The Home Page of Ana Pejcinova

Замислена Европа:
Нужни насилства на миротворниот идентитет

 
 
 

Прво печатење во списанието Политичка мисла (декември 2006), Фондација Конрад Аденауер-Скопје . НИК Лист.

 

Апстракт:

Проектот на создавање на заеднички европски идентитет може да се развие во две насоки: геополитичка и темпорална. Геополитичката стратегија на градење на идентитет се базира на формирање на Другиот надвор од геополитичките граници. Истоветна е со стратегијата на градење на државно-национален идентитет, решение на локални конфликти и воедно поголем проблем, а се оценува како далеку поконфликтна и понасилна од темпоралната стратегија. Вторава се зема себеси од минатото за свој Друг, т.е. темпорално диференцираното сопствено Јас. Новиот идентитет се обликува со критичка рефлексија над сопственото минато и се одликува со перспектива на постојанo отворање.

Додека некои водечки мислители предупредуваат на негативните последици на геостратешка Европа и се застапуваат за темпорална само-рефлективна стратегија, нејзините аспекти на недовршивост и отвореност не се популарно привлечни помеѓу широкото граѓанство на Унијата. Нерефлективното пропагирање на геополитички диференциран идентитет води кон екстернализација на европското насилство на маргините и преку геополитичките граници на Унијата. Позицијата на Македонија се анализира како пропагација на дискурсот на насилство, објект на европската екстернализација и субјект на своите насилни процеси.

Клучни зборови: Европа, идентитет, насилство, геополитика, екстернализација

 

Во 1998 г., Оле Вевер ја разработи тезата за европското воено минато како конститутивна референтна точка за создавањето на повоениот европскиот идентитет и следствено, идентитетот на граѓанинот на Европската Унија (ЕУ). Темата на недостасувачкиот европски идентитет се интензивира во јавниот дебатен простор посебно по гласните non и nee на Европскиот Устав и со резултатите на Евробарометарот, кои, за почеток е доволно да се рече, конзистентно и на подолг период изразуваат акутен страв од новата Европа помеѓу нејзиното граѓанство. Во одговор на пречките кои економско-политичкиот „проект Европа“ ги сретна од сопствената внатрешност, идејата на Вевер ја разработуваат неколку автори; меѓу нив е и Томас Диез, на чија пост-структуралистичка анализа „Другите на Европа и враќањето на геополитиката“   делумно се базира и овој текст.

Овде ќе разлачам помеѓу темпоралниот и геополитичкиот облик на градење на идентитет и ќе опишам две траектории на развој на европскиот проект, кои поаѓаат од иста референтна точка на Другост, т.е. европското насилно минато. Првата траекторија е Европа каква што таа сака да биде, миротворен, само-рефлективен и само-критичен ентитет; втората траекторија е Европа каква што може да се повтори, ентитет чија миротворност би се свела на пацификација единствено на своjата територија, а насилството би се екстернализирало, т.е. би се проектирало на маргините на општеството и надвор од геополитичките граници на Унијата. Под „насилство“овде подразбирам човечки потенцијал за конфликт ; ова вклучува физичко, економско, политичко и социјално насилство, како и насилство на негрижа, кое се состои во „оставање на другиот да умре.“

 

Еден симптоматичен говор

Романо Проди, во говорот даден во Сараево во на 4-ти април 2002, ја окарактеризирал историјата на Босна како „сумирана верзија на европската сопствена историја.“ Главната линија на компарација за него се состои во босанската „конфронтација, национализам и екстремизам,“ за кои ставови и чии застапници, вели, „во обединета Европа едноставно нема место... Европската интергација ни дозволи да го отрфлиме (sic) ова тесноумие. Ние (sic) веќе не се гледаме себеси само во смисла на националност, заедница или Држава... “

