ „Да, зошто?“ „Зошто денес на школо не возврати на удар со удар?“ „Мислев дека ќе биде поинаку. Мислев, не сум веќе во сиропиталиштето, или на улица, а ти рече дека овие деца се поинакви, поблаги. Мислев со нив можам да бидам како со другарите од тренинг. Не мислев дека веднаш ќе ме удираат!“ „И така ја спушти одбраната и некои од нив те удрија. Лара, такви се човечките битија, деца и возрасни, од сиропиталиште или не: многу од нив знаат само да удараат и да бидат удирани. Овие ударачи – но не сите, имај на ум, те молам - ќе удрат по секого кој нема одбрана. Без размислување, инстиктивно. Дури и не ќе знаат дека задале удар. Нова си во одделението, па овие деца-удирачи сакаат да дознаат дали си ударач или вреќа за удирање. Ќе те третираат токму онака како што ќе се однесуваш. Ако се однесуваш како ударач, ќе ти ја испробаат силата или ќе се однесуваат кон тебе како вреќи за удирање. Ако се однесуваш како вреќа, тие ќе се однесуваат како удирачи. И ова е инстиктивно, без размислување и свест. Луѓето ќе тежнеат те третираат онака како што се третираш себеси. Како што се третираше себеси денес?“ „Се плашев и не бев сигурна дали да удрам или да не ударам...“ „Или нешто друго,“ и’ ја заврши Џон реченицата. „Бидејќи носиш на себе траги на удирање од минатото, на тебе тие го испробаа најсилното што можеа – те удираа. Едно девојче не; не те третирала ниту како ударач ниту како вреќа.“ Лара изгледаше збунето, но Џон продолжи. „Колку и да е вообичаено удирањето, не сите луѓе ги имаат само овие два начина на ум. Постојат многу кои ниту сакаат да удараат ниту сакаат да бидат удрени. Сакаат поинакви работи, како пријателите што ги имаш на тренинг. Со нив имате заедничка цел и се натпреварувате меѓусебно кој е најдобар во однос на таа цел, не еден против друг. Барем Ралф, мајсторот, така ве учи. Што стори девојчето до тебе кога... ја удри?“ „Побледе, па си погледна во книгата.“ „Дали ја удри уште еднаш?“ „Не, не ми прозборе после тоа.“ „Значи се поштедила и себеси и тебе од понатамошна болка со тоа што не ти го возвратила ударот. Се повлекла од вежбата на взаемно удирање,“ се насмевна Џон. „Гледаш, таа решила да не игра, сторила нешто поинаку – се концентрирала на книгата - и те исфрлила од игра: после не си можела ниту да ја удриш ниту да ја натераш да те удри. Не ти дозволила алтернатива.“ Лара само ѕуреше во него. „Можеш да и’ се заблагодариш, бидејќи ти покажала поинаква можност како да реагираш кога некој те удира: да не реагираш и да се концентрираш на себеси. Девојчето навистина ти го послушало советот и се изгубило од твојот хоризонт, прешла на својот.“ „Да, ама... слаба е, не се бранеше,“ Лара ги опитуваше аргументите на стариот. „Можеш да ја наречеш слаба, но можеби таа има поинаква сила од твојата. Можеби нејзината сила лежи во тоа што ја контролира својата болка во стомакот... Или, можеби си во право и е само слаба. Можеби е само една вреќа за удирање и треба пак да ја удриш утре,“ Џон ги изрече последните зборови со чуден мир, без трага лутина или сарказам, така што Лара не беше сигурна дали е сериозен или не. „Ама...“ „Ама што?“ мирно ја провоцираше Џон. „Мислев дека ќе биде поинаку!... Што тоа рече, поинаку да се реагира?“ „Не сакаш веќе да ја удриш?“ „Не,“ кротко одговори Лара. „Ако смеам да нагаѓам, твоето вистинско прашање е што да правиш со луѓе кои ти фрлаат црни топки, така?“ Девојчето климна со глава. „Дали можеш да помислиш на најлошата личност која ти ја има фрлено најголемата, најцрната топка во животот?“ „Имаше едно големо момче во сиропиталиштето, сите ги тепаше и навредуваше, без причина. И никој ништо не можеше да стори...“ „Одлично! Претстави си дека тоа момче стои токму овде во градината. Затвори ги очите.“ Лара ги затвори очите и се натмури. Покажа кон местото на кое си го беше претставила момчето. „И што сега?“ „Кога гледаш во него, колку години чувствуваш дека имаш? Девет или помалку?“ „Како три.“ „Што чувствува тригодишната Лара кога гледа во момчето?“ „Страв. Се плашам...“ „Дали ти, деветгодишната, се плашиш, или таа, тригодишната, се плаши?