The Home Page of Ana Pejcinova

Човекот кого времето го имаше
 
 
 

- оригиналната англиска верзија

____ Човекот кого времето го имаше

 

 

Не, драги, кафето е сосема во ред.

Но, добро, ако си сигурна….”

Жената ја зафрли локната коса зад уво и во очекување го одврати погледот од него. Знаеше дека таа сака да и’ ја поземе раката или да рече нешто значајно. Таа се прашуваше дали тој не сакаше или не можеше. Топло му се насмевна. Тој ја стави својата дланка врз нејзината за миг и потем веднаш ја повлече.

 

Надвор од кафулето беше проѕирен сив ден, а доцното попладне ги чуваше масите внатре скоро празни. Тивкиот мрмор на пригушен разговор ја истакнуваше напнатоста што венееше помеѓу двајцава.

 

Ако така сакаш, тогаш... Во ред е, мора да се продолжи.“ Гласот само малку и’ затрепери, откривајќи дека уште еднаш отстапила, уште еднаш се откажала од нешто. Не можеше да го постави прашањето, та си даде одговор самата. Знаеше дека тој никогаш не ќе го каже зборот по кој таа чезнееше, исто ко што тој знаеше дека таа чека одреден збор да се каже. Обата знаеја дека, ко толку пати, се промашија. Сигурно, имаше некаква надеж дека зборовите би можеле да дојдат во некаква идина, но ова беа нејзини зборови, не негови. Тој немаше зборови во себе.

Таа погледна низ прозорецот. Стаклото беше чисто, измиено од скорешниот врнеж. Воздухот светкаше, истакнувајќи ги светлите и темни нијанси на сиво кои ја полнеа улицата и сводот.

„Време е, морам да одам,“ рече таа. Прва стана, а тој плати и излезе по неа на улица. Стоеше мирно и движењата му беа аскетски. Осети убод на болка како што и’ ја зема раката за збогум, сетејќи дека наполу ја губи пак, и жалејќи што не може да посегне по неа и да ја задржи, да ја спречи да си замине. Не можеше да и’ одговори, да му одговори на нејзиното чекање и постоење, не на начин по кој таа копнееше. Таа замина. Ја гледаше, единствената прилика од топлина и бои врамена во сивилото на студената улица. Ниту еден од нив не знаеше дали ќе се сретнат пак.

 

И така болката започна. Сеќавања на раце во прегратка, сеќавања што бавно се откинуваа од плотта, одземајќи ја жешката срж на живото тело. Звукот на гласот, мелем за тајниот ум, гладување пак да се чуе оној мрмор кој за миг ја лечи сета осаменост на светов. Очите, очите сјајни во смеа, длабочина, сериозно присуство додека се говори за внатрешните тежини. Водењата љубов, заборавени ноќи со изгубени датуми кои оставаа светкави точки од чулни ремек-дела на блискост, диви превали преку границите на уживање и слобода. Чувството на другиот, крајното присуство, повторена вчудоневиденост...

 

2.

 

Животот им беше добар пред да се сретнат. Тој беше адвокат, таа управник. Не беа млади, и обата си го имаа исполнето животот до подносливо ниво. Животот одеше некако, па дури имаше и некои ведри утра во него. Се чинеше дека некаков ред конечно се беше воспоставил врз несигурноста. Ниеден од нив немаше лесни почетоци.

 

Не се знаеја, а потоа се сретнаа. Не беше тоа средба на две гладни битија во потрага по сон во светот. Би било тешко да се каже дали тие воопшто одеа кон или скраја љубовта. Тој беше женет, а таа одамна разведена. Бракот му содржеше многу празнини, но беше погоден, оставајќи му доста време да посвети на сопствените занимации. Жените не беа една од нив. Преиспробан беше за заведувања.

Работата и’ беше напорна, иако не премногу креативна, но исто така и оставаше доста неистрошена љубопитност да ја истражува после работа. Мажите не беа главна тема. Премногу се сакаше себеси за тоа.

 

И така, кога се сретнаа, беа тоа двајца доста задоволни луѓе, повеќе или помалку себични, и не премногу заинтересирани за случувањата во комплицираниот меѓучовечки свет. Но се заинтересираа еден за друг. И кој може да ја расветли мистеријата на интимноста, зошто две човечки битија се привлекуваат со необјаснива сила, зошто тогаш, зошто така, зошто токму тие а не некој друг? И зошто воопшто мораше да дојде до нив? Пред да пројде долго време, пред да проговорат за тоа, знаеја, секој сам за себе, дека се вљубени. И знаеја дека љубовта е смртно суштество.

