The Home Page of Ana Pejcinova

A r t i c l e s  / Н а п и с и
 
 
 

ПЛОТ: Материјалност и симболичност

 

борот плот во македонскиот јазик има двојно значење: плот, во машки род, означува ограда, но, едновремено, во женски род, означува живо човечко тело. Во смисла на ограда, плотот ја означува материјалната и симболичната граница, опсегот на простирање, на плотта, во втората смисла на зборот, односно она што се чувтсвува како материјалната и симболична содржина на јас-ството на човека, интимната поврзаност на неговата личност, идентитетот, на се’ она за што човекот може да рече „мене“. Ова „јас“ на идентитетот не е кореспондентно со плота, или со содржината во границите на идентитетот. Двата поима на плотот и плотта мора да се дополнат со трет поим, оној на јадрото, кое е материјално-симболично средиште на плотот и плотта. Специфично е дека јадрото на плотот и плотта обично се именува со „јас“ или „ние“, а она помеѓу плотот и центарот се нарекува „мое“ или „наше“. Се’ она надвор од плотот е „туѓо“ и се одбележува со „тие“.

Како и повеќето поими, и овие три, границата, содржината на границата и средиштетот, плотот, плотта и јадрото, се литотички, т.е. имаат различно значење и примена во различен контекст. Така, границата на идентитетот често се поставуваат околу плотта, материјалното тело на поединецот, но и околу крвната заедница, семејството и фамилијата (социјален идентитет), околу етничката заедница (етнички идентитет), околу политичката заедница (национално-политички идентитет), итн. Во контекст на проширениот личен идентитет, во рамки на проширениот плот, „јас“ станува „ние“, а „мое“ станува „наше“, со тоа што (скоро) како сопствена плот се чувствува заедничкото живо тело на заедницата.

Разликата помеѓу различни плотови и видови на плот (тело) лежи во степени и интензитети. На пример, повредата на македонската границата со Косово не боли толку колку удар по глава. Така, повредата на сопственото тело боли далеку повеќе, поматеријално и поитно од повредата на телото на семејната заедница, која боли повеќе од повредата на телото на етничката или политичката заедница. Различните степени и интензитети лежат помеѓу два пола: на една страна е материјалниот, на друга страна е симобличкиот пол. Иако повредата на симболичен идентитет боли, болката е поапстрактна.

Функции

Трите поими можат да се анализираат истовремено на сите нивоа на примена преку нивните кореспондентни функции, при што се добиваат интересни аналитички резултати. Следниот дел може да се интерпретира на ниво на психологија, политика и економија.

Според Жил Делез, плотот, плотта и јадрото имаат повеќе функции, сите од животно значење за материјалните и симболичните организми.

Така, плотот, границата има одбранбена, комуникативна и селективна функција. Плотот брани од надворешна содржина која се чини некомпатибилна со внатрешната содржина (превентива против отровна храна во телото, против непознати луѓе во домот, против туѓи националности или криминализирана стока). Истовремено, плотот има премини за комуникација и размена со околината, низ кои храната (информации, увоз, компонентни на оплодувањето) влегува во плотта, непотребните супстанци се исфрлаат (пр. измет, personae non gratae) и вишокот плодност се препушта во околината (пр. деца, дела, извозни продукти). Плотот означува, „до овде сум јас, потаму е другост.“

Плотта, содржината, ги држи функциите на обнова, трансформација и плодност. Освен што ги обновува престарените или повредените делови на плотот и на јадрото, плотта го прима она што влегува преку премините во плотот и го преобразува во она што јадрото наредува. Плодноста на содржината често се остварува со кооперација на јадрото и на плотта: ова продуцира сличност или идентичност. Така и “идентитет“ означува „нешто слично само на себе и на ништо и никој друг.“ Кореспондентно на бесплодноста која резултира од родоскрвните оплодувања на долг план и од клонирањето, и на симболичката плот и’ е потребна туѓоста вон плотот да ја оплоди. Јадрото решава кога, која и во кој степен другост му е потребна на системот за да го продолжи своето плдоно постоење.

