НИШИ НА КВАЛИТЕТ За Средбата на умовите (Антверп 2007): ‘Корисникот е содржината’
(Исто види: Цитати од СнУ: „Исто како и за “тероризам,“ меѓународната заедница и правниот систем не располагаат со прецизна дефиниција на авторско право (кој и што точно се штити), но сепак судовите досудуваат жестоки казни.“)
Јазикот кој што се користи во е-светот вообичаено е под доминација на економски и технолошки јазичен дискурс: на пр. мрежна работа, пазар, бизнис модел, корисничко однесување, обезбедување на содржини, преференци на консуматорите, итн. ‘Корисникот е содржината,’ цитат од Маршал Меклуан и името на оваа Средба на умови, е симптом на еден феномен што ќе го наречам овде ‘економификација’ – т.е., фортификација, утврдување, во економски модели – на не-економски активности. Во овој текст ќе ги соочам моделот на слободниот пазар, од една страна, и образованието, науката и културата (ОНК понатаму), од друга, во рамки на дигиталната култура; поконкретно, со несаканите последици на комодификацијата на информациите наспроти приципот на Отворен Пристап (Open Access).
Примената на модели од едно на друго поле на човечка активност обично дава освежувачки резултати и овозможува нов пристап кон стари прашања. Сепак, не сите примени се исклучиво успешни. Кога моделот на слободниот пазар се применува на непрофитни активности, штетата од таков пристап може во некои случаи да биде поголема од намерените придобивки. Кога ‘содржината’ на електронските ресорси припаѓа на областа на ОНК, самата природа на содржините се спротивствува на таков третман. Во која мера љубителите на уметноста и научниците пасуваат во категориите на ‘корисници’ и ‘консументи’? Уметниците и мислителите во ‘снабдувачи на содржини’ и ‘продуктори’? Во која мера убавината, значењето, мудроста, искуството и емоциите се прикладни за категориите на ‘продукти’ и ‘содржина’?
Во одредена мера овие можат да се сместат во такви категории, но на начин кој значително ги осакатува. Информациите, или содржината, не мора да значат знаење, значење или мисла. Продуктор не подразбира вредност, уметност или искуство. Начинот на кој еден љубител на уметноста ужива во едно уметничко дело тешко може да се нарече конзумирање. Во случајот на ОНК, се гледа како економскиот и технолошкиот жаргон можат да доведат до де-сигнификација, или обезначување, на темата. Редукционизмот потребен за да се стават технички, квантитативни и квалитативни категории во ист кош предизвикува не-разлачувачки пристап и третман. Ова, по цена која се плаќа со срамнување на квалитетот, вредностите и значењата, три немерливи и непосредливи категории – и самата причина за постоење на образованието, науката и културата.
Слободниот пазар наспроти Отворениот пристап
‘Економификацијата’ на ОНК не подразбира само примена на економски жаргон или редукција на значењето до само-информација. Таа исто вклучува комодификација на таквата информација, што е дел од поголемиот и подолгиот процес на глобализација (1) . Овој преврат се легитимизира во јавниот дискурс со помош на аргументи од либералниот економски модел (2) . Во меѓувреме, некои несакани странични последици на процесот на комодификација мотивираа широк контра-одговор забележлив денес во обликот на движењето за Отворен пристап (ОП), збир на разнолики и лабаво поврзани локални и меѓународни инцијативи кои се стремат да ги ослободат научните, уметничките и културните дела од комодификација и монополизација. Во кои аспекти ОП му се спротивствува на либералниот модел?
Очигледно, правилата на слободниот пазар идеално би требало да мотивираат максимална иницијативност, флексибилност, висок квалитет по компетитивна цена, служби ориентирани на корисникот и постојана иновација на продуктите. Во една либерална економија, државата има придобивки од оданочувањето на економските активности, кое потоа го прераспределува во социјални служби и непрофтини сектори, од кои ОНК е дел. Во теорија, економските придобивки за некои би требало да бидат придобивки за сите. Меѓутоа, проблемот се јавува во пракса, кога непрофитни созданија и не/материјални заеднички добра (commons) се приватизираат, се комодифицираат и дури се монополизираат. Мојот став е дека ефектите на слободниот пазар одат во корист и на профитниот и на непрофитниот секотр единствено ако посебни ниши, како ОНК и нематеријалните заеднички добра, се заштитат од процесот на комодификација.
Додека компетитивноста е мотиваторот на либералното пазарно однесување, споделбата и соработката се мотиватори за ОНК – идеите се јавуваат како нови појавни својства на целокупното човеково знаење и искуство. Созданијата на ОНК ретко имаат јасни граници и влегуваат во постоење во сооднос со претходни созданија. Додека правилата на пазарот ги тераат фирмите/продуктите на компетитивно истребување, уметничките дела, на пример, можат и треба да со-постојат, при што нивниот квалитет не им носи колатерална штета (би можело да се тврди дека нивното сопостоење е од взаемна добробит) – една слика на Мунх не го прави Микеланџело излишен, на начин на кој ЦД-то ја направи грамофонската плоча излишна. Додека економскиот интерес гасне кога пазарот е презаситен, полето на ОНК е незаситливо – дали може да има премногу убавина, искуство или знаење? Суштинските разлики помеѓу делата на ОНК и комодитетите опширно се разработени другаде (3) , но се надевам дека необичната, или ‘некомодификативна’ природа на она што ОНК го нуди како единственост е веќе видлива.
