Прво издание во списанието МАГ - Медицина, алтернатива и гранични подрачја. Скопје: Медиа 2003-4. СЕМЕЈНИ МАПИ Односната констелација ги претставува сите емотивно значајни врски во животот на клиентот. Овие врски го одредуваат чувството на идентитет на личноста. Односната констелација, или популарно - семејна мапа, обично ги вклучува родителите (или субститутите), партнерот (можеби и бивши партнери), децата (ако клиентот ги има), дедовците и бабите, често и браќата и сестрите, а понекогаш и други членови на фамилијата или пријатели кои изршиле или вршат силно влијание на личноста.
Што се мапите на несвесното? Кога се раѓаме, влегуваме во веќе постоечки семеен систем на односи и го заземаме местото кое овој систем ни го овозможува. Самата свест почнува да се обликува внатре во овој систем на односи - свеста е производ на односи и надвор од односите не постои (за повеќе на оваа тема погледни ја когнитивната теорија на Аутопоиесис на Матурана или првиот дел на мојата докторска дизертација Кристалите на несвесното). Како односите се менуваат, и нашата свест се менува. Мапите на овие односи претставени во простор се она што го нарекуваме односна констелација. Емоциите се она што најсилно придвижува, а емотивно битните односи се најчесто оние во семејството. Затоа се користат семејните мапи како најсилен и директен терапевтски пристап до сферите на несвесното.
Секој човек има различна мапа на односи, или различен модел на светот. Мапата и моделот не се нешто од кое лесно истапуваме и го набљудуваме однадвор: мапата ни го овозможува самиот акт на набљудување - таа е сочинета од односи, а без однос нема кој и нема кого да набљудува. Постојано сме внатре-во-однос, во некаква мапа на светот. Го носиме постојано својот модел околу себе, во секој миг несвесно го пресоздаваме и одново избираме свет кој му одговара - мапата ни овозможува комуникација со околината и преку неа наоѓаме смисла во светот. Мартин Каратерс ја дефинира: Мапата е дводимензионална претстава на четиридимензионално интерактивно поле кое го пресоздаваме во секој миг на своето постоење и кое го одредува нашето чувство на идентитет. Терапевтски мапи Односните констелации во терапијата се користат веќе неколку децении. Иако поимот го има воведено уште Адлер, беше тоа Берт Хелингер кој го разви практичниот метод на работа со семејни мапи во осумдесеттите години на минатиот век - денес тој е познат ширум светот како таткото на системската терапија. Гешталт исто така користи облик на работа со мапи под името “семеен театар” или “психодрама”. Сепак, корените на работата со мапи доаѓаат од далеку постарата историја. Повеќе древни култури се познати по традиционалното користење на работа со мапи: на пример, племето Навахо на југозападот на Северна Америка ги користи овие мапи како облик на племенска “психотерапија”. Хавајското учење Хуна користи тродимензионални мапи за “да се исправат” односите во семејството на болниот човек. “Да се исправат нештата” на хавајски се вели хо опоно поно, а тоа е и името на овој исцелителски ритуал. Системскиот коучинг има преземено и модифицирано доста од системската терапија и од Хуна, и работата со мапи е значаен дел од системскиот коучинг. “Да се исправат” работите во семејството значи да се исправат сите односи помеѓу сите семејни членови. Многу нешта се случуваат во фамилијата: вина, жртви, скриен гнев, несоодветна љубов, семејни тајни, меѓусебни повреди, заклетви на преданост, заклетви на непријателство, кршење на правила и граници, сојузи и предавства - еден нормален свет со нормални случувања. Сиве овие работи, пријатните и непријатните, го прават она што ја поврзува фамилијата. На пример, една семејна тајна може на цел живот да ги спои учесниците во тајната и постојаниот емотивен притисок што го врши она што не се изразува може да доведе до трајно разорување на меѓусебните односи или дури и до физички болести на долгорочен план. Работата со семејни мапи овозможува да се изрази она што не било изразено и да се ослободи семејниот систем од притисокот на потиснатите емоции. Необично е што дури и