The Home Page of Ana Pejcinova

A r t i c l e s  /  Н а п и с и
 
 
 

Прво печатење: дневен весник Дневник, (28-29 октомври 2006).

ДЕМОНИЗАЦИЈА НА АВГАНИСТАН
или
ДЕСЕТ ПОГРЕШНИ ПРЕТПОСТАВКИ ЗА АВГАНИСТАН
од еден очевидец

(проширена верзија)

Познато е дека интернационалните медиумски куќи не се интернационални туку национални и подложни на политиката на својата земја. Така, „вистината е првата жртва на војната,” изјавил еден генерал. Во текот на 2004-та и 2005-та минав дванаесет месеци во Авганистан, делумно во Кабул, делумно во Југоисточниот регион, во „опасната” талибанска зона, живеејќи и соработувајќи со Афганистанци. Искуствата од секојдневната директна комуникација со нив беа фасцинантно различи од се она што медиумите го прикажуваат. Академските истражувања ја потполнија таа различна слика. Да разглобиме неколку основни погрешни претпоставки за Афганистан:

 

  1. Американско-британскиот напад на Афганистан во 2001 ја ослободи земјата од Талибан? Погрешно на два начина. Прво, американските сили го изведоа единствено воздушниот напад, а ги опремуваа и финансираа локалните сили; копнениот напад беше изведен од афганската Северна Алијанса на чии водачи им беше ветена власт во земјата. После падот на Талибан, американската мисија ги остави војсководците да прават што сакаат. Овие, со знаење на пристуните агенти на ЦИА, извршија масивни колежи на заробените Талиби, а во борбите цивилното население не беше штедено (за ова беше направен BBC документарец, Маскарот кај Мазар, претставен пред Европскиот парламент. Второ, САД се ограничи на својата воена мисија да го улови бин Ладен, ги отфрли предлозите на ООН за влез на миротворци да воспостават безбедност во земјата, одби да инвестира во повоена реконструкција, го исфорсира својот кандидат Карзаи за привремен претседател и продолжи да ги финансира војсководците како свои воени сојузници против Талибан. Војсководците го искористија ова за да се стекнат со контрола над своите етнички територии, на врвни политички позиции, на демократските избори и над новата армија и полиција.
  2. Северната Алијанса беше ослободително движење? Зависи за кого. Алијансата беше создадена од поранешни меѓусебни непријатели кои поразот под Талибан привремено ги здружи. Немаа заеднички цели или политичка платформа. Претставуваат воглавно не-паштунски етнични заедници кои страдале под воглавно паштунскиот Талибан. Истите војсководци (warlords) вршеле масивни убиства, грабежи и силувања врз туѓите етнички заедници. Овие луѓе денес доминираат во Парламентот, Кабинтетот на Претеседателот, војската и полицијата на земјата. Нивното присуство во државните органи гарантира релативна стабилност на нивните етнички територии и истовремено гарантира нестабилност: без војна, нема да дозволат друг да ја преземе власта.
  3. Афганистан може да биде успешна воена мисија? Не е и не е веројатно дека може да биде, и не само со фактот дека бин Ладен е жив и на слобода после пет години лов на неговата глава. Интензификацијата и раширувањето на конфликтите по целата земја во 2006-та говори за влошување на безбедноста. Механизмот на неуспех е едноставен: афганските војсководци традиционално се вклучуваат во повеќестрани сојузи со сите релевантни страни во конфликтот. Така, најчесто еден ист војсководец може да прокламира лојалност кон Владата на Карзаи, да прима американска воена и финансиска помош, да прима тајна помош од соседните земји на етничка и/или религиска основа и истовремено да е во таен сојуз со Талибан. Во 2005 и 2006 г. Талибан постепено ги откупува истите војсководци кои претходно им биле непријатели на Талибанците, а се сеуште платени воени сојузници на САД.
  4. Афганистанските војсководците се зли луѓе? Зависи за кого. Овие сепак градат релативен мир на своите територии, обезбедуваат отворени трговски патишта и инфлукс на хуманитарна помош; го обезбедуваат извозот на опиум од кој живее голем дел на населението од сите слоеви. Нивниот воен успех и улогата на етнички водачи им дава чест и легитимитет на етнички заштитници и застапници во очите на оние кои не се жртви на нивното насилство.
  5. Присуството на воените сили на САД и на НАТО ја помага стабилноста на земјата? Тешко. Бројот на цивилните жртви непријавени во медиумите, арогантниот однос на странските војници (американски, британски и холандски војници се посочени во локалните извештаи), нивното насилно и неморално однесување и негрижата за локалното население имаат изградено темелно лоша перцепција. Новодојдените сили на НАТО ги трпат последиците, дури и да покажат поцивилизирано однесување. Секој странски војник локално веќе се смета за потенцијален злочинец во служба на „Америка.”
  6. Талибан е виновен за се? Не е. Голем дел од конфликтите се локални борби за превласт. Обично оние кои ги тајно предизвикуваат конфликтите јавно се нудат како способни да ги спречат. На пример, претендент за гувернер предизвикува прокси-инциденти се додека не биде назначен за гувернер; со тоа инцидентите престануваат. Талибан имаат специфичен потпис: одлична организација и координација, современа опрема (сателитски телефони, мотори соодветни за безпатен терен), странски експерти, финансии и “увезени” самоубици-бомбаши. Талибан не се бори само воено, туку и финансиски. На ист начин како што американските пратеници ја купуваат лојалноста на локалните војсководци, така и Талибан ја пре-купува. Купување наместо победа е традиција во Авганистан: на пример, Кабул никогаш не бил освоен од страна на Талибанците, туку војсководецот кој го држел главниот град бил откупен со огромна свота која бин Ладен му ја понудил во име на Талибан.

