Прво поглавие: Крадец
Зелениот пазар oдвај да си го заслужуваше името: бојата од метални тезги одамна се беше соголела под дождовите, вруќините и безбројните раце и стока кои ја имаа сронето во долгите години на неговото постоење. Натстрешниците на тезгите наликуваа на домино од ’рѓосани коцки стиснати во пренатрупаниот простор на неправилното плоштадче помеѓу зградите. Постојаниот мрмор на пазарџиите течеше со рамен тон. Понекогаш некој глас ќе се издвоеше да огласи добра понуда, да закача убава девојка во минување, или едноставно да ја прекине монотонијата на продавачкото секојдневие. Нередот беше вообичаена состојба, а неговото одржување ко да му беше должност на секој посетител. Луѓето доаѓаа на пазар од различни причини, а купувачката беше само една од нив. Секакви зделки се склучуваа под и зад тезгите – црниот пазар вешто беше сплетен со официјалната продажба: сомнителни договори се преговараа, незаконски стекната стока менуваше раце, додека полицајци примаа подароци и малтертираа соминтелни и не толку сомнителни ликови. Не беше тоа место каде добростоечки луѓе би дошле, та никој не купуваше премногу. Пазарот беше место во кое се влегуваше во живата шарада на човечката заедница, а среде таа брзина на промени и размени, итар ум и незабележливост беа основна умешност на преживување.
Постојана мешаница се витлееше помеѓу тезгите, со повремени застои на пренатрупаните премини каде се таложеа разнобојни клопчиња од лица и тела. Едно летен ден, во саботно попладне, зуењето на пазарот веќе се беше стишало од исцрпеност, од сончаницата која градот ја беше фатил. Жегата го правеше вниманието безизразно и бесцелно; дури и најпретпазливите очи се заклопуваа. Се чинеше ко никој да не правеше повеќе од нужното, во сеопшто отсуство на љубопитност или волја за движење, што се’ на се’, ги држеше работите, па дури и некои потенцијално жестоки кавги, во ред и мир.
Одеднаш, се крена повик: „Крадец!... Крадец!“ Мешаницата ја изгуби својата безобличост и се сосредоточи на јасно вознемирените гласови. Очите се свртеа кон изворот на буката и луѓето почнаа да се собираат околу една тезга. Една ниска крупна жена викаше бесно, црвсто држејќи за рака мало девојче. Девојчето очајно се обидуваше да се ослободи од зафатот – очигледно ја болеше. Жената почна да вика по полиција. Конечно, еден полицаец се појави, бавен и испотен. „Што се случува овде?“ праша тој уморно. „Крадец е оваа овде! Ја фатив! Се обиде да ми украде од овошјето! Стори нешто! Приведи ја! Крадливке!“ му викна таа повторно на малото девојче. Полицаецот брзо го процени девојчето. Коска и кожа, неуредно облечена, нејзината кратка кафеава коса беше лошо истрижена и неисчешлана. Помалa од десет години, погаѓаше тој во себе, а веќе краде. Девојчето сеуште се обидуваше да се ослободи. Полицаецот ја фати за другата рака и ја замоли жената да отстапи. Жената, тешко збивтајќи, се повлече еден чекор, но остана тука стрелајќи го девојчето со поглед. Полицаецот студено го погледна. „Што си земала?“ „Не... не земав ништо. Само.. само сакав да видам дали... дали... дали овошјето е зрело,“ испелтечи девојчето и заплака. „Како се викаш?“ ја праша полицаецот. Девојчето само ѕуреше во него трепкајќи насолзено, но од отворената уста не излезе ни збор. „Дојде ли овде со некого?“ ја праша тој претпазливо. „Со дедо ми бев, но се изгубив. Не знам каде е,“ девојчето погледна на страна. „Не лажи,“ строго одврати полицаецот. „Каде живееш?“ „Не сум од ова маало,“ одговори тоа, храбро обидувајќи се да го гледа во очи. Гласот и’ трепереше: „Ве молам, ако дедо ми ме види вака... Ве молам пуштете ме.“ Полицаецот и’ бркна по џебовите. Беа полни со сливи, кои тој намерно им ги покажа на насобраните. Некои луѓе бувнаа во неодобрување, но најмногу само ѕуреа во девојчето со одбивност. Тоа се чинеше дека се раствора под нивниот поглед, собирајќи си ги рамењата ко да сака да исчезне на место. „Лажливке една!“ избифта полицаецот. „Не те пуштам јас тебе. Доаѓаш во полициска станица.“ „Не лажам, дедо ми требаше да ги плати.“ Девојчето избувна во плач. „Никогаш ништо не сум украла во живот,“ липаше. „Е да, а јас никогаш не сум уапсил крадец во живот,“ за’ржа полицаецот и го одвлече девојчето. Толпата почна да ја теши продавачката и да го фали полицаецот што ги ослободил од крадец. Возбудата беше скоро пријатна. Во меѓувреме, сеуште недалеку, девојчето престана да плаче и да моли. Лицето и’ потемне и стана одлучно. Очите и’ засветкаа студено, ко на некој години постар. Одејќи зад полицаецот, со рака затворена во неговата шепа, го фати ритамот на неговиот од. Благо се наведна и чекорот и’ стана бесшумен. Полицаецот, не чувствувајќи веќе отпор во раката, го попушти фатот. Одеднаш таа се спушти ниско и отскокна на страна. Раката и’ се лизна низ испотените прсти на полицаецот и таа се фрли во толпата. На полицаецот му требаа неколку мига за да сфати дека веќе не ја држи. Скокна тој по неа викајќи на сет глас. Девојчето трчаше, ползувајќи ја својата мала става да се провне низ гужвата. Еден продавач ја фати. Му се лизна низ рацете, но друг ја зграби и цврсто ја задржа. Штом виде дека сега е во сигурни раце, полицаецот, вриејќи од жега и бес, забави.
