Т-ѕидовите на Багдад Голем дел од Багдад е склопен и опклопен во т-ѕидови сега. Т-ѕид е бетонски блок висок над три метра, со основа на превртено ’Т’. Служи за одбрана од експлозии, индиректен оган и за регулирање на движење. Подвижен ѕид, за да си играат мајсторите на огнот. Владеат со бетонот, а бетонот владее со плотта. Шипките на врвот овозможуваат да се преместува лево-десно ко лего-коцка. Може така да се направи нов град среде пустина, или гратче среде градот. Може и гроб да се направи и засолниште. Бетон. Несреќна материја и за живот и за смрт. Багдад е лавиринт од т-ѕидови подигнат од мајстори на убиства и мајстори на преживување. Кампусот Мансур е таков град среде градот, надвор од Зелената зона, релативно мирно место. Скоро десет месеци живот во Мансур обележан со т-ѕидови. Погледот заринкува во нив, грди и високи потстетници на неволјата која ја донесовме, најдовме, разјаривме и испуштивме. За да се отворат очите мора да се крене погледот над бетонските ивици кон врвовите на планините што го порабуваат јаркото небо со шумлив зелен вез. Сонцето бие со чекани по кожата. Жегата убива и луѓето се движат соновно бавно, ко смачкани под тежок невидлив превез, а толку љубезни. Сакам жега. Со Ирачаните се смееме што сеуште барам сонце на терасата пред канцелариите, додека тие бегаат под сенка, а нивните жени желнеат по бел тен. Пријатели. Заедничка ни е смислата за црн хумор. И бесрамната политичка некоректност. Знам. И јас сум човек. Дел од ова колективно самоубиство и повторно раѓање. Како т-ѕид скоро, без движење набљудувам. Страшно сведоштво. А потоа раката се придвижува и запостојувам повторно кон поривот спротивен на уништувањето. Кревката и сомнителна грижа за другиот, да се биде крај патеникот, да се помогне можеби некако, било како, било како, не е важно, само да се биде со нив некако, макар и малку. Да се види другиот одвнатре. Да се видам сама себе одвнатре. Да се види и учествува во великата и снуждена човекова драма. Иронијата на Ирак Иронијата е во тоа што сме толку слични, толку сродни. Ова можеше да му се случи секому од нас. Секој од нас, во други околности, или во алтернативен живот, би можел да прифати да биде своеволен и гневен тиранин, привилегиран моќник, свиреп инструмент на пустош, да биде жеден или борец, вдовица или убиец, просјак или платеник, кодош или фанатик, лукав разбојник или нем војник, затвореник или џелат, престапник или прифатник, немоќен сведок или рамнодушен повлекувач, скриен политичар или ранлив гласноговорник, бунтовник или бранител, смел или разумен, одличен или неодлучен, горд или невидлив, жив или мртов. Ова се взаемно заменливи улоги кои стегите на околностите ги изнедруваат од нас. Смртна и смртоносна улога која, еднаш изнедрена одвнатре, изгледа ко да е единствен можен избор во дадените околности. Од внатре, избраната улогата личи на нужност и немање избор. ... Илузиите на нужноста, изборот и слободата. Некои велат дека секој го отвора својот живот кон овие можности, и дека улогата што ја играме, без оглед колку гола, тажна, болна или горда, е длабока лична одлука.... која може да се промени. Но колку од нас можат да изберат нешто поинакво од себе? На