Јадрото ги контролира плотот и плотта и ги концентрира функциите на координација, интеграција и дезинтеграција. Јадрото е она што вели, „господар  (цар) сум во сопсвената куќа (село).“ Јадрото решава каде се простира плотот, што се случува на граничните премини, кои прозиводи очекува од плотта да ги прозиведе и како да ги редистрибуира. Јадрото го контролира првацеот на промени на системот, додека плотот и плотта се носители на овие промени. Така, јадрото може да реши дека плотот е претесен и да нареди проширување. Јадрото може да реши дека некои премини се претесни или прешироки и да ги регулира, или може да забрани и дозволи одредени содржини да влегуваат и излегуваат во организмот. Јадрото е она кое вели „јас.“

Ниеден од трите елементи, може да се забележи, не е ниту исклушиво материјален, ниту исклучиво симболички, туку е мешавина направена од физички и психички компонентни. Идентитетот е таква специфична мешавина на материјалност и сиболизам, на вроденост и стекнатост, која живее и од сличноста сама на себе и од промената презивикана од комуникација со туѓото. Значи, на идентитетот му се нужни и постојаноста (повторливоста) и промената (различноста) за преживување. Да се живее овде значи да се одржува динамичен баланс на еден променлив жив систем вгнезден во променлива и жива околина

Изграден идентитет, или суверен ентитет-систем, е оној што има јасно јадро, плодна содржина, црвсти граници и контрола на премините низ овие граници. Според Стивен Краснер , сувереноста вклучува четири аспекти: меѓународен правен суверенитет (признато постоење), вестфалски суверенитет (немешање на надворешни агенти), домашен суверенитет (фактичка власт на владата врз сопствената територија) и меѓузависен суверенитет (контрола врз граничниот проток на луѓе и стоки). Идејата за суверена национална држава е во криза последиве децении, најсилно токму со процесите за дезинтеграција и униско проширување кои и’ следеа на Студената војна. Сепак, овој поим, суверенитет, посочува на еден хоризонт на колективни очекувања кој уште од деветнаесетиот век го води поимот на државност, нација, идентитет и граници. Овој поим има станато длабоко вкоренето чувство кое сега е во болна криза, со загрозени или повредени граници, јадра и содржини. Ваквите повреди, материјални или симболични, замислени или стварни, пружаат отпор кон нова идентификација и интеграција за оние што се перцепираат себеси како силно суверени (европските земји) и оние кои се перцепираат себеси како слабо суверени (Македонија).

Повреди

Нефукнционалност на плотот води кон најочигледни повреди на системот. Овие вклучуваат непостоечки или пре-пропусни граници, каде не се знае кој каде почнува и завршува (пр. раснечки број на Македонци со бугарски пасоши), нема контрола на излезот и влезот на содржините (пр. Македонија-Косово), постои изолација на јадрото од сопствената територија (пр. влада без моќ над целата земја, или влада без контакт со гласачите), неконтролиран истек на содржини (пр. braindrain), неконтролиран прилив (пр. шверц) и слично.

До пробив на плотот може да дојде од надворешни и внатрешни причини, обично од обете. Така, главната причина може да биде преголема материјално-симболичка надворешна сила (пр. војна, културна асимилација), но пробивот може да биде овозможен од потфрлање на внатрешните системски елементи: неплодна и преплодна содржина (пр. некоресподентност на понуда и побарувачка), некоординирани или пре-координирани процеси (пр. олигархиски војни, екстремна либерализација или екстремно централно планирање) и др.

Ако било кој системски елемент потфрли, другите елементи се обидуваат да ги преземат неговите функции и целиот систем „се разболува“: влегува во привремена состојба на динамична нерамонтежа (транзиција или криза) која со време се усталува и, доколку системските елементи не си ги преземат одново секој своите соодветни функции, настанува постојана нездрава динамична рамнотежа. Така, транзицијата навестува уште една илузија, ко што преудпредуваат Томас Каротерс и Волфганг Меркел, и може да води кон релативно постојано одржување на взаемо зависни нефункционалности.