 

 

3.

 

Во својата професија, тој беше посветен адвокат. Рано избра да не брани случаи во кои, според него, клиентот беше виновен. Така одбиваше луѓе во текот на својата кариера, што од него направи адвокат од осреден статус, не премногу ценет помеѓу колегите. Знаеше дека нивниот поим за успех би го повредил неговот чувство за право, и ги знаеше последиците. Не се трудеше да им го појасни својот став ни на колегите ни на сопругата, и стана неосетлив на нивните добронамерни совети понекогаш да си ги прилагоди принципите. Не ги прилагоди. 

Се имаше обидено еднаш, во својата младост: бранеше случај на една млада жена која го имаше искористено својот шарм и приказна за тешко детство за да се избутка низ својата компанија, но ја фатиле кога се обидела да почини измама. Беше крива и тој тоа го знаеше. На времето се обиде да си ја стиша совеста; победи во спорот, ја одби понудата на жената сетилно да го награди и се врати дома празен и смачен.

Не се разболе од мака; следниот ден се врати во канцеларијата и никогаш веќе не го спомна тој случај. Добро завршена работа, велеа. Меѓутоа, тој стана построг кон себеси потоа и загуби нешто од ентузијазмот за професијата. Не беше способен да се чувствува навистина виновен, та не можеше ниту да си прости, а неговата самокритичност беше преапстрактна за да предизвика суштинска промена. Промените тој им ги оставаше на времето. Нему му веруваше, себеси не.

 

Стоеше добро со времето и знаеше дека е подобро тоа да ги разреши работите кои се вон контрола. И годините само минуваа. Ако постоеше одговор на кој беше чекал, сигурно го имаше заборавено прашањето. Животот беше доволен, можеби малку едноличен, но човек сигурно не може да има се’, си велеше, а животна мудрост е човек да се сосредоточи на она што го има и тоа да го цени.

 

Сигурно некогаш беше бил вљубен во својата жена, но сето тоа беше далеку во минатото; трагите на тој сјај леко испарија во времето. Последните такви траги се беа удавиле пред доста години. Двајцата, тој и неговата сопруга, ги удавија намерно. Некако беше полесно да се живее без постојаните драми и превирања на страста, отколку се’ одново да се вложува напор да се разгори некаков пламен, за после да се преживува одново неуспехот на другиот да ги исполни очекувањата на првиот. Се’ што беше надеж и страст умре тивко, без препелкање, на подот на нивната дневна соба, кадешто сите нивни разлики излегоа во грубо светло и останаа таму, неподвижни, подгрбавени споменици на рани желби и неповратени одлуки. Не говореа веќе за взаемните разлики; просто заминаа по различен пат во различни светови. Секој го гледаше другиот како неизговорено, иако пријателско, промашување.

 

Повремено и’ беше неверен, со мошне ретки и кратки љубовни врски. Од секоја врска брзо ќе се повлечеше, на свое студено изненадување наоѓајќи се недоволно заинтересиран за да го вложува напорот кој тајноста го бара. Сексот му беше драг, и силно му требаше да допира и да биде допиран, да се препушти во топлината и убавината на женското тело. Таа радост прескоро се намалуваше, бледејќи во црно-сјајното отсуство на било што да ги поврзе љубовниците. Неподнослива напнатост ќе му се собереше внатре и тој молчеливо ќе се повлечеше, оставајќи и’ на другата да ги изрече смртоносните зборови. Времето навистина ги поправаше нештата, внесувајќи ред во стварниот живот.

Понекогаш ќе му минеше мисла, дали неговата сопруга му беше неверна, дали некогаш тоа била. А освен бегол бодеж на љубомора, кого го прекоруваше и го отстрануваше како детинска посесивност, не чувствуваше ништо друго освен неврзана љубопитност и добра намера жена му да е среќна, можеби да си ја разбуди страста со некој друг љубовник. И ќе ја пуштеше мислата да му излезе од умот. Што се однесуваше до него, никогаш не ќе и’ признаеше на жена си дека имал врски. Едноставно, тоа не се правеше.