Случајаот на науката
Јасен пример за тоа како либералната пазарна економија може да има за ненамерена последица негативен ефект врз своите агенти е научното електронско издаваштво. Науката е буквално зависна од споделба на знаење. Во последната декада, е-издавачите имаат образувано скоро-монополи врз научните содржини, затворајќи ги зад бравите на значителни цени на пристап. Еве како токот на парите е преобратен во овој случај:
Научниците обично работат со фондови на агенции и институти субвенционирани од државата. Академијата бара од своите членови редовно да публикуваат; поради високите цени на издаваштвото, обично домашната институција ја плаќа цената (не се плаќа надокнада на научникот, туку на издавачот). Студентите, истражувачите, другите научници и заинтересираните непрофесионалци му плаќаат на издавачот за пристап кон датабазите на научни дела. Цените на пристап можат да бидат толку високи, што поединецот мора да припаѓа на институција (често субвенционирана од државата) која плаќа колективен пристап и им овозможува на своите членови да ги користат содржините потполно и слободно.
Се’ на се’, граѓаните, или државата, плаќаат двапати за науката: еднаш за научниците да истражуваат, а потем за пристап кон она што е веќе еднаш платиле. Издавачот е двапати платен: од академијата и од корисниците на датабазите. Научниците се еднаш платени, од академијата. Изгледа дека ги имаме помешано вредностите во овој случај, прифаќајќи економски модел кој ги привилегира оние кои го создаваат медиумот, инструментот на комуникација, но не вредноста, ниту оние кои ја уживаат и користат таа вредност. Уште полошо, имаме прифатено приватни бариери на споделбено знаење и искуство кои би требало да бидат заедничко добро на човештвото.
Иницијативи на Отворен Пристап
ОП за образование, наука и култура, во два збора, значи дигитал(изира)ни дела, на Интернет, бесплатни и ослободени од најголем дел на рестрикциите на традиционалните авторски права. Во одговор на растот на цените на издавање и пристап на конгломератните е-издавачи, голем број на научни институции во последно доба ги прекинуваат договорите со профитните издавачи и сега нудат слободен онлајн пристап до своите дела (види го Директориумот на ОП (Directory of Open Access Journals) списанија за полна листа, и извештаите на Питер Субер (Peter Suber) за фазите на овој процес). Аргументите на ОП не се против профитна работа, туку за де-монополизација на пристапот, инструментите, правата и цените на делата од значење за ОНК. Вакви умерени инцијативи не се случуваат само со е-ресурсите, туку со најстарата ОП-инцијатива за софтвер со отворен код (Open Source Software), во управата со дигитални права (Digital Rights Management) како Creative Commons, и во други области.
Иницијативата на ОА е промовирана и од ООН, ЕУ и меѓународни НВОс(4) , но најголем дел од владините институции сеуште не сториле ништо повеќе од декларативна поддршка, избегнувајќи да се мешаат во приватниот издавачки сектор. Од друга страна, треба да се спомене дека силата на ОП се гледа во неговата разновидност и локалност, појавувајќи се во различни култри, земји и под-сектори, без државна иницијатива, јавни кампањи за граѓанска свесност или медиумска поддршка.
Сепак, мора да се нагласи дека токму приватниот секор ги научи непрофитерите како да ги искористат инструментите на ИКТ и да применат корисни бизнис модели за да ја засилат сопствената ефективност. Несомнено, непрофитниот сектор има придобивки од партнерство со приватниот сектор кога применува прилагодени бизнис и технолоши модели во промоцијата на својата уникатна вредност. Сепак, од приоритет е да се јава на бранот а да не не’ јава бранот на технолошки и економски промени, да не се дозволи инструментот да ја промени кардиналната цел на корисникот и да не се дозволи инструментот да стане цел сама по себе.
Заклучок
Иако дигиталниот свет им дава нов медиум на ОНК, овие создаваат немерлив квалитет, а не квантитативни материјални предмети. Ако се третираат како предмети кои можат да се приватизираат, ОНК-делата ја губат својата вредност. Во сегашноста, постои значителен притисок кон комодификација на образованието, науката и културата. Доколку делата на ОНК се затворат зад цени и привлегии на пристап, развојот на знаењето ќе се попречат, та заедницата, а дури и профтерите, на долгорочен план ќе се во загуба. Секторот на ОНК мора да се поштеди од игрите на комодификација; државата и заедницата мора да развијат институционални рамки за зачувување на специјалните ниши на овие нематеријлани заеднички добра на човештвото.
(1) Kaldor, Mary. ‘New and Old Wars: Organized violence in a global era.” Cambridge: Polity 1999. (2) Најмногу според американсата верзија и практика на ‘слободниот пазар,’ која, во име на прецизноста, е доста различна од британската или верзиите на други навионални либерално-економски модели. (3) Погледнете го, на пример, текстот на Џон Барлоу (John Barlow), Економија на идеи (Economy of Ideas). (4) UN World Summit on the Information Society Declaration of Principles and Plan of Action, Organisation for Economic Co-operation and Development (OECD) Declaration on Access to Research Data From Public Funding, Budapest Open Access Initiative, Berlin Declaration, Bethesda Statement on Open Access Publishing, The IFLA Glasgow Declaration on
|
Написи: - 2007 - Stateless War: NATO's new challenge Niches of Quality: Free мarket vs Open Access - 2006 - Imagining Europe - 2004 - - 2003 - Quick links:
Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично |
||||
back to the top || назад кон врвот Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).
|