Стазисот се смета за смрт на системот. Стазис настанува кога било која рамнотежа, и здрава и нездрава, се продолжува доволно долго време без промени. Честа причина за стазис е некомуникативност со околината или прецрвсти, непропусни граници (пр. одбивање на имигранти, долгорочна затвореност на домашниот пазар, исклучиво националистичка култура). Ова води кон имплозија на системот. Овде секој вели „јас“ а „другите“ се заборавени. Друга причина за стазис е прекомуникативноста, кога силите на надоврешноста ги превладуваат силите на внатрешноста: јадрото се губи, содржината се разлева. Нема веќе кој да каже „јас“ и при тоа да знае точно што мисли со тоа.

 

Кризи на идентитет

Македонија, како национален идентитет, се придоби со свој прв плот по Втората светска војна, во рамки на поширок идентитет и плот на СФРЈ кој идеолошки ги потиснуваше националистичките идентитети на сметка на федералниот. Само педесетина години по тоа, се распадна поширокиот идентитет и настана балканска насилна криза на идентитети. Се распарчија и плотта и плотовите и јадрата. Во криза, сите елементи се трансформираат. Маките на раѓање се секогаш болни и слатки, последново ретко во пропорционална мера.

Поради фантастичноста на „чистите“ идентитети, секоја граница е нужно насилна и насилно нужна. Секоја граница насилно ја дели содржината, привилегирајѓи го „чистото“ мноштво на сметка на малцинската мешаната содржина. Секоја граница е нужна за создавање на идентитет, кој е прозивод на внатрешна „сличност сама на себе,“ унија и единство.

Кризите на идентитети периодично се појавуваат во светот. Глобалните промени на средишта на сила, граници и содржини периодично минуваат низ нужни тенденции на стабилност, стагнација и криза, која може да предизвика ширење или стеснување на границите, имплозија или експлозија. Крајот на Студената војна резултира со серија на кризи на идентитет во Евроазија, распадот на СФРЈ беше дел од глобалните случувања, а сегашната криза на Европската Унија не е многу различна.

Македонија, иако сеуште не сосем суверена држава според критериумите на Краснер, има аспирации да стане дел од Европската Унија, која е и сама во период на превирање. Иако економските последици од проширувањето на Унијата не испаднаа страшни по нејзининте членки, одбивањето на Уставот во 2005 беше симптом на повеќе писхолошка отколку политико-економска криза. Гласовите кои рекоа „не“ беа повеќе или помалку конзистентни: „не сакаме да се сплотиме со оние кои ни се туѓи; не сакаме друго (бриселско) освен нашето јадро да не’ води; не сакаме прешироки граници во кои туѓа содржина ќе се прелее во нашата содржина. Сакаме контрола над сопственото јадро, граници, премини и содржини.“

Што се случи со новопримените членки? Почнаа да ги губат содржините: излив на работна сила во поразвиените земји, либералниот пазар отвори пат за силна приватизација, откупување или концесии на јавните служби, со што цените и трошоците на живот скокнаа, а домашните плати не го проследија рамномерно скокот.

Во овој поглед, сомнителни стануваат три аспекта на македонските аспирацци кон Унијата: дали и во која мера нашето потенцијално членство сега би било добро за Унијата, добро за Македонија и под кои услови такво сплотување би било плодотворно.

Интеграција со преживување и без

Македонија, веќе спомнав, е една не сосем суверена земја, со не сосем изграден економско-политички и културен идентитет, со недоразвиеност, некоординираност и нефункционалност помеѓу плотот, плотта и јадрото. Ако во ваков облик влезе во било кој проширен идентитет, ќе биде асимилирана: и она малку плот и контрола на границите ќе избледе, содржината ќе се разлее надвор од границите, некоординираното јадро ќе се отуѓи понатаму, селективноста на процесите внатре во системот и на границите на системот ќе се изгуби во уште поголема мера одошто е сега. До ваков развој не би дошло со вина на другите актери во унија, туку поради системските правила на иденитет и интеграција, кои не поддржуваат слаби елементи; слабоста на идентитетот на Македонија, слабоста на јадрото, границите и содржината.

