1. ЗЛАТЕН ДЕМОН
ВИКАЊЕ
Се надвикуваме со мртвиот- кој помртов подлабоко ќе гори.
Викај Викај ние, грди вистинољупци, во смрт вљубени. Мртво со мртвост љуби; во смртта сите крвни браќа се.
У-о-о! У-о-о! Рогови ни се прстите, ветар ни е висината што тече низ роговите. Мртвите имаат жици во колковите, и свират, свират. И од мора посмрт има.
На сон на брат ми му злозборам, од што клунот ми е нем. Со перја го мавам тешки; во звуци и себе се погребувам.
Диво ми е грлото; никој вијот не го разбира. Дивоста ме бие ко зол глас, зол ветар од висините паднат; основата мудра си ја кове во бистри темели, во чисти часови, во злотиха мугра кај виор стар демне.
ЗЛАТНИ ЅВЕРОВИ
На мртвите главите им избија на видело- с# во златни ѕверови се претвори. Умните им очи светат во златна мисла, златен прстен Светот го опколил.
Ко мамка на кутар столб врзан- косата врани му ја колват. Нема ум за злото облик што држи, ни за поразот меко што изгрева зад златната Зора.
БИСЕРНА БОЛЕСТ
Бдеам, слепа од пола чело наваму. Светот се препелка во сон. Галебите ја сакаат проѕирната половина.
Трчам, паѓам, а стопалата крварат- раните на зло учат. Мудрото чело не говори а гризе. Мудроста јазикот го гори: од бисери во утроба бавно се боледува и со вечна болест смртникот е награден.
Сите Планини од зло доба на пештери никнале.
ВТОРИОТ ЖИВОТ НА ВОИНОТ
Срцето од рани на зло се намерува. Така Воини светот си го бранат; тивки, на брана заспиваат и модра зима ги преплавува...
Потем Воин во Убавица се буди, со коски ко издишка, со очи ко изгрев, крвожедот го брани.
Сега Светот од Убавина да се спаси треба.
Најжална зима, кога Убавици нема.
ПЛАНИНСКА СУДБА
Планини, планини...
Од утр о во утро звук ги изгорува. Прегорени до крти лузни, се рушат навнатре и с# од милост голтаат.
Правот, измамен, празното било го оставил; и звучи сама Планината, но само топот се враќа.
Правот во птица се претворил и & заповедал да си оди. Сега талка Планината со злата што ги скри; згрбавена, осамена, до вода се довлекува. Тука Царот сив со помнење ја глави, Правот свој загубен в дланка вода го мами.
ВОЛЧЈИ ВРВ
Во левото чело пожар бие. Вечен туѓинец во пламенот спие. На пол-пат исчезнувам; димна само небото не ме фрла. Тоа луд коњ е, несакан од сите. Дивиот подив зема за крал. Патеки се кршат под левата страна, кога жешка сенка ги покрива.
Пожарот див, черепот тврдоглав. Сиромашна ко волк, кого да зауздам? Кому темето со бисер да му го поклопам? Сјајот ко Планина стои; с# што крунисал на грб ми офка. Од Бисер-Врвот завивам, гладен волк врз висија од мрши, под жезло, до темел, Планината се крши.
ДИВЈАК
Див, ѕури во Врвот од Ѕвона, со чист меч и крвав во умот, од Пат голем дојден кој погуби с#.
Само Планината верна остана - но се врти тој сред пустош, а назад Друга го гледа.
Умот нејзин дом му е и душа - душманот тој & е од дивина што дошол.
ТЕЛЕСНИ ПРЕДЕЛИ
Човечки тела ко Планини камења полни налегнуваат едно на друго:
Длабини, висови, свиоци жешки до недоглед; замрсена шума од незнајници плотта ја пробива.
Како да се придвижи, да ја урне Планината од вриења избиени што друга Планина покрива и злати? Во недвиг единствен скапоцен камен се раѓа од мрак смртен, и тајна.
Боли времето и дума сочинува гризечка и моќна: до првото движење на Планините во пад.
ВОН
Отпаѓа Светот ко карпа и коренот го разорува. Онаму кај расне нема дрвја, но вик се расцветува во бранови гранки и неподвижно лежи врз ветрот.
Непродорна смрт Световите ги штити. Влегувај, излегувај! На чекор - пад, а коските горат. Светот ин ино тело бара.