крајот на краиштата, дали преживувањето е преценето постигнување? На крајот на краиштата, куршумот става крај на сите тие прашања, лудости и илузии. Нашата иронија Иронично е што овде сме наемници на левата рака, додека десната уништуваше. И странците и домашните. А сега самите Ирачани уништуваат и градат. Суни и Шиа, Арапи и Курди, масовно се требат меѓу себе. Но има крај на секое зло. Овој народ, толку сличен на сите други, создаден од убавци и злодејци, плашливци и јунаци, жртви и насилници.Често е тешко да се каже кој е кој. Живееме под сенките на т-ѕидовите и не е јасно кого тврдината чува од кого: дали тие внатре или тие надвор. Не е јасно. Човек овде запознава секакви, и странци и Ирачани. Т-ѕидовите и оружјето на стражарите наредени вдолж нив се знак и на безбедност и на опасност. Секој ден чекорам меѓу нив. Секој пат со трепет и чудење. После неколку месеци чекорење и чудење, т-ѕидовите се населуваат во мене. Она што очите го гледаат доволно долго, станува дел од очите. Го обликува умот. Станувам човек со фокусиран затвор во себе, поради уверување, авантура и плата. Ко секој затвор и секоја тврдина, ѕидовите стануваат дом. Стеснета визија на светот, мал и регулиран простор во кој постоењето е оправдано со идентификациски картички на масовниот механизам на преживување во воена зона. Среќни се оние означени со картички околу вратот. Иронијата скоро убива. Хуморот спасува: пред заминување на отуство се смееме - што ли ќе правиме без т-ѕидови надвор? ќе може ли да заспиеме без нив? да не треба да си земеме по еден т-ѕид, мал, малечкав, да си го држиме во џеб, да го чуваме под перница, да спиеме спокојно и утешено? Некои умници од Зелената зона не’ превариле: продаваат мали пластични т-ѕидови за сувенири. Перверзноста на идејата ги руши сите очекувања. Т-ѕидовите станале симптом на колективна болест. Ѕидовите дома и внатре Сепак, има невидливи т-ѕидови и овде, распослани по улиците на Скопје. Го ограничуваат лудилото, во очите на луѓето се искреваат, стравовите од полно постоење, домот ограничен со поглед, спутаноста на телата, забрани и срам, и ужасен страв од бидување сам и бидување потполно изложен на другиот. Стравот од осаменост гради ѕидови. Бескраен простор не’ прави да се чувствуваме толку мали и сами. Стравот од другите гради ѕидови. Можат да не’ повредат или да не прозрат какви сме всушност внатре. Но не можеме да дишеме без отворен простор, не можеме да љубиме без друг да има. Дом. Ако имаме среќа, го засакуваме она што мораме да го гледаме, она со што мораме да живееме. Навиките, комфорот, сигурноста, познатото - од стотици улици во Скопје, познавам само неколку, и по нив се движам. Во тмурните денови и познатото личи на непријател. Во благите денови личи на љубов, на препознавање и припаѓање. Личи на слобода и право на постоење. Дом. Кога се најдов дека ги засакувам т-ѕидовите на Мансур, кога почнав да ги нарекувам ’дом’ со сомнителна нежност, знаев дека нешто почнува да не биде во ред со мене. Но останав долго, и се вратив. Да го отплеткувам лудилото потка по потка. Не беше херојски подвиг. Средиштето се засолнува за наредниот ден да го проживее она што јадрото го сонува во мракот.