Проди јасно ги одделува „ние“ (Европјаните) од „вие“ (не-Европјаните), припишувајќи го конфликтот, национализмот и екстремизмот на не-Европа, а миротворноста, над-национализмот и умерноста на Европа. Но Проди не говори за една Европа која веќе постои, туку за една имагинарна Европа која (можеби) ќе биде. Ниту тој говори за една стварна Босна, туку за еден временски изолиран аспект на Босна (компарацијата помеѓу Европа и Босна можела да биде во предвоената историја на мултикултура и солидарност, на пример). Ко во многу случаи, говорот повеќе кажува за говорителот отколку за адресантот. Но токму говорителот, Европјанинот ко што би сакал да настане, е тема на овој напис. Да ги погледнеме тивките претпоставки во овој говор:

Клучното разграничување во овој говорен дискурс лежи во зборот „конфликт,“ и имплицитното „насилство,“ потенцијалот за конфликт. Дискурсот од кој Проди ги гледа Европа и Босна е еден: тоа е дискурс на насилство, во кој на Европјанинот му се доделува квалитетот „ненасилен“, а не-Европјанинот квалитетот „насилен.“ Дискурсот на насилство, за Проди, се легитимира во заедничката историја на насилства, за Европа како дамно мината и отстранета за секогаш, а за Босна како скорешна, сегашна и потенцијално идна. Проди, на еден начин, ја повикува Босна да ги отфрли своето минато и сегашност на насилства и да изгради едно ново миротворно „јас“, по пример на Европа.

Но со самиот реторички акт на вакво разграничување, говорителот го поддржува продолжувањето на насилството. Како? Стандардната практика на репродукција на колективите идентитети (етнички, религиски, национални, наднационални, и сл.), од пост-стурктуралистичка гледна точка, се базира на воспоставување на (најмалку) две позиции на субјектите: „ние“ и „вие“ (Другиот). Конфликтите не се природен прозивод на некомпатибилни позиции на субјектот, туку се дел од (ре)продукцијата на овие позиции, чија артикулација го репродуцира конфликтот тврдат Диез, Стетер и Алберт: „Конфликтите, следува, се остваруваат преку дискурс.“ Од оваа перспектива, дискурсот од кој говори Проди пресудил и пред самиот говорител да проговори: „вие“ е еднакво на конфликт, со самиот чин на велење: „ние“ е еднакво на „мир.“ Дискурсот кој говори „Европа е мир, а вие не сте Европа,“ тивко ги третира Другите на Европа како конфликтен потенцијал.
 
Говорот на Проди, иако тој не е гласот на Европа и е помалку само-критичен од многумина, е симптоматичен за еден поширок процес на обидот за формирање на европски идентитет. Овој обид се состои во одругување (создавање на Другост), во гестот на оддалечување на своето минато и на различноста од себе (дијахроно од сегашноста и синхроно од просторот), при што и минатото и сегашната различност се перцепираат и претпоставуваат за насилни. Директно: „Ние бевме насилни, веќе не сме и никогаш не ќе му се вратиме на насилството.“ Но индиректно: „Вие, кои не сте ние, сте насилни. Во вас се гледаме себеси, во оној облик кој сакаме да го оддалечиме од себеси.“ Или дури: „Во вас го гледаме она што не сакаме (веќе) да го видиме во себе.“ Овој гест на означување на „јас“/„ние“ како дистанцирање од насилството (сопствено и туѓо) е насилен сам по себе, и тоа во двојна смисла: тој е самонасилен (го оневозможува говорителот да ја препознае сопствената насилност – во најмала мера, да врши насилни реторички акти) и е насилен кон другоста (му го припишува насилството како клучен квалитет на Другиот).

 

Геополитички и темпорален Друг

Најчесто, пост-структуралистичките теории за формирање на идентитетот се базираат на диференцијација поомеѓу синхрона Другост, каде идентитетот се јавува како збир на негативни дефинции („јас сум она што не е Другиот“). Ова се нарекува и геополитичко одругување, бидејќи дистанцата помеѓу „нас“ и „вас“ е материјализирана во меѓудржавни граници. Така, геополитичките Други на Европа можат да бидат САД, Русија, исламските земји, итн. Геополитичкото одругување е еден од клучните аспекти за создавање на суверен национален идентитет, а со тоа национална држава или државна унија. Но чинот на воспоставување на еднонационален хомоген ентитет, покрај тоа што е анахронизам , е двојно насилен: тој насилно отуѓува не само геополитички ентитети туку и интегрални аспекти од сопственото „јас,“ а и ја потиснува хетерогеноста во сопствените граници. Геополитичките гранции понатаму служат со својата сила да ја одржи различноста помеѓу националното јас и Другите надвор.

