The Home Page of Ana Pejcinova

A r t i c l e s  / Н а п и с и

 
 
 

Прво печатење: списание Политичка мисла (февруари 2004) за Фондаицјата Конрад Аденауер-Скопје. НИК Лист.

 

КРИТИКА НА СИРОМАШТИЈАТА

“Клучниот фактор за исчезнувањето на сиромаштијата
е начинот на кој размислуваме...”

Не сум економист, ниту политичар, ниту сум познавач на светските механизми на неправда. За нас, луѓето од општествените науки, немаштијата е една од многуте бои во сложеното ткаење на животот. Всушност, најголем дел од изумителите, уметниците и филозофите биле и се сиромашни. Освен некои угледни политичари, злодејци и војсководци, великаните на чие дело лежи оваа цивилизација, со други зборови, оние кои создале квалитет вреден за спомен, воглавно живееле во тешка немаштија, исклучени од заедницата, а често и во опасни времиња. Низ историјата, се’ до средината на 18. век, масивната сиромаштија била скоро секаде нормална човечка состојба, но квалитет се создавал без оглед на немањето. Несреќата и незадоволството се често мотивацијата за раст, чиј ефект се вредни дела. Овој текст ги спротивставува поимите на сиромаштија и квалитет: сиромаштијата или квалитетот на човечкото битие и животот кој го живее.

Квалитетниот живот не е привилегија на исклучителните или на богатите луѓе. Успехот, обилието, признанието, доблеста и љубовта се состојби кои се јавуваат или не се јавуваат независно една од друга. Секое од нив открива различен начин на бидување богат или сиромав. Процесот на економско осиромашување во кој сме зафатени боли, но доколку ја анализираме сиромаштијата, можеби таа ќе се покаже како прашање на перцепција: беспарицата можеби не е најболното нешто што може да не’ снајде, а квалитетот на животот не е условен од неа.

Сиромаштијата како симптом и симптоми на сиромаштијата

Сиромаштијата во светот е симптом на ниски човечки вредности: невработеноста е последица на обезвреднување на способностите и продуктите со кои се пласираме сами себе на пазарот. Обесправеноста е последица на обезвреднување на човечкото битие. Човекот кој се перцепира како сиромашен живее во стрес, срам, депресија и друштвена изолација (гето или каста). Политички се изолира; има мала моќ да донесува одлуки за себе и за она што го засега. Висока е изложеноста на болести, криминал и токсична средина; образованието е лускуз и нема мноштво животни алернативи. Општеството го третира како безвреден, та и сам почнува така да се третира и однесува. Вредностите и достоинството може да ги смета за пречка во преживувањето. Понижуван е и обесправен; болната свест за зависност од туѓата волја и милост му ја уништуваат самопочитта . Сиромаштијата значи висок степен на немоќ да се стори штогоде за себе и својата околина. Стереотипот го опишува како мрзелив, глупав и неспособен, се претпоставува тенденција кон девијантно однесување и криминал, но и сфаќање дека сиромавиот сам е виновен за својот јад. Сиромаштијата јавно се перцепира и пласира како несакан проблем, и тоа туѓ.

Сепак, сиромаштијата е симптом на подлабоки системски пореметувања: ова се односни и вредносни пореметувања во кои активно учествува секој поединец, од најмоќниот до најнеугледниот. Системските решенија мора да се донесуваат на ова ниво: проблемот на сиромаштијата не може да се реши со концентрирање само на загрозените, туку и на оние кои загрозуваат. Нивото на проблематичност кое ја произведува сиромаштијата се патиштата на богатството во светот: имотните всушност се оние кои ја создаваат и поддржуваат сиромаштијата.

Гладот, тој страшен симптом, не потекнува од немаштијата, тој е создаден од имашноста. За илустрација: најимашната петина од популацијата, која живее претежно во индустријализираните земји, контролира 85% од глобалните приходи, додека најсиромашната петина живее на само 1.4%. Десетте најбогати Британци се исто толку богати колку и 23 сиромашни земји со преку 174 милиони луѓе. “Ваквите статистики не се случуваат само така, туку отсликуваат кражба на големо ниво”, вели Годреј . Махатма Ганди посочил дека штом богатството на една земја како Британија се темели на ограбување на скоро половина од светските ресурси, би ни требале уште неколку планети за сите земји да го досегнат истото богатство. Малубројната богата популација на овој свет изгледа станува преголема за него. Ова се луѓето кои го поттикнуваат производството на луксузни ненужности, на сметка на обезбедување и достава на храна на гладните. Истите го толерираат и поддржуваат неповратното труење на исцрпливите природни ресурси во светот. Ова се луѓето кои влијаат на клучните економски одлуки во светски рамки, а следствено силно блијаат на политиката, правосудството, војните и пропагандата, за да ја пласираат алчноста и неодговорноста како доблесна и корисна за жртвите.