тајните кои свесно не се знаеле можат да го влијаат клиентот; преку работа со мапи овие тајни можат да изронат во полн детал. Ослободувањето на потиснатото, или со други зборови, соодветно изразување на неизразеното, внесува нова сила во системот и чувство на спокој и рамнотежа во членовите. Односната констелација може да се спореди со вез: чувствителни нитки на љубов кои ги поврзуват членовите на фамилијата. Понекогаш овој вез може да има дупка, да биде изгужван, извалкан, или некои нитки може да недостасуваат. Кога везот е нарушен, љубовта тече на неправ начин, често неуспевајќи да ја досегне својата цел или пристигнувајќи до неа со непријатен ефект. Ова може да претставува конфликтен однос, или едноставно да биде тешко да се сака и да се биде сакан од одредена личност. Правила на љубовта Секое семејство е единствен систем на односи кој претставува збир на единствени правила. Овие правила ја сврзуват фамилијата заедно. Воопшто, правилата се однесуваат на тоа како членовите на семејството воспоставуваат односи, како ги одржуваат старите и како ги воспоставуваат новите токови на љубов. Овие односни правила ги дефинираат и убедувањата (за себе, за другиот, за она што ги спојува, за светот) кои поединецот мора да ги прифати за да биде член на фамилијата. Семејните правила ги дефинираат и вредностите во однос на кои поединецот и фамилијата се ориентираат. Правилата одредуваат кои емоции и однесување се дозволени во односите на семејството. Ова се односни правила на врска, убедување, вредности и можности кои прават од човека член на еден човечки систем. Истапувањето од овие длабоко несвесни правила води кон исклучување на поединецот од семејството и од семејната љубов. Суштински, ова се правила на љубов: што мора да подразбира поединецот дека е љубов, како да ја препознава, како да ја прима и изразува. Најчесто овие правила им се невидливи на оние кои ги следат, бидејќи правилата дефинираат што е нормално за човекот. “Нормално” не секогаш значи “здраво” или “среќно.” Во работата со семејни мапи клиентот има можност да истапи од овие правила, да ги согледа и превреднува, а учесниците во интерактивните мапи можат да стапат во поинаков модел на светот, со поинаква дефиниција на нормалност и љубов. Правилата на љубовта го осигуруваат редот во фамилијата. Доколку ги следи, членот се чувствува дека & припаѓа на фамилијата, дури и кога овие правила се нездрави и не му носат среќа. На пример, една фамилија може да има скриено правило дека секој член мора да верува “Љубовта е страдање”. Ова може да се одрази на тој начин што секој член на фамилијата, под моќна несвесна мотивација, ќе оформи болна партнерска врска која навистина ќе биде потврда на правилото дека “љубовта е страдање”. Со потврдување на ова правило, и по цена на личната среќа, членовите ја изразуваат својата преданост и припадност кон фамилијата. Системската рамнотежа се покажува посилна и побитна од среќата на поединецот. Доколку член на таква фамилија би се обидел да оствари среќна партнерска врска, на системско ниво тој би се чувствувал ко да ја издава фамилијата, ко да ризикува исклучување од семејната љубов која му дала живот. Поради ова, човекот најчесто несвесно ќе ја саботира секоја можност за остварување на партнерство без страдање. Има едно правило кое се однесува на сите семејни правила: Во фамилијата не се зборува за правилата и не се зборува зошто не се зборува за правилата. Ова лесно се забележува. На пример, во една фамилија чичко Мирко ја тепа жена си, но не смееме да зборуваме зошто ја тепа. Едно дете може да праша: “Зошто чичо Мирко ја тепа тета?” Најверојатно е дека нема да добие одговор и понатамошно распрашување ќе биде безусловно обесхрабрено. На пример, “Не се зборува за тоа!” Ако детето праша: “А зошто не смееме да зборуваме зошто чичо Мирко ја тепа тета?”, одговорот пак е најчесто во облик на емотивна казна (“не ќе те сакам, ќе те игнорирам, ако прашуваш понатаму.”) или суптилна манипулација (“кога поставуваш такви прашања, се чувствувам лошо – ти си причина за тоа.”). И чичко Мирко на пример може да биде