Што врз Човека смрт се насобира, та с# празно е; и Светја веќе нема. Но вон, низ пад, крај слап од капки, непрекинат, исчекува.
ГОРЧЛИВО ТЕЛО
Чело скоравено со клин се круни; Дрвото ни гнев за лек не расне.
Се мисли, запира, и гневна кора го обраснува. Низ стопала ко зора пропаѓа и амбис го опасува.
Телото огромно доаѓа да надгледа и во мрачност рака фрла; Празното ечи низ дупка во градите.
Од љубов на Празното нема враќање.
СТРАВ
Демон почвата ја наткрева. Од удари ко биволи телото камбана стана.
Стравот го влечка по земја. Ѕвони, црно, рика, но од вилици не се бега.
Устата заѕидана, телото врз круг откриено. Под камено оружје, игра Стравот, среќен. Ѕвечи песната на сет глас. Светот тих демон жив го боли.
Мечот море нема, а низ магла се движи. Мечот тајната ја знае, но да побегне не умее.
ЧЕЛИК 1
Челикот ечи со моето месо. Ко воин пеам страшно и ѕвечам, алчна, со прсти се раскопувам.
Челикот ладен во срце ми зараснал; отров златен крвта ја мени. Тивок, го фаќам ме опколува, и челото од златен челик по очи ме удара.
Тој меч ми е, и сонце- како да го сотрам? Та умирам, умно, и Челикот, лут, зорум се распаѓа. Врз гробот зимски, весел, плот нова се собира.
ЧЕЛИК 2
Со Челикот чело во чело се ‘ржиме- Тој челник сака да биде. Јас ѕвечам со забите, тој со моето оружје.
Скапоцена спрема му сковав што златен крал сака да е. Ме рита и штипе, но нежен звук го штрека.
Низ тропот на забите му живеам. Тврдоглав, под земја се превртува.
Од моќ бегање нема, но коските заедно војна не ги држи.
РАКА 1
Левата рака раздира, десната пополнува.
Но левата, дива, со ум од челик, замавнува грешно, од корен до гради ме сече. Десната крв не умее да спречи, па молчи, кратко плаче- но од солзи брана не се прави.
Одтогаш, говорам грешно- пелтечам и сечам.
Кога крвта зборува, замавнувам снажно и с# во дим се претвора.
Десната јачи, да побегне сака, во солзи да истече, да остане на патот.
Но не ја пушта левата што соговорник нема.
А ноќе крв моќна бледи и се крева; говори за неправда, за погибел и ѕвер.
РАКА 2
Ко несреќа за телото си живеам.
Двете раце во очај се зјаат; низ ‘рбет мразно огледало ги дели.
Секоја дланка - по свој ум: левата вдишува, десната јачи; јас здив немам, а Третата рака, никаквица, за тил зграпчила и води.
ВОЛЧИЦИ
Волчици нежни од очите пратив - низ маглата тихо газат. Полуслепа, по рик на најденост се повивам и плачам. Волчиците нежни мирно ловат - далеку, бикот, на колена паднат.
Само еднаш знам дека човек не сум - сениште сретнав со бел цвет во дланка. Тогаш коб звучна во соглас се кове, два огна, молчаливи, се болат. Волците неми по рикот се водат со очи под земја на татнеж кој гасне.
ВОЛЦИ
Волци Волчишта од дома ми излегуваат. Крвта во шума страшна се мени: почвата топоти, вијови ја тресат. Мракот во лов е. Среде лес бес болен тлее.
Во грло птица задавена; бесот урлика во сон, а Вечност го чека топла.
Во канџите на бесот се препелка волк. Страшна е ноќта! Паѓаат дрвја од премор без пород.
С# ќе пропадне под волчјата тишина.
ПАТНИК
Најстрашната шума најпозната се чини. Патувам сам.
На страв човек се викне ко на лошо време. Ни дом ни кралство да трае.
Од бол измамени, злата си одат. Јас среќен човек сум што слобода немам од црниот јаз кој вика и гази.
ОРЕЛ
Од сите звуци никогаш што не престанале Орелот, среќен, заборавен сред клик, над златното гнездо, ѕидот чиј вик Свет еден створи.
Челото мило му е, но темелот црн заповеда гибел.