Нешто помалку истражувана социо-политичка појава е дијахроната различност, каде колективниот идентитет се создава со негативна дефиниција на едно претходно „јас,“ а конститутивните принципи на само-создавање се бараат во она што е спротивно на оразличеното (старо и отфрлено) „јас.“ Наспроти геополитичкиот облик на одругување, Диeз го разработува концептот на темпоралниот Друг, на европското соптвено минато како најбитен и најповолен аспект за конструкцијата на европскиот идентитет. Диез ја дефинира конструкцијата на идентитетот со темпорално одругување како само-рефлективна: таа не претставува како закана друга синхрона група, туку сопственото дијахроно јас, себе во минатото.

 

Конфликтен идентитет

Ниту темпоралното само-одругување не е лишено од себе-насилство: поблаг облик на насилство нужно се користи да се отстрани негов погруб облик. Така, Европската Унија наметна внатрешни санкции против Австрија во 1999 г., кога десно-ориентираната Либерална партија (FPO), обвинета за расистичка политика, создаде коалициска влада. Сепак, без санкции, а и без јавна дискусија, остануваат други земји-членки кои промовираат слична политика со расистичка обоеност (пр. кон имиграција или малцинства, како Данска и Грција).

Само-рефлективниот гест на отфрлање на своето минато насилство е уште попроблематичен. Колку Европа е навистина ненасилна по Втората светска војна? Поточно е да се каже дека е се’ помалку насилна , но не и сосем ненасилна, како што дискурсот на Проди би сакал да претстави. Од милитаризираните конфликти, можат да се споменат, на пример, француската репресија на Алжир од 1954-та до 1962-та, ирскиот, баскискиот и француско-корзиканскиот конфликт, или скорите конфликти во француските предградија. Дали учеството на Велика Британија во инвазијата на Ирак, на пример, ќе се смета за милитантно државно насилство за десетина години? И дали за насилство се смета само конвенционална војна, кога современите преферирани облици на насилство се изменети (пр. економско наместо физичко уништување, тајни воени интервенции и финансиско-логистичка поддршка на оружени движења во други земји, економски санкции и културна хегемонија по пат на контрола на интернационалните медиуми и монополизирање на протокот на иформации... и, за жал, така натаму)? Урбаното насилство со низок интензитет расне , расизмот се заменува со културна ксенофобија , мултикултурата е во криза, националистички политички платформи циклично победуваат на демократски избори . Колку се старите земји-членки самите ненасилни, кога Англија и Франција се во првите пет земји извознички на лесно оружје во светот (после САД, Кина и Русија) реф, европските земји се меѓу главните крајни дестинации на светските патишта на дрогата и се меѓу главните консуматори на наркотици, а со тоа индиректни иницијатори на насилства другаде?

Насилството, значи, е сеуште во Европа, иако некои негови конвенционални облици се во опаѓање. Сепак, миротворниот замислен идентитет на Европа и немирната стварност ја претставуваат природната и нужна развојна тензија помеѓу она што би требало да иде и она што е. Диез го оценува темпоралниот облик како помалку насилен, помалку антагонистички или исклучив од вообичаниот геополитички и културен облик на одругување, поради поотворениот облик на „јас“ кое овој го бара и поради циркуларниот акт на самосоздавање кој го произведува („ова што денес го создавам како ’јас’ утре критички ќе го разгледам, ќе се стремам да го променам, и, соодветно, утрешното ’јас’ ќе биде поусовршена, различна верзија на мојата денешност“). Ова е Европа која не е, но Европа која може да биде, посакуваната Европа на Диез, Вевер и нивните едномисленици.

 

Млак барометар

Водечките мислители, сепак, не го преставуваат гласачкото тело на земјите членки на Унијата. Токму недовршеноста и отвореноста на новиот ЕУ идентитет кои миротворните мислители го застапуваат не влева сигурност и доверба кај просечниот граѓанин на Унијата. Релативната стабилност и затвореност на националниот идентитет, во период на промени и несигурност, станува емотивно попривлечна од нестабилноста на непостоечкиот, неконтролираниот и недовршивиот идентитет на замислената Европа.