Вака се ограничуваат алтернативите на патот на човештвото, што е патот кон самоуништувањето. Системските решенија подразбираат отворање на алтернативи. Сиромаштијата, во овој поглед, е политичко прашање, но денешната пласирана демократија во (нео-)либерална форма, работи само за оние со пазарна моќ, другите се исклучени. Во сегашноста, “најдемократските” држави се најодговорни за овој масакр на човечкото право на постоење, за систематско и свесно поддржување и продлабочување на сиромаштијата. Можеби наместо со олеснување на сиромаштијата, би требало да се концентираме на проблемот на обогатувањето и моќта? Или на сопствените вредности:

Парите се симболична квантитативна замена за “исполнувачи на потреби”. Тие се обид да се измери квалитетот според заеднички мерила. Некако секогаш при таков обид се уништуваат асптрактните квалитети кои се суштински немерливи. Имаштијата не го условува квалитетот на нашиот живот, човечноста, исполнетоста, среќата и љубовноста.

Се концентрираме на стекнување на пари но ретко размислуваме што всушност купуваме: купувањето автомобил ни купува драгоцено време. Со куќата се купува приватен простор; со книгата, знаење; со мобилниот телефон, комуникација; со лебот, здравје. Плаќаме за посредникот/носител на вредоноста (автомобил, куќа, книга, телефон, леб), а не за вредноста сама (време, приватоност, знаење, комуникација, здравје). Маркетиншката машина се обидува да н# попречи да се стекнеме со вредноста без посредникот/носител. Си овозможуваме повеќе животни алтернативи кога се сосредоточуваме на вредностите, а не на посредниците/носители - последниве можеби можат и да се прескокнат. Задоволството е најсилен адут против пропагандната мелница на перцепцијата.

Две сиромаштии

Сиромаштија е кога основните потреби се поголеми од можноста за нивно задоволување. Се смета дека основни потреби се: простор, топлина, светлост, вода и доволно храна, а некои додаваат здравствени услуги и основно образование. Покрај нив, постојат стекнати и апстрактни потреби. Основната моќ на економскиот и политички маркетинг лежи во креирање на вештачки потреби, а неразликувањето помеѓу маркетингот и реалноста води кон прифаќање на нездрави потреби наметната од пропагандните машинерии. Апстрактните потреби, за разлика од останатите, се немерливи: говорат за квалитет, кој не е мерлив или споредлив. Оваа група се обраќа кон етиката, културата, чувствувањето и свеста. Квалитетот, посветувањето на исполнување на апстрактните потреби  е сопствен избор.

Обединетите нации разликуваат помеѓу следните мерила за сиромаштија: асполутна (се дефинира според еден асполутен минимален стандард, наречен “линија на сиромаштијата”), релативна (и посиромави и побогати сме од некого друг), приходна (пр. во спроедба со долар дневно), човечка (зема во предвид и други фактори, како долговечност, неухранетост, неписменост, екологија) и основна (покрај парите, вклучува вработување и удел во општеството). Секое од овие мерења се темели на истиот вредносен систем кој и ја создава сиромаштијата на прво место; ова е систем на квантитет, на мерливи категории, кој не го препознава квалитетот како фактор.

Текакера дава убава илустрација на разните перцепии на сиромаштија. Истерхаус во Глазгов се смета за најсиромашното место во западна Европа, што е забавно од наша перспектива: овие луѓе имаат каде да спијат, државата обезбедува струја, топла вода, фрижидери, шпорети. Ваквите услови во Индија ги има средната класа. Адивасите, целна група на една светска организација за само-организирање на сиромасите, се племе од планините Нилгири во државата Тамил Наду во Индија. Толку се сиромашни што и градските сиромаси на нив гледаат со презир и ги сметаат за најдолни од најдолните. Замислете ваква слика: анемична, истоштена жена влече вода од оддалечен бунар до својата колиба. Струја не постои. Секој ден се собираат гранки за да се свари грст ориз за семејната вечера. Сепак, оние во Глазгов немаат работа веќе 20 години. Обесхрабрени се, депримирани, често алкохоличари. Немаат самопочит. Емотивно и ментално им е далеку полошо од индиските сиромаси, иако живеат во поголема физичка погодност. Имаат помалку надеж и самопочит и од Индијците кои гребат по ѓубриштата да продадат што годе изгледа вредно.