исклучен од разговорите и акивностите на фамилијата, игнориран, да не се спомнува во семејството, и сл. Во семејната констелација на истото дете, кога ќе порасне, чичко Мирко може да се појави ко црна дупка на нечие заборавено но влијателно присуство; може едноставно да е избришан свесниот спомен на него, но на несвесно ниво она што се негира е она на што му се дава моќ. Во овој случај фамилијата не го признала чичко Мирко за рамноправен член и одбила да ја преиспита својата одговорност: што таа (не)сторила за чичко Мирко да стане агресивен човек кој ја тепал својата сопруга. И насилството на чичко Мирко веројатно било симптом на подлабока фамилијарна нерамнотежа за која секој член од фамилијата носи соодветна одговорност. Додека нерамнотежата која го создала симптомот “чичко Мирко” не се разреши, позицијата на чичко Мирко и понатаму ќе врши тешко влијание на генерации понатамошни членови, а на фамилијата ќе и недостасува некој квалитет кој чичко Мирко го носел ко потенцијал. Дури и повеќе, агресијата на чичко Мирко, која фамилијата ја не ја признала за дел од себе, може да ја прифати нов член на фамилијата и да ја изразува наместо чичко Мирко по неговата смрт. Можеме да ја обидеме следнава мисла: Секој проблем е решение на друг проблем. Или, секое решение е проблем што бара друго решение. На пример, детето може да се разболе за да ги задржи мајката и таткото заедно, доколку нивниот однос е критичен. Од гледна точка на детето, неговата физичка болест е помалку битна од тоа неговите родители да останат заедно и со него. Болеста е проблем, но е истовремено и решение на подлабок односен проблем. Во овој случај, да се излечи физичката болест може да претставува опасност за детето дека неговите родители ќе се разделат. Детето може да развие друга болест или проблематично однесување (деликвенција, проблеми со учење, и сл.) за да ги задржи оние што во неговата свест значат Љубов, или Живот. Оваа навика детето може да ја задржи и во зрелоста и да се разболува секој пат кога опасноста од нељубов се заканува. Во Соулворк велиме дека нездравото однесување е здрав одговор на нездрава ситуација, како што е детската болест одогвор кон разделбата на родителите. Можеби е добро да се размисли: Дали има проблем што не е решение на некој подлабок проблем? И обратно, дали има решение кое не претставува проблем во друг контекст? Сево ова се случува во нормалната психика на скоро секој човек: еден проблем, едно решение; потем ова решение станува проблем во друг контекст, па треба да се најде ново решение, и така во еден линераен след: проблем > решение = проблем > решение... Но не е секогаш така. Некои луѓе изнаоѓаат многу решенија на еден проблем. Ова го нарекуваме здравје, инвентивност, флексибилност,одговорност, активност. Некои луѓе се специјализираат во изнаоѓање на многу проблеми а никакво решение. Овие ги нарекуваме “жртви” - под наводници. Не дека се навистина жртви, туку тие избираат да се однесуваат ко жртви, да не преземаат одговорност за својот живот, туку вечно да ја префрлаат на надворешен агент. Во системски коучинг постои шега: ниедно решение значи играње „жртва,“ само една решение е лудост, две решенија се конфликт, три решенија се почеток на слободата. Во работата со семејни констелации се обидуваме да воведеме повеќе можности во кои членовите ќе се чувствуваат слободни да изберат кој облик на однесување е најсоодветен за нив во различни ситуации. Со ситемската работа на промена се воведуваат комплетни решенија, кои не произведуваат понатамошни невидливи проблеми во системот, туку ги потпоруваат и единките и системот. Како се работи со мапи? Секој член има причина зошто е поставен на токму тоа место во семејната констелација. Позицијата во мапата е директен производ на историјата на интеракциите меѓу тој член и семејството. Во системскиот коучинг се испитуваат причините кои довеле до нездравата семејна конфигурација. Не е здраво да се помрднуваат луѓето на сила за да се најде здравата констелација. Кога односните проблеми ќе се сменат, членовите спонтано завземаат поздрави позиции кои сите