Поддршката на членство во Унијата од 1995 до 2006 упорно варира околу 51-52% со мала тенденција на покачување. Последните истражувања на Евробарометарот конзистентно укажуваат на „скоро никакво познавање“ на земјите-членки и на самата Унија, и на страв за личната иднина во Унијата. Позитивните очекувања се воглавно „дефанзивни,“ т.е. искажани во облик „да се задржи она што се има.“ Општата клима е „обележана со несигурност и со некои мошне длабоки грижи.“ Негативните перцепции и очекувања се врзуваат со недовербата кон политичките елити за чиј прозивод се смета Унијата, посебно во нејзината проширена верзија, отсуство на директна демократија и намалување на граѓанско влијание врз колективните одлуки ; недоверба дека Унијата ќе се грижи за граѓаните еднакво добро ко националата влада, страв од економско влошување, распад на системот на социјална заштита и на социјалното ткиво, ослабување на националниот идентитет и загуба на референтни норми и вредности.

Стравот од непознатото, од новото и туѓото, во овој период е нешто што ги поврзува старите и новите членки на Унијата. Иако Евробарометарот можеби опишува природна контракција која доаѓа по нагла експанзија, ова можеби говори за една друга посакувана Европа, со потенцијал да биде помалку страшна за сопственото граѓанство, популарно попривлечна од онаа на Диез: една геополитички изградена Европа, со непропусни граници, а во иднина можеби и хомогенизирано „ново-европско“ население и потенцијален евро-национализам.

 

Екстернализација на насилството

Денес Европа, би можело да се забележи, е зафатена во двоен процес: само-рефлективно откажување од милитаризираното насилство како средство за разрешување на конфликти, но и не-саморефлективна „екстернализација на насилството“. Овој нов поим бара да се разработи:

Под екстернализација на насилство подразбирам процес на трансфер на насилни активности (од воен, економски, политички, културен, еколошки и „негрижлив“ облик), од една страна, на маргините на заедницата внатре во Унијата и, од друга страна, надвор од границите на Унијата. Ова опфаќа екстернализација на физичко насилство  (пр. економско профитирање од туѓи војни, тајни воени интервенции), екстернализација на економско насилство (пр. користење на странски банки и избегнување на данок во tax haven земји, користење на малолетна и евтина работна сила без социјална заштита), есктернализација на ирационалноста (пр. религиозно и етничко насилство) и неморалноста (пр. секс-туризам). Под екстернализација не подразбирам едноставно извоз на продукт или практика, туку отуѓување на самиот дискурс на насилност, самата перцепција на можноста за насилни практики, преку внатрешните социјални маргини и геополитичките граници. Оваа можност (и a priori сомнеж за пракса) им се припишува исклучиво на Другите, додека сопствената позиција се смета за лишена и од неа.

Колективниот идентитет изграден со екстернализација се дефинира себеси, значи, како отфрлање на Другиот на маргините на сопствената заедница и преку геополитичките граници. Ваква е не-рефлективната, потенцијално само-уништивачка димензија на Европа - само-уништувачка со тоа што ги зголемува, неутрализира и изолира сопствените маргини , го потиснува соптвениот потенцијал за хетерогеност и ги изолира аспектите од себеси кои се во Другиот. Не-рефлективоста произведува и двоен стандард: она што се поставува како норма на однесување за други земји, не се практикува внатре во Унијата (пр. малцинствата во Грција), не се анализира и не се менува. Маргинализацијата, изолацијата, отуѓувањето, конфликтите, црната економија, невработеноста, нееднаквоста, неслободата, неморалот, сиромаштијата и ирационалноста – овие не се само во европското минато, туку се во средиштето на европската „зона на мирот“ како нејзин интегрален дел. Екстернализацијата, следува, е решение кое истовремено е и проблем, на начин на кој воопшто не е нов.