“ „Тригодишната,“ неодлучно се усмевна Лара. „Одлично, а сега замисли дека можеш да ја видиш тригодишната исплашена Лара пред себе, види го стравот од момчето во неа.“ Лара климна. „Сега, земи го тоа девојченце во крило и гушни го. Покриј и’ го стомакот со своите деветгодишни силни раце, за никакви топки да не можат да ја удрат.“ Лара направи движење со рацете ко да зема мало дете во крило, го гушнува околу рамењата со левата рака и му го покрива имагинарниот стомак со десната. „Добро. Прашај ја малата Лара што таа може да стори кога големото момче фрла топки по неа?“ „Таа вели, да се борам или да бидам истепана.“ „Деветгодишна Ларо, дали тоа го правиш цел живот, или се бориш или да бидеш истепана?“ „Да,“ девојчето промрори низ растреперените усни. „Погледни го челото на малата Лара: да имаше напишано нешто таму, каква реченица ќе имаше?“ „’Удри ме!’“ издиша Лара со очи полни солзи. „Значи, до сега си одела со тоа ’Удри ме!’ напишано на челото. Луѓето баш и немале некаква алтернатива како да реагираат на тебе, нели? И си имала само два начина на реагираш на луѓе кои те удирале: или да се бориш или да бидеш истепана. Ќе те замолам сега внимателно да ја избришеш таа реченица од челото на малата Лара и да напишеш...“ Џон поразмисли за миг, „’Оди во мир сега!“ Лара пишуваше по имагинарното чело на малата Лара со загрижен израз. Страриот продолжи: „И со умот на деветгодишна Лара, сеќавајќи се на искуствата кои ги имаш со наевите, можеш ли да замислиш поинакви начини да се реагира на мочево? Можеш ли да ја посоветуваш малата Лара што друго може да стори со црните топки?“ Девојчето сериозно му се обрати на замисленото дете во нејзината прегратка: „Малечка Ларо, не мораш воопшто да ги примаш тие топки. Можеш да си ги ставиш рацете на стомачето и топката ќе се растури во прачиња, или можеш да ја одбиеш топката, право во лице на она момче... Можеш да направиш чекор на страна и топката ќе те помине. Или можеш да заокружиш околу момчето така што никогаш нема да те види, а ти ќе го гледаш и ќе бидеш на безбедно...“ „Прекрасно, како реагира малата Лара на овие нови можности?“ „Ме гледа со отворени очи, и’ се допаѓаат.“ „Ајде да го тестираме ова што сега го кажа, покажи и’ на малата Лара како ова се прави во стварност. Замисли дека доаѓа една бавна црна топка од кај момчето. Што ти, деветгодишната, би сторила?“ „Јас? Просто би ја плеснала на страна!“ „Тогаш почекај додека не дојде на дофат и плесни ја на настрана.“ Лара направи кратко кружно движење на дланката од зглоб. „Еј, Ларичка е среќна!“ „Добро, сега замисли уште една бавна топка како доаѓа кон вас две, но сега помогни и’ на Ларичка сама да ја плесне настрана.“ „Добро, ќе и’ ги држам рацете да и’ покажам како се плеснува топка!“ извика Лара. Џон гледаше како Лара ја поучува имагинарната Лара да ја плесне топката. „Добро, сега можеш да и’ ги покажеш на малата Лара сите други начини на реакција што пред малку ги наброја, се’ што може да стори со црната топка; обиди се на крај и со брза топка и со повеќе топки одеднаш.“ Лара само се насмеа, светната во челото. Стариот почека додека таа не ги отвори очите и мирно додаде. „Да се возврати ударот е една можна реакција од многуте. Во сиропиталиштето ударањето било корисно. Ти помогнало да преживееш и те почитувам за тоа. Меѓутоа, сега учиш нови начини на делување и реакција. Рече дека си мислела дека ќе биде поинаку во новото училиште. А сепак, ти мораш да бидеш и да се однесуваш поинаку ако сакаш работите и луѓето околу тебе да бидат и да се однесуваат поинаку. Взалудно е да сакаме другите да се сменат. Една стара поговрка вели: Смени се себеси и светот ќе те следи во промената.“ Џон почека реченицата да одекне во воздухот. „На пример, можеш да пробаш љубезност. Љубезноста е волшебно дело.“
|
(excerpt)
One long conversation in the park The story of the ugly crow and the eagle The story of the silly little wolf-cub Ch. Three: The Way of the Body
(извадок)
Приказна за грдata вранa и орелот
Short Stories:
The Strange Dream of the Hermit The Book of Silence (unfinished)
Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|