станати членови ги чувствуваат за потпорни. Една здрава семејна мапа е онаа во која секој член се чувствува на своето вистинско или право место; секој член се чувствува мирно и слободно на својата позиција во семејниот систем и чувствува дека нуди поддршка и е поддржуван од секој друг член. Не постои рецепт како изгледа една здрава семејна мапа - секоја фамилија е различна и нејзиното чувство за исправност и здравје бара различна констелација. Една мапа е здрава кога се чувствува здраво. Во системски коучинг има неколку одредници кои изгледа се општочовечки во врска со семејните мапи. Една е дека Нема семејни тајни. Во работата со мапи многу нешта изронуваат: заборавени нешта, или нешта кои клиентот свесно никогаш не ги дознал, но преку длабоката повразност на несвесното станале влијатела компонента на неговиот живот. Работата со семејни констелации е слична на отворањето на Пандорината кутија. Понекогаш го креваш капакот и си мислиш: не може да биде толку лошо - си ја знам фамилијата! и – непријатно изненадување излегува. А некогаш може да го отвориш капакот очекувајќи катастрофа, а излегува само некое плашило од детството и ништо пострашно. Но, што и да излезе од Пандорината кутија, го вадиме да го измениме на подобро. Друга одредница на работата со констелации е дека Никој никогаш не умира. Телото, се разбира, умира, но личноста останува да живее во свеста на човекот. Понекогаш “духот” на некој мртов роднина, може и по смртта да биде скриено, но силно влијание на секојдневието на човекот. Членовите на семејството, и живи и мртви, можат да се покажат еднакво важни во мапите на несвесното. Понекогаш овие мртви роднини продложуваат да бидат активни дури и по неколку генерации и да ги влијаат новите (живи) членови на фамилијата. Во групата на мртви луѓе припаѓаат и децата кои рано умреле, како и абортираните и мртвородените деца - овие често го врзуваат токот на животната љубов во семејството со чувство на непозната, голема и навидум безпричинска тага. И овие “духови” имаат свое место во фамилијата и додека семејството не ги признае, како што искуствата од работата со мапи покажуваат, целото семејство не може да најде мир. Третата одредница е дека Дарот на Животот не се плаќа. Да претпоставиме дека човекот се раѓа во состојба на безусловна љубов и им е бесконечно благодарен на родителите за можноста да се роди (Не тврдиме дека ова е вистина, но можеби можеме да ја обидеме оваа мисла). Во обид да го врати овој бесценет дар на животот, детето може да преземе на себе повеќе одговорност отколку што му припаѓа. На пример, детето може да забележи дека еден од родителите носи неизразена емоција и дека оваа потиснатост внесува нерамнотежа во семејството. Од љубов, детето може да реши да ја преземе таа емоција, да преземе одговорност да ја изразува наместо родителот кој ја доживеал на прво место. Во свеста на детето кое ја донело таа одлука, да не ја изразува оваа емоција на родителот би значело да се вознемири фамилијата и да се унесреќи родителот. Оваа одлука, донесена на несвесно ниво, обично се одржува и во текот на целиот живот и човекот во нови ситуации со други луѓе да им ги презема непријатните емоции, но да не знае зошто се чувствува постојано нервозен, тажен, или гневен, или исплашен. За жал, детското решение донесено од љубов не е здраво - рамнотежата која ја донесува преземањето на одговорноста овозможува само нездрава стабилност која не им донесува среќа ниту на детето ниту на родителот, а на догорочен план последиците можат да бидат мошне болни, па дури и катастрофални: Може да се случи детето да перцепира дека таткото се однесува на некој насилен начин кон мајката (емотивно, ментално или физичко насилство), а мајката да не си дозволува да го изрази својот гнев, кој би бил здрава реакција на одбрана на своите граници и права. Често луѓето ги потиснуваат непријатните емоции со цел да задржат некој битен однос. Детето може да разбере дека гневот кој мајката го носи ја притиска фамилјата, па за да го “плати” дарот на животот кон родителите, може да реши да го изразува мајчиниот гне |