? октомври, Румена магла
Облак песочен прав го завзема воздухот. При залез светот станува крваво тмурен до загушеност. Ветрот се стишува, палмините лисја се мртви. Се’ е завеано во таинствен румен плашт. Звуковите се вгнездуваат во правот. Никој не се осмелува да крене глас. Напнатост бие од воздухот и сите тивко, сосредоточено, ја слушаме во себе. Од скриени помисли, се срамиме да се погледнеме во очи. Се’ чека нешто да се случи. Не се случува. Доаѓа ветрот и го одвејува облакот прав. Златно небо, зелени палми, повторно смееме да се смееме, иако некако нерадо, ко да носиме нов скриен грев на душа. Кој знае какво откровение или смрт не’ одминале? 17 октомври, Великата брзина Скоро два месеци бо Багдад, а се чинат два милиона секунди секоја со своја сфера на можности, избори и светови. Ниска на одлуки и промени од стрелата на времето прават крошнесто дрвo, бремено со гранки, тешко со лисја и плодови. Која од гранките станува единствената линија што подоцна ја нарекуваме ’нашиот живот,’ а со тоа мислиме ’сеќавање’, само едно од сите можни светови? Обилие во океанот на временоста. Чудо на случувања. Стварни, непорекливи. Напнати до раскпукнување. Животот овде е случување до исцрпеност. Овде човек не стои на страна да бира што од светот ќе допре: овде случувањата го поплавуваат човека, го раздираат и разбиваат до јадрото. Го разграбуваат битието и човек се вообликува според светот, се’ трудејќи се толку многу да го вообличи светот според себе. Срцето се извлекува од човечки облик и се пушта во сложени преплетувања. Слобода на распарана отвореност, застрашувачка и прекрасна. Удари: преобликуваат, слеваат. Смеа заедно, тенките нитки на поврзаноста. Ден создаден од битија слеани во взаемни случувања. Ноќ на крпење. Великата брзина на денот, на духот, а нема место за тага, за лек. Застани, Ана. Смири се. И ова ќе мине. Ќе исчезне и ќе се стопи во обоен спомен. Витраж фрлен низ бурното окно на минатото. И сама ќе исчезнам во туѓите сеќавања, слика на стакло, непозната вон закованото време, за секого со друг облик и боја. Смири се, Ана. Ова не е стварност. ... Како да престанам? Како да погледнам во стопалата и да видам дека стојам мирно во плитка вода, некоја река среде ноќ без облаци и месечина? Како срцето ми завива од премор барајќи ја месечината да фрли вел преку неа и под него да и’ шепне, ’Уморна сум.’ Ова тело од набрекнати жили, секогаш во премор, секогаш спремно на скок. Оваа громада од мисли полни стварни тела, ова громовно секиноќно премислување.
Декември 19, Пукотници во Багдад Истрели но ноќта: свадба или убиство? Ќе биде ли некогаш мирно? Ќе бидам ли некогаш мирна?
Декември 26, Замини Кога приказната завршила, замини. Дури и срцето сеуште желнее да каже уште еден збор што жали, да ја поткрене топлата нитка уште само еден пат во име на срцето кое памети засекогаш. Време е да се стргнат срцевите остатови, да им се заврти грб на неговите клисури и врвови, и да се замине. Дури и древниов свет да се чини без нитки и студен, научи се да заминуваш. Не повторувај, не барај нов одговор во старите очи, сруши го товарот, сруши се. Мора да научиме да заминуваме. Искупувачката тишина ќе ги исцели оние што остануваат. Замини. Беа ли стварни или плод на мечта, оние зафатени во клопката на твоите приказни? Без разлика, беа сјајни.
Февруари, Заѕидана Ѕидовите го обликуваат човека. Се врежуваат во сетилата и размислите. Ѕидовите означуваат крај на слободата и почеток на преживувањет. Пријателство со бетонот со кој разменуваме парче душа: ’Добро утро, ѕиду!’ и ’добра ноќ, пријателе....’ Неспремна се враќам дома. Неспокојно без ѕидовите. Ги опипувам во себе. Сигурноста на коридорот кој води од ноќна во дневна мора. Должина на несогласувањето помеѓу она што чека пред мене и зад мене, со ова битие што оди помеѓу. Умор ми е во нозете, во прстите, во челото. Каде погрешив? Кој пат земен ме зел во затвор? Што се стори од мене? Овој пренапнат ѕид, оваа рушевина, овој нељубезен самотен водич во никадијата...
21 април, Дома пак Конечно дома. Мојата љубов е во соседната соба; спие, светлокос и виток и љубовен. Домот е тивок, тивко е внатре од саати сон. Толку е се’ стишано, и внатре и надвор, во врвовите на прстите, на врвот на носот, по ивиците на трепките, под застаклените облаци, во прозорците без лица. Малку сонце ќе фрли света жар врз овој мек спокој и се’ ќе се крене на нозе да заигра. Врвовите на прстите ќе се преметнуваат неспретно, носот ќе ги крене ноздрвите, косата ќе се фрли во широчина, очите ќе заиграат под трепките. Ќе се сакаме сите и кој не игра не е со нас. |
|||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|