  7. Талибанците се ѓаволи? Не повеќе од многу други движења. Историски се конструирани во глобалниот систем на моќ на оружје и финансии, т.е. политика. Почнале како неоружана религизиона фракција раширена на паштунската територија (северозападен Пакистан и југоисточен Афганистан). Окупацијата на СССР и насилствата врз населенито поттикнало етнички вооружен отпор кон Советите. Во тоа време, според британскиот доументарец Моќта на ноќните мори, САД не спонозирал етнички воени фракции, туку само исламистички. Затоа, многу движења, вклучително со Талибан, ја смениле својата платформа од етничка во исламистичка. Во тој период, Талибан го прифатиле Мула Омар, Паштун, за свој врвен водач. Мула Омар и Талибан, во потрага по финансии, го регрутирале бин Ладен, кого претходно две години го игнорирале иако бил во Афганистан. 1 милијарда финансиска помош и современо наоружување им се доставени на Талибан од страна на САД. Соседните земји истовремено го оружаат населението во земјата. Масивна милитаризација на цивилите се врши во текот на целата Студена војна, во која различни етнички групи се привилегираат од различи надворешни сили и се поттикнуваат на меѓусебна марионетска војна. Талибан делумно го извојува а делумно го откупува воениот успех. Нивното владеење е ектремно исламистичко, но е прв период на мир за земјата после дваесет и три години истребувачка граѓанска војна. Дел од злосторите извршени во овој период не се по наредба на Талибан, туку на откупените војсководци кои ја задржале моќта, а дел од нив се и сега на власт. Сепак, екстремниот однос кон жената и кон неисламското културно наследство ги делигитимира за Западот. 9/11 следи.
  8. Исламот е насилен? Не е, исто како што христијанството не е насилно и покрај Крстоносните војни, кои денес би биле прогласени за геноцидни и криминални. Исламот, како и секоја друга колективна идеја, може да се (зло)употреби да предизивка насилство. Талибанската екстремна верзија потекнува од школата Деобанди, една од шесте различни школи на Исламот. Огромен број на муслимани во милитаризираните подрачја сакаат мир и се толерантни кон другите религии. Дури и муџахедините, „светите војници на верата,” се често луѓе кои неволјата ги натерала на оружје, а религијата им понудила смисла и одговор против геноцид на нивната етничка заедница, диригирана сиромаштија, безредие, неправда и неморал кои завладуваат под туѓа власт. Многу го оставаат оружјето кога причината за борба исчезнува. Многу го задржуваат бидејќи нема други стабилни извори на приход.

  9. Афганистан е хаос? Ниедна државна власт во оваа земја, па и денешната, во било кој период на историјата никогаш не владеела надвор од урбаните центри. Секој обид за проширување на власта би попречен со побуна на племенските заедници во одбрана на традиционалниот начин на живеење. Со столетија, руралното население се владее според обичајни закони - еден необично разработен систем на правда, локална самоуправа, локална полиција и социјални служби. Истиот обичаен систем со мали варијации е унифициран преку целата територија на Афганистан. Вклучува прото-демократски елементи, како бирање на претставници, одлучување со договор и гласање, формирање на традиционални локални и национални совети (шура) и мирољубиво разрешување на конфликти (џирга). Традицоналниот облик на оганизација на општестовото е паралелен но не и истоветен со шаријатот. Овој систем се нарушува во текот на Студената војна, кога мирољубивите авторитети се надгласени со оружје и пари, или се истребени.

  10. Афганистанците се диви луѓе? Не се. Ако цивилизираноста се мери со згради и технологија, земјата е навистина надвор од цивилизацијата. Ако се мери со рафинираноста на меѓучовечките односи, со уметноста, духовноста, културата и вредностите, тогаш многу може да се научи од Афганците: способност за преживување во извонредно тешки околности, со достоинство, без трага самосожалување, при загуба на близок род, со делови од тело разнесени од мина, со љубезност, гостопримливост и широкоградост среде сиромаштија. Кодот на честа и оружјето ги има направено извонредни борци. Историјата на етнички војни има отворено широка спирала на освета. Сепак, демонизацијата на Авганистан врши неправда врз еден комплексен народ и создава погрешна перцепција која оневозможува надворешните актери да донесуваат правилни одлуки при влијаењето на судбината на оваа земја.

- повеќе фотографии во Галеријата -

 

 

 

 

Написи:

- 2007 -

Stateless War: NATO's new challenge / Бездржавна војна: Нов предизвик за НАТО

Niches of Quality: Free мarket vs Open Access / Ниши на квалитет: Слободен пазар vs. Отворен пристап

- 2006 -

Imagining Europe / Замислена Европа

Демонизација на Авганистан

Плот

- 2004 -

Критика на сиромаштијата

Книгата е книга е-книга

- 2003 -

Семејни констелации

Afghan Journals - Blog

Quick links:

Articles / Текстови :

Fiction / Проза :

Theses / Тези :

Translation / Превод :

Poetry / Поезија :

Gallery

Online References

Мој блог - Покана за колаборативен превод на Руми, и нешто лично


WWW Ana's Home

View Ana Pejcinova's profile on LinkedIn

Last update: February, 2008

back to the top || назад кон врвот

 
 

back to the top || назад кон врвот

Creative Commons License

Copyright notice: The contents of this page are licensed under the Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 3.0 License. All materials available may be accessed, displayed, distributed, reprinted or electronically republished free of all fees, for non-commercial purposes only. All references to copyrights of the author and the original publishers (if any named) must be preserved. Please add the Cc logo to your own reproductions. Do not remove, add, delete or modify the contents. Any of these conditions can be waived by a written permission of the copyright holder(s).

 

 

 

Бackground graphics developped by