ТАЈНИТЕ НА ДРВЈАТА
Дрвјата тајна моќ имаат: ноќе да играат, а дење од иста срж с# да видат - вид скоро вечен.
Но слепите смеата ја мразат дење; штом птици летот нанесе ноќе нота гневно-тажна во гранките зафаќа луѓе што сон друг не ќе видат.
ИЗМАМА НА ДРВОТО
Од камења демони скокаат, шума брза деновите страшни ги голта. До колена болот, злите на врвовите птичји срца удараат во лет. Од замрзнати пердуви денот сив се чини.
Околу коренот ноќе кружам - тој црвени, но јас сум камен. Сака сказна да ми раскаже, во потекла да ме одведе. Но на Едно не се припаѓа, од луда драгост не се враќа; се вртам и вртам, неподвижно се кротам.
Воини кружат со Дрво зад грб, но Падот диво претежнува: Дрвото молкум земјата ја враќа и с# на свод сонум пресликува.
ПОВРАТНИК
На брег со пресечени гради стои; Снег од очите истура. Но седмото страшило врани што го бранат рика плашења по сводот.
Поразеник блескав дома се враќа; неволја носи трајна зад прагот бледа блажест што се чини.
ШУМА НА НОЌТА На Гордана
Сега с# добро е. Злите спијат. Никој на ум не н# има. Ни сон груб да се дрзне. Мракот молчи без зора роден; демне без злоба, а тајните горат.
Над шума древна дождот застанал. Без мир пребираме низ лисја: гние Светот млад, и болести се златат. Ко бесцелен камен се витлеам низ часот, а бела птица коби со утеха во гласот.
ГРОБНИЦА ОД ЗЛАТО
Златото гроб огнен е, леко убива с# грб што му врти. По сржта денот сече, но таму гробје нема; таму пелтечи свирепост без лек.
Срцето се подига, верно, сета свита и оклоп од вода што боли се. Од најсмртна ѕвезда до најгрда земја столб истегнат зјае и вика.
Плотта подивува, рика и во гради се удара. Што ја допре, ладен здив го фрла. Телото златен дим се стори, игра само, пресреќно, врз мразот кој говори.
ЗЛАТНИТЕ РАЦЕ НА ДЕМОНОТ
Ѕверот ме зема за било; распад во вијови диви. Гробот е подвижна шума на тежината. Во очи на Мракот кој с# ино гледа, се искревам ко напад од срцето на демонот.
Од сечила во прстите не смеам во нежно. Едно око, бледо, страшно, ко надгробен камен сјае над трските што минат.
ВЕЛА БЕДА
Зло е, зло. Бегање нема. Безволник во самост најсреќен е. Но мачно доба и само се збиднува - Несреќата најнежен сопатник е.
Злата судбина, најширока пустина за човек сам, кој уморен паѓа.
МАГЛИВА ГЛАВА
Цврстината на коските ја знам- нозете се колци демоните во земја што ги враќаат. Без ‘рбет се живее мачно, но само Сводот право умее да држи.
Така одам, ко сабја тешко, од горе исукана, зариена во долу. На рамења збунет облак наместо глава на ветришта се размрсува.
Се крева од ужас магливата коса и тогаш јасно гледам надалеку ништо нема.
Како тогаш Ноќта с# претвора во лето?
ТЕЖОК ДУХ
Огни горат бавно ко тешки сводови низ Водата-разбој на Светот. Зимава ни славни не ја минат. Пустина пие од мракот кој гори со тишина говори изѕемната и густа Во доба дневно с# пропаѓа.
Сам дух е ништо - за умност треба двајца. Но смртта бар’ го има за познаник од дамно.
ОСА Седум години болен-од-бука, да надгласам ништо измислив кош во уши што зуи.
Сега празно е, и ушите ги нема. Но на носот стои оса и бескрајот го гледа.
Едно жило цело тело во отров растворило. Една мисла Човека го убива.
ЧОВЕКОМРАЗ
Див мир со Бога - земјата мириса на пламен. Со тело полно вода пустината вреска. Јазикот молчелив сводот го бие, жегата страшна од чело да ја стргне.
Низ млаз камења мразни ноќ се струполува. Од слушање крвта ми е мазна. Во див мир со Бога се намерив на сводот.
Побудалев и плачев.
Будала.