 

Нивниот љубовен живот претставуваше пристоен обостран обид да се утешат еден друг со минимум личен влог. Кога грчот на неподносливоста помеѓу нив нараснуваше до избувнување, уметноста на останување заедно беше да се насети тој момент и, токму пред да дојде, да се стори нешто мило за другиот. Нешто мало, нешто што другиот го сакаше, и со тоа разумно да се притисне копчето за среќа на партнерот. Нивиот брак стана сомилосен и разумен гест да не се повредат. Продолжуваа во него, поради онаа осаменост која две битија ја чувствуваат кога се сами во постела ноќе, голи, а простран темен свет бесконечно ги опколува. Тогаш себичноста будеше нешто налик топлина, доволно за момент на задоволство. Тмурната самотија која ги гонеше во интимност исчезнуваше со утрото, кога пак ќе се најдеа еден друг за одвишни и ќе побегнеа на работа. А сепак постоеше некакво врзување во тоа. Часовите минати еден без друг им даваа сила да се вратат дома. И континуитетот на овие успешни но ризични враќања, никогаш непроговорени и можеби дури никогаш и неразмислени свесно, го засилуваше чувството на постојаност помеѓу нив. И сега веќе физичкото време минато заедно, дневните одлуки да се вратат во заедничкиот дом како партнери, ги врзуваше, иако неодлучни, иако ова им ги ослабуваше желбите на срцето секој ден. Го имаа времето мудро да им ги скроти безмилосните мисли за промена.

 

Никогаш тој не ја напушти сопругата, ниту, додека беше вљубен, не ги призна помислите за било каков друг живот. Жена му ги насети, но беше доволно плашлива и дискретна да пушти сето тоа да мине без збор. Тој на је остави и тоа беше доволно. Таа не ќе ја отвореше оваа опасна кутија да ја загрози иднината која ја имаа заедно, не сакаше еден ден да се соочи со мислата дека е напуштена, со прекршеното ветување кое за сега единствено го држеше срцето на едно место, без разлика колку скаменето, смалено и изабено. Такво беше единственото што остана. Барем нешто остана.

 

 

4.

 

Но животот не го беше кажал последниот збор. Човекот и жената се сретнаа и се вљубија.

 

Имаше времиња на длабока тага и немир кога тој посакуваше да го врати времето наназад и да ја спречи оваа нова врска во почеток, но не можеше да го стори тоа. Понекогаш посакуваше да не се оженил, да ги одрече зборовите, да го одслучи настаните, да се ослободи за оваа љубов, чист, нов и самолик. Но беше сосема немоќен. А имаше времиња кога сакаше да го сопре времето, да го свитка како топол восок и да направи бескраен круг од него кој би водел постојано во подлабока есктаза на задоволство. Но ниту тоа го можеше. Си ја удираше главата од ѕидот на безизразното време кое ѕуреше во него вљубен. Неговиот најголем сојузник, неговиот учител и пријател, работеше против него; го предаде.

 

Постојат мигови со кои љубовта фаќа во клопка: одеднаш човек го чувствува се’ она што можел да биде и желнеел да стане, и нивната интимна моќ го преполнува пак. Во занесот на љубовта, сите минати соништа изгледаат можни и животот изгледа прекраток да се губи на било што друго освен на нивното исполнување. Во немирите на љубовта се јавува очајот од испуштањето на најискрените намери и од пренебрегнувањето на најубавите соништа.

Луѓето можат да се предадат сами себе, постепено, на малите раскрсници во животот, во мигови на одлука кои доаѓаат ненаметливо и без јарки бои и фанфари. Кога човек избира помал сон, избира едно помало себе.

А сепак, се знае кога се откажува од нешто невидливо но суштествено. По секоја таква мала одлука, студ се вовлекува и останува. Тогаш, човек тивко му се прилагодува на еден малку постуден свет, на едно малку постудено себе кое живее во стеснет свет. Тогаш животот наликува на бескрајна пустелија каде токовите на страста секој ден се сушат под редот на денот. Одлуките донесени без цело срце, од причини добри за другите и поради соништа на други луѓе кои веќе се оладиле. Но потоа тежината на наредните денови, кога останува цел еден живот на последици на видик, со раснечка и непризната пустелија. Едно недраматично отсуство кое не убива.

 

Ова изгледа ги следеше најважните одлуки во животот на човекот. Знаеше дека е така поради тоа што се одлучувал со половина срце, поради околностите и во име на придружувањето кон ритамот на заедницата. Неговата повремена среќа воглавно се должеше на случајот или на умешноста да се игнорира себеси.