Европа е во период на криза на идентитет: наглото и, за многу, несакано проширување (и бришење, во некои случаи) на границите наликува на опасност по сопствениот идентитет. Западноевропските земји имаат и внатрешни кризи со религиозните и етничките малцинства, чиј број и присуство, на некои им се чини, го загрозува мнозинството. Нешта без преседан за националната држава се пјавуваат: кога малцинството го надвикува мнозинството, кога мнозинството се чувствува загрозено од грижата на владата за „другите“ во и вон националните граници.

За овие кризи треба време: што подлабоки, поколективни идентитетите, тоа повеќе време треба за нивна промена и стабилизација. Слаткоста на новите созданија доаѓа после маките на раѓање, некогаш далеку подоцна, а факт е дека за некои и сосем изостанува или доаѓа во небитен облик.

Не изгледа мудро да се напаствува Унијата со барање за прием додека не ни се јасно дефининрани и разработени сопстевните политичко-еконмски и културни граници, содржини и јадра. Унијата е веќе во криза во чие создавање Македонија не учествуваше и не ќе може да ја помогне да се разреши. Македонија може да се сочини себе привлечна за Унијата, со тоа што јасно ќе ги дефинра својот плот, плотта и јадрото, кога ќе застане со здрав и ненасилен идентитет, само-одржувачки систем на колективен живот чија преобилност бара проширување, а не пресиромашност. Доколку долгорочно се работи на прием во Унијата, битно е да се држи во предвид кризата низ која самата Унија минува. Политичките и економските гестови мора прво да создадат привлечна внатрешна содржина, од чија основа ќе потекнуваат надворешните гесотви на Репбуликата. Слаба економија и махинална и махинациска политика не ја прават државата привлечна ниту за Македонците ниту за другите. Додека Македонија не стане привлечна за своите, не е реално да се очекува дека други би биле привлечени од неа.

Културата, иако често изоставувана од премсетките, е можеби побитна во случајот на македонското челнство во ЕУ отколку што изгледа. Бидејќи стравот на граѓаните на западноевропските земји е повеќе психички отколку политичко-економски, можно е да се покаже дека културна програма ориентирана на земјите на ЕУ долгорочно може да стопи многу пречки за членството на Македонија. Во голема мера сме непознати во Европа. Амабасадите не функционираат, освен инцидентно, како амбасадори на Македонија, како нејзини застапници, промотори и застапници. Процентуално огромна дијаспора без продуктивна комункација ниту со земјата ниту со претставништвата во странство – содржина која се одлива, навидум бескрајно, содржина која не ги сака сопствените граници, соджина со која јадрото не е во комуникација – плотта на земјата се распарчува. Без неа јадрото не може да зајакне, бидејќи и јадрото и гранците се сочинети од избрана плотна содржина.

Овие три елемента, плотот, плотта и јадрото, во секој жив систем, го условуваат постоењето на системот од кое произлегува симболичко-материјалниот идентитет. Способноста за градење и одржување на идентитет зависи од координираното функционирање на трите елемента. Способноста за интеграција (со последователно преживување) извира од способнста за идентитет. Без нив, интеграција може да значи и разложување, разлевање, пресушување на содржината, или друг облик на бавно одумирање.


Едновремено, личните граници се шират и навнатре: човек може да рече за своја мисла, свој труд или дело, „ова сум јас“ или „ова е мое“. Човек може да опише некој свој испад со „тоа не бев јас“.

Stephen Krasner: Sovereignty: Organized Hypocrisy (Princeton: Princeton University Press,1999)

Либералната економија им оди во прилог на оние кои веќе имаат ресурси (средната и добростоечката класа), но не на оние кои се без ресурси (сиромашната класа). Социјалната заштита е ерес за либералната економија – овие две идеологии се во постојан конфликт и меѓусебно обвинување за неуспесите. Има многу аргументи во прилог на обете страни, но ова е вон интересот на овој текст.

 

 

 

 

Написи:

- 2007 -

Stateless War: NATO's new challenge / Бездржавна војна: Нов предизвик за НАТО

Niches of Quality: Free мarket vs Open Access / Ниши на квалитет: Слободен пазар vs. Отворен пристап

- 2006 -

Imagining Europe / Замислена Европа

Демонизација на Авганистан

Плот

- 2004 -

Критика на сиромаштијата

Книгата е книга е-книга

- 2003 -

Семејни констелации

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by