МОРСКО ЗЛАТО
Заѕидана жена на глас од сито море комарци брои врз пената што пече. Скалила со прекршен грб земјата ја виткаат, јачат.
Во мугра на смртоносни песни Зборот ко секира паѓа, колената женски ги дроби; и пишти мраз на сводот, се сепне денот затрупан, со Земјата скокната врз него.
Клима грубо главата горе-долу горе-долу, доба идни и воскреснати пак мреат. Топлограда песна на младото злато ги мени болестите на ноќните лета.
И жената-девица во мора што попаѓа го полага тилот врз мокрите бесови; со еден удар Земјата & ја одзема свирепата рика на градните жеги.
Носот пипа ножеви кај сечат; црни планински стражи го затрупуваат полетот на ‘ржта во стомачните врела. Под лекомислен здив на самрачен напев се тутка ведро незаспан џин стишан ко простор на сенишни лета.
Ден граден од зрачен час во карпа; скали од Еден зракасто вијат. Од тревожна тмурност, гладен, нема почин, Човекот од заби на Волкот кој молчи.
ГРАД ОД СВЕТЛОСТ
Коњи влегуваат кроце, поверливи, расцопани чела под венец од раце детски.
Го здрвува светот спила од дожд, ко модар бик жежи, иднината надира. Гори скалата од проѕирни коски; од Неврат погубен, господари Никој.
Часот се фрла врз потиштен видик; и камења звукот враќа по мостот кој во чудо паѓа.
Скината копрена добата ги цица, ни време ни светлост во Градот да молчат, воскреснати само иднината ја толчат.
Летот на мртвите е срце на мената. Изгазен покрив изџвакан од грижи. Ко гром напаѓа летото и бледо, месото се предава на допир.
Страдај, Духу на ѕвечењето. Во злобна мисла нагрден од Цвет што се движи.
ЗЛАТНО ТЕЛО
Гробот на Златното Тело отворен во Едно Доба Смрт растревожува. Сенки од исток и запад собрани на покажувањето. Нож од молк само може, молчењето да го распара. Низ расцепи врие река и вриска; но без ‘рбет непристапна како свет да створи? Ни магија не може низ ништото да говори.
Допир облик наоѓа во тврдиот молк; опчинет од немоќ во разорен колк, решетките ги цица.
Легната фурија грбот си го отвора врз Златното Тело; с# во поглед носи благ за тој млад, смртен свет зима да има, и брат.
ЦРВЕН СВЕТ
Од сонот на телото врана на раце изнесувам со очи на ждребе; во вода стојам. Тешко е темето бури што пренесува од исчезната маглина низ сон што потресува.
Искра во миг на предбурен лет; громови бдеат над суриот свет. Но корења нестворени во облаци се враќаат: тешко молчи занданата под звучниот свод, излез нема за плодноста; ниедна река до море не води, ни Ное го нема пустош да створи.
Мудроста на мртвите беспатна и бесна.
НЕМ АМБИС
Ни шум, ни чуло; ни да вдишам немам глас. Камења бавни наназад фрлам и, тешка, по звукот пловам. До ѕидот уште рака - од злато густ е, а пече како мраз.
Ни шум, ни чуло да ме спаси. Вид, рака протинам, тешко зјапам, ѕидот да го разлеам- ни вик ни молк го пробива. Ни шум ни чуло да ме спаси; ни да вдишам немам глас.
Одеднаш Мракот запејува.
ДОПИР
Што движи - умира, што снажи -допира, во допир се размножува, губи, растревожува. Мудар е допирот кој молчи а тажи. Во мудрост се гледаат две шепи снажни.
Допир сам, збунет и закоравен, во црн ветар заборавен и одземен.
Во смртта тој верува, во кошава и смеа.
НЕМА
Не бев и не ќе бидам Сет свет ечи, но плач не се чуе.
Добата минат, а уште сум смртна. Што еднаш не било, не ќе ни биде. Жали и вечи Вечност што клечи и чека на крај: прст смртен да ја удри, во желба да падне.
Но смртните чеда, прекрасни и слепи, зад грубите очи во клевета горат.
ЛЕБЕДОВО СОНЦЕ
Копни, мирен, сред снежно море млад. Очите бледи с# сјајно впиле, денот син наежен пред мраз; Ветрот ги вдишал спомените страшни на мирниот кралев плашт.