„Стој!“ еден машки глас ја запара сцената. Полицаецот се заврте со полузатворени очи во правец на гласот. Веќе го мразеше и човекот кој повика, и девојчето, и продавачката, и жегата, и целата оваа гужва. „Стој кога велам!“ рикна еден човек со бела коса, брзајќи од еден страничен премин помеѓу тезгите. „Мери! Што се случува овде? Што правите со моето девојче?“ Белокосиот човек одлучно му пријде на продавачот кој го држеше девојчето и му ги истргна малите раце. Црвсто ја фати Мери за рамења и ја заврте кон себе. „Мери! Што си сторила?“ „Украла сливи,“ му одговорија неколку гласа, заплашени од превратот на случувањата. Полицаецот пристигна, тешко збивтајќи. „А кој сте вие, господине?“ рече тој, со сет сарказам што можеше да го присобере под потта која му лиеше по лице. „Јас сум Џон Гилмур, господине, и барам да ми кажете што сте му сториле на моето девојче,“ отсече гласно стариот. Арогантен, си помисли полицаецот. Скапа облека, правилно зборува, автоматски забележуваше. Пази, се огласи внатрешниот аларм, нешто овде не е како треба. „Девојчево го фатија како краде,“ одговори полицаецот сега со покроток тон. „Ја водев во станица да и’ ги лоцирам родителите и да најдам каде живее.“ „Јас сум и’ дедо,“ го прекина стариот и се заврте кон девојчето. „Мери, дали украде нешто?“ строго ја запраша. Девојчето само му се тресеше во раце, загледана во него со отворена уста. Овој скоро незабележливо и’ намигна и ѓаволеста насмевка малку му ја изви устата. „Мери,“ пак строго ја праша, „си украла ли нешто?“ Девојчето сеуште не одговараше. „Те прашувам, одговори ми.“ Главата едвај му се заниша лево-десно, ко да и’ вели ’не.’ „Не, не“, одеднаш главата на девојчето го повтори движењето, „само сакав да го пробам овошјето...,“ пак запелтечи. „Повторно? И не ме праша пред да го земеш? Ти реков да ме чекаш покрај продавницата за сирење. Но добро, тогаш си одиме право дома, нема веќе пазар за тебе и,“ гласот му се промени во длабок и јасен тон, „молчи.“ Пак го промени гласот, „Ќе разговараме за ова дома.“ Молчи, одекнуваше во умот на девојчето. Сите други впечатоци, потта на полицаецот, дебелата дланка на продавачката, темната боја на сливите, и’ се витложеа низ глава во неред. Молчи. Послуша. Џон Гилмур лесно ја држеше за рака. Се заврте кон полицаецот, посегнувајќи во џеб со слободната рака. „Еве, нешто за продавачката за вознемирувањето и нешто за вас. Само си ја вршевте работата,“ рече смирено. Извлече една банкнота. „Го сметам сево ова за завршено,“ повторно го промени тонот на гласот на последниот збор. Завршено, одекна во мислите на присутните. Овие почнаа да се разидуваат со изгасена љубопитност. Полицаецот стоеше простум загледан во единствената банкнота во раката. „Толку многу пари?“ си помисли. „Како да ја поделам банкнотава со онаа вештерка? Ако мора воопшто да ја делам...“ Џон Гилмур ја искористи неговата расеаност и итро појде низ страничните премини на пазарот. Девојчето го следеше, со очи замачкани со солзи и прашина.
|
(excerpt)
One long conversation in the park The story of the ugly crow and the eagle The story of the silly little wolf-cub Ch. Three: The Way of the Body
(извадок)
Приказна за грдata вранa и орелот
Short Stories:
The Strange Dream of the Hermit The Book of Silence (unfinished)
Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|