 

Историско повторување или отворање

Геополитички дефинираното градење на колективен идентитет преку екстернализација на Другиот сомнително наликува на повторување на историскот преврат од пред-националните заедници кон национално-државните. За тој период, националниот идентитет бил иновација, и како сврзно ткиво на државата, бил наметнат над омеѓената територија. За Хобс , монополизација на насилството во рацете на државата било решение за спротивставени локални (релгиски, етнички, клански)  идентитети чија постојана меѓусебна војна била проклетството на тогашното секојдневие. Но насилството кај Хобс не е отстрането, туку е само екстернализирано на меѓудржавно ниво. Иако модерната држава го намалила бројот на локални конфликти на својата територија, самото нејзино успешно фунцкионирање овозможило војни во поголеми, меѓудржавни размери, со кулминација во двете Светски војни. Така, националната држава денес се смета често за поголем проблем одошто решение. Значи, доколку идната Европа се конструира на база на геополитички евроидентитет со есктернализација на насилството, би требало да се очекува наметнување на евроидентитет како сврзно ткиво на Унијата, кој ослободува потенцијал за еврокулутурна хегемонија, евронационализам и понатамошно екстернализирано насилство.

Затоа Диез го осудува враќањето кон геополитиката како веројатно насилна, Европа чија иднина би била историско циклично повторување на институционализирано и легитимирано насилство. Од друга страна, темпоралниот облик на градење на идентитет е во склад со една идна Европа која има нова иднина, која создавајќи се, не го создава и сопственото семе на самоуништување. Таа Европа не е лишена од насилство, туку е активно миротворна, интегративна наспроти ексклузивна, во однос на конфликтите во своите граници и надвор од нив. Ова е нешто што би го нарекла замислена Европа, замислена на два начина: имагинарна (олицетворение на вредности кои никогаш не можат потполно да се актуелизираат, но ја вертикализираат траекторијата на развој на европскиот ентитет) и замислена сама над себе (критички само-набљудувачка и само-рефлективна).

Жак Дерида смета дека оваа Европа би можела да биде „перспектива отворена кон усовршување,“ која, за него, е суштинската уникатност на Европа во рамки на светот и историјата, а е поважна од прашањето на геополитичките и културните граници на Европа. Ваквата „Европа“, имагинарен конструкт во самозамислено пре-конструирање, вечно недовршен проект предаден на своето усовршување, е идејата на институционализираното миротворство.

 

Македонска екстернализација

Со освртот кон Македонија, ќе мораме да завршиме со тажна нота. И Македонија, како и Босна, непријатно ја потсетува Европа на нејзиното насилно и националистички обоено минато кое таа решително сака да го острани од себе. Оваа асоцијација ја поддржуваат и европскиот Проди-евски дискурс на насилство и македонската реалност, зафатени во затворен круг. Да го илустрираме ова со еден пример:

Македонија е екстернализирана од страна на Унијата со еден симптоматичен облик на насилство: визниот режим. Овој ни е наметнат да се спречи преливот на нелегални и криминални економски мигранти, служби и стока, т.е. визите би требало да ја одбранат Европа од нашиот насилен потенцијал. Обратното се случува почесто од посакуваното: додека ненасилните патници често се попречени да патуваат, веројатно најпопуларниот национален извозен продукт ни е токму криминалот. Но без мобилност, развојот на економски и образовен потенцијал е осакатен и посакуваното европизирање на Македонија е попречено. Економското осиромашување го поддржува развојот на сивата и црната економија, македонските граѓани имаат посилна мотивација да ја напуштат земјата и следува braindrain и транс-национален криминал – наша сопствена непланирана и несакана екстернализација на „најдоброто и најлошото од Македонија“ (оваа води кон формирање на еден непланиран и несакан македонски колективен идентитет, неповолен и од домашна перспектива и од перспектива на Унијата). Следува дека визниот режим ја поддржува де-европизацијата на Републиката и посредно го поддржува развојот на криминалот.