Очите се помалку на лебеди личат; по Првото Сонце се вијат и кричат; под крило се кријат низ тајната порта, та трептат и гаснат сред жалот на Ноќта.
ЗЛАТЕН ЛЕБЕД
Златен лебед во зима пештерски очи отвора Награда нема од Господарот та мраз мирно наивното перје го корне.
Белиот камшик врти, а не мава; Господарот на врата стои, но вратата се затвора. И здивот од злато во чудење замрзнува во мирот пред залез на Светот кој паѓа.
ЛЕБЕДОВА ТРАГА
На беспаќе од солзи морски Светот не се гледа ни на сон. Се врти и плаче пред заминување. Бела бура тајни коскени им открила на лебедите. Никогаш зима за неподвижните. Убавите коски, посреќни од снег свод заменуваат.
Водата е негов ужас. Подморска Планина го познава и влече. Со очи врз сводот блед кој се гаси, вечната птица во дамнина пропаѓа.
ПОЛНА ЛУНА
Жив закопан, Еднорогот ја оди земјата од нежната страна.
Таму тревјето тешко срце има; се фрла, блед, на луна, но од умор паѓа. Та цимоли, вриска, и пее ноќе тивко кога Жени древни Луната ја мразат.
Три смртни дена кога затвор за Еднорогот е мртва женска тага.
ЕДНОРОГ
Златен маж во оклоп од дожд дојде со ум ко нож мил во нежен прелет карпи расцветува. На чело тропа, место јазик става роза, а трнот во срце забоден.
Ко ѕвоно славата одјаздува; шепоти мачно Светот зад грб. Во сонот на демонот влегувам и излегувам.
СПРЕМА НА ЕДНОРОЗИТЕ
Година на полноќните доба - еднорозите милост немаат.
Устата со дим и бука полна; прстите со крв и грива. Полјана нема белата кожа, па цимолат бесно во бревтав ‘ек.
На Почетокот беше љубов густа ко камен.
Во море на дланка гривите ведри светкаат и ѕвонат
Ветрот неподвижно време е што болен бескрај ранлив пред нозе фрла. Еднорози, една роза и трн срце што кине.
НОЌЕН ЗВУК
1. Звук еден коби.
Зад прозорец се руши ноќта. Снажно е на слобода, но внатре звукот коби.
Штом приоѓа, влажен, Домот се разрушува. Внатре ноќ ќе види, невина и нежна, но Човек не ќе биде.
Внатре звукот коби.
2. На покрив под луна болна Звук ко човек со раце ширум стои. Во преград ја држи сенката си бледа, тешко ја носи ко смрт на дете што блада. Нозете се крпи, ноќни трња, карпи. На гордост се порева, но нежност тврда не држи. Моќта што трепери безбедна не е. Стомакот мочуришно цвеќе топло, расне.
Безделничам меѓу порази. Прозорецот лета низ ноќта што стои. Еден вид затворен во толку доба ноќни.
3. Тоа корида на зимите е. Забите и бело, с# Еден носам.
Блед човек на прозорец стои; со коските штрека и чека звук еден влажен да одекне на полноќ.
Без зима и глад ништожно е. Туѓин е секој себе што се има. Гладот по полноќ јаде с#. Но полноќ никогаш не доаѓа.
СВЕТ ОД СЕНИШТА
На земјата да се рече ‘не,’ да се удри челотот умно од камен во ритам бавен, замислен и вечен. Низ времето да се мине обезглавен - Светот од соништа е. Ниту време приоѓа, ниту доба држи. Низ левата рака камења тешки ко слапови неба што се рушат. Збогум на Светот моќен.
Од сни не се живее додека животните јадат. Потем викам на јаве, а тишам на сон. Приказа од мочуриште излезе, во дал над водите гори; дома не се враќа, но сводот врз неа ќе падне. Да се пишува тешко е, прстите горат, и воздухот по глава толчи. Мирен, молчам, а внатре с# умира. Без демони вечен не се биде.
ТРЕСКА
На вратата лице нема; моето го грабнале три вили и во лес го лулаат, го менат. Жално чмае собата во вратата загледана. Поразите на блесок личат. Зборовите се кратки штом болеста е долга Жива сум, и молчам.
Поезија е чкрипење со заби со поразот во уста.
|
|||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|