Меѓутоа, кога ќе се прашаше што би сторил инаку во животот да можеше, не наоѓаше друг одговор. Не беше способен да се замисли себеси инаков од она што беше. И иако сега се беше вљубил посилно одошто мислеше дека може, не можеше да ја промени својата срж. Времетрајноста беше ко нескршлива таблица со заповеди кои повторуваа едно нешто: „Промената е насилство кое сите ќе ги повреди. Не повредувај. Она што било мора да биде.“

 

Навистина сакаше да постапува исправно, но си простуваше што е несовршен. Неговата љубовница исто беше несовршена. Таа беше симптом на неговата љубов а не нејзин извор. Понекогаш беше слаба и плашлива, понекогаш ситничава и преемотивна, но ја љубеше ко што се љуби сонцето.

 

„Никогаш не ќе се одлучиш, нели?“

 Не можам,“ рече тој. „Не сега.“

 Те разбирам.”

Се надевам,” и’ одговори тој со топлина, но и со неверување во гласот. „Толку ми е жал што не можам да ти помогнам со ова. Најискрено жалеше.

Обата погледнаа настрана, неми некое време. Во тој миг, заминаа во различни времиња: таа уморно гледаше во иднината, чекајќи на нешто што се’ помалку беше веројатно да се случи. Замисли дождлив ден кога конечно си заминува. Се прашуваше дали некогаш ќе има сила конечно да го напушти. Тој, од другата страна, гледаше во минатото со мачнина, врзан со масивно време минато како сопруг на една постојана жена која сепак и секогаш му беше сопруга. Сеуште не умееше да посака промена. И погледна во својата љубов со страв од нејзиното време, бидејќи знаеше дека еден ден ќе се откаже од надеж, замор ќе навре и ќе ја искорне сета посеана блискост, и ќе ја нема веќе. А после времето, неговиот пријател, ќе ги средеше работите. „Само не денес, не денес. Не можам сега да се одлучам. Времето нека одлучи,“ си мислеше во себе.

 

 

5.

 

Таа знаеше дека тој ја љуби. Само не можеше да разбере зошто никогаш не ја напушти сопругата и не започна нов живот со неа.

Не разбра, се’ до подоцна, со годините, дека времето беше силата која работеше против таа љубов. Времето беше оној елемент кој ја врзуваше и одврзуваше душата на нејзиниот љубовник: секој момент на екстаза кои го споделија го бодеше времето, го провоцираше и го прекинуваше, на крај претворајќи го во нивен непријател. И така, со време, неговото единствено животно орудие, времето, се сврте против нивното заедништво и го зарина во ладна почва. Времето го заврза, го скрои и го заврши она меѓу нив, ослободувајќи ги од одговорноста за крајот. Разделбата им беше случајна, скоро незабележана, а свеста за неа тапа. Премногу време пројдоа заедно плашејќи се од разделба, та кога дојде, дојде како ослободување.

Времето им ја скроти и самотијата, и кога после разделбата се обидоа на кратко да останат пријатели на некој малаксан начин. Обата чувствуваа дека минале низ некаква животно важна лекција иако немаа веќе ниту волја ниту потреба да размислуваат за неа.

 

 

 

 

 

 

Кабул, ноември 2004

 

 

The Way of Dreams

Part I: The Orphan

(excerpt)

 

Ch. One: The Little Thief

One long conversation in the park

The story of the ugly crow and the eagle

Ch. Two: The Mountain Nest

The story of the silly little wolf-cub

The feathery guide

Ch. Three: The Way of the Body

Past times coming back

Ch. Four: Dreaming Together

The corridors of the mind

Ch. Five: School

Punch me

 

Патот на соништата

Прв дел: Сираче

(извадок)

 

Гл. прва: Крадец

Еден долг разговор во паркот

Приказна за грдata вранa и орелот

Гл. втора: Планинско гнездо

Приказна за глупавото волкче

Пердувест водич

Гл. трета: Патот на телото

Минатото се враќа

Гл. четврта: Споделен сон

Ходниците на умот

Гл. петта: Училиште

Удри ме

 

Short Stories:

 

The Joys of Love

The Snowflake

The Master and the Horse

The Man Whom Time Had

Човекот кого времето го имаше

The Strange Dream of the Hermit

The Book of Silence (unfinished)

 

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by