Во овој период, европскиот дискурс кој ни се наметнува (и претежно не’ гледа како природен ресурс на насилство) во голема мера се потврдува со домашната реалност. Наспроти перпетуацијата на внатрешни конфликти, потребно е критична маса на граѓанството, со акцент на одлучувачите, да се самозамисли над сопственото насилство (политичко, економско, криминално, социјално и „негрижливо“), за да стигне до гестот на миротворност, прво сами со себе, а потем со својата околина (сограѓаните, соседството и ЕУ). Градењето на македонскиот идентитет би било покреативно ако се втемели во критичко преиспитување на својата имагинативна фискираност на геополитичка интеграција со Унијата и на стварната фиксираност на внатрешно меѓусебно насилство. Дури потоа може да се очекува посакуваните Други да мислат и на Македонија кога ќе речат „ние, Европјаните.“


Ole Wæver. „Insecurity, Security, and Asecurity in the West European Non-war Community.“ Security Communities. Emanuel Adler and Michael Barnett (eds.). (Cambridge: Cambridge University Press, 1998): 69-118.

Thomas Diez. “Europe’s Others and the Return of Geopolitics.” Cambridge Review of International Affairs. Routledge. Volume 17, Number 2 / (July 2004): 319–335.

За разработка на одност помеќу насилството и конфликтот, во повеќе облици, види Thomas Diez, Stephan Stetter and Mathias Albert. “Theorising the Impact of Integration and Association.” Working Papers SeriesinEU Border Conflicts Studies: The European Union and theTransformation of Border Conflicts,” no. 1. Routledge. University of Birmingham (January 2004): 4-5.

„И дали убивање нужно значи усмртување? Не значи ли тоа и ’да се остави да умре’? Не е ли можно ’да се остават да умрат,’ ’да не се сака да се знае дека некој остава други да умрат’ – стотици милиони човечки битија, од глад, од сида, од недостаток на медицински тертман, и слично – да биде дел од ’повеќе или помалку’ свесна и намерна терористичка стратегија?“ (Jacques Derrida. “Autoimmunity: Real and Symbolic Sucides.” Philosophy in a Time of Terror: Dialogues with Jurgen Habermas and Jacques Derrida. (Chicago and London: University of Chicago Press 2003): 108)

цитирано во Diez 2005: 327.

При тоа, треба да се додаде, и „ние“ и Другиот се претпоставени и имагинарни, но не и стварни ентитети; нивната критична различност не е пре-егзистентна, туку се воспоставува со реторички чин.

Diez, Stetter and Albert 2004:5.

Јурген Хабермас, говорејќи за европскиот идентитет, ја нарекува државната сувереност „анахронизам“ во доба на глобализација. Jurgen Habermas. The Inclusion of the Other: Studies in Political Theory.(Cambridge, MA: MIT Press, 1998).

Diez 2004:319. Исто: “Кога Европското движење се сретна во Хаг во 1946-та, беше обединето во повикот за надминување на националните поделби во Европа за да се спречи враќањето на хаосот на војната. Од тогаш, референци на Европа распарчена од војни во минатото станаа најконзистентната, најчесто цитираната легитмиација на интеграција,“ (Diez, Stetter and Albert; 2004): 2).

Diez 2004:321.

За тенденцијата на опаѓање на конфликтите, според тип, регион, статус, број, интензитет, обем и жртви, види: Monty G. Marshal and Ted Robert Gurr. “Peace and Conflict 2005: A global survey of armed conflicts, self-determination movements, and democracy.” CIDCM Department of Government and Politics, University of Maryland. http://www.cidcm.umd.edu (accessed July 10, 2006).

UN Office of Drugs and Crime. “Ninth United Nations Survey of Crime Trends and Operations of Criminal Justice Systems 2003-2004.http://www.unodc.org (accessed November 20, 2006).

Robert Miles. “Racism International.” Journal of Cultural Policy, vol. 9(2). Routledge, London (2003): 167–183.

Во Чешка, Словакија, Полска, но и Австрија, Данска и Франција, се бележи пораст на рејтингот на популистичките партии и соодветно на парламентарни квоти на изборите. Види: Anders Hellstrom. “Brussels and Populism.” The European Legacy, Vol. 10, no. 2. Routledge (2005): 217–231.

UN Office of Drugs and Crime. “World Drug Report 2006,” vol. 1. http://www.unodc.org (accessed November 20, 2006).

Diez 2004:320.