Со помош на истата добротворна организација, Адивасите се сретнале со една група на Абориџини: Индијците биле потресени од австралиските искуства, за деца оттргнати од своите семејства, намерно расфрлани по континентот, за систематски уништуваната култура, за белиот третман на обоените. “Кутри луѓе,” - бил коментарот на адивасите. “Колку страдале! Нашите проблеми не се ништо во споредба со она низ што Абориџините минале.” Адивасите ја посетиле и Германија: “Убаво што бевме таму,” рекол еден, “но не би можел да живеам така.” Не можеле да сфатат како парите се заработуваат за да се пратат родителите во старечки дом, како толку многу да се работи за да не се биде со сопствените деца. “Парите сами не ти даваат живот. Ќе се исушиш и ќе умреш.” На потресените меѓународни експерти им појасниле: “Се работи за она што за вас вреди. Кога се’ се вреднува според пари, секој се мери според оние кои имаат пари. Но ако на друг начин ги вреднуваме луѓето, сиромашните се оние кои се богати...” Адивасите имаат јасна претстава за своето богатство: “Нашата заедница, нашите деца, нашата слога, културата и шумата со која живееме.” На нивната листа на вредности парите воопшто не се спомнуваат. Не се сфаќаат себеси како сиромаси. Само како луѓе без пари. Што ли би рекле за американската прозак-култура? Можеби сме емотивно и етички поблиски со Адивасите.

Контра-култури на сиромашните

Сеуште живееме побогато од многу Африканци, Индијци, Кинези, бивши СССР-овци, Латиноамериканци и други непопуларни народи и раси. Дел сме од светот и колективното осиромашување во кое тонеме е знак на придружување кон светските токови. Процесот на осиромашување е полош од самата сиромаштијата. Покрај тоа, на нашите простори се промени светот, вредностите и начините на функционирање. Овој шок боли и голем дел од популацијата не е способен или одбива да земе удел во промените за да создаде нов свет. Парична помош може да се даде, може да се обезбедат олеснителни социјални погодности и економски поволна средина за инцијатива, но луѓето потешко се менуваат. Отпорот кон создавање на нова перцепија на светот и отпорот кон лична промена ни се, изгледа, вистинските душмани. Лудо е да се очекува дека светот ќе се прилагоди кон нас.

Неповолните животни услови изгледа се најмило и најбесцелно оправдување за пасивноста и животната неодговорност за сопствената (не)среќа. Најголем дел од генерациите кои во втората животна половина го доживеаа распадот на Југославија, ментално сеуште живее во еден денес нефункционален светоглед. Сеуште се трпи од старата навика на зависност од државата, да не’ вработува сите по ред, без разлика на нашата (не)способност, (не)работливост и (не)образование. Недостасуваат работни умеења, иницијативност, посветеност и етика на професионализам, па дури и работливоста се смета за наивна. Не умееме да работиме во тимови и да играме чесно. Целите на групата, институцијата или заедницата ретко се ставаат пред сопствените себичности. Од СФРЈ наследивме општа и темелна неодговорност кон сопствената и заедничката (не)среќа. Кога светот, природно, одбива да ги исполни нашите очекувања и да се прилагоди кон нашиот светоглед, следат болка, фрустрација, обвинувања и играње вечна жртва.

Но ова е само дел од општеството и нашиот свет се менува. Голем број луѓе веќе успешно се прилагодија: и покрај напорите на политичката мафија, малостопанството се развива и здравиот трговски дух на конкуренција, квалитет и способности полека станува етичка и професионална категорија. Во образованието сме доволно отворени кон странство; новите генерации имаат можност да се стекнат со интернационално образование во Македонија, а веќе постои генерација на високо-образувани повратници во земјата. Овие имаат можност да создадат своја синтеза на најдоброто од светот и од Македонија. Очигледно, начинот на работа на Западот е далеку поуспешен: од таму можеме да научиме самозависност, ефикасност, јасно формирање на цели, стратешко планирање, менаџмент; можеме да ја прифатиме нужноста (и убавината) од целоживотно учење и професионален перфекционизам, јасни работни односи и одговорности, способност систематски да се работи на детали во рамки на големата слика и свест за сплетеност со заедницата. Од Македонија би било убаво да остане срцето, топлината, ценењето на меѓучовечките односи, животниот ентузијазам и инвентивноста во начините на живеење и преживување, радоста на малите нешта, смеата, способноста за среќа.