Тој појаснува дека „модерната територијална држава може да биде склона кон насилни облици на одругување бидејќи го врзува идентитетот за одредена територија и на тој начин наметнува централизација и хиерархија на идентитетот.“ (Diez 2004:322)

Eurobarometer 65. “Public Opinion in the European Union.” (July 2006а): 9. http://europa.eu.int/comm/public_opinion/ (accessed November 20, 2006).

Eurobarometer. “The European citizens and the future of Europe: Qualitative study in the 25 member states,” (May 2006b). http://europa.eu.int/comm/public_opinion/ (accessed November 20, 2006).

Ibid., 11.

Ibid., 17.

Ibid.,7.

Ibid, 23.

Ibid., 22.

Ова не подразбира нужно откажување од немилитаризирано насилство.

Зголемувањето на маргините е се перцепира со страв помеѓу европското граѓанство (Евробарометар 2006б:8): на пример, исчезнувањето на средната класа во голема мера се случува со зголемување на под-класниот (работно неспособен) слој, довчерашната работна сила се наоѓа одеднаш без работа, на маргините на сопствената заедница.

Евробарометарот (2006б:22) укажува и на внатрешна перцепција на нееднаквост во Унијата, каде некои членки (издвоени се, на пример, Франција, Германија и Велика Британија) се критикуваат како „доминантни, дури и империјалистички... појава која предизвикува силно чувство на нееднаквост, ако не и на неправда: ’силните’ држат премногу влијание на штета на ’малите’ земји... а исто и диспаритетот во следење на регулациите на Заедницата, ’неволноста’ и ’неказнивоста’ на одредени земји...“

Thomas Hobbes. Leviathan. C.B. Macpherson, (ed.) (Harmondsworth, England, Penguin, 1968).

Derrida 2003:114.

 

Библиографија:

Wæver, Ole. „Insecurity, Security, and Asecurity in the West European Non-war Community.“ Security Communities. Emanuel Adler and Michael Barnett (eds.), Cambridge: Cambridge University Press, 1998: 69-118.

Diez, Thomas. “Europe’s Others and the Return of Geopolitics.” Cambridge Review of International Affairs. Routledge. Volume 17, Number 2 / (July 2004) :319–335.

Diez, Thomas, Stephan Stetter and Mathias Albert. “Theorising the Impact of Integration and Association.” Working Papers Series in EU Border Conflicts Studies: The European Union and the Transformation of Border Conflicts,” no. 1. Routledge. University of Birmingham (January 2004): 4-5.

Derrida, Jacques. “Autoimmunity: Real and Symbolic Suicides.” Philosophy in a Time of Terror: Dialogues with Jurgen Habermas and Jacques Derrida. Chicago and London: University of Chicago Press 2003: 108.

Miles, Robert. “Racism International.” Journal of Cultural Policy, vol. 9(2). Routledge, London (2003): 167–183.

Hellstrom, Anders. “Brussels and Populism.” The European Legacy, Vol. 10, no. 2. Routledge (2005): 217–231.

Eurobarometer 65. “Public Opinion in the European Union.” (July 2006а): 9. http://europa.eu.int/comm/public_opinion/ (accessed November 20, 2006).

Eurobarometer. “The European citizens and the future of Europe: Qualitative study in the 25 member states,” (May 2006b). http://europa.eu.int/comm/public_opinion/ (accessed November 20, 2006).

Hobbes, Thomas. Leviathan. C.B. Macpherson (ed.). Harmondsworth, England: Penguin, 1968.

 

 

 

 

 

 

 

 

Articles / Написи:

- 2007 -

Afghan Protocol: Field Guide for International Professionals. Management Chart for Preventing Corruption (draft) [pdf]

Stateless War: NATO's new challenge / Бездржавна војна: Нов предизвик за НАТО

Niches of Quality: Free мarket vs Open Access / Ниши на квалитет: Слободен пазар vs. Отворен пристап

- 2006 -

Imagining Europe / Замислена Европа

Демонизација на Авганистан

Плот (нацрт)

- 2004 -

Критика на сиромаштијата

Книгата е книга е-книга

- 2003 -

Семејни констелации

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home



 

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by