Потрошувачката култура ги уништва апстрактните вредности, бидејќи овие не се контролираат, а им даваат чувство на задоволство на луѓето: спокојството ги уништува натпреварувачкиот дух и гладот за консумација. Контра-културите на сиромашните се темелат на едноставност и доволност.

Но не не’ мачи нас толку сиромаштијата во Македонија, колку бедата. Бедата е емотивен и етички поим. Се однесува на срцето и совеста на човекот, на душата и духот - нешта немерливи и затоа безвредни од гледна точка на парите. “Тоа е беден човек” значи “човек без етика, без совест”. Од друга страна, “се чувствувам бедно” значи “понижен сум, обезвреднет со мое или туѓо дело”. Често ги мешаме овие поими и многу болка си нанесуваме така. Сиромашните се срамат од својата беспарица, а бедните се гордеат со делата на својата неетичност. Срамот е симптом на совест.

Сиромаштијата може да се излекува, бедата тешко. Гладот на сиромашниот има крај. Бедата значи незаситна глад: по секоја цена да се земе се’, да се уништува она што не може да се поседува, да се попречуваат другите во имање и да се игра на гладот на другите, дали вистински или беден. За внатрешната беда светот е само плен, а луѓето се мерат според моќта за грабеж. Бедата е постојан неуспешен напор да се засити една внатрешна празнина со надворешни супститути. Сиромаштијата не е срамота, бедата е. Бедата е внатрешна провалија која ниедно богатство не ја лечи. Широкоградоста и човекољубовоста не зависат од приходот, имаме многу бес-ценетости кои можеме да ги подариме; нешта невидливи за парите, а сепак живот значат. Како надеж, на пример, или поттик, пријателство или верба во другиот. Времето на нега кое си го посветуваме еден на друг е бесценето; љубовта со блиските не се плаќа ниту се купува.

Но дали постојат статистики за среќа? Македонија, како и другите сиромашни земји, не заостанува во способноста за среќа. Среќата е во малите нешта. Нив ги имаме постојано и сеуште - гест на пријателство, мала љубезност, убав ден, незаборавно лице во минување, случајна музика која не’ допира, водење љубов со милиот човек. Се’ ова ’ бесплатно и финансиски сосем некорисно, а ја прави разликата помеѓу квалитетен живот и смртна беда. Не е лесно да се мисли на квалитет на гладен стомак, без струја и греење. Не е лесно да се гледаат соопствените деца како растат без нештата кои сме сонувале да им ги дадеме. Боли, и често изгледа дека не ќе биде подобро и дека ништо не можеме да сториме со тоа. Сепак, можеме да се сконцентираме на она што зависи од нас. Можеме да ја искористиме сиромаштијата како позитивна мотивација за промена. Кавлитетот лежи другаде. Сиромаштијата може да се види и како едно лице на слободата, во која “немаме што да изгубиме” па ни преостанува само да се потрудиме за подобро. Подлабокото лице на слободата е поведро и насмеано.


Food First, US (Првохрана, американска хуманитарна организација за помош на гладните)

Потребата за почит котира изненадувачки високо на листата на потреби на сиромашните. Морин Робертс пренесува што најсиромашните од нејзината област & повторуваат: “… најголемото човечко зло не е гладот или неписменоста, не е ниту невработеноста. Најголемото од сите зла е да знаеш дека не вредиш ништо, до степен што дури и твоето страдање се игнорира. Најлошиот удар од сите е презирот на твоите сограѓани.” (Нов интернационалист, број 310: Моќ: Предизвик кон митот)

Динијар Годреј, ко-уредник на Нов интернационалист, број 267: Глад во светот на обилие, 1995.

Thekaekara, Mari Marcel. Калвин Клајн и берачите на чај (Calvin Klein and the tea pickers),. New Internationalist, број 310, март 1999.

 

 

 

 

Написи:

- 2007 -

Stateless War: NATO's new challenge / Бездржавна војна: Нов предизвик за НАТО

Niches of Quality: Free мarket vs Open Access / Ниши на квалитет: Слободен пазар vs. Отворен пристап

- 2006 -

Imagining Europe / Замислена Европа

Демонизација на Авганистан

Плот

- 2004 -

Критика на сиромаштијата

Книгата е книга е-книга

- 2003 -

Семејни констелации

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by